Наслов: Да го укинеме политичкиот затвореник
Датум: 2015
Забелешки: Наслов на оригиналот: "Pour en finir avec le Prisonnier Politique". Објавено во "Des Ruines" #1, јануари 2015 - aнархистичко апериодично списание.

Последниве неколку години одново почна да се појавува терминот „политички затвореник“. Поим којшто сметавме дека изчезна пред децении, барем во антиавторитарните кругови.

Поим кој стана препознатлив симбол за разни марксистички или маоистички секти, за Amnesty International или за буржоаските политички опозиционери во авторитарните режими, како што се Русија, Бурма или Иран, или пак во рамки на борбите за таканареченото национално „ослободување“, од Баскија, преку Палестина, до Курдистан; но, термин типичен и кај крајната десница. Поради тоа сме вознемирени да гледаме како тој термин одново процветува овде или онаму во устите на другари низ целиот свет. И доколку сакаме да ставиме крај на тој термин сега и засекогаш, тоа не е само затоа што тој се коси со сите наши антиполитички перспективи против сите оние кои сакаат да нè управуваат, да нè претставуваат и да нè владејат со политички средства. Тоа е исто така затоа што зад оваа повторна појава се крие, свесно или несвесно, една нездрава последица на создавање разлики помеѓу затворениците само врз основа на „злосторствата“ за чие извршување се обвинети од страна на државата, под лупата на нејзиниот кривичен законик. Тоа води кон хиерархија според претпоставената доблест на кривичните дела, помеѓу оние кои повеќе заслужуваат да бидат ослободени или поддржани, и преостанатите, така сведувајќи ја на ништожност стогодишната антизатворска критика на анархистите и антиавторитарците. Исто така, се работи за изразување солидарност исклучиво со затворениците кои се во затвор поради своите идеи, на штета на останатата затворска популација, комплетно заборавена или искористувана само за да се потврди одредена теорија на нејзин грб.

Но, што навистина е тоа политички затвореник? Да погледнеме од стојалиште на моќта: за Советот на Европа, на пример, лишениот од слобода треба да се смета за политички затвореник ако со затворањето му е прекршена некоја од основните гаранции наведени во Европската конвенција за правата на човекот, конкретно „слободата на мисла, на свест и на религија, слободата на изразување и информирање и слободата на собир и здружување“. Исто така и доколку лишувањето од слобода е од чисто политички причини, без никакво кршење на закон. Но ги засегаат ли анархистите овие демократски мрчења?

Да разјасниме, ние сметаме дека грото од лишувањата од слобода, и денес како и секогаш претходно, се многу повеќе последица на политички контексти и причини, отколку на конкретни кршења. Тоа е така затоа што иако во судскиот процес обвиненијата речиси секогаш се темелат на факти, државата и нејзиниот правосуден систем се оние кои одлучуваат до која мера ќе казнат одредено дело или одреден дел од населението. Јасно е дека репресијата на сите дела кои се сметаат за „нелегални“ е технички неизводлива поради големиот број на закони, големиот број на полицајци и други технички причини, но и политички, затоа што нулта толеранцијата го засилува ризикот од кревање бунтови. Репресијата на незаконитоста (каде што затворот е само едно од средствата) почитува, значи, одредена политичка агенда и стратегија.

Зар не пикаат луѓе во затвор за да ги зголемат или намалат бројките кои им служат на изборните амбиции на политичарите, како би докажале некоја теорија или би фрлиле песок в очи? Зар не ги затвораат пред сè непожелните кои не сакаат да ги гледаат надвор во општеството, непожелните кои најчесто се соочуваат со репресивните институции поради својата сиромаштија, а оттаму и поради неспособноста да се бранат со средствата кои правдата им ги „гарантира“, како што се адвокатите, кои работат само ако се скапо платени, или правото на претставништво, луксуз за повеќето затвореници. Сè е така уредено за затворите да биде пополнети со сиромашните, како што без сомнеж и се.

Тогаш, ако правдата не може да биде ништо друго, освен правда на буржоазијата против (не)скротливите сиромаси, односно класна правда, кој затвореник не е политички затвореник? Ако затворот има реална политичка и општествена улога, како што е одржување на редот и на социјалниот мир, тогаш кој затвореник не е политички затвореник? Кажано на најпрост начин, затворот е политичко средство и оттаму сите затвореници се политички затвореници. Во тој случај единствено преостанува овој термин да се фрли во ѓубрето на политиката, затоа што таа не е нешто што ни припаѓа, туку нешто што сакаме да го уништиме до нејзиниот последен израз.

Понатаму, можеме да го доведеме во прашање овој термин и во однос на неговите аспекти на „невиноста“. Во суштина, често се користи за да се долови „неправедниот“ карактер на некое лишување од слобода, како што беше случајот со Мумиа Абу-Џамал[1], Џорџ Ибрахим Абдалах[2] или „Pussy Riot“, чисто да наведеме примери меѓу најпопуларните или медиумски најпокриените во денешно време. Тоа често се манифестира преку инсистирањето на докажување на нивната „невиност“, затоа што се затворени исклучиво поради нивните идеи: да се бара статус на политички затвореник значи да се бара слобода на изразување (или нејзино почитување, во земјите во кои таа слобода е официјално и теоретски призната). Тоа доведува до перверзна последица на оправдување на оние затворски казни кои се за „вистински“ деликти, кои не се поврзани со таа слобода на изразување. Во случаите кога затворениците очигледно ги извршиле делата и ги признаваат, нив ги нарекуваат „политички затвореници“ за да докажат дека тие дела се само реакција на „неправедни“ или „нелегитимни“ закони, како другите да се „праведни“ или „легитимни“ (оние поради кои се затворени преостанатите затвореници). Конечно, во обата случаи се работи за потврдување на нивната невиност, ослободувајќи ги од одговорноста на еден или друг начин, во обид да се претстават нивните дела како легитимни во очи на непријателот. Пристап кој не им оди во прилог, на пример, на оние осудени за кражба, и во кој во никој случај нема ништо антизатворско или револуционерно. Кога се работи за барање на „слобода на изразување“ или за протестирање против „неправедноста“ на некој закон, овие потези се ништо друго освен барања упатени кон Државата со цел нејзина реформа, за да се подобри нејзината доминација врз нашите животи.

Како анархисти, немаме желба да влегуваме во политичка дебата (со или без Моќта) за дефинирање на тоа што е морално праведно и доблесно, а што не е. Како добри лаици, сето тоа им го препуштаме на нивната правда и на нивните цркви од секаков вид. Единственото нешто кое нè интересира во врска со затворот е негово тотално и финално уништување, без преговори и без реформи. До тоа ќе стигнеме само преку борба и побуна, како внатре, така и надвор од затворот.

Не сакаме со ова да кажеме дека сите затвореници ја заслужуваат нашата безусловна солидарност. Ние не ја гледаме солидарноста како долг или задача, туку како оружје на реципроцитет во борбата против постоечкото. Затоа ја изразуваме нашата солидарност со сите побунети затвореници кои, без посредници, се борат против состојбата која им е наметната, без никакви конкретни разлики. Затоа, и покрај тоа што не ги поддржуваме идеите и делата на сите затвореници, а понекогаш и потполно ги презираме, за едно нешто мора да бидеме јасни: ние се противиме на затворањето во сите облици, а затворот не му го посакуваме ниту на најлошиот непријател. Исто така, односот кој го имаме со побунетите затвореници е однос од интерес, бидејќи се работи за прекрстување на слични интереси, интереси за побуна и/или востание. Не се работи за маченици или големи испосници... Не се работи за алтруизам, се работи само за другари во борба, значи за соучесништво, кое не смее да се меша со милостина.

Се разбира, полесно е за нас да изразиме солидарност со другари, отколку со непознати со кои немаме заедничка историја, затоа што тие ни се полесно и побрзо достапни и препознатливи, но солидарноста не смее да стане плен на мрзливоста, мора да ги надмине границите на препознатливост на помалите кругови за да може да се прошири на сите затвореници на општествената војна и да се стреми кон слобода за сите. Во спротивно, таа солидарност не би била револуционерна, би била само знак на препознавање помеѓу познати поединци, која вреди колку и секоја друга форма на солидарност во рамки на една заедница и врз основа на идентитет.

Оттаму, кога ќе чуеме како антиавторитарни револуционери се изјаснуваат себеси како „политички затвореници“, или уште полошо, кога бараат таков статус од непријателот, нè растажува таквиот начин на дистанцирање од другите затвореници. Која намера би стоела зад тоа, освен да се бара признание за „нелегитимноста“ на сопствената затворска казна или да се бара поинаков третман од непријателот, привилегии или помилување?

Разбираме каде лежи интересот да се групираат револуцонерите внатре во затворот - секојдневниот живот таму е пофлуиден и затворениците би можеле веројатно подобро да се разберат (но за што точно?). Но, од друга страна, дали е навистина добра идеја за еден револуционерен агитатор да се одвои од останатите затвореници, како што многумина веќе прават надвор од затворот, затворајќи се во начин на живеење во мали заедници, во рамки на социјалните и контракултурните центри, во кругови склеротизирани со крвно сродство?

Оттука, не е случајност што, како што можеме да видиме во Грција и во Италија, Државата има тенденција да ги регрупира анархистите затвореници за да ги раздели од останатите затвореници. Тоа е со цел да се избегне ширење на нивните идеи и нивната пракса на побуна и борба помеѓу општата затворска популација, да се избегне заразата. Тоа е за да се обезбеди ред и мир, така што ќе се одвојат оние кои здружени би можеле да направат затворската управа уште повеќе да се препотува.

Затоа ја одбиваме таа дистинкција помеѓу „политички затвореници“ и „затвореници поради обични криминални дела“, затоа што таа неизбежно станува оправдување на затворскиот систем. Затоа што не постојат политички затвореници, или пак сите затвореници се политички, значи никој.

Солидарност со сите затвореници и затворенички на општествената војна, слобода за сите.

Антиполитички и антисоцијални анархисти за ширење на заразата

 

[1] Член на Партијата на Црни Пантери од САД, осуден на смрт во 1982 година поради убиство на полицаец [заб. на прев.]

[2] Водич на либанската марксистичка герилска група LARF, осуден во Франција во 1987 година на доживотен затвор [заб. на прев.]