Наслов: Помало зло
Датум: 1999
Извор: „Il male minore“, Diavolo in corpo, no. 1, Torino, 1999. „The Lesser Evil“, What Democracy Looks Like, A Venomous Butterfly Publication, 2001. www.reocities.com/kk_abacus/vbutterfly.html
Забелешки: Превод: Стефан Симоновски, 2004.

Се заборава дека определувањето за некое зло, макар тоа да е и „помалото зло“, е најдобриот начин тоа да се продолжи.

Кога пред себе имаш само две можности, избери ја третата. (Еврејска поговорка)

   

Пред неколку години, за време на изборите, еден познат италијански новинар ги повика своите читатели да ги затнат своите носеви и својата граѓанска должност да ја исполнат така што ќе гласаат за партијата којашто тогаш беше на власт. Новинарот добро знаеше дека народот веќе со децении се гуши од реата на вистинскиот институционален гнилеж во којшто таа партија беше потонала, поради злоупотребата на власта, корупцијата, валканите дејствија, итн. Но, единствената алтернатива на политичкиот пазар во тој миг беше левицата, што изгледаше како нешто уште полошо. Според тоа, на човек не му преостануваше ништо друго освен да си го затне носот и да гласа за оние кои веќе беа на власт.

Во тоа време, иако предизвика прилично бурни полемики, овој повик имаше некаков успех, а би можело да се каже дека дури беше и хит на денот. Тоа не треба да нѐ чуди. Во основа, аргументот што тој новинар го употреби почиваше на еден толку пати проверен, условен општествен рефлекс: на логиката за помало зло, која раководи со секојдневниот избор на мнозинството луѓе. Соочен со животните факти, здравиот разум отсекогаш бил многу итар кога треба да нѐ потсети дека помеѓу подеднакво одбивните алтернативи секогаш треба да ја избереме онаа која ќе има најмалку непријатни последици.

Зарем можеме да го оспориме тоа дека целиот наш живот се сведува на долга и исцрпувачка потрага по помалото зло? Дека определувањето за нешто добро - не во некоја апсолутна смисла, туку едноставно онако како што секој од нас го сфаќа тоа - однапред се отфрла? Сето наше искуство, како и искуството на претходните генерации, нѐ учи дека животот e најтешката вештина, и дека најсмелите сништа можат да имаат само трагичен исход: жртви на будилникот кој ѕвони на одјавната шпица на некој филм или на последната страница од некоја книга... „Така е отсекогаш“, ни велат воздивнувајќи, сѐ додека не поверуваме дека така и ќе остане, засекогаш.

Се разбира, ништо од сето тоа не нѐ спречува да сфатиме колку е штетно сето она со кое се соочуваме. А сепак, добро знаеме како да избереме зло. Она што ни недостасува - а ни недостасува затоа што ни е одземено - не е во толкава мера способноста да го вреднуваме светот во кој живееме и сите ужаси коишто тој ни ги фрла в лице, колку што тоа е способноста да одиме понатаму од понудените можности. Или барем да се обидеме со тоа. И така, под вечниот изговор дека можеме да загубиме сѐ ако не сме задоволни со она што веќе го имаме, се тетеравиме низ животот под барјакот на постојано самоодрекување. Нашиот секојдневен живот, со сите свои непромислености, ни пружа изобилство такви примери. Колкумина од нас, говорејќи искрено, можат да кажат дека уживаат во животот, дека се задоволни со него? Дека се задоволни со својата работа, тие часови потрошени бадијала, без задоволство, без крај? А сепак, соочени со баучот на невработеност, брзо ја прифаќаме бедата на наемната работа како би ја избегнале бедата на животот без каква било наемнина. Како да се објасни склоноста на толкав број млади луѓе да ги продолжат студиите колку што е можно подолго, освен како одбивање да се зачекори во светот на возрасните, што подразбира крај на веќе ионака несигурната слобода. Што, пак, тогаш ни останува да кажеме за љубовта, таа грчевита потрага по саканата личност, која најчесто се сведува на пародија на истата, каде во желба само да го ублажиме чувството на осаменост попрвин ги продолжуваме веќе истрошените врски? Сиромашни во задоволствата и магиите, сѐ што ни пружаат деновите што ги минуваме на оваа планета е здодевноста на повторување на едното те исто.

И покрај постојаните обиди да се намалат или прикријат повредите кои ни ги нанесува сегашниот општествен систем, ние сепак ги согледуваме, и тоа сите. Ние знаеме сѐ за животот во светот кој нѐ уништува. Но, за некако да го поднесеме она што е неподносливо, и на тој начин да го направиме прифатливо, доволно е да го рационализираме, оправдаме со историски причини и надополниме со една непопустлива логика, пред која нашата свест на мали сметководители може единствено да капитулира. За отсуството на животот и неговата простачка замена со просто преживување и сите негови ужаси - здодевноста од годините минати под товар на обврски, насилно потиснување на љубовта и страста, прерано стареење на сетилата, уценетоста со работата, еколошкото пустошење и најразличните облици на себепонижување - полесно да се поднесе, нема ништо подобро од тоа целата таа состојба да се релативизира преку споредба со состојбата на оние коишто живеат под товар на уште поголеми стравови и насилство? Има ли поефикасно средство од споредбата со нешто што е уште полошо?

Се разбира, погрешно е да се верува дека логиката на помало зло е ограничена само на регулирањето на нашите секојдневни, домашни работи. Таа пред сѐ ја регулира и управува со целината на општествениот живот, што нашиот новинар многу добро го знаеше. Всушност, сите човечки општества биле непотполни. Без оглед на разликите во идеи, сите некогаш сонувале за живот во општествo поинакво од ова; во свет со поголема претставничка демократија, економски уште послободен од мешањето на државата, повеќе „федерализиран“ отколку централизиран, за нација без странци и така со ред, сѐ до оние најекстремните аспирации.

Но, желбата да се остварат соништата води кон акција, бидејќи единствено акцијата може да го промени светот, правејќи го сличен на сонот. Акција: за духот, тоа се ериконските труби. Ниту еден друг императив не делува толку силно врз духот, терајќи го на неодложно и безусловно делување. Меѓутоа, секому кој ќе тргне по тој пат, стварноста му возвраќа на чуден и неочекуван начин. Оној што се посветил брзо почнува да учи дека единствената делотворна акција е ограничена на лимитирани, матни и жални соништа. Не само што големите утопии остануваат надвор од нашиот дофат, туку сосема скромните цели се покажуваат како едвај остварливи. Набрзо, оној кој сакал да го промени светот во согласност со сопствените желби, увидува дека сѐ што може да стори е она спротивното: да го промени својот сон, прилагодувајќи го на непосредната стварност на овој свет. Настојувајќи да постигне барем нешто, човекот почнува сѐ повеќе да го потиснува сонот. Оттаму, првото самоодрекување, кое го изискува продуктивната акција, на крај како свој резултат го има прилагодувањето на сонот сразмерно со постоечкото. На тој начин, конечно, доаѓаме до сознание дека епохата во која живееме е доба на компромиси, половични резултати, затнати носеви. Или, со два збора, помало зло.

Доколку внимателно го разгледаме овој проблем, се чини дека концептот на реформа, за кој денес сите гласаат, претставува краен израз на политиката на помало зло. Тоа понатаму се манифестира како еден крајно разборит облик на однесување, секогаш отворен за понатамошно прилагодување и постојана проверка на својата прифатливост, и кој се користи со внимание достојнo за најпрефинетата дипломатија. Настојувањето да се избегне секое бранување толку е силно што кога до него и ќе дојде, и покрај неповолните околности, тоа веднаш се оправдува како обид да се избегне поголемото зло. Зарем минатото лето немавме војна која беше оправдувана како помало зло во споредба со дивјачкото „етничко чистење“, на ист начин како што пред педесет години фрлањето на атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки беше оправдувано како помало зло во споредба со понатамошното продолжување на светската војна? И тоа покрај свечената обврска, којашто ја преземаа сите влади на овој свет, дека во решавањето на конфликтите ќе се воздржуваат од употреба на сила.

Како да не. Денес дури и владејачката класа признава дека во денешниот општествен поредок има основа за критика, за што инаку е самата одговорна. Нејзините гласноговорници понекогаш се дури и меѓу првите кога треба да се осуди дискриминаторската природа на законот на пазарот, тоталитаризмот на „владејачката мисла“, злоупотребите на либерализмот, итн. Дури и за нив тоа претставува зло. Но, тоа е неизбежно зло. Најмногу што можеме да сториме е да ги ублажиме неговите последици.

Злото за кое станува збор, и од кое нема да се отарасиме - тоа треба да ни биде јасно - е општествениот поредок заснован на профит, на пари, на сведување на луѓето на предмети, на моќ и со државата како нужно средство на принуда. Дури кога капитализмот се етаблирал и ги покажал сите свои пoследици, станало можно политичките експерти зад сцената да се запрашаат кој облик на капитализам, како помало зло, би требало да се поддржи. Денес предноста е на страна на демократскиот систем, за кој, не сосема непромислено, се вели дека е „најмалку лош од сите познати политички системи“. Јасно е зошто за западниот здрав разум овој систем има предност над фашизмот и сталинизмот. Освен тоа, лагата на овој систем почива врз (наводната) партиципација на граѓанството во водењето на јавните работи, што звучи речиси совршено. Оттаму, во тие рамки е релативно лесно да се убедат луѓето дека „поправедната држава“, „поправедната дистрибуција на добрата“ и „рационалното користење на природните ресурси“ се единствените можности со кои располагаме при решавањето на проблемите на модерната цивилизација.

Меѓутоа, доколку ова се прифати, се превидува само една ситница - токму онаа којашто суштински ги поврзува сите понудени алтернативи. Сите тие подразбираат понатамошно постоење на пари, размена, класи, моќ. Се заборава дека определувањето за одредено зло, макар тоа да е и „помало зло“, претставува најдобар начин тоа да се продолжи. Да се повикаме уште еднаш на горенаведениот пример: една „поправедна“ држава одлучува да бомбардира цела една земја за да одврати една „зла“ држава од операција на етничко чистење којашто таа го спроведува внатре своите граници. Нема цел да се спори дали помеѓу овие држави навистина постои некаква разлика, но на овој начин единствено ѝ се дава право на државата, како таква, непречено да ја спроведува својата логика, поигрувајќи се со судбините на илјадници луѓе изложени на масакр и бомби. Слично на тоа, „подобрата дистрибуција на добра“ би требало да го избегне концентрирањето на плодовите на трудот на голем број луѓе во рацете на неколкумина. Но, што навистина значи тоа? Накратко, ножот со кој господарите на овој свет ја сечат тортата можеби ќе се промени и можеби на уште некој ќе му биде допуштено да заземе место на трпезата. Остатокот од човештвото и понатаму ќе мора да се задоволува со трошки. Најпосле, кој би се осудил да порекне дека експлоатацијата на природата не предизвикала безбројни еколошки катастрофи? Не мора да се биде експерт во таа област за да се сфати дека заговарањето на една „порационална“ експлоатација нема да ги спречи новите катастрофи, туку дека само ќе предизивика и тие да се прикажат како „рационални“. Меѓутоа, може ли воопшто да се говори за „рационални“ еколошки катастрофи? И врз основа на кои параметри?

Малата војна е подобра од големата; да се биде милијардер е подобро отколку да се биде милионер; ограничената катастрофа е подобра од општата катастрофа. Како е можно да не согледуваме дека на овој начин општествените, политичките и економските услови, кои ги предизвикуваат војните, акумулацијата на привилегии и непрекинатото избивање на катастрофи, само ќе продолжат да се обновуваат? Како е можно да не согледуваме дека таквата политика не нуди дури ниту минимум практичност; дека кога чашата е полна само една капка може да биде доволна таа да се прелие? Од мигот кога ќе се откажеме од тоа капитализмот, како тоталитет заеднички за сите варијации на политичката регулација, да го доведуваме во прашање, ограничувајќи се само на чистото споредување на различните техники на експлоатација, „злото“ е загарантирано... Наместо да се запрашаме дали воопшто ни требаат газди, ние се замајуваме со тоа кој газда помалку тепа. На тој начин секој немир, секоја тензија, секој стремеж кон слобода води и се сведува на своја сенка; наместо да ги напаѓаме злата кои не сотруваат, ние ги опишуваме како инциденти својствени на системот.

На оние кои на своја кожа почувствувале некое зло, не им е до шега. Колку повеќе одминуваме од овој пат, сѐ повеќе нѐ уверуваат дека она кон кое се приближуваме во никој случај не може да биде полошо од она низ кое сме минале, дека новата, но секогаш насилна политика - која постојано тежи кон некаков напредок - ќе ги блокира најконзервативните трендови и дека после сѐ што сме пропатиле сега конечно се наоѓаме на вистинскиот пат. Од едно помало зло кон друго, армијата од реформисти која управува со ова општество нѐ води од војна во војна, од катастрофа во катастрофа, од едно одрекување во друго. И токму затоа што ја прифаќаме таа погубна, бедна реченица, како и потчинувањето на државата, постојано вагајќи кое од двете зла е помало, може да ни се случи на таа иста вага еден ден да го ставиме и сопствениот живот: можеби ќе ни се пристори дека е подобро веднаш да цркнеме, отколку и понатаму да се влечеме по земја. Можеби токму тоа е онаа мисла која на крајот ќе го повлече чкрапалото. Доколку постојано го затнуваме носот, само затоа да гласаме во туѓа корист, на крајот ќе престанеме да дишеме.

Како што видовме, употребата на логиката на помало зло е лесно одржлива. Тешкотиите настануваат од мигот кога ќе се излезе од тој круг, во мигот кога тој ќе се разбие. Сѐ што треба да сториме е да го афирмираме ставот според кој од изборот помеѓу две зла, најлошото нешто е да се избере едно од нив. И тоа е тоа: еве ги, веќе се на врата. Кога човек е непријател на сите партии, на сите војни, сите капиталисти, секое уништување на природата, тој на себе го навлекува сиот сомнеж на власта. И тука, всушност, започнува бунтот. Одбивањето на политиката на помало зло, отфрлањето на општествено условените навики животот само да се одржува наместо да се живее, значи во прашање да се доведе сета стварност и сите нејзини „нужности“ кои од неа го исцицуваат секое значење. Ниту Утопиите не се имуни на оваа логика, која во многуте револуции го зауздала гневот на побунетите луѓе. Кога тој гнев се заканил да ги збрише од лицето на земјата, еднаш засекогаш, сите нивни непријатели, секогаш се наоѓал некој малку пореален револуционер кој би настојувал бунтовниците да ги насочи кон „поразумни“ барања. Дури и оние кои сакале од корен да го променат овој свет, на крајот се плашеле да не загубат сѐ. Дури и тогаш кога тоа не било ништо што би можело навистина да им припаѓа.