Наслов: Постлевичарска анархија?
Забелешки: Наслов на оригиналот: "Post-Left Anarchy?" - уводник од Anarchy: A Journal of Desire Armed. Превод: Алек Кузмановски, 2013.

И понатаму постојат голем број анархисти кои, на овој или оној начин, продолжуваат да се идентификуваат со политичката левица. Но, сè повеќе се оние кои се подготвени да го отфрлат и повеќе од тешкото бреме поврзано со левичарската традиција. Добар дел од овие размисли е посветен на започнување ново истражување за тоа кој е влогот кога се происпитува дали анархизмот има/л корист од идентификувањето со политичката левица.

Најголем дел од своето постоење, во текот на последните неколку векови, анархистите, теоретичарите, групите и движењата редовно претставувале малцинството во разновидниот свет на потенцијалните револуционери на левицата. Во повеќето од светските востанија и револуции од тој период – оние чиишто победи имале позначајна трајност – авторитарните бунтовници најчесто биле мнозинство меѓу активните револуционери. Дури и тогаш кога не биле, често стекнувале надмоќ на различни начини. Без разлика дали биле либерали, социјалдемократи, националисти, социјалисти или комунисти, останале дел од мнозинската струја во политичката левица која недвосмислено била посветена на спектарот на авторитарни позиции. Заедно со неверојатната посветеност на идеалите како правда и еднаквост, оваа мнозинска струја ги фаворизирала хиерархиските организации, професионалното лидерство (и, многу често, култот на лидерот), догматските идеологии (особено забележливо во разните марксистички варијанти), дволичниот морализам, како и општиот презир кон општествената слобода и вистинските нехиерархиски заедници.

Особено по исфрлувањето од Првата интернационала, анархистите се нашле пред тежок избор. Ако некаде во рамките на левицата можеле да ја претставуваат својата критика, тоа било само на нејзините маргини. Втора можност била целосно отфрлање на мнозинската опозициска култура што го носело ризикот да бидат изолирани и игнорирани.

Бидејќи многу, ако не и повеќето, анархистички активисти произлегле од левицата по разочарувањето од нејзината авторитарна култура, прилепувањето кон нејзините маргини и прифаќањето на нејзините теми во послободарска насока, претставувало постојана мамка. Анархосиндикализмот е можеби најдобар пример за таквиот вид левичарски анархизам. Тој им овозможил на анархистите да ги користат левичарските идеологии и методи во корист на левичарските визии за општествена правда, но со истовремена посветеност на анархистичките идеи како директната акција, самоуправувањето и одредени (многу ограничени) слободарски културолошки вредности. Левичарскиот еколошки анархизам на Мари Букчин (Murray Bookchin), без разлика дали го класифицираме како слободарски муниципализам или социјална екологија, е уште еден пример за тоа. Се карактеризира со константен неуспех некаде да се вкорени, дури и во своето омилено подрачје – политиката на зелените. Уште еден пример, најмалку видлив (и најброен?) од сите видови левичарски анархизам, е изборот на голем број анархисти да потонат во левичарските организации кои имаат мала, или никаква, врска со какви било слободарски вредности, едноставно затоа што не наоѓаат можност за директно делување со другите анархисти (кои најчесто се скриени на сличен начин, потопени во други левичарски организации).

Можеби токму сега, кога рушевините на политичката левица уште повеќе се распаѓаат, е време анархистите да размислат за масовно излегување од нејзината сè послаба сенка. Всушност, доколку доволно анархистите успеат да се дистанцираат од неброените неуспеси, чистки и „предавства“ на левичарството, сè уште постои можност конечно да застанат на свои нозе.

Со самодефинирање на сопствените термини, анархистите повторно можат да инспирираат нова генерација бунтовници, кои овој пат можеби помалку ќе сакаат да ја компромитираат својата борба во обидите да го зачуваат заедничкиот фронт со левицата која во историјата се противела на создавањето слободни заедници каде и да се појавеле. Доказите се непобитни. На слободарските револуционери од кој било вид, константно им било забранувано да се појавуваат во повеќето од левичарските организации (од расколот во Интернационалата, па натаму), биле замолчувани во многу левичарски организации во кои им бил дозволен влез (на пример, анархоболшевиците), биле прогонувани, затворани, убивани и измачувани од страна на сите левичари кои дошле до нужната политичка моќ или организациски можности да го направат тоа (постојат неброени примери од историјата, но и од сегашноста).

Зошто постои толку долга историја на конфликти и непријателства помеѓу анархистите и левичарите? Затоа што во нивните критики и практики се содржани две во основа различни визии на општествена промена (иако секоја група или движење секогаш содржи контрадикторни елементи). Едноставно кажано, анархистите – особено анархистите кои најмалку се идентификуваат со левицата – најчесто се вклучуваат во делување кое одбива да се постави како политичко водство издвоено од општеството, ја одбива хиерархијата и манипулацијата кои се неизбежни во изградбата на масовните организации и ја отфрла хегемонијата на која било догматска идеологија. Од друга страна, левицата најчесто се ангажирала на начин со кој создавала заменска претставничка практика во која масовните организации се подредени на елитистичкото водство на интелектуалните идеолози и опортунистичките политичари. Во таквата практика, партијата се поставува себеси како замена за масовното движење, а партиското водство се поставува себеси како замена за партијата. Во стварноста, главната улога на левицата низ историјата била да направи пресврт на секоја општествена борба способна директно да се им спротистави на капиталот и државата; така што, во најдобар случај, да биде постигната само вештачка замена за победата, секогаш прикривајќи ја јавната тајна за продолжувањето на акумулацијата на капиталот, ропството на наемната работа и хиерархиските, државни политики како и дотогаш, но под лажната реторика на отпор и револуција, слобода и социјална правда.

Значи, прашањето е, дали анархистите можат да постигнат повеќе надвор од левицата, од позиција на отворена и бескомпромисна критика, од она што успеале да го постигнат оние кои одлучиле да останат во нејзините рамки?