Во моментот кога Германија и нацизмот се згазени, а сојузничката војска конечно ја слави победата, се поставува прашањето во врска со двете последни соопштенија на Хитлер. Само еден месец пред поразот, објави дека неговата победа е извесна. Тогаш сите се смееја на тоа, затоа што беше очигледно дека на Германија ѝ нема спас. Се мислеше: тоа е само обид да ги охрабри своите луѓе, лудило. Денес, никој не се сеќава на тоа, затоа што работата е завршена. Сепак, зарем не би требало да имаме попретпазлив став за тврдењата на тој човек? Кога во 1938 година се закануваше, сите велеа: тоа е само „уцена“. Кога во јануари 1940 година рече дека во јули ќе биде во Париз, се зборуваше: тоа е само „перчење“. Кога во 1938 година зборуваше дека ќе ги нападне Романија и Украина, зарем некој го сфаќаше сериозно? Сепак, ако сериозно ја сфатевме Mein Kampf и ако во неа видевме план на делување, а не само изборна програма, за која сме навикнати нашите политичари никогаш да не ја спроведуваат, можеби ќе преземевме некакви мерки. Имено, Хитлер објави сè, уште во Mein Kampf: целите, методите и последиците. Тој не можеше да ги спроведе своите планови докрај, но не му недостигаше волја. Направи сè што кажа. Можеме ли тогаш површно да го прифатиме тоа што тој ја објави својата победа во моментот кога многу добро знаеше дека неговите армии се поразени?

Пред сè, треба да се има предвид дека во своите изјави Хитлер очигледно не мислел на победата на современа Германија, ниту на воената победа. Сакал да победат нацизмот и вечната Германија. Со други зборови, важна му била политичката победа. Тоа не е првпат воено поразениот, политички да го порази својот освојувач. Така на крајот беа поразени војските на Револуцијата и Царството, но ја проширија идејата за Републиката и чувството за слобода низ цела Европа, а потоа веќе никој не можеше да го запре триумфалниот марш на 19-от век.

Но, што имаме денес?

Пред сè, Хитлер промовираше тотална војна, која подразбира тотална мобилизација, а од друга страна, тотален масакр. Познати ни се воените правила: сите мораат да се усогласат со нив, за војната да биде тотална – тоа значи војна за уништување на цивилното население (во што сите биле прилично успешни!) – и за да се постигне неограничено користење на сите сили и ресурси на нацијата за потребите на војната. За да победиме, не можеме да постапуваме поинаку. Тоа е очигледно. Но, дали злото навистина може да се победи со зло? Во секој случај, нема сомнеж дека Хитлер, со тоа што нè наведе да ја прифатиме можноста за масакрирање на цивилното население, одлучно нè поведе по патот на злото. Не е сигурно дека од тоа можеме да се извлечеме толку лесно. И ако го погледнеме начинот на кој, во реорганизацијата на денешниот свет, постапуваме со малцинствата или одлучуваме за преместување на цели популации, итн., можеме да се запрашаме дали на тоа, во многу поголема мера отколку што се мисли, влијаел презирот кон човечкиот живот (наспроти убавите зборови за човечкото достоинство!).

Од друга страна, тоталната мобилизација имаше две истовремени последици. Не само што жените беа мобилизирани да ги извршуваат работите за кои не се создадени, туку, што е уште поважно, државата себеси си додели апсолутна власт.

Се разбира! Не можевме поинаку. Но, навистина е необично како и тука моравме да тргнеме по стапките на Хитлер. За да се мобилизира целокупната нација, државата мора во своите раце да ги држи финансиските и економските средства, сè што е од витално значење и да се постави на чело на сите техничари, кои станале најважни во општетсвото. Се ограничуваат слободата, еднаквоста, снабдувањето со добра, правото на култура, се отфрлуваат нештата, а набрзо и луѓето кои не се корисни за одбраната на земјата. Државата презема сè и сè се изведува преку техничарите. Што е тоа, ако не диктатура? Во секој случај, тоа е она што е воспоставено во Англија и Америка... за Русија и да не зборуваме. Апсолутистичка држава. Тоа е приматот на техничарите. Очигледно не страдаме од антиеврејскиот мит, но дали тоа важи и за оној антинацистичкиот или антикомунистичкиот? Очигледно не страдаме од митот за расата, но што е со митот за слободата? Имено, тоа може да биде само мит, кога во секој јавен говор некој се повикува на слободата, иако таа речиси секаде практично е укината.

Но, можеме да кажеме дека тоа е само привремено, дека тоа беше нужно само заради војната и дека во мир ќе ѝ се вратиме на слободата. Нема сомнеж дека во одреден период по војната во некои земји ќе се фаворизираат одредени слободи, но тоа сигурно ќе трае кратко. По 1918 година, се зборуваше дека веќе нема да има никакви војни... Знаеме што се случи... Покрај тоа, треба да се имаат предвид две нешта: прво, неколку познати економски планови – планот Бевериџ (општото социјално и здравствено осигурување), Планот за целосна вработеност, Финансискиот план на САД – јасно покажуваат дека влијанието на државата на економскиот живот е неспорен факт и дека светот се движи во правец на економска диктатура. Потоа, тука е и следната историска законитост: историското искуство ни вели дека сите држави ја зајакнуваат својата моќ и никогаш не ја губат. Можеби најинтересниот пример е токму нашата Револуција, која започна во 1789 година, во име на ослободување од апсолутизмот, а во 1791, повторно во име на слободата, доведе до Јакобинската диктатура. Затоа можеме да очекуваме дека веќе утре во сите земји од светот ќе се воспостават преправени диктатури, како нужност на која нè наведе Хитлер. Се разбира, можеме да реагираме, можеме да се бориме, но кој навистина има намера да направи нешто на тој план?

И тоа е уште една победа на Хитлер. Зборуваме многу за демократијата и слободата. Но, веќе никој не сака да живее во нив. Се навикнавме кога нешто ќе тргне наопаку, државата да прави што сака, затоа што ѝ ја препуштивме сета одговорност. Што може да се каже за тоа, освен дека самите бараме државата да ја преземе сета одговорност за животот на нацијата? Кој се грижи за вистинската слобода? Барањата за ограничување на надлежностите на државата звучат налудничаво. Работниците први ќе ја бараат диктатурата. Прашањето е кој ќе ја спроведе таа диктатура. Затоа движењето за политичка и економска слобода едвај опстанува, освен во Америка, а и таму само меѓу „капиталистите“, кои би сакале да се ослободат од туторството на државата.

Сите луѓе во Франција и САД се подготвени да ја прифатат диктаторската власт и државно контролираното стопанство. Општата бирократизација е завршена работа и се остварува секојдневно, а очигледната незаинтересираност на населението за политичките разлики е злокобен знак за тој менталитет, кој несомнено е „предфашистички“.

Се разбира, можеме да се обидеме да реагираме. Но, во име на што? Во Франција слободата ги понесе сите, сè додека значеше ослободување од „Швабите“. Сега ја губи секоја смисла. Слобода во однос на државата? Тоа никого не го интересира. За повторно да ги затегнеме олабавените пружини и да ја поттикнеме нацијата, ни останува само да се повикаме на „духовните вредности“. Ах, да... како Хитлер... како Хитлер што ја пронајде неверојатната формула за ставање на духовното во служба на материјалното, за претворање на духовното во средство за остварување на материјалните цели.

Станува збор за доктрина за човекот, светот и религијата која служи за стекнување економска и воена моќ. Полека и ние тргнуваме по тој пат. Бараме некаква мистика, каква било, само ако ѝ служи на моќта, која ќе ги допре срцата на сите Французи, ќе ги исполни со ентузијазам, ќе ги наведе да се жртвуваат со восхит. Сите изразуваат потреба за таква мистика. Сите очекуваат дека диктатурата, која премолчено ја прифативме, ќе биде тоталитарна, т.е дека ќе го опфати целиот човек, неговото тело, дух, срце, дека ќе ги стави во служба на нацијата, во апсолутна смисла. Тоа е офанзивата, која сите ја искусивме во корист на единствениот образовен систем, во кој треба да се вклучат сите граѓани. Тоа е офанзивата во корист на секуларизмот, кој реагира на ставот на црквата, според кој црквата е пред државата. Сето тоа се знаци на тоталитаризмот, кој расте полека, подло и кој ги подготвува луѓето да се жртвуваат за Молохот на Државата.

Оние што ќе речат дека претерувам, не гледаат дека реалноста е поважна од лажниот дискурс. Ако го споредиме економскиот, политичкиот, општествениот и административниот живот од 1935 до 1945 година, ќе видиме дека во тие десет години е остварен огромен напредок. Но, ако сметаме дека да се реагира значи да се преземе нешто против понатамошното јакнење на државата, против планската економија, против полицијата и социјалната помош, очигледно е дека против себе би ја навлекле целокупната нација, затоа што реагираме против нештата кои се сметаат за добри, за кои денес никој не може да каже дека можеме да ги отфрлиме!

Победата на Хитлер не е во формата туку во суштината. Она што го имаме не е неговата диктатура, неговиот мистицизам, неговиот тоталитаризам, но тоа е диктатурата, мистицизмот, тоталитаризмот, за кои со ентузијазам ја подготвивме постелата (со тоа што го плаќаме воениот пораз на Хитлер) и не забележувајќи дека веќе се случил. Повеќе од масакрите, тоа е вистинското дело на сатаната, а Хитлер беше само неговиот пратеник на земјата. Само пратеник, затоа што не измисли ништо ново. Постои долга традиција која ја подготви таа криза. Имињата на Макијавели, Ришелје и Бизмарк спонтано ни паѓаат на ум, како и примерите на државите кои уште од 1918 година очигледно живееле во тој вид диктатура и тоталитаризам. Хитлер само го доведе до кулминација она што веќе постоеше. Но, тој го прошири вирусот и го поттикна неговиот ненадеен развој.

Оттука, што можеме да кажеме? Дали ќе се наведнеме пред тој свет, кому му е судено да нè совлада? Не, се разбира.

Но, тоа што е извесно е дека не постојат никакви политички и технички средства со кои тој процес би се запрел. На таа плима која ги уништува сите духовни вредности и човекот, така што го оковува со златни ланци, можат да ѝ одолеат само луѓето, кои токму затоа што во целост ќе бидат луѓе, нема да дозволат да ги апсорбира оваа цивилизација, ниту ќе се согласат со ропството. Но, како луѓето во својата слабост и грев, да пружат отпор и да ја одбранат сопствената судбина од тој мравјалник што го носи иднината?

На таа плима, која ги уништува сите духовни вредности и човекот, може да ѝ се спротистави само Човекот. „Еве го човекот“. Човекот Исус Христос, кој сам ја измени судбината на светот, кој сам го замолчи Молохот и утре сам ќе ги ослободи луѓето од ропството, кое светот веќе денес ни го подготвува.