#title Неколку „слободни“ зборови #subtitle За неформалната анархистичка федерација и востаничкиот анархизам #author Алфредо Коспито #LISTtitle Неколку „слободни“ зборови #SORTauthors Алфредо Коспито (Alfredo Cospito) #SORTtopics анархизам, директна акција, насилство/ненасилство, инсурекционизам, индивидуализам, нихилизам #date 2014 #source [[http://zagovornaednakvite.info/?p=447][zagovornaednakvite.info]] [[http://yu.radioazione.org/2014/08/grckaitalija-intervju-zavjere-vatrenih-celija-s-alfredom-cospitom/][radioazione.org]] [[https://interarma.info/2014/11/28/synentefksi_pyrina_fylakismenon_melon_spf_me_alfredo_cospito/?lang=en][interarma.info]] #lang mk #pubdate 2014-12-08T23:20:33 Интервју на Заговор на Огнените ќелии (ЗОЌ)[1] со мене лично. Од грчките затвори до одделот за висока сигурност во затворот во Ферара [Италија] Пред да одговорам на вашите прашања, сакам да нагласам дека она што ќе го кажам е мојата вистина. Една од бројните индивидуални точки на гледиште, сензибилитет и нијанси внатре ретортите од идеи и дела под името FAI-IRF[2]. Неформалната федерација која, одбивајќи го секое хегемоностичко искушение, претставува едно средство, една метода од компонентите на анархизмот од акција. Анархизмот од акција само кога е неформален, кога не се присилува на организациони структури (специфични, формални, синтези), кога не е опседнат со одобренија (што значи ја одбива политиката), може да се препознае во поширокиот хаотичен универзум под името Црна интернационала. Да појаснам, FAI-IRF е методологија на акции кои ги практикуваат само еден дел од сестрите и браќата од Црната интернационала, не се работи за организација, а уште помалку за колективен акроним, туку за средство кое тежнее кон ефикасност, кому цел му е да ги зајакне нуклеусите и другарите/другарките од акција по пат на спогодба за меѓусебна поддршка во врска со три точки: револуционерна солидарност, револуционерна кампања, комуникација помеѓу групи/поединци: „РЕВОЛУЦИОНЕРНА СОЛИДАРНОСТ. Секоја FAI група од акција се залага за искажување на сопствената револуционерна солидарност со евентуално уапсените другари или другари во бегство. Солидарноста ќе се конкретизира пред сѐ преку вооружена акција, напад на структурите и личности одговорни за затворање на другарите. Солидарноста не може случајно да изостане затоа што на тој начин би изостанале и принципите врз кои се темелат анархистичкиот живот и чувства. Под поддршка при репресија, се разбира, не подразбираме техничко/правна помош: буржоаското општество нуди доволно адвокати, социјални работници или попови, за револуционерите да можат да се грижат за нешто друго. РЕЦОЛУЦИОНЕРНИ КАМПАЊИ. Секоја група или поединец, кога ќе започне одредена кампања на борба преку акција и своја изјава, ќе ја следат други групи/поединци од Неформалната анархистичка федерација [FAI], на сопствен начин и со сопствен ритам. Секој поединец/група можат да започнат кампања на борба против одредени цели едноставно „промовирајќи“ проект по пат на една или повеќе акции проследени со потпис на одредена акциска група, со кој дополнително, преку акроним, се повикуваат и на Федерацијата. Ако постојат поделени мислења околу кампањата, критиката, по потреба, ќе се конкретизира преку акции/изјави кои ќе придонесат за изострување на целта или ќе ја доведат во прашање. КОМУНИКАЦИЈА ПОМЕЃУ ГРУПИТЕ/ПОЕДИНЦИТЕ. Акциските групи од Неформалната анархистичка федерација не мораат меѓусебно да се познаваат, не постои таква потреба, затоа што на тој начин би се изложиле на непријателот, на лидеризам на поединци и бирократизација. Комуникацијата помеѓу групите/поединци во основа се одвива преку самите акции и преку информативните канали на движењето, без потреба од меѓусебно познавање.“ (Од Изјавата за преземање одговорност за нападот врз Проди, тогашниот претседател на Европската комисија, 21 декември 2003, од „Il dito e la luna”, стр. 15-16[3]) Таа спогодба за меѓусебна поддршка во основа го заобиколува собранието, неговите лидери, експертските говорници, политичарите и авторитарните механизми кои се појавуваат и во анархистичките средини кога собранието ќе стане орган на одлучување. Црната интернационала во идните години би требала да ја поврзе онаа „црна нишка“ која веќе долго е прекината. Нишка која го поврзува вчерашниот анархизам кој ја практикуваше „пропагандата преку дела“, плод на Меѓународниот конгрес во Лондон од 1881 година, со денешната анархија од акција - неформална, антиорганизациска, нихилистичка, антицивилизациска, антиопштествена. Никола и јас, единствените членови на „нуклеусот Олга“, не познаваме лично други браќа и сестри од FAI – да ги познаваме би значело да ги гледаме затворени помеѓу четири затворски ѕида. Уверени сме во корисноста на FAI-IRF благодарение на зборовите (изјавите за преземање одговорност) и делата на браќата и сестрите кои ни претходат. Нивните зборови, секогаш потврдени со дела, ни ја подарија неопходната истрајност без која, во ова виртуелно доба, секој проект се сведува на стерилни зборови фрлени во ветар. Ни беше потребен компас за да се ориентираме, средство со кое ќе ги препознаеме и разобличиме оние кои анархијата ја претворија во вежбалиште за говорници, филтер со чија помош ќе се препознаваат празните зборови од оние кои содржат вистина. Во оваа „нова анархија“, во нејзините изјави за преземање одговорност и следствените револуционерни кампањи , пронајдовме перспектива за реален напад, која ги проширува нашите деструктивни можности, ја гарантира нашата автономија на бунтовни поединци и анархисти, и ни нуди можност за соработка, за заеднички напад, без директно да се познаваме. Никаков облик на координација не може да биде вклучен во нашата проектуалност. „Координацијата“ нужно подразбира познавање, организирање меѓу сестрите и браќата од различни јадра. Таквата координација би ја уништила автономијата на секоја група и поединец. „Најефикасната“, најподготвената, најхрабрата, најхаризматичната група неизбежно би надвладеала, репродуцирајќи ги истите кобни механизми на собранието - после подолг период повторно би се појавиле лидери, идеолози, харизматични водачи, би се тргнало кон организација: смртта на слободата. Некој би можел да приговори дека и внатре групите на афинитет, внатре ќелиите на FAI би можел да постои харизматичен лидер, „водач“. Но во нашиот случај штетата би била ограничена затоа што ќелиите меѓусебно не се познаваат. Гангрената не би можела да се прошири. Антиорганизацискиот став нѐ штити од таков ризик. Заради тоа треба да се потпреме на „револуционерни кампањи“ кои го исклучуваат меѓусебното познавање на групите и поединците, на тој начин убивајќи ја секоја трага од организација. Никогаш не смееме да ги мешаме кампањите и координацијата; се работи за неформалност, а според мене, тоа е сржта на нашата оперативна проектуалност. Да појаснам, кога зборувам за група на афинитет или акциска ќелија, тоа се однесува и на само една личност и на бројна група на афинитет. Поентата не е во бројките. Јасно е дека секоја поединечна акција се планира помеѓу различни членови од групата, и во тој случај не можеме да зборуваме за координација, но тоа планирање никогаш не смее да се прошири и на другите групи од FAI-IRF. Надвор од сопствената група треба да се „ограничиме“ само на комуникација по пат на „револуционерни кампањи“ и акциите кои произлегуваат од нив. Нашето познавање на FAI-IRF мора секогаш да остане делумно, ограничено на афинитетот. Од FAI-IRF треба да ги познаваме само ударите, гребаниците, раните нанесени на моќта. Би било кобно да се создаде нешто монолитно или структурирано; секој од нас треба да ги избегнува недоразбирањата или восхитеноста од хегемонија. Организацијата премногу би ги ограничила нашите перспективи, претворајќи го процесот од квалитативен во квантитативен. Преку делото на еден, волјата на другиот зајакнува, носејќи инспирација. Кампањите се шират како масло на вода. Илјадници глави беснеат против моќта, невозможно е сите да се пресечат. Токму такви акции, пропратени со зборови (изјави за преземање одговорност), ни дозволуваат на сигурен начин да ги исклучиме чистите теоретичари-љубители на зборови, овозможувајќи ни односи само со оние кои живеат во реалниот свет, валкајќи ги своите раце, изложувајќи го на ризик сопствениот живот. Само тие зборови вистински вредат, единствените кои ни овозможуваат да растеме, да се развиваме. Револуционерните кампања се најделотворното средство за напад, за да удриме онаму каде што најмногу боли. Овозможувајќи ни да се шириме низ светот како вирус носител на бунт и анархија. ЗОЌ: **Со цел да се запознаеме, кажи ни нешто за твојата моментална ситуација.** АЛФРЕДО: Немам многу да кажам. Уапсени сме за ранувањето на Адинолфи, извршниот директор на компанијата Ansaldo Nucleare. Заради неискуство, направивме неколку грешки кои ги плативме со апсење: не ја покривме табличката на моторот кој го користевме при нападот, го паркиравме преблизу до местото на заседата и, пред сѐ, не ја забележавме видеокамерата од едно кафуле, голема грешка која денес ја плаќаме. За нашата акција преземавме одговорност како „нуклеус Олга FAI-IRF“. Јас сум осуден на 10 години и 8 месеци, Никола на 9 години и 4 месеци. Следните месеци ќе имаме уште едно судење - за субверзивно здружување. Тоа е, повеќе или помалку, нашата моментална правосудна состојба. ЗОЌ: **Анархистичките затвореници и затворот. Какви се вашите услови на специјалните оддели, како се однесуваат стражарите и во какви односи сте со другите затвореници?** АЛФРЕДО: Во Италија, преку одделот за Висока сигурност, кој подразбира бројни ограничувања, демократската држава сака да нѐ изолира, затворајќи нѐ на оддели целосно одвоени од сеопштиот контекст на затворот. Невозможен е каков било контакт со другите затвореници, немаме можност да излеземе надвор, само два часа во еден мал бетонски двор. Цензурата за мене и Никола постојано се обновува и затоа поштата и весниците ги добиваме тешко и со задоцнување, ни ги запленуваат нештата кои ни се од посебен интерес, како при влез, така и при излез. Сега се наоѓаме затворени во AS2, висока сигурност специфична за анархистичките затвореници. „Односот“ помеѓу нас и стражарите се сведува на меѓусебна индифирентност и природно непријателство. Што уште да додадам, од моја гледна точка „мирните“ протести внатре и надвор од затворите се бескорисни, „животот“ внатре едноставно се сведува на однос на сила. Од затворот треба да се излезе, оној кој е внатре треба да биде способен за тоа... **ЗОЌ: Анархијата за нас не е партија, нема Централни комитети, туку след на акции, поими, вредности. Какви се тензиите во анархистичкото движење во Италија денес, неговите карактеристики, противречности, активности?** АЛФРЕДО: Тоа е важно прашање кое бара сложен одговор. Во анархистичкото движење учествувам од крајот на 80-те. Во последните 20 години многу нешта се променија, многу односи помеѓу другарите/другарките се прекинаа, се создадоа многу динамики - и негативни - и понекогаш вродија со многу лоши плодови, нагласувајќи ги лидеристичките и политички однесувања, но вродија и со нови перспективи, со нова генерација надвор од собранијата, надвор од механизмите на политиката, која го крена својот глас. За да одговорам на вашето прашање за ситуацијата на италијанското анархистичко движење денес, треба да направам неколку чекори наназад. Често се мисли дека востаничкиот анархизам [инсурекционизмот] е една целина составена од поими и теорија застанати во времето, во својата „идеолошка“ ригидност. Идеологија дури и со (навистина одвратно) свој lìder maximo и свои догми. Низ времето ништо не е статично. Жените и мажите преку своите дела создаваат идеи. Не се тоа оние тројца или четворица познати другари/другарки со своите книги и написи, кои ни го покажуваат патот, а уште помалку долгите и залудни собранија, туку непознатите другари/другарки се оние кои со својата практика на напад нѐ туркаат напред, водејќи нѐ кон живот. Токму преку таа практика, на крајот од 90-те, групите кои ни претходат – „Занаетчиска задруга Пожари и сродно (повремено спектакуларна)“, „Бригада 20 јули“, „Јадра против капиталот, неговите поробувачи и неговите ќелии“, „Меѓународна солидарност“[4] - доведоа во прашање две утврдени догми на таканаречениот „инсурекционизам“, анонимноста на акцијата и преовладувачките собранија претворени во орган на одлучување. Две постојани точки кои неизбежно водеа кон кобна инерција. Давајќи ѝ глас и континуитет на сопствената практика преку изјавите за преземање одговорност, прекинувајќи ги врските со собранијата и не поставувајќи дополнителни граници со цел „народот“ и остатокот од „движењето“ да разбере, анархијата повторно стана застрашувачка. Со бројни бомби и изјави за преземање одговорност, тие групи ја побија догмата на анонимност на акцијата, нарушувајќи ја тишината која нѐ имаше обвиено по судењата за случајот Марини[5], сериозно закочувајќи ги динамиките кои нѐ водеа кон граѓанизам[6] кој можеше да го избрише секој насилен обид. По појавата на тие групи, поимот „инсурекционизам“ за многу анархисти поприми негативно значење, пред сѐ откако новинарите почнаа да го користат како синоним за „тероризам“. Тогаш многумина отстапија, тврдејќи дека некои „спектакуларни“ атентати и нивните изјави за преземање одговорност го оддалечуваат народот. За да ги сфатиме поделбите внатре анархизмот од акција во Италија денес, треба да се вратиме на почетокот на борбата во Вал Суса против изградбата на супербрза железница. 1998 година, по трагичната смрт на Балено и Соле[7], многумина се повикаа на демократската легитимност, на „праведна“ правда, на праведно судење, не само истакнатите претставници на демократскиот „радикализам“, туку и анархистичкото движење. Повеќето анархисти тргнаа на крстоносен поход на виктимизација на граница со клевета. Соле и Балено беа прикажувани како невини жртви, како кутри наивци кои ги надвладеало нешто многу поголемо од нив. По пристигнувањето на десетина пакет-бомби на адреса на одговорните за смртта на другарите (дела за кои никој никогаш не презеде одговорност), речиси целото анархистичко движење, плашејќи се од идни бранови на репресија, се дистанцираше од таквите практики, сметајќи ги во најдобар случај за „недостојни“ за анархисти, а во најлош за вистински полициски провокации. Исклучоците беа ретки, кои се разбира, го привлекоа вниманието на правосудството во наредните години. Оттогаш, големото мнозинство таканаречени „востанички анархисти“ ги преплави незауздана, колку и самоубиствена желба за одобрување, тргнувајќи со незапирлива брзина кон граѓанското општество. Следејќи ја илузијата за социјална/народна борба, секаде каде што таа ќе се појавеше, отскокнувајќи како полудена чигра од CIE [центри за илегални доселеници, заб. на прев.], до Вал Суса, од окупирање на домови до борба на затвореници, разводенувајќи ги сѐ повеќе сопствените проектуалности со цел да бидат уверливи, доверливи, реалистични, приближувајќи се сѐ поопасно до граѓанизмот. Години подоцна, мал дел од нив, откако стана свесен дека општествените борби тргнаа по политички пат, се затвори во класичен кристален дворец, попувајќи против сѐ и сите, заглавен до гуша во очајното ништавило на практиката. Други, пак, безгранично експериментираа со секој животен потенцијал, занемарувајќи ги големите теоретичари и светски системи. „Најостроумните“ поборници на општеството, барем на почетокот, настојуваа во Вал Суса да го повторат искуството од 80-те против поставувањето ракети во Комизо[8]. Искуство со кое и ден денес се разметнуваат како со конкретен пример за методологија на востаничка интервенција на одредена територија. Во Комизо проектуалноста навистина имаше, иако со приговор кон политичката содржина и средства, востаничка перспектива. Посредната борба, протерувањето на Американците и нивните ракети, требаше да претставува искра за сеопшто востание во срцето на Сицилија, како во класичната традиција на Бандата од Матезе[9]. Фиктивните народни сојузи, составени само од другари/другарки, популистичките говори кон народот за да го заплашат и поттикнат на бунт, апсурдните изјави кон народот за можни силувања од страна на американските војници, се обидоа да го допрат италијанскиот мачизам, претворајќи го наведениот ангажман во чисто политички феномен, кому ги упатувам сите мои критики, но кој секогаш, морам да признаам, остана во рамки на востание. Во Вал Суса нештата се одиграа поинаку, од самиот почеток востаничката цел брзо беше заменета со обична борба против супербрзата железница. Надвладеа посредната борба, од квалитет се прејде на квантитет, на броење демонстранти на блокираните улици, на борба рамо до рамо со алпини[10], сообраќајци, градоначалници, партии, губејќи ја од вид крајната цел: уништување на постоечкото. Востаничката перспектива се претвори во поскромно, политичко подобрување на постоечкото. Уште еднаш „реализмот“ го избриша виталниот потенцијал на анархизмот. Јас лично не ги критикувам a priori, на „идеолошки начин“, таканаречените посредни борби, јас сум критичен кон методот. Ако го поставам како референтна точка, ограничувајќи го сопственото делување, неизбежно се изложувам на ризик да станам авангарда. Повеќе не го правиш она што сметаш дека е праведно, туку она што би можело да ги наведе луѓето на твоја страна - се бавиш со политика. Во оној момент кога самиот ќе си наметнеш граници од страв дека нема да те сфатат, веќе си станал политички субјект, значи стануваш дел од проблемот, еден од многуте тумори кои ги инфицираат нашите животи. Никогаш не би смееле да ги ублажуваме нашите зборови и дела за народот да би можел да ги свари, бидејќи инаку ризикуваме да нѐ измени „посредната“ цел која сакаме да ја достигнеме. Читајќи ги денес старите изјави за преземање одговорност на групите кои по 2000 година ја создадоа FAI, сфатив дека со своите акции често биле ангажирани во посредни борби, настојувајќи да постигнат парцијални цели: укинување на FIES [одделите за висока сигурност во шпанските затвори, заб. на прев.], CIE итн. Но никогаш не тежнееле кон сеопшто одобрување, кон квантитативен раст. Секогаш целеле кон квалитативен раст на акцијата, на поголема деструктивност, на поголема изводливост. Квалитетот на животот на анархистот е директно пропорционален со реалната штета која ја нанесува на кобниот систем кој го задушува. Колку помалку компромиси прифаќа, неговите чувства, страсти стануваат посилни, побистри, полуцидни, а неговиот бес секогаш остар како брич. За жал, големото мнозинство анархисти делуваат соодветно со казнениот законик; многу дела нема да се починат само од страв од последици. Мора да станеме свесни дека најлошата судбина за еден анархист не е смртта или затворот, туку да се препушти на стравот, на рамнодушноста. Преку делата и текстовите на црната интернационала, секому е јасно дека таа рамнодушност не постои, дека силната живост, енергија на движењето во средиште на своето постоење го става квалитетот на животот, смислата за заедница и солидарност, непрекинатата борба. Смртта, затворот веќе се имаат појавувано на тој пат, но не нѐ поразиле. Нашата сила е да се биде целосно свесен за она што си, целосно свесен дека кога еднаш ќе го поразиш стравот пред тебе постои исполнет живот, вреден да се живее колку и да трае, важен е интензитетот. Враќајќи се на вашето почетно прашање за тензиите, карактеристиките и противречностите на анархистичкото движење денес во Италија, морам да кажам дека сѐ уште е прилично присутна расправата за користењето акроними и изјави за преземање на одговорност. И во овој случај не би рекол дека се работи за „идеолошки“ проблем - не сум против анонимните акции - едноставно, од моја гледна точка, тие се склони кон исчезнување, не отвораат дискусии, поседуваат минимална шанса за повторно изведување. Затоа ја презедов методологијата на FAI-IRF. Овдешните „востаничките анархисти“, пак, тоа го сметаат за „идеолошки“ проблем. Оној кој ќе презеде одговорност е непријател кој треба да се оцрни. Оној кој ги познава добро знае зошто се толку догматични; комуникацијата по пат на изјави за преземање одговорност очигледно ја доведува во опасност нивната „моќ“, нивната теориска хегемонија. Делата за кои е преземена одговорност ја разоткриваат нивната практична безначајност. Зад себе неуспехот на класичната востаничка проектуалност која не успева да се прилагоди на стварноста, пред себе учени предавања или нешто повеќе. Реакцијата кон стварноста која ги прегази се состои од паника, бес и омраза кон сѐ што се движи надвор од нивните крути, неуспешни нацрти. Повеќето анархисти од акција, овде во Италија, се состојат од востанички анархисти кои со недвосмислен ентузијазам и жртвување ја прифатиле социјалната тенденција. Понекогаш ќе си ги „извалкаат“ рацете и со акција, но дел од вниманието секогаш им останува насочено на цивилното општество, и секогаш ги одмеруваат, со целосно политички интерес, своите чекори. Тргнувајќи од „класичната“ анархистичка проектуалност, денес стигнаа до револуционерен „граѓанизам“, чудото на политичкиот реализам. За неколку години едвај ќе ги разликуваме од активистите на Италијанската анархистичка федерација [го имаат истиот акроним FAI, заб. на прев.], со кои сѐ почесто учествуваат на протести и поворки. Често величајќи ги Слободните републики, прават два чекори напред и два назад, de facto останувајќи на истото место, но секогаш во добро, симпатично друштво. И незгодата, таканаречената „пореметена варијабла“ на анархизмот од акција во Италија, неформалната FAI и пред сѐ оние групи кои ја создадоа: Метрополски ќелии, Анонимна страшна побуна, Револуционерен нуклеус Фантацини, Јадра против капиталот, неговите поробувачи и неговите ќелии, Меѓународна солидарност, Вооружени сестри, Нуклеус Маурисио Моралес, Бригада 20 јули, Вооружени ќелии за меѓународна солидарност, Животински бунт, Револуционерна ќелија Ламброс Фундас, Ќелија Дамјанос Болано, Субверзивни поединци против цивилизацијата, Заговор на Црниот оган и Никола и јас од Нуклеусот Олга[11]. Повеќе од сто акции за 20 години. Тие години како набљудувач присуствував на паниката на анархистите од сите „струи“. Некој уплашен заради репресија и сличноста на акронимот со нивната федерација, а некој изненаден (како што бев и јас) не сфаќајќи што се случува, што се подготвува. Реакцијата беа разни најподли обвиненија: тајни служби, авторитаризам. Најлукавите го игнорираа феноменот, надевајќи се дека брзо ќе замре, но кога вирусот на FAI-IRF, благодарение на вас од ЗОЌ, се прошири низ половина планета, продолжија и понатаму продолжуваат да течат реките на „анонимните“ цензори на ортодоксијата: „Архипелаг“[12], „Писмо до анархистичката галаксија“[13], реки од зборови после кои никогаш не следеле дела, барем овде во Италија. **ЗОЌ: Кога во твоите текстови зборуваш за моќ, дали мислиш само на моќта на државата или и на моќта која постои во општеството и во нејзините структури?** АЛФРЕДО: Кога ја споменувам моќта, мислам на сите нејзини аспекти, како на оние очигледните, така и на оние подмолните, прикриените. Моќта се вовлекува насекаде, во односите меѓу другарите/другарките, во нашите љубовни и пријателски односи, помеѓу чувствата. Затоа сметам дека е од примарна важност да се најде нова проектуалност, нов начин на живеење на нашите страсти, нашите односи, со цел да се подобри квалитетот на нашата акција, нашиот живот и пред сѐ на нашето битисување како бунтовници. И понатаму мислам дека општеството постои само во знак на владејачи и потчинети. Или подобро кажано, владејачи и оние кои дозволуваат да бидат потчинети. Одговорноста несомнено е поделена, обата општествени субјекти придонесуваат кон ограничување на мојата слобода, мојата среќа. Демократскиот граѓанин, како добар слуга, се плаши и ја почитува моќта, го бара нејзиното внимание, ги зајакнува ланците со кои ни се оковани рацете. Тоа не значи дека одговорноста е иста, постои градација. Помеѓу еден моќен маж и жена, еден богаташ, менаџер, индустријалец, политичар, научник, технократ и еден „обичен“ граѓанин, службеник, работник кој со својот мирен живот, својата согласност, својот глас го гарантира статусот кво, јас без двоумење ќе изберам да ги нападнам првите. Но тоа не го намалува презирот кој го чувствувам кон „доброволното ропство“, кон рамнодушните; кога „добриот“ граѓанин ќе се постави помеѓу мене и мојата слобода, не би се двоумел соодветно да реагирам на тоа. Врз основа на она малку искуство кое го имам, можам да кажам дека луѓето, народот, исклучените, подјармените се многу подобри од она што го гледаме низ нашите „идеолошки“ очила. Не се борам за рамнодушните туку за мојата сопствена слобода, за мојата сопствена среќа. Единствената можна референтна точка може да биде мојата „заедница“. Мојот поим за „заедница“ е спротивен на сеопфатниот, авторитарен, апстрактен поим „општество“. Моето учество во нихилистичката, анархистичка, антицивилизациска, сосема поинаква „заедница“, во непрeкината борба против постоечкото, секојдневно ме тера да му објавувам војна на „општеството“. Не барам согласност, сакам преку насилни дела да ги зајакнам врските на вистинска солидарност со моите браќа и сестри. Црната интернационала е мојата „заедница“ раширена низ светот, другари од улица кои ја делат истата моја потреба за напад без двоумење, без да се познаваме; во различностите сме една целина, една стисната тупаница, удар во стомак на „општеството“: „спојување на мразот на стратегијата со пламенот на акцијата сега и овде, интензитет кој трае, со непосредна цел уништување на општествениот апаратус заради ослободување на нашите животи.“ (ЗОЌ - Да станеме опасни)[14] Од борбата изникнаа нови идеи, а како семе носено од ветарот, далеку, преку оганот на акциите, интуицијата, се родија претходно незамисливи стратегии. Во ова модерно доба во кое поимите како општество и моќ ја откриваат својата истозначност, чувствувам потреба од нови значења, нови зборови со кои би ја поврзал мојата непрекината „нова анархија“. Да користам нови зборови, затоа што старите ми се претесни. Нови значења за една сосема поинаква проектуалност. Истите зборови во различни подрачја можат да претставуваат многу поинакви поими. Таканаречената „неформална организација“, барем според теоријата од крајот на 70-те и почетокот на 80-те во Италија, е многу поинаква од неформалноста на FAI-IRF. Според италијанските востанички анархисти, неформалната организација треба да се темели пред сѐ на собранија, како и на создавање базни комитети и самоуправни заедници. Каде што анархистите, како едно вистинско делотворно малцинство, откако би придонеле за нивното создавање преку мрежи, контакти, афинитети, би требало да се обидат да го насочат „реалното движење“ кон востанички исходи. Борбеното поле на наведената востаничка стратегија: „посредната борба“. „Конкретните“ примери кои се наведуваат секогаш се исти: веќе споменатиот Комизо и дивиот штрајк на железничарите во Торини во 1978 (??). Со одредена доза срам, се присетувам, бев сведок на говорот на еден другар, на едно судење во судскиот процес Марини, кој на судиите им ја објаснуваше разликата помеѓу востаничката методологија и поимот на вооружена борба на Револуционерна акција (анархокомунистичка вооружена организација од 70-те), само за да ја истакне дистанцата од „вооружената борбеност“[15], суптилноста на „благородниот“ востанички анархизам, којшто воопшто не го доживувам како татко. Денес некои стратегии повторно се појавуваат меѓу анархистите овде во Италија, на судењата против No-TAV, со додатокот на еден опасен королар, односно симпатиите на дел од демократските правосудни службеници и левичарските интелектуалци. Граѓанското општество прифатено со раширени раце, за да му се оддолее на стравот кој произлегува од репресијата. Сосема спротивно од антиопштествениот, антиорганизациски, нихилистички, исклучиво анархистички поим на FAI-IRF. Затоа кога го споменувам FAI не зборувам за неформална организација, туку за поинаква методологија на акција. Некои зборови се застарени и затоа претпочитам да не користам зборови како што е „организација“, затоа што не нѐ претставуваат - тие се поинакви од нас. Исто како што од нас се поинакви моќта и општеството, со своите одвратни и монструозни последици. **ЗОЌ: Голем дел од анархистичкото движење, како во практика така и во теорија, се спротивставува на државата и институциите, но не постапува на ист начин кон цивилизацијата и технологијата. Напротив, многумина сонуваат фабрики со самоуправување и „анархистичка влада“ на нашите животи. Што мислиш ти за технологијата и цивилизацијата?** АЛФРЕДО: Сѐ уште преовладува анархистичкото поимање од деветнаесеттиот век - научното, позитивистичко. Денес, во 2014, сѐ уште се поставува апсурдниот „проблем“ што да се прави по револуцијата. Како да се управува со производството, како да се соочиме со неизбежните оскудици, како да самоуправуваме со фабриките, како да се уредат идните општествени односи. Ако во центарот на моето делување го ставам спротивставувањето на цивилизацијата и технологијата, поимот револуција, како што го сфаќаме еден век наназад, останува по страна. Доведувањето во прашање на целата цивилизација претставува тотално, апокалиптично, утописко, неостварливо уништување. Објавувајќи ѝ војна на цивилизацијата, ја задоволуваме потребата за живот, не надвор од неа (што е невозможно, цивилизацијата никогаш не нѐ напушта, секогаш ја носиме со себе), туку против неа. Создавајќи заедници во непрекинатата војна против општеството создаваме моменти на среќа, живееме изливи на длабока радост во нашите животи. Револуцијата е недостаточно средство, со својот политички, конкретен „реализам“, дури и во својата слободарска варијанта, со своите самоуправувачки комуни, со своето управување-владеење со светот, со своето неизбежно создавање на статус кво: ги сече крилјата, ги урива надежите, создава нови окови. Бунтот, со својата бескрајна сила на раскинување, со својот недостиг на перспектива, со својата целосна негација на политика остварува надеж, ги разбива оковите. Жената и мажот во бунт ги уништуваат оковите и не сакаат да создадат други; тоа е доволно сечиј живот да го исполни со авантура и среќа. **ЗОЌ: Што мислиш за меѓународната мрежа ALF и ELF [Фронт за ослободување на животните и Фронт за ослободување на Земјата, заб. на прев.]? Постојат ли можности за поврзување со FAI?** АЛФРЕДО: За другарите кои како мене се формираа во борбите во деведесеттите години во Италија, придонесот на акциските групи како што е ALF, а потоа и ELF, со својата меѓународна мрежа, беше многу важен за револуционерната, анархистичка имагинација и за организирањето на групи на афинитет. Нивната екологистичка, анималистичка перспектива ги измени идеите на многу анархисти. Востаничките анархисти во Италија нивната склоност кон групата на афинитет ја прифатија со ентузијазам, како конкретен пример за неформална организација. Првите акции на ALF во Италија беа поврзани со анархистичките идеи. Но со време, анархистичката перспектива ослабе. Единствената забелешка која денес можам да им ја упатам се однесува на противењето на напаѓање личности. Иако знам дека се водеа големи расправи околу тоа, навистина не можам да го разберам тој нивен став. Го разбирам и повеќе се согласувам со насилството кое го искажа мексиканскиот ITS[16], со нивните антицивилизациски, диви, антиидеолошки идеи. Што се однесува до „врските“ помеѓу FAI-IRF и ELF и ALF, тие несомнено веќе се факт кој треба само да се прифати; доволно е да се прочитаат изјавите за преземање одговорност на руската ELF-FAI-IRF и мексиканската ALF-FAI. Иако може да испадне дека се повторувам, морам да нагласам дека FAI-IRF е методологија, метода; потпишувањето со тој акроним значи повикување други групи на FAI-IRF, од целиот свет, да се приклучат на сопствена борбена кампања, да ја зголемат сопствената сила, нашите дела да отскокнуваат од една страна на светот до друга. Значи сопствената акција да се направи поефикасна и подеструктивна. Ни повеќе ни помалку. Сестрите и браќата од ALF и ELF кои се потпишале како FAI-IRF ја прифатиле наведената методологија, на ниту еден начин не одрекувајќи се од сопствената приказна. Не играме Ризико, FAI-IRF не е организација која опфаќа акроними распространети низ светот. Дел од FAI-IRF се станува во оној момент кога се делува и напаѓа под името FAI, а после тоа секој се враќа на сопствените проекти, сопствената индивидуална перспектива, внатре Црната интернационала која содржи мноштво практики, агресивни и насилни. Потоа, (можеби грешам) се уверив дека браќата и сестрите од ALF и ELF кои се потпишале како FAI, тоа го направиле за да го истакнат својот анархизам, своето прифаќање на анархистичката проектуалност, она што јас го нарекувам „нова анархија“, со цел да се земе одредена дистанца од екологијата која сѐ темели на емпатија, на милосрдие. **ЗОЌ: Денес FAI е меѓународна мрежа на анархисти од акција, со многу ќелии во бројни земји. Таа авантура започна 2003 година во Италија, со отвореното писмо на FAI упатено до антиавторитарното движење. Ако сакаш, кажи ни накратко како ти ја гледаш еволуцијата на FAI и кои се денес нејзините појдовни точки?** АЛФРЕДО: Кога далечната 2003 го прочитав „Отвореното писмо до анархистичкото и антиавторитарното движење“[17], кое беше потпишано од Занаетчиска задруга Пожар и Сродно (понекогаш спектакуларна), Бригада 20 јули, Јадра против капиталот, неговите поробувачи и неговите ќелии и Меѓународна солидарност, бев многу погоден. Многумина во овој текст прочитаа само младинска провокација на стариот догматски анархизам на Италијанската анархистичка федерација. И ден денес, вредни другари како Густаво Родригез, ја поддржуваат наведената теза во своите текстови, бидејќи италијанските другари погрешно ги информирале, затоа што ништо не знаат но многу направија, од самиот почеток, да ја попречат оваа нова анархистичка тенденција. Да додадам, текстовите на Родригез кои се однесуваат на Црната интернационала според мене се значајни, некои точки кои ги анализирал навистина ни отвораат нови перспективи. Да се вратам на темата. Од самиот почеток многу сериозно го сфатив изборот на акронимот FAI; во него не гледав само напад на старата формална федерација, туку една нова проектуалност. Иако во тоа време бев многу оддалечен од таквата перспектива, токму тогаш го започнав бавниот процес кој ме доведе до тоа во 2012 да делувам како дел од нуклеусот Олга од FAI-IRF. Читајќи го денес повторно „Отвореното писмо до анархистичкото и антиавторитарното движење“, свесен сум колку е направено, колку се развила таа анархистичка идеја и колку и понатаму се развива: „ФЕДЕРАЦИЈА затоа што ја сакаме смислата на раширена и хоризонтална разгранетост: федерација од групи или поединци, жени и мажи, слободни и еднакви, поврзани преку практиката на напад врз моќта, свесни за вредноста на заемната поддршка и револуционерната солидарност како средства за ослободување. Федерацијата ја поимаме како стабилни односи низ времето, но кои истовремено се флуидни, во непрестан развој, благодарение на системот на идеи и практики на новите групи или поединци кои ќе ѝ се придружат. Мислиме на недемократска организација: без пленарни собранија, претставници, делегати или комитети, без сите оние органи кои имплицираат избор на лидери, појава на харизматични ликови, која е производ на самата практика (изјавите за преземање одговорност за сторените дела) и ширењето на теоријата преку информативните канали на движењето, накратко укинување на собранието кое е заменето со хоризонтална, анонимна расправа помеѓу групи/поединци кои комуницираат преку самата практика. Федерацијата е нашата сила, односно силата на групата/поединецот кои се поддржуваат преку јасно дефинирина спогодба за заемна поддршка. АНАРХИСТИЧКА затоа што сакаме да ги уништиме Државата и Капиталот, за да живееме во свет во кој „владее“ слобода и самоуправување, во кој е можен секој облик на општествено експериментирање без меѓусебно експлоатирање и експлоатирање на природата. Радикално спротивна на секој марксистички тумор, заводливата сирена која хушка на ослободување на подјармените, иако всушност е заводлива машина која ја гази можноста за ослободување на општеството со цел едно владеење да замени со друго. НЕФОРМАЛНА затоа што не поседуваме никакви авангардистички идеи ниту пак се сметаме за просветлено делотворно малцинство. Едноставно сакаме да живееме како анархисти овде и сега, и затоа неформалната организација, значи неформалноста, ја сметаме за единственото организационо средство кое може да нѐ заштити од авторитарните и бирократизирачки механизми, да ја зачува независноста на нашите групи/поединци и да гарантира одреден распон на отпор и континуитет кон моќта. Неформалната анархистичка федерација практикува вооружена борба, но ја отфрла идејата на монолитни организации, структурирани на „класичен“ начин: база, регуларни и нерегуларни членови, илегала, одреди, лидерски кадри, потреба од големи суми пари. Структури, кои според нас, моќта може лесно да ги нападне: доволно е класичен шпион или доушник за целата организација или дел од неа да се сруши како кула од карти. За разлика од тоа, во неформалната организација составена од 1.000 поединци или групи кои меѓусебно не се познаваат (туку се препознаваат преку изведените дела или спогодбата за заемна поддршка која ги поврзува), несреќните случаи на шпиони или доушници остануваат ограничени само на една група, без ширење. Освен тоа, оној кој е член на Неформалната анархистичка федерација е милитант во вистинската смисла на зборот само во специфичниот момент на акцијата и нејзината подготовка. Оттаму, организацијата не го опфаќа целиот живот и сета проектуалност на другарите, што овозможува да се избегне сета стручност на вооружената борба. Штом еднаш се вкорениме, на Моќта ќе ѝ биде многу тешко да нѐ уништи.“ (Од Изјавата за преземање одговорност за нападот врз Проди, тогашниот претседател на Европската комисија, 21 декември 2003, од „Il dito e la luna”, стр. 14-15)[18] Животниот нагон на FAI-IRF е нејзиното непрекинато обновување, нејзината стимулативна еволуција. Денес повеќе од кога било, нужно е да се надминат старите поими како што се „организација“, „ослободено општество“, „револуција“. Останатите поими како што се „федерализам“, „неформалност“, „заемна поддршка“, „хоризонтална-анонимна расправа помеѓу групите/поединците преку практика“, „отфрлање на пленумите“ и понатаму ја поседуваат сета своја сила и остануваат камен темелник врз кој ќе ја градиме нашата проектуалност. Анархистите од акција од FAI, од таа 2003 година, создадоа нови перспективи, развија нови врски. Занемарувајќи го делириумот на чистите теоретичари на инсурекционизмот, спротивставувајќи се на политичкиот „реализам“ од секаков вид, успеаја повторно да ги вратат во живот поимите како што се нихилизам и антиопштествена борба. Мозокот на FAI-IRF е таа непрекината хаотична расправа на жените и мажите преку акција. Ќе се појават нови зборови и перспективи да ги опишат новите патишта кои денес не можеме ниту да ги замислиме, зборови кои ќе бидат надминати од уште поефикасни и разорни поими, затоа што се испробани на дело. Непрекинато експериментирање со бунтот, ништо предодредено, ништо неизменето низ времето, единствената постојана точка е незапирливата желба за слобода и постојаната анархистичка тензија. Со акцијата против Адинолфи (иако со задоцнување), Никола и јас ја прифативме проектуалноста и го дадовме нашиот антицивилизациски и антитехнолошки придонес кон FAI-IRF. Многу интересни придонеси од тој тип има и од англиската, мексиканската и чилеанската FAI. Но, имајте на ум дека вестите кои ги добиваме во затвор се ретки и цензурирани, што значи дека нашето познавање на случувањата надвор е многу ограничено. Еволуцијата која вие, ЗОЌ, ја дадовте на интернационализацијата на FAI доведе до забрзување од кое паралелно се роди поимот „црна интернационала“. Појдовна точка на методологијата на FAI-IRF може да биде само таа „интернационала“, со сиот свој спектар на акции за кои е преземена одговорност или не, на судири, барикади и насилни напади. „Новата“ нихилистичка перспектива со целиот свој антиогранизациски потенцијал е најголемиот резултат од дијалогот преку акции. Многу важна, витална улога играат оние кои преку акции, а не преку дрдорења, ја критикуваат нашата методологија, истакнувајќи го постојаниот ризик на кој се изложуваме, сѐ да се сведе на еден акроним. За да се избегне тој ризик треба подобро да се развиваат „револуционерните кампањи“, на кои пречесто остануваат глуви други групи на FAI-IRF, иако понекогаш (сѐ почесто) нѐ изненадуваат; најважен пример за тоа е операцијата „Феникс“, започната во Грција, за потоа да се рашири низ половина свет. **ЗОЌ: Анархонихилизмот можеби е анархистичката тенденција која најмногу ја оцрнија како „службените“ анархисти, така и државната пропаганда. Каков е твојот став за анархонихилизмот и за критиките кои му се упатени?** АЛФРЕДО: Под нихилизам ја подразбирам желбата сега, веднаш да ја живеам сопствената анархија, оставајќи го настрана исчекувањето на идната револуција. Да се живее анархија значи да се бориш, да се вооружиш, да судриш со постоечкото без исчекување. Само во тој конфликт може да се вкуси целосната среќа со сите свои неизоставни односи, соучесништва, љубови, пријателства, омрази. За мене не постои поинаков начин на живеење на сегашноста, живтот со задоволство и исполнетост. Во тој нихилизам се остварува мојата анархија, реална, конкретна, денес, веднаш. Нихилистот уништува, ништо не гради, бидејќи не сака ништо да се гради. Револуцијата неизбежно би создала нови окови, нов авторитет, нова технологија, нова цивилизација. Антицивилизаторот мора да биде нихилист, затоа што преку уништувањето на општеството се остварува оваа нова анархија. Но не да се уништи затоа што волјата за уништување е и креативна волја, туку затоа што повеќе не сакаме ништо да изградиме. Да се уништи затоа што нема иднина во цивилизацијата. Воопшто не ме изненадува што најмногу од сите анархистички „тенденции“, самите анархисти најмногу го оцрнуваат нихилизмот. Во својата немилосрдна конкретност тој ни го одзема среќниот крај на приказните за добра ноќ (идните револуции), принудувајќи нѐ на делување, сега и овде, плашејќи ги сите оние кои, уплашени, секогаш се подготвени да го одложат судирот. Мојот нихилизам чекори заедно со животот, акцијата, ја отфрла надчовечноста, нема никаква врска со теоретскиот индивидуализам од минатиот век или од сегашниот. Но има многу заедничко со индивидуалистичката и антиорганизациска анархија на луѓето од акција, како што биле Новаторе[19], Ди Џовани[20], Галеани[21]. **ЗОЌ: Како нихилистички анархист, дали ја прифаќаш идејата дека „масовното општество ќе тргне во револуција кога за тоа ќе созреат условите“?** АЛФРЕДО: Како нихилистички анархист јас сум, разбирливо, против секоја детерминистичка идеја за анархизмот, против секој „научен“ анархизам. Не верувам дека историјата нѐ води за рака кон анархија, напротив, мислам дека нашата судбина е секогаш да пливаме против струјата. Општеството секогаш ќе се заснова на некој вид или облик на ропство. И самата помисла дека еден ден ќе оствариме „совршено општество“ ме заплашува, анархијата би се претворила во режим. Утопијата би станала дистопија. Преферирам да се стремам кон анархија и во таа моја непрекината тензија да ја остварам мојата среќа. Условите созреваат кога волјата ќе го победи стравот, условите се секогаш доволно зрели за бунт. Уште подобро ако бунтот се претвори во заедница, преку соучесништво со други поединци, во тој случај нашата сила повеќратно се зголемува, а пропорционално расте и нашето задоволство. Само жените и мажите од акција можат да го сфатат вистинскиот потенцијал на волјата: се остваруваат наизглед невозможни нешта, очајни акции стануваат пример зајакнувајќи ја волјата на другите. Анархист без храброст е анархист без волја, знае што точно е тоа но нема сила да го потврди со факти, останува набљудувач, во крајна линија зборува, пишува. Тој е најголемиот несреќник од сите. **ЗОЌ: Што мислиш за формалните анархистички структури (на пример федерациите) кои ја осакатуваат својата практика и теорија во име на нивната масовност и општествено прифаќање?** АЛФРЕДО: Формалните структури поседуваат глава - раководители, раце - активисти, нозе - комисии за комуникација. Неформалноста на FAI-IRF во поединецот ја има главата, во групите на афинитет своите раце и во насилните дела своите нозе. Но, не смееме заради тоа да мислиме дека групата на афинитет е привилегија на неформалната структура, постојат многу примери на формални анархистички организации кои своето делување го темелат на групи на афинитет: шпанската FAI пред 1936, FIJL [Шпанска федерација на слободарска младина, заб. на прев.] со своите акциски групи по победата на Франко итн. Меѓутоа, во сите тие случаи постоела координација, линија која треба да се почитува, политичка насока, слободата на поединецот била ограничена. Специфичната карактеристика на неформалноста на FAI-IRF лежи во целосното отсуство на организација, насока, координација. Во целосната автономија на секоја група на афинитет или поединец. Организацијата е заменета со дијалог преку акции, а мотор кој придвижува повеќе не е општеството туку сопствената заедница во борба. Таканаречената неформална „организација“, како што е теоретизирана во Италија, предвидува, сакале или не, раководство, експерти на неформалност кои водат собранија, насочувајќи ги на посреден начин групите на афинитет. Најучениот, најдобриот говорник, најхаризматичниот може на тој начин да се наметне. „Хиерархијата“ која настанува преку таквата „неформалност“ е најскриена и тешко е да се искорени затоа што е невидлива. „Класичната“ востаничка неформална стратегија подразбира односи со специфични организации, сојузи, народни комитети, затоа што во својата перспектива ја има револуцијата, квантитативниот раст. Перспектива која недостига во FAI-IRF, во нејзината антиопштествена и антицивилизациска тенденција; кај нас не постои политика, компромис, прилагодување, со што не ризикуваме да станеме раководна класа. Не би поднел да бидам дел од организација затоа што мојата индивидуална слобода би била ограничена. Потоа постои и проблемот на репресија, многу е полесно е да се уништи организација отколку 10-100-1.000 поединци и групи на афинитет кои меѓусебно не се познаваат, но тоа е секундарно. **ЗОЌ: Денес во Грција некои анархистички сквотови наместо да претставуваат место на среќавање на нови другари, со цел делување, всушност се прикажуваат како алтернатива на културните центри. Каква е ситуацијата во Италија и што мислиш за сквотовите?** АЛФРЕДО: Никогаш не ми биле симпатични местата кои во Италија се нарекуваат социјални центри. Во деведесеттите, местата кои ги окупиравме се нарекуваа „ниту социјални ниту центри“. Се поставувавме на духовит, егзистенцијален, индивидуалистички начин, не поседувавме социјална перспектива за да комуницираме со населбата која живееше околу нас, суштински целевме на квалитетот на нашите животи, нашите односи, силно критизирајќи го „активизмот“. Можеби токму заради тоа некои од нас, не осврнувајќи се на комуникацијата, изразуваа силно насилство против системот. Сметам дека окупиранотo место, сквот, доколку создава конфликт, соучесништво и акција може навистина да стане прекрасно место во кое може да се живее судирот со остатокот од светот. Но, да бидам искрен, последните години многу ретко ги посетував. Моите соучесништва ги побарав на друго место. **ЗОЌ: Секој анархист е во дилема помеѓу јавната активност или илегалната. Каков е твојот став?** АЛФРЕДО: Уверен сум дека единствените дела кои навистина се значајни се оние илегалните. Само преку илегализмот може да се живее анархијата. Што не ја одзема важноста на весниците, книгите, брошурите, протестите, окупациите; но приоритет, незаменлива, неизоставна активност за анархистот може да биде само директниот судир со системот, насилното делување. Системот тоа добро го знае; во демократија ти дозволуваат да зборуваш што сакаш, вистинските проблеми настануваат кога она што го зборуваш ќе го спроведеш на дело. Не се согласувам со другарите/другарките кои велат дека секое дело е подеднакво вредно, насилната акција е повредна од другите. По ѓаволите и со ризиците на стручноста, а особено кога единствената стручност во оптек се однесува на перото. **ЗОЌ: Во некои европски земји постои тензија позната како политичка анонимност. Идеолошките поборници на политичката анонимност тврдат дека „изјавите за преземање одговорност и акронимите како FAI создаваат сопственост над акцијата“. Ние, ЗОЌ, мислиме дека нашите дела нѐ одредуваат нас самите, а изјавата не е потврда за сопственост туку воен чин. Што мислиш ти?** АЛФРЕДО: Самиот недостиг на акроним и изјави за преземање одговорност нема да нѐ заштитат од ризикот на авторитаризам и авангарда. Другарите од „Писмо до анархистичката галаксија“ нѐ обвинуваат за хегемониски намери, велат дека сме организација, една од бројните анархистички федерации. Како и правосудството кое нѐ осуди, тие во нас гледаат организација, вооружена псевдопартија. Бидејќи се уверени дека сакаме признание од државата, нѐ претвораат во карикатура на вооружената борба. На ова „духовито“ и „гранитно“ уверување надодаваат и други пооптимистични и поконструктивни: уверувањето дека е доволно, како со волшебно стапче, да се стори анонимно дело за тоа да може да се репродуцира и стане оставштина на „сите“; дека штом сме безимени и без акроними автоматски излегуваме од политичката перспектива; дека оној кој комуницира преку каналите кои ги создало „движењето“ - собранија, предавања, весници, списанија, веб-сајтови - ќе се избегнат авторитарните лидеристички механизми и разните специјализации, и - шлагот на крај - ако не преземеме одговорност правосудството тешко ќе нѐ задуши. Да кажеме дека овие точки се основата на „класичниот“ социјален востанички анархизам, кој се рашири низ Италија, Франција, Белгија..., повеќе или помалку, со сите свои успеси и неуспеси. Да ги оставиме настрана сите глупави обвиненија кои „струјата“ на неформалниот анархизам, во својата италијанска компонента, ги упати кон FAI-IRF: обвинението за праќање пакет-бомби затоа што тоа е недостојно (??); обвиненијата дека сака хегемонија над движењето и дека ги премолчува анонимните дела (??); обвинението дека е организација, партија (??) и, на крај, обвинението дека е авангарда. Истите срања кои формалната FAI ни ги препишува веќе 12 години. Навреди кои секако не олеснуваат една урамнотежена расправа, а кои, кога ќе погледнам наназад, премногу и не ме изненадуваат. Истите другари/другарки пред само неколку години тврдеа дека оној кој ќе изврши грабнување не е достоен да се нарекува анархист (??), за подоцна да се згрозуваат кога некои анархисти, во напад на паника, со своите „непогрешливи факти“ се дистанцираа од нашето (моето и на Никола) пукање во Џенова. Тешко ми е да комуницирам со тие другари/другарки, не толку заради навредите, колку заради фактот дека таквите изјави на намери овде во Италија, нагласувам - овде во Итгалија, веќе 15 години се пропратени со еден тон теорија и многу малку практика или дури со апсолутно ништо, и би било навистина лицемерно од нив да го негираат тоа. Во Белгија, каде што таквата идеја за неформалност конкретно се движи, фактите се очигледни, но, за жал, и репресивните одговори на моќта. Што и да кажат поборниците на анонимност, ниту една теорија не може да ни гарантира неказнивост, особено кога делото од симболично ќе стане деструктивно. Одбивањето на акроними, анонимноста на делото, сигурно нема да нѐ заштити од репресија, а понекогаш не е доволна ниту таканаречената „невиност“. Освен тоа, искрено кажано, секогаш сум се гнасел од оние кои делуваат со казнениот законик во рака. Мојот став кон делото за кое се презема одговорност или не, е прагматичен, тоа не е идеолошко прашање на принципи, туку ефикасност и конкретност. И јас самиот во одредени случаи би можел да изберам да не преземам одговорност. FAI-IRF според мене е многу ефикасно средство, но само средство, едно од средствата кои мојата заедница, Црната интернационала, ги користи во својата борба против општеството, цивилизацијата. Јас ја прифатив FAI-IRF затоа што сум против секоја организација, за да не се најдам подреден на лидерство од каков било вид, да ги заобиколам, преку комуникација по пат на изјави за преземање одговорност, сите оние механизми кои се изложени на ризикот од авторитаризам - како што се собранијата, сојузите, нуклеусните бази, комитетите, движењата, со цел да ја зачувам својата анонимност и пред сѐ зајакнам својот деструктивен потенцијал преку револуционерни кампањи, без да ја ограничувам мојата индивидуална слобода. Не познавајќи ги директно другите браќа и сестри од FAI-IRF, харизмата и авторитарноста многу тешко можат да се наметнат, на тој начин значајно ограничувајќи ги ризиците по нашата слобода. Само делата говорат, само акцијата, ќерката на волјата, вреди. Во „класичниот“ востанички анархизам, и покрај анонимноста, секој секого познава; идеите, предлозите се развиваат внатре собранијата, даваат премногу штетен простор на неизбежните експерти по теорија, идеологија. Заобиколувајќи ги пленумските собранија, комуницирајќи единствено преку делата на FAI-IRF, не губиме скапоцено време во повеќечасовни расправии за големи системи, со личности кои никогаш не ги извалкале рацете со акција и кои никогаш и нема да ги извалкаат. Дозволувајќи ни, на крајот од анализата, да ги елиминираме од нашите животи личностите кои не го спроведуваат на дело она што го говорат. Денес чувствувам потреба енергиите кои ги вложувам во акција да расцветаат, репродуцираат и изградат нови патишта, отскокнувајќи од една на друга страна на светот. Со изјавите за преземање одговорност, акциите меѓусебно комуницираат, се шират, ја зголемуваат својата штетност. Не сум сосема уверен во таканаречената анонимност на акцијата, колку и да е таа ценета или погодна, не може да го зајакне нашето дело, не отвора нови расправи, на подолг рок нѐ ослабнува, нѐ изолира, ограничува, распрскува. Многу ја намалува репродукцијата на чинот, кој се гаси доколку не е пропратен со зборови. Анонимноста на акцијата во општествената перспектива личи на камуфлажа. Сакаат да го уверат народот, бараат согласност за кревање револуција, глумат „народ“ за сопствената акција да стане оставштина на „сите“, затоа што ако за неа никој не презел одговорност можел да ја изведе „кој било“. Во таа смисла анонимното дело има едно поцрвсто значење, чисто политичко значење, општествено, значење кое нѐ изложува на опасноста да станеме една од бројните авангарди на улицата. Се разбира, тоа никогаш нема да може да биде моето значење, затоа што во целост ја отфрлам општествената перспектива во моето делување. Анонимноста на акцијата во антиопштествената перспектива ја пронаоѓа својата смисла во разиграното задоволство кое го чувствуваме кога ќе ја пролееме крвта на оној кој нѐ угнетува, во огромното уживање што сме го направиле она што требало да се направи, едноставно затоа што е исправно. Тоа не е мала работа, таа егоистична перспектива со полно право е дел од антиопштествениот арсенал на практика на црната интернационала. Тоа беше мојата практика во минатото, би можела повторно да биде во иднина, но денес FAI-IRF е мојата визија за светот. Расправата која денес би требала да се води не е помеѓу преземањето или непреземањето одговорност за делата, помеѓу користењето или некористењето акроними, туку помеѓу политичко-општественото поимање на анархизмот и нихилистичко-антиопштественото поимање на анархијата. Се работи за клучен избор помеѓу анархизмот и анархијата, револуцијата и бунтот, старата и новата анархија, клучниот и неизбежен избор. Антицивилизациската идеја не може да постои во општествените рамки, како што во нив не може да постои ниту антитехнолошката. Општеството, цивилизацијата, техниката, не можат едно без друго. Низ историјата само партиите, со своите авторитарни, хиерархиски средства ја воделе револуцијата. Не постои ништо толку авторитарно како револуцијата и ништо толку анархистичко како бунтот. Револуцијата структурира, организира, станува цивилизација, напредок. Бунтот деструктира, нема иднина, живее во сегашноста, ги запира нашите животи во вечното „сега и овде“, никогаш не ги изневерува нашите желби, непрекинато нѐ влече напред, во постојано потрага по невозможното. Непрекината тензија која се храни со уништување на постоечкото. Кога ја споменувам „новата анархија“ зборувам за анархија која може мирно да постои без поимите револуција, реализам, политика. Ѓаволот во телото на Бакунин, визионерската лудост на Кафиеро[22], жедта за правда на Равашол и Анри[23], омразата и одмаздата на Ди Џовани, нестрпливоста на Филипи[24], поезијата и оловото на Новаторе, крвавиот очај на Бертоли[25], сите тие се дел од оваа „нова анархија“. Црната интернационала, моите браќа и сестри од FAI-IRF, денес се олицетворение на оваа „нова анархија“. Дојде моментот да се освестиме дека сме друго, дека нѐ дели цел амбис од стариот анархизам. Во нас повеќе нема место за големите илузии: револуција, напредок, цивилизација. Нашиот пат е поинаков од социјалниот, реалистичен, рационален, позитивистички анархизам, кој создава нов поредок и цивилизација. Нашиот пат е поинаков, и во антицивилизацијата пронаоѓа затворање на кругот. Круг кој никаде не нѐ води, освен во целост да го живееме својот живот. Се дефинираме како носители на „новата анархија“, колку наивно и да може да звучи тоа, затоа што тоа ни служи да се разликуваме од политичкиот анархизам и одредениот социјален востанички анархизам кој мириса на идеологија. ЗОЌ: „Солидарноста меѓу анархистите од акција не е само збор“. Како се соочија со вашето судење италијанските анархисти и како ја изразија својата солидарност? АЛФРЕДО: Постојат два облици на солидарност. Еден пасивен, кој начесто служи за задоволување на совеста заради сопствената неактивност и кој не ја намалува дистанцата помеѓу зборовите и делата. Потоа вториот, активен, конкретен, вистинска солидарност, кои некој ја нарекуваат револуционерна, искажана во тишината на анонимноста, во која само деструктвините дела говорат преку пропратни зборови. Нема потреба да кажам која ми е помила. На крајот на краиштата, најубавата солидарност која може да ми се искаже е кога ќе видам дека сета проектуалност на оваа нова анархија, во сите свои облици, и понатаму се движи, и покрај репресивните удари. Морам да признаам дека секој пат кога некоја акција ќе се сети на нас како на воени затвореници, како во Италија така и во остатокот од светот, моето срце се исполнува со радост. Тоа е мојот живот денес. Војната продолжува, без предавање, без покорување. Да живее FAI-IRF - Да живее ЗОЌ - Да живее Црната интернационала Алфредо Коспито     [1] Заговор на Огнените ќелии е анархонихилистичка востаничка група од Грција. Се појавуваат во 2008 година кога бран од експлозии погоди неколку концесионери на скапи автомобили, разни банки во Атина и Солун, како и домот на поранешниот министер за правосудство. За сите напади одговорноста ја презеде ЗОЌ преку писмени изјави. Од таа година директните акции станаа сѐ почести. Есента 2009, по низата напади на различни цели (меѓу кои и домот на заменик министерот за Јавен ред, Министерството на Македонија и Тракија, домот на една политичарка...), уапсени се разни другари и оптужени за припадност на ЗОЌ. Во 2010 година уапсени се уште двајца другари под сомнение дека имале намера да праќаат пакет-бомби на различни амбасади и лидери од Европската Унија. Истата година една експлозија нанесе голема штета на седиштето на неонацистичката политичка партија „Златна Зора“, која беше одговор на расистичкиот напад врз пакистанската заедница; додека друга бомба предизвика исто така голема штета на судот во Атина, иако немаше ранети, бидејќи полицијата ја испразнила зградата по предупредувачкиот телефонски повик. ЗОЌ го одбиваат поимот на класна борба и останатите принципи на социјалниот анархизам, фокусирајќи се на борбата против државата и институциите, која истовремено е и борба за самореализација и непосредно живеење на анархија без исчекување на идната револуција. Преку своите дела многу често изразуваат и солидарност со анархистичките затвореници. „ЗОЌ се анархистичка неформална организација. Ние сме анархисти затоа што не прифаќаме ниту водачи ниту следбеници. Неформални сме затоа што не ги прифаќаме централистичките модели и облици кои создаваат улоги и специјализации. Улогата на водач, извршител, теоретичар, крадец, бомбаш ја ограничува креативноста водејќи кон авторитет. [...] Ние сме анархисти од практика. Идеите и теориите кои не се осмелуваат да станат дела остануваат само кукавични приказни, кои се хранат со изговори и неактивна свест. Не сме казнено прогонувани само заради чистите анархистички теории запишани на лист хартија, туку заради нашиот ИЗБОР, а за него говорат нашите идеи и преку пламенот кој го пали фитилот на молотовиот коктел, и преку цевката на сѐ уште топлото оружје. [...] ЗОЌ се поистоветува со востаничката, анархоиндивидуалистичка и антиопштествена тенденција на Анархијата и нема никаква врска со анархосиндикализмот ниту со ортодоксните и застарени идеи на социјалниот анархизам. [...] Ние сме анархонихилисти затоа што подеднакво ја мразиме раката која го држи камшикот како и грбот кој го трпи [...] Сакаме да ги уништиме сите вредности на цивилизацијата... дикатурата на економијата... авторитарниот урбанизам... арачењето на природата и експлоатирањето на животните... догматските ставови и религијата на научниците.“ Во атинскиот затвор Коридалос се наоѓаат десет другари од ЗОЌ (Дамјанос Болано, Герасимос Цакалос, Панајотис Аргиру, Христос Цакалос, Михалис Николопулос, Јоргос Николопулос, Јоргос Полидорос, Теофилос Мавропулос, Олга Економиду, Харис Хаџимикелакис) и сите се веќе осудени на долгогодишен затвор (изработка на експлозивни направи, поседување експлозиви и оружје, праќање пакет-бомби, бомбашки напади, поттикнување на злочини; некои од нив кривично ги прогонува и италијанската држава заради праќање пакет-бомби на тогашниот премиер Берлускони), а моментално против нив се водат уште два судски процеси: за 250 напади помеѓу 2008 и 2011, како и за поттикнување на проектот „Феникс“. Во 2013 година ЗОЌ повторно се враќаат во живот со покренување на проектот „Феникс“ и експлозијата на автобомба во возилото на директорката на затворот Коридалос. На „Феникс“ му се придружија бројни анархистички неформални групи од мрежата FAI-IRF, така што досега ширум светот се извршени 14 напади (Англија: запалени антени на мобилната телефонска мрежа; Италија: запалена безнинска станица; Индонезија: запалено избирачко место, запален кат од елитниот хотел Шератон, уништен банкомат; Берлин: запалени возила на јавниот ред; Грција: пакет-бомба на главниот обвинител, пакет-бомба на командирот на антитерористичката единица, автобомба во возило на затворски чувар; Русија: запалена пилана; Чиле: запалено изборно место). [2] FAI-IRF: Неформална анархистичка федерација - Меѓународен револуционерен фронт. Повеќе за ЗОЌ и FAI-IRF: The Sun Still Rises, Dark Matter Publ; Mapping The Fire, Black International Editions; A Conversation Between Anarchists; Our Lives of Burning Vision во издание на actforfree.nostate.net; сите изданија се достапни на 325.nostate.net [3] The Finger and The Moon, Elephant Editions, на digitalelephant.blogspot.it; „Open letter to the anarchist and antiauthoritarian movement”, во Escalation #1. Some texts concerning Informal Anarchist Federation (FAI) and the insurrectionist project, на 325.nostate.net [4] Во оригиналот: Cooperativa Artigiana Fuoco ed Affini (occasionalmente spettacolare), Brigata 20 luglio, Cellule contro il capitale, il carcere, i suoi carcerieri e le sue celle, Solidarietà Internazionale. [5] За судскиот процес Марини: The Marini Trial, нa theanarchistlibrary.org [6] За граѓанизмот или граѓанскиот анархизам: Anarchy – Civil or Subversive?: A Collection of Texts Against Civil Anarchism, Dark Matter Publ.&325, на 325.nostate.net [7] Марија Соледад Росас и Едуардо Масари (Maria Soledad Rosas, Eduardo Massari): двајца другари анархисти обвинети во Италија за саботажа и анархистички директни акции во деведесеттите години. Балено „изврши убиство“ во затворската ќелија. Неколку месеци подоцна, Соле исто така „изврши самоубиство“ во специјалниот режим на „домашниот“ притвор. [8] За случајот Комизо: Passion for Freedom — An Interview with Jean Weir, на theanarchistlibrary.org [9] Повеќе за бандата Матезе во M.Nettlau,Errico Malatesta — The Biography of an Anarchist, на theanarchistlibrary.org; Бандата Матезе ја основале пред сѐ Малатеста и Кафеиро, во втората половина од деветнаесеттиот век, на истоименото подрачје кое за нив било погодно за револуционерна герила, уверени (погрешно) дека локалното население, склоно на разбојништво и несклоно на новонастанатата држава, ќе го следи нивниот пример (откако го окупирале градското собрание го развиориле црно-црвеното знаме, прогласиле пад на монархијата, го укинале данокот на мелење жито и ги запалиле сите општински и катастарски документи) и кренале востание. [10] Алпини: планински одред на италијанските вооружени сили; Националното здружение Алпина (ANA) ги обединува поранешните членови на војниот одред, кои себеси повеќе се доживуваат како резервисти отколку како ветерани; од 1920 год., ANA секоја година организира национален собир на ветерани; својата „слава“ алпскиот одред ја должи на Првата светска војна кога Јужен Тирол, по распадот на Хабсбуршката монархија, ѝ припаднал на Италија. [11] Во оригиналот: Cellule metropolitane, Rivolta anonima terribile, Nucleo rivoluzionario Fantazzini, Cellule contro il capitale, il carcere e i suoi carcerieri, le sue celle, Solidarietà internazionale, Sorelle in armi, nucleo Mauricio Morales, Brigata 20 luglio, Cellule armate per la solidarietà internazionale, Rivolta animale, Cellula rivoluzionaria Lambros Fountas, Cellula Damiano Bolano, Individualità sovversive anticivilizzazione, Cospirazione Fuoco nero. [12] Написот Archipelago на 325.nostate.net [13] Letter to The Anarchist Galaxy на theanarchistlibrary.org [14] На англиски јазик: Let’s Become Dangerous, на interarma.info [15] Во оригиналот lottarmatismo, или „вооружена борбеност“ се однесува на терористичките групи како што на пример биле Црвените бригади во Италија или RAF во Германија, кои во прв план ја ставале револуционерната професија и вооружената стручност за фронтален судир со државата, на тој начин репродуцирајќи го државниот механизам (терор, милитаризам, хиерархија, претставници, застапништво, стручност). [16] Individualidades tendiendo a lo Salvaje [ITS]: антитехнолошка и антицивилизациска група од Мексико; изјавите за преземање одговорност за бројни напади како на личности така и на институции се достапни на theanarchistlibrary.org, Individualists Tending toward the Wild — Communiques of ITS. [17] „Open letter to the anarchist and antiauthoritarian movement”, во Escalation #1. Some texts concerning Informal Anarchist Federation (FAI) and the insurrectionist project, на 325.nostate.net [18] The Finger and The Moon, Elephant Editions, на digitalelephant.blogspot.it [19] Ренцо Новаторе (Renzo Novatore): италијански нихилистички анархист од почетокот на дваесеттиот век; Toward the Creative Nothing и други текстови на theanarchistlibrary.org, а во Krađa, „U obranu junačkog i eskproprijatorskog anarhizma”, на anarhisticka-biblioteka.net. [20] Северино Ди Џовани (Severino Di Giovanni): италијански индивидуалистички анархист од почетокот на дваесеттиот век кој делувал во Аргентина; O.Bayer, Anarchism and Violence — Severino Di Giovanni in Argentina 1923–1931, на theanarchistlibrary.org, и во Krađa, на anarhisticka-biblioteka.net [21] Луиџи Галеани (Luigi Galleani): италијански анархист од почетокот на дваесеттиот век кој делува во САД; The End of Anarchism i R.Schiavina, A Fragment Of Luigi Galleani’s Life, на theanarchistlibrary.org; Virus, Pogled na autonomni i pobunjenički anarhizam u povijesti SAD-a, на anarhisticka-biblioteka.net; Insurekcionistička anarhija, на anarhisticka-biblioteka.net [22] Карло Кафеиро (Carlo Cafiero): италијански анархист од деветнаесеттиот век; повеќе во M.Nettlau, Errico Malatesta — The Biography of an Anarchist, на theanarchistlibrary.org [23] Равашол и Емил Анри (Ravachol, Émile Henry): француски анархисти од крајот на деветнаесеттиот век; припаѓаат на анархистичката струја „пропаганда преку дела“; повеќе во Uništi strasno - propaganda djelom: Ravachol, Vaillant, Émile Henry, Sante Caserio, на anarhisticka-biblioteka.net [24] Бруно Филипи (Bruno Filippi): италијански индивидуалистички-нихилистички анархист од почетокот на дваесеттиот век; The rebel’s dark laughter: the writings of Bruno Filippi, на theanarchistlibrary.org [25] Џанфранко Бертоли (Gianfranco Bertoli): италијански индивидуалистички анархист. На почетокот од седумдесеттите години фрлил рачна бомба на полициска станица во моментот на откривање на бистата на комесарот Калабрези (одговорен за смртта на анархистот Пинели, кој 1969 „случајно“ паднал од прозорецот за време на полициското испитување), во присуство на министерот за внатрешни работи.