Томе Липовски, Анселм Белегариг

Анселм Белегариг – Бранителот на слободата

Првиот анархистички манифест

1850

      Томе Липовски: Анселм Белегариг – Бранителот на слободата

      Анселм Белегариг: Анархистички манифест

        Анархијата е ред

        Традиционалниот колективен интерес е фикција

        Индивидуалистичката догма е единствената братска догма

        Општествениот договор е монструозност

        За односот на партиите и нивните весници

        Власта е непријателот

        Луѓето само си го губат времето и си го продолжуваат страдањето поддржувајќи ги кавгите на владите и партиите

        Народот не треба да очекува ништо од ниту една партија

        За гласачкото тело или универзалното право на глас

        Во овие времиња, изборите не се и не можат да бидат ништо друго освен измама и грабеж

        Првородството и француската чинија со леќа

        Она што го охрабрува постоењето на владите не е она што ги одржува во живот

        Да се разоткрие политиката значи да се уништи

        Заклучок

Томе Липовски: Анселм Белегариг – Бранителот на слободата

Анселм Белегариг (Anselme Bellegarrigue), револуционерниот писател и новинар, е роден помеѓу 1820 и 1825 година во крајниот југозападен дел на Франција, во или во близина на Тулуз, можеби од баскиско потекло. Неговото кратко појавување (1848–51) за време и веднаш по револуцијата во Франција од 1848 година ни остави еден од најраните анархистички манифести. Малку се знае за неговиот живот пред 1848 година, кога се вратил во Париз на 23 февруари од турнејата низ Соединетите Американски Држави, каде што се сретнал со претседателот Полк на паробродот „Мисисипи“ и развил восхит за индивидуалистичките аспекти на американската демократија. Според неговата сопствена приказна, тој бил подеднакво малку импресиониран од револуцијата што избувнала првото утро по неговото враќање во Париз, колку и Прудон.

Неколку месеци подоцна, тој објавил памфлет во Тулуз со наслов „Au Fait! Au Fait! Interprétation de l'idée démocratique“. Тој бил уредник на списанието „La Civilisation“, кое се издавало во Тулуз од март 1849 година. Тоа бил и најпопуларниот дневен весник во Тулуз таа година, со тираж од 1800 до 2500 примероци. Иако како уредник ја бранел најнапредната социјалдемократија во тој период, пишувањето на Белегариг го носи препознатливиот отпечаток на неговата личност.

Никој, според Белегариг – дури ни Прудон – не бил доследен бранител на слободата. „Не можеме да избегаме од бруталноста на оваа неумолива дилема: или неограничена слобода или угнетување до степен на смрт, на уништување; нема средна точка, исто како што нема средна точка помеѓу животот и смртта“, напишал тој во „La Civilization“, 1 ноември 1849 година.

Земајќи го како основа неговото американско искуство, со минимум централна власт и автономни локални активности што ги забележал во таа земја, неговото дело ецелосно побивање на таа француска владина идеја којашто цветала во Француската република како што цветала под монархијата. Како средство за парализирање на машинеријата на власта, тој предложува целосна апстиненција, подоцна наречена „политички штрајк“. Во ерата кога демократијата сакала да дејствува на револуционерен начин, самиот Белегариг ја нарекува „теорија на смиреност“ на 13 јуни 1849 година. Во таа прилика, демократијата била уништена од власта без да се бори, бидејќи Парижаните, уништени во јуни 1848 година, во јуни 1849 година и во декември 1851 година, ја пуштија демократијата и реакцијата да ги поправат работите најдобро што можеа.

Тој ја брани либертаријанската позиција за време на самата револуција: „Анархијата е ред; власта е граѓанска војна“. Млад член на Националната гарда пред „Hôtel de Ville“ му се фалел дека овој пат работниците нема да бидат лишени од победа. „Тие веќе ве лишија од победа“, одговорил Белегариг. „Не назначивте ли влада?“

Белегариг стои блиску до Штирнер на индивидуалистичкиот крај од анархистичкиот спектар. Тој се дистанцира од сите политички револуционери од 1848 година, па дури и од Прудон, на кого наликувал во многу од своите идеи и од кого црпел повеќе отколку што бил склон да признае. Тој ќе ја спроведе својата револуција, исклучиво со силата на правото, со силата на воздржување од гласање, со одбивањето да соработува.

Неговата концепција за револуција преку граѓанска непослушност сугерира дека Белегариг веројатно стапил во контакт со идеите на Хенри Дејвид Торо во Америка. Нагласувањето на сопственоста како гаранција за слобода од страна на Белегариг го антиципира американскиот индивидуалистички анархизам, иако тој сигурно го делел ова со Прудон. Неговата слика за напредокот на слободниот поединец го става јасно надвор од колективистичкиот или комунистичкиот тренд во анархизмот.

На почетокот на 1850 година, тој се преселил во малото село Мези, во близина на Париз, каде што, со неколку пријатели, се обидел да основа заедница посветена на либертаријанска пропаганда и природен живот: „Здружение на слободни мислители“. Нивните навидум безопасни активности наскоро го привлекле вниманието на полицијата; еден од нивните членови бил уапсен, и потоа заедницата се распаднала.

Белегариг се вратил во Париз, каде што планирал месечно списание посветено на неговите идеи. Првиот број на „L'Anarchie: Journal de l'Ordre“ се појавил во април 1850 година; тоа било првото списание кое всушност ја усвоило анархистичката етикета, со Белегариг како уредник и менаџер и единствен соработник. Поради недостиг на средства, се појавиле само два броја на списанието и, иако Белегариг подоцна планирал „Almanach de l'Anarchie“, се чини дека тој не бил објавен. Тој исто така напишал роман базиран на неговите сеќавања за Америка, делови од кои се појавиле во 1851 и 1854 година, и есеј за жените во Америка (1851). Набргу потоа, овој недостижен либертаријански пионер исчезнал во длабочините на Латинска Америка, каде што, се вели, бил учител во Хондурас, па дури и кратко време бил некаков владин службеник во Ел Салвадор, пред да умре, како што бил роден: во непознато време и место.

Анселм Белегариг: Анархистички манифест

Анархијата е ред

Доколку бев загрижен за значењето што вообичаено им се придава на одредени зборови, бидејќи честа грешка ја прави анархијата синоним за граѓанска војна, би се ужаснал од насловот што го ставив на почетокот на оваа публикација, бидејќи се ужаснувам од граѓанската војна.

Истовремено се почитувам и си ласкам себеси дека никогаш не сум бил дел од група заговорници или револуционерен баталјон; се почитувам и си ласкам себеси затоа што тоа служи за да се утврди, од една страна, дека бев доволно чесен за да не го измамам народот, а од друга страна, дека бев доволно паметен за да не дозволам да бидам измамен од амбициозните. Гледав, нема да кажам без емоции, но барем можам да кажам со најголема смиреност, како фанатиците и шарлатаните минуваат, сожалувајќи се на едните, а суверено презирајќи ги другите. И кога, откако го тренирав мојот ентузијазам да скока само во тесниот опсег на силогизмот, сакав, по крвави борби, да го соберам збирот на благосостојба што ми ја донесе секој труп, најдов вкупно нула; а нулата е ништо.

Мразам ништожност; затоа мразам граѓанска војна.

Тоа што напишав АНАРХИЈА на насловната страница на овој весник, следствено, не може да значи на овој збор да му се остави значењето кое му го дадоа владините секти, многу погрешно, како што ќе објаснам наскоро, туку да му се врати, сосема спротивното, етимолошкото право кое му го даваат демократиите.

Анархијата е негација на владите. Владите, чии штитеници сме ние, природно не нашле ништо подобро да смислат освен да нè воспитуваат во страв и ужас од нивното уништување. Но, бидејќи владите, пак, се негации на поединците или на народот, логично е дека луѓето, откако се разбудиле за суштинските вистини, постепено треба да почнат да чувствуваат поголем ужас од сопственото уништување отколку од уништувањето на нивните господари.

Анархијата е древен збор, но за нас тој збор артикулира модерна идеја, или поточно, современ интерес, бидејќи таа идеја е ќерка на интересот. Историјата ја нарекува анархистичка состојбата на народот кога постојат неколку конкурентски влади, но едно е да имаш народ кој сака да биде управуван, а е лишен од власт токму затоа што има премногу од неа, а друго е да имаш народ кој, сакајќи да се управува сам, нема власт токму затоа што повеќе не ја сака. Всушност, во античко време, анархијата била граѓанска војна, не затоа што значела отсуство на влади, туку затоа што значела нивно мноштво и конкуренција и борба меѓу владејачките класи.

Современата претстава за апсолутнате општествена вистина или чистате демократија, вовела цела низа откритија или интереси кои ги превртеле условите на традиционалната равенка наопаку. Така, анархијата, која од релативна или монархиска гледна точка значи граѓанска војна, не е ништо помалку, во апсолутната или демократската теза, од вистинскиот израз на општествениот поредок.

Навистина:

Кој вели анархија, вели негација на власта;
Кој вели негација на власта вели афирмација на народот;
Кој вели афирмација на народот, вели индивидуална слобода;
Кој вели индивидуална слобода, вели суверенитет на секого;
Кој вели суверенитет на секого, вели еднаквост;
Кој вели еднаквост, вели солидарност или братство;
Кој вели братство, вели општествен ред;
Значи, кој вели анархија, вели општествен ред.

Напротив:

Кој вели власт, вели негација на народот;
Кој вели негација на народот, вели афирмација на политичкиот авторитет;
Кој вели афирмација на политичкиот авторитет, вели индивидуална зависност;
Кој вели индивидуална зависност, вели класна супремација;
Кој вели класна супремација, вели нееднаквост;
Кој вели нееднаквост, вели антагонизам;
Кој вели антагонизам, вели граѓанска војна,
Значи, кој вели власт, вели граѓанска војна.

Не знам дали она што го кажав е ново, или ексцентрично, или застрашувачко. Не знам, ниту пак ме интересира да дознаам.

Она што го знам е дека можам смело да ги презентирам моите аргументи против целата проза на белото и црвеното владеење во минатото, сегашноста и иднината. Вистина е дека на оваа основа, која е основата на слободен човек, неосквернет од амбиција, вреден во работата, непослушен кон наредбите, бунтовен кон покорноста, ги доведувам во прашање сите аргументи за државната служба, сите оправдувања за маргинализацијата и сите застапници на монархиското или републиканското оданочување, без разлика дали се нарекува прогресивно, пропорционално, земјишно, капиталистичко, рентиерско или потрошувачко.

Да, анархијата е ред, додека власта е граѓанска војна.

Кога мојата интелигенција продира подалеку од мизерните детали врз кои се темелат секојдневните полемики, откривам дека внатрешните конфликти, што го десеткувале човештвото, со текот на времето, се поврзани со оваа единствена причина, имено, соборувањето или зачувувањето на власта.

Во сферата на политиката, саможртвувањето со цел одржување или воспоставување власт отсекогаш значело пресекување на грлото и искинување на утробата. Посочете ми место каде што луѓето отворено се колат меѓусебно и ќе ви покажам влада што претседава со колежот. Ако се обидете да ја објасните граѓанската војна на кој било друг начин освен со влада што сака да дојде и влада што не сака да си оди, ќе си го изгубите времето: нема да најдете ништо.

Причината е едноставна.

Власта е воспоставена. Штом ќе се воспостави власт, таа има свои слуги, а со тоа и свои поддржувачи; а во исто време кога има свои поддржувачи, има и свои противници. Семето на граѓанската војна е посеано токму во овој факт, бидејќи не можете да ја натерате власта, обдарена со сета своја моќ, да се однесува кон своите противници како да се нејзини поддржувачи. Не можете да ги натерате услугите што ѝ се на располагање да бидат подеднакво распределени помеѓу нејзините пријатели и нејзините непријатели. Не можете да ги натерате првите да не бидат разгалени, вторите да не бидат прогонувани. Затоа, не можете да направите, од оваа нееднаквост, порано или подоцна да не се појави конфликт помеѓу страната на привилегираните и страната на угнетените. Со други зборови, кога е дадена власт, не можете да ја избегнете услугата што воспоставува привилегии, што предизвикува поделба, што создава антагонизам, што предизвикува граѓанската војна.

Значи, власта е граѓанска војна.

Сега, ако е доволно да се биде, од една страна, партиски настроен, а од друга страна, противник на власта за да се утврди конфликт меѓу граѓаните; ако се покаже дека освен љубовта или омразата што некој ја има кон власта, граѓанската војна нема причина да постои, тоа е исто како да се каже дека е доволно, за да се воспостави мир, граѓаните да се откажат, од една страна, од тоа да бидат партиски настроени, а од друга страна, од тоа да бидат противници на власта.

Но, воздржувањето од напаѓање или одбрана на власта со цел да се оневозможи граѓанската војна не е ништо повеќе од тоа да не се обрне внимание на неа, да се отфрли и да се откаже од неа со цел да се постават темелите на општествениот поредок.

Ако укинувањето на власта, од една страна, значи воспоставување ред, од друга страна, тоа значи воспоставување анархија, тогаш редот и анархијата одат рака под рака.

Значи, анархијата е ред.

Пред да продолжам со следните изнесувања, го молам читателот да се чува од лошиот впечаток што може да го остави врз него личната форма што ја усвоив за да го олеснам расудувањето и да го забрзам размислувањето. Во ова излагање, мислам многу помалку на писателот отколку на читателот или слушателот; мислам на човекот.

Традиционалниот колективен интерес е фикција

Кажано на овој начин, прашањето, издигнувајќи се над социјализмот и несфатливиот хаос создаден во врска со него од ситните водачи на неговите различни тенденции, има заслуга за јасност и прецизност. Јас сум анархист, односно човек на слободно испитување, политички и социјален хугенот, сè негирам и ништо не потврдувам освен себеси; бидејќи единствената вистина која ми е демонстрирана материјално и морално, преку разумни, разбирливи и интелигибилни докази, единствената вистинска, впечатлива, непроизволна вистина и неподложна на толкување, сум јас. Јас сум, тоа е позитивен факт; сè друго е апстракција и, во математиката, би било означено како „x“, непозната количина; и не треба да се мачам со тоа.

Општеството го има целиот свој raison d'être во огромната комбинација од материјални и приватни интереси; колективниот или државен интерес, врз основа на кој догмата, филозофијата и политиката досега заедно бараа целосно или делумно самооткажување од поединците и нивниот имот, е чиста фикција, чие теократско измислување послужи како основа за богатството на сите свештеници, од Арон до г-дин Бонапарта. Овој интерес не постои како законодавно разбирлив.

Никогаш не било вистина, никогаш нема да биде вистина, не може да биде вистина дека на земјата постои интерес поголем од мојот, интерес на кој му должам жртва, дури и делумна, од мојот сопствен интерес, има само луѓе на земјата, јас сум човек, мојот интерес е еднаков на интересот на кој било друг; можам да должам само она што ми се должи; може да ми се врати само пропорционално на она што го давам, но не му должам ништо на некој што не ми дава ништо; затоа не должам ништо на колективната логика, односно на власта, бидејќи власта не ми дава ништо, а може да ми даде уште помалку бидејќи има само она што го зема од мене. Во секој случај, најдобриот судија што го знам за соодветноста на авансите што треба да ги дадам и веројатноста за нивно враќање сум јас; во овој поглед немам ниту совет ниту инструкции, а најмалку наредби да примам од некого.

Ова расудување не само што е точно, туку е и должност на секој човек да го применува или да се придржува до него. Тоа е вистинската, интуитивна, неоспорна и неуништлива основа на единствениот човечки интерес што мора да се земе предвид: приватниот интерес, индивидуалната прерогатива.

Дали ова значи дека сакам апсолутно да го негирам колективниот интерес? Не, секако не. Само, не сакајќи да зборувам залудно, не зборувам за тоа. Откако ги поставив темелите на приватниот интерес, дејствувам во однос на колективниот интерес како што морам да дејствувам во однос на општеството кога ќе го воведам поединецот во него. Општеството е неизбежна и присилна последица од агрегацијата на поединците; колективниот интерес е, на ист начин, случаен и фатален заклучок од агрегацијата на приватните интереси. Колективниот интерес може да биде целосен само доколку приватниот интерес останува недопрен, бидејќи, како што под колективен интерес може да се разбере само интересот на сите, доволно е интересот на една индивидуа во општеството да биде оштетен за колективниот интерес веднаш да престане да биде интерес на сите и, следствено, да престане да постои.

Во неизбежниот тек на нештата, колективниот интерес е природна последица од интересот на поединецот; ова е толку вистинито што заедницата нема да ми ја земе нивата за да изгради пат или нема да бара зачувување на мојата шума за да го прочисти воздухот без да ме компензира на најдарежлив начин. Тука мојот интерес е тој што владее, индивидуалното право е тоа што тежи врз колективното право; имам ист интерес како и заедницата да имам пат и да дишам чист воздух, меѓутоа би ја исекол мојата шума и би ја задржал мојата нива ако заедницата не ме компензира, но како што нејзиниот интерес е да ме компензира, мојот е да попуштам, таков е колективниот интерес што произлегува од природата на нештата. Постои уште еден што е случаен и абнормален: војната; таа не е подложна на ова правило; таа повикува друго правило и секогаш добро ја извршува својата работа; треба да се грижиме само за она што е константно.

Но, кога го нарекувате колективен интерес она поради што го затворате мојот објект, ми забранувате да се занимавам со оваа или онаа активност, ми го конфискувате весникот или книгата, ја нарушувате мојата слобода, ми забранувате да бидам адвокат или доктор поради моите приватни студии и моите клиенти, ми наредувате да не го продавам ова, да не го купувам она; кога конечно го нарекувате колективен интерес она на што се повикувате за да ме спречите јавно да заработувам за живот, на начин што најмногу ми се допаѓа и под контрола на сите, изјавувам дека не ве разбирам, или, поточно, дека ве разбирам премногу добро.

За да се заштити колективниот интерес, човек кој незаконски го излекувал својот ближен – прекршок е да се прави добро незаконски – е осуден под изговор дека нема квалификации; човек е спречен да се залага за каузата на (слободен) граѓанин кој му ја положил својата доверба; писател е уапсен; издавач е уништен; пропагандист е фрлен во затвор; човек кој викал или се однесувал на одреден начин е изведен пред порота.

Што ми користат сите овие злосторства? Што ви користат вам?

Брзам од Пиринеите до Ламанш и од Океанот до Алпите, прашувајќи го секој од триесет и шесте милиони Французи каква корист имал од овие бесмислени акти на суровост извршени во нивно име против сиромашните чии семејства тагуваат, чии доверители се загрижени, чии бизниси се на работ на пропаѓање и кои можеби ќе извршат самоубиство во очај или ќе станат криминалци во бес кога ќе избегаат од суровоста на која се подложени. И соочен со ова прашање, никој не знае што сакав да кажам, секој се откажува од својата одговорност за она што се случило; несреќата на жртвите не му донела ништо на никого; пролеани се солзи, оштетени се интереси во чиста загуба. И токму оваа дива монструозност ја нарекувате колективен интерес. Јас потврдувам, од моја страна, дека ако овој колективен интерес не беше срамна грешка, би го нарекол најодвратно пљачкосување.

Но, да ја оставиме тука оваа бесна и крвава фикција тука и да кажеме дека единствениот начин да се усоврши колективниот интерес се состои во заштита на приватните интереси, останува покажано и изобилно докажано дека најважното нешто, во прашањата на дружељубивоста и економичноста, е да се ослободи, пред сè, приватниот интерес.

Значи, во право сум кога велам дека единствената општествена вистина е природната вистина, тоа е поединецот, тоа сум јас.

Индивидуалистичката догма е единствената братска догма

Никој нека не ми зборува за откровение, за традиција, за кинеска, феникиска, египетска, хебрејска, грчка, римска, германска или француска филозофија; освен за мојата вера или мојата религија за која не сум одговорен пред никого, не се потпирам на брборењето на предците; немам предци! Што се однесува до мене, создавањето на светот датира од денот на моето раѓање; што се однесува до мене, светот мора да заврши на денот кога моето тело и здив, кои заедно го сочинуваат моето индивидуално постоење, ќе се вратат на земјата. Јас сум првиот човек, јас ќе бидам последен. Мојата историја е целосно резиме на историјата на човештвото; не знам ништо друго и не сакам да знам ништо друго. Кога страдам, каква корист имам од среќата на другите? Кога уживам, што имаат оние што страдаат од моите задоволства? Што ме интересира што се случило пред мене? Како може она што ќе се случи по мене да влијае на мене? Не треба ниту да бидам жртва паленица за мртвите генерации, ниту пример за потомството. Се ограничувам на кругот на моето постоење, а единствениот проблем што треба да го решам е проблемот на мојата сопствена благосостојба. Имам само една доктрина, а таа доктрина има само една формула, а таа формула има само еден збор: УЖИВАЈ!

Кој го признава ова е чесен; кој го негира е измамник.

Ова е формулата на груб индивидуализам, на вродена себичност; воопшто не го негирам; го признавам, се фалам со тоа! Покажете ми, за да можам да го испитам, секој што би можел да се пожали на тоа и да ме обвини. Дали мојата себичност ви предизвикува некаква штета? Ако кажете не, немате за што да се пожалите, бидејќи јас сум слободен во сè што не може да ви наштети. Ако кажете да, вие сте измамници, бидејќи мојата себичност не е ништо друго освен едноставно присвојување на себеси, апелирање на мојот идентитет, потврда на мојата индивидуалност, протест против секоја супериорност; ако се препознаете себеси како оштетени од чинот што го правам со преземање на себеси, од ограничувањето што го применувам врз сопствената личност, односно врз најмалку спорните мои својства, признавате дека ви припаѓам или барем дека имате намери врз мене; вие сте воспоставен или во процес на воспоставување како сопственик на луѓе, собирач, крадец на туѓ имот, злосторник.

Нема среден пат: или себичноста е исправна, или кражбата; или морам да си припаѓам себеси, или морам да паднам во нечиј посед. Не може да се каже дека се откажувам од себе во корист на сите, бидејќи сите мора да се откажат од себе како мене, и никој не би добил од оваа глупава игра повеќе отколку што веќе изгубил од оваа бесмислена игра, а резултатот би останал ист, односно нема профит, што очигледно би го направило ова одрекување апсурдно. Затоа, бидејќи самоодрекувањето на сите не може да им користи на сите, тоа нужно мора да им користи на малкумина; тие, малкумина, тогаш се сопственици на сите, и веројатно тие ќе се жалат на мојата себичност.

Па! Нека ги соберат хартиите од вредност кои штотуку ги потпишав во нивна чест.

Секој човек е себичен; оној кој ќе престане да биде себичен, тој е проблемот. Оној што тврди дека не треба да се биде себичен е измамник.

Ах! Да, слушам. Зборот звучи лошо; до денес го применувавте на оние кои не беа задоволни со своето добро, на оние кои го привлекуваа кон себе доброто на другите; но овие луѓе се во човечкиот ред, вие сте тие што не сте. Жалејќи се за нивната алчност, знаете ли што правите? Ја сфаќате вашата имбецилност. До денес верувавте дека имало тирани! Па, грешевте, има само робови: каде што никој не се покорува, никој не заповеда.

Слушнете го внимателно ова: догмата за резигнација, за самоодрекување, за самооткажување им е проповедана на народите.

Кој беше резултатот?

Папството и кралското семејство по Божја благодат, па оттука и епископските и манастирските, кнежевските и благородните касти.

О! народот се повлече, се уништи, се одрече од себе долго време.

Дали беше добро?

Што мислите?

Секако, најголемото задоволство што можете да им го дадете на донекаде вознемирените епископи, на собранијата кои го замениле кралот, на министрите кои ги замениле принцовите, на префектите кои ги замениле војводите кои биле големи вазали, на потпрефектите кои ги замениле бароните кои биле помали вазали и на целата свита потчинети службеници кои служат како витези и ситни благородници на феудализмот; најголемото задоволство, велам, што можете да му го дадете на целото тоа буџетско благородништво е што е можно поскоро да се вратите на традиционалната догма на резигнација, самоодрекување и самооткажување. Сè уште ќе најдете таму доста заштитници кои ќе ве советуваат да го презирате богатството со ризик да се ослободите од него; таму ќе најдете доста побожни луѓе кои, за да ја спасат вашата душа, ќе ви проповедаат умереност, задржувајќи си го правото да им пружат утеха на вашите жени, вашите ќерки или вашите сестри. Не ни недостасуваат, фала му на Бога, посветени пријатели кои би се проколнале себеси за нас ако решиме да го добиеме небото следејќи го стариот пат на блаженство, од кој тие учтиво отстапуваат, за да, без сомнение, не ни го попречат патот.

Зошто сите овие продолжувачи на старото лицемерие повеќе не се чувствуваат толку удобно на местата воспоставени од нивните претходници?

Зошто?

Бидејќи самоодрекувањето е во опаѓање, а индивидуализмот е во пораст; затоа што човекот мисли дека е доволно убав за да се осмели да ја фрли маската и конечно да се покаже каков што е.

Самоодрекувањето е ропство, деградација, понижување; тоа е кралот, тоа е владата, тоа е тиранијата, тоа е борбата, тоа е граѓанската војна.

Индивидуализмот, напротив, е еманципација, величина, благородништво; тоа е човек, тоа е народ, тоа е слобода, тоа е братство, тоа е ред.

Општествениот договор е монструозност

Нека секој во општеството се афирмира лично и само себеси, и индивидуалниот суверенитет е воспоставен, повеќе нема место за влада, сета супремација е уништена, човек е еднаков на човека.

После тоа, што останува? Она што останува е она што сите влади залудно се обидуваа да го уништат; она што останува е суштинската и непропадлива основа на националноста; она што останува е комуната што сите власти ја нарушуваат и дезорганизираат за да ја соборат; она што останува е општината, таа фундаменталната, вековна организација што се спротивставува на секоја дезорганизација и секое уништување. Комуната има своја администрација, своја порота, свои судови; таа би ги импровизирала ако тие не беа таму.

Франција, бидејќи е општински организирана сама по себе, е демократски организирана сама по себе. Што се однесува до внатрешниот организам, нема што да се прави, сè е направено; поединецот е слободен и суверен во општината; општината, сложена индивидуа, е слободна и суверена во нацијата.

Дали една нација или комуните треба да имаат некое синтетичко, централно тело кое ќе се справува со одредени заеднички конкретни материјални интереси и ќе дејствува како посредник помеѓу заедницата и надворешниот свет? Тоа не е проблем за никого; и не гледам дека треба премногу да се грижиме за она што сите го прифаќаат како разумно и неопходно. Она што е во прашање е владата; но арбитражата и канцеларството, поради иницијативата на комуните, останувајќи господари на себе, можат да сочинуваат, ако сакате, административна комисија, но не и влада.

Дали знаете што го прави градоначалникот насилник во заедницата? Постоењето на цивилен гувернер. Само ослободете се од вториот, а првиот мора да се потпре исклучиво на луѓето што го назначиле и слободата е загарантирана за сите.

Институција што зависи од комуната не е влада; влада е институција на која комуната ѝ се покорува. Не може да се нарече влада она што е предмет на индивидуално влијание; се нарекува влада онаа што ги погазува поединците под тежината на своето влијание.

Со еден збор, не станува збор за граѓанскиот акт, чија природа и карактер ќе ги објаснам накратко, туку за општествениот договор.

Не постои и не може да постои општествен договор, пред сè затоа што општеството не е вештачка творба, ниту научен факт, ниту механичка комбинација; општеството е промислен и неуништлив феномен; луѓето, како и сите животни со општествени навики, по природа се општествени. Природната состојба на човекот е самата состојба на општеството; затоа е апсурдно, ако не и скандалозно, да се обидуваме да го утврдиме со договор она што е веќе и неизбежно конституирано. Второ, затоа што мојата општествена диспозиција, моите аспирации, верувања, чувства, склоности, вкусови, интереси и навики се менуваат секоја година или секој месец или дневно, или неколку пати на ден, и не сум склон да се обврзам пред никого, усно или писмено, да не ги менувам моите аспирации, верувања, чувства, склоности, интереси или навики. Тврдам дека, доколку би се обврзал на такво нешто,тоа би било само со цел да го прекршам, потврдувајќи дека, доколку бев принуден да го сторам тоа, тоа би била во исто време најварварска и најодвратна тиранија.

Сепак, општествениот живот на секој од нас започнал со договор. Русо го измисли ова прашање, а во последните шеесет години нашето законодавство е обликувано од генијалноста на Русо. Врз основа на договорот составен од нашите предци, а потоа обновен од водечките граѓани на Уставотворното собрание, владата ни забранува да гледаме, слушаме, зборуваме, пишуваме или правиме нешто друго освен она што ни е дозволено. Толку за народните прерогативи, чие отуѓување води до воспоставувањето влада. Што се однесува до мене, јас ја негирам и им оставам на другите да ѝ служат, да ѝ плаќаат, да ја сакаат и, на крајот, да пропаднат од неа. Но, дури и ако францускиот народ како целина се согласи да биде управуван во прашањата за образование, религија, финансии, индустрија, уметност, труд, наклонетост, вкус, навики, движење, па дури и во прашањата за храна, имам целосно право да изјавам дека нивното доброволно ропство во никој случај не ме обврзува, исто како што нивната глупост не ја доведува во прашање мојата интелигенција. Сепак, всушност, нивното ропство се протега на мене и не можам да избегам од тоа. Нема сомнение за тоа; добро е познато дека потчинувањето на шест, седум или осум милиони поединци на еден или повеќе од нив вклучува и мое сопствено потчинување на истиот тој човек или луѓе. Го предизвикувам секого да го окарактеризира овој чин како нешто друго освен предавство и тврдам дека никогаш на оваа земја варварството на еден народ не било окарактеризирано како толку отворен бандитизам. Всушност, спектаклот на морална коалиција од осум милиони слуги обединети против еден слободен човек е спектакл на кукавичлук чие варварство не може да се нарече цивилизација без да се направи смешно или гнасно во очите на светот.

Но не можам да верувам дека сите мои сонародници се свесни однапред за потребата од служба. Она што го чувствувам, сите треба да го чувствуваат; она што го мислам, сите треба да го мислат; бидејќи не сум ни повеќе ни помалку од кој било друг човек; се наоѓам во истите едноставни и тешки услови како и секој работник. Зачуден сум и шокиран што со секој чекор што го правам на патот, со секоја мисла што ми доаѓа на ум, со секој потфат што го преземам, со секоја плата што треба да ја заработам, постои некаков закон или пропис што ми вели: не се оди таму; не се размислува така; не се прави така; остави половина од платата тука. Соочен со ова мноштво пречки, кои се појавуваат од сите страни, мојот исплашен дух тоне во чудење; не знам по кој пат да одам; не знам што да правам, не знам што да станам.

Кој, на бичот на атмосферските катастрофи, загадувањето на воздухот, нездравата клима, молњата што науката ја совладала, ја додал оваа окултна и дива моќ, овој злобен гениј што го чека човештвото од раѓање, за да го види проголтано од самото човештво? Кој? Но, самите луѓе се тие што, немајќи доволно непријателство од елементите, повторно ги направиле луѓето свои непријатели.

Масите, сè уште премногу послушни, се невини за сите бруталности извршени во нивно име и на нивна штета; тие се невини за нив, но не се незнаечки за нив; верувам дека, како мене, тие ги чувствуваат и се огорчени од нив; верувам дека, како мене, тие брзаат да им стават крај; само што, не ги разликуваат јасно причините, тие не знаат како да дејствуваат. Ќе се обидам да ги фокусирам на обете точки.

Да почнеме со посочување на виновниците.

За односот на партиите и нивните весници

Суверенитетот на народот нема гласноговорник во францускиот печат. Буржоаски или аристократски, клерикални, републикански или социјалистички, сите весници се сервилни и чисто домашни рутини; тие ги тријат, ги полираат и ја бришат прашината од оклопот на некој политички витез што чека турнир, чија награда е власта, чија, следствено, награда е моето слугување, слугувањето на народот.

Освен „La Presse“, кој повремено, кога неговите уредници доволно ќе ја заборават својата гордост за да се тргнат настрана, покажува некои возвишени чувства, и освен „La Voix du Peuple“, кој одвреме-навреме ја нарушува старата рутина за да фрли малку светлина врз општиот интерес, нема ниту еден француски весник кој можам да го читам без да почувствувам, кон лицето кое го напишало, голема доза на сожалување или многу длабок презир.

Од една страна, го гледам како надоаѓа владиниот журнализам, журнализмот моќен преку златото на буџетот и железото на армијата, оној што ја носи на главата крунатa на врховниот авторитет и што во својата рака ги држи молњите што тој авторитет ги осветува. Го гледам како доаѓа, велам, со оган во очите, пена на усните, стегнати тупаници како некој пазарски силеџија, како боксерски херој; како без мака и со брутален кукавичлук му се нафрла на еден невооружен противник против кого може сè и од кого нема од што да се плаши; нарекувајќи го крадец, убиец, потпалувач; затворајќи го како див ѕвер, одбивајќи му храна, фрлајќи го во затвори без да знае како, без да му каже зошто и уживајќи во делото, фалејќи се со славата што ја добива од тоа, како да ризикува нешто и како да се изложува на опасност борејќи се против невооружени луѓе.

Овој кукавичлук ме згрозува.

Од друга страна, имаме опозициски журнализам, тој гротескен, лошо образован роб; кој го губи времето на жалби, кукање и молење за милост; кој вели, при секоја капка плунка и удар кои ги прима: „Се однесувате лошо кон мене, неправедни сте, не сум направил ништо со што би ве навредил“. Одговорајќи на обвиненијата изнесени против него како да имаат некаков легитимитет. „Јас не сум крадец, не сум убиец, ниту потпалувач; имам најголема почит кон религијата, го сакам семејството, го почитувам имотот; напротив, вие сте тие што ги презирате овие нешта. Јас сум подобар од вас, а сепак ме угнетувате. Вие сте неправедни.“

Таквата подлост ме прави бесен!

Против полемичари, како оние кои ги среќавам во опозицијата, ја разбирам бруталноста на моќта; ја разбирам затоа што, на крајот на краиштата, кога слабите се понижени, човек може да ја заборави својата слабост и да се сети само на својата пониженост; а пониженоста е иритирачка работа, како нешто што ползи и е згмечено под нозете, како дождовен црв. Она што не го разбирам кај група луѓе кои се нарекуваат себеси демократи и кои зборуваат во името на Народот, принципот на сета величина и достоинство, е токму таа пониженост.

Оној кој зборува во име на народот, зборува во име на законот; а јас не разбирам како законот би можел да се разгневи, не разбирам како тој би можел да се удостои да се расправа со заблудата, а уште помалку разбирам како би можел да се спушти до жалба и молба. Ние трпиме угнетување, но не се расправаме со него кога сакаме да умре; бидејќи расправата значи компромис.

Власта е воспоставена; си дадовте господар; се ставивте себеси (целата земја, со вашите прекрасни совети и со вашата иницијатива, се стави себеси) на располагање на неколку луѓе; овие луѓе ја користат моќта што им ја дадовте; ја користат против вас, а вие се жалите?

Зошто?

Мислевте ли дека ќе го искористат тоа против самите себе?

Не сте можеле да мислите така; па, која е тогаш основата на вашата жалба?

Власта, по нужда, мора да се користи во корист на оние кои ја поседуваат и на штета на оние кои се лишени од неа; не може да се користи без штета на едната страна и предност на другата.

Што би направиле вие ако ја имавте моќта?

Или воопшто нема да ја користите, што би значело едноставно и чисто откажување од моќта; или ќе ја користите за ваша корист, а на штета на оние кои ја имаат сега, а кои повеќе не би ја имале; тогаш би престанале да кукате, да кукате и да молите за милост за да ја преземете улогата на оние кои ве навредуваат и да им ја предадете вашата; но што ми значи тоа мене; мене, кој никогаш немав моќ, а сепак ја создавам; мене, кој со крв и пари му плаќам на угнетувачот, каков и да е и од каде и да доаѓа, и кој секогаш сум угнетениот, без разлика како ќе се одвиваат нештата; што ми значи мене оваа клацкалка која наизмечнично ги унижува и возвишува кукавичлукот и понижувањето?

Што имам да кажам за владата и опозицијата, освен дека втората е тиранија во резерва, а првата е тиранија на дело?

И зошто да го презирам овој шампион помалку од другиот, кога двајцата се загрижени само за градење на своите задоволства и својата среќа врз моите страдања и мојата пропаст?

Власта е непријателот

Нема весник во Франција кој не објавува информации за некоја партија, нема партија која не се стреми кон власт, нема власт која не е непријател на народот.

Нема весник кој не објавува за некоја партија, бидејќи нема весник кој се издига до тој степен на народно достоинство каде што владее мирот и врховниот презир кон суверенитетот; народот е рамнодушен како законот, горд како силата, благороден како слободата; партиите се бучни како заблудата, злобни како немоќта, подли како сервилноста.

Нема партија која не се стреми кон власт, бидејќи партијата по својата суштина е политичка и, следствено, произлегува од самата суштина на моќта, изворот на целата политика. Доколку партијата престане да биде политичка, таа ќе престане да биде партија и повторно ќе се спои со народот, односно во сферата на интересите, производството, индустријата и бизнисот.

Нема власт која не е непријател на народот, бидејќи какви и да се условите во кои се наоѓа, каков и да е човекот кој е вклучен во неа, како и да се нарекува, власта секогаш е власт, односно непобитен знак на откажување од суверенитетот на народот; осветување на врховното владеење.

А господарот, тоа е непријателот. Ла Фонтен го кажа тоа пред мене.

Власта е непријател во општествена и политичка смисла.

Во општествената сфера:

Зашто земјоделската индустрија, клучната индустрија во сите земји, е уништена од даноците што ѝ ги наметнуваат властите и проголтана од лихварство што неизбежно произлегува од финансискиот монопол, чие практикување од страна на нејзините следбеници или агенти е гарантирано од оние на власт;

Зашто трудот, или поточно интелигенцијата, е експроприрана од владата, преку своите бајонети, во корист на капиталот, елемент кој по природа е суров и глупав, кој логично би требало да биде лост на индустријата доколку оние на власт не би го попречувале директното партнерство помеѓу капиталот и трудот. И лостот станува ковчег, сè поради оние на власт кои ги разделуваат, оние на власт кои плаќаат само половина од она што го должат, а кога не плаќаат ништо, манипулирајќи со законите и судовите, имаат некоја владина агенција подготвена да го одложи за многу години задоволувањето на апетитот на оштетениот работник;

Зашто трговијата е попречена од монополот на банките чиј клуч го има власта и цврсто врзана со синџирите на една подмолна регулатива, повторно дело на оние на власт. Трговијата е принудена да се збогати индиректно, преку измама, на сметка на жените и децата, додека банкротот е забранет под закана од срам. Оваа контрадикција навистина би била доказ за идиотизам кога би постоела кај некој друг народ освен кај најдуховниот на земјата;

Зашто образованието се скратува, се смалува, се кастри и се сведува на тесните димензии на калапот смислен од оние на власт, на таков начин што секоја интелигенција што не го носи нивниот печат на одобрување е како да не постои;

Бидејќи, иако не оди во капела, црква или синагога, оној кој не оди мора, благодарение на мешањето на властите, да ги сноси трошоците за капелата, црквата и синагогата.

Затоа што – да скратам – секој што не слуша, не гледа, не зборува, не пишува, не размислува и не постапува онака како што властите бараат од него да слуша, да гледа, да зборува, да пишува, да чувствува, да размислува и да постапува, е криминализиран.

Во политичката сфера:

Затоа што партиите едноставно постојат и ја крварат земјата само со власт и за власт.

Не е јакобинизмот она од што се плашат легитимистите, орлеанистите, бонапартистите и умерените, туку власта на јакобинците;

Јакобинците, орлеанистите, бонапартистите и умерените не водат војна против легитимизмот, туку против власта на легитимистите.

И обратно.

Сите овие партии кои ги гледате како се движат по површината на земјата, како пена што лебди врз врела материја, не си објавиле војна една на друга поради нивните доктринарни или сентиментални несогласувања, туку поради нивните заеднички аспирации за власт; ако секоја од овие партии можеше со сигурност да си каже дека моќта на ниту еден од нејзините антагонисти повеќе нема да ја оптоварува, антагонизмот би престанал веднаш, како што престана на 24 февруари 1848 година, во времето кога народот, откако ја проголта власта, ги асимилираше партиите.

Затоа е вистина дека партијата, каква и да е, постои и е страшна само затоа што се стреми кон власт; затоа е вистина дека никој не е опасен ако нема власт; следствено, вистина е дека секој кој има власт веднаш станува опасен; од друга страна, изобилно е докажано дека не може да има друг јавен непријател освен власта.

Значи, општествено и политички гледано, власта е непријател.

И бидејќи погоре докажав дека нема партија која не се стреми кон власт, следува дека секоја партија однапред и со умисла е непријател на народот.

Луѓето само си го губат времето и си го продолжуваат страдањето поддржувајќи ги кавгите на владите и партиите

Ова го објаснува отсуството на сите народни доблести во редовите на владите и партиите; што објаснува како, во овие групи обременети со ситни омрази, мизерни огорчености и бедни амбиции, нападот е деградиран на основна лукавост, а одбраната на понижување.

Корумпираното новинарство мора да се искорени; мораме да ги отфрлиме оние господари без благородништво кои треперат од помислата да станат слуги; мораме да ги отфрлиме оние слуги без гордост кои чекаат момент да станат господари.

За да се разбере колку е итно да се убие старото новинарство, потребно е луѓето јасно да видат две работи.

Прво, дека тоа само ги занемарува своите работи и ги продолжува своите страдања со тоа што ја поттикнува расправијата меѓу владите и партиите, со тоа што ја насочува својата активност кон политиката, наместо да ја применува кон своите материјални интереси.

Второ, дека нема што да очекува од која било влада или од која било партија.

Всушност – како што ќе покажам подетално подоцна – јас всушност тврдам дека партијата, лишена од оваа патриотска состојба и престиж со кои се опкружува за да лови будали, е едноставно збир на вулгарни амбициозни луѓе кои се борат за функции. Ова е толку точно што Републиката им изгледаше поднослива на монархистите само кога им беше обезбедена јавна функција, и сигурен сум дека тие никогаш не би инсистирале на враќање на монархијата ако им беше оставено сами да ги извршуваат сите должности на Републиката. Ова е толку точно што републиканците ја сметаа монархијата за поднослива само кога можеа да ја владеат под името Република. Ова е конечно толку точно, што буржоаската партија водеше војна против благородниците од 1815 до 1830 година затоа што буржоазијата беше држена подалеку од важни позиции; дека благородниците и републиканците се бореле против буржоазијата од 1830 до 1848 година затоа што и едните и другите биле држени подалеку од истите позиции и, кога монархистите дошле на власт, најголемата забелешка што републиканците можеле да ја упатат против нив била дека отпуштиле службеници од сопствено убедување, со што на значаен начин признале дека, според нив, прашањето за Републиката било маргинална грижа.

Исто како што партијата е решена да освои позиција или моќ, така и владата, која ја контролира, е решена да ја задржи. Но, владата е опкружена со мноштво сили што ѝ овозможуваат да ги малтретира, прогонува и угнетува оние што би избегале од нејзината контрола. А луѓето, кои, како индиректна последица, трпат репресивни мерки инспирирани од возбудата на амбициозните – и чија несебична душа ги апсорбира проблемите на угнетените – ги оставаат настрана своите работи, застануваат во својот напредок, се интересираат за она што се зборува и се прави, стануваат вознемирени и лути и конечно го поддржуваат падот на угнетувачот.

Но, бидејќи не се борел за своите интереси, народот триумфира без никаква корист – особено затоа што, како што наскоро ќе објаснам, правдата не мора да се бори за да излезе како победник. Ставена во служба на амбициозните, нејзината моќ катапултираше нова клика на власт на местото на претходната. Набргу потоа, додека досега угнетените стануваат угнетувачи, народот – кој, како и секогаш, ги трпи последиците од мерките предизвикани од немирите на поразената фракција и чие топло срце, како и секогаш, ги апсорбира страдањата на жртвите – повторно се свртува од сопствените интереси и на крајот повторно ги поддржува амбициозните.

Но, на крајот на краиштата, луѓето во оваа брутална и сурова игра само го губат своето време и ја влошуваат својата ситуација; тие стануваат посиромашни и страдаат. Тие не се движат напред ни сантиметар.

Лесно ќе признаам дека народните елементи (сите чувства и страсти) тешко се контролираат кога осилото на тиранијата ги погодува премногу длабоко; но се покажа дека ако си дозволат да бидат занесени од алчната нетрпеливост на партиите, тоа само ја влошува работата. Исто така, се докажа дека неволјата за која луѓето мора да се жалат доаѓа од групи кои, само затоа што не се однесуваат како нив, работат против нив. Партиите треба да престанат со својата неправда во името на истиот народ кого го угнетуваат, осиромашуваат, брутализираат и го навикнуваат на живот без ништо друго освен оплакување. Но, нема смисла да се потпираме на партиите. Луѓето мора да се потпираат само на себе.

Без да се враќаме премногу назад во нашата историја, земајќи ги само страниците од последните две години кои штотуку изминаа, лесно е да се види дека сите донесени репресивни закони имале, како нивна примарна причина, партиски превирања. Би било долго и досадно да се набројат овде, но морам да кажам, за да се придржувам до точноста на историските факти, дека ако од февруари 1848 година може да се именува само една тиранска мерка која не се темелела на партиски провокации, туку била поттикната исклучиво од желбата за моќ; тоа е она што г. Ледру-Ролин им го наложи на своите префективо своите циркулари.

Оттогаш, народните прерогативи се губат еден по еден, откривајќи ги и предавајќи ги нетрпеливоста и агитацијата на амбициозните. Бидејќи моќта не може да се специјализира, законот ги удира сите со удари што треба да ги сносат само партиите; народот е угнетен; вината е исклучиво кај партиите.

Ако партиите не чувствуваа дека имаат поддршка од народот; ако, во најмала рака, народот, исклучиво преокупиран со своите материјални интереси, со својата индустрија, својата трговија, своите работи, ја покриваше со својата рамнодушност или дури и со својот презир оваа ниска стратегија наречена политика; ако, во однос на моралната агитација, го заземеше ставот што го зазеде на 13 јуни во однос на материјалната агитација — партиите, одеднаш изолирани, би престанале да агитираат; чувството на немоќ ќе ја задушеше нивната дрскост; и тие веднаш ќе изумреа и постепено ќе се споеја повторно со редовите на народот и конечно ќе исчезнеа. И влада која постои само преку опозиција, која се храни од проблемите што партиите ги создаваат за неа, која има причина за постоење само во партиите, која, со еден збор, не прави ништо друго освен да се брани и која, ако повеќе не се брани, ќе престане да постои, влада, велам, ќе скапува како мртво тело; ќе се распадне од себе и слободата ќе биде обезбедена.

Народот не треба да очекува ништо од ниту една партија

Но, исчезнувањето на владата, уништувањето на владината институција, триумфот на слободата за што зборуваат сите партии, не би ѝ одговарало на ниедна партија, бидејќи јас изобилно докажав дека секоја партија, со самиот факт што е партија, е во суштина владина. Исто така, партиите внимаваат да не им дозволат на луѓето да веруваат дека можат без влада. Од нивните секојдневни полемики, всушност, произлегува дека владата дејствува лошо, дека нејзината политика е лоша, но дека може да дејствува подобро, дека нејзината политика може да биде подобра. На крајот, секој новинар ја остава на дното од своите статии оваа мисла: да бев тука, ќе видевте како би владеел!

Па, тогаш! Да видиме дали навистина постои праведен начин на владеење; да видиме дали е можно да се воспостави влада на лидерство и иницијатива, на моќ, на авторитет врз демократската основа на индивидуалното почитување. Важно е за мене темелно да го испитам ова прашање, бидејќи токму сега реков дека народот нема што да очекува од која било влада или од која било партија, и едвај чекам да дојдам до докази.

Еве нè во 1852 година; моќта што се надевате да ја имате, вие Монтањари, вие социјалисти, дури и вие умерени – не ми е гајле – ја имате. Мнозинството се наметнува на левицата, јас ѝ аплаудирам; нема на што. Ве молам, ќе ми објасните ли како планирате да работите?

Ве поштедувам од вашите внатрешни поделби; се воздржувам од тоа да ги гледам меѓу вас Жирарден, Прудон, Луј Блан, Пјер Леру, Консидеран, Кабе, Распаил или нивните следбеници; претпоставувам дека меѓу вас владее совршен сојуз. За да ви служам, го претпоставувам невозможното, бидејќи сакам, пред сè, да го олеснам расудувањето.

Како и да е, еве, сите се согласуваме. Што ќе правите?

Ослободување на сите политички затвореници; општа амнестија. Добро. Нема да ги изземете принцовите, без сомнение, бидејќи би изгледало дека се плашите од нив, а овој страв би издал недоверба во себе; тоа би било признание дека народот би можеле да ги претпочита нив наместо вас, признание кое би имплицирало неизвесност во врска со вашата способност да го постигните општото добро.

Откако ќе се поправат неправдите во политичкиот поредок, да се осврнеме на економијата и општествените односи.

Секако, нема да го признаете вашиот банкрот, бидејќи токму вие го критикувавте г. Фулд. Чувството за национална чест, кое го разбирате на во стилот на Гарниеовиот данок „45 сантими“, ќе бара од вас да ја почитувате Берзата на сметка на 35 милиони даночни обврзници, бидејќи долгот акумулиран од монархиите е од премногу благороден карактер за целиот француски народ да не мора да троши 450 милиони годишно во корист на грст шпекуланти. Затоа ќе започнете со спасување на долгот. Ние ќе бидеме уништени, но чесни. Овие две особини не одат баш добро заедно во овие времиња; но, сепак, вие сè уште припаѓате на старата школа, а народот, заглавен во долгови како и порано, нека мисли што сака.

Но сега кога размислувам за тоа, прво мора да ги направите сиромашните, работниците и пролетерите ваша главна грижа; еве ве со закон за оданочување на богатите. Во ред. Ајде да анализираме кој точно ќе плати за тоа.

Добро! Јас сум капиталист и ми барате еден процент, проклет да е! Како можам да се извлечам од ова? Размислувајќи, не сум јас тој што го користи мојот капитал, туку јас го позајмувам на индустријата; индустријалецот, кој има голема потреба од него, нема да пропушти да го земе за дополнителен процент, па затоа врз него ќе го исплатам придонесот. Данокот на капиталот паѓа директно на рамењата на работникот.

Јас сум рентиер, а вие го зголемувате јавниот долг, ова е загрижувачки. Сепак, ако се земе предвид сè, постои излез. Кој е должникот? Тоа е државата. Бидејќи е државата, несреќата не е толку голема; данокот што тежи на обврзниците веднаш ја намалува нивната вредност; губењето на вредноста е на штета на должникот, кој е државата, а во корист на државната каса; државата зема од својот џеб за да ги стави во својата каса и останува без пари, а истото го правам и јас. Трикот е многу убав и признавам дека има стил.

Да претпоставиме дека поседувам градски куќи, а вие ги оданочувате моите станови; за тоа немам ништо, апсолутно ништо да кажам. Ќе ги договорите работите со моите станари; бидејќи, без сомнение, не мислите дека сум доволно глупав да не го покријам данокот преку зголемување на киријата.

Најбесмислената фраза изговорена од Февруарската револуција е оваа: ДАНОК НА БОГАТИТЕ! Фраза, која ако не перверзна, барем е длабоко непромислена. Не знам како се нарекуваат богатите во земја како оваа каде што сите се во долгови и каде што моралната состојба ги тера повеќето сопственици на имоти, рентиери и капиталисти, да трошат, годишно, повеќе од нивниот приход. Во секој случај, богатиот постои, ве предизвикувам да го контактирате, вашите обиди врз него само укажуваат на грубо непознавање на елементарните закони на општествената економија и солидарноста на интересите. Ударот што сакате да го зададете врз богатите ќе го погоди индустријалецот, пролетерот, сиромашните. Сакате да им помогнете на сиромашните? Не оданочувајте никого. Управувајте со Франција со 180 или 200 милиони франци, како што се управува со Соединетите Американски Држави; 200 милиони во земја како Франција се наоѓаат без никој да забележи; не трошиме ли сто милиони само за да пушите лоши пури?

Но за тоа, ќе треба само да управувате, а сакате да владеете: тоа е нешто сосема друго. Затоа, удрете ги богатите, а потоа ќе ги израмните сметките со сиромашните.

Финансиските реформи веќе создаваат доста незадоволни луѓе; овие парични прашања се многу деликатни. Како и да е, да продолжиме понатаму.

Дали прогласувате неограничена слобода на печатот? Не можете. Нема да ја промените основата на оданочување, ниту ќе го допрете јавното богатство, без да се изложите на расправа од која би излегле сериозно повредени. Јас лично се чувствувам сосема способен да ја докажам, јасно како бел ден, вашата неспособност во ова прашање, а грижата за вашето сопствено опстанување би ви наложила итна должност да ме замолчите; да не зборуваме дека би било мудро да го сторите тоа.

Затоа, печатот не би бил слободен, од буџетски причини. Ниту една влада со голем буџет не може да прогласи слобода на печатот; тоа е изрично забрането. Нема да ви недостасуваат ветувања; но ветувањето не значи исполнување, прашајте го г. Бонапарта.

Очигледно ќе го задржите Министерството за образование и монополот над Универзитетот; само што сега образованието ќе го насочувате исклучиво по филозофска линија, водејќи жестока војна против свештенството и језуитите. Како резултат на тоа, јас ќе станам језуит против вас, исто како што се правам филозоф против г. де Монталамбер, во име на мојата слобода, која се состои во тоа да бидам што сакам да бидам, без ниту вие ниту језуитите да имаат право да ми кажуваат што да правам.

А што е со религијата? Ќе го укинете ли Министерството за религија? Се сомневам, замислувам дека, во интерес на владејачките манијаци, попрво ќе воспоставите министерства отколку да ги укинете. Ќе има Министерство за религија исто како што има денес, а јас ќе завршам плаќајќи го свештеникот, пасторот и рабинот, иако не присуствувам на миса, ниту на служба, ниту на гозба.

Би го задржале Министерството за трговија, она за земјоделство, она за јавни работи, особено она за внатрешни работи, бидејќи би имале префекти, потпрефекти, државна полиција и слично. И додека ги задржувате и управувате сите овие министерства, кои токму и ја сочинуваат денешната тиранија, сепак ќе изјавувате дека печатот, образованието, религијата, трговијата, јавните работи и земјоделството се слободни. Но токму тоа го зборуваат луѓето и во овој момент. Што би направиле вие што веќе не се прави? Ќе ви кажам што би направиле: наместо да напаѓате, би се бранеле.

Не гледам друг излез за вас освен да го смените целиот персонал во администрацијата и јавните обвинители и да се однесувате кон реакционерите како што реакционерите се однесуваат кон вас. Но, ова не се нарекува владеење, дали овој систем на одмазда претставува влада? Ако судам според она што се случува веќе шеесет години, ако сфатам што е единственото нешто што треба да го направите за да станете влада, потврдувам дека владеењето не е ништо друго освен борба, одмазда, казнување. Ако вие не забележувате дека токму врз нашите грбови се тепате и ги тепате своите противници, ние, од наша страна, не можеме да не го видиме тоа, и мислам дека тој спектакл почнува да станува здодевен.

За да ја сумирам целата немоќ на која било влада да го оствари јавното добро, ќе речам: никакво добро не може да произлезе освен реформи. А бидејќи секоја реформа е неповратно слобода, а секоја слобода е моќ стекната од народот, и обратно, намалување на моќта на власта, следува дека патот на реформите, кој за народот е патот на слободата, за власта е само фатален патот до пропаст. Ако, според тоа, би рекле дека сакате власт за да спроведете реформи, во исто време би признале дека сакате да ја постигнете власта со однапред смислена цел да се откажете од власта. Освен што немам доволно глупост за да ви припишам таква интелигенција, забележувам дека тоа би било спротивно на сите природни и општествени закони, а особено на законот за самоодржување, од кој ниту едно суштество не може да избега, луѓето обдарени со јавна власт доброволно да се лишат и од таа власт и од кнежевската привилегија што им ја дава да живеат во раскош без мака да произведуваат. Одете кажувај ги вашите глупости на друго место.

Вашата влада може да има само една цел; да се одмазди на својот претходник; исто како што онаа што доаѓа по вашата може да има само една цел; да ви се одмазди. Индустријата, производството, трговијата, јавните работи и интересите на мноштвото не можат да цветаат среде оваа борба. Дозволете ми да предложам да ве оставиме сами да се тепате едни со други, додека ние се грижиме за нашите сопствени интереси.

Ако француското новинарство сака да биде достојно за луѓето на кои им се обраќа, мора да престане да се расправа околу жалните узди на политиката. Нека реторичарите создаваат закони во слободно време за да се прелеат интересите и моралот, кога ви е угодно да не го прекинувате, со вашето бескорисно викање, слободниот развој на интересите и манифестацијата на моралот. Политиката никогаш никого не научила како чесно да заработува за живот; нејзините прописи служеле само како поттик на мрзливоста и охрабрување на пороците. Затоа, не ни зборувајте повеќе за политика. Пополнете ги вашите колумни со економски и комерцијални студии; кажете ни кои корисни работи се измислени; што, во која било земја, е откриено што е материјално или морално профитабилно за зголемување на производството, за подобрување на благосостојбата; информирајте нè за напредокот на индустријата, за да можеме да извлечеме, од овие информации, средства за заработка за живот и да го поставиме во удобна средина. Сето ова ни е поважно, ви велам, отколку вашите глупави дисертации за рамнотежата на силите и за кршењето на Уставот кој, дури и да останеше недопрен, не ми се чини, искрено кажано, многу достоен за моја почит.

За гласачкото тело или универзалното право на глас

Она што го кажав природно ме доведува до испитување на коренските причини за сите такви пороци. Според мене, тие причини мора да се бараат во изборите.

Во изминатите две години, од бедни причини, за кои сум подготвен да верувам дека партиите не се свесни, народот се држи до верувањето дека ќе постигне суверенитет и просперитет само со помош и посредништво на редовно избрани претставници.

Гласањето – освен во општински контекст – може да ги доведе луѓето до слобода, суверенитет и просперитет приближно исто колку што целосното откажување од целиот свој имот може да доведе до богатство. Со ова мислам дека остварувањето на универзалното право на глас, далеку од тоа да биде гаранција, е само чист и едноставен пренос на суверенитетот.

Изборите, за кои софистите од последната револуција можеа толку многу и со таква сериозност да брборат; изборите, ако им се даде предност пред слободата, се како плодот пред цветот, како последицата пред причината, правото пред фактот; најдрската глупост што некогаш може да се замисли во кое било време или место. Оние што си дозволиле, оние што се осмелиле да го повикаат народот да гласа пред да им дозволат да ја консолидираат својата слобода, не само што грубо го злоупотребуваат неискуството на народот и ужасната послушност всадена во нивниот карактер од долгата зависност; тие исто така, со издавање наредби и со самиот чин на прогласување себеси за подобри од нив, ги игнорираат основните правила на логиката – ова незнаење мора да ги доведе до тоа да станат жртви на сопствените пеколни глупости, што води до нивните тажни талкања во егзил под камшикот на исходот од универзалното право на глас.

Интересен факт – на кој морам да го привлечам вниманието на читателот, особено имајќи го предвид доказот што следи – е дека општото право на глас работело во корист на неговите прогласени непријатели, односно во корист на слугите на монархијата. Народот им се заблагодарил на оние што се одговорни за неговото поробување; со своите гласови тој им го дал правото да го ловат со стапици и мамки, да го демнат и ограбуваат, да го фатат во заседа со кучиња и да го заробуваат, со законот како оружје, а неговите соседи како ловџиски кучиња.

Секако, во присуство на субјект кој ги проголтува оние кои му дале постоење и кој ги прави семоќни оние кои го мачеле во неговиот зачеток, сосема ми е дозволено, верувам, да не го прифатам без испитување овој таканаречен паладиум на демократијата, кој се нарекува електорат или универзално право на глас. Дури и си земам за право да изјавам дека се борам против него, како што се бориме против зло, против монструозност без размери.

Читателот веќе разбра дека поентата овде не е да се оспори народното право, туку да се исправи фатална грешка. Народот ги има сите замисливи права; јас, од моја страна, си ги припишувам сите права, дури и правото да си го разнесам мозокот или да се фрлам во реката; но, покрај фактот дека правото на мое сопствено уништување е ставено надвор од мирот на природниот закон и престанува да се нарекува право со тоа што станува аномалија на правото, очај, оваа абнормална егзалтација која, за да помогнам во расудувањето, сè уште ќе ја наречам право, во никој случај не би можела да ми ја даде способноста да ги натерам моите сограѓани да ја споделат судбината која јас лично сум избрал да ја претрпам. Дали е ова случај во однос на правото на глас? Не. Во овој случај, судбината на гласачот ја подразбира судбината на оној кој се воздржува.

Упорно верувам дека гласачите не знаат дека извршуваат граѓанско и општествено самоубиство со одењето на гласање; стара предрасуда сè уште ги држи отуѓени од себе, а нивната навика да припаѓаат на владата ги спречува да видат дека целосно од нив самите зависи да си припаѓаат себеси. Но, претпоставувајќи дека, по некоја невозможност, гласачите кои ги напуштаат своите работи, кои ги занемаруваат своите најитните интереси за да одат и да гласаат, се проткаени со оваа вистина, имено: дека тие се лишуваат себеси, со гласањето, од својата слобода, својот суверенитет, своето богатство во корист на своите избрани претставници кои, отсега па натаму, всушност стануваат нивна замена; претпоставувајќи дека го знаат ова и дека слободно, но глупаво, се согласуваат да се стават под зависност од своите претставници, не гледам како нивното сопствено отуѓување го подразбира и отуѓувањето на нивните сограѓани. Не гледам, на пример, како или зошто трите милиони Французи кои никогаш не гласаат се подложни на законското или произволно угнетување што владата создадена од седумте милиони гласачи го наметнува на земјата. Не гледам, со еден збор, како се случува влада која не ја создадов јас, која не сакав да ја создадам, која никогаш нема да се согласам да ја создадам, да дојде да ме замоли за послушност и пари, под изговор дека е овластена да го стори тоа од нејзините автори. Очигледно тука постои измама која е важно да се објасни, и токму тоа и ќе го направам. Но, прво ќе дадам простор на следното размислување на кое ми сугерираше изборниот настан на 28-ми овој месец.

Кога до мене дојде идејата да го објавам ова списание, ниту го одбрав денот, ниту помислив на изборите кои се подготвуваат. Згора на тоа, моите убедувања се превисоки за да станат многу скромни слуги на околностите и можностите. Покрај тоа, претпоставувајќи дека ефектот од следната изјава е штетен за некоја партија – секако многу непотребна претпоставка – еден глас повеќе или помалку од десно или лево нема да ја промени парламентарната ситуација. И дури и ако, на крајот на краиштата, целиот парламентарен систем се сруши под ударот на моите аргументи, тоа би ме спречило уште помалку да одам подалеку од нив, бидејќи, како што претпоставивте, токму против овој систем се борам.

Покрај тоа, многу помалку е важно да се знае дали предизвикувам каква било загриженост кај фанатиците на општото право на глас или кај оние што го злоупотребуваат, отколку да се утврди дали моите доктрини се засноваат на универзален разум; што се однесува до оваа последната точка, јас сум без никаква грижа; и се осмелувам да кажам дека, доколку не бев заштитен од нејасноста на моето име од нападите на оние кои се хранат со гласачите, сепак би нашол, во цврстината на моите заклучоци, засолниште каде што нивната сопствена разумност би им забранила да ме бараат.

Партиите ќе го примат овој весник со презир; ова е, според мене, најмудрото нешто што можат да го направат. Ќе бидат обврзани премногу да го почитуваат кога не би го презирале.

Ова списание не е списание за еден човек; или е списание за ЧОВЕК или не е ништо.

Во овие времиња, изборите не се и не можат да бидат ништо друго освен измама и грабеж

Откако го кажав ова, сега ќе се осврнам на самото прашање, без да се грижам за стравовите или надежите кои се појавуваат, одвреме-навреме, кај оние кои веруваат во монархијата и пророците на диктатурата. Користејќи го неотуѓивото право што ми припаѓа и како граѓанин и како човечко суштество, расудувајќи без страст и без слабост, строг како моето право, спокоен како мојата мисла, велам:

Секој човек кој, во сегашната состојба на нештата, става гласачко ливче во гласачката кутија за да избере законодавна или извршна власт е – можеби не свесно, но барем од незнаење, можеби не директно, но барем индиректно – лош граѓанин.

Стојам зад она што го кажав и не негирам ниту еден слог.

Со поставувањето на ова прашање на овој начин, ги отфрлам еднаш засекогаш монархистите кои се стремат кон постигнување на изборен монопол и поддржувачите на републиканската власт кои го трансформираат формирањето на политичките власти во производ на општо право; всушност, не навивам за изолација – што во секој случај не би ми значело многу – туку за огромното демократско тело – повеќе од една третина од регистрираните гласачи – чие постојано воздржување изразува протест против недостоинствената и мизерна судбина која ги остави во последните две и повеќе години да страдаат од гнасната амбиција и не помалку гнасниот грабеж на партиите и паразитите.

Од 353.000 гласачи регистрирани во департманот Сена, само 260.000 учествуваа на гласањето на 10 март минатата година; бројот на апстиненти овојпат беше помал отколку на претходните избори. И со оглед на тоа што Париз е поактивен центар на политиката од останатите и содржи помалку рамнодушни луѓе од провинциите, вистина е дека политичките власти се формираат без учество на повеќе од една третина од граѓаните на земјата. Токму на оваа третина се обраќам; зашто меѓу нив, ќе се согласите, нема страв од оние кои гласаат со цел да се одржи статусот кво, нема амбиција од оние кои гласаат за да добијат предност, нема ропско незнаење од оние кои гласаат заради гласање; постои филозофски мир кој произлегува од мирна совест, од корисна работа, континуирана продуктивност, скриена заслуга и скромна храброст.

Партиите ги нарекоа овие мудри и сериозни филозофи на материјалните интереси лоши граѓани затоа што одбија да учествуваат во сатурналиите на интригата. Партиите се ужаснати од политичката рамнодушност, тој непропустлив метал кој се спротивставува на корупцијата на која било влада. Крајно време е да го насочиме нашето внимание кон овие легионери на апстиненцијата, бидејќи меѓу нив се наоѓа демократијата; меѓу нив е слободата толку ексклузивна и апсолутна што ниеден народ нема да постигне таква слобода освен на денот кога целото население ќе го следи нивниот пример.

За да ги разјаснам доказите кои ги нудам, морам да испитам две работи:

Прво, која е целта на политичкото гласање?

Второ, каков неизбежно мора да биде неговиот резултат?

Политичкото гласање има двојна цел, директна и индиректна. Првата е да се воспостави влада; втората е – откако ќе се воспостави таа влада – да се ослободат граѓаните и да се намалат товарите кои ги обременуваат; а исто така и да се обезбеди правда за нив.

Тоа, ако не се лажам, е признатата цел на политичкото гласање, што се однесува до домашната сцена. Надворешните работи не се проблемот тука.

Значи, со излегувањето на гласачките места и со самиот чин на гласање, гласачот признава дека не е слободен и му дава на лицето за кое гласа моќ да го ослободи; тој признава дека е угнетен и се согласува дека властите имаат моќ повторно да го воскреснат; дава изјава за својата желба да види правда задоволена и им ги доверува на своите делегати сите овластувања да судат по ова прашање.

Добро. Но, не е ли доделувањето такви овластувања на еден или повеќе луѓе еднакво на моето откажување од мојата слобода, мојата среќа и моите права? Зарем тоа не е формално признание дека овој човек или овие луѓе – кои можат да ме ослободат, повторно да ме воскреснат, да ме судат – исто така имаат моќ да ме угнетуваат, да ме уништат и лошо да ме осудат? Всушност, за нив е невозможно да прават нешто друго, бидејќи, откако ги префрлив сите мои права на нив, сега немам ништо, а држејќи се до овие права, тие само бараат своја заштита.

Ако побарам нешто од некого, признавам дека тој го поседува она што го барам од него; би било апсурдно да го побарам она што веќе е мое. Ако можев да ја користам мојата слобода, богатство и права, немаше да ги побарам од властите. Ако ги побарам од властите, тоа е веројатно затоа што ги поседуваат овие работи, а ако е тоа случајот, не гледам какви лекции треба да научат од мене во врска со употребата што ја сметаат за соодветна.

Но, како е можно властите да се најдат во посед на она што ми припаѓа мене? Како успеаја да го сторат тоа? Владата, за да земеме пример од сегашноста, се состои од г. Бонапарта, кој само до вчера беше сиромашен разбојник без многу слобода, и не повеќе пари отколку што имаше слобода.

Од седумстотини и педесетте громови на Јупитер, облечени како сите останати и сигурно не поубави, кои разговараа пред неколку месеци со нас и не подобро од нас, се осмелувам да кажам; околу седум или осум министри и нивните следбеници, од кои повеќето, пред да го влечат буџетот за опашката, го влечеа и ѓаволот за опашката, барем со иста тврдоглавост како и кој било секретар. Како е можно овие кутри бедници од вчера да се мои господари денес?

Од кого ја црпат овие господа, ако сакате, моќта во чии прегратки се наоѓа целата слобода, целото богатство, целата правда? Кому треба да му ја припишеме вината за прогоните, наметнувањата и беззаконијата под кои сите стенкаме? На гласачите, очигледно.

Уставотворното собрание, кое нè натера да се фатиме за орото; господинот Луј Бонапарта, кој продолжи со своите манипулации; и законодавното собрание, кое го додаде својот глас во хорот, сето ова не се случи само по себе. Не, сè е резултат на гласањето. Одговорноста за она што се случи и за она што ќе следи е на сите оние кои гласаа. Ние, демократите кои работиме и апстинираме, не преземаме ништо од оваа одговорност. Не барајте од нас солидарност со угнетувачките закони, инквизиторските прописи, убиствата, воените егзекуции, затворањата, преместувањата и депортациите, за огромната криза што ја уништува земјата. Одете, владини манијаци, удирајте се во гради и подгответе се за судот на историјата! Нашата совест е чиста. Доволно е што, поради феноменот кој му пркоси на секој разум, мора да трпиме јарем кој самите сте го создале. Доволно е што со вашата, избега и нашата слобода ; доволно е што се откажавте, од она што ви припаѓаше вам, од она што не ви припаѓаше вам, од она што требаше да биде неповредливо и свето: од слободата и судбината на сите нас.

Првородството и француската чинија со леќа

Немојте да мислите, вие заблудени буржуи, пропаднати господа и жртвувани пролетери; немојте да мислите дека она што се случи можеби немаше да се случи ако го номиниравте Петар наместо Павле, ако гласавте за Јован наместо Франциск. Без разлика како гласате, се предавате себеси, и без разлика кој ќе излезе како победник, неговата победа ви штети. Без разлика кој е, ќе мора да барате сè од нив; затоа нема да ви остане ништо!

Покрај тоа, разберете го ова – а ова не е наука, туку чист и едноставен факт – ако злото доаѓа исклучиво од реакционерите или ако револуционерите беа во позиција да се грижат за вашата судбина, немаше да се валкате во богатство; зашто сите влади, од Робеспјер до Мара – Господ нека им ги прости душите – биле револуционерни; ова Собрание кое стои пред вас, пред вашите очи, е исто така составено исклучиво од револуционери. Никој не бил пореволуционерен од г. Тиер, црковниот старешина на Богородичната црква Лорет; г. де Монталамбер држел такви говори за слободата какви што никој не би можел да ги подобри;г. Берје ковал заговори од 1830 до 1848 година; г. Бонапарта правел револуции пишувајќи, преку усни зборови и преку своите постапки; и нема ни да зборувам за Монтањската конвенција, собрание кое со месеци ги поседувало сите обележја на влада со кои можело да ве обвитка во луксуз. Сите луѓе биле револуционери сè додека не се придружиле на власта; но сите луѓе, откако станале дел од неа, ја потиснувале револуцијата. Ако еден ден откријам дека ми ја предадовте владата, и ако во момент на заборавеност и вртоглавица, наместо да чувствувам сожалување и презир кон вашата глупост, ја прифатам титулата покровител на кражбата што ја правите против себе, тогаш се колнам во Бога дека ќе ги загорчам вашите перспективи! Зарем вашите минати искуства не беа доволни за вас? Вие навистина сте бавни во разбирањето.

Помина само кратко време откако воспоставивте бела влада чија единствена цел – и тешко можете да ја обвините за тоа – беше да се ослободи од црвените. Ако утре воспоставите црвена влада, нејзината единствена цел – и би било добро да ѝ најдете маана! – би била да се ослободи од белите. Но, белите не им се одмаздуваат на црвените, а црвените не им се одмаздуваат на белите освен преку забрани и репресивни закони. А врз кого тежат овие закони? Оние кои не се ниту црвени ниту бели, или кои, на нивна сметка, се исто толку црвени колку што се бели; врз мноштвото кое не може да си помогне; на тој начин народот е целосно згмечен од ударите кои партиите си ги нанесуваат едни на други.

Не ја критикувам владата; таа е создадена да управува, таа владее, го користи своето право и што и да прави, потврдувам дека ја извршува својата должност. Гласањето, давајќи ѝ моќ, ѝ вели: Народот е расипан, вие бидете чесни; занесен е, вие бидете умерени; глупав е, вие бидете интелигентни. Гласањето, кое ова им го кажа на сегашното мнозинство, на претседателот на овој дом, ќе го каже (зашто не може да каже ништо повеќе, ништо помалку) и на кое било мнозинство, на кој било претседател, кој и да е тој. Затоа, со гласањето, и што и да се случи, народот се става себеси, своето тело и душа, на милост и немилост на своите избрани претставници за да може да ја користи и злоупотребува својата слобода и своето богатство; бидејќи никој не направил никаква граница, авторитетот нема граници.

Но, чесност, велат тие! Но, дискреција! Но, чест! ... чад! Се повикувате на чувства таму каде што треба да пресметувате бројки. Ако своите интереси ги доверувате на совеста на другите, правите лоша инвестиција; совеста е алатка со сигурносен вентил.

Размислете за момент што правите. Се собирате околу човек како околу реликвија; го бакнувате работ од неговиот капут; го бодрите оглушувачки; го опсипувате со подароци; му ги полните џебовите со злато; се лишувате, за негова корист, од сите ваши богатства; му велите: Биди слободен над слободните, раскошен над раскошните, силен над силните, веднаш над праведните, а потоа си земате на ум да проверите како ги користи вашите дарови? Се осмелувате да го критикувате ова, да го не одобрите тоа, да ги пресметате неговите трошоци и да побарате сметка од него? Какви сметки сакате да ви поднесе? Дали сте ја составиле фактурата за она што сте му го дале? Дали вашето сметководство е неуредно? Па! Немате основа против него; изјавата што сакате да ја презентирате нема основа; не ви должи ништо!

Сега викајте, кревајте врева, заканувајте се, сè е залудно; вашиот должник е вашиот господар: наведнете ги главите и продолжете понатаму.

Во библиските приказни се вели дека Исав го продал своето првородство за чинија леќа. Французите се подобри од тоа; тие го даваат своето првородство, а со него и леќата.

Она што го охрабрува постоењето на владите не е она што ги одржува во живот

Ќе повторам овде дека не го оспорувам самото право; она што го оспорувам, како нешто несоодветно, е моменталната употреба на тоа право. Велам дека пред да го искористам стекнатото право да назначувам делегати, важно е да дејствувам со суверенитет, со тоа што материјално ќе се етаблирам во фактите, со тоа што ќе сфатам што морам лично да правам и што мора да спаѓа во рамките на надлежностите на моите делегати. Морам, со еден збор, да се етаблирам пред да основам нешто. Институциите не смеат да се создаваат со закони; напротив, тие се оние кои треба да ги создаваат законите. Прво ќе се етаблирам себеси, а потоа ќе донесувам закони.

Не смееме да го изгубиме од вид фактот дека теоријата за божественото право, од кое директно потекнуваме, произлегува од претпоставеното претходно постоење на Владата во однос на Народот. Целата наша историја, целото наше законодавство, се заснова на оваа монументална апсурдност, имено дека владата е нешто што му претходи на народот, дека народот е дедукција од владата; дека постоела или можела да постои влада пред постоењето на кој било народ. Еве што се признава: Аналите на светот се врежани во оваа нечистотија од човечка интелигенција. Затоа, додека трае владата, идејата за нејзината предност ќе остане недопрена, божественото право ќе биде овековечено меѓу нас, а народот, чие право на глас е ставено на местото на древното крунисување, никогаш нема да биде, какво и да е името, ништо друго освен поданик.

Преминот од теократија кон демократија никогаш не може да се оствари преку користење на избирачките права, бидејќи токму целта на тоа користење е да се спречи пропаѓањето на владата, односно да го одржи, па дури и да го оживее принципот на приматот на владата. За да се премине од еден режим во друг, потребно е да се утврди решение за континуитет во синџирот на делегирање. Бидејќи делегирањето неизбежно тежнее кон почитување на теократската традиција, тоа мора да биде прекинато и повторно воспоставено дури откако редовната практика на самоуправување ќе биде внесена во општествениот живот. Само откако ќе стапам во посед на сопствениот имот, можам рационално да поставам менаџер на мојот домен; ако го поставам таму пред да ги покажам моите тапии, тој би одбил да ме признае и би бил во право.

Но, слушам приговор: Едногласноста е, по кое било прашање како и во која било земја, неостварлива. Сепак, за која било влада која произлегува од гласањето, не би било потребно ништо помалку од едногласно воздржување за да се спречи создавање на влада; бидејќи, претпоставувајќи дека девет милиони гласачи од десет милиони се воздржале, секогаш би останале еден милион гласачи за да формираат влада, на која целата нација би била принудена да се покорува; во Франција во секое време ќе има барем еден милион поединци кои би имале интерес да формираат влада; затоа, предлогот е апсурден.

Јас одговарам:

Не е ни потребно да се најдат милион луѓе за да се формира влада; сто илјади, десет илјади, петстотини, сто, пет поединци можат да го сторат тоа, еден граѓанин може да ја конституира. Само Лафајет, во 1830 година, го прогласи Луј-Филип за крал; а во текот на 18-те години кои следеа по овој настан, парламентарната власт беше стекната, во земја од 35 милиони души, преку едноставна соработка на 200 илјади даночни обврзници. Колку и да е мал бројот на граѓани кои придонесуваат за формирање влада, што е важно! Она што сакам да го забележам овде е дека ниедна влада не може да живее против волјата на националното мнозинство.

Филозофијата, а по неа и многу посигурната школа, школата на искуството и фактите, непобитно покажаа дека интимната причина за постоењето на владите не е во материјалната или изборната поддршка на граѓаните на една земја, туку во јавната вера или интерес, бидејќи верата и интересот се едно исто.

Владата која е моментално на власт се должи на изборните зафрлања на седум до осум милиони многу послушни граѓани, кои секој одделно изгубил, со најголема милост на светот, по два или три дена работа, за да не ја пропуштат можноста да се предадат, со тело и душа, на луѓе што не ги познавале, но на кои им гарантирале пет парички од пет франци дневно за да се запознаат. Дали ви се чини дека Законодавното собрание и г. Бонапарта се поцврсто воспоставени отколку што биле Пратеничкиот дом од 1847 година, создаден од само двесте илјади даночни обврзници; и Луј-Филип, создаден од еден човек? Кажете ми дали мислите дека влада составена од милион, или помалку, поединци би можела да биде поситна, понепопуларна, позбунета од онаа на која ѝ се посветиле осум милиони поединци. Очигледно не мислите така. Тука нема човек - а кога велам човек, мислам спротивно на државен службеник - чии интереси или вера не биле длабоко погодени од режимите што последователно се воспоставиле од 1848 година; следствено, нема човек кој има причина да си честита за резултатот од своето гласање и кој може да верува дека нешто полошо од постоечкото можело да произлезе од неговото воздржување. Затоа сте принудени да признаете дека, во најмала мера, сте го потрошиле времето; и, освен ако тоа не е дел од вашите шпекулации – шпекулации, во овој случај, навистина многу чудни – секогаш да го губите времето. Верувам дека мора да сте многу блиску до жртвување на гласачкото ливче за похранливи реалности. Вашето незадоволство е веќе многу лош влог за власта, но ако таа го немаше вашето гласачко ливче за да ѝ дадете храброст, би била многу слаба и се сомневам дека би можела да остане во игра.

Едногласноста во апстиненцијата не е она што е важно да се постигне; исто како што едногласноста во гласањето не е неопходна за формирање влада; едногласноста во воздржувањето не може да биде суштински услов за стекнување на анархистичкиот поредок што е во интерес и, следствено, чест на сите Французи да го постигнат. Секогаш ќе има доволно државни службеници, приправници и аспиранти; секогаш ќе има доволно државни рентиери и пензионери од Министерството за финансии за да се состави изборен штаб, но бројот на Кинези кои сакаат по секоја цена да ги платат сите овие мандарини се намалува од ден на ден, и ако сè уште има деветнаесет од нив по две години, изјавувам дека тоа нема да биде моја вина.

Освен тоа - а бидејќи сè мора да се каже - што нарекувате универзално право на глас?

Пристигнува весник во кој пишува: „Граѓанинот Гувернар мора да биде избран“.

Потоа се појавува друг весник и приговара: „Не, граѓанинот Гидан мора да биде избран“.

„Не го слушајте мојот противник“, возвраќа првиот весник, „граѓанинот Гувернар е единствениот неопходен кандидат, еве ги причините итн.“

„Внимавајте да не верувате во она што ви го кажува мојот противник“, одговара вториот весник, „само граѓанинот Гидан е можен, еве ја причината“, итн.

Во меѓувреме, трет весник, своевиден гигант, кој дотогаш беше во олимписка резерва, се појавува на списоците и ја изрекува оваа свечена реченица: „Г. Гувернар мора да биде избран“.

И г. Гувернар е избран.

И вие велите дека народот го спровел изборот? Таа одлука има толку малку врска со волјата на народот како да се доделува власта со фрлање коцки или со ждрепка.

Ова нека биде доволно за да ја затворам сметката со формата на прашањето, без да ги компромитирам моите резерви во однос на суштината.

Но, познавам републиканци, или граѓани кои тврдат дека се тоа, кои многу се плашат дека со тоа што не гласаат народот ќе дозволи кралското семејство повторно да се издигне. Тие се многу големи републиканци кои извршиле, велат, извонредни услуги, ууслуги од кои, тврдам, ниту јас ниту вие не сме виделе ни најмал траг, ниту во пари, ниту во слобода, ниту во достоинство, ниту во чест. На народниот јазик, кој е мојот мајчин јазик, стравот што го чувствуваат овие републиканци ја изразува болката што би им ја предизвикала невозможноста за нивно лично воздигнување. Можеби малку го демистифицирам патриотизмот, но, што можете да направите, не сум роден како поет, а во математиката на историјата открив дека, без овие републиканци, кралското семејство би било мртво и закопано пред шеесет години; дека без овие републиканци, кои ѝ ја направија на монархијата огромната услуга секогаш повторно да ја воспоставуваат власта секогаш кога народот ќе се обидеше да ја оттурне, Французите, вклучувајќи ме и мене, одамна ќе беа слободни. Монархистите, верувајте ми, нема да одат многу далеку денот кога овие републиканци ќе имаат екстремна љубезност да престанат да го практикуваат монархизмот. Монархистите, ве уверувам, нема да стигнат далеку оној ден кога овие републиканци ќе бидат доволно љубезни да престанат да практикуваат ројализам.

Она што го кажувам изгледа чудно, нели? Навистина е чудно; но и ситуацијата е чудна, а јас не сум еден од оние кои ги прекриваат новите ситуации со старите партали што ги преполниле сите тавани на револуционерното новинарство во последниот половина век.

Да се разоткрие политиката значи да се уништи

Дозволете ми да објаснам и, дури и по цена да се повторам, ќе го поставам следново прашање:

Што изразува гласачот кога го фрла своето гласачко ливче во кутијата? Со овој чин, гласачот му вели на кандидатот: Ви ја давам мојата слобода без ограничување или резерва; ви ги ставам на располагање, ви ги предавам на ваша дискреција мојата интелигенција, моите средства за дејствување, мојот капитал, мојот приход, мојата трудољубивост, целото мое богатство; ви ги отстапувам моите права и мојот суверенитет. Дополнително, се подразбира дека слободата, интелигенцијата, средствата за дејствување, капиталот, приходот, трудољубивоста, богатството, правата, суверенитетот на моите деца, моите роднини, моите сограѓани, и активни и пасивни, паѓаат, заедно со сè што ви го предавам по своја волја, во ваши раце. Сè ви е дадено за да можете да го користите онака како што ви се чини соодветно; моја гаранција е вашата добра волја.

Таков е изборниот договор. Расправајте, оспорете, дискутирајте, толкувајте, извртувајте, поетизирајте, сентиментализирајте, нема да промените ништо во врска со тоа. Таков е договорот. Ист е за сите кандидати; републиканец или монархист, човекот кој ќе биде избран е мој господар, јас сум негова сопственост; сите Французи се негова сопственост.

Затоа е сосема јасно дека гласачите го осветуваат и отуѓувањето од она што е свое и отуѓувањето од она што им припаѓа на другите. Затоа е очигледно дека гласањето е, од една страна, измама, а од друга страна, нетактичност, или да бидеме директни, грабеж.

Гласањето би било само универзална измама ако сите граѓани беа избирачи и ако сите избирачи гласаа; бидејќи, во тој случај, тие би останале ослободени, еден кон друг, од она што сите би го изгубиле со чинот на секој од нив, но ако еден избирач се воздржи или биде спречен, грабежот ќе започне. Ако од девет или десет милиони избирачи, три милиони се воздржат – овој број сега е достигнат – ограбените веќе формираат малцинство доволно големо за да се земе предвид. Античката идеја за чесност на власта е отстранета; забележете добро дека декаденцијата на моќта е пропорционална на пропаста на оваа идеја.

Да претпоставиме дека половина од регистрираниот електорат ќе се воздржи. Работите добиваат сериозен пресврт за гласачите и за владата што ја воспоставиле тие. Без сомнение, политичкиот скептицизам на целата половина од општеството ќе предизвика криза во неоспорените убедувања на другата половина. И ако земеме предвид дека такиот скептицизам ќе биде производ на пресметана, добро основана, промислена рамнодушност и дека ќе биде плод на интелект или слобода... што е исто – додека меѓу гласачите ќе се најде само инстинкт на стадо и приврзаност кон традицијата, незнаењето или самоодрекувањето – што исто така е исто – лесно можете да го процените поразот што таквата состојба ќе им го нанесе на поддржувачите на владата. Денес можеме да ја земеме таа претпоставка за валидна, бидејќи, ако сè уште нема четири милиони апстиненти гласачи, тоа сигурно не е затоа што имаат причина да си честитаат што гласале. Секое покајание подразбира признавање на грешката.

Да се зафатиме со ова: да претпоставиме дека сите противници на монархијата, преобратени во современиот принцип дека моќта не може да биде чесна, се воздржуваат од гласање и како основа за својот став ја земаат оваа неоспорна вистина: дека гласањето е истовремено и измама и кражба. Автоматски, укинувањето на општото право на глас, кое досега се сметаше за кривично дело во просветлениот поглед на јавноста, ќе донесе директен и масовен пад на монархистите, во смисла дека тие повеќе нема да имаат соучесници. Со оглед на тоа што, надвор од нивните сопствени редови, ќе најдете само луѓе кои претрпеле предрасуди – и чија неинтервенција ќе има рационална основа – крадците ќе останат откриени. Или поточно, заради здравиот разум, да речеме дека повеќе нема да има крадци. Бидејќи ако прашањето се сведе на овие тешки – но едноставни и пред сè автентични – термини; ако политиката, повлекувајќи се од својата поранешна лажна егзалтација, се сведе на ниво на обичен криминал – за кој отсекогаш била скриена, но вистинска инспирација – владината фикција е растерана, а човештвото е ослободено од сите недоразбирања кои досега лежеле зад сите судири и тажни настани.

Ова е револуција. Ова е мирна, мудра, рационална трансформација на традиционалниот принцип! Тука имаме демократска супремација на поединецот над државата, на интересот над идејата. Никакво вознемирување, никаква врева не може да се случи во ова величествено расчистување на облаците на историјата; сонцето на слободата сјае, без бури на повидок и, уживајќи во својот дел од дарежливите зраци, секој работи во јасната дневна светлина и се зафаќа со откривање на местото во општеството за кое неговите способности или интелигенција го оспособуваат.

Види: За да се биде слободен, треба тоа само да се посака. Слободата, која глупаво научивме да ја очекуваме како дар од луѓето, лежи во нас и ние сме во слободата. За да се постигне, не е потребна ниту пушка, ниту барикада, ниту бунт, ниту фанатизам, ниту фракционерство, ниту гласање, бидејќи ништо од ова не е ништо друго освен дозвола. А бидејќи слободата е чесна, таа може да се постигне само со воздржаност, спокојство и пристојност.

Кога од владата барате слобода, глупоста на вашето барање веднаш ѝ кажува дека немате поим за вашите права; вашата петиција е дело на подреден, вие ја признавате вашата инфериорност; ја забележувате нејзината супериорност и владата го искористува вашата незнаење и се однесува кон вас како што треба да се однесува кон слепите, бидејќи вие сте слепи.

Оние кои секојдневно се залагаат за имунитет од владата преку своите весници и се обидуваат да го шират ставот дека ја поткопуваат и ослабуваат, всушност ја поткрепуваат нејзината моќ и богатство - моќ и богатство кои се во нивен интерес да ги одржат затоа што се надеваат дека еден ден ќе ги постигнат со поддршка од народот, на збунет, измамен, излажан, ограбен, исмејуван, излажан, потчинет, угнетен народ, напаѓан од интриганти и кретени кои го намалуваат со своето ласкање, го исцрпуваат неговиот потенцијал, го украсуваат со помпезни титули како некој комичен оперски крал и го претставуваат, на забава на светот, како принц на колиба и темница, монарх на заморот и суверен на бедата!

Немам право да ви ласкам, бидејќи не сакам ништо да ви земам, дури ни делот од вашите беди и вашите срамови што е мој. Но, морам да побарам нешто од вас, од вас, да го разберете ова, а не од владата, која не ја познавам, која не сакам да ја знам, морам да ве замолам за мојата слобода која ја спакувавте заедно со вашата кога ја подаривте. Не ја барам на ваша сметка, зашто за јас да бидам слободен, и вие мора да бидете слободни. Научете како да бидете слободни! Доволно е да престанете да издигнувате некого над самите себе. Одделете се од политиката, која ги проголтува народите, и насочете ја својата дејност кон работите што ги хранат и збогатуваат. Запомнете дека богатството и слободата се неразделни, исто како што ропството и сиромаштијата се неразделни. Свртете го грбот на владата и партиите што се само нејзини слуги. Презирот ги убива владите, бидејќи само борбата ги одржува во живот. Конечно, бидете тој суверен кој не се расправа со својот народ и не се смее на смешните шеми на белиот монархизам и црвената влада. Ниту една пречка не може да му одолее на мирното и постепено пројавување на вашите потреби и интереси.

„Сè додека господарот од Тилак не знаел кој е тој“, вели една гасконска легенда, „управителот се однесувал кон него многу грубо; но кога Леди Жана, неговата дадилка, му ги открила неговите титули и квалитети, луѓето од замокот, на чело со управителот, дошле да се поклонат пред него.“

Нека народот им покаже на своите владетели дека повеќе нема да се одрекува од себеси; дека повеќе нема да се меша во споровито во лобито, и тогаш неговите владетели ќе бидат замолчени и ќе заземат почитувачки став кон него. Слободата е долг што го должиме кон себе, кон светот што сè уште ја чека и кон децата што сè уште не се родени.

Новата политика лежи во воздржаност, во апстиненција, во граѓанска неактивност, а од друга страна, во индустриска активност, со други зборови, во самата негација на политиката. Ќе морам поцелосно да ги развијам овие тврдења. Доволно е денес да кажам дека ако републиканците не гласаа на последните општи избори, немаше да има опозиција во Собранието, а ако немаше опозиција во Собранието, всушност немаше да има Собрание. Ќе имаше само врева меѓу легитимистите, орлеанците, бонапартистите и кои, во часот кога го пишувам ова, сите тројца би се урнале под ослободувачките свирежи на слободата.

Заклучок

Од сето она што го кажав - а наскоро ќе се навратам, или на она што го изоставив, или на она што можеше само несовршено да се развие во оваа презентација - следува дека целта на политичкото гласање е формирање влада; сега, како што покажав дека формирањето влада, и на опозицијата што служи како нејзина суштинска гаранција, беше осветување на неизбежна тиранија, чиј извор произлегува од спонтаниот подарок што гласачите го даваат на своите избрани претставници на своите лица и имот, како и на лицата и имотот на оние што не гласаат; следува дека, дури и ако отуѓувањето на суверенитетот не е глупост, туку право, кога оној што отуѓува располага само со својот дел, овој чин престанува да биде глупост или право и станува грабеж кога станува збор, со искористување на бруталниот разум на броевите, за правење на суверенитетот на малцинствата заеднички одговорен за судбината што некој ја нанесува на сопствениот суверенитет.

Додавам дека бидејќи секоја влада е нужно причина за антагонизам, раздор, колеж и пропаст, оној кој со својот глас придонесува за формирање влада е архитект на граѓанска војна, промотор на кризи и, следствено, лош граѓанин.

Можам да ги слушнам републиканците од државната служба како викаат: „Предавство!“ Не ме трогнува тоа; бидејќи ги познавам подобро отколку што тие се познаваат себеси. Имам шеесетгодишен долг со нив, а нивниот банкрот, за кој јас сум управник, не е најблагороден.

Исто така, ги слушам монархистите и империјалистите како се прашуваат дали можеби нема нешто да се собере од жетвата што ја наведувам; ова не ме загрижува, бидејќи ја наведов вредноста на нивната половна стока што е можно попрецизно.

Иднината не им припаѓа ниту на овие ниту на оние, фала му на Бога; а монархијата само чека диктатурата да ја изгуби последната преостаната канџа пред да го забоде последниот заб.

Предлагам на овие дами да им се извадат и канџите и забите.

Бидете внимателни!


l’Anarchie, Journal de l’Ordre, numéro 1. fr.anarchistlibraries.net
Наслов на оригиналот: "Manifeste de l’Anarchie". Превод: Томе Липовски. Според некои извори, текстот на Белегариг се смета за првиот анархистички манифест во светот, објавен на 1 април 1850 година во списанието L'Anarchie: Journal de l'Ordre.