#title Слобода или смрт #author Атанас Раздолов #SORTauthors Атанас Раздолов #SORTtopics македонија, поезија, историја, национално ослободување #date 1895-1914 #source „Нова и современа македонска поезија“, Матица македонска, 2012, Скопје. ур. Раде Силјан #lang mk #pubdate 2020-06-12T22:00:00 #notes препев: Гане Тодоровски. OCR: Аке; обработка: Анархистичка библиотека, 2020. *** НАПРЕД! Станете борци, кренете глава! Станете против враг вековит! Борбата задача нам ни дава Да биде урнат азискиот ѕид. Владици, попови со црни капи Слобода да ни принесат нема; Нема со топови турскиот катил Да нè застрашува во нашата земја. Затоа напред и „Напред!“ да гласи, Борба да јачи низ нашиот крај: Нека слободата да го краси Нашиот единствен земен рај. Да ни е света револуцијата и чиста, На сите да ни донесе спас; Славата нејзина да нѐ заштитува, да блиста! За воскрес наш да втаса час! Затоа напред, јуначки напред, Без малодушности, без трошка страв. Ропството грдо да се запре И да се пеплоса, да стане прав! Та, друго ништо не се ни може! Зарем на тиранот ќе му се жалиме? Да го парчосаме турсконо ноже! Така слободата ќе ја спечалиме *** КОЈ ЌЕ НИ ПОМОГНЕ? Слобода сакаме - Народот вика така. Кој да го слушне кутриот народ, Бугарија ли? Тракија? Дали учената Европа, Којашто гробот нам ни го копа? Или пак сениште од некој храм Спас ќе ни донесе нам? Бугарија или Тракија Од друго вино се опија; А од просветената Европа Без „Батак“ не ни тропа И нигде никому чуда За спас не му се нудат, Затоа: кутрете - чинете И - сами накај правдините! *** КОН ЈУНАКОТ Јунаку храбар! Јунаку смел! Гората веќе е в пролетни пелени. Уште ли патот не си го зел Накај рудините планински, зелени? Кадешто животот ти поминал, Кадешто крвта арамиска ти зборнала, Кадешто си ајдукувал од мал Со сѐ дружината верна и зговорна. Дали ти слушна очаен глас Како надојдува од татковината!, Уште ли ќе нѐ гнетат нас Ропството тиранско и темнината? Не паѓај в очај, јунаку драг! Напред со знамето алово, вжарено; Веј го пред очи на клетиот враг, Сегде кај мракот азиски царува. Земи му мерка! Урни го сет! Нека се затре, нека се дотолче, Бидејќи не се трпи тој гнет - Народот треба радост да дочека! *** КОН СТРУМА Ој ти Струмо, тивкотечна! Љубов вечна и срдечна Прими, потем препрати ја До браќа ми поробени - Препрати ја, позлати ја Со зборови позлатени: „Со молење престанете! Сите простум застанете. Дојде кова, дојде време Ние да се совземеме, Да застанеме на пат На тој душманин што ко ат Преку леи и тумбази Слободата ни ја гази. Дружно да се поткренеме, Да викнеме: дојде време И додека „Ај!“ се зборне, Враг да сотреме од корен! *** КОН ГОРАТА Горо! Горо осланета! Шуми горо, душа слади, Шуми, оти на јунакот Од многушто му се згади: По туѓина да се шлае, Да се скита и теглила Тој да гледа, немтур да е В Македонија жална, мила. И ти кукавиче сиво! Дај, закукај - стај му намек На турсконо племе диво Дека борба прифаќаме! Дека сите тргнуваме Во борба, на „или-или!“ Во смрт или напуштање Во нивното царство гнило. *** КОН МАКЕДОНЦИТЕ Мили Македонци, кај и да одите, Не заборавајте кај сте се родиле! Другари искрени мои, запомнете: По пари не се лакомете! Повеќе разум и повеќе чест. Вардете дом свој - своја чест! Кон своите маки вие свртете се, Љубов во душата внесете. Вашите убости читак ги милува, Сестрите ваши ви ги силува. Плодете мисли и сознанија, Доста со солзи, плач, риданија - Одвеќе трпевме, но дојде час Дружно да тргнеме напред кон спас; Во револуција да се кренеме, Сите да викнеме: Светот џенем е! Долу со чорбаџиите и со тираните! Долу везирите! Долу султаните! Долу беговите и кајмакамите! Слободата ко сонцето да свети, Рајата раат и радости да сети! Македонијо, Македонијо, Ти вечна кланица! Земјо - маченица, Земјо страдалница! Ако ја имав Крале-Марковата сила - Сета отоманска Империја гнила Под нозе би ми била! Ќе немаше Варварите - султаните Да ни се ко црвје Во раните...! *** УШТЕ ЛИ? Уште ли, робу, ти ќе очекуваш Слобода да ти дарат царовите? Уште ли мислиш да коленичиш, Поради милост пред злосторите? Уште ли Абдул Хамид ќе ги владее Волјата твоја и животот твој? До кога тој ли ѕвер ќе беснее, До кога стопан ќе биде твој? Уште ли, робу, ти ќе си робуваш? Глеј колку прекрасна е природата! Уште ли нема ти да разбереш Како се добива слободата. Зар тебе ропството не ти дотежна? Тој живот скотски ти што го живееш! Нели ти, робу, стана омразен? До кога мислиш така да црнееш? Но, доста, робу, в ропство си стоел! Слобода скапа барај со сила, Слобода, каква што тука на земјата До денес не се извишила! За неа жртви се потребни, робу, Таа, слободата, не се пека Со темјан, свеќи, ниту со молитви - Таа во борба се дочекува! Но, напред, робу, во борба напред! Со меч и оган, со бомби, пушки, Да му ја скршиме главата на големион Убавец Хамид, - да го срушиме! 1897 Г. *** ПРЕД КАФЕЗОТ Славејчето гласовито Во кафез мал пее, А пак мене јад срцето Ми го полни, лее. Но, набргу славејчето Молкнува... се чини: Жаловито загледува Височини сини! И - потоа, глава ведне, Мижи и се руши... Засекогаш издивнува: Душата ја пушти! Таа песна на славејот Ме боли, ме дразни - Така денес и јас страдам Од тирани разни. Денес и јас ко славејон Чиниш в кафез стојам; Пеам, тажам и копнеам По друшката своја! Та животот и за мене Зандана е тмурна, Та, судбина зла и мене В неволи ме турна. Другарка ми и мајка ми Далеку се сега, По севезден жал по мене Кутрите ги стега. А јас самјак низ Софија Гол и бос се шетам, Јадови по крајот татков Во срцето гнетам. Туку, кому ли ги зборам Зборовите жални?! Многу ретко има луѓе Чесни, идеални. Пријатели немам, кои Ќе можат да слушнат Што ли љубам, што ли мразам Со младава душа! Софија, 26 октомври 1897 г. *** НА ТРАЈКО КИТАНЧЕВ (Почина од срцев удар на 1 август 1895 година во Софија. Тој беше бесценет за македонското рело; неговата ангелска душа, неговото непорочно срце и неговата неисцрпна љубов кон клетите робови нема „лика и прилика": тој е идеал, тој е светец, тој е брилјант народен!) На младини умре, но само со телото; Со духот ти вечно ќе ни живееш. Доблесно се бореше со зборот, со делото, И ти заслужуваш да бидеш воспеан!... Твоите заслуги, човеку светол, Нема да бидат неприпознаени; Народот вечно пее и плаче За борците знаени и незнаени! Проклета, Трајче, судбината да е Што ми те прати рано во гробот; Душата што ти ја сотре, да чмае, Што ми те оддели рано од робот! Таа ти смири бујно срце, Таа ти затвори медовна уста; Таа ти постави скрстени раце Да гниеш в земја црна и пуста! Твојата загуба, Трајче, е тешка, Борците никогаш не ќе се смират; Но, твојот спомен ќе им се мрешка Како знак - в борби да не запираат! Ти млад ни умре, бессребренику, Но, вечно духот твој нас ќе нѐ крева; За тебе робот наш мил ќе плаче, Тебе поетите ќе те воспеваат! И нека твојата свештена памет Борците наши ги води в бој - Сите, за правдата бесцена, света, Животот ќе го дадеме свој! Сливен, 15 јануари 1898 ѓ. *** КОН СРЦЕТО ИГРАЛИТО Немој да страдаш, срце игралито, Во бујни гради не ми се траќај! Слободата, ко сонце, наврапито, Со добро за лошините ќе враќа. Народот, ене, веќе го гледа Злото, како си догорува - Средства тој бара, средства се редат, Борбата него не го изморува. Не трпи робот веќе врз вратот В тирански јарем да е прегнат; На борбата го одбра патот - Нејќе во покорност да е стегнат. Бес ќе ги стресе тираните, Борбата ќе им смрачи лика, Ќе крене робјето востание И на слободата ќе и клика! Немој да страдаш, срце игралито, Часот е крвав и славен, слушај! До што е живо ќе стане, ќе навали - Крвникот Турчин ќе пушти душа! *** МАЛЕШЕВСКИ ГОРИ Во вас се родив, Малешевски гори, Духот мој, во вас, слободен се стори, Туку, тиранството - ужасен гнет, Мене ме набрка в белиот свет, Турчинот жесток ме клоцна во туѓината, Разделувајќи ме од татковината. По твоите честаци, по полјаните, Борците храбри, великаните, Во борба стотици стануваа, Куршуми нив ги пронижуваа, Ним си им сега гробница клета, Мајчичка мила, мајчичка света! Твоето сртје, твоето врвје, Твоите долови пливнати в крвје, Твоите пазуви копнеат да им дадеш Колку за закрила - сенародна надеж, Твоите чеда низ вас се скитаат Правина да ти донесат итаат. Во вас се кренал Иљо војводата Со крв да ѝ наздрави на слободата, А Стојмен, стариот јунак, ставил Пушка на рамо, прв се јавил Препашан со фишеклиите, За да ги разгласи арамиите, Како заштитници на рајата И врагови на агата. Низ вас се шетам, родни планини, Ги абам своите златни младини. Ме следат волците, лисиците, Ми кобат коба стрвниците и птиците, Вијат и пиштат, крештат, се церат, Врз мене канат да се зберат, Жално врз мене вртат и гракаат, Чунки да ме дочеречат сакаат, Мене - на црното ропство рожба, Мене - најгрдата грешка божја. Но, вие, гори малешевски, будни, Пак ќе запеете песни чудни За мене клетник, за војводата Паднат за братството, слободата, За народ поробен што пати, Кому слободата се ќе му врати! Туку не верувам, прекрасни гори, Тоа тукутака да се стори... Мене судбината ми одредила Тука да изгубам бујна сила; Тука, во борба лута и света Крајот на животот да го сетам; Само, каде и да паднам Од нечија рака гадна, Завештанието го давам мое: Поп над гроб да не ми пое! *** ЗАД РИЛА В крвје се капе зад Рила робот, Дури од лулка па до кај гробот; Ужасни маки, тешки неволици Кутриот трпи, Богу се моли! Но, нема Господ - да слушне барем - Робинки црни чемреат в харем; Мајките клети - се в црна руба, Момците моми млади си губат. До што е будно и свесно што е Во пранги тешки окован е; Турчинот крвник диво се ѕвери Сила со камшик и сабја мери; До што е старо, неврсно, мало, Злосторство в гроб го напикало. Горчливи солзи, недоброј жртви!... Султанот ниже мртви зад мртви. Но, запри солзо, насмевко, никни! И таму сонце јасно ќе бликне. Секоја нафатка што се крева, Длабока вера в град ни влева, Кон ДЕН НА ПРЕСМЕТКА одиме ние, Борбата расне, ботее, врие, Народ со крв сè душману плаќа, Слободата, право, вековна мака! Султанот нека да сее смрт, и Камшикот бесно нека го врти... Започна бунтот - се одзва робот; Или во слобода или кон гробот! *** БОГ Велат: „Има Господ, сепак, Пречек во рајот тој ни спрема, Кај што душата ја крепат, Кај што мака вечна нема“. Ох, колку ли е измамен, Во маглишта верувајќи! Ох, колку е тој заблуден, Со збор, прелажен мавтајќи! Има Господ, сите знаат, Но, на небо не е скриен!... Џенемот и Бог со рајот На земјава си се тие! Тој што гнете што го краде На народот трудот, сјајот, - Нему Бог ќе му се најде, Тој е слободен во рајот. А пак тој што правда гласи, Што се талка гол и скуден, Секој од него се гнаси, Нему пекол му е суден. *** МИХАЉАНО И ФИТОВСКИ Нека на тие со срамна цел прославени никаквеци, по име Михаљано и Фитовски,
да им посветам и јас неколку редови во знак на негорување од
нивните шпионски души и продажни совести.
I Михаљано и Фитовски, На исламот кучињата, Од „злосторник“ македонски Загинаа двамината. II Се раздвижи в Романија В долж и в шир до што е живо, Против волна Бугарија И се што е справедливо. III Дипломати се вџашија Од австриско-руска страна, Остри ноти разменија Против „злото“ на Балканот. IV Пресреќни се богатите Заштита што ќе им дадат; Запејаа по крчмите: „Од џеб пара нам ни крадат“. V „Долу сета џган проклета, Комитите, суртуците, Македонците се ,пцета‘ Да се пикнат в затвор сите!“ VI Туку, чујте, дипломати: Народ срдба разгорува; Изедници и џелати, Чујте робот што зборува - VII Ерменија, земја ропска, В крвје душманин ја дави, Но, вашата душа скокотка Пред светот ни да се јави. VIII За двајцана, шпионине, Во бол срцето ви пати, Со Турцине - тиранине Љубезно сте прегрнати. IX 0, врагови на правдата, Тешка прелегаве гнете! Не сметајте слободата Дека ќе ја подзапрете! X Робот клетник македонски До што е бол - ќе го жегне, Но, јаремот отомански Нема веќе да го тегне. XI Ќе нè бесат, ќе не внесат Зад затворски лемни врати, Но, пак нема да нè стресат Варварине - дипломати! XII Не сме ние ни Романци, Ни Бугари, Грци, Срби, Разберете нѐ, поганци, Денеска сме црно робје. *** ПРЕКУ КРВ СЛОБОДА Послатко нема ништо на светот - Слобода преку крв да се земе! Така ни кажува делото свето: Народ да востане, и бунт да крене! Секому знајна вистината е: Ништо со молитви не се врши! до што е човек одамна знае Робот сам јаремот ќе го скрши. Секој нè толче, убива, гази. Но, кој да зборне за судба мрежна? Младост и чест ни сотреа врази, Над нас облачишта црни тежат. Сиот свет учен е спокоен, блажен, Никакво сочувство не го движи, Нема тој за нас ни збор да каже, Нема за нашите болки грижи. Но, денот крвав иде, се вести, Ко грмеж небесен ќе се втурне; Тиранот бесен сè ќе обесчести. Дом ќе ни спепели, мир ќе ни урне. Ќе се подналути народот тогаш, Умот и духот, срцето клето, И ќе ги повика за правдата Бога. За срам на векот, за срам на светот! Ќе биде тоа свештена, тешка, Нерамна борба, и ќе ја водат Робовите врз своја плешка, Низ крв и оган - кон слободата! *** ЕДИ КУЛЕ (Ужасен солунски затвор) Дому на солзите и на воздишките, На пекол страшен, ужасен џенем, Солунско кале, паметник римски си, Кадешто цутот народен венее! Мачилиште си кадешто гинат Недоброј јунаци - смели, млади, Оковани во пранги в маки зинат И крвје им навира од гради. Младино златна, народно цвеќе, Овдека губиш младост и сили, Султанот мачител одамна веќе Се зафатил да те обескрили! Не се занесувај ти древно кале И тебе пепел ќе те сторат И Македонците што востанале Низ дим ќе разгласат зошто се борат! Набунт се крена народната сила, Бунтот е борба за вистината, И, в таа турска држава гнила Ќе светне сонцето на правината! *** КОЈ СУМ ЈАС Со плач го почнав животот ропски, Завиткан в партал, во сопче ледно. Уште до денес живеам скотски, Син сум на мајка - семејство бедно. В чистота плови срцево клето; В разврат и порок не сум се свалкал; Совеста чиста ја пазам свето. Среќен сум дека смерно сум талкал. Роден сум беден - живеам в беда, Мост не сум ничиј, но мост ќе кренам! Да бидам честит и правдив гледам, Доблест со подлост нема да менам. Но секој в очи сокрива раски: Тој што е чесен - вечно ќе страда! Тој што е подлец - живее царски. Слуга да не сум сè ќе дадам! Од љубов жива копнеам сега, Кон земја родна, клетница мила; Срце ми штрека, в болки се стега, Да трпи нејќе - изгуби сила. Тупоти кутро, бранува сили, Врие од жед за одмазда строга. Лудува крвта, трча низ жили, Зоврива болката многунога. Горката солза, плачот на робот Душата в немир ми ја впрега... Јадот ме гони силно кон гробот, Претешка мака срце ми стега. Нажален не сум дека ќе паднам Во борба бурна, тивко, без следа, Дека ќе згнијам во земја ладна, И дека живеев во тешка беда. Жално ќе биде в гроб да се легне Како кукавица, како парталешка - И бол татковински да те жегне Од Македонија - ко клетва тешка! *** ДРУГАРИ, ПРОСТЕТЕ! Другари простете оти сум полн со јад, Тргнавте вие по тежок, опасен пат, Но, свет и славен! Ех, збогум, другари, ја знам Јас в немоќта своја - полуслеп чекорам. Јас љубов имам, чувства имам... надеж... Туку виделото ме стори со вас да не сум рамен. Тоа, проклетото, мене не ми даде Да бидам со вас, во бој, под едно знаме! Но кога куршумите ќе подземат лет И горите ја зафатат песната - ајдушката - Спомнете си за мене, ваш другар полуслеп, Оставен сам да тагува во душата. Јас бездруго ќе втасам в тој крвав себичас, Со сознајби оти се готвев сам Со бомба в рака гроб таму да си најдам јас, Бидејќи в жал и јад ќе потонам! Та, мене ми се познати настаните, Се ми е знајно - и доброто и злото! И кога денес беснеат тираните Ме кине мене јад во срцето од дното. Но, запирам... Бидете жестоки и строги, Немајте милост кон некој кожодер! И знајте: власта е власт и таа не е од бога, И затоа - сотрете го турскиот тиранин-ѕвер. *** ТАТКОВИНА Очите црни солзи ми леат Штом ќе го спомнам селото мое - Градите в копнеж ми богатеат... До што е видно се прекрасно е! За првпат таму светот ме плени, Започна младоста да јакне. Уште го помнам божествениот - Од моме свидно првиот бакнеж. „Черлија“ славна, „Огражден“ чуден Срцето кпето ми го брануваат; Оние гори, планини руди, Спомени стари ми превртуваат! Сурии овци, недоглед стада, Низ таа раскош безгрижен пасев, Чемреев, пеев, бладав и страдав, Со многу тајни младешки растев. Не знаев тогаш неправда што е, Ни што е таговно, што жално! Немаше крилја срцето мое - Таму ми беше сè идеално. Но, така беше за кусо време. Кон друга страна судбата ме свлече. Јас веќе вкусив од друго семе И еве животот што ми рече: Да бидеш учен, в занес момчешки Значи да бидеш тиран-злосторец! Или ќе влечеш окови тешки Или ќе бидеш народен борец. Не може робот со роб да се бори Без на слободата да сети радост; Та, тој е среќник, и не му пристои Нему поголемка земна сладост! Но штом ќе сфати кој е и кај е И како да се живее чини, Тогаш да протестира тој ќе знае, Бидејќи потонал в немаштини! И ми се случи таква згода: Вкусив од доброто, го познав злото, Го видов образот на слободата, Далеку-далеку од теглилото. И денес кога кон татковината Јас ќе си спомнам со надеж да ја видам - Софија в мрак ми останува, чинам, И сакам таму пак да бидам! Ех, колку среќен би се сетел Да можев сега таму да се вратам, Во крајот роден - кајшто си бев дете, Да си ја приспомнам младоста златна! Туку минатото не воскреснува, И таму да сум, пак роб ќе бидам, Времето детско, времето пастирско Никогаш нема јас пак да го видам!... *** СЛОБОДА Низ оганот на бунтот што се здаде, Низ борба нерамна сè ќе сломиме - За на слободата пат да и се даде И љубов братска да задомиме! O, чудно чувство! Слобода мила! Божице светла! Маѓосно сонце! Ах, зошто немам огнена сила Да ти го опишам сјајното лице?! За тебе слободо долго се чека, В крвје се тоне, в крвје се плови, Низ борби преку векутума-века Правдата бунтот ќе ја благослови! Но, молкни срце! Добродетелта На робот конечно збор ќе му даде. Успешно врви си ти кон целта: Се нека цркне, Свету без надеж! Софија, 10 јули 1901 г. Во затворот на Петтата полициска станица *** БАКУНИН, МАРКС И ТОЛСТОЈ Социјализмот и анархизмот
- Како ученија велики, свети,
Ќе го расшкембат тие монархизмот
На крвожерните цареви - џелати клети.
Да имав сили, да бев динамит, Јас ќе го урнев светов мрачен, сит! Ех, да бев бура, ураган да бев, Ни еден тиранин не ќе оставев! Нанадолу со глава имаше се да свртам, Немаше роб во животот да трпам! Та јас сум силен бидејќи мојот Бог, Бог на Вистината е - на сѐ е проблесок! И тргнав јас да барам пат за в рајот, Кајшто на злото му запира крајот. Долг пат ќе беше, пат кривуличав, и јас по тој Пат борби и борци видов недоброј. Вековите облеани во крвје Се вишеа а покрај патот, в немо врвје Мојсеј и Буда, Христос и Мухамед И уште Јан Хус, стоеја в еден ред, Гледајќи мрачно кон Монт Еверест, Таејќи за доцнењето на светот бес... И кон иднината, кон Запад вртам поглед чист, Од кајшто вее зефир игролист, Од кајшто духот на слободата, ко мирис, На умот питомината ја шири, Се завртев јас, влез да побарам, За братство, еднаквост и слобода да знам. Но, само на слободата јас лик и фатив, Цел нужна борбата за да се сфати, Низ три белезици ја видов како треска: Трговска, попска и војно-царска... В далечина, кај светат видов јас Бакунин, Толстој, Дарвин, Иго, Маркс. Ги почитам јас сите нив од ред И уште други големци од овој свет, Но, највеќе го сакам, во ова време кризно, Бакунин - таткото на бунтот и тероризмот! *** НА РЕВОЛУЦИОНЕРНИОТ ОРГАНИЗАТОР ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ (македонскиот Левски) „Тој што ќе падне в бој за слобода, тој не умира “ Христо Ботев Плачи земјо, крају мој роден, Низ глас двоен плач да тече По бесценет син народен Млад што ојде в покој вечен. Туку зошто в плач да гргам! Вечен е тој што се бори; Друг зад него веднаш трга, Оганот на бунтот гори. Таа ѕвезда патоводна На небото не се гаси, Во борбата доброплодна Споменот му в сјај ќе краси. Цели осум зли години Земјата ја крстосувал, По полиња и долини Борбата ја разгорувал. В лути битки со тирани За слобода и правини, Народот свој тој го бранел, Посевезден по планини. И заврши свое дело Со нетленен голем венец; Со пречисто чело бело Тој загина како светец. Духот секаде му лета, Вабејќи во борбата - Идол правдата му беше. Бог му беше светлината. 1 јуни 1903 г.