Боб Блек

Феминизмот како фашизам

1983

Како што пишува во една позната детска книга, свињата е свиња, без оглед на обликот на половиот орган. Илзе Кох била нацистка, а не „сестра“. Љубовта не е омраза, војната не е мир, слободата не е ропство, а палењето книги не е предвесник на слободата. Антиавторитарците кои би сакале да станат револуционери се соочуваат со многу тешки прашања. Затоа на почеток би требало правилно да се одговори на некои од нив.

Ако ги оставиме настрана сите хиперболи и метафори, она што денес се пласира како „радикален феминизам“ всушност е чист фашизам. Радикалниот феминизам промовира шовинизам, цензура, матернализам, псевдоантропологија, постојано трагање по жртвени јагниња, мистично поистоветување со природата, псевдопаганска религиозност, апартхејд, нагласена униформност на мислите, па дури и на изгледот (во некои населби салонот за убавина ХЕРА ги нуди своите услуги на феминистки кои сакаат да изгледаат особено „феминистички“). Злокобен показател на континуитетот во однос на класичниот фашизам е и карактеристичната комбинација на лична иницијатива и државно насилство. Оттаму, Open Road, анархистичкиот Rolling Stone, силно ги поддржа неодамнешните антипорнографски акции во Ванкувер, иако не како пример на директна акција, бидејќи тоа веќе би било некоректно, туку како притисок врз власта и нејзините органи на прогон конечно да започнат да си ја вршат својата работа - да прогонуваат. Тоа е поздравено како голем успех. Во Италија, по Првата светска војна, фашистичките банди ги напаѓаа социјалистичките и синдикалните активисти со премолчено одобрение од полицијата, која понекогаш интервенирала, но секогаш против левичарите. На сличен начин и во Америка е водена војната против некогаш моќните Industrial Workers of the World. Затоа еднаш се запрашав: „Зошто тие жени не сакаат да одат со никого во кревет освен со типовите од Директна Акција ?“.

Не станува збор за тоа дека се премногу уплашени од порно индустријата, од нејзиниот профит, од нејзиното „право“ на слобода на говор или нејзината сопственост. Тоа е целосно надвор од прашањето коешто овде се поставува, а кое гласи: зошто токму таа и само таа индустрија? Изборот на оваа мета укажува на постоење на план и листа на приоритети, така што не може да се прифати како спонтан излив на антикапиталистичко расположение. Оние кои водат промислена политика немаат право на жалба доколку некој ја доведе во прашање таа политика.

Фашистичката идеологија на своите муштерии, на својот избран народ, секогаш им се обраќа истовремено како на подредени и на супериорни. Германците, всушност, не ја загубија Првата светска војна. Како воопшто е можно такво нешто? Тие по дефиниција се супериорна раса. Според тоа, некој им забил нож во грб (иако тогаш останува нејасно како една супериорна раса воопшто можела да се најде во таква ситуација?). Мажите, и тоа само тие, како што пишува во жалопојката на Антипорнографското движење (АПД) објавена во Kick it Over (Торонто), „ја создале оваа по природа деструктивна и со омраза кон жената исполнета култура“. Ако тоа е точно, тогаш или придонесот на жената кон човечката култура е рамен на нула или во таа култура има уште нешто, можеби дури и нешто сосема друго, што ја прави деструктивна по природа и исполнета со омраза кон жената.

Заради своите цели (од коишто некои се сосема приземни, како на пример, сексуалното ривалство со хетеросексуалните мажи околу жените на коишто и едните и другите им фрлаат око) самонаречените радикални феминистки всушност ја сведуваат жената на беспомошно, вегетативно суштество, пасивна жртва на машкиот презир и насилство. Овој за жената длабоко навредлив став, далеку ги надминува достигнувањата на најцрните патријархални идеологии - еврејската претстава за жената како извор на нечистотија или ноќна мора на христијаните, жената како олицетворение на Искушението и нескротливата природна сексуална сила. Тие ја сфаќаа жената како олицетворение на злото, но не и како беспомошна. Овој нов стереотип, за жената како жртва, е директно продолжение на викторијанскиот патријархален став којшто (буржоаската) жената ја сведуваше на инертен украс. Оспорувајќи ѝ ја на жената креативната моќ, својствена секому, радикалните феминистки го ставаат проблемот на жената на исто рамниште со, да речеме, случајот на бебињата фоки.

Да претпоставиме за миг нешто што можат да го оспорат само најдементните феминистки и женомрзци: дека нештата не се баш толку лоши, во смисла дека жените биле не само пасивни, туку и активни учеснички во историјата. Како е тогаш можно жените - или која било друга угнетена група, работници, црнци, домородни народи - во потполност да бидат амнестирани од одговорноста за постоење на аранжман во кој се осудени на нечија доминација. Тоа значи дека освен отпорот, тука имало и многу прилагодување. Никој нема право пред тоа да ги затвора очите.

Никогаш не ми пречело тоа што некои жени не сакаат мажи, дури и ако целосно ги одбегнуваат. Ни самиот не сум особено луд по нив, а особено по оние архетипски „мажишта“. Сепак, не можам а да не забележам дека огромното мнозинство жени ги сака токму таквите. Тоа го забележуваат и радикалните феминистки и тоа ги доведува до лудило. Прв ќе се сложам дека мнозинството често не е во право. Но, во тој случај јас ќе го критикувам ставот на мнозинството; нема да се преправам дека зборувам во негово име. Наспроти тоа, радикалните феминистки себеси се гледаат како предводнички. Како такви, тие мораат на некој начин да ги рационализираат своите анимозитети: затоа и им успева од своите предрасуди да создадат демонологија на еден од кур детерминиран свет. Мразејќи ги мажите, тие нужно ги мразат и жените.

Со изедначувањето на порнографијата со силувањето - а тоа, се чини, е главната аксиома на АПД - се постигнува само тоа порнографијата да делува посериозна отколку што навистина е. Од друга страна, доколку мажите се газди и доколку суштинската тенденција на системот (како што тие тврдат) е „денатурација“ на секоја опозициска иницијатива, чијшто револуционерен потомок се токму радикалните феминистки, тогаш како последица на тоа, силувањето, во споредба со таквото чудовишно насилство, делува прилично тривијално. Изгледа дека тоа сепак е само стара приказна за жената која го расплакала волкот.

Според феминоидната епистемологија, мажите не знаат ништо за вистинската природа на жената. Од ова логично би можело да се претпостави дека отуѓувањето на половите, коешто создава дискриминација и коешто им доделува различни улоги, делува обострано, што мнозинство од нас бездруго и го тврди врз основа на сопственото искуство. Но, не: мажите не знаат ништо за жените, но затоа жените, или барем нивната феминистичка авангарда, знаат сè за мажите. Тие точно знаат што е тоа порнографија и какво значење има таа за мажите кои ја пишуваат и читаат, што лезбосепаратистките, кои на секој начин избегнуваат секс со мажите, особено го ценат. Колку повеќе вашето искуство е оддалечено од вистинскиот живот на конкретните мажи, толку подобро ги разбирате. Најпосле, зарем папата, како што барем самиот тврди, не е врховниот авторитет по прашањето за жените и сексуалноста?

Наводното тврдење за поврзаност на порничите со силувањето е алегорично, не е емпириско. Може да се спореди со неодамна обновената лудост дека користењето марихуана води до зависност од хероин, што освен што е апсурно, истовремено е и од корист за државата. Кога феминистките не би постоеле, конзервативците би морале да ги измислат. Зошто - по ѓаволите! - сите машки легислативи секогаш ја криминилизирале „опсценоста“, а сите машки судови ја изземале од уставна заштита? Кога АПД харпиите би им обрнувале малку повеќе внимание на вистинските луѓе, а не само на своите хистерични проекции, би откриле дека порките не играат голема улога во животот на мнозинството постпубертетлии; и тоа не заради нивната политичка коректност, туку затоа што порнографијата ја сметаат за претерана, лигава и, на крајот на краиштата, потполно инфериорна во однос на она вистинското.

Феминистките-палителки на книги се најобични кукавици. Ако она против што се бунат е присилната социјализација на жената во смисла на наметнување подредена улога во однос на мажот (при што истата улога во однос на доминантните лезбијки се смета за простодушна играрија), тогаш нивната главна или дури единствена преокупација би требало да бидат Cosmopolitan, романите на Барбара Кортланд и огромната продукција на популарна, криптографска литература наменета за жените, којашто овие ја голтаат како луди. Пред петнаесет години, тогашните радикални активистки (кои во меѓувреме станаа истакнати свештенички, правнички и бирократеси во подем) барем напаѓаа истакнати непријатели, како Хју Хефнер и Енди Ворхол. Денес, нивните наследнички ги тероризираат клинците, анархопанкерите, затоа што на нивните колажи Маргарет Тачер е прикажана како диктатор, како „мајка на илјадници мртви“, а не како „сестра“. Тоа е логиката на тој бизарен, биолошки детерминизам: секое животно со вагина е една од нас, а секое привилегирано куре е еден од нив. Помнам едно прашање од еден скеч на The Firesign Theatre: „Но, кој сум тоа ние?“

Мажите-левичари со задоволство и лесно му даваат поддршка на ова феминистичко силеџиство. Станува збор за комбинација, толку типична за левичарите, за чувство на вина заради сите минати неправди (генерално, оние кои се чувствуваат виновни кон жените, црнците, странците или која било друга категорија, обично и се виновни) и актуелните амбиции да влезат во левичарско-феминистичките панталони. Оттаму, во Беркли, Калифорнија, каде што некогаш живеев, врви од преобратени машки „феминисти“ кои се надеваат дека тоа ќе им помогне полесно да легнат нешто. Се чини дека истиот циркус се случува и во Торонто, а без сомнение и на други места. Овие скриени амбиции сами по себе не ја дискредитираат идеологијата со којашто се обидуваат да се поврзат; до вистинскиот одговор можеме да дојдеме следејќи ги најлошите намери. Без оглед колку оваа приказна му делува идиотски на некој отстрана, инаку необјаснивиот пароксизам на овие (машки) интелектуалци станува јасен дури кога во него ќе се препознае една себична и крајно неискрена рационализација.

Можно е за некои луѓе овде жигосаните идеологии да се нешто низ коешто мораат да минат како во доволна мера би се ослободиле и вклучиле во борбата за општо ослободување. Веќе се случило некои феминистички ученички да се придружат во заедничката потрага по слобода, при што претходното искуство на некои од нив само ги обогатило. Секој од нас, кога ќе погледне зад себе, има свои причини за неудобност: марксизам, либертинизам, синдикализам, објективизам (An Ryand), итн. Да не миневме низ ситото и решетото на тие идеологии можеби никогаш немаше да дојдеме дотаму да размислуваме со своја глава. Да се биде (и остане) троцкист, езуит, значи да се биде верник, со други зборови - топук. Но сепак, упорното пробивање низ кој било систем може во еден миг да ни укаже на можноста за излез од самиот Главен систем.

Сепак, мали се шансите за тоа сè додека женските критичари се третираат како отпад, а машките игнорираат или клеветат од принцип. (Слична практика користат и ционистите: странските критичари секогаш се „антисемити“, додека критичарите Евреи можат да бидат само „еврејски автошовинисти“.) Сепаратизмот како општествена програма е целосно апсурден и оптоварен со бројни контрадикции. Но, делумната изолација може да ја олесни регрутацијата на нови искушеници и полесно да ги замолчи оние коишто имаат поинакви докази и аргументи - пристап кој феминистките го споделуваат со следбениците на Муни, Харе Кришна и другите култисти. За среќа, нивната доктрина и културното милје се крајно непривлечни. Навистина, меѓу радикалните феминистки сè повеќе забележувам сè повеќе седи глави: како што одеците на политиката и културата на 1960-те сè повеќе се губат, сè помалку и помалку жени покажуваат интерес за феминистичкото перење мозок. Радикалните феминистки во рани дваесетти отсекогаш биле малку, а сега ги има уште помалку.

Радикалниот феминизам (нема смисла да се дискутира во врска со самиот поим со оние коишто на него инистираат) е идиотска, омразувачка, сексистичка, догматска конструкција којашто својата со ништо заслужена револуционерна репутација ја должи единствено на оние коишто ја сметаат за сериозна. Крајно време е да се престане со поддршка на овие терористки на тривијалното и конечно да се утврди нивната одговорност за проповедањето геноцидна хистерија и практикувањето на истото зло за коешто тврдат дека е насочено против нив (дури и силувањата, ако баш инсистираме на сè!). Како да му се стави крај на феминофашизмот? Тоа е барем лесно: само држете ги за збор и третирајте ги како еднакви... а потоа слушајте ги како цимолат! Царицата е гола - тоа е она што јас би го нарекол опсцено.


Bob Black, The Abolition of Work and Other Essays, Loompanics, 1985. theanarchistlibrary.org
Наслов на оригиналот: "Feminism as fascism". Превод: Стефан Симоновски.