Боб Блек

Големиот национален празник

1998

Приказ на памфлетот Големиот Национален Празник и конгрес на работничката класа од Вилијам Бенбоу (William Benbow), прв пат објавен во Лондон 1832, а потоа 1998, во издание на Pelagian Press.

 

Овој некогаш прочуен памфлет за прв пат е објавен во Лондон 1832 година, во издание на Националниот синдикат на работничката класа. Автор на памфлетот бил Вилијам Бенбоу, тогаш во својата 48 година, англиски занаетчија (чевлар) и долгогодишен политички агитатор, чиј историски придонес кон радикалната политичка мисла била идејата за „Големиот национален празник на работничката класа“ – подоцна познат како Генерален штрајк. Бенбоу повикувал на општо, едномесечно запирање на секоја работна активност, во тек на кое производителите би формирале Конгрес составен од свои претставници, со цел „да обезбедат среќа на големото мнозинството на човечкиот род, чијшто далеку најголем дел го сочинува работничката класа“, на ист начин како што и претставниците на елитата се собират во својот Конгрес за да ја обезбедат својата среќа.

Бенбоу не е сосема прецизен околу тоа што еден таков Конгрес би требало да работи, но неговите идеи се во суштина левелерски[1]. Англиското општество било гнило затоа што „од една страна постои многу слободно време, а од друга многу тешка работа“. Според него, секој богат безделник би требало „да се натера да работи за да ја излечи својата расипаност“. Но, за разлика од синдикалистите, кои подоцна повикуваа на генерален штрајк, Бенбоу – колку и да бил склон да ги романатизира работниците како оличја на доблести – никогаш не ја славел работата ниту покажувал желба да ги подвргне масите на шармот на производството. Тој просто инсистирал на еднакви права и еднаква одговорност, на „еднаков товар“ и „еднакво учество во производството“. Со тоа, ако ништо друго, го антиципирал антиработниот став:

„Доколку секој на свој грб земе дел од работата, тогаш работата ќе постане толку лесна што никој не би ја доживувал како работа туку само како некаков вид на вежба. Постои ли нешто похумано од поводот за нашиот величествен празник, т.е. од желбата со најмал трошок да се обезбеди најголема можна среќа за сите?“.

Со други зборови, како одговор на калвинистичко-марксистичките бесмислици за работата како заповед директно пристигната од Бог или од Историјата, или за работата како остварување на човековата природа, пристигнува следниот одговор: што помалку, тоа подобро. Овде е присутно и наговестувањето на Фуриеовата визија за трансформација на работата во продуктивна игра, иако е малку вреојатно дека во 1832 Бенбоу бил запознаен со идеите на својот современик. Но, нешто подоцна, Вилијам Морис (William Morris) својата теорија за трансформација на работата ќе ја изгради токму врз суптилната синтеза на Бенбоувите и Фуриеовите идеи.

Многу пооригинална и поинтересна од предлогот за Конгрес е неговата идеја за Големиот национален празник. Како што видовме, Бенбоу сметал дека вистинската цел на општеството – којашто тоа воопшто не ја остварува освен за „безработното, паразитско малцинство“ – е да овозможи „леснотија на живеењето, радост, задоволство и среќа“. „Луѓето“, вели тој „досега ниту не постоеле, бидејќи не уживале во животот“. Но на некои тоа им успеало, секогаш на сметка на други. „Луѓето не се во можност да сторат ништо за своето добро, додека за доброто на другите работат сè“. (А работат и понатаму). Големиот национален празник според него е вистинскиот начин за изведување на револуција чија цел би била егалитарен хедонизам, но и самиот револуционерен хедонизам на дело. Нема смисол да се навлегува во мачни и морализаторски расправи околу тоа дали целта ги оправдува средствата, тогаш кога целта и средството, како овде, се едно исто.

Развивајќи ја својата идеја за Празникот, Бенбоу покажал многу слух за предкапиталистичката хедонистичка традиција, од што неговите синдикалистички наследници беа целосно оперирани. Ниту малку не се воздржувал да каже дека „нашиот ден е свет ден и дека од сите свети денови овој нашиот е најсвет“, затоа што „прогласен е да прогласува изобилство, укине оскудноста и сите луѓе направи еднакви!“ Тој, како што вели за себе, не е иноватор: „Сабатот бил седмодневен празник“, во тек на кој древните Евреи обилно се клукале со мана[2] и кога „помеѓу газдите и слугите не постоеле разлики“. Понатаму, секоја седма година „била година на одмор, непрекинат празник, сезона на откровенија и големо олеснување за сиромашните должници“. Бенбоу – христијанин, иако обвинет за основање „невернички капели“ во кои се одржувани богохулни обреди и прогонуван заради ширење порнографија – јасно ја подвлекол и настојувал да ја оживее протестантско-плебејската бунтовничка традиција која достигала сè до времето на Англиската граѓанска војна и порано. Неговата магловита економска програма се заснова на комунизмот на Дигерите[3]. А неговиот хедонизам, неговиот стремеж да ги оживее „не само религиозните туку и политичките празници“, како и неговото залагање за сексуална слобода (што може да се види и врз основа на меко-порнографските илустрации придодадени кон ова издание) јасно го сместуваат во контракултурното милје на Рантерите[4].

Големиот празник бил вовед во револуција, којашто Конгресот сочинуван од претставници на работниците требало да ја институционализира. Но, работниците не морале да чекаат на своите претставници: Бенбоу предлагал работниците да обезбедат доволно храна и пари за првата недела од Празникот да ја поминат без работа. А дотогаш веќе би требало да бидат организирани за да обезбедат сè што им е потребно и за наредните три недели.

Богатите либерали, како што лукаво предлагал – истите оние кои себеси си обезбедиле право на глас благодарејќи на поддршката на работниците, за потоа со сета сила да настојуваат да им го оспорат тоа право – конечно ќе можат да постапуваат во склад со своите начела, така што во име на овоа возвишена цел ќе го стават на располагање целиот свој имот: „Сите големи реформисти ќе одговорат на нашиот повик, така што никој повеќе нема да има причина да се посомнева во нивната доследност. Тие во сè ќе не поддржат. Никој не може ниту да замисли колку големи луѓе од целото Кралство ќе бидат спремни да се заложат за еднакви права, еднаква правда и ист закон за сите“. Што се однесува до деталите, Конгресот би се одржал некаде во централна Англија, под покровителство на „некој од големите либерални лордови“.

„Тоа би требало да биде имот на некој голем либерален лорд во централниот дел на земјата. Единствена потешкотија претставува изборот на конкретно место, бидејќи сите тие имоти се доволно пространи да ги примат и угостат сите учесници на Конгресот, кои во нивните паркови ќе го пронајдат најпријатното место за состанок“.

„Можеме да бидеме сигурни дека на имотот на сопственикот почестуван од нашиот избор, кој би требало да ги вгости претставниците на народниот суверенитет, ќе бидат изведени сите подготовки подеднакво обемни и величествени како и за дочек на државниот суверен.“

Бенбоу не бил ниту теоретичар ниту визионер. Тој се држел до едно прилично површно просветителско уверување дека луѓето се поробени од незнаењето наметнато од страна на елитата (што сигурно не е единствената причина). Бенбоу подоцна главно се залагал за општото право на глас, за цел која, иако остварена една деценија подоцна, не го укина класниот ситем во Британија. Во останатите капиталистички земји, како на пример Соединетите Американски Држави, не постоеле монарси, аристократии и клер во кои Бенбоу ги гледал најголемите (иако не и единствените) тирани. Американското искуство покажува дека искористувањето може да биде многу ефикасно, а можеби и многу поефикасно, и без овие архаични општествени остатоци.

Големиот национален празник јасно изразува нешто што би можело да се нарече Револуционерна дилема[5]. За да изведат општествена револуција луѓето какви што се сега мора да започнат од затекнатата состојба. Револуцијата изискува континуитет. Но за тоа навистина да биде Револуција, луѓето мора да започнат да живеат на нов и квалитативно поинаков начин. Револуцијата изискува дисконтинуитет. Рапидно и радикално, сè што е живо во постоечкиот поредок – а што можело да опстане само латентно, прикриено или изобличено – мора да биде ослобедено од сè што е мртво. Погрешните проценки можат да имаат катастрофални последици. Маркс и неговите соработници сметаа дека тоа живо во постоечкиот поредок се производствените сили и појавата на пролетаријатот, првата универзална класа. Затоа Револуцијата според нив подразбира социјализација, рационализација и интензивирање на индустрискиот развој, како и генерализација на пролетерскиот статус. Денес секому, освен на неколкумина секташи, е јасно дека развојот на производствените сили само го обновува капитализмот. Од друга страна, процесот на општа пролетаризација ги елиминира традиционалните работнички упоришта и темелно ја сегментира работната сила на единки лишени од секаква класна свест. Култот на производството и работништвото се покажа како составен дел на идеологијата на капитализмот.

Спротивно на ова, Бенбоу предлага едно вистински револуционерно, иако непотполно, решение. Идејата за празникот би го поттикнала колективното сеќавање на вредностите на заедничките достигнувања и заедничките празници. Оваа идеја секого поединечно би го потсетила дека работното време може да биде пократко, дека треба да има повеќе празници, како и на идејата за релативна автономија во процесот на производство. Сабатот на кого работниците се сеќаваат навистина постоел, како што Бенбоу ги потстетува – светиот ден – единствено што „свето“ тогаш веќе бил спорен концепт. За англиските дисентери (наследници на пуританците) сабатот навистина бил ден за одмор и апстиненција од работата, но и ден посветен на молитва, одење во црква и воздржување од секакво уживање. За мнозинството работници, одморот и забавата биле суштина на светото. Религиозниот карактер на сабатот бил разработен на тој начин што им дозволувал на луѓето да уживаат во обичните задоволства како што се јадењето, пиењето и танцот, наместо да се ограничат само на специјализирани и дискретни активности неповрзани со останатите аспекти на животот. Дисентерот, или методистот, кога не се занимавал со некој религиозен обред или обврска, во недела не би работел ништо. Работниците помалку шеговито, понеделникот, својот незваничен празник и ноќна мора на сите работодавачи од тоа време, го нарекувале „Свети Понеделник“. Имено, понеделникот обично би го преспале или провеле одмарајќи се од неделното лумпување. Оттаму и тој назив, бидејќи и понеделник, како и недела, за нив бил свет ден.

Сè досега идејата за Празникот е разгледувана како продолжение на минатото кое сè уште не е заборавено и отфрлено. Но, што е револуционерно во тоа, каде е тука дисконтинуитетот? Можеби во следното: традиционалната заедница пред сè била дело на обичаи, а не на свесно планирање, по дух локална, парохиска. Како таква била брзо распарчена со „укази за оградување“[6], претходно веќе начната со класната поделба и религиозното неединство. Тешко е да се процени во кој момент единствената судбина на секоја од тие заедници, која со генерации можела да биде прикриена, постанала тренд во национални размери. Во секој смисол, Бенбоуовото инсистирање дека „незнаењето е причина за бедата на мнозинството луѓе“ не е веќе само наивна реликвија на просветителскиот оптимизам (иако ова негово убедување многу се должи на „јакобинството“ на Томас Пејн и неговото Коресподентско друштво од 1790-те, чиешто влијание сè уште се чувствувало). Неопходно е „мнозинството“, „народот“, „производствената класа“ да започнат да размислуваат за себе и за своите права да се борат на национално ниво. Дури тогаш ќе постанат човечки суштества: „Дури кога ќе почнат да се борат за себе, ќе постанат луѓе; дури тогаш ќе почнат да живеат, дури тогаш ќе сознаат што значи леснотијата на живеењето, веселбата, уживањето и среќата. Но единствено доколку почнат да се борат за себе. „Рецептот е едноставен: „единство на мислата и акцијата. Мислете заедно, борете се заедно и ќе поместите планини – планини на неправди, тиранија, беда и немаштија“.

Празникот ја обновува заедницата на национално ниво, единственото нешто кое досега има смисол – но повторно на начин што подразбира истовремена и општа акција на локално ниво. Тој повторно го открива свечениот, возвишен карактер на светите денови, истовремено истргнувајќи ја работата од контрола на непроизводствената класа која досега единствено уживала во неговите плодови. Тоа во исто време е и генерален штрајк и журка, најголем „рејв“ кога било оддржан, слободата како нужност, нужноста како слобода, сè во исто време. Бенбоу исто така инсистирал на тоа Празникот да претходи на Конгресот: единствено во услови на целосна опуштеност и непречена игра може да се очекува луѓето зрело да ја согледаат својата иднина и да ги изберат најдобрите претставници.

Бенбоуовиот план несвесно повторува еден став кој се протега наназад барем до Платон и Аристотел, но и многу близок на англиската владејачка класа, дека наемните работници, како и робовите, не се во состојба слободно да гласаат бидејќи не се економски независни. Денес, се рабира, газдите не им велат на работниците за кого да гласаат, пред сè се работи за тоа дека работата им одзема на луѓето најголем дел од времето и често ги блокира способностите коишто би требало да го красат одговорниот граѓанин. Празникот сигурно не би ја поправил штетата нанесена од наемната работа, а особено од работата во фабриките – за што сведочеше дури и Адам Смит – но затоа барем на некое време би ги ослободил работниците од работната обврска и материјалните грижи (за што би биле задолжени посебни работнички „комитети“). На тој начин Празникот би го прекинал магичниот круг на непрестано обновување на пролетерската политичка неспособност наметнувана одозгора.

Бенбоу не бил само плебеец кој на пролетерската приказна ја накалемил својата утилитарна доктрина, како што тоа го правеле многу тогашни „радикали“. Тој се залагал за најголема можна среќа за најголемиот можен број луѓе, но имал само претстава за тоа, во која распределбата на богатството и укинувањето на наследните привилегии биле само дел од програмата. Бенбоу сметал дека квалитативно новиот начин на живот подразбира нешто повеќе од редистрибуција на богатството и претворање на работниците во мали претприемачи. Со тон кој потсетува на „младиот Маркс“ или на некои други леви Хегеловци, тој вели: „Постоењето на работникот е негативно: тој е жив за производството, бедата и ропството – а мртов за уживањето и среќата“. Во работникот постои нешто живо и нешто мртво (како што тоа Кроче го рече за марксизмот). Она што во работникот е мртво е токму она што го прави работник, самата работа, производството и нивната придружба, бедата и ропството. А живо е она што тој успеал да го сочува во сè потенката сфера на животот одвоен од работата. Но, работата влијае и на оној дел од животот кој не е врзан само за работата: „Кога кажуваме што луѓето работат, ние кажуваме што се. Кога говориме за тоа што тие можат и мораат да работат, ние објаснуваме што тие можат и мораат да бидат“. Во основа, овде се отвора прашањето на автономната активност како можност за делување на индивидуален или колективен план (или во која било комбинација на тие два плана, што овде е од второстепено значење).

Денес знаеме дека по прашање на целите и средствата Бенбоу во многу нешта не бил во право. Општото право на глас никогаш не водело кон револуција. Напротив: како што Прудон има кажано, „општото право на глас е контрареволуционерно“. Што се однесува до редистрибуцијата на богатството, тоа никогаш сериозно не било пробано, освен делумно, накратко и во ограничени области, како што беше во Русија, Шпанија и уште некои модерни револуции. Но до значајна редистрибуција на богатството сепак се дојде: на пример во Британија или во скандинавските социјалдемократии. Бенбоу сигурно би уживал да може да ги види потомците на „либералните“, но и на многуте конзервативни лордови кои толку ги презирал, како останале без најголемиот дел од своето богатство и на кои, во некои случаи, им преостанало само да им наплатуваат карти на туристите за обиколка на нивните раскошни домови. Но, тоа не го менува фактот, за кој мнозинството Британци се потполно свесни, дека Британија и понатаму е класно, капиталистичко општество, можеби не особено успешно, но и понатаму напредно. А работниците и понатаму се, како што денес се вели, мртви уморни.

Она поради што Бенбоу е денес значаен секако не е неговата пророчка моќ – иако како пророк сè уште би поминал подобро од Маркс – туку поради начинот на кој, во своето време и опкружување, го формулирал решението на Револуционерната дилема. Никогаш нема да дознаеме дали неговиот план би бил успешен. Како што неговиот модерен издавач С.А. Бушел (Bushell) објаснува, дури и внатре организацијата која го објавила овој памфлет постоела силна опозиција на неговите идеи. Иако Бенбоуовите очекувања од Празникот и Конгресот остануваат донекаде нејасни, тие јасно укажуваат како на политичката така и на економската неправда, која радикалната виговска традиција секогаш ги гледала како поврзани. Неговите идеи изгубиле од значење во моментот кога радикалниот и работнички активизам од овие два аспекта создале одвоени правци на делување (а потоа и понатамошни поделби внатре нив). Се чини дека во подоцнежното делување Бенбоу сосема се посветил на политичките реформи, пред сè на борбата за општо право на глас. Останатите тежнееле кон подобрување на економските услови на живот преку основање на синдикални организации. Политички и економски насочените струи наскоро се поделиле на реформистички и револуционерни, нагласувајќи на тој начин една од разликите која за Бенбоу никогаш немала смисол, иако таа наскоро постанала фактор од суштинско значење.

Што е живо во Бенбоуовиот памфлет? Тоа е конкретниот и јасен одговор на Револуционерната дилема, формулиран на начин примерен за неговото доба, но сепак на тој начин да изгледа актуелен и денес, иако во поинаков облик. Како што вели Бушел, Празникот е нешто во што би вредело да се обидеме: „Можеби старата идеја за штрајк би добила на популарност кога би ја вратиле во нејзиниот изворен облик“. На крај, сите револуционери од контракултурното милје никогаш немале ништо против општото запирање на работата; напротив, за тоа се залагале и повеќето синдикалисти, бидејќи не гледале ниту една причина зошто таквиот протест воопшто би имал крај. Прозводството сигурно би се продолжило, но не нужно и работата. Нешто што Бенбоу го кажал за Празникот – нешто што на ниту еден заговорник на генералниот штрајк не му паднало на памет – се открива како порака од суштинско значење: Празникот е можност за интроспекција, „можност да се ослободиме од сето незнаење и брзоплетост, да сфатиме што навистина сакаме“.

Да мислиме слободно, без брзање. Празникот е сето она што генералниот штрајк би требало да биде, но и многу повеќе од тоа. Тоа е она најмалото нешто околу кое сите антиавторитарци би треабало да се согласат, доколку навистина сакаат да стават крај на државната и корпорациска доминација. Луѓето тогаш самите би можеле да видат дали сакаат да се вратат на работа под раководство на работнички совети или федерации на синдикати или воопшто да не се вратат на работа. Некои ќе изберат едно, некои нешто друго, но, можеби после почетната фаза на експериментирање би била постигната широка согласност околу тоа што во тие пристапи е живо. Секој кој навистина тежнее кон слобода не би требало да се колеба пред можноста да испроба кој облик (или отсуство на истиот) најдобро соодветствува на неговата визија на слобода. Зошто тогаш не го прогласиме Празникот па да видиме што ќе се случи?

 

[1] Левелери – радикалното крило на анти-ројалистичкиот блок. Името потекнува од „израмни, изедначи“, а се залагале за отстранување на политичките, социјалните и економските нееднаквости меѓу луѓето.

[2] Мана: храна која Бог ја подарил на Евреите за време на нивното прогонство во пустината.

[3] Дигери – движење на најсиромашните селани без земја, кои започнале да го населуваат и обработуваат јавното земјиште. Нивните заедници биле втемелени на анархокомунистичките принципи, инспирирани од примерите од Новиот Завет (Заедница на љубов и заеднички имот; Дела апостолски 4:32; и др.).

[4] Рантери – религиозно движење, наследник на идејата на Братството на слободниот дух, најсубверзивната христијанска ерес од средниот век. Ги одбивале сите закони, институции и правила на официјалната Црква, но и световниот морален (особено сексуален) кодекс на тоа време.

[5] Боб Блек алудира на друштвената игра „затвореничка дилема“; решавање на парадоксални, „невозможни“ ситуации.

[6] Enclosure Acts, процес започнат уште во 15 век во кој најголем дел од слободната или заедничка селска земја бил грабнат во корист на круната, племството и велепоседниците.


Anarchy: Journal of Desire Armed #45, Spring/ Summer 1998
Наслов на оригиналот: No Future for the Workplace. Првпат објавено во збирката Боб Блек, Работници од сите земји... одморете се!, Плоштад Слобода, Скопје, 2004. Превод: Стефан Симоновски, 2003