Боб Блек

Нема иднина за работното место

1992

Најдобрата иднина за работното место, како и за бојното поле, е воопшто да не постои. Доцна реагирајќи на кризата, експертите денес грозничаво се бават со реформи чиишто заеднички именител е тоа што предизвикуваат малку интерес на самото работно место. Креирани за работниците, но без нивното учество, овие реформи се само дел од тековната работна политика. Тие можат привремено да ја зголемат продуктивноста, барем додека новините коишто се воведуваат не се истрошат, но размислувањето за тоа кој, кога, каде и што треба да работи со цел зголемување на продуктивноста не допира до вистинскиот причинител на болеста: до прашањето зошто воопшто работиме?  

Поместувањето на работното место кон местото на живеење е исто како кога би емигрирале од Романија во Етиопија во потрага по подобар живот. Флексибилното работно време е наменето за професионалци кои, како што вели една канцелариска шега, можат да ги одработат своите 60 часови неделно кога ќе посакаат. Но, во услужниот сектор, каде што денес работат најголем број луѓе, нема ништо од тоа: тоа нема да им помогне на готвачите кои треба да приготват јадење за паузата за ручек, која секогаш е во исто време, или на возачите на автобуси за време на шпицот. „Оплеменувањето на работното место“ е повторно делумно аеробик, делумно аналгетик – најновиот енергетски напиток и аспирин. Дури и „работничката контрола“, која за мнозинството американски менаџери е апсолутно незамислива, повторно е само служење во сопствена, „самоуправна“ режија, како кога на затворениците би им било дозволено сами да си ги бираат чуварите.  

За работодавците на Запад, како и за источноевропските диктатори во заминување, гласност и перестројка во исто време значат малку и пристигнуваат доцна. Мерките кои во 19 век социјалистичките и анархистички активисти би ги дочекале со воодушевување (а токму од нив денешните експерти позајмуваат идеи), во најдобар случај се прифаќаат со мрачна рамнодушност, а во најлош се толкуваат како знак на слабост. Американските работодавачи, релативно назадни како во поглед на управувањето така и во сè останото, стравуваат дека новите отстапки би можеле да побудат очекувања коишто тие не можат да ги исполнат, што само би ја загрозила нивната положба. Демократските промени ширум светот ја исчистија само прашината од полиците. Единствениот вистински непријател е заедничкиот непријател. Работното место е последното упориште на авторитарната принуда. Отпорот кон работата овде е толку длабоко вкоренет со што може да се спореди единствено со отпорот кон комунизмот на Исток. Уште повеќе што некои се толку згрозени што не им паѓа на ум ниту да почнат да работат. Чуму сето тоа? Зошто сепак се покоруваме? Затоа што немаме избор.  

Има многу повеќе докази што говорат за бунт против работата отколку за бунт против комунизмот. Доколку не беше така, не би постоел пазар за седативи како што се „редизајн“ или „оплеменување на работното место“. Човек што работи е пасивно-агресивен: солидарноста и херојското минато на работничкото движење нему не му значат ништо. Но, отсуствувањето од работа, честите промени на занимањето, кражбата на материјали и услуги, „авто-терапијата“ со алкохол и дрога, забошотувањето кое оди дотаму што може да се третира како саботажа – сето тоа се начини на кои ситните риби им парираат на големите, коишто на ист начин го поткрадуваат општеството како и едни други во сферата на финансиски шпекулации. Што ако биде прогласен непрекиден генерален штрајк, кој не би имал никакви барања, но кој, со самото тоа што би бил непрекиден, би значел остварување на сите барања? Синдикатите некогаш можеа да спречат вакви акции, но денес никој не смета на нив.  

Иднината му припаѓа на движењето за нулто работно време (The Zerowork Movement) – освен ако неговата цел однапред не ја отфрлиме како невозможна затоа што веруваме дека работата е неизбежна. Најпосле, сите експерти, техно-футуролози и нивните најфанатични муштерии ја прифаќаат работата здраво за готово. Уште една причина заради која не треба да им се верува. Ним никогаш не им успеало да предвидат некоја иднина која ќе се случи. Предвидуваа подвижни тротоари и семејни авиони, но не и појавата на компјутери и рекомбинирана ДНК. Нивното американско столетие беше јапонско пред воопшто да се вжешти ситуацијата. Футуролозите постојано ја прават истата грешка, затоа што се потпираат на методот на проста екстраполација, која немининовно ја ограничува нивната визија – иако историјата (запис на одвеани иднини) обилува со дисконтинуитети, со такви изненадувања како што е Источна Европа. Затоа е подобро да се свртиме кон утопистите. Затоа што веруваат дека животот би можел да биде поинаков, во нивната приказна можеби има повеќе вистина.

„Работата“ не треба да се меша со напор; играта може да биде многу понапорна од работата. Работата е присилно производство, нешто што секогаш се извршува од некоја друга причина, наместо заради задоволството кое го овозможува самата активност. Таа друга причина би можела да биде чиста принуда (ропство), немаштија (наемна работа) или интернализирана принуда, како што е калвинистичкото „занимање“, будистичкото „исправно живеење“ или синдикалистичкото „служење на народот“. За разлика од импулсот на игра, ниту еден од овие мотиви не го зголемува нашиот производствен потенцијал; работата воопшто не е толку „продуктивна“ иако „производот“ е нејзиното единствено алиби. Тоа е играчка со која нашите експерти неуморно се забавуваат.

Иако тоа не мора да биде случај, играта може да биде продуктивна, а оттаму принудната работа излишна. Работиме и трошиме на ист начин, без задоволство - кутиите се полнат и празнат, полнат и празнат, како превојница на канал. Оплеменување на работата? Оваа фраза подразбира претходна состојба на осиромашување на работата, којашто го разголува митот за работата како извор на богатство. Работата го девалвира животот, на тој начин одземајќи ни го она што е бесценето, кое никогаш нема да можеме да го откупиме без оглед на висината на БНП.  

Од друга страна, оплеменувањето на животот подразбира укинување на цела низа работи и облици на рекреација и нивно заменување со активности во кои луѓето би пронашле задоволство – ако не сите во секое време, тогаш некои, во некое време, во одредени околности. Работата ги стандардизира луѓето како и производите, но бидејќи луѓето природно настојуваат да се одржат, потрошената енергија се компензира преку конфликт и стрес. Играта е плуралистичка, таа покренува цел арсенал на човечки таленти и страсти блокирани со работата и анестезирани со слободното време. Со отфрлање на работното условување, луѓето, налик некој сосем нов вид на пеперутка, сè повеќе би го ширеле опсегот на своите склоности и стремежи, со што лудичкиот облик на производство би го направиле многу постабилен од сегашниот.  

Велите дека ја сакате својата работа? Одлично. Само продолжете така. Вашата сорта ќе ни помогне полесно да го пребродиме преодниот период. Ние ве жалиме, но го почитуваме вашиот избор, во мера во која претпоставуваме дека зад него стои одбивање на фактот дека сиот тој напор кој го вложувате не го прави животот, а особено не вашиот, подобар. Сè што добивате за возврат е само чувство дека животот ви минува побрзо.  

Со укинувањето на работата всушност се укинува економијата. На лудичкиот облик на производство му одговара систем на дистрибуција заснован на подарокот. Ќе патуваме во гости едни на други во покриени запреги, кои овој пат нема да бидат натоварени со мешовита роба, туку со подароци. Чуму повеќе купување и продавање? Премногу документологија. Премногу работа.  

Иако експертите се лоши реформатори, од нив сè уште би можело да се добијат пристојни револуционери. Тие упорно размислуваат за работата, додека работниците попрво размислуваат за сè друго. Но, потребно е прво да се замислат над својата работа. Пренасочувањето на лојалноста кон работниците не би требало да биде премногу комплицирано – најпосле, тоа само значи приклонување кон страната која добива. Тогаш можеби ќе сфатат дека вистинските експерти за проблемот на работата се самите работници. А особено работниците кои одбиваат и понатаму да бидат тоа.


Bob Black, Friendly Fire, Autonomedia 1992.
Наслов на оригиналот: No Future for the Workplace. Првпат објавено во збирката Боб Блек, Работници од сите земји... одморете се!, Плоштад Слобода, Скопје, 2004. Превод: Стефан Симоновски, 2003