Демократска хипноза

2012

Уште една критика на демократијата? Повторно? Да, сакаме да промислиме што е демократија и дали е навистина можна, а во тој случај и дали е, нема да кажам праведна, но барем прифатлива, со оглед дека се прикажува како врвен пример за толеранција, прифаќање, еднаквост, проследена со колективно лицемирие кое го омеѓува нејзиното поле.

Етимолошки, зборот демократија значи „владеење на народот“. Меѓутоа, дали демократијата навистина може да биде владеење на народот? На теоретско ниво, за да го задржи таквото значење, би подразбирала дека целиот народ заедно ги носи одлуките кои се однесуваат на него самиот.

Тоа би можело да се примени само на мала заедница или пак на ограничена територија, во секој случај не е применливо на метропола или на град од средна величина. Би било невозможно и неизводливо; демократијата, значи, се претвора во претставничка демократија, ergo во крај на секоја индивидуална и колективна слобода.

Како функционира претставничката демократија? Некој се кандидира (речиси секогаш истите личности, речиси секогаш припадници на владејачката класа и така натаму), а народот е повикан да избере кандидат кој подоцна ќе му наредува што треба да прави, сè по логиката на мнозинството кое победува над малцинството. Современа поука: застапникот не може да нè ослободи од никакво угнетување, затоа што застапникот на владејачката класа е патетичен како и оној од пролетерската, како што некој има кажано... Според тоа, проблемот лежи во претставувањето. Дали избраниците навистина го претставуваат мнозинството народ? Најверојатно не, со оглед дека немаат сите право на глас (старосна граница, државјанство, живеалиште...), но дали барем го претставуваат мнозинството избирачи? Најверојатно не, бидејќи само еден дел од избирачите излегуваат на избори, особено во денешно време кога избирачката воздржаност е сè почеста појава.

Значи не го претставува ниту мнозинството избирачи? Во суштина не. Дури и земајќи предвид дека на изборите немало никакви неправилности, сепак кандидатот ја следи програмата која тој ја составил (иако никогаш нема да се придржува на неа), а управува и владее на темел на своите интереси и своето мислење (кое не може и никогаш нема да може никого да претставува, токму заради својственото обележје на мислата која е, или барем би требало да биде, единствена и различна за секоја личност).

Дали демократијата може да стане директна? Директната демократија функционира на следниот начин: одлуките навистина ги носи народот преку народни собранија и јавно гласање, со цел да се избегнат можните изборни измами. Значи, сето тоа станува изводливо и остварливо, иако побавно и нешто позаплеткано и посложено, но сепак изводливо и остварливо меѓу помал број луѓе, во една заедница, во гратче, во слабо населено подрачје.

Станува навистина владеење на мнозинството, во смисла дека секоја одлука ја носат сите по, се разбира, критериумот на мнозинство. Меѓутоа, владеењето на мнозинството, иако мнозинството постојано се менува бидејќи не произлегува од гласот кој трае со години туку се менува од одлука до одлука, сепак останува владеење, односно диктат на еден дел на населението над друг. Во овој случај значи не би било вистинско владеење на народот, не би била вистинска демократија.

Може ли тогаш да изникне нешто директно, односно слободно и еднакво, без радикален раскин со овој систем на смрт?

Дали денешната демократија е праведна, или барем прифатлива?

Би можеле да цитираме неколку зборови од Малатеста: „Кога демократијата не би била само просто средство за измама на народот, буржоазијата, заради загрозеност на сопствените интереси, би подготвувала бунт, користејќи ја сета сила и влијание произлезени од сопствеништвото над богатството, за да ја потсети владата на нејзината улога на обичен жандарм во служба на буржоазијата. [...] Органот и улогата се неразделни поими. Одземете му ја улогата на органот, тој или ќе умре или улогата ќе се обнови. Доведете војска на подрачје каде што за војна, внатрешна и надворешна, нема ниту причина ниту страв, таа ќе предизвика војна, а ако не успее, ќе пропадне. На подрачје каде што нема злосторства за истражување и злосторници за апсење, полицијата ќе создаде злосторства и злосторници или, пак, ќе исчезне.“ Без забелешки, затоа што „демократската нормалност“ која на сите би гарантирала слобода и благосостојба не може да постои.

Дојде време да се бориме за нешто друго? Може ли да постои свет без влада? Кога поданиците ќе ги разбудат своите зли страсти со кои ќе го уништат злото на постоењето?

Демократијата веќе ја извади својата маска, кога угнетените ќе ги извадат своите маски за да стават крај на овој беден свет?


Наслов на оригиналот: Ipnosi democratica. Објавено во: „L’innocenza del divenire”, br. 0,2 - јули 2012, Италија