Џејсон Меквин

Постлевичарска анархија

Надминување на левицата

2003

      Пролог за постлевичарска анархија

      Вовед

      Левичарите во анархистичкото милје

      Преземањето и левото крило на капиталот

      Анархијата како теорија и критика на организацијата

      Анархијата како теорија и критика на идеологијата

      Ни бог ни господар ни морален поредок: анархијата како критика на моралот и морализмот

      Постлевичарска анархија: ни лева ни десна, туку автономна

Пролог за постлевичарска анархија

Помина речиси деценија и половина од падот на Берлинскиот ѕид. Седум години откако Боб Блек ми го испрати ракописот од својата книга Anarchy after Leftism, која е објавена 1997 година. Поминаа повеќе од четири години откако ги замолив уредниците на списанието Anarchy да учествуваат во дискусијата за „постлевичарската анархија“ која конечно се појави во 48 број на тоа списание (есен/зима 1999-2000). А помина и една година откако првпат го напишав и објавив текстот „Постлевичарска анархија: Одбивање на реификацијата на бунтот“, кој е објавен во 54-от број (есен/зима 2003) на списанието Anarchy: A journal of Desire Armed.

Покрај отворањето на нова жешка тема за дебата во анархистичките и левичарските списанија, веб сајтови и мејлинг листи, некој оправдано би можел да праша што е постигнато со воведување на терминот и дебатата во анархистичкото и, пошироко, радикално милје? Би одговорил дека реакциите и понатаму продолжуваат да растат, а дека надежта на постлевичарската анархија примарно лежи во она што изгледа како сè посветла иднина.

Еден од најнесреќните проблеми на современото анархистичко милје беше дека постојаната фиксација на обидите да се оживеат минатите борби како ништо значајно да не се случило од 1919, 1936 или во најдобар случај во 1968 година. Делумно, тоа е последица на антиинтелектуализмот кој долго преовладуваше меѓу многумина анархисти. Делумно, тоа е последица на историскиот пад на анархистичкото движење кое следеше по победата на болшевичкиот државен комунизам и (само)поразот на Шпанската револуција. А делумно заради тоа што голем број од најзначајните анархистички теоретичари – како Годвин, Штирнер, Прудон, Бакунин, Кропоткин и Малатеста – доаѓаат од деветнаесеттиот и раниот дваесетти век. Празнината во развојот на анархистичката теорија од повторното раѓање на милјето во почетокот на шеесеттите сè уште треба да се надополнува со некаква, адекватна, нова формулација на теоријата и практиката, доволно силна за да ги отстрани препреките и да ги опфати замислите на повеќето современи анархисти, како што тоа го направиле формулациите на Бакунин или Кропоткин во деветнаесеттиот век.

Уште од шеесеттите години на 20-от век, првобитно малото – но од тој период во постојан подем – анархистичкото милје се наоѓаше под влијание (барем попатно) на движењето за човекови права, Пол Гудмен (Paul Goodman), SDS (Students for a Democratic Society), јипи движењето, движењето против војната во Виетнам, Фред Вудворт (Fred Woodworth), Новата марксистичка левица, Ситуационистичката интернационала, Сем Долгоф (Sam Dolgoff) и Мари Букчин (Murray Bookchin), движењата насочени кон еден проблем (антирасистичкито, феминистичкито, антинуклеарното, антиимперијалистичкото, еколошкото, за права на животните итн.), Ноам Чомски (Noam Chomsky), Фреди Перлман (Fredy Perlman), Џорџ Бредфорд (George Bradford), Дејвид Вотсон (David Watson), Боб Блек (Bob Black), Хаким Беј (Hakim Bey), Earth First! и длабоката екологија, неопаганизмот и њу-ејџот, антиглобалистичкото движење и многу други. Сепак, овие различни влијанија во изминатите четириесет години, и неанархистичките и оние блиски нему, не успеаја да изнесат ниту една инспиративна нова синтеза на критичка и практична теорија. Неколку анархисти, особено Мари Букчин и проектот Love & Rage, зачекорија и тажно пропаѓаа во обидот да го поврзат екстремно различното и идиосинкретското анархистичко милје во ново искрено движење со заедничка теорија. Мислам дека во сегашната ситуација таквиот проект гарантирано би пропаднал без оглед кој би се обидел да го изведе.

Алтернативата што ја заговара постлевичарската анархистичка синтеза сè уште се создава. На неа нема право ниту еден теоретичар или активист, затоа што тоа е проект кој се чувствуваше во воздухот долго пред да почне да станува конкретен збир предлози, текстови и интервенции. Оние кои ја промовираа синтезата примарно беа под влијание на класичниот анархизам до Шпанската револуција од една страна, и неколку критики и начини на интервенција кои најмногу ветуваа, а кои се развивани од шеесеттите. Најважните критики кои се вклучени се оние за секојдневниот живот и спектаклот, идеологијата и моралот, индустриската технологија, работата и цивилизацијата. Начините за интервенција се фокусираат на конкретен развој на директната акција во сите сфери на животот. Наместо да се оди кон изградба на институционални и бирократски структури, овие интервенции целат кон максимална критичка ефективност со минимални компромиси во постојано променливата мрежа од акции.

Јасно, тие нови критики и начини на интервенција во голем дел се некомпатибилни и со старата левица од деветнаесеттиот и раниот дваесетти век и со поголемиот дел од новата левица од шеесеттите и седумдесеттите. Исто така, јасно е дека тие привлекуваат сè поголем број анархисти кои им пристапуваат затоа што изгледа дека многу повеќе се совпаѓаат со општата ситуација во која се наоѓаме денес, отколку со старите левичарски теории и практики. Ако анархизмот не се промени за да им се посвети на искусените реалности на 21 век – така што зад себе ќе ја остави застарената политика и организацискиот фетишизам на левичарството – неговото значење ќе опадне, а денес, толку видливата можност за радикално превоспитување полека ќе исчезне. Едноставно, постлевичаркста анархија е поим под кој многумина современи анархисти-мислители би сакале да видат соединување на највиталните нови критики и начини на интервенирање, во сè покохерентно и поефективно движење, кое искрено промовира единство во разликите, целосна автономија на индивидуите и локалните групи во борбата и органски раст на разни облици на организирање кои не ги попречуваат нашите енергии, спонтаноста и креативноста.

Вовед

Анархистичките критики на левицата имаат долга историја речиси колку што и зборот „левица“ има политичко значење. Раното анархистичко движење се развило од мноштво исти борби како и други социјалистички движења (кои биле составен дел на политичката левица), а од кои всушност се разликувало. Анархистичкото движење и другите социјалистички движења примарно биле производ на општествените движења кои се родиле во Ерата на револуциите – кои ја претставувале англиската, американската и француската револуција. Тоа бил историски период во кој раниот капитализам се развивал преку оградување од обичниот народ (за да ја уништи автархичноста на заедниците), индустријализација на производството со фабрички систем заснован на научни техники и агресивна експанзија на економијата на пазарот на стоки ширум светот. Но, анархистичката идеја отсекогаш имала подлабоки, порадикални и повеќе холистички импликации од простите социјалистички критики за експлоатација на трудот во капитализмот. Тоа е заради тоа што анархистичката идеја се развила и од општествениот фермент на Ерата на револуциите и од критичкото размислување на индивидуите кои барале укинување на секој облик на општествено отуѓување и доминација.

Анархистичката идеја има неизбришлива индивидуалистичка основа, на која е поставена нејзината општествена критика, секогаш и секаде прокламирајќи дека само слободни индивидуи можат да создадат слободно, неотуѓено општество. Исто така е важно дека оваа индивидуалистичка основа ја вклучувала идејата дека експлоатацијата или угнетувањето на која било индивидуа ја бришат слободата и интегритетот на сите останати. Ова многу се разликува од колективистичките идеологии на политичката левица во кои индивидуата постојано се потценува, понижува и негира, и во теорија и во практика – иако не секогаш обвиено во идеолошко руво со цел да се измамат наивните. Исто така, тоа е она што ги спречува искрените анархисти да тргнат по патот на авторитарците од левицата, десницата и центарот, кои повремено спроведуваат масовна експлоатација, масовно угнетување и често масовни апсења или убиства, за да ги освојат, заштитат и прошират сопствените позиции во политичката и економската власт.

Заради тоа што анархистите сфаќаат дека само луѓето кои слободно се организираат можат да создадат слободни заедници, тие одбиваат да ги жртвуваат индивидуите или заедниците во трката за малку власт која, неизбежно, би ја спречила појавата на слободно општество. Но, заради речиси заедничките корени на анархистичкото движење и социјалистичката левица, како и нивната историска битка со различни средства да ја привлечат или освојат поддршката на меѓународното работничко движење, не е изненадувачки што во текот на 19 и 20 век социјалистите често ги усвојувале гледиштата на анархистичката теорија и практика во различни левичарско-анархистички синтези. И тоа наспроти фактот што во борбите ширум светот за индивидуална и општествена слобода, политичката левица секаде се докажала или како измама или како неуспех во практиката. Секаде каде што социјалистичката левица била успешна во организирање или преземање на власта, таа во најдобар случај го реформирала (и рехабилитирала) капитализмот, или во најлош случај поставила нови тирании, многу од нив со крвничка политика – некои и со геноцидни размери.

Оттаму, заради тоа што дојде до вчудоневидувачка дезинтеграција на политичката левица по колапсот на Советскиот Сојуз, крајно време е сите анархисти повторно да го проценат секој минат или актуелен компромис, со сè побледите остатоци од левичарството. Каква и да била користа за анархистите во минатото во правењето компромиси со левичарството, таа корист исчезнува заедно со прогресивното исчезнување на левицата од макар и симболичната опозиција кон фундаменталните институции на капитализмот: наемната работа, пазарното производство и владеењето на вредностите.

Левичарите во анархистичкото милје

Забрзаното извлекување на политичката левица од историската сцена сè повеќе го оставало анархистичкото милје како единствена револуционерна антикапиталистичка игра во градот. Иако анархистичкото милје процвета во текот на последната деценија, најголемиот дел од неговиот раст доаѓа од незадоволната младина која е привлечена од неговите сè повидливи, поживи и иконокластични активности и медиуми. Но, значајното малцинство на тој раст доаѓа и од поранешните левичари кои – некогаш побавно, а некогаш неверојатно брзо – донеле одлука дека анархистите можеби се во право со своите критики на политичките авторитети и државата. За жал, сите левичари не исчезнале едноставно преку ноќ – или го промениле карактерот. Многумина поранешни левичари, влегувајќи во анархистичкото милје, свесно или несвесно, неизбежно со себе донеле и многу левичарски ставови, предрасуди, навики и претпоставки кои биле составен дел од нивното старо политичко милје. Секако, сите тие ставови, навики или претпоставки, не се нужно авторитарни или антианархистички, но јасно е дека многу од нив се токму тоа.

Дел од проблемот е во тоа што многумина поранешни левичари тежнеат кон тоа анархизмот погрешно да го сфаќаат само како облик на антиетатистичко левичарство, игнорирајќи или потценувајќи ја неговата несомнено индивидуалистичка основа како небитна за општествената борба. Многумина едноставно не ја сфаќаат големата поделба помеѓу самоорганизираните движења кои тежнеат кон уништување на сите облици на општествена алиенација и политичко движење кое тежнее кон реорганизација на производството на порамноправен начин. Меѓутоа, другите многу добро ја сфаќаат таа поделба, но, сеедно, заради разни причини тежнеат кон реформирање на анархистичкото милје во политичко движење. Некои поранешни левичари го прават тоа затоа што сметаат дека укинувањето на општествената алиенација е малку веројатно, или неизводливо; некои заради тоа што во основа се противат на која било индивидуалистичка (или сексуална, или културна итн.) компонента на општествена теорија и практика. Некои цинично сфаќаат дека никогаш нема да дојдат на позиција на моќ во вистинско анархистичко движење и заговараат изградба на насочени политички организации со повеќе простор за манипулација. Други, пак, ненавикнати на автономно размислување и практика, едноставно се чувствуваат нервозно и неудобно во врска со многу аспекти на анархистичката традиција и сакаат таквите аспекти на левичарството да ги подметнат во анархистичкото милје, за да им помогнат да се чувствуваат помалку загрозено и посигурно – така што можат да продолжат со своите стари улоги на кадри или милитанти, само без експлицитно авторитарна идеологија која би ги водела.

За да ги разберат тековните контроверзи во рамките на анархистичкото милје, анархистите би требало постојано да бидат свесни – и да бидат внимателни критичари – на сето тоа. Ad hominem нападите во рамките на анархистичкото милје не се ништо ново и најчесто се губење време, затоа што се замена за рационалниот критицизам кој луѓето реално го поседуваат. (Едноставно, рационалната критика на позициите премногу често се игнорира од страна на оние кои не се способни да дискутираат од сопствени позиции, чија единствена цел се дивеењето, небитните обвинувања или обидите за клеветење.) Но, останува важно место за ad hominem критики упатени на идентитетите кои ги избираат луѓето, особено кога тие идентитети се толку силни што вклучуваат седиментни, често несвесни, слоеви од навики, предрасуди и зависности. Овие навики, предрасуди и зависности – левичарски или инакви – создаваат многу поволна мета за анархистичка критика.

Преземањето и левото крило на капиталот

Историски гледано, голем дел од левичарската теорија и практика функционирал како лојална опозиција на капитализмот. Левичарите биле (често гласни) критичари на одредени аспекти на капитализмот, но секогаш подготвени да го прифатат поширокиот меѓународен капиталистички систем кога имале можност да издвојат дел од власта, делумна реформа – или понекогаш само празни ветувања за делумни реформи. Од овие причини, левичарите многу често, оправдано, се критикувани (од страна и на ултралевичарите и анархистите) како лево крило на капиталот.

Проблемот не е само во тоа што оние левичари кои се сметаат за антикапиталисти тоа навистина и не го мислат, иако некои од нив свесно им служеле на таквите лаги за, во опозициските движења, да се стекнат со позиции на власт за себе. Главниот проблем е тоа што левичарите имаат нецелосни и контрадикторни теории за капитализмот и општествената промена. Резултат на тоа е што нивната практика секогаш е насочена кон преземање (или кооптација и реинтеграција) на општествениот бунт. Секогаш со фокус на организација, левичарите користат разновидни тактики во своите обиди да ја реифицираат и да посредуваат во општествената борба – застапништво и супституција, наметнување колективистички идеологии, колективистички морализам и, конечно, репресивно насилство во овој или оној облик. Типично, левичарите ги користат сите овие тактики, не жалејќи нималку, со железна рака и на отворено авторитарни начини. Но, овие тактики (освен последната), можат исто така да се користат – а често и се користат – на многу полукави, помалку очигледни авторитарни начини; најзначаен пример за наша намена се историската и денешната практика на многумина (но не на сите) анархисти левичари.

Општо земено, реификацијата најчесто се опишува како „опредметување“. Тоа е редукција на комплексни, живи процеси, на замрзнат, мртов или механички збир од објекти или акции. Политичкото посредување (облик на реификација во практика) е обид да се интервенира во конфликти како арбитар и претставник.

Најпосле, тоа се главните особини на сите левичарски теории и практики. Левичарството отсекогаш вклучувало реификација и посредување на општествениот револт, додека доследните анархисти ја отфрлувале реификацијата на револтот. Формулирањето на постлевичарската анархија е обид отфрлувањето на реификацијата на револтот да биде помогнато поконзистентно, пошироко и посамосвесно отколку што тоа веќе се прави.

Анархијата како теорија и критика на организацијата

Еден од најосновните принципи на анархизмот е дека општествената организација мора да им служи на слободните индивидуи и слободните групи, а не обратно. Анархијата не може да постои кога се доминира со индивидуите или општествените групи – без оглед дали со таа доминација управуваат или ја спроведуваат надворешни сили или нивната сопствена организација.

За анархистите главна стратегија на потенцијалните револуционери била непосредуваното (антиавторитарно, често неформално или минималистичко) самоорганизирање на радикалите (врз основа на афинитети и/или одредени теоретски/практични активности) со цел поттикнување и учествување во самоорганизрање на народно востание и инсурекција против капиталот и државата во сите нивни облици. Дури и меѓу повеќето анархисти левичари, до одреден степен, постоело разбирање дека посредничките организации во најдобар случај се многу нестабилни и неизбежно подлежни на преземање, и дека бараат постојана внимателност и борба да се избегне целосното преземање.

Но, од друга страна, за сите левичари (вклучувајќи ги и анархистите левичари) главната стратегија секогаш е исклучително насочена кон создавање посреднички организации помеѓу капиталот и државата, од една страна, и масата незадоволен, релативно беспомошен народ, од друга. Овие организации најчесто се фокусирале на посредување помеѓу капиталистите и работништвото, или помеѓу државата и работничката класа. Но, вообичаени биле и многу други посредувања, вклучувајќи ја опозицијата на одредени институции или вклучувајќи ги интервенциите меѓу одредени групи (општествени малцинства, подгрупи на работничката класа, итн.).

Овие посреднички организации ги вклучуваат и политичките партии, синдикатите, масовните политички организации, фронтовските групи, кампањските групи итн. Нивните цели секогаш се да кристализираат и фиксираат одредени аспекти од поширокиот револт во збир идеолошки облици и прилагодени облици на активности. Создавањето формални, посреднички организации секогаш и нужно вклучува барем неколку нивоа:

- Редукционизам (Само одредени аспекти од општествената борба се вклучени во таквите организации. Останатите аспекти се игнорираат, одбиваат или потиснуваат, доведувајќи до сѐ поголема и поголема поделба на борбата. Тоа овозможува манипулација од страна на елитите и нивна трансформација во реформистички друштва за лобирање, додека општата, радикална критика е потполно испразнета.)

- Специјализација или професионализам (Оние кои најмногу се вклучени во секојдневните активности на организациите се избираат – или се самоизбрани – да ги изведуваат своите поспецијализирани улоги во рамки на организациите, што често доведува до официјални поделби на водачи и оние со кои се владее, со градациски распоред по прашањето на моќ и влијанието кое е воведено во облик на посреднички улоги во организациската хиерархија која се развива.)

- Супституционализам (Фокус на стратегиите и тактиките сè повеќе станува самата формална организација, наместо луѓето кои се бунтуваат. Во теорија и практика, организацијата сè повеќе тежнее да биде замена за луѓето, лидерство на организацијата – особено ако станала формална – тежнее кон тоа да ја замени организацијата во целина и конечно се појавува главниот лидер кој почнува да ја отелотворува и контролира организацијата.)

- Идеологија (Организацијата станува главен предмет на теоријата, затоа што на индивидуите им се доделени улоги што ги играат, наместо луѓето да создаваат сопствени теории. Сите освен најсамосвесните анархистички формални организации тежнеат кон тоа да усвојат некаков облик на колективистичка идеологија, во која се претпоставува дека општествената група на одредено ниво има повеќе политичка реалност од слободните индивидуи. Таму каде што е суверенитетот, тука е и политичкиот авторитет; ако суверенитетот не е поделен помеѓу сите, на некој начин потребно е индивидуите да им се потчинат на групите.)

Наспроти ова, сите анархистички теории за самоорганизирање се повикуваат (на различни начини и со поинаков нагласок) на:

- Индивидуална и групна автономија со слободна иницијатива (Автономната индивидуа е фундаментална основа на сите искрени анархистички теории за организација, затоа што без автономна индивидуа не е можен никаков степен на автономија. Слично на тоа, слободата на иницијативата е фундаментална и за индивидуите и за групите. Без никаква виша сила следи можност и неопходност сите одлуки да се носат таму каде што имаат најголемо влијание. Патем, постструктуралистите или постмодернистите, кои негираат постоење на автономна анархистичка индивидуа, најчесто грешат затоа што од валидните критики на метафизичкиот субјект заклучуваат дека дури и процесот на искусената субјективност е целосна фикција – самозаведувачка перспектива која општествената теорија ја прави невозможна и непотребна.)

- Слободно здружување (Здружувањето никогаш не е слободно доколку е условено. Тоа значи дека луѓето се слободни да се здружуваат со кој било во каква било комбинација која им се допаѓа, како и обратно, и да одбиваат здружување).

- Отфрлање на политичкиот авторитет, а со тоа и на идеологиите (Зборот „анархија“ буквално значи без владеење или без владетели. Без владеење и без владетели значи дека не постојат политички авторитети над самите луѓе, кои можат и кои би требало да ги носат сите одлуки онака како што ги замислуваат. Најголемиот број идеологии ѝ служат на легитимацијата на авторитетите на една или друга елита или институција да одлучуваат во името на луѓето, додека во други случаи ѝ служат на делегитимизацијата на автономното човечко одлучување.)

- Мали, едноставни, неформални транспарентни и привремени организации (Повеќето анархисти се сложуваат дека малите групи, лице в лице, овозможуваат најцелосно учествување со најмала количина потребна специјализација. Наједноставно структурираните и најмалку комплексни организации оставаат најмалку можности за развој на хиерархија и бирократија. Неформалната организација најлесно се менува и е најспособна за приспособување кон нови услови. Отворената и транспарентна организација најлесно се сфаќа и контролира од страна на членството. Колку подолго постојат организациите, вообичаено, толку повеќе стануваат поподложни за развој на ригидност, специјализација и, најпосле, хиерархија. Организациите имаат рок на траење и многу ретко некоја анархистичка организација ќе стане толку значајна за да постои со генерации.

- Децентрализирано, федерално организирање, со директно донесување одлуки и почитување на малцинствата (Кога се нужно поголеми, покомплексни и поформални, организациите можат да останат самоуправни за нивните членови ако се децентрализирани и федерални. Кога групите лице в лице – кои нудат можност за целосна партиципација, дружељубиви дискусии и донесување одлуки – ќе станат невозможни заради големината, најдобар курс е децентрализирање на организацијата на многу помали групи во федерална структура. Или кога е потребно помалите групи да се организираат со партнерски групи за подобро укажување на проблеми од поголеми размери, пожелна е слободна федерација – со апсолутно право на самоопределување на секое ниво, почнувајќи од базата. Сè додека групите се со таква големина за со нив да може да се управува, собирите на сите заинтересирани мораат да бидат во можност директно да носат одлуки во согласност со сите методи околу кои ќе се сложат. Сепак, малцинството никогаш не може да се принуди да се согласува со мнозинството врз основа на каква било фиктивна концепција за суверенитет на групата. Анархијата не е директна демократија, иако анархистите секако можат да изберат да се служат со демократски методи за донесување одлуки кога ќе посакаат. Единственото вистинско почитување на мислењето на малцинството вклучува прифаќање дека малцинството има иста моќ како и мнозинството, барајќи преговори и најголемо ниво на заемен договор за стабилно, ефективно групно донесување одлуки.

Најпосле, најголемата разлика е во тоа што анархистите заговараат самоорганизирање, додека левичарите сакаат да те организираат. За левичарите, нагласокот секогаш е на регрутирањето за нивната организација, така што можеш да ја прифатиш улогата на кадар кој им служи на нивните цели. Тие не сакаат да имаш сопствена самоодредена теорија и активности, затоа што тогаш не би им дозволил да манипулираат со тебе. Анархистите сакаат самиот да ја одредиш сопствената теорија и активност и да ги самоорганизираш своите активности со оние кои размислуваат слично. Левичарите сакаат да создадат идеолошко, стратешко и тактичко единство преку „самодисциплина“ (твојата саморепресија) кога тоа е можно, или организациска дисциплина (закана со санкции) кога тоа е нужно. Во секој случај, од тебе се очекува да се одречеш од сопствената автономија за да го следиш нивниот еднонасочен пат кој веќе го одредиле за тебе.

Анархијата како теорија и критика на идеологијата

Анархистичката критика на идеологијата датира уште од делата на Макс Штирнер, иако самиот тој не го користел тој израз за опис на својата критика. Идеологијата е средство со чија помош, деформацијата на човечките мисли и комуникации, се рационализираат и ги оправдуваат отуѓувањето, доминацијата и експлоатацијата. Во суштина, секоја идеологија вклучува замена на човечката субјективност со отуѓени (или нецелосни) концепции или претстави. Идеологиите се системи на лажна свест во кои луѓето себеси веќе не се сфаќаат директно како субјекти во својот однос кон светот. Наместо тоа, тие себеси се сфаќаат, на некој начин, како потчинети на еден или друг вид апстрактен ентитет, или ентитети кои погрешно се сфаќаат како реални субјекти или актери во нивниот свет.

Кога кој било систем на идеи и обврски е структуриран со апстракција во својот центар – доделувајќи им на луѓето улоги или обврски за сопствените потреби – таквиот систем секогаш е идеологија. Сите различни облици идеологија се структурираат околу различни апстракции, сепак тие секогаш им служат на интересите на хиерархиските и отуѓувачки општествени структури, затоа што ги претставуваат хиерархијата и отуѓувањето во царството на мислите и комуникацијата. Дури и ако идеологијата во својата содржина, реторички, им се спротивствува на хиерархијата или отуѓувањето, нејзината форма и понатаму останува конзистентна со она на што наводно му се противи, а тој облик секогаш ќе настојува да ја поткопува очигледната содржина на идеологијата. Без оглед дали таа апстракција е бог, држава, партија, организација, технологија, семејство, човештво, мир, екологија, природа, работа, љубов или дури слобода; ако таа се сфаќа и претставува како да е активен субјект со сопствено битие кое ни поставува барања, тогаш таа е центар на идеологијата. Капитализмот, индивидуализмот, комунизмот, социјализмот и пацифизмот, се идеолошки во онаа битна смисла во која вообичаено се сфаќаат. Религијата и моралноста секогаш се идеолошки според својата дефиниција. Дури и отпорот, револуцијата и анархијата, често преземаат идеолошки димензии кога не сме внимателни да ја одржиме критичката свест за тоа како размислуваме и кои се вистинските цели на нашите мисли. Идеологијата е речиси сеприсутна. Од огласите и рекламите, до академските дискусии и научните студии, речиси секој аспект на современото размислување и комуникација е идеолошки, а неговото вистинско значење за човечките субјекти се губи под слоевите на мистификацијата и конфузијата.

Левичарството, како реификација и посредување на општествениот бунт, секогаш е идеолошко, затоа што секогаш бара луѓето да се препознаат пред сè во смисла на своите улоги во рамките и во однос на левичарските организации и угнетуваните групи, кои за возврат се сметаат за пореални од индивидуите кои ги ги сочинуваат. Според левичарите, историјата никогаш не ја прават индивидуите, туку организациите, општествените групи, и – над сè, за марксиситите – општествените класи. Секоја голема левичарска организација ја шаблонизира сопствената идеолошка легитимација, додека од сите членови се очекува да ги научат и да ги бранат, ако не и да ги проповедаат, нејзините основни точки. Сериозната критика или преиспитувањето на овие идеологии секогаш носи ризик за исфрлање од организациите.

Постлевичарските анархисти ги отфрлаат сите идеологии во корист на индивидуална и комунална изградба на лични-теории (self theory). Индивидуалната лична-теорија е теорија во која интегралната индивидуа-во-конекст (во сите нејзини односи, со сета нејзина историја, желби и проекти итн.) секогаш е субјективен центар на перцепциите, разбирањата и акциите. Слично на тоа, комуналната лична-теорија е заснована на групата како субјект, но, во основа, со свест за индивидуите (и нивните лични теории) кои се дел од групата или организацијата. Неидеолошките анархистички организации (или неформални групи) секогаш експлицитно се засноваат на автономија на индивидуите кои се дел од нив, што многу се разликува од левичарските организации кои бараат откажување од личната автономија како предуслов за членство.

Ни бог ни господар ни морален поредок: анархијата како критика на моралот и морализмот

Анархистичката критика на моралот, исто така датира од главното дело на Штирнер, Der Einzige und sein Eigentum ( Единствениот и она што е негово, 1844). Моралноста е систем на реификувани вредности – апстрактни вредности кои се извадени од каков било контекст, всадени и претворени во неспорни убедувања кои требаат да бидат применети без оглед на реалната желба на индивидуите, мислите или целите и без оглед на ситуацијата во која се наоѓа личноста. Морализмот е практика, не само редуцирање на животните вредности на реифицираниот морал, туку и размислувања за сопствената повисока вредност во однос на другите, затоа што личноста му се потчинила на моралот (праведност според сопствено убедување), како и практика на преобразување кон прифаќање на моралот, како оружје за општествена промена.

Често, кога скандалите и разочарувањата ќе им ги отворат очите на луѓето, тие почнуваат да копаат под површината на идеологиите и идеите што ги примиле, а во кои верувале целиот свој живот, а очигледната кохерентност и сила на новиот одговор кој го пронашле (без разлика дали во религијата, левичарството или дури во анархизмот) може да ги доведе до убедување дека ја пронашле Вистината (со големо „В“). Кога тоа еднаш ќе почне да се случува, луѓето, премногу често, се насочуваат по патот на морализмот и проблемите кои го следат – елитизмот и идеологиите. Штом луѓето ѝ подлегнат на илузијата дека ја пронашле единствената Вистина која сè ќе реши – доколку доволен број други луѓе исто така ја сфатат – тогаш се јавува искушението дека таа Вистина е решение на претпоставениот Проблем, околу што мораат да се движат сите теории, што ги наведува да изградат апсолутен систем на вредности заради одбрана на своето волшебно Решение на Проблемот на кој укажува оваа Вистина. Во тој момент морализмот го зазема местото на критичкото размислување.

Различните облици левичарство поттикнуваат различни видови морализам, но најчесто во рамки на левичарството Проблемот е во тоа што луѓето се експлоатирани од капиталисти (или над нив доминираат или се отуѓени од општеството или производствениот процес итн). Вистина е дека луѓето треба да ја преземат контролата над Економијата (и/или Општеството) во сопствени раце. Најголемата Пречка за тоа е Сопственоста и Контролата над Средствата за производство од страна на Капиталистичката класа која е помогната од нејзиниот монопол за употреба на легализирано насилство преку контрола на политичката Држава. За да се совлада тоа, на луѓето мора да им се пријде со евангелски жар, за да ги убедиме да ги отфрлат сите аспекти, идеи и вредности на Капитализмот и да ја усвојат културата, идеите и вредностите на идеализираниот поглед на Работничката класа, за да ги преземат Средствата за производство разбивајќи ја власта на Капиталистичката класа и воспоставувајќи ја власта на Работничката класа (или нејзините претставнички институции, па дури и нејзините Централни комитети или нејзиниот Врховен лидер) над целото општество... Ова често доведува до некаков облик на Вокеризам (што најчесто вклучува усвојување доминантна слика на културата на работничката класа, со други зборови, животните стилови на работничката класа), вера во (најчесто Научна) Организацискиот спас, вера во Науката (со неизбежна победа на Пролетаријатот) во рамки на Класната борба, итн. И оттаму, до тактиките кои се конзистентни за изградба на фетишизирана Единствена вистинска организација на Работничката класа која се бори за Економска и Политичка власт. Целиот систем на вредности е изграден околу одредени, многу поедноставени концепции за светот, а моралните категории за добро и зло стануваат замени за критичките проценки во рамки на индивидуалната и комуналната субјективност.

Падот во морализам никогаш не е автоматски процес. Тоа е тенденција која природно се манифестира секогаш кога луѓето ќе тргнат по патот на реификуваната општествена критика. Моралот секогаш вклучува лизгање од равојот на конзистентните критички теории за битието и општеството. Тој предизвикува краток спој во развојот на стратегиите и тактиките соодветни за одредена критичка теорија и го поттикнува нагласувањето на личниот и колективниот спас преку живеење на таквиот морал, идеализирајќи некоја култура или животен стил како морална и возвишена, а во исто време демонизирајќи ги сите останати како да се искушенија или зли перверзии. Неизбежното нагласување тогаш станува ситничав, непрекинат обид за наметнување на границите на доблестите и злото, уредувајќи ги животите на сите кои тврдат дека се членови на таа секта и истовремено праведно, според сопствено убедување, ги осудува оние кои не се. Во вокеристичкото милје, на пример, тоа претставува напад на сите кои не пејат благодарнички песни за доблестите на организациите на работничката класа (и особено доблестите на Единствениот вистински облик на Организација) или доблестите на доминантната културна слика на работничката класа или животниот стил (без разлика дали станува збор за пиење пиво наместо вино, отфрлување на модерните културни подгрупи или возење Форд или БМВ или Волво). Се разбира, целта е да се одржат линиите за исклучување или вклучување помеѓу оние кои се внатре, и оние кои се надвор од групите (оние кои се надвор во високоиндустриските земји се претставуваат на различни начини – како Средна или Висока класа, или Ситна буржоазија и Буржоазија, или Менаџери и Капиталисти, големи и мали).

Да се живее во согласност со моралот значи да се жртвуваат одредени желби и искушенија (без оглед на реалната ситуација во која можеш да бидеш затекнат) во корист на наградите во вид на доблести. Никогаш не јади месо. Никогаш не вози теренско возило. Никогаш не работи од 9 до 5. Не биди штрајкбрејкер. Никогаш не гласај. Никогаш не разговарај со полицаец. Никогаш не земај пари од власта. Никогаш не плаќај даноци. Никогаш итн., итн. Тој начин на живот не им е баш примамлив на оние кои се заинтересирани за критичко мислење за светот и сопствено проценување што треба да се прави.

Отфрлувањето на Моралот вклучува конструирање критичка теорија за сопственоста и општеството (секогаш самокритични, привремени и никогаш тоталистички), во која јасната цел за укинување на сопственото општествено отуѓување никогаш нема да биде измешана со реификуваните делумни цели. Тоа вклучува нагласување на она што ќе го добијат луѓето од оваа радикална критика и солидарност, а не од она што мораат да го жртвуваат, или отфрлат, за да живеат доблесни животи на политички коректен морал.

Постлевичарска анархија: ни лева ни десна, туку автономна

Постлевичарската анархија е нешто ново и поинакво. Таа не е политичка програма, ниту идеологија. Таа на ниту еден начин не би требало да создаде некакви видови фракции или секти во рамките на поширокото анархистичко милје. Таа на ниту еден начин не претставува отворање за политичката десница; десницата и левицата отсекогаш имале многу повеќе заедничко една со друга отколку што која било од нив имала со анархизмот. И, секако, не е наменета да биде нова стока на веќе претрупаниот пазар со псевдорадикални идеи. Едноставно, таа е наменета за повторно утврдување на најосновните и најважни анархистички позиции во рамки на контекстот за распаѓање на меѓународната политичка левица.

Ако сакаме да избегнеме да не нè затрупаат левичарските рушевини додека се распаѓаат покривите, потребно е во целост, свесно и експлицитно, да се оградиме од нивните разновидни грешки – особено од погрешните левичарски претпоставки кои довеле до тие грешки. Тоа не значи дека е невозможно и анархистите да се сметаат себеси за левичари – постоела долга, најчесто чесна, историја на синтеза на анархизмот и левицата. Но, тоа значи дека во современата ситуација никој не е во можност – дури ни левите анархисти – да избегнат соочување со фактот дека практичните грешки на левичарството бараат комплетна критика на левичарството и експлицитен прекин со сите аспекти на левичарството заплеткани во тие грешки.

Левите анархисти веќе не можат да избегнат изложување на нивното левичарство на интензивна критика. Од таа точка едноставно веќе не е доволно (ниту пак некогаш било) да се проектираат сите грешки на левичарството на најексплицитни одвратни вариетети и епизоди на левичарската практика, како ленинизмот, троцкизмот и сталинизмот. Критиките на левичарскиот етатизам и левичарското партиско организирање отсекогаш биле само врв на критиката која сега експлицитно мора да го опфати целиот левичарски леден брег, вклучувајќи ги и оние аспекти кои, често, премногу долго се вклучени во традицијата на анархистичката практика. Секакво одбивање на критиката на левичарството да се прошири и продлабочи, претставува одбивање да се впушти во самоиспитување кое е неопходно за искрено саморазбирање. А тврдоглавото избегнување на саморазбирањето не може да оправда никого кој тежнее кон радикална општествена промена.

Денес имаме историска можност без преседан, заедно со изобилството средства за критика, повторно да создадеме меѓународно анархистичко движење кое може да биде самостојно без да се потпира на други движења. Она што ни останува е да ја искористиме таа можност и критички да ги реформулираме нашите анархистички теории и повторно да ги пронајдеме нашите анархистички практики во светло на нашите најосновни цели и желби.

Отфрли ја реификацијата на револтот. Левичарството е мртво! Да живее анархијата!

  

 

 


Наслов на оригиналот: Post-Left Anarchy: Leaving the Left Behind. Превод: Алек Кузмановски, 2014.