Џон Мур

Враќање дома

Дефинирање на анархопримитивизмот

1995

      Референци:

Во отворањето на Against His-Story, Against Leviathan!, веројатно првиот анархопримитивистички текст, Фреди Перлман забележува: “Ова е местото за скокање, местото за играње! Ова е дивината! Постоеше ли некогаш некоја друга?” Овој навидум наивен став опфаќа клучен аспект од анархопримитивизмот: чувството дека примитивното е овде и сега, наместо далеку и временски оддалечено. Перлман наведува дека неговиот поим е „големата јавна тајна“ на цивилизацијата: „Останува тајна. Јавно е позната, но не е признаена. Јавно дивината е на друго место, варваризмот е во туѓина, дивјаштвото е на другата страна.“ Но Перлман знае повеќе од ова, и можеби како резултат на неговата проникливост, знаеме и ние. А ова знаење е пресудно. Бидејќи, докажувајќи го присуството на примитивното, дури и среде мегамашината, Перлман прави разлика помеѓу анархопримитивизмот и другите облици на примитивизам на Западот. Уште повеќе што тој го враќа примитивниот идентитет на оние заробени внатре Левијатан. Ова е клучниот момент.

Во Gone Primitive: Savage Intellects, Modern Lives, преглед на западните присвојувања на примитивното во 20 век, Маријана Торгновик (Marianna Torgnovick) пишува:

“Метафората за наоѓање дом или да се биде дома се повторува одново и одново како структурен модел во западниот примитивизам. Станувањето примитивен е обид да се „отиде дома“, место каде што се чувствуваш удобно и урамнотежено, каде што целосното прифаќање доаѓа лесно и слободно... Без оглед на обликот кој ќе го тоа враќање дома, неговата необичност го ублажува нашето отуѓување од нас самите и нашата култура” (стр. 185).

Површно гледано, ова изгледа како привлечна идеја која оди во прилог на анархопримитивизмот. Поврзувањето на примитивното со корените изгледа логично на Запад. Живеејќи живот на длабока отуѓеност во цивилизацијата, идејата за одење дома, станување примитивен, се чини привлечна. Овој поим на патување назад во примитивното како преминување назад кон корените одекнува во насловот на неодамнешното издание уредено од страна на Рон Саколски (Ron Sakolsky) и Џејмс Конлајн (James Koehnline): Gone to Croatan: Origins of North American Dropout Culture. Како што воведната страница во книгата објаснува, „Првите ’отпадници‘ од англиската колонизација во Северна Америка ја напуштиле ’изгубената колонија‘ Роаноке и отишле да им се придружат на домородците во Кроатан.” Меѓутоа, правејќи ја оваа врска, радикалите како Саколски и Конлајн несвесно се приклучуваат кон идеите за примитивното кои се ендемски за Западот - идеи кои се користени за поткрепување на расизмот и империјализмот.

Идејата дека Западот може да ги открие своите корени преку патување во примитивното содржи одреден број на реакционерни конотации. На пример, една идеја која го истакнува таквото верување е дека примитивните луѓе населуваат свет кој е безвременски и неменлив. Перлман точно ја идентификува историјата како His-Story (негова приказна), приказна на доминација и контрола, што всушност е наративот на целата историјата. Очигледно, имајќи недостаток од левијатански структури, примитивните луѓе не населуваат ваков вид на хронологија. Но од друга страна, идејата дека примитивните луѓе живеат во безвременски вакуум, постојана состојба на неменливост, им ја одрекува можноста за развој. А оваа идеја е историски користена за карактеризирање на примитивните луѓе како вечно назадни и оттаму секогаш имајќи потреба од интервенција на Западот за да се развиваат. Значи, идеите за примитивното како безвременско се користени и се користат како оправдување за империјализмот и искоренување на примитивното.

Згора на тоа, уште една импликација на оваа концепција на примитивното е дека историјата е линеарна и дека ниеден друг начин на концептуализирање и искусување на времето не е легитимен. На тој начин, целата идеологија на прогресот е латентно присутна во концептуализациите на примитивното како извор и потекло. Освен тоа, западното поимање на примитивното како праискон, а оттаму и желбата за патување „назад“ во примитивното, е заснована врз идиличната слика на примитивното како место окарактеризирано со едноставност и слобода од проблематичните разлики. Торговник го изразува тоа добро кога вели:

„Магичната способност на примитивното да ги растопува разликите се потпира врз илузија за времето и чувство во кое примитивното е вечно минато и вечна сегашност. За магијата да е успешна, примитивното мора да претставува општо прифатено минато - наше минато, eвроaмериканско минато толку одамна заминато што не можеме да пронајдеме никакви траги од него во нашите западни простори. Но примитивното мора да е вечно присутно во други простори - просторите на примитивните луѓе. Инаку, не можеме да стигнеме до него, не можеме да ја најдеме магичната точка каде што разликите се растопуваат, а хармонијата и уживањето преовладуваат. Илузијата се потпира врз одрекувањето на сопствено ’минато‘ на примитивните општества, сопствена единствена состојба и развиток (веројатно целосно различни од нашите)... Ако ги замислиме примитивните општества како окупираат линеарно време заедно со нас, но развивајќи го тоа на сопствен начин во согласност со нивната сегашна состојба, тогаш тие не би можеле да бидат нашиот извор; не би постоело време и место за нас да ’отидеме дома‘.” (стр. 187).

Конвенционалниот западен примитивизам секогаш повлекува линија на разликување помеѓу себе и другиот, ’ние‘ и ’тие‘. А во таа шема, примитивното е секогаш другиот, секогаш ’тие‘. Примитивното секогаш мора да биде дамнешно или далечно, не овде и не сега. Времето мора да го прави ’нашето‘ минато недостапно, додека просторот мора да ја направи ’нивната‘ примитивна сегашност далечна но достапна - патешествена - за на тој начин да можеме да го најдеме патот до нашите изгубени корени. Се разбира, во тој процес ’нивната‘ специфичност се губи, станува само слика на идилата која ’ние‘ трагично сме ја загубиле, или на ужасното дивјаштво кое ’ние‘, фала му на бога, сме го надминале. Таквиот примитивизам целосно е посветен на ’нас‘ и служи да го избрише од нашата свест примитивното на начини кои се прилично компатибилни со цивилизациското истребување на примитивните народи и нивниот начин на живот. Значи идејата за примитивното како корен и извор треба да биде отфрлена од страна на примитивизмот кој се стреми кон радикално оддалечување од западната мегамашина.

„Отфрлањето на идејата за примитивното како ’корен‘ изискува радикални чекори,“ вели Торговник (стр. 186). А токму овие чекори анархопримитивизмот е спремен да ги направи. Навистина, спремноста да се преземат овие чекори сочинува една - но само една - од многуте особини по кои анархопримитивизмот се разликува од другите облици на западен примитивизам. Оттаму и Перлмановото давање приоритет на афирмирањето на примитивното како дел од ’овде и сега‘. За Перлман, како и за други мејнстрим примитивисти, цивилизацијата е само една тенка глазура распослана преку површината на цивилизираната индивидуа. Но, додека реакционерните примитивисти го сметаат дивјаштвото како карактеристика на примитивното, Перлман смета дека примитивното е окарактеризирано со изобилство - и тоа пред сè со изболиство на богат внатрешен живот и чувство за постоење. Значи за него, примитивното, во цивилизациски услови, претставува секогаш потенцијал - потенцијал чие што остварување секогаш ветува радост и слобода. Примитивното, во таков контекст, е ставено во рамка - ограничено и оковано - но секогаш способно да се ослободи. На тој начин, примитивното, наместо да биде нешто кон што треба да се пропатува, изникнува како нешто кон што треба да се вратиме. Нешто што е повторно откриено, наместо сега пронајдено. До ова проникнува Урсула ле Гвин во нејзината значајна анархопримитивистичка фикција кога ја насловува, не ’станување примитивен‘ или ’враќање дома‘, туку Постојано враќајќи се дома (Always Coming Home). Примитивното, за оние заробени во цивилизацијата, претставува процес, процес на обновување и враќање. Враќање кон корените, но ’нашите‘ корени онакви какви што се сега, и во сето нивно присуство и можност, наместо некоја невозможна потрага по зачетоците.

Во оваа смисла и анархопримитивизмот радикално се разликува од останатите облици на западен примитивизам. Во написот од 1984 год. насловен како „Renew the Earthly Paradise“, учесниците во проектот Fifth Estate[1] ја изложија нивната идеолошка траекторија:

„Еволуцијата на FE се карактеризира со стремеж да се преиспитаат сите претпоставки на радикалната критика, со што FE отиде и отаде неговите поранешни слободарско-комунистички перспективи кон покритичка анализа на технолошката структура на западната цивилизација, комбинирана со повторно вреднување на домородниот свет, карактерот на примитивното и првобитните заедници. Во оваа смисла ние сме примитивисти...“

Двостраната природа на проектот изложен овде е клучна. Анархопримитивизмот одлучно ги комбинира критичките анализи на цивилизацијата со повторното вреднување на примитивното. Овие два меѓусебно реципрочни аспекти на анархопримитивизмот се суштински. Едниот без другиот се бесмислени. Анархопримитивизмот не изискува реплицирање на примитивниот начин на живот. Тој врши повторно вреднување на примитивното и се труди да извлече инспирација од него, но сè додека тоа не е во противречност со основните анархистички анализи - анализи кои изискуваат експоненцијално разоткривање на односите на моќ во кој било облик.

Укажувајќи на ’појавувањето на синтеза на постмодерната анархија и примитивната (во смисла на изворното), екстатичка, планетарно заснована визија‘, кругот на Fifth Estate укажува:

„Ние не сме анархисти per se, туку проанархистички насочени, што за нас значи живо, интегрално искуство, некомпатибилно со Моќта и спротиставено на секоја идеологија... Нашата работа на FE како проект ги истражува можностите за наше сопствено учество во ова движење, но исто така се однесува и на повторното откривање на примитивните корени на анархијата како и документирање на нашиот сегашен израз. Истовремено, ја проучуваме еволуцијата на Моќта во нашата средина како би предложиме нови терени за оспорување и критика, со цел да ја поткопаме сегашната тиранија на современиот тоталитарен дискурс - таа хиперреалност која го уништува човечкото значење, а на тој начин и солидарноста, фалсификувајќи ги преку технологијата. Она што е карактеристично за сите борби за слобода е централната потреба: да се стекне целосно човечки дискурс заснован на автономна, интерсубјективна заемност кој е тесно поврзан со природниот свет.“

Повторното поврзување на корените на анархијата со нејзиното сегашно изразување, секогаш од перспектива чувствителна кон прашањата за моќ, останува во срцето на анархопримитивистичкиот проект. Бидејќи, во обидот да се даде една провизорна дефиниција на анархопримитивизмот, потребно е секогаш да се спореди со она што не е, а особено со задкулисите на останатите облици на западен примитивизам. Ова последново можеби ќе посакува сентиментално враќање кон природата или одење ’назад‘, но тоа не е случај со анархопримитивизмот, како што укажува Fifth Estate во 1979 година:

„Да ги претпоставиме критиките кои би не обвиниле дека сакаме да се вратиме ’назад во пештерите‘ или дека едноставно позираме - односно, за уживање во удобностите на цивилизацијата додека истовремено сме нејзини најжестоки критичари. Не го поставуваме каменото доба како модел за нашата утопија, ниту пак ги предложуваме собирањето и ловењето како средства за наша живеачка. Напротив, нашето истражување во предцивилизациските модели ѝ се спротиставува на идејата дека луѓето отсекогаш живееле со будилници и фабрики. Ја напаѓа широко распространетата амнезија која човекот ја демонстрира во однос на неговите корени и разновидноста на општествените организации кои постоеле десетици илјади години пред појавата на државата. Истакнува дека работата не била секогаш критериум за човечкото постоење, и дека градовите и фабриките не отсекогаш го засенувале пејсажот. Тврди дека постоело време кога луѓето живееле во хармонија едни со други и со нивното природно опкружување, одблизу познавајќи ги... Редуцирана на нејзините најосновни елементи, дискусијата за иднината би требало внимателно да се заснова на она што општествено го посакуваме, а оттаму и утврдувајќи која технологија е возможна. Секој од нас посакува централно греење, казанчиња и wc шолји, електрично осветлување, но не по цена на нашата човечност. Можеби се возможни заедно, но можеби и не.“

Анархопримитивизмот е етикета, и тоа несоодветна етикета. Може полесно да се објасни отколку соодветно да се именува. Вклучува отфрлање на идеологијата и рекетот на политиката со сите нејзини стратегии за остварување моќ. Тој е процес, процес на обновување и опоравување. Тој е начин на мислење и делување, светоглед, начин на постоење во онаа смисла во која Хаким Беј ја дефинираше онтолошката анархија. Тоа е одбивање да се стане примитивен, но истовремено и афирмација на потребата од повторно прифаќање на примитивното.

 

Референци:

Anon. "Renew the Earthly Paradise." Fifth Estate #322 (Winter/Spring 1986).

Anon. "Searching for the culprit: Introduction to Marshall Sahlin's The Original Affluent Society." Fifth Estate #298 (June 1979).

Le Guin, Ursula. Always Coming Home (London, 1986)

Perlman, Fredy. Against His-Story, Against Leviathan!: An Essay. (Detroit, 1983).

Sakolsky, Ron, & James Koehnline. Gone to Croatan: Origins of North American Dropout Culture (Brooklyn: Autonomedia, 1993).

Torgovnick, M. Gone Primitive: Savage Intellects, Modern Lives. (Chicago, 1990).

 

 

 

[1] Андерграунд магазин кој започнува да излегува во 60-те, во 70-те се развива во револуционерен анархистички магазин, за во доцните 80-те да прерасне во примитивистички проект посветен на развивањето „критичка анализа на технолошката структура на западната цивилизација“. На почетокот од овој век се дистанцираа од примитивизмот и напуштија некои од радикалните импликации на нивните поранешни ставови. (заб. на прев.)


Green Anarchist #38, Summer 1995. theanarchistlibrary.org
Наслов на оригиналот: "Comin’ Home: Defining Anarcho-primitivism". Првпат објавено во списанието за интеграции и различности Маргина #57-59, 2003 како дел од тематот насловен „Примитивизам“. Превод: Стефан Симоновски, 2003.