Младите луѓе денес сè почесто покажуваат склоност кон регресија или назадно движење. Во која мера тие феномени се обележје на таканаречената Генерација Икс, ќе утврдат медиумите. Најпосле, нивна работа е да ја дефинираат општествената реалност и да ја направат спознатлива. Оставајќи ги медиумите да си ја вршат својата работа, морам да кажам дека одделни облици на регресивност ги сметам и тоа како вредни за внимание, можеби и значајни, па во текстот што следува ќе се обидам да ги сместам во соодветен контекст.
Детството некогаш беше своевидно прибежиште, сигурна зона на заштитена невиност. Но, и покрај тоа што детството, како и сите останати делови од човечкиот живот, веќе подолго време е осквернавено со инхерентните обележја на потрошувачката атмосфера, развојот на различните младински трендови ни кажува дека тој простор сепак некако го задржал својот рајски статус. Оттаму, детскиот невнимателен стил на облекување е одраз на копнежот за враќање во некое релативно подобро време и место. Сликата на тинејџер во преголема маица или пуловер го зацврстува заинтересираниот набљудувач во уверувањето дека младите луѓе се преплашени од патот што е пред нив и проткаени со желба за враќање во детството.
Популарните форми на говор исто така се обележани со регресивност. Претворањето на тврдењата во прашања со нагласување на последните слогови во исказот е знак за повлекување од реалноста. Изјавната реченица се претвора во покорна молба од типот: имам право да кажам сè што сакам, нели? Говорникот со тој чин несвесно ги доведува во прашање својата способност и право отворено да ги изнесе сопствените ставови.
Претераната употреба на зборчето како во улога на сеприсутен означувач, исто така упатува на отстранување или избегнување на зрелоста. Сознајно поврзано со поставувањето прашалник на крајот од секој исказ, тоа како зборува за индиректност која граничи со страв од влегување во реалноста. Одевме како на плажа? Сте оделе или не сте оделе? Славниот сценарист на поп-културата Квентин Тарантино во својот говор често го користи како, кое станува составен дел од постмодерната полуписменост. Би можело да се каже дека во ерата на виртуелна реалност, самата реалност станува повиртуелна од виртуелната.
Тоа нè доведува до јасно изразеното движење кон неписменоста. Иако таквото движење никако не е исклучиво обележје на младите, тоа не е толку поврзано со опаѓањето на писменоста кај возрасните, колку со слабеењето на интересот на младите за писменоста. Младиот Сартр еднаш изјави дека никој никогаш не напишал ништо вистинито за нас. Според тоа, неписменоста е значајна реакција на неверојатната акумулација на лаги која толку силно ги одбележува модерната култура и секојдневниот живот.
Телевизијата, пасивна и со тоа детска форма на масовен медиум, никогаш не била толку популарна. Младите од денешницата не се првата телевизиска генерација, но во сè поголема мера се подложени на програми кои се уште поглупави од порано. Социологинката Вики Абт (Vicki Abt) спроведе истражување во 1994 година во кое, по изгледани 1000 часа од Опра Шоу и слични емисии, заклучи дека деведесет проценти од гостите се неписмени. Во продолжение на истражувањето, Абт многу аргументирано ги апострофираше погубните ефекти на таквите емисии врз нивото на писменост на гледачите. Опседнатоста со забавни содржини наводно е обележје на луѓето во нивните дваесетти години, што, меѓутоа, е сосема разбирливо. Бидејќи токму тие луѓе се изгубени во пустината на доцнокапиталистичкото ништавило и токму тие по секоја цена бараат какво било бегство од нејзините ужаси.
Денешната музика ја тематизира регресивноста во целосната смисла на поимот, или можеби подобро би било да се каже – без никаква смисла. Кејт Буш, пејачка со невин поглед (песни како Mother Stands for Comfort, The Warm Room итн.), постојано изразува желба за враќање во сигурноста на детството, додека омотите на албумите на многу музички состави – Dinosaur Jr., Stone Temple Pilots, Mutha's Day Out, Babes In Toyland или Sonic Youth – се исполнети со кукли, играчки и слични детски референци. Најочигледниот пример за таквите стремежи го наоѓаме на третиот и последен албум на Nirvana насловен In Utero. Темата за враќање во утробата често се јавуваше во текстовите на Курт Кобејн како тегобен и болен крик на човек чие детство никако не било идилично, како во животот, така и во музиката. Меѓутоа, неговата регресија во животот и во музиката ја достигна својата крајност.
Ако панкот во текот на седумдесеттите го изразуваше виталниот гнев на младите, денешната рок музика во многу општа смисла зборува за немоќ, страв, загрозеност и збунетост. Но тоа не е нова појава. Белешките на Теодор Адорно настанати пред педесетина години беа темел на неговото дело Minima Moralia, збирка кратки есеи со поднаслов Рефлексии од оштетениот живот. Адорно зборува од позиција на сопствената оштетеност; животот во скршено општество не е пуста апстракција; таквиот живот сè повеќе го загрозува секој од нас. Во списанието The New Yorker (март, 1994), Теренс Раферти (Terrence Rafferty) се пожали дека филмот Reality Bites не изнесува јасен приказ на новата генерација; филмот делува збунувачки и по малку бесмислено, запиша Раферти. Недолго потоа, Џош Коен (Josh Cohen) му се обрати на уредникот на списанието со следниве зборови: „Жал ми е што токму јас морам да ви го кажам тоа, но збунетоста и бесмисленоста во основа го сумираат искуството на новата генерација.“
Во контекст на регресијата секако вреди да се спомене вообичаената појава на враќање на младите луѓе во родителскиот дом. Со оглед на малиот број пристојно платени работни места, за многу млади луѓе животот со родителите е единствениот излез. Покрај таа егзистенцијална причина, младите на таков чекор ги тера и презирот кон кариеризмот. Но, за разлика од постапките на младите во текот на шеесеттите или седумдесеттите години, тој презир е лишен од можно втемелување во некој облик на идеализам и во ниту еден случај не е последица на слободен избор на сиромаштија или свесна маргинализација.
Депресијата е широко прогласена за ендемско обележеје на луѓето во нивните дваесетти, што ја објаснува големата популарност на книгите како исповедта на Елизабет Вурцел (Elizabeth Wurtzel) насловена Prozac Nation. Според наодите од бестселерот на психологот Мартин Селигман (Martin Seligman), Learned Optimism, депресијата денес е десет пати позастапена отколку пред педесетина години, а денешната генерација ја погодува десет години порано од минатата. Покрај вестите за пораст на употребата на дроги кај сè помлади возрасни групи, вреди да се споменат и две национални истражувања спроведени во 1994 година, чии заклучоци упатуваат на запрепастувачки пораст на редовното консумирање алкохол кај средношколците, а особено кај женската популација. Многу средношколци, стои во извештајот, сведочат за неконтролирано консумирање алкохол кое често како последица има насилство, вандализам и други облици на агресија.
Чувствата и однесувањето од тој вид неспорно сведочат за фрустрациите и очајот кои не е можно да се решат во замрзнатото општествено опкружување. Секој облик на неприфаќање или опонирање за миг станува скапоцена стока на пазарот; отуѓувањето станува мода. Во меѓувреме, бројот на самоубиства – односно, најекстремниот облик на регресија – вртоглаво расте, и тоа не само во САД. Книгата на Ватару Цуруми (Wataru Tsurumi), The Complete Suicide Manual, во Јапонија за само два месеци е продадена во повеќе од 200.000 примероци, при што купувачите во најголем дел биле помлади од триесет години.
Пореметувањата во исхраната се заштитен знак на денешната младина кој ја отсликува немоќта својствена за раното детство на човекот. Одбивањето храна го враќа човекот во фазата кога таа одлука била речиси единствениот можен облик на протест. Според наодите од книгата The Hungry Self на Ким Чернин (Kim Chernin), откажувањето од училиште, вработување итн., исклучително ефикасно го запира преминот на човекот во реалниот свет.
Во последниве триесетина години, јадрото на преовладувачкиот психолошки модел на поединецот го сочинуваше нарцизмот, наречен според митолошкиот лик опседнат со себеси. Популарната книга на Кристофер Лаш, The Culture of Narcissism, беше дел од оддалечувањето од поранешната едиповска парадигма на личноста. Денес преовладува тип на човек кој жали поради отсуството на незадоволените желби и настојува да се врати кон изворното единство/целовитост/совршенство. Како што веројатно претпоставивте, младите се одредени како главни носители на тој неодамна пристигнат етос кој во суштинска смисла е обележан со регресија. Нарцистичкото незадоволство, често дефинирано како нереално, едноставно не може да ја прифати есенцијалната просечност на секојдневниот живот. Оттука, лесно е да се согледа дека нарцизмот е само дел од општото повлекување од жртвувањето и репресијата, па во тоа име носи одреден субверзивен потенцијал. Вистина е, секако, и тоа дека таквата личност има многу слабости како што е, на пример, опседнатоста со себеси поради која поединецот не обрнува внимание на природата на општеството што го опкружува, па истото тоа општество на ниту еден начин не го преиспитува. Солипсизмот на New Agе е совршен пример за таа тенденција.
Според Бурстен (Bursten), сите типови на нарцистичка личност покажуваат склоност кон повремени испади на гнев. Тоа е поврзано со општопознатиот поим на нарцистичка пониженост; неподносливото чувство на повреденост и немоќ во себе носи имплицитна опасност од насилен пресврт. Во тој контекст не е на одмет да се спомене дека од шеесеттите години, во голем дел од литературата, нарцизмот се доведува во врска со тероризмот.
Ако подвлечеме црта под регресивните одлики на младата генерација, станува јасно дека во нив може да се препознае делумно и оправдана стратегија, без разлика на кое било ниво и да делува. Светот во кој младите би требало да влезат, преземајќи ја на себе грижата за неговото одржување, е лишен од секаква вредност, делува застрашувачки и не нуди никаква иднина.
Во своите суштински одлики и категории, тој свет е всушност поинфантилен од сите обиди за одбрана од него со кои младите луѓе настојуваат да го зачуваат сопствениот интегритет. Од една страна, принципите на развојот на високата технологија – како темел на современиот живот – од ден на ден нè прават сè позависни; од друга страна, пак, општествените институции – од кои медиумите се само најочигледниот пример – и самите се инфантилни и делуваат инфантилизирачки врз околината. Оттаму, зарем потребата за регресија не е сосема легитимен обид за бегство од таквата не-иднина?