Џон Зерзан

Тејлоризмот и синдикализмот

1976

Џенкинс (Jenkins) забележал: „Сѐ повеќе се шири впечатокот дека Индустриската револуција на крај нема да успее“.[1] Во светлина на длабоката криза на сините и белите јаки, опаѓањето на продуктивноста на вработените од 1973 и сѐ позачестените изрази на длабоко антисиндикалистичко расположение, проследени со сѐ поголема нетрпеливост кон менаџментот, забелешката на Џенкинс воопшто не делува претерано. Извештајот од 1973 година на Министерството за здравство, образование и социјални прашања, Трудот во Америка (Work in America, Department of Health, Education and Welfare, HEW), во сличен тон забележува дека „отсуството од работните места, дивите штрајкови, забошотувањата и индрустриските саботажи сѐ повеќе влијаат на трошоците на работењето“.[2]

Овој цитат од извештајот на HEW доаѓа од поглавје со сугестибилен наслов, „Застареноста на тејлоризмот“. Поради погрешно сфаќање на историската улога на научното управување со производството, погрешно е сфатен и добар дел од индустриското општество. Појавата на тејлоризмот како „научно управување“ и развојот на неговиот однос со синдикализмот се особено важни.

Во текот на осумдесеттите години од 20-от век, кога Тејлор (Frederick Winslow Taylor) ги започнувал своите експерименти во железарницата Мидвејл, сличен интерес за управување со работната сила покажале и неколку членови на Американското здружение на машински инженери. Индустрискиот капитализам се соочувал со нов отпор од сѐ поголемата работна армија, сѐ уште навикната на интегритет во работата и занаетчиски вештини. Управувањето со операциите или научното управување, како што подоцна било наречено, започнало да се обликува во осумдесеттите години, како средство за разбивање на заканувачкиот отпор на работниците. Во срцето на тој пристап се наоѓала систематска редукција на трудот на засебни, рутински работни задачи, целосно одвоени од секоја политика на одлучување во врска работата. Тејлор сфатил дека вработените имаат одлучувачко влијание, бидејќи располагаат со клучните вештини за одвивање на сите производни процеси. Како што напишал во Принципи на научното управување (Principles of Scientific Management), „работодавците и управниците знаат подобро од сите други дека нивното знаење и лични вештини далеку заостануваат зад комбинираното знаење и вештини на работниците кои ги надгледуваат.“[3] Имено, за капитализмот да има поцврста контрола, тој мора да има монопол над информациите и техниките, исто како и над останатите средства за производство. На работникот мора да му се дозволи да извршува само одредени, посебни и ограничени задачи, онака како што ги испланирала управата.

Се разбира, било сосема оправдано научното управување јавно да се промовира како средство директно наменето за зголемување на профитот и продуктивноста, иако неговата вистинска намена била контрола на производството. Поточно, во тоа време, главниот проблем на капиталот не била продуктивноста. Гидеоновото (Giedion) споредување на американската и германската индустрија покажува дека германската поголема доверба во вештините на работникот била поефтино од американската наклонетост кон механизацијата.[4] Затоа во воведувањето на тејлоризмот пред сѐ треба да се гледа социјален и политички одговор, а не само прашање на економија и „неутрална“ технологија. Заговорниците на новата организација тежнееле да ја обвијат со аура на непристрасност, да ѝ обезбедат теориски легитимитет кој би бил од корист на капитализмот во целина.[5]

И покрај псевдонаучните оправдувања на тејлористичкиот пристап, јавноста брзо развила многу негативен став кон него. По невообичаено отвореното признание на Здружението Тејлор, многумина во научното управување виделе „деградација на работниците на ниво на послушни говеда под управа на неколкумина експерти - на луѓе лишени од креативно учество во соптвената работа“.[6] Оваа точна оцена на јавноста во врска со практиката на научното управување извирала од презирот кој Тејлор и неговите следбеници го покажувале кон работниците. Во освртот на своето искуство во железарницата Бетлхем, леарите на железо кои Тејлор таму ги сретнал ги опишал како глупави, флегматични, слични на волови.[7] Сепак, и покрај таквите обиди на деградирање на своите субјекти, списите на научната управа се полни со совети за тоа како мора да се оди полека, заради големиот отпор на работниците. Постојано се повторувало дека за реорганизација на некоја фабрика врз принципите на научно управување, потребни се неколку години.[8] Здружението Тејлор ги предупредувало работодавците да очекуваат штрајкови и саботажи, дека мораат да бидат лукави и дека новите мерки треба да ги воведуваат под лажни изговори и покрај отпорот кој мора да се очекува на секој чекор.[9] Во прашање била борба за прогресивна деградација на работата.[10]

Иако со преглед на управните и лични дневници[11] може лесно да се заклучи дека научното управување било темел на работната организација, секојдневното искуство го расветлило тоа прашање на болен и јасен начин. Брејвермен (Braverman) забележува дека со Тејлор контролата попримила „незабележани размери“ и дека насекаде предизвикувала сериозен отпор. Делата на Брејвермен, Марглин (Marglin) и други, од половината на седумдесеттите години па натаму, со тејлоризмот се занимаваат како со средство суштински наменето за општествено-политичка контрола. Сепак, она што е помалку сфатено е природата на борбата помеѓу работниците и контролорите, односно улогата на синдикатите во неа.

Две стандардни дела од оваа област, Ставовите на Американската федерација на трудот кон производството на Мекелви (MacKelvey, AFL Attitudes Toward Production, 1952) и студијата Научното управување и синдикатите на Надворни (Nadworny, Scientific Management and the Unions, 1955), тврдат дека ставот на организираната работна сила кон тејлоризмот уште пред Првата светска војна повеќе не бил непријателски и дека оттогаш станал изразено позитивен. Тој суд е погрешен. Грешката потекнува од упорното поистоветување на ставот на синдикатот и ставот на членството. Би било многу поисправно да се каже дека работниците цело време се спротивставувале на научното управување, додека синдикатите пружале само краткотраен отпор и никогаш вистински не биле против него.

Ако погледнеме какви биле ставовите на синдикатот кон тејлоризмот во предвоениот период, ќе забележиме сѐ само не единствена опозиција. На пример, 1889 година, кога Тејлор за првпат ги изложил своите идеи пред Американското здружение на машински инженери, во дискусијата околу неговото предавање се вклучил и Џон А. Пентон (John A. Penton), поранешен претседател на Братството на машински леари. Овој поранешен синдикален службеник, кој истапил „како работник“, ги пофалил идеите на Тејлор повеќе од сите останати. Пентон тврдел дека тој текст треба да дојде во рацете на сите работодавци и сите вработени и го нарекол „можеби најисклучителното нешто од тој вид што некогаш сум го слушнал во животот. Го поддржувам секој збор. Верувам дека неговиот текст го означува пресвртниот момент во областа на политичката економија“.[12]

1907 година, Дејвид Ван Алстин (David Van Alstyne) од Американската железничка компанија, успеал со синдикатите на леарите и ковачите да се договори околу воведувањето на тејлоризмот во погоните на компаниите во САД и Канада. Иако самите леари и ковачи на тој начин биле спречени да се спротивстават на деградирачките методи, неорганизираните машинци од Питсбург излегле на улица „вриејќи“ од бес.[13]

Џон Р. Комонс (John R. Commons) ја објаснил главната причина за отсуството на непријателство меѓу синдикатите и тејлоризмот: „...синдикатите генерално дојдоа до тоа своето внимание да го ограничат на надниците - односно, на прашањето за дистрибуција - препуштајќи им го на работодавците прашањето за производството.“[14] Доколку Мекелви и Надворни ги проучиле спогодобите околу колективните договори постигнати пред Првата светска војна,[15] веројатно ќе ја забележеле одредбата за „правата на управата“ во секој синдикален договор во САД, која се задржала сѐ до раните триесетти години. Според таа одредба, единствено управата имала право да ги одредува работните методи, да ја осмислува работата, работните задачи, итн.; тоа е од суштинско значење за одговорот на прашањето зошто синдикатите не можеле да се спротивстават на научното управување или на кој било друг систем на управување. Затоа е лесно да се сфати зошто претставниците на AFL, кога во 1911 тејлоризмот станал јавна тема, не можеле да пронајдат историска основа за спротивставување.[16] Според тоа, примерите кои ги наведува Надворни - спогодбата помеѓу Plimpton Press и Типографскиот синдикат од 1914, според која синдикатот се согласил да го прифати научното управување во замена за тоа работодавецот да вработува само членови на синдикатот[17] или спогодбата помеѓу њујоршката женска текстилна индустрија и Меѓународниот синдикат на работници од женската текстилна индустрија од 1916, во кој е содржана истата размена - не се исклучоци.

Поточно, многу пред почетокот на Првата светска војна, започнала да се шири идејата дека синдикализмот, со своите договори со стандардната клаузула за „правата на управата“, е најдобар пристап за наметнување на тејлористичкиот јарем над работниците. Ефикасноста на таа тактика, која се потпирала на „тројанскиот коњ“ на синдикалното посредување, го навела Томсон (Thompson) да го препорача индустрискиот синдикализам, наместо занаетчискиот синдикализам на AFL, како најдобар начин за воведување на Тејлоровиот систем во индустријата. По описот: „во еден погон во кој научното управување беше потполно развиено и применето, самата управа го имаше одобрено и го помагаше организирањето на своите вработени“, Томсон отишол толку далеку што предложил признавање на синдикатот на Индустриските работници на светот (Industrial Workers of the World; IWW, „воблис“), бидејќи тоа би го обезбедило „неопходното единство во делувањето“ на сите работници, не само на квалификуваните, во рамки на тејлоризмот.[18]

Привидно радикалниот IWW бил малку веројатен кандидат за извршување на задачата на тејлоризација на работниците, но неколкумина воблиевски претставници во научното управување гледале драгоцено средство за стабилизација и рационализација на производството „по револуцијата“. А од остатокот на американската левица пристигнувале и многу други гласови на поддршка. Воодушевеноста од тој систем изгледа не знаела за идеолошки граници. Добро позната е Лениновата поддршка на тејлоризмот, а Џон Спарго (John Spargo), влијателен американски социјалист, осудувал сѐ во врска со болшевичката револуција, само не и Лениновото прифаќање на научното управување.[19]

Додека официјалните синдикати и радикалните работнички гласноговорници не можеле да пронајдат недостатоци на научното управување, работниците, на свој начин, работеле против него. Обидот тејлоризмот да се воведе во големиот државен арсенал на Рок Ајленд во 1908, бил поразен од жестокиот отпор кој го предизвикал. Важно е дека тие „неорганизирани“ работници не барале помош од синдикатите туку сами влегле во судир околу нормите и поделбата на работните задачи - и веднаш барале тој метод да биде отфрлен. Слично на тоа, првите обиди за воведување на тејлоризмот во арсеналот во Франкфорд, 1910 и 1911, биле поразени од непријателскиот став на („неорганизираните“) работници. Во октомври 1914, 3.000 текстилни работници од Sonnenborn and Company спонтано ги напуштиле работните места кога ја слушнале веста за воведување на тејлоризмот.[20]

Случајот со воведување на тејлоризмот во државниот арсенал во Вотертаун, во Масачусетс 1911, јасно покажува дека не треба да се мешаат синдикатите и работниците, „организираните“ или „неорганизираните“. Ако тоа е случај во кој синдикатите отишле најдалеку во практичното спротивставување на новиот систем, тогаш слободно може да се каже дека не пружиле никаков отпор. Кога 1908 првпат била предложена тејлоризација на Вотертаун, Тејлор ги предупредил државните менаџери дека системот мораат да го применат во целост. „Сѐ помалку од тоа остава голем дел од играта во рацете на работниците, така што пред сѐ од нивното расположение или каприци ќе зависи дали воопшто ќе се дозволи да се постигне некаков вистински резултат.“[21]

Јасно е дека Тејлор погрешно го сфатил мирното однесување на AFL синдикатите, кои ги претставувале разните работници од индустријата за вооружување, како гаранција за пасивност на вработените. Во 1910, ги советувал менаџерите од Вотертаун да „не се грижат премногу за тоа што пишува АFL (sic) за нашиот систем“, а во 1911, пред избувнувањето на штрајкот, уште еднаш се обидел да ги отстрани сите стравови на управата од работничкиот отпор така што однапред ја отфрлил секоја понатамошна преписка со AFL.[22] Знаел дека синдикатите нема сериозно да се вмешаат; но, неговиот елитизам го спречил да стекне јасна претстава за ставовите на самите работници.

Кога техничарот за мерење на времето, Мерик (Merrick), отворено почнал да ги контролира леарите со стоперка, веднаш следела акција. Иако синдикално организирани, работниците не се обратиле до синдикатот, туку сами барале веднаш да се прекине со секоја понатамошна примена на тејлоризмот. А бидејќи нивното барање било отфрлено, ги напуштиле работните места. Џозеф Куни (Joseph Cooney), работник од леарницата, на почетокот од 1912 сведочел пред Конгресниот комитет за испитување на Тејлоровиот систем, дека нема никаков контакт меѓу работниците со ниту еден синдикален службеник и дека штрајкот бил сосема спонтан.[23] Иако огромното мнозинство вработени во Вотертаун на прашањето на советникот (кого го ангажирала група работници) одговорила како не верува дека синдикатите се заинтересирани за агитација против научното управување,[24] Меѓународното здружение на машинисти (International Association of Machinists, IAM) официјално го објавило синдикалното спротивставување на системот набрзо по штрајкот од 1911. Бидејќи тоа отворено противење на IAM од 1911 практично е единствениот доказ во прилог на тезата за предвоениот непријателски став на синдикатите кон тејлоризмот,[25] треба подетално да биде испитано.

1909 година, забележува Мекелви, во Вотертаун биле воведени некои почетни фази на научно управување, без и најмало противење на синдикатите, вклучувајќи го и IAM.[26] Отприлика во тоа време, Националната лига на државни службеници почнала да врши упади во IAM, благодарение на незадоволството на неговите членови. Ривалската организација одвлекла многу членови од почетокот на штрајкот во 1911,[27] така што IAM сега морал да се претстави како опозиција за да ги задржи своите позиции меѓу работниците. На сличен начин, Меѓународниот синдикат на леари неволно го поддржал штрајкот на бостонските леари, кој избил без речиси никаква комуникација со локалниот синдикат. Синдикалните лидери често давале изјави кои ја откривале нивната практична поддршка на тејлоризмот, додека внимателното читање на документите од Конвенцијата на AFL од 1911, кои исто така се наведуваат како доказ за антитејлоризмот на синдикатот, открива дека Семјуел Гомперс (Samuel Gompers) го избегнувал секој директен и суштински напад врз новиот работен систем.

Во текот на дваесеттите години, кога синдикатите отворено го прифатиле научното управување и се оддалечиле од синдикалното членство, тејлоризмот извојувал победа. Ерата на потрошувачите започнува со систематско уништување на последните остатоци од автономијата на произведувачите. Со непроценлива помош на синдикатите, отстранет е и последниот здрав удел од содржината на работниот живот. Рорти (Rorty) како директен извор на недостигот на борбеност и иницијатива меѓу работниците од почетокот на триесеттите години ги согледува технолошките процеси на кои тие им биле потчинети.[28] Неодамнешното обновување на квалитетот и смислата на животот почива врз свеста дека самата работа е главниот проблем. Но, за жал, конфузијата околу тејлоризмот и синдикализмот продолжува, што во голема мера го попречува разбирањето на вистинската улога на синдикатите.[29]

 

[1] David Jenkins, Job Power: Blue and White Collar Democracy (Baltimore, 1974), стр. 9.

[2] Department of Health, Education and Welfare: Work in America (Cambridge, Mass., 1973), стр. 19.

[3] Frederick W. Taylor: Principles of Scientific Management (New York, 1911), стр. 32.

[4] Siegfried Giedion: Mechanization Takes Command (New York, 1948), стр. 38. Бертран Томсон (C. Bertrand Thompson) истото го забележал 1917, кога укажал на отсуството на притисок од конкуренцијата во одлуката на компаниите да го применат научното управување, „затоа што мнозинството од нив, кои сега го користат, се наоѓаат во квазимонополска положба, така што не мораат да ги намалуваат своите цени...“ Погледнете го неговото дело The Theory and Practice of Scientific Management (Boston, 1917), стр. 88–89.

[5] На пример, Мери Фолет (Mary Follett) од Здружението Тејлор, тврдела дека во научното управување „авторитетот извира од функцијата“ и затоа „тој нема голема врска со хиерархијата на позициите како такви...“ (Погледнете во Taylor Society, H. S. Person, Editor, Scientific Management in American Industry, New York, 1929, стр. 436) Според вообичаените изјави, научното управување било „олицетворение на авторитетот кој извира од новиот, научно утврден закон“, (погледнете Samuel Haber, Efficiency and Uplift, Chicago, 1964, стр. 25), кое заедничката послушност на работодавците и работниците кон „личниот авторитет ја заменува со послушност кон фактите и законите“. (Погледнете Robert Franklin Hoxie, Scientific Management and Labor, New York, 1915, стр. 9) Техничарот за мерење на времето, кој го мери учинокот на работникот и манипулира со него со помош на стоперка, се потпира на „непобитни факти“. (Horace D. Drury, Scientific Management, New York, 1915, стр. 59)

[6] Taylor Society, op. cit., стр. 46.

[7] Taylor, Principles, op. cit, стр. 59. Гант (H. L. Gantt), еден од водечките ученици на Тејлор, зборувал за примената на системот на работни задачи како „стандарден метод во воспитувањето и обучувањето на децата“. (Погледнете го неговото дело Wages and Profits, New York, 1919, стр. 122) Бидејќи „работникот станал предмет во рацете на Тејлор“, како што тоа го кажа Жак Елил (Jacques Ellul), од тоа произлегува дека тејлоровците лесно би можеле да го согледаат и како животно или дете. Вториот дел од оправдувањето била идејата на Тејлор за „економскиот човек“, дека вистинската мотивација на работникот се само парите и ништо друго. (Погледнете Sudhir Kakar, Frederick Taylor: A Study in Personality and Innovation, Cambridge, Mass., 1970, стр. 99.)

[8] На пример, Hugh G. J. Aitken: Taylorism at Watertown Arsenal (Cambridge, Mass., 1960) стр. 112, 137, 140, 158, 161.

[9] Taylor Society, op. cit., стр. 447, 450, 453.

[10] Дека во срцето на проблемот се наоѓала борбата за контрола врз работата се гледа и според написите како што е „Кој е газда во твојата работилница?“ („Who’s Boss in Your Shop?“) од Bulletin of the Taylor Society, од август 1917. Поточно, првиот текст во кој Тејлор ја изложил својата теорија, „A Piece-Rate System“ (1895), го нагласува фактот дека проблемот кој треба да се реши е судирот меѓу работниците и работодавците. (Погледнете Frederick W. Taylor „A Piece Rate System“, Transactions of the American Society of Mechanical Engineers, New York, A. S. M. E., 1895, стр. 891–898.)

[11] Погледнете, на пример, H. Jack Schapiro and Mahmoud A. Wahba, „Frederick W. Taylor – 62 years later“, Personnel Journal, August 1974, кои тврдат дека моделот на „економскиот човек“, чијшто главен мотив се парите, и понатаму (sic) преовладува.

[12] Taylor, „A Piece-Rate System“, op. cit. (Discussion: Mr. John A. Penton), стр. 888–9.

[13] Drury, op. cit., p. 197; Milton Nadworny: Scientific Management and the Unions (Cambridge, Mass., 1955), стр. 27–28.

[14] John R. Commons: „Restrictions by Trade Unions“, The Outlook, October, 1906.

[15] Прегледот на забелешките и библиографијата од книгите на Мекелви и Надворни, открива дека Мекелви проучил само два договори (потпишани 1925 и 1930), а Надворни ниту еден.

[16] Haber, op. cit., стр. 67.

[17] Систем познат под името closed shop, при кој се вработуваат само членови на синдикатот; вработениот мора цело време да остане член на синдикатот доколку сака да го зачува работното место. (заб. на прев.)

[18] Thompson, op. cit., str. 96 i стр. 155.

[19] Хенри Л. Гант, конзервативниот ученик на Тејлор, се воодушевувал на диктатурата на Ленин, а особено, се разбира, на нејзината тејлористичка компонента. А Морис Л. Кук (Morris L. Cooke), либерален тејлоровец, за кого 1915 било истакнато дека „никој не направил повеќе од него за ширењето на научното управување“, бил еден од првите кои јавно го туркале Здружението Тејлор што побрзо да го признае синдикализмот како свој природен сојузник. Не изненадува тоа што во текот на триесеттите години Кук бил еден од истакнатите заговорници на CIO (Конгресот на индустриски организации). (Погледнете Drury, op. cit., стр. 153.)

[20] Matthew Josephson: Sidney Hillman (Garden City, N.Y., 1952), стр. 111-112.

[21] Taylor Papers: „Taylor or Ruggles“. February 17, 1908.

[22] Hugh G. J. Aitken: Taylorism at Watertown Arsenal (Cambridge, Mass., 1960), стр. 67–68.

[23] „Hearings Before Social Committee of the House of Representatives to Investigate the Taylor and Other Systems of Shop Management Under the Authority of House Resolution 90“ Vol. 1, стр. 230. Останатите сведочења појаснуваат дека огорченоста на работниците била поттикната од антиработничките аспекти на тејлоризмот. На пример, Исак Густреј (Isaac Goostray) и Александер Крафорд (Alexander Crawford) зборувале за притисокот што го трпеле за омаловажување на нивниот труд и намалување на нивните вештини.

[24] Aitken, op. cit., стр. 223–224.

[25] На пример, Haber, op. cit., тврди дека организираните работници во тоа време одлучно биле против научното управување, (стр. 66), но како доказ ги наведува само соопштенијата на IAM (стр. 67-69).

[26] Jean Trepp McKelvey: AFL Attitudes Towards Production (Ithaca, 1952), стр. 16.

[27] Aitken, op. cit., стр. 183–184.

[28] Richard H. Pells: Radical Visions and American Dreams (New York, 1973), стр. 200.

[29] Додека книгата на Ирвинг Бернстин (Irving Bernstein) The Lean Years: A History of the American Worker, 1920–1933 (New York, 1960) зборува за „остриот пресврт во историското спротивставување на AFL на научното управување“ во текот на дваесеттите години, новите дела ја повторуваат истата грешка. Џејмс Р. Грин (James R. Green) во The World of the Worker (New York, 1980), кој го цитира Бернстин за истиот општ увид (стр. 127), исто така ги цитира и Мекелви и Надворни. Книгата на Даниел Нелсон (Daniel Nelson), Frederick W. Taylor and the Rise of Scientific Management (Madison, 1980), на сличен начин го повторува митот за предвоениот „судир меѓу научното управување и работниците“ (стр. 164), кој завршил со примирје, а потоа, во текот на дваесеттите, во соработка (стр. 202). Книгата на Џудит А. Меркл (Judith A. Merkle), Management and Ideology: The Legacy of the International Scientific Management (Berkeley, 1980), ја прави истата грешка (стр. 8, 29), при што не го ни споменува Надворни во текстот или во библиографијата. Тоа укажува дека погрешната теза за синдикалната опозиција на тејлоризмот станала аксиома. Со текстот на Питер Ф. Мејксин (Peter F. Meiksin), „Scientific Management and Class Relations“, iz Theory and Society Vol. 13, No. 2 (март 1984), таа грешка доживеала квантен скок. На страницата 184 тој пишува: „...AFL бил еден од првите противници на научното управување и додека набљудувачите спорат околу размерот на работничкиот отпор, сепак делува очигледно дека тејлоризмот испровоцирал барем некои штрајкови“. На тој начин синдикализмот се издигнува на уште повисоко ниво, додека спротивставувањето на членството практично е елиминирано - достигнување кое не чувствува потреба од докажување. За жал, дури и извонредната книга на Хари Брејвермен, Labor and Monopoly Capital: The Degradation of Work in the Twentieth Century (New York, 1974), подлежи на истото искривоколчување; иако тоа дело очигледно не се занимава со работничките борби, неговиот единствен осврт на антитејлоризмот (стр. 136) е судот дека научното управување на „почетокот од овој век предизвикало бура од протести меѓу синдикатите“.


John Zerzan, Elements of Refusal, CAL Press 1999 (1st Edition, 1988).
Наслов на оригиналот: "Taylorism and Unionism". Првпат објавено во Fifth Estate, ноември 1976. Превод: Стефан Симоновски.