#title Тишина #author Џон Зерзан #LISTtitle Тишина #SORTauthors Џон Зерзан (John Zerzan) #SORTtopics критика на цивилизацијата #date 2007 #source *Future Primitive Revisited*, Feral House, 2012 #lang mk #pubdate 2017-12-31T11:47:07 Водачот: Кој е тоа? Капетанот: Нејзиното име е Тишина. Водачот: Бескорисно! Надвор со неа! Распнете ја на крст!“ — Thomas Merton, The Strange Islands; „The Tower of Babel: A Morality“, 1957
Некогаш тишината, на различни начини, била составен дел од осамувањето. Денес отсуството на тишина е она што светот го прави сè попразен и поизолиран. Нејзините извори се нападнати и опустошени. Машината го продолжува својот глобален марш, а тишината се сведува на сè потесни појаси во кои сè уште не продрела вревата. Цивилизацијата е заговор на вревата, која треба да ја обвие непријатната тишина. Големиот љубител на тишината, Витгенштајн, бил свесен за значењето на нејзината загуба. Бучната сегашност е доба на сè пократки интервали на внимание, ерозија на критичкото мислење и сè помала способност за длабоко проживеани искуства. Тишината, како и мракот, е сè потешко да се пронајде; но, умот и духот копнеат по нивната поддршка. Се разбира, има различни видови тишина. На пример, тука е изнудената или доброволна тишина на стравот, тагата, послушноста или заговорот (како во слоганот од кампањата за борба против СИДА-та, „Молчење = Смрт“), што често се поврзани состојби. И природата прогресивно се замолчува, како што тоа го покажа Рејчел Карсон во својата пророчка книга Silent Spring (Rachel Carson, 1962). Но, природата е невозможно сосема да се замолчи, што можеби е причина зошто некои сметаат дека треба да се уништи. „На дело е замолчување на природата, што ја опфаќа и нашата природа“, заклучува Хајдегер.[1] Затоа треба на тишината да ѝ се дозволи да проговори, токму како тишина. На крајот на краиштата, таа и понатаму често зборува погласно од зборовите. Нема ослободување на луѓето, без спас на природата, а тишината е задолжителен дел од тој обид. Големата тишина на вселената предизвикува нем восхит, над кој медитирал и Лукрециј, некаде во I век п.н.е.: „Пред сè, замислете се над чистата, јасна боја на небото и над сè што таа опфаќа: ѕвезди, расеани насекаде, над Месечината и Сонцето, во нивниот неспоредлив блесок. Кога сите тие предмети денес би ни се укажале на нас смртниците по првпат, ако би ни изникнале пред очи неочекувано и одненадеш, на што би можеле да укажеме како на почудесно од таа целина, чие постоење човечката имагинација не би се ни обидела да го сфати?“[2] Долу на земјата, природата ја исполнува тишина. Годишните времиња се менуваат во нејзиниот ритам; ноќе, таа ја обвива планетата, иако денес во многу помала мера од порано. Некои делови на природата потсетуваат на големи басени на тишина. Описот на Макс Пикард звучи како вистинска поезија: „Шумата потсетува на голем извор на тишина, од кој таа истекува во тенок, бавен млаз и го исполнува воздухот со својата блескавост. Планините, езерата, полињата и небото, како само да чекаат некој знак да ја излеат својата огромна тишина на сите тие бучни нешта во градовите на луѓето.“[3] Тишина не е само „отсуство на нешто друго“.[4] Поточно, нашите стремежи се осврнуваат кон таа димензија, кон нејзините асоцијации и последици. Зад барањето за обнова на тишината се наоѓа желбата за нов почеток на планот на перцепцијата и културата. Зенот подучува дека „тишината никогаш не се менува“.[5] Но, можеби ќе постигнеме подобар увид ако се оттргнеме од генерализирачката изместеност на доцниот модернитет. Нема сомнеж дека тишината е културно условена и дека затоа се доживува на различни начини. Сепак, како што тврди Пикард, таа нè соочува со „првобитното битие на сè што постои“,[6] така што нештата ни ги открива директно и непосредно. Тишината е примарната средба на битијата со самите себе; така таа е поврзана со сферата на настанокот. Во индустриски заснованата техносфера, Машината речиси успеа да ја протера смиреноста. Би требало да се напише посебна „природна историја“ на тишината како загрозен вид. Модернитетот заглушува. Вревата, како и технологијата, не смее ниту за чекор да се повлече – што никогаш и не го прави. Според Пикард, ништо не го променило толку човековиот карактер како загубата на тишината.[7] Торо тишината ја сметал за „неприкосновен азил“, незаменливо прибежиште, кое мора да се одбрани.[8] Тишината е неопходна брана за пробивот на звукот. Манипулативната масовна култура се плаши од неа и ја гледа од растојание, како облик на отпор, токму затоа што не припаѓа на овој свет. Уште многу што сè уште може да се слушне во позадината која ја пружа тишината; тоа го отвора патот за автономијата и имагинацијата. „Сетила се отвораат во тишина“, вели Жан-Лик Нанси.[9] Неа треба да ѝ се пријде како на составен дел на светот и да се почувствува со целото тело, во најтивкото средиште на душата. Таа може да ја осветли нашата телесност, што квалитативно отскокнува од печатот на машината, кој толку одлучно настојува да нè измести од телото. Тишината може да ни пружи голема поддршка во ослободувањето од „информатичката зависност“, која ничкосува низ ова опшетство.[10] Таа го ослободува просторот во кој можеме да бидеме присутни за себеси, до тоа воопшто да сфатиме што навистина сме. Со неа можеме да ја почувствуваме вистинската длабочина на светот, во овој сè побесмислен и поедноличен технопејзаж. Сведоштвата за односот на филозофијата кон тишината главно се мрачни и можат да послужат како уште една илустрација за нејзиниот општ неуспех. Сократ во тишината гледал област на бесмисленото, додека Аристотел тврдел дека молчењето извира од горделивоста.[11] Меѓутоа, Раул Мортли го забележува „големото незадоволство од зборовите“, но и „сè поголемото присуство на јазикот на тишината“ во класична Грција.[12] Многу подоцна, Паскал го искажува својот ужас над „молчењето на универзумот“,[13] додека Хегел бил цврсто уверен дека она што не може да се искаже едноставно е невистинито, дека тишината е слабост која мора да биде надмината. Шопенхауер и Ниче биле меѓу оние кои ја нагласувале неопходноста од осамување, оддалечувајќи се од непријателите на тишината, каков што бил Хегел. Добар пример е и познатиот коментар од Хоркхајмер и Адорно на Одисејовата авантура со Сирените (од Хомеровата Одисеја). Според нив, Сирените се обиделе да го застранат Одисеј од неговиот пат, како што Ерос се обидува да го спречи напредувањето на репресивната цивилизација. Повторно, Кафка смета дека тишината би била многу позаводливо искушение од песната на Сирените.[14] „Феноменологијата почнува во тишина“, пишува Херберт Шпиглберг.[15] Ставањето појави или предмети пред идејните конструкции е нејзината основа претпоставка. Или, како што вели Хајдегер, постои мисла многу подлабока и построга од онаа концептуалната, која делумно ја опфаќа и примордијалната врска помеѓу тишината и разбирањето.[16] Постмодернизмот, а особено Дерида, ја оспорува сè пошироката свест за недоволноста на јазикот и тврди, на пример, дека празнините од тишина внатре дискурсот претставуваат сериозни препреки за значењето и моќта. Поточно, Дерида силно ја осудува „насилната примитивна и предлогична тишина“ и ја прогласува за нихилистички непријател на мислата.[17] Таа жестока аверзија добра ја илустрира глувоста на Дерида за присутноста и возвишеноста, како и заканата која во тишината ја гледаат оние на кои симболичкото им е сè. Витгенштајн добро насетувал дека постои нешто што претходи на сето искажливо и што останува неискажливо. Тоа е смислата на познатата завршна теза од неговите Tractatus Logico-Philosophicus: „За она за што не може да се зборува, треба да се молчи.“[18] Дали на тишината може да ѝ се пријде и за неа да се размислува без реифицирање, овде и сега? Мислам дека во неа треба да се гледа канал кој ја поттикнува мислата, основна претпоставка на нејзиниот развој. Тишината може да биде и димензија на страв, тага, дури и лудило и самоубиство. Всушност, тишината е навистина тешко да се реификува, да се замрзне во нешто неживо. Стварноста со која се соочуваме понекогаш ја нема; дали во тоа треба да се гледа показател на длабочината на сè уште присутната тишина? Можеби чудењето, немо и длабоко, е прашањето кое го дава најдобриот одговор. „Тишината е толку прецизна“, изјави еднаш Марк Ротко, и таа реченица ме прогонуваше со години.[19] Премногу често ја нарушуваме тишината, само за да нагласиме некој детаљ кој го блокира чувството за целина, чијшто сме дел, и свеста за тоа на колку многу начини ја уништуваме. Некаде на Антарктикот, зимата 1933, Ричард Бир во својот дневник запишал: „Тргнав на редовната прошетка околу 4 попладне... Запрев да ја слушнам тишината... Денот се гаснеше, се раѓаше ноќта – но, во голем мир. На дело беа неизмерни процеси и космички сили, хармонични и бесшумни.“[20] Колку од тоа се открива во тишината од длабочините и тајните на живата природа? И Ени Дилар на прекрасен начин одговара на вревата: „Во некој момент им велам на шумата, морето, планините, светот, ’Подготвена сум. Сега ќе застанам и ќе бидам сосема мирна.‘ Исфрлуваш сè од себе и само чекаш, слушајќи.“[21] Патот низ тишината не води само до природата. Сиоран укажува на тајните кои ги крие молкот на нештата: „Сите предмети говорат со јазик кој може да се дешифрира само во целосна тишина.“[22] Во книгата The Body’s Recollection of Being, Дејвид Мајкл Левин нè советува да „научиме како да размислуваме со телото... и во тишина на го слушаме телесното доживување на искуството.“[23] Во сферата на меѓучовечките односи, молчењето често е плод на сочувство и знак дека сме сфатени, без зборови – и тоа многу подлабоко отколку со нивна помош. Се чини дека американските домородци отсекогаш придавале големо значење на тишината и непосредното искуство. Во нивните култури молчењето, по правило, е знак на почит и скромност. Тоа се наоѓа во средиштето на Потрагата по визија, период во кој поединецот се осамува, гладува и зближува со земјата, за да го открие својот животен пат и својата цел. Инуитот Норман Холенди, тврди дека тивката состојба на смиреност, наречена inuinaqtuk, носи многу подобар увид отколку сонувањето.[24] Домородните исцелители често го нагласувале значењето на тишината како поддршка на мирувањето и надежта, додека неподвижноста е неопходна за успех во ловот. Домородното уважување на тишината веројатно извира од таа потреба за внимание и смиреност. Тишината досега наназад сè до состојбата на целосно присуство и првобитната заедница, пред симболичкото да ги потисне и тишината и присутноста. Таа претходи на „единството на претставувањето“,[25] кое секогаш настојува да ја „стиши“ тишината и замени со бездомноста на симболичките структури. Латинскиот корен на самиот збор, silere (Зерзан се води од англискиот збор silence; нап. на прев.), што значи да не се зборува ништо, е поврзан со sinere, што значи да се дозволи престој на некое место. Одвлечени сме на места на кои јазикот најчесто останува суштински нем. Хајдегер подоцна ја уважува сферата на тишината, како и Хелдерлин, која е една од неговите најважни референци, особено од Последните химни.[26] Тој незаситен копнеж, кој Хелдерлин толку силно го изразува, не се стреми само кон првобитната, тивка целовотист, туку и кон сè појасната свест дека јазикот мора да признае како своето потекло го должи на загуба. Еден и половина век подоцна, Семјуел Бекет ја користи тишината како алтернатива на јазикот. Во Последната лента на Крап и во останатите дела, тој инсистира на идејата дека сиот јазик всушност е јазички ексцес. Бекет се жали како „во шумата на симболи нема ни момент мир, сè додека не се искинат веловите со кои јазикот ја обвива тишината.“[27] Нортроп Фрај смета дека единствената цел на Бекетовото дело е „токму обнова на тишината.“[28] Нашето најтелесно, за земјата поврзано битие, најдобро ги сфаќа ограничувањата на јазикот, поточно, неуспехот на целиот проект на претставување. Во таа состојба, најлесно е да се сфатат ограничувањата на јазикот и фактот дека од непосредноста секогаш сме оддалечени со должината на зборот. Кафка пишува за тоа во „Казнената колонија“, каде што печатарската преса е прикажана како инструмент за мачење. За Торо, „вистинското друштво е најблиската осаменост, како што и најдобрите говори на крај потонуваат во тишина.“[29] Наспроти тоа, масовното општество ги укинува шансите за автономија, како што го стега обрачот и околу тишината. Хелдерлин смета дека јазикот нè одвлекува во времето, но дека тишината нè задржува наспроти него. Во тишината, времето расте; се чини дека повеќе не тече, туку дека чека. Неговите димензии како да ги губат границите: минатото, сегашноста и иднината не се толку остро поделени. Но, тишината е променливо ткиво, а не некоја еднолична маса или апстракција. Нејзините својства никогаш не се оддалечуваат премногу од контекстот, а тоа значи, од сферата на непосредност. За разлика од времето, кое толку долго служи како мера за отуѓување, тишината не може да биде испарцелизирана или претворена во средство за размена. Тоа е причината зашто може да ни послужи како засолниште од непрекинатоста на времето. Некаде на почетокот од Вагнеровиот Парсифал, Гурнеманц пее: „Овде времето станува простор“. Тишината ѝ се измолкнува на таа примарна динамика на доминацијата. И еве сме сега во утробата на Машината, која нè заглушува со своите безбројни напади на тишината и толку многу други нешта, со последици кои досегаат мошне длабоко. Тонот кој луѓето во Северна Америка најчесто го мрморат или потпевнуваат е Си (Ц), што одговара на фреквенцијата на електричната мрежа од 60 MHz; во Европа „природно“ се потпевнува повишен Сол (Гис/Г#), што одговара на фреквенцијаа од 50 MHz. Можеби во таа глобална, сè похомогена Зона на врева наскоро ќе бидеме уште подлабоко хармонизирани. Пико Ајер зборува за својот „сè посилен впечаток дека целиот свет, во ист глас, ја пее истата песна, само на стотина различни нагласоци.“[30] Мораме да се спротивставиме на тој налет на стандардизацијата, на нејзината информатичка врева и забрзана, површна „комуникација“. Мораме да кажеме НЕ на таа неумолива, колонизаторска продорност на не-тишината, која ги напаѓа сите преостанати не-места. Тоа насилство, со своите сказалки кои го следат покачувањето на децибелите и ширењето на нивниот загадувачки опсег, претставува точна мера на деградацијата која масовното општество ја носи со себе. Тишината го отфрлува сето тоа и се отвора како зона во која можеме да ги обновиме своите битија. Таа се собира во природата и може да ни помогне и самите да се соземеме за битките кои ќе стават крај на нашата изместеност. Тишината е моќно средство на отпор, нечуен тон кој може да претходи на бунт. На крај, тоа е она од што сите робовладетели отсекогаш најмногу се плашеле.[31] Во различни азиски духовни традиции, муни, некој кој се заколнал на молчење, се смета за личност обдарена со најголеми способности и независност – оној кому на патот кон просветлувањето не му требаат учители.[32] Најсилните страсти созреваат тивко, во најголемата длабочина. Како инаку најречито би изразиле почит кон мртвите, најдобро пренеле интензивната љубов, дошле до своите најдлабоки мисли и визии или на најиндиректен начин вкусиле нерасипаниот свет? Во овој со тага проткаен свет , преку тагата стануваме „поневини“, вели Макс Хоркхајмер.[33] И можеби уште поотворени кон тишината – како утешителка, сојузничка и наше најсилно упориште.
[1] Martin Heidegger, What is a Thing? (Chicago, Henry Regnery Company, 1967), p. 288. [2] Наведено во Pierre Hadot, The Veil of Isis, translated by Michael Chan (Cambridge, MA: Bellknap Press, 2000), pp 212–213. [3] Max Picard, The World of Silence (Chicago: Henry Regnery Company, 1952), p. 139. [4] Bernard P. Dauenhauer, Silence: The Phenomenon and Its Ontological Significance (Bloomington: Indiana University Press, 1980), p. vii. [5] Chang Chung-Yuan, Original Teachings of Ch’an Buddhism (New York: Vintage, 1971), p. 12. [6] Picard, op.cit., p. 22. [7] Ibid., p. 221. [8] Henry David Thoreau, „A Week on the Concord and Merrimack Rivers“, The Works of Thoreau, edited by Henry Seidel Canby (Boston: Houghton Mifflin, 1946), p. 241. [9] Jean-Luc Nancy, Listening, translated by Charlotte Mandell (New York: Fordham University Press, 2007), p. 26. [10] Со тој поим првпат се сретнав во романотна Ted Mooney, Easy Travel to Other Planets (New York: Farrar Straus & Giroux, 1981). [11] Aristotle, Works of Aristotle, translated by S. Forster, Vol. VII, Problemata (Oxford: Clarendon Press, 1927), p. 896, lines 20–26. [12] Raoul Mortley, From Word to Silence I (Bonn: Hanstein, 1986), p. 110. [13] Blaise Pascal, Pensées, edited by Phillipe Seller (Paris: Bordas, 1991), p. 256. [14] Franz Kafka, Parables, наведено во George Steiner, Language and Silence (New York: Atheneum, 1967), p. 54. [15] Herbert Spiegelberg, The Phenomenological Movement, Vol. Two (The Hague: Martinus Nijhoff, 1969), p. 693. [16] Martin Heidegger, „Letter on Humanism“, Basic Writings (San Francisco: Harper San Francisco, 1992), p. 258. [17] Jacques Derrida, Writing and Difference, translated by Alan Bass (Chicago: University of Chicago Press, 1978), p. 130. [18] Ludwig Wittgenstein, Tractatus Logico-Philosophicus (London: Routledge, 1974), p. 89. [19] Наведено во James E. B. Breslin, Rothko: A Biography (Chicago: University of Chicago Press, 1993), p. 387. [20] Наведено во Hannah Merker, Listening (New York: HarperCollins, 1994), p. 127. [21] Annie Dillard, Teaching a Stone to Talk (New York: HarperPerennial, 1982), pp 89–90. [22] E. M. Cioran, Tears and Saints, translated by Ilinca Zarifopol-Johnson (Chicago: University of Chicago Press, 1995), p. 53. [23] David Michael Levin, The Body’s Recollection of Being (Boston: Routledge, 1985), pp 60–61. [24] Norman Hallendy, Inuksuit: Silent Messengers of the Arctic (Toronto: Douglas & McIntyre, 2000), pp 84–85. [25] Emmanuel Levinas, Proper Names, translated by Michael B. Smith (Stanford CA: Stanford University Press, 1996), p. 4. [26] Emery Edward George, Hölderlin’s „Ars Poetica“: A Part-Rigorous Analysis of Information Structure in the Late Hymns (The Hague: Mouton, 1973), pp 308, 363, 367. [27] Samuel Beckett, „German Letter“ od 9. jula 1937, navedeno u C. J. Ackerley and S.E. Gontorski, The Grove Companion to Samuel Beckett (New York: Grove Press, 2004), p. 221. [28] Northrup Frye, „The Nightmare Life in Death“, navedeno u J. D. O’Hara, editor, Twentieth Century Interpretations of Malloy, Malone Dies, and The Unnamable (Englewood Cliffs, NJ: Prentice-Hall, 1970), p. 34. [29] Thoreau, op.cit., p. 241 [30] Pico Ayer, The Global Soul (New York: Knopf, 2000), p. 271. [31] Mark M. Smith, Listening to Nineteenth-Century America (Chapel Hill: The University of North Carolina Press), p. 68. [32] Alex Wayman, „Two traditions of India – truth and silence“, Philosophy East and West 24 (October 1974), pp 389–403. [33] Max Horkheimer, Dawn and Decline: Notes 1926–1931 and 1950–1969 (New York: Seabury Press, 1978), p. 140.