Ема Голдман

Малцинството против мнозинството

1910

Ако морам да кажам збиено што е обележје на нашето време, тогаш би рекла дека тоа е квантитетот. Мнозинството, масовниот дух, насекаде преовладува и го уништува квалитетот. Целиот наш живот - производството, политиката, образованието - почива на количината, на броевите. Работникот, кој некогаш се гордееше со темелноста и квалитетот на својот труд, е заменет со глупави, некомпетентни автомати, кои произведуваат голема количина од нештата, безвредни по себе и генерално погубни по остатокот од човештвото. Така количината, наместо да ја зголеми животната удобност и мирот, само го зголеми товарот на човекот.

Во политиката не е важно ништо друго освен количината. Сразмерно со нејзиниот пораст, пак, превласта на броевите сосема ги избриша начелата, идеалите, правдата и чесноста. Во борбата за надмоќ разни политички партии се натпреваруваат едни со други во лукавство, измами, препреденост и сомнителни махинации, убедени дека оној кој ќе победи мнозинството ќе го слави како победник. Единствен бог е - успехот. Не е важно по која цена, по која страшна цена за човековото значење. Не мора да отидеме далеку во потрагата по доказ кој ќе го потврди тој тажен факт.

Никогаш порано расипаноста, трулоста на нашата власт не била толку изразена; никогаш порано американските граѓани не биле толку соочени со јудинската природа на политиката, која со години тврдеше дека не може ништо да ѝ се замери, дека е главно упориште на нашите институции, вистински заштитник на граѓанските права и слободи.

Но, кога нејзините зла станаа толку бесрамни што дури и слепите можат да ги видат, мораше да ги собере своите миленици и со тоа да ја обезбеди својата надмоќ. Така самите жртви, измамени, предадени, злоупотребувани стотици пати, одучија да застанат на страната на победникот, а не против него. Неколкумина збунети го поставија прашањето како мнозинството можеше да ја издаде традицијата на американската слобода? Каде исчезна неговата моќ за проценување, расудување? Работата е баш во тоа, мнозинството не може да расудува; тоа нема моќ за расудување. Бидејќи му недостасува изворност и морална храброст, мнозинството секогаш својата судбина ја предава во рацете на другите. Неспособно да преземе одговорност, тоа ги следи своите водачи дури и во пропаст. Доктор Стокман имаше право: „Најопасни непријатели на вистината и правдата меѓу нас се компактните мнозинства, проклетото компактно мнозинство“. Без амбиции и иницијативи, компактната маса не мрази ништо толку многу колку иновацијата. Секогаш се спротивставувала на иноваторите, секогаш ги проколнувала и прогонувала пионерите на новата вистина.

Често повторуван слоган на нашето време, меѓу сите политичари, па така и социјалистите, е дека нашето време е време на индивидуализам, време на малцинството. Само тие кои не чепкаат под површината би можеле да го поддржуваат ова гледиште. Зарем неколкумина не го акумулираа светското богатство во свои раце? Зарем тие не се господари, апсолутни кралеви во ситуацијава? А нивниот успех не се должи на индивидуализмот, туку на инерцијата, кукавичлукот, целосната покорност на масите. Масата и не сака нешто друго освен да се владее со неа, да биде водена, присилувана. А што се однесува до индивидуализмот, никогаш во човековата историја немало помали шанси да се изрази, помалку прилики да се потврди на нормален, здрав начин.

Некој поединечен воспитувач, пронижан со искреноста на намерата, уметникот или писателот со изворни замисли, независниот научник или истражувач, бескомпромисните пионери на општествените промени, секојдневно ги притискаат до ѕид оние луѓе чијашто наобразба и творечка способност со тек на време ја изгубила моќта.

Повеќе никаде не толерираат педагози како еден Ферер, додека диететичарите на преџвакана храна, како професорот Елиот и Батлер, се успешни овековечувачи на времето на непостоечките, автоматите. Во книжевниот и драмскиот свет, Хамфри Вордс и Клајд Фичис се идоли на масата, додека само неколкумина знаат да ја ценат убавината и духот на Емерсон, Торо, Витман; Ибзен, Хауптман, Батлер Јејтс или Стивен Филипс. Тие се како осамени ѕвезди, далеку над видокругот на мнозинството.

Издавачите, театарските менаџери и критичарите не прашуваат за квалитетот на вродената творечка уметност, туку дали таа ќе донесе добра заработувачка, дали ќе се допадне на вкусот на масата. А тој вкус е како депонија; ужива во сѐ што не бара умствено преџвакување. Како резултат на тоа, просечноста, она обичното, секојдневното, претставува главен книжевен израз.

Треба ли да кажам дека во ликовната уметност сме соочени со истите тажни факти? Доволно е да се прегледаат нашите паркови и државни патишта за да го сфатиме ужасот и вулгарноста на уметничкото творештво. Само вкусот на мнозинството може да поднесе такво насилство над уметноста. Лажни во својата замисла, варварски во изведбата, статуите кои ги преплавуваат американските градови имаат врска со уметноста колку и тотемите со Микеланџело. Но, тоа е единствената уметност која има успех. Вистинскиот уметнички дух, кој нема да се осврне кон прифатените поимања, кој искажува изворност и настојува да му биде верен на животот, живее повлечено и презрено. Неговото дело можеби еден ден ќе стане модно лудило меѓу светот, но дури кога крвта ќе му се исцрпи; дури кога ќе исчезне светлоносецот и кога толпата луѓе без идеал и визија ќе заврши со наследството на мајсторот.

Велат дека денешниот уметник не може да создава бидејќи е како Прометеј, врзан за карпата на економската нужда. Но, тоа важи за уметноста во секое време. Микеланџело зависел од своите мецени, ништо помалку отколку скулпторот или сликарот денес, освен што познавачите на уметноста тогаш биле далеку од улавата толпа. Се чувствувале почестено бидејќи им било дозволено да уживаат во уметничкото дело во самото светилиште на уметникот.

Заштитникот на уметноста во нашето време знае само за едно мерило, една вредност - доларот. Него не го интересира квалитетот на некое големо дело, туку количината долари која неговото купување ја навестува. Така, финансиерот на драмата на Мирбо Les Affaires sont les Affaires (Работите се работи) укажува на некаква нејасна слика во боја и вели: „Гледаш ли колку е тоа големо; ме чинеше педесет илјади франци“. Баш како и нашите скороевци. Баснословните броеви со кои се платени нивните големи уметнички откритија мораат да го надоместат нивниот беден вкус.

Најнепростлив грев во општеството е независноста на мислењето. Фактот дека таа е толку страшно очигледна во земјата чиј симбол е демократијата, многу зборува за важноста на големата моќ на мнозинството.

Вендел Филипс пред педесет години рекол: „Во нашата земја на целосна демократска еднаквост, јавното мислење не само што е семоќно, туку и сеприсутно. Нема бегање од неговата тиранија, нема место за криење од неговите раце, а резултатот е тоа дека ако земете фенер в раце и побарате меѓу стотина луѓе, нема да најдете ниту еден единствен Американец кој не се занесувал или не се занесува дека или ќе добие нешто, или ќе загуби нешто во својата амбиција, во својот општествен живот, или работа, од доброто мислење и гласовите на оние околу него. А последица на тоа е дека, наместо да сме маса поединци, секој од нас бестрашно да ги изложи своите убедувања, во споредба со другите нации сме маса кукавици. Повеќе од секој друг народ ние се плашиме едни од други.“ Очигледно е дека не отидовме поалеку од состојбата со која се соочил Вендел Филипс.

Денес, како и тогаш, јавното мислење е сеприсутен тиранин; денес, како и тогаш, мнозинството претставува маса кукавици, спремни да го прифатат оној кој е огледало на нивното сиромаштво на духот и умот. Тоа важи и за уникатниот подем на еден човек како Рузвелт. Тој го отелотворува токму најлошиот елемент на психологијата на толпата. Како политичар, тој знае дека мнозинството малку се грижи за идеалите или интегритетот. Тоа бара покажување моќ. Не е важно дали станува збор за изложба на кучиња, професионален бокс-меч, линчување на „црнчишта“, потера по некаков ситен престапник, венчавање на некоја наследничка или акробатски егзибиции на поранешниот претседател. Колку се пострашни акробациите, толку масата повеќе ужива. Така, Рузвелт, човек со бедни идеали и вулгарна душа, продолжува да биде човек на денот.

Од друга страна, оние кои стрчат високо над таквите политички пигмејци, луѓето со рафиниран вкус, културните, способни луѓе, ги подложуваат на потсмев и ги принудуваат на молк како мекуши. Апсурдно е да се тврди дека нашето време е време на индивидуализам. Нашето време само поостро го повтори историскиот феномен: секој напор во име на напредокот, во име на просветеноста, науката, во име на верските, политичките и економските слободи, извира од малцинството, а не од масите. Денес, како и секогаш, малцинството е погрешно разбрано, малцинството е прогонувано, затворано, мачено и убивано.

Начелото на братство кое го образложи агитаторот од Назарет, го сочува никулецот на животот, вистината и правдата, сѐ додека беше светилник на неколкумина. Во оној миг кога го презеде мнозинството, тоа големо начело стана лозинка и гласник на крвта и огнот, ширејќи страдања и пропаст. Нападот на семоќта на Рим, што го водеа колосалните ликови Хус, Калвин и Лутер, беше како изгревање на сонцето во мракот на ноќта. Но во оној миг кога Лутер и Калвин станаа политичари и почнаа да ги опслужуваат малите властодршци, благородништвото и духот на толпата, ја загрозија големата можност за реформација. Успеаја и го освоија мнозинството, но тоа мнозинство не се покажа ништо помалку сурово и жедно за крв во прогонот на мислата и разумот од католичкото чудовиште. Тешко на еретиците, тешко на малцинството, кое нема да му се поклони на тоа мислење. По бескрајната горливост, страдања и жртви, човечкиот ум барем е ослободен од верскиот фантом; малцинството тргна во потрага по нови победи, а мнозинството заостанува зад него, хендикепирано од вистината која со тек на време прерасна во лага.

Политичкиот човечки сој сѐ уште би бил под ропство, ако не постоеја луѓе како Џон Бал, Ват Тајлер, Тел, безбројните поединечни џинови кои педа по педа се бореа со моќта на кралевите и тираните. Да ги немаше поединечните пионери, светот никогаш, до самите негови корени, не би бил потресен од тој страшен бран, француската револуција. На големите настани обично им претходеле очигледно мали работи. Така, речитоста и жестината на Камиј Демулен беше како херојска труба и го избриша од земјата симболот на мачењето, злоупотребувањето, ужасот - Бастилја.

Секогаш, во секое време, само некои биле знаменосци на големата идеја, ослободувањето. А не масата, чија оловна тежина ја спречувала да се движи. Дека тоа е вистина, најсилно се покажа во Русија. Тој крвав режим веќе изеде илјадници животи, но чудовиштето на престолот сѐ уште не е задоволно. Како такво нешто е можно кога идеите, културата, книжевноста, кога најдлабоките и најфините емоции стенкаат под железниот јарем? Мнозинството, таа компактна, неподвижна маса, руските селани, по столетија борба, жртви, неискажлива беда, и понатаму веруваат дека јажето кое го задушува „човекот со бели раце“ (човек со бели раце – интелектуалец; заб. прев.) носи среќа.

Во американската борба за слобода, мнозинството не беше ништо помалку камен на сопнување. Сѐ до денес, идеите на Џеферсон, Патрик Хенри, Томас Пејн, ги негираше и предаде нивното потомство. Масата не сака ниту еден од нив. Ја заборавија големината и храброста на Линколн, оние кои ја правеа позадината на панорамата на тоа време. Вистински светци-заштитиници на црнците претставуваа грст борци во Бостон, Лојд Гарисон, Вендел Филипс, Торо, Маргарет Фулер и Теодор Паркер, чија голема храброст и упорност кулминираше во мрачниот џин Џон Браун. Нивната неуморна жестина, нивната речитост и истрајност го поткопаа цврстиот стисок на господарот од Југот. Линколн и неговите миленици почнаа да ги следат дури кога аболицијата стана практична работа, кога сите ја препознаа како таква.

Пред отприлика педесет години, метеорска идеја се појави на светската сцена, идеја толку далекусежна, толку револуционерна, толку сеопфатна, што насекаде сееше страв во срцето на тираните. Од друга страна, таа идеја беше гласник на среќата, веселбата, надежта на милиони. Пионерите знаеја кои пречки им се на патот, знаеја кој им е противник, знаеја за прогоните, тешкотиите на кои ќе наидат, но горди и без страв го почнаа својот марш, секогаш напред. Денес таа идеја стана популарен слоган. Денес речиси секој е социјалист; богаташот, како и сиромашната жртва; чуварите на законот, како и несреќните престапници; слободните мислители, како и овековечителите на верските лаги; модерната дама како и девојката во фустан со крој на машка кошула. Зошто да не? Денес, кога вистината од пред педесет години стана лага, денес кога ѝ е одземена сета нејзина младешка фантазија, и кога ѝ е украдена храброста, силата, револуционерниот идеал - зошто да не? Денес, кога повеќе не е убава визија туку „практична, употреблива схема“, што почива на волјата на мнозинството, зошто да не? Политичкото лукавство секогаш го крева мнозинството меѓу ѕвездте: кутрото мнозинство, осквернавено, злоупотребувано, џиновското мнозинство, кога само би нѐ следело.

Кој уште не ја слушнал таа литанија? Кој не го знае тој секогаш ист рефрен на сите политичари? Тоа дека масата крвари, дека е ограбена и експлоатирана, тоа го знам и јас како и нашите „мамци“ за гласање. Но, јас инсистирам на тоа дека не еден грст паразити, туку самата маса е одговорна за таквата страшна состојба на работите. Таа се лепи за своите господари, го сака камшикот, прва ќе викне „Распни!“ во оној миг кога ќе се подигне гласот на протест против светоста на капиталистичката власт или некоја друга пропадната институција. А повторно, колку долго би опстанале власта и приватната сопственост, ако не постојат масите кои прифаќаат да станат војници, полицајци, затворски чувари и крвници. Социјалистичките демагози го знаат тоа добро како и јас, но тие го одржуваат митот со помош на мнозинството, бидејќи нивната схема на животот е да се овековечи моќта. А како би се остварила моќта, ако не со бројки? Да, власта, принудата и зависноста почиваат на масата, но никогаш и слободата и слободниот развој на поединецот, никогаш раѓањето на слободното општество.

Не се откажувам засекогаш од мнозинството како од творечка сила затоа што не сочувствувам со угнетените, обезвластените на земјата; затоа што не знам каков срамен, страшен, понижувачки живот живеат луѓето. Не, не! Туку затоа што премногу добро знам дека тоа како компактна маса никогаш не стоело зад правдата и еднаквоста. Тоа го потиснуваше човечкиот глас, го подреди човечкиот дух, го окова човечкото тело. Како маса, секогаш имало цел да го направи животот униформиран, сив и монотон како пустина. Како маса, секогаш ќе биде разорувач на индивидуалноста, слободната иницијатива, оригиналноста. Затоа верувам заедно со Емерсон, дека „масите се сурови, осакатени, погубни во своите барања и влијание, па не треба да им се ласка, туку треба да се подучуваат. Сакам да не им се прават отстапки, туку да се обучуваат, да се поделат и разбијат, а од нив да се извлечат поединци. Масите! Масите се голема несреќа. Воопшто не ги сакам масите, туку само чесните мажи, милите, слатки, способни жени“.

Со други зборови, живата, животворна вистина на општествената и економската благосостојба ќе стане стварност само со жестокоста, храброста, со бескомпромисната одлучност на интелигентното малцинство, а не преку масите.


Anarchism: Emma Goldman, „Minorities versus Majorities“, Anarchism and Other Essays, Mother Earth Publishing Association 1910. theanarchistlibrary.org
Превод: Иван Шопов