Луиџи Лукени

Како и зошто ја убив царицата Сиси

    Предговор

    Како и зошто ја убив принцезата Сиси

      Од испитувањето на грофицата Штарај, дворската дама на царицата, одржано истиот ден

      Вториот дел од испитувањето на Лукени

      Испитување, 10 септември 1898

      Листа на личните работи во сопственост на Луиџи Лукени

      Писмо на Лукени упатено до Џузепе Турко, сопственик и одговорен уредник на неаполскиот либерален весник „Дон Маурицио“

      Исходот на обдукцијата, траење 55 минути

      Изјавата на проф. Ревердин

      Испитување, 11 септември 1898

      Испитување, 12 септември 1898

      Продолжение не испитувањето, 12 септември 1898

      Писмо на Луиџи Лукени упатено до претседателот на Швајцарската конфедерација, Ежен Рифи

      Писмо на Луиџи Лукени до госпоѓата Долорес де Вера Арагонска, принцезата дела Гардија, улица Торе Арца (Палатата Алиата), Палермо, Сицилија, Италија

      Писмо упатено до Луиџи Лукени

      Уште едно писмо упатено до Луиџи Лукени

      Писмо на Луиџи Лукени упатено до уредникот на весникот „Газета ди Парма“, Парма, Италија

      Испитување, 15 септември 1898

      Испитување, 16 септември 1898

      Испитување, 19 септември 1898

      Испитување, 26 септември 1898

      Испитување, 2 октомври 1898

      Испитување, 4 октомври 1898

      Писмо до Луиџи Лукени

    Судењето

      Изјави на Луиџи Лукени

      Обвинението на јавниот обвинител

      Писмо на Луиџи Лукени до принцот Рамеро де Вера Арагонски во Палермо

Предговор

Во 13:35, на 10 септември 1898, анархистот Луиџи Лукени извршил атентат крај Женевското езеро врз царицата Сиси, смртно прободувајќи ја во градите со турпиичка.

Лукени не поседува физичка убавина како Касерио, ниту интелектуална наобразба како Анри, а не ја поседува ниту привлечната горделивост на Равашол. Тој е само еден сиромашен ѕидар. Оттаму, неговиот чин не наишол на славата која секогаш ги следела делата на другите анархисти. Згора на тоа, убил жена, а пред сè икона (лажна, какви што се сите икони) на „златното доба“, сопругата на Франц Јосиф, австрискиот цар.

Меѓутоа, ова дело може да ни даде поучен пример. Ставот на Лукени, иако понекогаш дури и детинест во своето восхитено прифаќање на судбината, навистина е единствен. Не се обесхрабрува, постојано е во противнапад, не сака ниту да побегне за да ја загарантира револуционерната разбирливост на своето дело, не издава имиња и својата тајна ја носи во гроб.

Би можеле многу да кажеме за „кутрата“ Сиси, авет украсена дури и со сентиментална кинематографија, но тоа би била бескорисна анализа. Суштината лежи во нејзината царска круна, во нејзината улога на сопруга, сурова и далечна утешителка на австрискиот цар.

Лукени низ бројните испитувања многу добро ги изнесува причините за својот чин. Во суштина, анархистите никогаш немале големи недоумици при ваквите одлуки.

Еден сиромашен ѕидар се побунува сам против историскиот монумент. Борбата е нерамноправна, секоја споредба поразителна, но сепак на крај моралната доследност на анархистот избива на површина во сета своја крепост. Тој во игра го става својот живот, ни повеќе ни помалку.

Алфредо М. Бонано

Како и зошто ја убив принцезата Сиси

Истражниот судија Шарл Леше, на 10 септември 1898, во два часот попладне, ја добива веста за убиството на Елизабета, австриска царица и унгарско-хрватска кралица, сопруга на Франц Јосиф, на сè уште непознато место во Женевскиот кантон. Веднаш оди во палатата на правдата на Плоштадот Бурдефур, каде што го чека Луиџи Лукени, уапсен на лице место.

- Ве обвинуваат за обид на убиство на Нејзиното височество австриската царица. Признавате ли дека сте го извршиле злосторот?

- Да.

-Можете да седнете ако сакате. Како се викате?

-Лукени.

- Крстеното име?

- Луиџи.

- Кога сте родени?

- 23 април 1873.

- Каде?

- Во Париз.

- Зарем не сте Италијанец?

- Да.

- Крстеното име на вашиот татко?

- Не знам.

- Вонбрачно дете?

- Да.

- Крстеното име на вашата мајка?

- Луиџа.

- Сте израснале во Париз?

- Не.

- Тогаш каде?

- Во Парма.

- Оженет?

- Не.

- Занимање?

- Работник.

- Каде престојувате?

Тишина

- Ме разбравте ли?

- Да.

- Е па? Сакам да знам каде престојувате!

- Ру Денфер 8.

- Овде во Женева?

- Да.

- Колку долго сте во Женева?

- Од 5 септември.

- Каде бевте претходно?

- Во Лозана.

- Колку време се задржавте таму?

- Во Лозана стигнав на 20 мај.

- Оваа година?

- Да.

- Каде престојувавте во Лозана?

- Во пансионот Метју, Ру Мерсери 17.

- Што правевте во Лозана?

- Она што сите мои земјаци го прават во странство: работев.

- Каде?

- На градилиштето на новата поштенска зграда. Спроти црквата.

- Значи, ако точно сфативме, вие овде сте дошле право од Лозана пред пет дена.

- Да.

- Се викате Лукени, така?

- Да.

- Лажете! Не се викате Лукени!

- Да.

- Во ред. Но дозволете ми да ве потсетам дека нема смисла да лажете.

- Не лажам!

- Уште подобро.

- И вие сте ја напуштиле вашата работа во Лозана тукутака, одеднаш?

- Доживеав незгода на работа.

- Зошто дојдовте во Женева? Што баравте овде?

Тишина

- Би требало да знаете зошто сте дошле во Женева!

- Секако дека знам. Во весниците прочитав - во Лозана - дека принцот Орлеански е во Женева.

- И што со тоа?

- Дојдов овде да го убијам.

- Францускиот престолонаследник?

- Да.

- Свесни ли сте што зборувате?

- Секако.

- Вие своеволно се обвинувате? Неверојатно!

- Се предавам. Сакав да го убијам принцот Орлеански. Меѓутоа, во Женева слушнав дека веќе отпатувал за кантонот Вале. Но, на враќање сепак морал да го премине езерото со параброд.

- Како го дознавте тоа?

- Од весниците. Два дена го чекав на молот од кој испловуваат и вплопуваат параброди. На седми, со оглед дека не дојде, отидов во Евијан.

- Зошто?

- Во Евијан отседнуваат многу важни личности. Принцот Орлеански можеше да биде таму. Но не го најдов. Така во четвртокот се вратив во Женева: одлучив да ја убијам која било личност, крал или претседател на републиката; и онака сите припаѓаат на иста раса!


Леше телефонски ја прима веста за смртта на кралицата и го пренесува тоа на Лукени, кој одговара викајќи:

- Да живее анархијата! Да живеат анархистите!

Од испитувањето на грофицата Штарај, дворската дама на царицата, одржано истиот ден

- Околу 13:35, царицата и јас ја прејдовме улицата и се упативме долж брегот на езерото, кон пловилото. Сонцето беше силно и Нејзиното височество го отвори чадорот.

- Бевте сами.

- Да. Покрај хотелот Де ла Пе, пред кој од другата страна на улицата чекаше кочијашот во својата кочија, се приближи еден човек. Веднаш пред нас одглуми дека се препнал; направи чудно движење со раката, мислев дека бара нешто да се потпре за да не падне. Во тој момент не забележав ништо друго.

- Дали можеби видовте оружје во раката на тој човек?

- Подготвена сум да се заколнам дека немаше ништо во рацете. Ама баш ништо.

- Што се случи потоа?

- Царицата бесшумно падна. Тогаш сфатив дека таа личност сигурно ја погодила. Делуваше неуверливо. Не ја согледав веднаш тежината на ситуацијата, а штом уплашена се надвив над неа, Нејзиното височество почна да се крева. Ни помогнаа двајца кочијаши. За кратко време Нејзиното височество повторно беше на нозе покрај нас. Се смееше. Вознемирена, ја запрашав на унгарски: „Како сте, Височество? Ви се случи нешто?“. „Не“, мирно одговори. Во меѓувреме до нас стигна портирот на хотелот Бориваж; присуствуваше на страшната сцена и затоа упорно нè молеше да се вратиме во хотелот. „Зошто?“, праша царицата. „Мораме да побрзаме ако сакаме да стигнеме на парабродот!“. Ја стави шапката која ѝ падна, ги зеде лепезата и чадорот, ги поздрави присутните и тргна.

- Како ништо да не се случило?

- Како ништо да не се случило. Се приближи и ме фати под рака. Портирот нè извести за апсењето на злосторникот. „Што кажа портирот?“, праша царицата. Прашањето ме изненади, затоа што царицата многу добро слуша. Ја погледнав. Забележав дека чекори со напор и со упорност ја молев да ми каже како се чувствува. „Мислам дека малку ме боли во градите“, одговори. „Но не сум сосема сигурна.“ Веќе бевме стигнале до пловилото. Долж мовчето на парабродот, нејзиниот чекор не беше баш сигурен. Штом се качи на парабродот, со придушен глас ми кажа: „Брзо, вашата рака! Брзо, ве молам!“. Не можев да ја придржам; паднав со неа на колена, со нејзината глава потпрена на моите гради. Извикав: „Доктор! Доктор!“. Царицата лежеше опуштена во моите раце, бледа. Послужителот кој нè испрати до парабродот носејќи ги нашите наметки, ми додаде вода. Откако ја испрскав по лицето, царицата ги отвори очите. Со ужас во нејзините очи ја видов смртта.

- Што мислите вие дека се случило?

- Бев уверена дека доживеала срцев удар. Некој кажа дека би било подобро онесвестената царица да се одведе на горната палуба, каде што побрзо би дошла при свест. Ја кренаа двајца мажи, ја однесоа горе и ја легнаа на клупа. Во меѓувреме, парабродот веќе тргна. Беа во право; на свежиот воздух царицата дојде при себе. Ги отвори очите и неколку мигови шеташе со погледот. Потоа со моја помош седна: „Што ми се случи?“, ме праша. Тоа беа нејзините последни зборови, повторно се онесвести. Ѝ ја отворив блузата и свилениот корсет за да може полесно да дише. Штом ги одврзав врвките на долната облека забележав темна дамка, голема колку паричка. Во тој момент ја сфатив тежината на ситуацијата. Царицата е прободена со нож! Не сфаќав зошто претходно не забележав што се случило. Го повикав командантот на парабродот и реков: „На вашиот брод лежи на смрт рането Нејзиното височество Елизабета, австриската царица и унгарско-хрватска кралица. Не можеме да дозволиме да умре без доктор и верска утеха. Ве молам, наредете итно враќање!“. Командантот се оддалечи без збор и парабродот го промени правецот кон Женева.

Вториот дел од испитувањето на Лукени

- И понатаму тврдите дека се викате Луиџи Лукени!

- Се викам Лукени!

- Ах, да! Вистина е! Значи, сега раскажете ми што се случи.

- Штотуку отчука еден и триесет кога видов дека од хотелот излегува царицата, во придружба на истата госпоѓа со која шеташе вчера и утринава.

- Рековте... „... со која шеташе вчера и утринава“?

- Да. Токму така.

- Како знаете?

- Како знам? Затоа што ја следам од вчера, како инаку би знаел?

- Во ред. Продолжете со вашата приказна. Значи, сте ја виделе царицата и нејзината дворска дама како го напуштаат хотелот.

- Да. Одеа покрај брегот на езерото, кејот Монблан. Пред нив тргна еден човек... слуга... со два капути на раката... капути кои можеа да припаѓаат само на госпоѓи од високото општество; излезе од истиот хотел како и царицата и се упати кон парабродот „Женева“. Знаев дека парабродот во 14:10 тргнува за Терие, покрај Ко. И знаев дека царицата треба да слезе во Ко.

- Како знаевте?

- Од весниците. Сфатив дека лакејот ѝ припаѓа на царицата, а оттаму и дека таа ќе патува со истиот брод. Набрзо потоа и царицата излезе од хотелот, заедно со другата жена.

- И...?

- Сè се одви според мојот план.

- Сè се одви според вашиот план?

- А како поинаку?

- Но, сте направиле грешка. Вие сте делувале по наредба! Сега имаме докази! Добро. Сега ќе ни кажете кој го нареди ова срамно убиство. Веднаш! Сакаме веднаш да дознаеме. Зборувајте!

- Можете да верувате што сакате. Сè се одви како што јас предвидов. Само јас! Се приближија. Обете. Веќе ја имав видено во Будимпешта и кога...

- Велите дека веќе еднаш сте ја виделе царицата во Будимпешта? Кога?

- Пред четири години. Бев во Будимпешта, и царицата исто така.

- И царицата толку ви се приближи што успеавте јасно да го видите нејзиното лице и да ја препознаете?

- Точно.

- Во ред. Каде се наоѓавте тоа утро?

- Додека тие излегуваа бев потпрен на оградата покрај брегот на езерото.

- Каде точно?

- Помеѓу хотелот Де ла Пе и пристаништето за парабродот.

- Но царицата е нападната пред просторот резервиран за кочијаши.

- Точно. Потрчав кон неа и ѝ го попречив патот. Се наведнав и погледнав под чадорот за сонце. Не сакав да нападнам погрешна личност. Обете секогаш се облекуваат во црно. Не беше ни особено убава. Веќе прилично стара. Кој го тврди спротивното никогаш не ја видел. Или пак лаже!

- Што се случи потоа?

- Ништо. Ја нападнав. Тоа е сè.

- Со што?

- Со многу шилесто и остро средство.

- Со турпиичка?

- Да.

- Кој ви ја даде?

- Никој. Ја купив пред осум дена.

- Каде?

- Во Лозана.

- Каде точно? Кај кого?

- Кај еден старинар. Некаде во стариот град. Не се сеќавам на детали. Жал ми е.

- Сте купиле турпиичка само за да ја употребите при атентат на царицата?

- Ја купив само за да ја употребам за атентат. Сè уште не мислев на царицата.

- Продолжете да зборувате.

- Кога ѝ го зададов ударот, добро знаев дека ќе умре. Ја нападнав со сета моја сила и почувствував како острицата продира длабоко во нејзините гради. Падна штом ја прободев. Потоа побегнав.

- А оружјето?

- Никој не го најде?

- Не. Каде го оставивте?

- Го фрлив.

- Каде?

- Некаде.

- Вашето бегство имаше одредена цел? Каде сакавте да отидете? Не размислувајте! Одговорете!

- Не сакав да побегнам.

- Не сакавте да побегнете? Значи сте побегнале најбрзо што можете... онака, од забава?

- Барав полиција. На почеток тоа беше дел од мојот план. Сакав своеволно да се предадам за да можам пред сите да објаснам зошто го направив тоа.

- Зошто не останавте на местото? Би било пологично.

- Не сакав да завршам како Касерио[1], кој беше линчуван од збеснатата толпа, полумртов пред да дојде полицијата.

- Сакате ли можеби да кажете уште нешто? Вашето бегство, чија причина сè уште морате да ја докажете, заврши набрзо по злоделото, неколку стотина метри од местото на злосторството. Полицијата веќе со часови го бара оружјето, без резултат. Како го објаснувате сето тоа? Во ред. Сакате нешто да додадете?

- Признавам дека мојата единствена цел беше убиството на австриската царица, многу ме израдува веста за нејзината смрт. Јас сум анархист!

- И сами ја наумивте таа цел?

- Ништо не подготвував. Големиот Бакунин ни го покажа начинот на кој ќе се ослободиме од оковите!

- Кои окови?

- Оковите кои ни ги наметнаа изопаченото благородништво и капиталистичката буржоазија!

- Дали знаете каде точно води патот на вашиот голем Бакунин?

- И вие припаѓате на буржоазијата и затоа не знаете за што се работи. Јас верувам во пропагандата преку дела. А исто и многу други како мене. Илјадници и илјадници низ целиот свет. Само така ќе победиме.

- Уште едно прашање. Како знаевте дека царицата престојува во Женева?

- Од весниците.

- Дали сте веќе казнувани?

- Не. Иако тоа не ми оди во прилог.

- Не се каете што вашата совест ја оптоваривте со таков срамен чин?

- Совест? И луѓето како мене имаат совест, така барем се вели, но никој никогаш не сакал да го признае нејзиното достоинство. Оној кој живее во беда илјадници години, кој отсекогаш бил измачуван од богатите и моќните, кој секогаш умирал во нивните војни, не мора за ништо да се кае!

Испитување, 10 септември 1898

- Ме прашавте каде престојувам. Одговорив на Ру Денфер број 8. Таму бев последните две ноќи. Потоа реков дека во средата и четвртокот бев во Евијан. Затоа не можев од петти да отседнам кај госпоѓа Сејду.

- Каде спиевте од петти до седми?

- Исто во стариот град.

- Каде точно? Кај кого?

- Жал ми е. Не ја знам адресата. Шетајќи, видов дека изнајмуваат соби и влегов. Не ги помнам добро имињата на улиците.

- Ќе наредам да се изврши контрола на сите регистри на сите изнајмувачи на соби во стариот град. Па ќе видиме дали ја зборувате вистината!

- Не морате да се мачите. Никој не ми побара ниту име ниту документи.

- Сакате да ме уверите дека човек со ваша интелигенција спиел некаде, но не знае каде и кај кого?

- Мислам дека ја преценувате мојата интелигенција.

- Кога стигнавте во Женева?

- На петти, околу еден попладне.

- Добро. Тврдите дека не знаете каде сте спиеле пред две вечери. Но, некаде сте јаделе! Можеби, при прошетката, сте влегле во некоја гостилница... Два дена е прилично многу! Со некого сте разговарале! Кажете ми ги имињата на две или три личности - доволно е и една - која сте ја виделе и со која сте поразговарале. Овде во Женева, мислам. Помеѓу понеделникот и средата, како што вие рековте. Помеѓу 5 и 7 септември! Келнер, некој градинар од многуте паркови, полицаец од кој можеби сте побарале информација. Сте купиле барем парче леб! Или не?

- Со никого не разговарав.

- Не е можно! Добро размислете!

- Со никого не разговарав.

- И ништо не јадевте? Сите тие денови не влеговте во ниту една продавница и ниту една гостилница? Не се напивте чаша вино?

- Да, но не се сеќавам каде.

- Во ред, да го оставиме тоа. Кое е момчето кое со вас преноќило кај Сејду?

- Не го познавав.

- Можеби не ме разбравте. Зборувам за вашиот пријател со кој завчера, во четвртокот, сте отишле кај Сејду...

- Тој не е мој пријател.

- Како сакате. Но сте биле заедно.

- Да.

- Значи. Вие четирипати сте платиле и за него, триесет центи по ден за креветот кој сте го делеле - оној десно покрај вратата, во собата во која спијат и други ваши сонародници. Точно?

- Да.

- Во ред. За тој човек со кој сте стигнале во четвртокот, со кого сте ја напуштиле куќата во петокот рано наутро, со кој истата ноќ сте го делеле креветот... со кој утринава сте излегле од куќата во Ру Денфер... за тој човек зборувам. Сакам да го знам неговото име!

- Веќе ви реков дека не го знам. Беше мој земјак и анархист како и јас. Анархистите меѓусебно не се прашуваат за имиња. Го запознав на бродот... за време на патувањето од Евијан дотука.

- Како знаете дека е анархист?

- Оној кој е анархист лесно ги препознава на себе сличните.

- Како?

- Не можам да му го објаснам тоа на еден буржуј.

- Зошто тогаш сте платиле за него ако не го познавате? Дали е тоа вообичаено меѓу анархистите?

- Да. Оној кој има пари, плаќа. Нам парите ништо не ни значат. Да се потрошат пари на другар е најдобриот начин тие да се потрошат.

- Каде се наоѓа сега тој другар?

- Не му се допадна Женева. Сакаше да замине.

- Каде?

- Не си поставувавме прашања. Ниту името ниту ништо друго.

- Многу практичен систем.

- Да.

- Вие и вашиот... непознат другар изнајмивте кревет за две вечери. Точно?

- Да.

- Зошто?

- Немав доволно пари за подолг престој.

- А згора на тоа обајцата сте се обиделе денес да ја убиете царицата Елизабета.

- Самој јас сакав да убијам важна личност при првата можност. Така е! Мојот другар не го интересираат такви нешта. Но, ниту јас во четвртокот не знаев дека денес ќе имам таква среќа да го остварам својот план.

- (Писарот) Треба ли и тоа да го запишам?

- Сакате ли вашата последна изјава да биде внесена во записникот?

- Зошто да не? Ми се чини дека сте незадоволни што ја слушате вистината. Ова е вистината!

- Многу би сакал да знам каде сте преноќиле во Евијан, ако се сеќавате.

- Секако, се сеќавам.

- Баш ми е мило.

- Во едно кафуле, на горниот кат можеше и да се преспие. Ги има многу такви во Евијан. Се разбира, името на улицата, ако и постоеше, не го помнам. Во однос на Женева, Евијан е малечко место.

- Можете ли барем да опишете каде се наоѓа наведеното кафуле?

- Не. Но да се наоѓаме таму, би можел.

- Евијан е во Франција! Мислите дека еден швајцарски судија и еден италијански затвореник во очекување на судење можат тукутака да се шетаат на француско тло?

- Ви тоа би требало подобро да го знаете од мене. Можам на лице место да ви го покажам кафулето во кое спиев, не барајте повеќе од тоа.

- Претходно сакавте да ме уверите дека сте престојувале во Ру Денфер од петти. Потоа, мислејќи дека нè уверивте, тврдевте дека не знаете каде сте ги минале претходните денови. Велите дека не ја знаете ниту адресата во Женева ниту онаа во Евијан. На крај, велите дека не го познавате ниту името на човекот со кој сте минале два дена и две ноќи. Кој воошто може да поверува во сето тоа? Државниот обвинител? Поротата? Кој?

Тишина

- На поставеното прашање морате веднаш да одговорите. Или, ако повеќе сакате, можам да ве оставам неколку дена во самица. На тој начин на многумина брзо им се враќа сеќавањето! Ќе ви помине желбата за смеење.

- Зошто сте толку сурови кон мене? Ме уапсивте. Го имате и моето признание. Зарем тоа не е доволно?

Листа на личните работи во сопственост на Луиџи Лукени

4 кованици на Швајцарската конфедерација во вредност од 10 центи секоја;

1 кованица на Швајцарската конфедерацијата во вредност од 20 центи; 1 кованица на Швајцарската конфедерација во вредност од 50 центи.

Потоа:

3 француски кованици во вредност од 10 центи секоја; 1 француска кованица во вредност од 5 центи;

1 белгиска кованица во вредност од 5 белгиски франци.

Врз основа на паричниот износ во готово, можеме да заклучиме дека атентаторот не минал подолго време ниту во Франција ниту во Белгија. Обете земји биле средиште на анархистичкото движење.

1 мал платнен коверт во кој се пронајдени: 7 бонови за градската кујна во Женева, секој во вредност од 10 центи.

1 потврда за доделување на Африкански орден.

1 фотографија во униформа на италијанската коњица.

1 листа на странски гости присутни во Евијан од 3 до 5 септември 1898.

4 отпушоци од цигари.

Писмо на Лукени упатено до Џузепе Турко, сопственик и одговорен уредник на неаполскиот либерален весник „Дон Маурицио“

Женева, 11 септември 1898

Господине уреднику, Вашиот весник ми се чини многу соодветен за мојата цел: да пружи неколку информации. Затоа се одлучив да ви се обратам. Освен тоа, повеќето мои познаници живеат во Неапол.

Ве молам да се спротивставите на оној дел од печатот (или можеби би требало да кажам на сиот печат) кој се осмелува да ме класифицира како роден убиец, следејќи ги теориите на професорот (по име Лобросо, ако не се лажам) кој тврди дека личноста со голем обем на главата е потенцијален убиец. Жал ми е што морам да му соопштам дека ако мисли оти ја открил Америка, тогаш многу се лаже. Барем во мојот случај.

Ве молам, освен тоа, да се спротивставите на сите оние гласила кои тврдат дека Лукени го извршил делото заради сиромаштија. И тоа е целосно неточно!

На крај сакам да нагласам: ако владејачките класи не сакаат да признаат дека ги експлоатираат своите блиски, ќе им биде нанесена истата казна која подолу потпишаниот веќе ја нанесе на некоја друга жртва. Не само на владетелите, претседателите и министрите, туку и на сите други кои ги угнетуваат своите блиски. Не е далеку денот кога вистинските пријатели на човештвото ќе ги искоренат угнетувачите, како што веќе напишав. За да изградиме нов свет потребно ни е само едно мото: Само оној кој работи смее да јаде!

Со почит, Луиџи Лукени
уверен анархист

Исходот на обдукцијата, траење 55 минути

Обдукцијата на телото на Нејзиното височество царицата и кралица Елизабета, која се одвиваше во присуство на царско-кралскиот регент грофот Куфштајн, поручникот фелдмаршал фон Берзевичи, дворската дама грофицата Штарај, државниот обвинител и истражниот судија, ја востанови раната предизвикана од острица со должина околу 8,5 сантиметри, која продрела во градниот кош во висина на четвртото ребро и ги пробила белите дробови и срцето, предизвикувајќи тешко внатрешно крварење; смртта била постепена и безболна.

Изјавата на проф. Ревердин

Бидејќи трите раба на оружјето биле изненадувачки многу остри, на почеток крварењето било навистина незначително. Затоа крвта истекувала од срцето и се собирала во перикардот. Додека тој целосно не се исполни со крв, блокирајќи ја работата на срцето, личноста останува во живот. Во тој временски период, царицата го минала патот од местото на атентатот до пловилото. Со избодено срце. Истекувањето на крвта во перикардот постепено ја онезможувала работата на срцето сè до неговиот целосен застој. Наведениот бавен процес е физиолошки одговор на прашањето зошто царицата станала и без ничија помош продолжила да оди. Сепак, потребна е невообичаена волја и огромна самоконтрола, која ја поседуваат само ретки личности.

Испитување, 11 септември 1898

- Кришум сте ги следеле царицата и грофицата Штарај, додека тие две шетале низ градот.

- Кој ви го кажал тоа?

- Не е важно. Знаеме и нешто повеќе. Знаеме дека по атентатот на станицата ве чекале две личности. Бидејќи вие не сте дошле, вашите пријатели тргнале со возот во 14:10 преку француската граница. Ми се чини дека дојде време сè да признаете. Целосно да признаете. Што значи дека ние сакаме да ги знаеме не само имињата на тие две личности на станицата, туку и имињата на сите личности кои од самиот почеток биле запознаени со вашиот план и кои ви помогнале при реализацијата. Обидете се да бидете искрен и чесен.

- Амин!

- Би било подобро да престанете да пркосите на целиот свет, тоа може само да ви наштети. Би можело да биде опасно да продолжите да се противите на околностите за кои ние веќе поседуваме докази.

- Кои околности?

- Вистина ли е дека вчера, околу 10 часот, сте седела на клупа во близина на хотелот Бориваж? Да или не?

- Признавам.

- Признавате ли дека на клупата сте разговарале со еден педесетгодишник со бела брада, убаво облечен?

- Зошто не би требало да признаам?

- Кој е тој човек? Кој е тој човек со бела брада?

- Жител на Женева. Отпрвин мислев дека е гостин на хотелот, бидејќи беше отмено облечен. Малку се задржав со него - ако сè уште не знаете!

- Знаеме многу повеќе отколку што мислите! Сте зборувале за патување и бегство! Што велите на тоа?

- Не се сеќавам на темата на разговор. Можеби сме зборувале за патувања, а не за заминување. Сигурно не за бегство. Го започнав разговорот со наведениот господин како сите личности на клупа кои сакаат да разменат неколку зборови со соседната личност. Што не обврзува на разговор за бегства!

- Наведениот човек не е жител на Женева!

- Навистина? Ми кажа дека е од Женева. Но, ако вие знаете подобро од мене, не сакам да ви противречам.

- Сте разговарале на италијански!

- Да, се трудеше. Мислев дека сака да го освежи своето знаење на италијанскиот јазик. Можеби беше толку љубезен кон мене токму од таа причина. Отмените личности обично се воздржани кон луѓе како мене.

- Вие сте совршен глумец, Лукени. Но, нема да нè измамите. За ваша несреќа, знаеме дека вечерта пред убиството вие, „невиниот женевски граѓанин“ и момчето со кое сте преноќувале кај Сејду, сте ја следеле царицата. Можеби сте имале намера убиството да го извршите во петокот, но сте немале можност. Така ли е?

- Тоа е само фантазија! Јас немам соработници! Имам пријатели, вистина. Илјадници. Десетици илјадници.

- Што значи „пријатели“?

- Не е толку тешко да се сфати. Осврнете се. Ќе ги видите оставени на милост и немилост на богаташите и капиталистите. Во мрачните и мемливи фабрики. На полињата кои од почетокот на човештвото ги обработувале гладници за да ги нахранат богатите. Сите затвори на овој свет не би биле доволни да ги затворат сите мои пријатели! Сите беа подготвени да ми помогнат, требаше само да ги повикам. Но, мене не ми беше потребна нивната помош.

- Врз основа на вашиот исказ, сте ја следеле царицата уште од петокот! Го потпишавте, а ние имаме и очевидец.

- Вистина е дека во петокот ја чекав царицата пред хотелот Бориваж. Ја видов неа и нејзината дама како слегуваат од кочијата и влегуваат во хотелот. Тоа беше сè што сакав да знам. Потоа заминав.

- Кога се случило тоа? Во колку часот?

- Нешто после шест попладне.

- И каде отидовте?

- Во Ру Денфер.

- Повторно лажете! Не сте можеле да отиде во Ру Денфер во шест попладне. Госпоѓата Сејду не сака никого во куќата сè до осум!

- Точно. Останав да седам на клупата во Англиската градина, а потоа отидов кај госпоѓата Сејду.

- Со кого?

- Сам.

Испитување, 12 септември 1898

- Зошто тврдевте дека не сте ја убиле царицата со нож? Не помисливте дека обдукцијата ќе ги отфрли вашите тврдења и покрај тоа што оружјето недостига?

Тишина

- Зошто толку сакавте да го затаите постоењето на оружје? Мора да постои причина.

- Нема посебна причина. Вие ми го ставивте зборот нож во уста!

- Ми се чини дека досега беше прилично тешко да ви се стави во уста нешто што не сакате! Како ја набавивте турпиичката?

- Ја купив.

- Кога? Каде?

- Во Лозана. На пазарот покрај плоштадот Де Ла Рипон. Ја најдов на тезга. Пред околу две недели. Всушност, сакав да купам нож, но беше прескап за мене. Затоа одлучив да купам турпиичка. Ми остануваше само да направам дршка и да биде совршена. Ја направив од дрво, да ја прилагодам на дланката. Ме чинеше еден франк. Немав други трошоци.

- Горд сте на вашата ракотворба?

- Да.

- Гледам! Иако сум изненаден што порано не ни ја раскажавте ова прекрасна приказна.

Тишина

- Во ред. Да го оставиме тоа настрана за момент. Раскажете ни нешто за Будимпешта. Рековте дека таму сте ја виделе царицата Елизабета, точно?

- Да.

- Кога бевте во Будимпешта?

- Пред четири години, 1894.

- Тоа веќе го знам. Во кој месец? Колку се задржавте? Од кога до кога? Каде престојувавте? Каде работевте? И?

- Мислам дека беше пролет.

- Што подразбирате под пролет? Март, април, мај или јуни?

- Не се сеќавам точно. Веќе беше мошне топло. Ми се чини дека беше јуни. Или можеби јули.

- Јули не е пролет!

- Не.

- Значи не било пролет. Добро. Каде престојувавте во Будимпешта?

- Во десеттиот дистрикт, во областа Стајнбрух. Го заборавив името на улицата. Се задржав помалку од две недели, бидејќи најдов работа само на пет дена.

- Каде? Кај кого?

- На изградбата на улица. Не се сеќавам на името на работодавецот. Беше комплицирано. Сакам да кажам, за странец како мене.

- И во Будимпешта ја видовте царицата?

- Да.

- Дојде до вашето работно место?

- Не. Беше неработен ден. Прошетав да го разгледам стариот град, на другиот брег од Дунав. Царицата пројде крај мене, во отворена кочија. Покрај дворецот.

- Бројни нешта многу брзо ги заборавате, но лицете на вашата идна жртва останало трајно запечатено во вашето сеќавање!

- Да.

- Зошто? Веќе тогаш сте имале намера да ја убиете царицата?

- Не. Сè уште не размислував за тоа.

- Од кога сте анархист?

- Од кога почнав да расудувам. Бев огорчен заради начинот на кој се третираат и малтретираат луѓето како мене. Виновниците за нашата беда ги пронајдов во власта, државата и црквата. Подоцна сфатив дека оние кои управуват со нас и кои насилнички нè задушуваат со помош на полицијата и војниците, немаат никаква намера да ја променат ситуацијата. Напротив. Сакаат да ги одржат нештата онакви какви што се, сè во своја корист. Нема никаква разлика помеѓу монархија и република. Благородништвото, буржоазијата и црквата се едно. Сите живеат експлоатирајќи ја потта и бедата на селаните и работниците, станувајќи сè побогати и сè подебели.

- Од кога сте деклариран анархист?

- Подлабоко се заинтересирав за тоа додека го служев воениот рок.

- Член сте на анархистичка група или организација?

- Не. Јас сум осамен анархист. Го одбивам секој облик на здружување. Вистинските анархистички идеи не признаваат никаков вид организација. Организацијата, и онаа наједноставната, изискува бирократија, а бирократијата е основен елемент на омразената државна власт.

- Колку години сте посетувале училиште?

- Околу две години. И јас попрво би одел на училиште десет или петнаесет години како и вие. Но ќе дојде ден кога училиштата и факултетите ќе бидат отворени за сите. И за најсиромашните и најбедните.

- Рековте дека сте родени во Париз. Кога го напуштивте градот?

- Бев многу мал, моите први сеќавања досегаат до сиропатилиштето во Парма.

- Што знаете за вашите родители?

- Ништо. Никогаш не ги запознав и никој не ми кажувал за нив. Мојата мајка се одрекнала од мене штом ме родила, а мојот татко уште порано, штом сум бил зачнат. Потоа ме посвоија алчни личности кои се сметаа за мои родители и кои купија дуќан со малкуте пари кои државата им ги праќаше за мене.

- Каде се одвиваше сето тоа?

- Во Парма. А потоа во околината на градот, кога бев посвоен. Во малата населба по име Варано. Тогаш уште одев на училиште. Но, истовремено морав и да заработувам, а парите им ги давав ним. На почетокот работев како градинар и слуга за жупниците од околните населби. На десет години го напуштив училиштето, тогаш почнав да работам како клесар. Како растев и станував посилен, така работите стануваа сè потешки. На шеснаесет години носев прагови и шини на градилиштата на железничката линија Парма - Ла Специја. Оттогаш повеќе пати ја менував работата.

- Зошто?

- Затоа. Затоа што се верува дека на некое друго место може да се заработат неколку лири повеќе. Или пар мизерни центи. Затоа што некој вели дека таму лебот е поевтин. Или киријата. Или виното. Или затоа што жителите се пољубезни кон странци. Затоа што човек секогаш се надева дека ќе постигне нешто повеќе, а тоа потоа не се случува. Затоа.

- Кога ги напуштивте вашите родители?

- Последните?

- Да.

- Кога ја напуштив работата на градилиштето на железницата и отидов во Џенова. Есента ’89. На пристаништето во Џенова наоѓав еднодневни работи. Но, поголемиот дел од времето го минав страдајќи од глад и студ. Тоа беше многу остра зима. Пролетта за првпат дојдов во Швајцарија. Во Тичино. Пред тоа во Киасо, а потоа во Аироло. Работев на изградбата на улици. Тичино ми се допаѓаше. Условите за работа беа подобри отколку кај нас во Италија. А се чувствував како дома, луѓето покажуваа разбирање. Не се чувствував како странец. Во Тичино останав две години. Го издржав целиот период.

- А потоа?

- Пролетта...

- 1892?

- Да. Еден мој земјак ми кажа дека од другата страна на Алпите е подобро, дека има повеќе работа, а помалку работници. Кога снегот се стопи, тргнавме. Прво од Сен Готард до Андермат, потоа преку превојот Фурка. Беше полош од Готард. Потоа ја преминавме замрзнатата Рона, по долината на Рајна сè до Женевското езеро.

- Пеш?

- А како инаку? И најголем дел од времето без чевли. Боси или во партали.

- Колку време патувавте?

- Не знам точно. Ми се чини околу еден месец. Беше крај на април или почеток на јуни кога тргнавме за Версоа преку Лозана и Нион. Во Версоа најдов работа. Повторно на изградба на улици. Работодавецот се викаше Папис и беше многу разумен човек. За првпат во животот имав една мала соба само за себе. Без греење, без осветлување, но со врата која можев да ја затворам. Тоа беше нешто ново за мене.

- Каде престојувавте?

- Во хотел. Така го нарекувавме. Хотелот Де ла Баланс! Таму спиев и се хранев.

- Вашиот престој во Версоа бил многу порано од вашата посета на Будимпешта, но вие не се сеќавате ниту каде сте работеле ниту каде сте престојувале во Будимпешта! Како го објаснувате фактот дека на некои нешта добро се сеќавате, додека други сосема ви избледнеле?

- Немам поим. Додека живеев во Версоа за првпат ја посетив Женева, оддалечена само петнаесет километри. Тогаш имав познаници таму; денес повеќе ги нема. Во Версоа се задржав околу десет месеци. На почетокот од 1893, повторно тргнавме да патуваме на север. Во Итикон, покрај Женевското езеро, работев околу шест месеци како ѕидар кај господинот Казагранд; потоа во Соненберг, два километри подалеку, на изградбата на еден голем мост. Шефот се викаше Фишер, колку што се сеќавам. Пролетта 1894, тргнав на нов пат. Преку Виена, каде се задржав само неколку дена, стигнав во унгарската престолнина. Се случува по пат да сретнеш некој кој патува на истото место, па така тргнуваш со него. Можев да отидам во Будимпешта исто како и во Берлин.

- Или во Брисел!

- Да. Зошто да не?

- Не сте се задржале долго во Белгија!

- Во Белгија? Не. Никогаш не сум бил. Никогаш.

- Како е можно ако во џебот сте имале белгиска кованица?

- Ја најдов во Лозана, на кејот д’Уши, недалеку од пристаништето.

- Често шетавте по пристаништето?

- Неколку пати прошетав покрај брегот на езерото, но тоа сигурно не е забрането.

- Можеби ја чекавте царицата?

- Во Уши?

- Да, во Уши! Добро ме разбравте!

- Не знаев дали царицата е во Уши или во Лозана, или дали воопшто планира да оди.

- Но знаевте дека планира да ја посети Женева!

- Не, не знаев. И никогаш не сум го тврдел спротивното.

Продолжение не испитувањето, 12 септември 1898

- Значи, сте биле во Будимпешта! Будимпешта, пролетта или почетокот на летото 1894. Точно?

- Да.

- Објаснете ми го ова: откако сте биле таму две недели, сте ја минале големата оддалеченост помеѓу Цирих и Будимпешта за да се вратите назад?

- Да.

- Навистина неверојатно. Зошто не сте се задржале подолго?

- Зашто не најдов работа. Зашто останав без скршена пара; зашто немав ни за парче леб; зашто немав каде да преноќам. Тогаш еден другар, кој беше поискусен од мене во такви ситуации, дојде до одлична идеја. Отидовме во италијанскиот конзулат, кажавме дека сме во немаштија и дека сакаме да се вратиме во Италија. Исход беше запрепастувачки, но тогаш во Будимпешта имаше многу малку италијански работници. Конзулот ни даде дознака со која кај пограничната полицијата подигнавме железнички билет за Риека.

- Зошто токму за Риека?

- Не знам. Треба да го прашате конзулот. Ние не го прашавме од страв да не се предомисли. Полицијата не задржа во текот на ноќта. Следното утро добивме храна за по пат и се качивме на возот. Патувавме два дена и две ноќи; имавме што да јадеме; се чувствувавме како господа. И во Риека се разидовме. Јас отидов пеш за Трст, каде што ме уапси австриската полиција. Минав два дена во затвор, а потоа бев протеран.

- Кога се случило сето тоа?

- Мислам дека беше крајот на јуни, почетокот на јули, бидејќи половината на јули 1894 отидов во војска.

- Слушајте ме добро, Лукени. Ако од Австрија сте биле протерани на крајот од јуни, почетокот на јули, значи дека во Будимпешта, каде сте се задржале две недели, сте стигнале на почетокот од јуни. А не во март или април како што тврдевте вчера!

Тишина

- И понатаму ли сте уверени дека во Будимпешта сте престојувале во текот на март или април?

- Не знам. Можно е датумите да не се поклопуваат баш секогаш.

- Јас пак мислам дека стигнавме до многу важна точка од истрагата и дека затоа намерно не сакавте да се сетите.

- Зошто мојот престој во Будимпешта е толку важен?

- На тоа ќе ви одговорам кога ќе дојде време. Да продолжиме. Регрутирани сте во јули 1894. Во кој полк?

- Во третиот коњанички ескадрон, 13-ти полк Монферато.

- Каде беше сместен полкот?

- Во Касерта и Неапол. Заповедник на мојот ескадрон беше принцот Арагонски.

- Колку долго служевте воен рок?

- 3,5 години, како што е пропишано според италијанскиот закон.

- Со мила волја ли служевте?

- Не. Но сепак бев добар војник. Можете да го прашате мојот заповедник.

- Кога ја напуштивте војската?

- На половината од декември 1897. Но останав, приватно, во служба на принцот Арагонски уште 3,5 месеци. Понекогаш бевме во Неапол, понекогаш во Палермо. Сакав да видам како се живее експлоатирајќи ја потта на работникот и можам да ви гарантирам дека е многу пријатно. Ми додеа. На 1 април тргнав за Џенова со товарен брод. Од Џенова, преку Вентимилја и Монте Карло, отидов во Торино, пеш. Преноќував во прифатилиште за бездомници. Времето беше убаво; делуваше како пролетта да подранила. И така се одлучив за преминот св. Бернард.

- Во април?

- Да. Тргнав и стигнав, како што можете да видите! Ако не ми верувате, можете да ја прашате девојката од гостилницата, онаму горе; онаа што продава цигари. Сигурно ќе се сеќава на мене. Помеѓу другото, ѝ подарив и моја фотографија.

- Како се вика девојката? - Не ми кажа. Сакате ли уште нешто да знаете?

- Да. Каде преноќивте првата ноќ во Швајцарија?

- Во Мартињи. Таму го запознав господинот Масер, кој веднаш ме вработи како ѕидар во Салван. Мислам дека кај него останав барем пет недели. Од Салван дојдов право во Лозана, на 20 или 22 мај, каде што се задржав до 5 септември, односно додека не дојдов во Женева.

- Каде бевте за време на миланските немири?

- Во Салван.

- Да не бевте можеби во Милано?

- Не. Бев во Салван.

- Би било пологично човек со вашите идеи да се најде рамо до рамо со своите другари во борба. Како е можно да сте останале во Салван, наместо да поитате во помош на вашите земјаци кои се бореа на барикадите во Милано?

- Веќе ви објаснив дека сум изолиран анархист. Попрво ќе ја користам мојата сила на поинаков начин отколку да ја вложам во бескорисно отворени борби против власта, кои се осудени на пропаст.

- Зборувавте за атентатот кој сте сакале да го изведете врз принцот Орлеански.

- Да. Тоа беше мојата првична намера.

- Лажете.

- Не лажам!

- Тогаш зошто на петти сте дошле во Женева за да го убиете принцот Орлеански, кога во септември ниеден член на орлеанската лоза не беше во градот ниту во неговата околина?

- Прочитав во весник.

- Каде? Во кој весник?

- Во Лозана. Меѓутоа, повеќе не се сеќавам во кој весник.

- Со најголема сигурност знаеме дека ниеден Орлеан во тоа време не бил во Женева. Проверивме. Ако сте го прочитале спротивното, веста била лажна. Се согласувате?

- Но јас го прочитав тоа!

- Тогаш весникот згрешил. Да или не?

- Ако Орлеан не бил овде, тогаш да.

- Или весникот воопшто не постои. И тоа многу брзо ќе го провериме. Кој е Џузепе Турко?

- Џузепе Турко? Турко е уредник на еден наполитански весник, „Дон Марцио“.

- Анархист?

- Не, не верувам.

- Го познавате? Пријатели сте?

- Не го познавам. И не сум негов пријател.

- Зошто сте му пишале?

- Затоа што мислам дека господинот Турко има доволно храброст да го објави моето писмо.

- Зошто токму „Дон Марцио“? Можеби е најсоодветен?

- Секако е подобар од „Осерваторе романо“. Но „Дон Марцио“ не е анархистички весник, иако вие би сакале да е така.

- Зошто го напишавте писмото?

- Зошто? За сите да знаат што направив и да не мислат дека сум луд.

Писмо на Луиџи Лукени упатено до претседателот на Швајцарската конфедерација, Ежен Рифи

Женева, 14 септември 1898

Уважено господство, со оглед дека подолу потпишаниот поседува услови да биде осуден на смртна казна и со оглед дека таква казна не постои во кантонот и во Женевската република, чест ми е да побарам од Вашата екселенција да ми се суди во кантонот Луцерн, каде што таква казна е на сила.

Би ја замолил Вашата екселенција да не помисли дека мојата молба е несериозна. Напротив! Ако е потребно, Ве молам да се посоветувате со претставникот на наведениот швајцарски кантон.

Со длабока почит, Луиџи Лукени
анархист, еден од најопасните

Писмо на Луиџи Лукени до госпоѓата Долорес де Вера Арагонска, принцезата дела Гардија, улица Торе Арца (Палатата Алиата), Палермо, Сицилија, Италија

Женева, 14 септември 1898

Госпоѓо Принцезо, знам дека не сум достоен да Ви се обратам. Но тоа го правам затоа што се борам против страшно зло, против насилството кое личностите од Вашата класа го вршат на други личности; бидејќи имам уста, сакам на сите да им ставам до знаење дека се сметам за Ваш брат. Со оглед дека сум вистински комунист не можам да ја поднесам оваа неправда. И со оглед дека сум вистински филантроп, Ви објавувам дека повеќе не е толку далечен моментот кога ново сонце, еднакво за сите, ќе заблеска!

Што се однесува до мене, добро знам дека нема да го видам ниту новото ниту старото сонце. Во 25-те години кои ги минав на овој свет, видов доволно. Госпоѓо Принцезо, Ви гарантирам со сето срце (моето диво срце или, ако ви е помило, разумно) дека никогаш не сум бил задоволен како денес. И отворено велам, ако е можно попрво би сакал да ме осуди судот во кантонот Луцерн; го замолив директно претседателот на Швајцарската конфедерација...

...затоа што сакам да се искачам на скалите кои водат на гилотина; и нема да ми треба ничија помош. Ако моето барање не биде прифатено, ќе го замолам судијата да ми изгради подземен затвор под прекрасното Женевско езеро, за повеќе никогаш да не ги видам ниту сретнам кралевите кои празнуваат под сонцето колку сакаат.

Сакам да завршам напоменувајќи дека морам да напишам уште писма и дека моментално сум многу зафатен со читање на книги кои ги сметам за соодветни. Можам да Ви наведам некои наслови за да се насмеете? Се работи за „Revue des deux mondes“: содржи прекрасни максими (штета што приказните не се целосни!). Токму она што му треба на Лукени! Еве една од тие мудри изреки: „Подобро да живееш како куче во мир, отколку како човек во анархија!“. Прекрасно, зарем не, Мадам? Уште една: „Само од почитување на законот може да се роди мир!“. На оваа навистина не е потребно ништо да ѝ се додаде! Штета што не е наведено името на авторот. Би можел секоја вечер да му се молам. Време имам во изобилие!

Ве молам Вие и капетанот на коњицата да ми простите ако на некој начин Ви предизвикав непријатности. Добро знам дека ова што се случи во Женева не Ве ни допре. Го молам капетанот на коњицата да го поздрави ескадронот во мое име... Посебен поздрав до сите кои го запознале полкот Монферато. Поздрав и до Вашето семејство од Вашиот слуга

Луиџи Лукени
уверен комунист

Во случај да сакате да ми одговорите, сметам дека не е потребно да ја наведувам мојата адреса.

Писмо упатено до Луиџи Лукени

Женева, 14 септември

Драг другар, твојот голем гест го облагородува трудот на чесните луѓе, односно на сите оние кои не живеат од туѓата работа... и кои се борат за добробит на човештвото. Нè увери во брза победа. Народот уште има херои! Други ќе го следат твојот пример! Уби една жена; слугите и измамниците, кои ги плаќаат со парите на припадниците на мртвата класа, на весниците им кажале дека твојот чин е бескорисен. Целосно го изгубиле разумот. Полни се со бес, страв и ужас. И треба да бидат!... Таа жена беше злосторник од самото раѓање. Никогаш не работеше! Секогаш сакаше само да наредува. Пакосна е како и нејзиниот сопруг. Обете се виновни за смртта на својот син кој сакаше да биде пријател на народот. Но ќе има и други, Орлеан порано или подоцна ќе падне!...

Знаеме дека социјализмот ќе извојува победа над сите обиди за уништување. Благороден другар, не губи надеж! Големата победа е близу! Народот ќе ја отвори вратата на твојот затвор! Никогаш нема да бидеш заборавен! Засекогаш ќе останеш во нашите срца! Биди човек! Надевај се!

Еден за сите!

Уште едно писмо упатено до Луиџи Лукени

Драг Луиџи, многу ме трогна беспоштедниот удар кој го нанесе на претставникот на австриската буржоазија. Се разбира, имаше тешки последици за сите ние кои живееме во Швајцарија. Не губи храброст, други ќе го следат твојот пример. Но не во Швајцарија. Би било бескорисно. Сети се на нашата несреќна татковина! Го исчекуваме твоето судење кое набрзо ќе се одвие во Женева, иако австриската влада би требала да бара испорачување.

Не пишувај никому, за да не загрозиш други.

За тебе и твоите идеи!

А.Р.
Во име на женевските другари!
и со поздрав од сите

Писмо на Луиџи Лукени упатено до уредникот на весникот „Газета ди Парма“, Парма, Италија

Женева, 15 септември 1898

Господине уредник, со ова писмо сакам да Ви објаснам зошто сум доброчинител на човештвото и зошто ја носам титулата „анархист“. Не морате да се плашите! За време на моето служење војска во Неапол, со задоволство ги читав весниците како што се „Ил Матино“ и „Ил Кориере ди Наполи“, кои имаа чест да ги објавуваат епизодите на кланот Криспи, благородниот и прекрасен неаполски аристократ. Знаете од која причина сакав да ги читам тие весници? Не. Веднаш ќе Ви објаснам. Заради големата оперска сезона во Неапол! Два столба од првата страница беа целосно посветени, од почеток до крај, на описот на фустанот на бароницата Б., на капутот на грофицата Ф. и така сè до крајот на столбот (Не сакам да ви одземам време).

Листајќи понатаму, неизоставно се објавувани детални описи од приемите на принцезата Д или маркизата Т., кои биле организирани претходната вечер. Беше жално да се дознае дека балот не траел до пет наутро и дека заради тоа ќерката на грофицата не можела да одигра уште некој квадрил во прегратката на маркизот, иако тоа го сакала.

Господине уредник, чувствувам како не можам да ја поднесам таквата трагедија; мојата температура се искачува на 43 степени. Затоа умирам и го заборавам мојот господски живот...

Во една улица во местото Посилопо најдена е мртва личност која повеќе не давала знаци на живот. Можела да биде и жена. Зошто умрела? Затоа што сите наши браќа се осудени да умрат од глад.

И Вие уште имате храброст да ни го попречувате патот? Убиецу! Ја гасите жедта со човечка крв! Зошто и Вас да не ве убијам? Беднику! Беднику!

...Цигарата дадена како бакшиш на еден келнер, повеќе не е доволна. Повеќе нема време да ги потпира вашите гнили куќарки! Ќе Ви се срушат на глава!

...Молете го папата Лав 13, кој е на умирање, да се заложи за Вас. Не, веќе е предоцна!

Ви повторувам, од моја страна, деновите ќе ги минувам трескајќи со главата од ѕидовите на ќелијата за уште еднаш да го видам сонцето кое Вие и Вашите блиски кукавички ни го одземавте!

Вашиот
Луиџи Лукени
многу уверен
во анархистичките идеи

Испитување, 15 септември 1898

- Ве известувам дека еден ваш соработник е затворен.

- Немам соработник!

- Имаме признание на вина.

- Глупости! Јас ја убив царицата! Никој друг!

- Со турпија чија дршка ја изработил вашиот соработник, Мартинели.

- Вистина е! Мартинели ја направи дршката.

- А сакавте да нè уверите дека вие сте ја направиле!

- Не, не, Мартинели ја направи, но не знаеше за што ми служи турпијата.

- Совршено знаел за што служи! И колку побрзо признаете, толку подобро!

- Без дршка немав притисок, затоа отидов кај Мартинели. Ме праша што ќе правам со неа, а јас му одговорив дека ми треба за лична одбрана.

- Лажете! Зошто во саботата сакавте да нè уверите дека сте ја убиле царицата со нож? За да го заштитите Мартинели. Затоа што Мартинели знаел за што служи острицата, но и покрај тоа одлучил да ви помогне. Тоа се нарекува соработка!

- Мартинели не е анархист!

- Има луѓе во Лозана кои го тврдат спротивното.

- Тогаш лажат.

- Постои само една личност која лаже: вие! Ќе ги пронајдеме вашите соработници. Сите! Бидете сигурни! Сите ќе ги изведеме пред суд. Немојте да нè сметате за будали!

- Немам соработници и никогаш не сум лажел.

- Што правевте во Веве?

- Во Веве?

- Сте биле во Веве. И не сам, туку со пријател. Таму вие и Посио, вашиот втор соработник, сте отишле во една продавница да купите нож. Заборавивте да ни го споменете тоа.

- Важно е? Не купивме.

- Со тој нож сте сакале да го извршите атентатот! Посио знаел! Одиме понатаму. Од Веве сте отишле во Ко, можеби со трчање, бидејќи се наоѓа близу. Ако имавте доволно пари за нож, веднаш таму ќе го извршевте атентатот. Вашите шанси за бегство во Ко, каде што има само еден хотел, секако биле многу поголеми отколку во Женева. Бидејќи купувањето нож пропаднало, вашиот соработник Посио ѝ додевал на царицата додека вие во близина кришум сте ја набљудувале сцената, за што подобро да го врежете во сеќавање лицето на вашата жртва. Првпат сте ја виделе царицата во Ко, а не во Будимпешта!

- Не можам да ве натерам да ми верувате. Никогаш во животот не сум бил во Ко. Сакав да го убијам принцот Орелански. Потоа, бидејќи не го најдов, одлучив да се посветам на царицата. Ја убив затоа што сум анархист! Посио и Мартинели не се! Прашајте ги! Не знаат кој е Малатеста. Или Бакунин. Или Кропоткин. Ништо не читаат и не учат. Овој свет, одвратен, безвреден и поган е нивниот свет!

- За денес ми е доста од вашите разговори!

Испитување, 16 септември 1898

- Знам дека уште многу што криете. Знам и дека ми кажавте полувистини, и до утрово уште верував, понекогаш. Но сега е доста!

- Секогаш се трудам да ви ја кажам вистината.

- Не изгледа така! Еве ја вашата Анархистичка збирка песни.

- Мојата збирка песни, ова е мојата збирка песни која некој ми ја зеде.

- Точно! Вие сте ја напишале?

- Препишал, не напишал. Ја препишав!

- Како стигнала оваа збирка песни во полицијата?

- Додека бев во Лозана вечерите често ги минував во паркот покрај Плоштадот Монбенон. Понекогаш сретнував пријатели, шетав со нив, расправав. Или седев на клупа и читав. Кога ќе паднеше мрак размислував за прочитаното. На 16 август, додека седев мирен и блажен на клупата, низ паркот мина една полициска патрола. Веќе беше прилично мрачно. Жандармите веднаш се упатија кон мене и побараа документи. Бидејќи ги немав, ме одведоа во станица, ми ги пребараа џебовите, ја најдоа тетратката и ја запленија. Потоа ми наредија утредента да дојдам во канцеларијата за странци, со документи. И отидов, како што ми кажаа, но не ми ја вратијата мојата збирка песни.

- Овде го имам записникот од 16 септември од канцеларијата за странци во Лозана, во која изјавувате дека сте престојувале во градот две недели. А нам ни кажавте дека таму сте биле од 20 мај.

- Вистина е.

- Што е вистина?

- Во Лозана стигнав во мај.

- Зошто тоа не сте го кажале на канцеларијата за странци?

- Затоа што не се пријавив при доаѓањето, и тогаш е подобро да кажеш дека во градот се наоѓаш само неколку дена.

- Имаме начини и средства да ја докажеме вистинитоста на вашите изјави.

- Австриската царица сè уште ќе беше жива ако имав 50 франци да заминам за Рим.

- Тоа веќе ни го кажавте!

- Ќе бев поуспешен од Ачарито[2], ќе го забодев ножот толку длабоко во ребрата што Умберто на место ќе останеше мртов!

- Слушајте ме! Погледнете ја тетратката! Во иста состојба е како кога ја заплениле? Ништо не се променило? Ништо не е додадено?

- Тоа е мојата тетратка.

- Добро. Тогаш обајснете ни што сте правеле во Лион.

- Во Лион?

- Во вашата тетратка пишува дека на 25 сте биле во Лион. На 5, 9 и 26 јуни во Женева... 21 во Монтро... 22 и 23 јули во Цирих... 2 и 29 во Берн... 4 август во Тонон...

-Никогаш не сум бил во Тонон!

- Овде јасно пишува! Вие сте напишале!

- Јас сум го напишал тоа, вистина е, но само мечтаев за тие патувања, додека цело време бев во Лозана.

- А патот во Веве со вашиот пријател Посио? Што е со тоа?

- Тоа беше само излет.

- Излет како оној во Нешател на 20 јуни и во Монтро на 21?

-Не, не! Цело време бев во Лозана!

- Не зборувајте лаги! Сте ги забележиле вашите патувања. Овде, во оваа тетратка!

- Знам! Јас на патувањата бев само со мечтите. Можев да пишувам белешки за имагинарни патувања во Сан Франциско... Шангај... или на Северниот пол.

- Но зборувате за Цирих, Нешател! Места на дофат од раката!

- Никогаш не сум бил во тие места. Ми беше жално што морав долго време да минам во Лозана, па почнав да мечтаам за места кои би сакал да ги посетам. И во кое време. На крај сето тоа го запишав.

- Сте биле во Лион на 25 април! Зошто?

- Не знам.

- Размислете, ве молам! Зошто сте сакале да бидете во Лион токму на 25 април? Кој бил таму? Средба на анархисти?

- Не знам.

- Што правевте во Цирих на 22 и 23 јули? Објаснете ни!

- Не можам да ви објаснам. Не бев во Цирих. Цело време бев во Лозана.

- Самите рековте дека сте сакале да ги посетите градовите запишани во вашата тетратка, со датуми. Сте морале да имате причина.

- Не! Немав никаква причина. Никаква! И датумите се само плод на мечтите. Се колнам!

- Во ред, да го оставиме тоа настрана. Овде имам едно ливче запленето во пансионот Мати по вашето заминување. Сте го запишале поаѓањето на парабродот и возовите за Женева.

- Сакав да отидам во Женева. Морав да го знам поаѓањето на возовите. Или парабродот. Сè уште не бев одлучен со што да патувам, со железница или брод.

- Тогаш објаснете ми зошто сте го запишале времето на поаѓање во две спротивни насоки. За Монтро! Кон Терите! Тоа е правецот за Ко!

- Кога човек нема работа и не знае како да го мине времето, среќен е да може нешто да прави. Што било! И така јас сите ги запишав.

- Ова е навистина извонредно!

Тишина

- Не е тешко да се сфати зошто сте го запишале времето за поаѓање за Монтро. Сте сакале да отидете во случај царицата да не дојде во Женева!

- Веќе ви кажав зошто. Нема други причини!

- Не верувам ниту збор. Можете да одите.

Испитување, 19 септември 1898

- Се сеќавам дека сте добиле воено одликување, со кое се гордеете, претпоставувам. За што сте одликувани?

- Заради загубена битка, во која не ни учествував. Позната е како битката кај Адва. Всушност се одви во Севијо, на 1 март 1896. Таму 100.000 силни Абисинци поразија 20.000 бедни италијански војници. Јас имав среќа што во тој момент со 500 другари се наоѓав на минијатурен и смрдлив товарен брод; пловевме од Палермо кон Еритреја. Ја пропуштивме борбата, но стигнавме навреме да присуствуваме на поразот. Бидејќи повеќе немаа ништо да дадат, ни дадоа одликување. И тоа е сè.

- На чуден начин се збогувате. На вашиот пријател Папис од Версоа сè уште му должите 80 франци...

- Не на Папис, туку на хотелот Де ла Баланс.

- На Метју во Лозана му должите 30 франци, а 1894 сте исчезнале од Цирих без да платите.

- Од Цирих? Можно е, ми се чини дека сопственикот на пансионот се викаше Бенеш.

- Точно! Тој човек се вика Бенеш. За некои нешта добро ве служи помнењето! И бидејќи господинот Бенеш е уверен дека вие имате пари да го платите долгот, одлучи да покрене тужба против вас.

- Ме тужи да му го платам долгот? Кажете му дека сум подготвен да дојдам во Цирих штом ја отслужам казната.

- Со оглед дека денес ве служи помнењето, би сакал да се вратам на првите две ноќи кои сте ги минале во Женева. Онаа помеѓу 5 и 6 и онаа помеѓу 6 и 7 септември.

- Веќе ви кажав сè што знам.

Испитување, 26 септември 1898

- Познавате човек по име Гуерзола?

- Густаво?

- Да, се вика токму Густаво. Кој е тој?

- Војник од мојот ескадрон. Ми пишал?

- Не. Пријатели сте?

- Пријатели?

- Да, пријатели. Одговорете, ве молам!

- Густаво е од едно гратче недалеку од местото каде што израснав.

- И?

- Тоа е сè!

- Освен тоа е и анархист. Заборавивте да го напоменете тоа.

- Не, Густаво не е анархист.

- Тогаш зошто сте му праќале анархистички изданија?

- Затоа што го познавав. Можам да праќам само некому кого познавам!

Испитување, 2 октомври 1898

- Еден ваш познаник, некој Бињами, ни кажа дека со него сте биле во гостилницата за монаси на Големиот свети Бернард.

- Бињами... името не ми е познато, но знам на кого мислите. Мислам дека доаѓаше од Сион. Како и да е, сакаше да се врати во Италија. Кутриот. Приглуп. Талкаше низ Италија уверен дека ќе најде работа. Онаму каде што Италијаните трчаат по цел ден за да можат скромно да преживуваат.

- Што се случи со него?

- Не знам. Се разделивме во Мартињи. Продолжи сам.

- Навистина имавте намера да се приклучите на Легијата на странци?

- Да. Ќе се приклучев на Легијата на странци само ако бев сигурен дека ќе ме доделат на коњицата. Или можеби не.

- Што ве наведе?

- Сета човечка збирштина се наоѓа во Легијата на странци. Сите оние кои никој не ги сака. Оние кои сите ги отфрлуваат.

- И тоа е причината? Од сигурни извори дознав дека вашиот пријател Посио не дошол со вас само во Веве, туку и во Тонон. И не само еднаш. На пример, на 6 септември. Бил и во Барбота.

- Не знам ништо за тоа.

-Многу сум изненаден, ми кажа зошто и вие сте биле во Тонон на 6 септември.

- На 6 септември бев во Женева, а не во Тонон.

- Тоа ми го повторивте повеќе пати. Меѓутоа, јас поседувам информации кои го тврдат токму спротивното. Сте биле повикан на анархистички состанок во Тонон на 6 септември, каде сте добиле упатства за извршување на атентатот врз царицата!

- Оној кој го вели тоа зборува лаги!

- Не го делам вашето мислење. Го познавате кројачот Сенси од Ру Перон?

- Не.

- Мене пак ми кажаа дека сте јаделе кај него, со Гвалдучи и Силва.

- Не го познавам.

- А Чанкабија?[3]

- Не го познавам.

- Анархист кој не го познава Чанкабија?

- Можеби сум прочитал нешто за него во списанието „Лагитаторе“.

- И навечер сте се среќавале со него на Плоштадот Монтбенон, во Лозана!

- Никогаш.

- Но знаете дека таму се собираат анархисти откако Гарино... исчезна со касата од социјалистичкиот клуб. Полицијата ве запрела на Плоштадот Монтбенон! Зошто сте биле таму ако не сте требале да се сретнете со вашите пријатели?

- Немам никакви врски со други анархисти.

- Ама сте здодевен! Постојано го зборувате истото! Би можеле да ни кажете многу нешта без да ги загрозите вашите соработници.

- Нема соработници!

- Штета, мислев дека сте попаметен.

Испитување, 4 октомври 1898

- Во седмицата кога мислевте дека ме изигравте научив нешто од вашите учители. Сакам да кажам, од анархистите. Слушав личности кои се разбираат на темата и не повторуваат папагалски како вие! Сакам да прецизирам дека ја одбивам анархијата. Таа е утопија и трагедија за своите следбеници. Но, бидејќи не очекувам да имаме слични ставови, сакам да ви прочитам едно писмо упатено до вас.

- Зошто не ја добив својата пошта? Колку долго ќе ги присвојувате моите писма?

- Ќе ги добиете сите ваши писма.

- Кога?

- Штом завршиме со прелиминарната истрага.

- Кога ќе биде тоа?

- Набрзо. Би сакал да знаете што мисли за вас еден работник. Човек како вие. Помеѓу другото, писмото доаѓа од Лозана.

„Господине Лукени,

сега, кога секако сте помирен, внимателно прочитајте ги редовите кои ги напиша еден работник и да се обидеме заедно да разбереме за што послужи Вашиот злостор.

Се сметате за анархист. Но, можам да Ви гарантирам дека една третина од личностите кои се прогласуваат за анархисти всушност се многу брутални; останатите две третини, односно мнозинството, се лукави и внимателни личности, заинтересирани со сите средства на располагање да ја одржат состојбата на незадоволство, односно вечното жариште на бунтовите.

Некој Ви раскажал убава бајка во која се прорекнува уништување на буржоазаијата и крај на власта. Сите средства за достигнување на таа цел се оправдани! Бомби, ножеви и така натаму. После што, драг мој господине, вашата глава до работ се исполнила со море од зборови, со овие упатства за уништување. Сте се вооружиле, брутален ѕверу, со турпија и извршивте страшен злостор кој еден анархист никогаш не би го извршил!

Колку сте жален!

И глупав! Како да сте му кажале на народот кој сте го нахушкале на вашиот субверзивен чин: вие, кои сте поттикнати на кражба, на пожари, на атентат, еве ви го вашиоте огнови, бомби и ножеви! Еве ви го патот! Теоријата е убава, но потребно е и да се делува. И со оглед дека сте најпаметен, моравте да почнете. Бидете уверени, господине, дека две третини од теоретичарите не би се согласиле, затоа што го почитуваат животот, неговата голема вредност.“

- Разбирате што вели авторот на ова писмо? Вие сте жртва на пресметливи личности кои ја искористиле вашата храброст и вашиот очај за да го извршите чинот кои тие сами никогаш не би го извршиле. Барале будала и ве нашле вас! Ве измамиле, Лукени! Излажале! Ве свеле на просто орудие!

- Лажете! Тој не е работник! Тој е предавник на пролетаријатот! Подлизурко! Роден роб! Никој не ме искористил! Делував сам и со предумисла. Самиот себеси си наредив! Никој друг! Во овој свет, оваков каков што е, не вреди да живееш. Треба да се уништи!

- Вие не направивте ништо што би го довело целиот свет во пропаст. Немојте ни да помислувате. Никако! Тоа го знае и авторот на писмото.

- Бедна, ограничена будала; само таква личност можела да го напише ова писмо.

Писмо до Луиџи Лукени

Од Женева

до Лукени!

За неколку дека ќе се појавиш на суд, благородна жртво на борбата за ослободување на човештвото. Си земаат за право да ти судат за делото кое го стори. Ќе те навредуваат и оцрнуваат, ќе те нарекуваат убиец, злосторник, кукавица и којзнае со какви сè епитети.

Иронијо! Во земјата која се смета за република мораме да слушаме вакви приказни. Се поздравуваат цареви и кралеви, односно сите оние кои се одговорни за бедата на човештвото. Царевите и кралевите се бескорисни, смешни, гротескни и зли. Тие се обични магариња на чии уши круната ја полага слепата судбина, во чие папци е положено жезлото за да бидат уште победни и поодвратни. На тој начин Евреите го крунисале Исус Христос, за да го подвргнат на потсмев.

Стариот изгубен мачор, кој себеси се нарекува цар на Австрија, крал на Унгарија, Чешка и што ти уште не, декламира како никогаш досега љубовни оди пред Женевското езеро. Тој, тиранинот на италијанскиот народ, глуми улога на жртва! Тој, убиец кој надежите на цел еден народ ги удави во море од крв, се прикажува како жртва на атентат! Лукени! Иронијо! Тоа е најголемата срамота на швајцарскиот народ. Вилхелм Тел, немој повеќе да се појавуваш на бина! Калвин, забрани ѝ на својата сенка да шета низ градот кој денес ја предаде својата традиција и својата вера. Волтер, би се осмелил ли и денес да го величаш Женевското езеро?

Во ред, господа! Обесете го овој кутар несреќник. Но ние, синовите на страдалнични народ, ние ве презираме!

Лукени! Појди под твојот крстоносен пат како да тргнуваш во триумф: со високо крената глава и горд поглед, со ведро срце. Други ќе го следат твојот пример! Во сите краишта на земјата ќе ти се придружат заштитниците на сиромашните и проклетите!... Набрзо повеќе нема да има кралеви и господари! Сите смртници се еднакви! Не ги разликува раѓањето туку доблеста.

Лукени, ти ги бакнувам рацете; ти си илјадапати поблагороден од сите смешни височества на овој свет!

Анархијата царува!

Судењето

Изјави на Луиџи Лукени

„Бедата ме натера да го направам она што го направив, да го одмаздам сопствениот живот.“

„Немам соработници. Јас сум својот единствен соработник.“

„За ништо не се каам!“

„Сигурен сум дека повторно би го направил она што го направив.“

Обвинението на јавниот обвинител

Лукени даде изјава. Меѓутоа, ни прикри дел од вистината. Ни кажа дека во Женева дошол да го убие принцот Орелански. Не верувам. Како што не верувам дека отишол во Евијан од истата причина. Принцот во Женева се задржа само еден час, на 18 август. Беше сместен во хотелот Де ла Пе каде што отседна и неговиот татко, војводата од Шартр. Кога Лукени исчезна од Женева, на 5 септември, печатот воопшто не го споменуваше принцот Орлеански или неговиот татко. Иако Лукени ни го тврди токму спротивното. Но, мора да постои причина за Лукениевото напуштање на Лозана. Отишол во Монтре, или во околината, за да се информира за намерите на царицата? Знаел дека престојува во Ко. Посетата на царицата беше најавена со недели. Дали Лукени го дознал тоа од некоја трета личност? Дали несреќната царица ја следеле соработници на обвинетиот? Сите овие нагаѓања се можни, затоа што на Лукени му се губи секоја трага помеѓу 5 и 8 септември.

Лукени лаже кога тврди дека за доаѓањето на царицата дознал од весниците во петокот, 9 септември. Истрагата јасно докажа дека нејзиното доаѓање печатот го објави дури во саботата, 10 септември. Но, Лукени веќе во петокот попладне ја чекал царицата пред хотелот Бориваж! Значи,информацијата за нејзиното доаѓање ја добил на друг начин. Веќе долго време чекал пред хотелот кога царицата за првпат влегла, во шест навечер. Отприлика во тоа време се вратила во Женева по посетата на бароницата Ротшилд во Прењи.

Лукени лаже и кога тврди дека ја видел царицата во Будимпешта пред четири години, во март или јуни. Докажано е дека 1894 царицата не била во Будимпешта се до октомври. Во тоа време Лукени сè уште служел воен рок во Италија. Зошто сите тие лаги? Дали можеби вечерта пред атентатот некој кого ние не го познаваме му ја покажал царицата?

Лукени и понатаму лаже кога тврди дека стигнал во Женева на 5 септември и дека отишол во Евијан на 7 истиот месец. И покрај истрагите, во Евијан не оставил никаква трага. Не успеавме да откриеме ниту каде преноќил во Женева. На 8 е виден во едно кафуле, а истиот ден напишал и писмо до принцезата Вери од Палермо. На разгледницата е прикажан кејот Монблан, местото на кое подоцна ќе го изврши атентатот. Ѝ напишал на принцезата дека мора да го откаже патувањето во Париз заради необјасниви причини, па затоа морал да се врати во Кило, а потоа во Женева. Во саботата на 10 септември сакал повторно да ја напушти Женева. Многу чудно!

Во петокот Лукени е виден во друштво на неколку личности, кои тој тврди дека не ги познава. Заради тоа сметам дека Лукени ги држи во тајност сите средби и настани кои се одвиле во подготвителната фаза на атентатот. Ако навистина во Женева пристигнал на 5 септември, тогаш ни крие каде преноќил и со кого бил.

Лукени постојано ја признаваше вината. Дури и кога ни ја прикриваше вистината, во одредени моменти тоа го правеше од сопствената корист, за да не наштети некому.

Оваа анализа ни отвора едно прашање: дали Лукени, кој го изврши атентатот, е и морален сторител на истиот или пак има соработници? Нашите истраги се движеа во таа насока.

Следејќи го примерот на своите претходници, Лукени тврди дека неговото дело е остварување на неговите анархистички идеи. Ја жртвува својата слобода за сиот живот и радост која денес ја чувствува. Сака да ја преземе сета одговорност и не сака со никого да подели ниту делче од својата тажна слава. Така отсекогаш делувале сите анархисти!

И покрај неговите лаги, зад атентатот веројатно стои заговор. Не можеме да гарантираме, затоа што не можеме да докажеме. Но, кога оваа претпоставка би била вистинита, не би станувало збор за локален заговор. Како што знаеме, анархистите многу патуваат. Одат од едно место во друго, како делегати. Заговорот се реализира во одреден град, но тој се планира во друг, а се подготвува во некој трет. Оттаму, разбирате зошто е толку тешко да бидат откриени...

Ако земеме предвид дека Лукени имал соработници, која улога ја одиграл тој? Бил ли само обично средство за извршување на атентатот? Само следел наредби? Дали бил само марионета на анархистичките апостоли кои седат во своите салони и со своите памфлети ги распламнуваат срцата кои потоа предизвикуваат пожари? Ја ставаат маската на анархистичката филозофија и се однесуваат како пророци, за потоа да одбијат каков било облик на солидарност со сторителот на неделата? Немам никаква милост за тие „салонски“ анархисти, кои се ограничуваат само на хушкање. Тие треба први да се осудат! Треба да живеат под закана, прогонувани, за да можат да сочувствуваат со младите преку кои порачуваат убиства!...

Ако навистина постоел заговор против Нејзиното височество царицата австриска, тогаш Лукени не одиграл споредна улога. Бил сосема свесен за идното дело. Веќе долго време своеволно се подготвувал за такво дело. Се обидел да набави оружје: нож, пиштол, турпија, сосема е неважно кое.

Ако постоел заговор, не можеме да кажеме дека тој бил само обично средство. Заради одлучноста и одважноста при атентатот можеме да кажеме дека е еден од главните заговорници. Меѓутоа, ако и покрај сè навистина бил само средство, тогаш пред нас го имаме едно од најопасните од нив.

Лукени, господа, не е роден убиец, тој е - го цитирам - бастион на анархизмот! Анархистите, паразитите на втората половина од нашиот век, ја препознаваат неговата одважност и одлучност па затоа му го доделуваат извршувањето на неразумниот и грозоморен злостор.

Анархијата, таа нечовечка и измамничка ерес, прелажува бројни силни и паметни луѓе, таа е како октопод кој ги шири своите пипци. Ги негира општествените должности на поединецот и го потиснува неговото чувство за припадност кон татковината и семејството. Потоа се обидува да ги нагризе темелите на нашето општество, моралното наследство на човештвото, кое се пренесува веќе со векови. Кога сето тоа ќе се оствари, општеството ќе почне морално да пропаѓа.

Анархијата е доктрина без догми, без цели и без прописи. Се сумира во едно тврдење: смрт на владетелите! Таа е производ на омраза и завист. Својот врв го достигнува во пропагандата преку дела и субверзивните текстови, со кои секојдневно се придобиваат нови луѓе.

Анархијата става нож во рацете на вообразени луѓе, го искористува нивниот карактер алчен за слава, ги уверува како нивното име ќе остане вечно запишано со златни букви во анархистичките книги. Во суштина, ќе влезе само во историјата на злосторствата.

Успеа да го привлече вниманието на целиот свет, прободувајќи го срцето на шеесетгодишна госпоѓа. На тој начин Лукени ја задоволи својата вообразеност? Мора да сфати колку беше подол и колку изборот на неговата жртва беше површен. Сигурно знае дека другарите заради тоа му се восхитуваат. Би требало да му платат отштета за сите години самотија кои го очекуваат, со оглед дека му е одбиена апотеозата на гилотината...

Нашето општество не се повикува на совршеност. Но, дали сево ова значи дека се соочуваме со морална и материјална декаденција? Општеството треба да ја следи својата еволуциска тенденција, понекогаш бавна, понекогаш брза, за да се прилагоди на околностите. Се надеваме дека секогаш ќе наоѓаме луѓе кои се подготвени да тргнат по патот на општествените идеали. Ќе се обидат да ги остварат и без овие учители на омраза, овие апатриди кои можеби признаваат само радикални системи, но кои имаат исти цели.

Општеството треба да преземе мерки на предострожност против анархијата, а ќе успее ако се грижи за реалната можност за прехранување на населението и ако се бори против сиромаштијата. Совршена мера на предострожност би било подобрување на нашите закони и нашите институции, за да станат похумани. Само со напредок и еволуција ќе успееме од анархијата да ги отргнеме нејзините млади генерации следбеници; ни ги одзеде и лошо постапува со нив. Општеството мора да излезе од својата одбранбена позиција и да влезе во отворен судри со анархистите. Само на тој начин ќе се намали бројот на нејзините следбеници...

Мораме да преземеме делотворни мерки на предострожност за да го спречиме ширењето на анархистичките идеи. И мораме да најдеме начин да ги уапсиме овие злосторници, со цел да го гарантираме мирот во општеството и да ја отстраниме анархистичката опасност.

Опасноста е реална... Денес присуствуваме на голем двобој помеѓу редот и хаосот. Исходот би можел да биде трагичен. Но, победата би била загарантирана кога секој од нас би ја извршувал својата должност, на сите нивоа од општествените скалила, без оглед дали тој е принц или пролетер.

Вие, драги мои господа, имате задача на целиот свет да му докажете дека женевското правосудство е сосема свесно за својата одговорност.

Ако на Лукени му беше судено во некоја соседна држава, ќе беше сигурен дека го чека губилиште, како што тој цинично и посакува. Овде животот ќе му биде поштеден. Но, засекогаш мора да биде лишен од слобода. Повеќе не смее да го гледа човечко око. Мора да му биде одредена казната која му ја пропишуваме наместо смртна казна, но која заради тоа не е и поблага. Напротив, можеби е и посурова: осуденикот засекогаш е заборавен и оставен сам со својот злостор, ден и ноќ.

***

Нешто пред седум часот навечер судијата ја чита пресудата: доживотен затвор.

Лукени станува и искрено им вика на присутните: „Анархијата царува! Смрт на аристократијата!“

Потоа го одведуваат, без отпор.

Во 19:05 судењето е завршено.

Писмо на Луиџи Лукени до принцот Рамеро де Вера Арагонски во Палермо

Женева, 12 септември 1898

Господине команданте на коњицата, бескрајно Ви благодарам за сведочењето во мојот случај пред швајцарските власти. Знам, стварноста е сурова, но тоа веќе го знаев. Мојата судбина не е убава. Мојата иднина е тажна, господине команданте. Не можам да кажам дека не знаев. Напротив: барав. Премногу се зближив со стварниот живот и премногу се трудев да го пронајдам моето место во општеството. Мојата работничка работа повеќе не беше доволна да ги задоволи моите потреби. Но, не направив ништо. Тоа е главната причина заради која се трудев да пронајдам државна служба. Никогаш не сум ја мразел работата. Отсекогаш сум работел, и погледнете како сум награден. Секако не барав да живеам во огромен хотел! Никогаш не сум им завидувал на луѓето како Вас, кои патуваат по железницата во приватен вагон. Никогаш не сум сакал да отидам во театар и да седам во првиот или вториот ред од балконот. Ќе бев сосема задоволен да имав можност да живеам како човек, но општеството не ми го дозволи тоа. Не е важно! Среќен сум што ѝ служев на мојата татковина како војник и што добро ја извршив својата должност. Тоа беше моја должност. Го привлеков на себе вниманието на сите војници и офицери кои ме запознаа. А оние кои сакаа да дознаат колку бев добар и успешен, никогаш не го открија тоа. Не е важно! Мојата мајка, месото на моето месо и крвта на мојата крв, ме напушти. Ме избрка од својата куќа, но ѝ простувам.

Господине команданте, можам да Ви гарантирам дека управителот на затворот може да ме смета за навистина добар затвореник, исто како што Вие ме опишавте како добар војник. Се трудев да ја извршам својата должност, како да имам настојник кому морам да се докажам. Знам дека моето добро однесување нема да помогне, но не е важно. Ако бев способен да убијам, можам да бидам и добар затвореник. Никогаш нема да ја загубам храброста, ни со осумдесет години. Секогаш ќе бидам Лукени. Господине команданте, со радост Ви кажувам дека не можев да имам подобра одбрана. Го проживеав сиот мој живот. Не барав јас. Ќе умрам во затвор, не го велам тоа за казната да ми биде поблага. Но, сега сум задоволен зашто сите го знаат животот на Лукени, од самото раѓање.

Вчера ме посети свештеник. Да бидам искрен, не знам дали беше католик или муслиман. Како и да е, наиде на тврдоглав клиент. Ми вети дека често ќе навратува. Не знам што ќе ми каже за да го убијам времето. Му реков дека многу тешко ќе ме преобрати. Ако Ве интересира, можам да Ве известам ако дојде до промена.

Ве поздравувам Вас и целиот ескадрон. Простете ми што Вашето име се појави во весниците покрај еден убиец.

Поздрав до сите!
Луиџи Лукени

Ве молам, кажете му на Рота дека секогаш мислам на неговиот совет. Но, сега е предоцна. Јас сум жив мртовец.

***

На 19 октомври 1910, Лукени во затворската соба извршува самоубиство со бесење, употребувајќи го ременот од пантолоните.

[1] Санте Касерио (Sante Caserio, 1873-1894), анархист кој 1894 со нож го убива францускиот претседател Сади Карно (Sadi Carnot); осуден на смрт со гилотина.

[2] Пјетро Ачарито (Pietro Acciarito, 1872-1904), анархист, 1894 извршува неуспешен атентат со нож врз италијанскиот крал Умберто Први (кого во 1900 ќе го убие анархистот Гаетано Бреши) и е осуден на доживотна присилна работа.

[3] Џузепе Чанкабија (Giuseppe Ciancabilla, 1872-1904), анархист индивидуалист, уредник на бројни списанија во Европа и САД, поборник на пропагандата преку дела; во своите написи ги поддржувал Лукени, Бреши, Чолгош итн.
„Анархистите мора да го следат само својот сопствен нагон. Нагонот е најприродното чувство на слободниот човек. Ние го егзалтираме благородниот поединец кој следејќи го сопствениот нагон се крева сам, злокобен, и ја напаѓа најживата мета на буржоаската тиранија. Славните атентатори како што се Равашол, Емил Анри, Санте Касерио, Микеле Анџолијо, Луиџи Лукени, претставуваат најблескави примери на индивидуалистичката борба.“


Luigi Lucheni, Come e perché ho ucciso la principessa Sissi, Edizioni Anarchismo, Италија, 2009. (изворна документација: Archiv der Generalstaatsanwaltschaft, Géneve). Превод: Анархистичка библиотека.