Михаил Бакунин

Избрани списи

Сѐ што живее го прави тоа со постојано вплеткување во животот на другите...

Најлошо е за оние кои во толкава мера се игнорантни кон природата и општествениот закон на солидарност, што ја сметаат за можна па дури и пожелна апсолутната независност на поединците едни од други. Да се посакува тоа значи да се посакува исчезнување на општеството... Секој човек, па дури и оној најинтелигентниот и најсилниот, во секој момент од својот живот е произведувач и производ. И самата слобода, слободата на секој човек, никогаш не е прекинат исход на голем број физички, интелектуални и морални влијанија од страна на останатите луѓе кои го опкружуваат и околината во која е роден и во која го поминал целиот свој живот.

Да се посакува бегство од овие влијанија во име на некоја самодоволна и апсолутно егоистична слобода значи да се тежнее кон не-битисување.

Отсуството на ова заемно влијание е еквивалент на смртта. Со барањето слобода за масите ние не бараме отсутност на овие природни влијанија на поединците и групите на животот на секој човек. Сѐ што бараме е отсуство на вештачки легитимизираните влијанија, отсуство на привилегиите кои ги создаваат тие влијанија.

* * *

Правно, тие се еднакви, но економскки, работникот е слуга на капиталистот... така што работникот се продава себеси и својата работна сила на одредено време. Работникот е во положба на слуга, бидејќи го застрашува опасноста од глад, која секојдневно лебди над него и неговото семејство, го тера да го прифати кој било услов што му го наметнува капиталистот, индустријалецот, работодавецот... Работникот секогаш има право да го напушти својот работодавец. Но има ли тој средства за тоа? Не! Затоа што тој го прави тоа за да може да се продаде на друг работодавец... На тоа е натеран од истиот глад кој го присилува да се продаде и на првиот работодавец.

Затоа, работничката слобода е само теоретска слобода, на која ѝ недостасува какво било средство за нејзино можно остварување, и така е само измислена слобода, изговорена лага. Вистината е дека целиот живот на работникот е само продолжение и застрашувачка низа - доброволна од правна гледна точка, но задолжителна поради економски причини - воспоставена од меѓусебната игра на слободата придружувана од гладот. Со други зборови, тоа е ропство.

* * *

Гледаме дека богатите сопственици се токму оние кои работат најмалку или воопшто не работат.

На сите им е јасно, освен на оние кои го свртуваат погледот од овие проблеми, дека работниците кои го произведуваат секое богаство од сопствениците добиваат само трошки, а токму не-произведувачите, оние кои ги искористуваат работниците, ги добиваат сите плодови од работата... Што е сопственоста? Што е капиталот во својот денешен облик? За капиталистите и сопствениците тоа е моќ и право, гарантирано од страна на државата, на живот без работа. А бидејќи ниту капиталот ниту сопственоста не произведуваат ништо без употреба на работна сила - тоа значи моќ и право на живот преку експлоатација на трудот на некој друг. Право на искористување на трудот на оние кои не поседуваат ниту имот ниту капитал, и кои поради тоа се принудени да ја продаваат својата работна сила на оние среќници кои ги поседуваат и двете нешта.

* * *

Единствена работа која државата може и мора да ја направи е постапно да го ограничи правото на наследство, за што побрзо да се достигне негово целосно укинување. Тврдиме дека ова право нужно мора да биде укинато, бидејќи сѐ додека постои правото на наследство, ќе постои и наследената економска нееднаквост - не природната нееднаквост на поединците, туку вештачката нееднаквост на класите - која нужно ќе го продолжи наследувањето на нееднаквоста на развојот и интелигентното култивирање и така и понатаму ќе остане извор и одобрување на политичката и општествената нееднаквост.

* * *

Дали ваквото укинување ќе биде праведно?

Ни приговараат дека човекот кој ќе стекне неколку десетици или стотици илјади франци, нека бидат и осум милиони, нема да има право да ги остави во наследство на своите деца. Не е ли тоа напад на природното право, не е ли тоа неправеден грабеж?

Но, веќе илјада пати е докажано дека изолираниот поединец не може да произведе многу повеќе од она што го конзумира. Затоа го повикуваме секој вистински работник, работникот кој не ужива никаква привилегија, да собере десетици или стотици илјади франци, или, ако сака, милиони. Тоа ќе биде невозможно. Затоа, кога одредени поединци во денешното општество остваруваат толкава добивка, тоа не е резултат на нивниот труд, туку на нивните привилегии, т.е. правно легализираната неправда. А бидејќи секој човек неизбежно го зема од другите она што не може да го произведе сам, ние имаме право да тврдиме дека сите тие профити се украдени од колективниот труд, направени од страна на привилегираните поединци со благослов и заштита од самата држава.


Maximoff, G. P. (ed.): The Political Philosophy of Bakunin: Scientific Anarchism, N.Y: Free Press, l953.; Cutler, Robert M. (ed.): From Out of the Dustbin Bakunin’s Basic Writing’s 1869-1871, Ann Arbor: Ardis, 1985.
Превод: Иван Шопов