#title За мачењето во примитивните општества #author Пјер Кластр #LISTtitle За мачењето во примитивните општества #SORTauthors Пјер Кластр (Pierre Clastres) #SORTtopics антропологија #date 1974 #source Pierre Clastres, *Society Against the State: Essays in Political Anthropology*, Zone Books, New York 1989 #lang mk #pubdate 2015-05-22T09:51:19 #notes Наслов на оригиналот: „De la torture dans les sociétés primitives“. Превод: Aлек Кузмановски. *** 1. Законот и писмото Никој не смее да ја губи од вид строгоста на законот. Dura lex sed lex (лат., „строг закон, но сепак закон“). Во зависност од епохата и општеството, оваа свест е одржувана будна на најразлични начини. Најсвеж пример во нашето општество е воведувањето задолжително образование. Откако е озаконето општото образование никој веќе нема право да изигрува неизвестеност – освен ако не лаже, ако не направи престап. Затоа што, таа строгост на законот сега е запишана. Пишаниот збор е на страната на законот; законот живее во пишаниот збор; никој веќе не може да тврди дека знае за едното, а не и за другото. Затоа сите овие закони се запишани; затоа сето пишување е само индекс на законот. Тоа е лекција која би требало да се извлече од историското проучување на бескрајната литанија на големите деспоти, кралеви, цареви, фараони, од однесувањето на секое Сонце кое било во состојба своите закони да им ги наметне на оние под себе. Секаде и без исклучок, секогаш одново измислуваното писмо директно ја соопштува силата на законот, без разлика дали е врежано во камен, насликано на животинска кожа или нацртано на папирус. Дури и гуипу на старите Инки може да се смета за облик на пишување: далеку од тоа да бидат само потсетник во сметањето, јажињата врзани во јазли, пред сè, биле начин да се потврди легитимноста на царскиот закон и неговото право на насилство. *** 2. Пишувањето и телото Бројни книжевни дела зборуваат дека Законот постојано се наоѓа во потрага по нови места на кои ќе го испише своето слово. Офицерот од Во казнената колонија на Кафка детално му го опишува на истражувачот начинот на работа на машината за испишување на законот: „Нашите казнени мерки не звучат доволно строго. Затоа секоја заповед која ќе одбие да ја послуша затвореникот се испишува со Гребло на неговото тело. На пример, на овој затвореник – офицерот покажува кон еден човек – на телото ќе му биде испишано: ПОЧИТУВАЈ ГИ СВОИТЕ ПРЕТПОСТАВЕНИ!“ И, како да станува збор за најобично нешто, офицерот продолжува да му објаснува на истражувачот, кој е вчудоневиден од фактот дека на осудениот човек нема да му биде соопштена пресудата: „Нема потреба да му се каже. И онака сè ќе дознае преку своето тело.“ А, потоа и ова: „Знаете и самите колку е тешко понекогаш да се разбере некој натпис со сопствените очи; но, нашите луѓе сознаваат преку своите рани. Навистина, тоа е тежок зафат. Трае речиси шест часа.“ Овде, Кафка го означува телото како површина за пишување, подготвена на себе да прими читливо испишан текст од закон. На забелешката дека нешто што е плод на фантазијата на писателот не може да се примени на областа на општествените факти, може да се одговори дека делириумот на Кафка во овој случај донекаде е визионерски, дека книжевната фикција ја најавува најактуелната реалност. Исповедта на Марченко[1] горко го илустрира тројното сојузништво од имагинацијата на Кафка, помеѓу законот, пишувањето и телото: „Тогаш се појавија тетоважите. Сретнав двајца обични затвореници кои станаа „политички“; едниот се јавуваше на прекарот Муса; другиот го нарекуваа Мазај. На нивните чела и образи беше истетовирано: „комунисти-касапи“ и „комунистите им ја пијат крвта на луѓето“. Подоцна среќавав многу други затвореници кои на лицата носеа слични пароли. Најчести написи, истетовирани со големи букви преку целото чело беа РОБ НА ХРУШЧОВ и РОБ на К.П.С.С.“ Но, во оваа реалност на советските логори од шеесеттите години има нешто што ја надминува дури и фикцијата на казнената колонија. Во оваа втората, системот мора да ја користи машината која го испишува текстот на законот на телата на затворениците, кои пасивно се изложуваат на тоа. Во реалниот логор, во кој системот на принуда е развиен до крајни граници, на тројното сојузништво не му е потребна машина. Поточно, самите затвореници се претвориле во машини за пишување на законот, испишувајќи го на сопственото тело. Во казнените колонии на Молдавија испишувањето на суровото слово на законот е доверено во рацете и телата на самите осуденици. Границата е достигната: затвореникот конечно е поразен. Неговото тело самото ја испишува пресудата. *** 3. Телото и обредот Голем број примитивни општества го нагласуваат моментот кога младите луѓе преминуваат во општеството на возрасните преку институцијата позната како „обреди за премин“. Овие обреди често се рамка на целиот општествен и религиозен живот. Обредот секогаш подразбира телото на искушеникот да биде на потполно располагање. Самото тело, во својата непосредност, претставува единствен простор на кој општеството го втиснува знакот на времето, белегот за премин и идната судбина. Во каква тајна е упатен искушеникот со тој обред во кој, за момент, неговото тело стои на потполно располагање? Ова интимно пронижување на телото и тајната, телото и вистината соопштена со иницијација, нè води од едно прашање кон друго. Зошто телото на поединецот мора да биде фокусна точка на племенскиот етос? Зошто тајната мора да биде соопштена така што ќе биде општествено озаконета по пат на обред кој се врши на телата на младите луѓе? Телото посредува во стекнувањето знаење; знаењето се испишува на телото. Значењето на иницијацијата се наоѓа во одговорот на двојното прашање за природата на знаењето кое се пренесува со обред и на улогата на телото во неговото изведување. *** 4. Обредот и мачењето О, каква ужасна глетка, каква чудесна приказна!“ Фала му на Бога, помина. Видов сè и сега можам да му го кажам тоа на светот. Џорџ Кетлин ги напишал овие зборови четири дена откако присуствувал на големиот годишен обред на Мандан Индијанците. Во описот што го дал, како и во скиците на обредот што ги направил тогаш, Кетлин не можел да не го изрази својот ужас и гадење, наспроти воодушевувањето кое го чувствувал кон големите воини од Висорамнината. Разбирлива реакција, ако се има предвид дека иако преку овој обред општеството го презема телото, тоа не го прави на кој било начин – речиси секогаш, и тоа е она што толку го згрозило Кетлин, предмет на обредот е телото изложено на мачење: „Млади, сега веќе сосема исцрпени од гладување, жед и бдеење кое траело речиси четири дена и ноќи, доаѓаат на обредниот простор и се спуштаат на раце и колена или некако поинаку, како што е потребно за изведување на операцијата, и потоа им се препуштаат на суровостите.“[2] Прободување на телото, бесење на искушеникот за дрвени иглички кои се провлекуваат низ раните, кинење месо, „последна трка“:[3] изгледа дека на суровостите им нема крај. А, повторно: „Непоколебливата одлучност со која секој од нив го поднесува мачењето ја надминува нивната лековерност; секогаш кога ножот ќе им го засече месото на нивните лица не може да се види ниту трага попуштање; а неколкумина од нив, гледајќи како правам скици, ми дадоа знак со глава да им погледнам во лицата, на кои, за време на целиот тој ужасен чин, не можев да видам ништо освен блага насмевка со која ми го враќаа погледот. Можев да слушнам како ножевите им го дерат месото; не можев да издржам повеќе и солзите сами почнаа да ми течат по лицето.“ Експлицитните техники, средствата и целите на овие суровости варираат во зависност од племето и подрачјето, но нивниот предмет секогаш е ист: тоа е поединецот кому треба да се нанесе болка. На друго место[4] ја опишав иницијацијата на младите Гвајаки, чии грбови се засекуваат по целата должина. Болката секогаш е неподнослива: не пуштајќи ни глас, искушениците често губат свест. Меѓу познатите Мбаја-Гвајакуру Индијанци, од парагвајскиот дел од областа Чако, младите созреани за војници исто така мораат да поминат низ искушение кое подразбира мачење. Нивните пениси и други делови од телото се прободуваат со заострени коски од јагуар. И овде молчењето е единствениот одговор на болката која ја следи оваа иницијација. Би можело во недоглед да се нижат слични примери. Сите тие го зборуваат истото: во примитивните општества мачењето е суштина на обредот за иницијација. Тогаш, дали тоа е само начин на кој општеството сака да ја искушува физичката издржливост на своите припадници и да ја докаже нивната вредност? Дали целта на мачењето за време на обредот е само можност за докажување на индивидуалната вредност? Во својот извештај Кетлин добро го изразува ова класично гледиште: „Веќе изнесов доволно шокантни и ужасни факти кои на светот би требало да му ги потврдат приказните за надмоќниот стоицизам на Индијанците и нивната издржливост. Во тој поглед, подготвен сум секогаш да им оддадам признание. Моето срце се раскинува од гнасење над тоа страшно суеверие, но, сепак, јас сум подготвен да ги оправдам и да им го простам нивното слепо издржување во тој древен обичај.“ Ако ова објаснување го прифатиме како доволно, ќе ни се измолкне функцијата на страдањето, на која ѝ се дава премало значење и така сосема се занемарува начинот на кој ја користи племето за да го подучи поединецот на нешто. *** 5. Мачењето и паметењето Изведувачите на обредот се грижат искушеникот да биде изложен на најголемо можно страдање. На пример, кај Гвајаки Индијанците, кожата на грбот на искушеникот може да се пресече и со обичен нож од бамбус; но, тоа не било доволно болно. Затоа користат камен, и тоа не сосема остар, кој повеќе раскинува отколку што сече. Затоа, некој постар човек, со доволно искуство, оди да побара таков камен, вообичаено во коритото на некој поток. Џорџ Кетлин забележал слична преокупираност со интензитетот на страдањето кај Манданите: „Еден човек во десната рака, помеѓу палецот и показалецот, држи нож наострен од двете страни со кој зафаќа инч или малку повеќе месо од рамениците или од градите, а потоа по тој нож удира со сечиво од друг нож, за целиот зафат да биде поболен...“ Како и мачителите кај Гвајаките и манданските шамани не покажуваат ни трошка сочувство: „Додека младиот полека си доаѓа на себеси, неговите мачители внимателно го набљудуваат и мрморат меѓу себе, додека неговото тело уште се грчи и витка од болка. Дури кога сосема ќе се смири, мачителите го носат, сигурни дека овој, како што велат, сега е ’потполно мртов‘.“ Сè додека иницијацијата е испит на личната храброст – а овој обред делумно секако е – таа храброст се изразува, така да речеме, со молчење пред лицето на страдањето. Но, по иницијацијата, кога целото страдање е веќе заборавено, останува нешто друго, неповратен вишок, белези врежани во телото со нож или камен, лузни од нанесените рани. Иницираниот човек е обележан човек. Целта на иницијацијата во фазата на мачењето е да го обележи телото: во својот обред општеството го втиснува својот знак на телата на младите луѓе. Таа лузна, тој знак е неизбришлив. Испишан на најдлабоките слоеви на кожата тој секогаш, како вечен сведок, ќе зборува дека болката можеби е заборавена, но дека била доживеана во страв и страдање. Знакот го спречува заборавот. Само телото го носи сеќавањето на втиснатите белези; телото станало орган на паметење. Племето не сака да ја изгуби својата тајна, која преку овој обред им се пренесува на младите приврзаници. Што е тоа што младиот Гвајаки ловец или младиот Мандан воин сега го знаат? Знакот е сигурен доказ за припадност кон група. „Ти си еден од нас. Тоа никогаш нема да го заборавиш.“ Мартин Добрицхофер[5] не можел да пронајде зборови со кои би го опишал суровиот обичај на тетовирање на лицата на младите жени кај Абипон Индијанците, кој се изведува во време на нивната прва менструација. Еве што ѝ рекла една старица на девојката која не можела да го издржи болното тетовирање со иглички од трнови: „Замолкни веќе еднаш, кукавицо! Не си достојна за својот народ! Не можеш да го издржиш ни ова мало грепкање! Можеби не знаеш дека припаѓаш на раса луѓе кои носат многу рани и кои секогаш биле победници? Помека си од памук. Нема сомнеж дека ќе останеш стара мома. Ни еден наш јунак нема да сака да се соедини со таква кукавица.“ Се сеќавам дека еден ден, 1963 година, Гвајаки Индијанците ја утврдија вистинската „националност“ на една млада парагвајска жена. Кога ѝ ја соблекле сета облека виделе дека на рацете има племенска тетоважа. Се покажало дека ја заробиле белците додека уште била дете. Иницијацијата која се состои во испишување знак на телото на искушеникот има две очигледни функции: да ја испита личната издржливост и да создаде свест за припадност кон групата. Дали паметењето стекнато со болка е сè што останува? Дали навистина е неопходно поединецот да помине низ такво мачење за да ја сфати вредноста на своето его и да стекне племенска, етничка или национална свест? Каде е тука тајната, каде е знаењето што се пренесува? *** 6. Паметењето и законот Обредот за иницијација е педагошки чин со кој групата му се обраќа на поединецот, племето на своите млади луѓе. Многу строга педагогоија, а не дијалог, бидејќи приврзаникот подложен на мачење мора да остане нем. Неговото молчење е знак на согласување. На што се согласуваат младите луѓе? Тие се согласуваат дека од тој момент се сметаат за полноправни членови на заедницата. Ништо повеќе, ништо помалку од тоа. Знакот кој неповратно им е втиснат ги обележува како такви. Всушност, тоа е тајната која групата им ја открива на своите млади луѓе: „Ти си еден од нас. Секој од вас е како и кој било друг меѓу нас; секој од вас е како и сите останати припадници на племето. Ќе носите исто име и никогаш нема да го промените. Секој од вас меѓу нас зазема ист простор како и кој било друг. Никој од вас не вреди повеќе од некој друг; никој од вас не вреди помалку од некој друг. Тоа никогаш нема да можете да го заборавите. Секогаш ќе имате на ум дека на секој од вас му е втиснат ист знак на телото.“ Со други зборови, општеството им го диктира законот на своите членови така што го испишува на нивните тела. Никому не е дозволено да го заборави тој закон на кој се темели општествениот живот на племето. Во текот на 16 век, првите хроничари ги опишувале бразилските Индијанци како луѓе без вера, кралеви и закони. Навистина, тие племиња не знаеле за суров, сепаратен закон кој во едно поделено општество малцинството му го наметнува на мнозинството. За таквиот закон – законот на кралот и државата – Мандан, Гвајкуру, Гвајаки и Абипон навистина не знаеле ништо. Законот што тие го сознавале преку болка бил закон на примитивното општество, кој на секој поединец му се обраќал на ист начин: Ти не вредиш повеќе од некој друг; ти не вредиш помалку од некој друг. Тој закон испишан на телото изразува одбивање на примитивното општество да постои како поделено, да дозволи појава на власт одвоена од општеството, власт која би можела да излезе од контрола. Суштината на тој закон е во забраната на нееднаквоста, на што секој поединец е подучен на крајно суров начин, така што таа порака никогаш нема да ја заборави. Како суштина на групата, тој закон станува и суштина на секој поединец, која се изразува преку неговата подготвеност да се придржува до неа. Да слушнеме уште еднаш што вели Џорџ Кетлин: „Имаше еден маченик кого го влечеа наоколу и кому на едната нога, низ месото, му беше закачен череп од лос. Другите скокаа по него, обидувајќи се да го откинат, но без успех. Потоа почнаа да ја влечат уште посилно и полудо, така што според џагорот на толпата се почувствува дека животот на младото момче е во опасност; најпосле, еден врач дотрча до нив, носејќи го своето обредно луле, кое го приближи до образот на момчето, додека тоа лежеше на земјата, со черепот кој сè уште му висеше на едно парче месо. Момчето, инаку многу интересна и пријатна личност, наскоро дојде при свест и сосема мирно ги набљудуваше своите одрани и крвави екстремитети. А, потоа, благо смешкајќи ѝ се на несреќата што го снајде, отползи низ толпата (наместо да оди, на што немаше право сè додека оној дел од месото не му отпадне) во правец на преријата, на околу еден километар од логорот. На тоа место, без никаква помош, остана три дена и три ноќи, можеби и подолго, без храна, молејќи му се само на Големиот Дух. Дури кога раната почна да гнои и кога заедно со скапаниот дел од месото отпадна и черепот и она парче дрво со кое беше закачен во ногата (а кое не смееше да го отстрани на некој друг начин), момчето можеше да се врати во селото. Сосема изнемоштено, отползи назад молејќи за храна, која веднаш му ја принесоа, така што наскоро сосема закрепна.“ Каква сила го движела младиот Мандан? Сигурно не некаков мазохизам, туку желбата да го следи законот според кој бил ништо повеќе и ништо помалку од останатите искушеници. *** Заклучок Почнав со тврдењето дека секој закон е запишан. Може да се каже дека тука гледаме како тројното сојузништво на телото, пишувањето и законот повторно се воспоставува. Лузните кои остануваат на телото се целиот текст на примитивниот закон. Затоа, овде може да се зборува за пишување на тело. Како што авторите на Анти-Едип[6] толку моќно докажаа, примитивните општества се првите општества кои на своите припадници им втиснуваат белег. До таа точка за нив може да се зборува како за општества без писмо; но, пред сè, тоа значи дека писмото посочува на постоење одвоен, отуѓен, деспотски закон на државата, како што тоа бил случај со осудениците за кои пишуваше Марченко, кои сами пишувале по своите тела. Не може доволно силно да се нагласи до која мера примитивното општество е посветено да ја спречи појавата на овој другиот закон, кој ја воспоставува и гарантира нееднаквоста. Законот на примитивното општество е токму спротивност на законот на државата. Архаичните општества се белег на општествата без држава, општества против државата. Белегот на телата на луѓето, секогаш ист, соопштува: Нема да имаш желба за власт; нема да имаш желба за потчинување. Тој несепаратен закон може да биде запишан само на површина која исто така не е одвоена од човекот: на неговото тело. Во тоа треба да се види доказот на воодушевувачката длабочина на мислите на Дивјаците, кои отсекогаш го знаеле сето тоа и кои настојувале, често по цена на застрашувачка суровост, да спречат појава на нешто уште посурово. Законот испишан на телото ја прави неизбришлива таа свест. [1] Анатолиј Марченко, Моето сведочење, 1971. Политички затвореник, умрел во затвор 1986 како последица на штрајк со глад. [2] George Catlin: Letters and Notes on the Manners, Customs and Condition of the North American Indians (First published in London, 1844.; New York, Dover 1973). Наведените извадоци се од Писмото бр. 22 [3] Дел од обредот во кој искушеникот го влечат или го тераат да трча сè додека товарот закачен со помош на игли не му се откине од екстремитетите. [4] Pierre Clastres, Chronique des Indiens Guayaki, Paris, Plon, 1972. Pjer Klastr, Hronika o Gvajaki Indijanacima, Kiša/Stylos, Novi Sad 2004. [5] Martin Dobrizhofer, Historia de los Abipones, Universidad Nacional del Nordeste, Resistencia (Chaco), 1967. 3 vols. [6] Gilles Deleuze/ Felix Guattari, L’Anti-Oedipe: Capitalisme et Schizophrenie, Paris, Minuit 1972.