#title Забранетиот говор на Равашол #author Равашол #LISTtitle Забранетиот говор на Равашол #SORTauthors Равашол #SORTtopics историја, насилство/ненасилство, пропаганда преку дела #date 1892 #source за говорот: [[https://infokiosques.net/imprimersans2.php?id_article=10][infokiosques.net]] за биографијата: [[http://anarhisticka-biblioteka.net/library/unisti-strasno][anarhisticka-biblioteka.net]] #lang mk #pubdate 2014-11-11T14:50:25 #notes Превод: Ива *** Биографија Франсоа Клодиус Конигстајн (Françoise Claudius Koenigstein), роден во Сен Шамон, Лоара во 1859, умрел во Монбрисон во 1892, бил син на холандскиот работник Жан Адам Конигстајн (Jean Adam Koenigstein) и ткајачката Мари Равашол (Marie Ravachol), од која подоцна ќе го преземе презимето. Таткото многу рано го напушта семејството, враќајќи се во Холандија, каде што набрзо умира. Бидејќи Мари не можела сама да издржува четири деца, Равашол уште како дете морал да се вработи. Работел разни работи, од овчар, рудар, ложач сѐ до ортомџија и бојадисувач на ткаенини. На 18 години ја чита книгата Талкачкиот Евреин (Le Juif errant) од Ежен Си (Eugène Sue) и станува атеист. Влегува во социјалистички кружок, каде со интерес ги следи весниците како што се Le Prolétariat и Le Citoyen de Paris. Запознавањето со Тусaн Борда[1] (Toussaint Bordat) ќе го доближи до анархистичките идеи. Во периодите на невработеност, живеејќи во беда, првин краде кокошки за да го прехрани семејството, а потоа се посветува на криумчарење (алкохол, тутун и кафе), фалсификување пари, грабежи и кражби. 1890 година за првпат е уапсен и затворен заради кражба. 1891 година ја обива гробницата на грофицата Роштеје (Rochetaillée ), но не го наоѓа очекуваниот накит. Истата година е обвинет за убиство, кое го одрекува, но истовремено признава дека извршил бројни грабежи. Равашол смета дека сопственоста е неморална и дека казнените дела како што се грабеж и фалсификување ја поттикнуваат анархистичката идеја. По апсењето бега од затвор и се сели во Сен Дени (Париз) под лажното име Леон Леже (Léon Leger). На 1 мај 1891 година, полицијата во Фурми со оружје го задушила работничкиот протест. Петмина го губат животот: три деца и две дваесетгодишни девојки. Истиот ден педесетина анархисти се собрале на Плоштадот на Републиката во Левалоа Пере (предградие на Париз). Одржале пригодни говори и после неколку отпеани песни поворката тргнала кон Клиши каде што требала да продолжи првомајската прослава. На Булеварот Национал поворката застанала и тргнала кон блиската гостилница, но била попречена од ненадејниот напад на полицијата. Во судирите кои следеле двајца полицајци биле повредени, а тешко ранети биле тројца анархисти, Анри Луј Декамп (Henry Louis Decamps), Шарл Огист Дардар (Charles Augustus Dardare) и Луј Левеје (Louis Leveillé). Во таква состојба биле приведени во полициска станица и брутално претепани. Декамп ќе биде осуден на пет, а Дардар на три години затвор. Меѓутоа, настаните од Фурми (заради „невините жртви“) во јавноста ќе привлечат многу поголемо внимание отколку аферата Клиши. Но, многу анархисти од околината на Париз ќе одговорат со бројни атентати кои наредните четири години ќе одекнуваат низ Франција. Ќе завршат во јуни 1894 годинина, кога италијанскиот анархист Санте Касерио (Sante Caserio) ќе го убие претседателот Сади Карно (Marie François Sadi Carnot), автор на „злосторничките закони“ (lois scélérates). Случајот од Левалоа, проследен со постојана полициска репресија по востанието на Париската комуна 1871 година, ќе го наведе Равашол да прејде на дела („пропаганда преку дела“). Како одговор на аферата Клиши на 11 март 1892 година (со помош на двајца анархисти) ќе фрли бомба во станот на судијата Беноа (Benoit) на Булеварот Сен Жермен, а веќе на 27 март во станот на државниот обвинител Било (Bulot) на улицата Клиши. Нападите предизвикале огромна материјална штета, но ниту една жртва. Во истиот период, 18 март, на годишницата од Комуната, експлодирала бомба во касарната Лобо, каде што се стрелани повеќе комунари од 1871, а низ градот се ширеле гласини за неуспешни атентати на полициската станица во Клиши и на Палатата на правдата. Меѓутоа, истиот месец келнер во еден ресторан го препознава бараниот Равашол и ја известува полицијата. Како одговор, ден пред судењето на Равашол поставена е бомба во истиот ресторан, за што, помеѓу 1893 и 1894 година, ќе бидат осудени двајца анархисти, Брику (Bricou) на дваесет години, а Мение (Meunier) на доживотна присилна работа. Во април 1892 година, судот го осудува Равашол на доживотен затвор со присилна работа; истата година четворица анархисти се осудени за кражба на динамит користен во атентатите: Фогу (Faugoux) на дваесет, Шевене (Chevenet) на дванаесет и Бруе (Brouet) на шест години присилна работа, а Етјевен (Etievant) на пет години затвор. Веќе по два месеци Судот во Монбрисон отвора второ судење, за убиство. Обвинет е за убиство со предумисла од користољубие на еден религиозен старец од Варизеј, крај Сен Шамон (Лоара), викан „еремит“, како и за убиство на мајката и ќерката Марку (Marcou) од Сен Етјен. Треба да се нагласи дека Равашол кој веќе во Париз, а потоа уште погласно во Монбрисон, ја презел одговорноста за сторените дела, ја отфрлил вината за убиството на двете жени. По апсењето и во текот на судењето, анархистот-индивидуалист Зо Дакса[2] (Zo d’Axa) преку весникот L’En-Dehors иницирал собирање помош за Равашол и неговите соработници. Собраните пари ги поделил на семејствата на уапсените, заради што и самиот завршил во затвор под обвинение за „злосторничко здружување“. Во јули 1892 година, Равашол е погубен на гилотина. Една година подоцна, на 9 декември 1893, Огист Вејон (Auguste Vaillant), како одговор на неговата смрт, поставил бомба во францускиот парламент (од кој излегол само еден полесно ранет пратеник). Во целата историја на анархизмот можеби немало толку несфатен и омразен анархист како што е Равашол. Со своите дела и идеи ја нарушил добродушната активност на најголемиот дел од анархистичкото движење, насочено кон методот на мисионерска логика. Со експропријаторот (злосторник според законските начела) започнала добата на пропаганда преку дела, односно на директна акција, поединечна или групна, насочена против личност и структури на капиталот и државата, како исправен одговор на теророт на власта. Равашол ќе стане романтизиран симбол на бескомпромисниот бунт на многу анархисти и освен во нивните дела ќе заживее и во песните, како што е француската La Ravachole или италијанската Inno Individualista (Химна на индивидуалистите) која започнува со стиховите: „Пред да нѐ дочека смртта во калливата улица/пример ќе би бидат Бреши[3] (Bresci) и Равашол“. Во текот на неговото судење по повод серијата бомбашки напади, Равашол се обидел да го даде следниов говор, не со цел да ги негира обвиненијата, туку за да ги прифати и објасни. Според современите наоди, тој бил прекинат по само неколку збора и говорот никогаш не бил одржан. Кратко потоа, Равашол е погубен на гилотина. *** Забранетиот говор на Равашол Не зборувам за да се одбранам себеси за делата за кои сум обвинет, бидејќи за нив единствено е виновно општеството, кое со начинот на кој е организирано го поставува човекот во континуирана борба на еден против друг. Зарем не гледаме денес, во сите класи и на сите позиции, луѓе кои ја посакуваат, нема да кажам смртта бидејќи тоа не звучи добро, но несреќата на нивните ближни, ако тоа значи дека ќе добијат корист од тоа? Зарем секој газда не ја посакува смртта на својот конкурент? Зарем сите трговци не посакуваат да бидат единствените кои ќе ги уживаат придобивките кои им ги носи нивната професија? Зарем невработениот работник не се надева дека поради една или друга причина некој друг ќе биде исфрлен од своето работно место за овој да може да добие работа? Тогаш, во општество во кое се случуваат вакви нешта, нема зошто да бидете изненадени од овие дела за кои сум обвинет, зошто тие не се ништо друго туку логична последица на борбата за егзистенција која е судбина за оние кои се присилени да ги користат сите расположиви средства за да преживеат. И кога веќе секој е препуштен сам на себе, зарем оној кој е гладен не е принуден да размислува вака: „Штом така стојат работите, ако сум гладен немам причина да се двоумам да ги употребам средствата кои ми се на располагање, дури и по цена да предизвикам жртви! Кога газдите отпуштаат работници, дали им е грижа дали истите ќе умрат од глад? Дали оние кои имаат вишок се грижат за оние кои не можат да си ги задоволат ни основните потреби?“ Има и такви кои се подготвени да помогнат, но тие се немоќни да им ги задоволат потребите на сите оние кои ќе умрат или прерано, поради неможност за задоволување на основни потреби, или своеволно, по пат на самоубиство со цел да стават крај на своето мизерно постоење и да не мора повеќе да ги трпат ужасите на гладта, срамот и понижувањето, за кои изгубиле надеж дека ќе им дојде крајот. Оттаму и случаите како оние на семејствата Хаем и Суен, кои ги убија своите деца за повеќе да не гледаат како страдаат, како и сите оние жени кои од страв дека нема да бидат во можност да го нахранат своето дете, не се двоумат да го уништат во своите утроби плодот на својата љубов. И сево ова се случува во време на изобилство на сите видови производи. Може да се разбере ако овие нешта се случуваа во некоја земја каде недостига храна, каде владее глад. Но во Франција, каде владее изобилство, каде касапниците се преполни со месо, пекарниците се преполни со леб, каде облеката и чевлите се натрупани по продавниците, каде има еден куп ненаселени станови! Како може некој да прифати дека се е во ред во едно општество, кога токму спротивното е толку очигледно? Има мнозина такви кои ги сожалуваат жртвите, но кои ќе ви речат дека не можат ништо да сторат за тоа. Секој нека се снаоѓа како знае! Што може да направи некој кој ќе ја изгуби работата, кој и додека работел не можел да врзе крај со крај? Му преостанува само да умре од глад. Тогаш ќе му плукнат неколку побожни зборови врз лешот. Тоа сакав да им го препуштам на останатите. Попрво бев спремен да се сторам шверцер, фалсификатор, крадец, убиец и атентатор. Можев да питачам, но тоа е деградирачко и кукавичко, па дури и казниво според вашите закони, кои сиромаштијата ја третираат како криминал. Ако сите оние кои се лишени решат да земат наместо да чекаат, каде било и со какви било средства, тогаш можеби побрзо би разбрале колку е опасна желбата да се сочува постоечката социјална држава, во која грижите се бескрајни, а животот е под закана во секој миг. Така, без сомнеж, побрзо ќе разберат дека анархистите се во право кога велат дека мора да се уништат корените кои го раѓаат криминалот и криминалците ако сакаме да имаме морален и физички мир.Таа цел нема да ја постигнеме со вршење репресија врз оние кои, наместо да умираат бавна смрт предизвикана од лишувања со кои ќе мора да се соочуваат без никаква надеж дека некогаш ќе им дојде крајот, попрво одбираат, ако поседуваат и најмалку енергија, насилно да го земат она кое ќе ја обезбеди нивната благосостојба, дури и по ризик да ги чека смрт, која само ќе стави крај на нивните страдања. Затоа ги извршив делата за кои сум обвинет, кои не се ништо друго, освен логична последица на варварската состојба на едно општество кое не знае да прави ништо, освен да ја зголемува ригорозноста на законите кои ги гонат само последиците, без да ги допрат корените на проблемот. Велат дека мора да бидеш зол за да можеш да убиеш некој од својот род, но тие кои го велат ова не гледаат дека единствената причина зошто некој се решава на таков чин е за да ја избегне истата судбина. На истиот начин и вие, господо членови на поротата, несомнено ќе ме осудите на смрт, затоа што мислите дека тоа е нужно и дека мојата смрт ќе им причини задоволство на оние меѓу вас кои мразат меѓучовечко крвопролевање; но кога сметате дека е корисно да пролеете човечка крв со цел да ја обезбедите сопствената егзистенција, не се двоумите повеќе отколку јас, но со една разлика: вие го правите тоа без никаков ризик, додека јас, од друга страна, делував со ризик по сопствениот живот. Господа, нема повеќе криминалци за судење, треба да се уништи коренот на криминалот! Кога ги пишувале членовите на кривичниот законик, законодавците заборавиле дека тие закони не го напаѓаат коренот, туку само последиците и затоа на никаков начин не можат да го уништат криминалот. Вистината е дека ако коренот и понатаму постои, последиците нужно ќе се раѓаат од него. Секогаш ќе има криминалци, затоа што ако денес уништите еден, утре ќе се родат уште десет други. Што може тогаш да се направи? Да се уништи сиромаштијата, семето на криминалот, така што на сите ќе им се обезбеди задоволување на нивните потреби. Колку е лесно ова да се направи! Сѐ што е потребно е да се воспостави општество на нови темели, каде сѐ ќе биде заедничко и каде секој, произведувајќи според своите способности и својата сила, ќе може да го консумира она што му е потребно. Само тогаш нема повеќе да гледаме луѓе како испосникот од Нотр Дам де Грас и други како молат за монети чии жртви и робови станале! Само тогаш нема повеќе да ги гледаме жените како го продаваат својот шарм како обично парче стока во замена за истите тие монети кои често нѐ спречуваат да препознаеме дали нечија афекција е искрена. Нема повеќе да гледаме мажи како Пранцини, Прадо, Берлан, Анастеј и други, кои убиваат за истите тие пари. Ова ви покажува дека коренот на сите злодела е ист и треба да бидете будали за да не го увидите тоа. Да, повторувам: општеството ги создава криминалците, а вие, членови на поротата, наместо да гоните, треба да ја искористите вашата интелигенција и сила да го трансформирате ова општество. Во еден потег можете да го уништите криминалот, а вашата работа, напаѓањето на проблемот, ќе биде поголема и поплодна отколку вашата правда која се омаловажува себеси напаѓајќи ги последиците. Јас сум само необразуван работник; но токму затоа што сум живеел сиромашен живот, можам многу подобро од богатите буржуи да ја почувствувам нееднаквоста на вашите репресивни закони. Што ви дава право да убиете или да затворите човек кој, роден со потреба да живее, се нашол принуден да го одземе она што му недостига за да се прехрани? Работев за да преживеам и за да го нахранам моето семејство; сѐ додека ниту јас, ниту моето семејство не страдавме премногу, јас бев она што вие го нарекувате чесен. Тогаш почна тешко да се стигнува до работа, а со невработеноста дојде гладта. Тогаш големиот закон на природата, тој величествен глас кој не прифаќа одговори, инстинктот за самоодржување, ме принуди да ги извршам некои од делата и прекршоците за кои сум обвинет и за кои ја признавам вината. Судете ми, господо од поротата, но ако сте ме разбрале, додека ми судите, судете им и на сите оние несреќници кои сиромаштијата, во комбинација со природната гордост, ги направила криминалци, а кои богатството и леснотијата ќе ги направеа чесни луѓе. Едно интелигентно општество од нив ќе направеше луѓе како и сите други! 1892   [1] Тусaн Борда: еден од авторите (меѓу кои го наоѓаме и Кропоткин) на Манифестот на анархистите напишан во Лион 1883, за време на судењето на шеесет и шестмината анархисти обвинети за припаѓање на „Интернационалата“. [2] Зо Дакса, со вистинско име Alphonse Gaullaud de la Pérouse (Париз, 1864 - Марсеј, 1930), француски анархист, следбеник на Штирнер, авантурист и антимилитарист, основач на двете легендарни списанија L’En-Dehors и La Feuille. За L’En-Dehors пишувале многу анархисти, меѓу кои Жан Грав (Jean Grave), Себастијан Фор (Sébastien Faure), Октав Мирбо (Octave Mirbeau), Емил Анри (Emile Henry), Жорж Дариен (Georges Darien), Тристан Бернар (Tristan Bernard), Шарл Малато (Charles Malato), Феликс Фенеон (Félix Fénéon), Луј Мата (Louis Matha), Малатеста итн. Осуден е за „злосторничко здружување“ во затворот Мазас во Париз, заедно со Пуже и Грав. Пуштен е на привремена слобода, ја напушта Франција и заминува првин кај анархистите во Англија, потоа во Холандија, Германија, Италија, Грција, Турција и Палестина. Предаден ѝ е на Франција, вратен да ја издржува казната, во затворот Сен Пелажи со останатите социјалисти. За тоа сведочи и неговиот патепис De Mazas à Jérusalem од 1895, со илустрации на Писаро (Pissarro), Стенлен (Steinlen) и Валотон (Vallotton). Анархист индивидуалист и естет, поборник на анархистичкото насилство, пропагандата преку дела ја споредувал со уметничко изразување. Дакса бил боем кој го величал антикапиталистичкиот начин на живот на талкачкиот анархистички разбојник, претходник на француските илегалисти, во првата борбена линија против затворите, војската, политичките избори и работата. [3] Гаетано Бреши, италијански анархист, 1900 година во Монца го убил кралот на Италија Умберто Први од Савоја.