#title Брод на будали #author Теодор Качински #LISTtitle Брод на будали #SORTauthors Теодор Качински (Theodore Kaczynski) #SORTtopics активизам, насилство/ненасилство, револуција #source [[http://theanarchistlibrary.org/library/ted-kaczynski-ship-of-fools][theanarchistlibrary.org]] #lang mk #pubdate 2015-09-26T17:18:08 #notes Наслов на оригиналот: Ship of Fools. Превод: Горан Аргироски Имаше еден брод, на кој капетанот и офицерите станаа толку суетни во нивното пловење, толку полни со арогантност и со себе, што полудеа. Го насочија бродот кон север и пловеа сѐ додека не сретнаа големи и опасни санти мраз и продолжија да пловат кон север во сѐ поопасни води, само за да си дадат себеси можности за остварување на големи јуначки дела во пловењето. Како што бродот вплови во сѐ поголеми морски широчини, така патниците и екипажот станaa сѐ повознемирени. Тие започнаа да се расправаат меѓусебе и да се жалат за условите во кои живеат. „Гром да ме удри“, рече еден вешт морнар „ако ова не е најлошото патување на кое сум бил. Палубата е прекриена со мраз; кога сум на стража ветровите ме сечат како нож; секој пат кога го собирам предното едро прстите речиси ми смрзнуваат; и сѐ што добивам за тоа се мизерни пет шилинзи месечно! „Мислиш дека тебе ти е лошо!“ рече една патничка. „Не можам да спијам навечер од ладно. Жените на овој брод не добиваат онолку ќебиња колку и мажите. Не е фер.“ Се вмеша и еден мексикански морнар: „Проклетство! Јас добивам само половина од платата на англиските морнари. Потребна ни е многу храна за да се стоплиме на оваа клима и јас не го добивам мојот дел; англиските морнари добиваат повеќе. А најлошото е што другите офицери секогаш ми издаваат наредби на англиски наместо на шпански“. „Јас имам најмногу причини за жалење“ рече еден морнар со индијанско потекло. „Доколку белците не ја ограбија мојата родна земја, јас немаше да бидам на овој брод, овде помеѓу сантите мраз и арктичките ветрови. Јас сега ќе пловев со кану на некое убаво, мирно езеро. Заслужувам компензација. Ако ништо повеќе, капетанот треба да ми дозволи да организирам комар за да можам да заработам малку пари.“ Кормиларот проговори: „Вчера првиот офицер ме нарече „педер“ само поради тоа што пушам курови. Јас имам право да пушам курови без да ме навредуваат за тоа“. „Не се само луѓето оние коишто добиваат лош третман на овој брод“, извика една љубителка на животните, додека нејзиниот глас трепереше од навреденост. „Минатата недела го видов вториот офицер како двапати го клоцна бродското куче“. Еден од патниците беше универзитетски професор. Триејќи си ги рацете, тој викна, „Сето ова е ужасно! Ова е расизам, сексизам, специзам, хомофобија и експлоатација на работничката класа! Ова е дискриминација! Мора да имаме социјална правда: Еднаква плата за мексиканскиот морнар, повисока плата за морнарите, компензација за индијанецот, еднаков број на ќебиња за жените, загарантирано право на пушење курови и нема повеќе клоцање на кучето! „Да, да!“ викнаа патниците. „Да, да!“ викна екипажот. „Ова е дискриминација! Мора да ги бараме нашите права!“ Чистачот си го прочисти грлото. „Ех. Сите имате добри причини за жалење. Но јас мислам дека она што треба да го направиме е да го завртиме овој брод и да се вратиме на југ, бидејќи ако продолжиме да одиме кон север сигурно ќе доживееме бродолом и тогаш вашите плати, вашите ќебиња и вашето право да пушите курови нема да ви помогнат, бидејќи сите ќе се удавиме“. Но никој не му обрнуваше внимание бидејќи тој беше само чистач. Капетанот и офицерите, од нивната кабина на крмената палуба гледаа и слушаа. Потоа се насмеаа и си намигнаа и со едно движење на раката на капетанот, третиот офицер се симна од крмената палуба, дојде до местото каде што беа собрани патниците и екипажот и се проби меѓу нив. Тој стана сериозен и проговори: „Ние офицерите мораме да признаеме дека на овој брод се случуваа некои непростиви нешта. Не можевме да сфатиме колку е сериозна состојбата сѐ додека не ги слушнавме вашите жалби. Ние имаме добра волја и сакаме да ви помогнеме. Но, капетанот е малку конзервативен и тврдоглав и ќе треба да помине малку време додека не направи значајни промени. Моето лично мислење е дека ако силно протестирате – но секогаш мирно и без прекршување на бродските правила – ќе го натерате капетанот да се посвети на вашите проблеми за кои толку праведно се жалите.“ Откако го кажа ова, офицерот тргна назад кон крмената палуба. Додека одеше, патниците и екипажот довикуваа по него: „Опортунист! Реформатор! Либерал! Поттрчко на капетанот!“, но и покрај тоа, го направија она што тој го кажа. Се собраа пред крмената палуба, извикуваа навреди кон офицерите и ги бараа своите права: „Сакам повисока плата и подобри работни услови“, викна вештиот морнар. „Сакам да ги добивам моите наредби на шпански“, викна мексиканскиот морнар. „Не сакам да бидам нарекуван педер“, викна кормиларот. „Нема повеќе клоцање на кучето“, викна љубителката на животните. „Револуција“, викна професорот. Капетанот и офицерите се собраа заедно и се советуваа неколку минути, намигнувајќи си и смешкајќи се еден на друг додека го правеа тоа. Потоа капетанот зачекори кон предниот дел на крмената палуба и со чин на наклоност објави дека платата на вештиот морнар ќе биде зголемена на шест шилинзи месечно; платата на мексиканскиот морнар ќе биде зголемена на три-четвртини од платата на англиските морнари и наредбата да се симне предното едро ќе биде издадена на шпански; жените ќе добијат едно ќебе повеќе; индијанскиот морнар ќе може да организира комар во сабота навечер; кормиларот нема да биде нарекуван педер се додека пуши курови дискретно; и кучето нема да биде клоцано доколку не направи нешто навистина палаво, како што е крадење храна од бродската кујна. Патниците и екипажот ги прославија овие отстапки како голема победа, но следното утро, тие повторно беа незадоволни. „Шест шилинзи месечно е скромна плата, а мене повторно ми замрзнуваат прстите кога го собирам предното едро“, промрмори вештиот морнар. „Јас сѐ уште не добивам иста плата колку и англиските морнари, ниту доволно храна за оваа клима“, рече мексиканскиот морнар. „Ние жените сѐ уште немаме доволно ќебиња за да се стоплиме“, рече патничката. Останатите патници и членови на екипажот искажаа слични жалби, а професорот ги поддржуваше во тоа. Кога завршија, проговори чистачот – овојпат погласно за да не можат останатите лесно да го игнорираат: „Навистина е ужасно што го клоцаат кучето затоа што украло малку леб од бродската кујна и затоа што жените немаат еднаков број на ќебиња и затоа што на вештиот морнар му смрзнуваат прстите; и не гледам причина зошто кормиларот да не може да пуши курови ако го сака тоа. Но погледнете колку се големи сега сантите мраз и колку ветрот дува се посилно. Мораме да го свртиме овој брод назад кон југ, бидејќи ако продолжиме да одиме кон север ќе доживееме бродолом и ќе се удавиме“. „Ох, да“, рече кормиларот. Ужасно е што сѐ уште одиме кон север. Но зошто не можам да пушам курови во јавност? Зошто мора да ме нарекуваат педер? Зарем не сум доволно добар како останатите?“ „Пловењето кон север е ужасно“, рече патничката. „Но зарем не гледаш? Токму тоа е причината зошто на жените им се потребни повеќе ќебиња. Барам еднаков број на ќебиња за жените веднаш!“. „Точно е“, рече професорот, „дека пловењето кон север претставува тешкотија за нас. Но менувањето на курсот кон југ би било нереално. Не можеме да го вратиме назад часовникот. Мораме да најдеме позрел начин за справување со ситуацијата.“ „Видете“, рече чистачот, „ако им дозволиме на оние лудаци од крмената палуба да прават што сакаат, сите ќе се удавиме. Ако успееме да го спасиме бродот од опасност, тогаш можеме да се грижиме за работните услови, ќебињата за жените и правото на пушење курови. Но прво мораме да го свртиме овој број назад. Ако неколку од нас се здружиме, направиме план и покажеме малку храброст, можеме да се спасиме. Нема да бидат потребни многу луѓе – доволно се само седум или осум. Ќе ја нападнеме палубата, ќе ги фрлиме тие лудаци во морето и ќе го свртиме бродот кон југ.“ Професорот го подигна носот и рече одлучно, „Јас не верувам во насилство. Тоа е неморално“. „Не е етички да се користи насилството“, рече кормиларот. „Јас сум престрашена од насилство“, рече патничката. Капетанот и офицерите цело време гледаа и слушаа. На знак на капетанот, третиот офицер се симна на главната палуба. Дојде меѓу патниците и екипажот и им кажа дека сѐ уште има многу проблеми на овој брод. „Постигнавме голем напредок“, рече тој, „но останува уште многу да се направи. Работните услови за вештиот морнар сѐ уште се тешки, Мексиканецот сѐ уште не добива еднаква плата како и англиските морнари, жените сѐ уште не добиваат доволно ќебиња, саботниот комар сѐ уште не е доволна компензација за неговата изгубена земја, не е фер кормиларот да пуши курови дискретно, а кучето сѐ уште го клоцаат понекогаш. Мислам дека капетанот треба уште еднаш да биде потсетен. Ќе помогне многу ако организирате уште еден протест – се додека е ненасилен. Додека третиот офицер се враќаше назад, патниците и екипажот довикуваа навреди кон него, но и покрај тоа направија како што тој кажа и се собраа пред крмената палуба и организираа уште еден протест. Тие викаа, урлаа и замавнуваа со своите тупаници, па дури и фрлија скапано јајце кон капетанот (кое тој вешто го одбегна). Откако ги слушнаа нивните навреди, капетанот и офицерите одржаа конференција, за чиешто времетраење тие си намигнуваа и се смешкаа еден на друг. Тогаш капетанот излезе на предниот дел од крмената палуба и објави дека на вештиот морнар ќе му бидат дадени ракавици за да му ги затоплат прстите, на мексиканскиот морнар ќе му биде дадена плата еднаква на три-четвртини од платата на англиските морнари, жените ќе добијат уште едно ќебе, индијанскиот морнар ќе може да организира комар во сабота и недела навечер, на кормиларот ќе му биде дозволено да пуши курови јавно после мрак и никој нема да може да го клоца кучето без специјална дозвола од капетанот. Патниците и екипажот беа презадоволни од оваа револуционерна победа, но следното утро повторно се чувствуваа незадоволни и продолжија да се жалат за истите проблеми. Чистачот овојпат се налути. „Вие проклети будали“, извика тој. „Зарем не гледате што прават капетанот и неговите офицери? Тие ви го одвлекуваат вниманието со тривијални проблеми како ќебиња и плата и кучето кое е клоцано, само за да не размислувате што навистина не е во ред со овој брод – сè повеќе и повеќе одиме кон север и сите ќе се удавиме. Доколку само неколку од вас се вразумат, се здружат и ја нападнат палубата, ние ќе можеме да го свртиме овој брод и да се спасиме. Но вие само се жалите за бедните проблеми како работните услови и правото на пушење курови“. Патниците и екипажот се налутија. „Бедни!“, викна Мексиканецот. „Зарем мислиш дека е разумно да добивам само три-четврини од платата на англиските морнари? Зарем тоа е бедно?“ „Како можеш да ги наречеш моите проблеми тривијални? викна кормиларот. „Зарем не знаеш колку е понижувачки да те нарекуваат педер?“ „Клоцањето на кучето не е мала бедна работа“, вресна љубителката на животните. „Тоа е бездушно, сурово и брутално!“ „Во ред“, одговори чистачот. „Овие проблеми не се тривијални и бедни. Клоцањето на кучето е сурово и брутално, а понижувачки е да те нарекуваат педер. Но во споредба со нашиот вистински проблем – во споредба со фактот дека бродот сѐ уште плови кон север – вашите проблеми се тривијални и бедни, бидејќи ако наскоро не го свртиме бродот, сите ќе се удавиме“. „Фашист!“, рече професорот. „Контрареволуционер!“, рече патничката. И сите патници и членови на екипажот почнаа да го нарекуваат чистачот фашист и контрареволуционер. Го оттурнаа настрана и продолжија да приговараат за платите, ќебињата за жените и за правото на пушење курови и за тоа како се однесуваат со кучето. Бродот продолжи да плови кон север, а по некое време доживеа бродолом и сите се удавија.