#title Мајмунот кој фрла ѓубре #author Теодор Качински #LISTtitle Мајмунот кој фрла ѓубре #SORTauthors Теодор Качински (Theodore Kaczynski) #SORTtopics критика на цивилизацијата #source [[http://theanarchistlibrary.org/library/apios-tuberosa-pseud-ted-kaczynski-the-littering-ape][theanarchistlibrary.org]] #lang mk #pubdate 2015-10-03T17:18:20 #notes Наслов на оригиналот: *The Littering Ape*. Текстот е оригинално потпишан од Apios Tuberosa, псевдоним на Тед Качински. Превод: Горан Аргироски Во последниве години, многу поединци склони кон антропологија се стекнаа со слава и богатство пишувајќи книги од жанрот „Гол мајмун“[1]. Овие автори, чие објаснување за човековото однесување се темели на територијален императив, хиерархија според доминација и други инстинкти кои потекнуваат од пред палеолитските времиња, успеаја да прикачат аура на романса на нашите основни активности. Денес, кога мажот води љубов со својата жена, тој повеќе не е само маж кој води љубов со својата жена; тој е мускулест, агресивен пештерски човек кој извршува дивјачки обред наследен од магливото минато. Кога некој помлад извршен директор му наредува на својот подреден, тој ја докажува својата мажественост со засилување на неговата позиција во хиерархијата на доминацијата; а кога присуствува на бизнис конференција, тој може да се замислува себеси и неговите соработници како глутница од Неандерталци облечени во кожа (...) како седат околу логорскиот оган и го планираат следниот лов. Сепак, еден аспект на човековото инстинктивно однесување, од особена важност во овие, свесни-за-загадувањето времиња, се чини дека е превиден. И покрај агресивните пропагандни кампањи и сѐ поголемата присутност на лесно достапни корпи за отпадоци, властите сѐ уште не успеаја да ги убедат луѓето да престанат да прават ѓубре. Причината е што тие не ги сфатиле психолошките и антрополошките извори на овој проблем. Зошто луѓето фрлаат ѓубре? Животните подложни на територијалниот императив мораат на некаков начин да ја обележат својата територија. Кај повеќето животни, ова се постигнува со исфрлање на секрет – затоа гледаме кучиња кои одат од дрво до дрво, оставајќи го својот потпис на секое од нив. Многу диви животни го прават истото. Бидејќи имаат силно чувство за мирис, лесно можат да ги препознаат потписите на другите животни и така да избегнат влегување во туѓа територија. Но човекот, кој во основа зависи од својот вид, а не од чувството за мирис, мора да најде визуелни средства за оставање на неговиот потпис. Порано сме ги длабеле нашите иницијали на дрвата: но дрвата се ретки во нашите градови, а повеќе не е ниту дозволено да ги длабиме. И што правиме? Ние фрламе кутии од цигари и обвивки од мастики. Тоа е нашиот начин да кажеме, „Килрој беше овде.“ Бидејќи инстинктивните потекла на проблемот се јасни, решението станува очигледно. Луѓето одбиваат да го фрлаат своето ѓубре во корпите за отпадоци бидејќи корпите го кријат нивното ѓубре. Оттаму, од исклучителна важност за општествениот напредок е да поставиме столбови (аналогни на столбовите на животните базирани на чувство за мирис) кои имаат шила и куки на кои ѓубрето може да биде наденето на таков начин што ќе биде видно прикажано. Кога ќе го надминат капацитетот, овие столбови можат да бидат однесени во градската депонија, и така проблемот со ѓубрето ќе биде целосно решен.     [1] Според книгата Naked Ape од Дезмонд Морис (Desmond Morris, 1967). [заб. на прев.]