#title Најитриот трик на системот #author Теодор Качински #LISTtitle Најитриот трик на системот #SORTauthors Теодор Качински (Theodore Kaczynski) #SORTtopics револуција, активизам #source Theodore Kaczynski, *Technological Slavery: The Collected Writings of Theodore J. Kaczynski, a.k.a. „The Unabomber“*, Feral House, 2010. [[http://theanarchistlibrary.org/library/ted-kaczynski-the-system-s-neatest-trick#fn9][theanarchistlibrary.org]] #lang mk #pubdate 2015-01-07T21:20:25 #notes Наслов на оригиналот: The System’s Neatest Trick. Превод: Горан Аргироски. Врховниот луксуз на општеството на техничка неопходност ќе биде пружањето можност за јалов бунт и насмевка на помирување со судбината. -Жак Елил[1] Системот ги има изиграно денешните таканаречени револуционери и бунтовници. Трикот е толку сладок, што доколку бил свесно испланиран, би морале да се восхитуваме на неговата речиси математичка елеганција. *** 1. Што не е системот Да започнеме со разјаснување што не е системот. Системот не е Џорџ В. Буш и неговите советници и заменици, не е полицајците кои малтретираат луѓе што протестираат, не е извршните директори на мултинационалните компании и не е научниците во нивните лаборатории кои криминално си поигруваат со живите суштества. Сите овие луѓе се слуги на системот, но тие не го сочинуваат системот. Во основа, личните и индивидуалните вредности, ставови, верувања и однесување на овие луѓе можат да бидат во конфликт со потребите на системот. Да го претставиме тоа со еден пример: системот бара почитување на правата на сопственост, но сепак извршните директори, полицајците и политичарите понекогаш крадат. (Кога зборуваме за крадење, не мораме да се ограничиме само на вистинско крадење на физички предмети. Можеме да ги вклучиме сите нелегални средства за стекнување имот, како непријавување на данок на добивка, примање мито или кој било друг вид на корупција). Но фактот што извршните директори, полицајците и политичарите понекогаш крадат не значи дека крадењето е дел од системот. Напротив, кога некој полицаец или политичар ќе украде нешто, тој се бунтува против барањето на системот за почитување на законот и сопственоста. Сепак, дури и кога крадат, овие луѓе остануваат слуги на системот сѐ додека јавно ја искажуваат својата поддршка на законите и сопственоста. Без разлика какви индивидуални нелегални дејства извршат политичарите, полицајците или извршните директори, крадењето, митото и корупцијата не се дел од системот, туку болести на системот. Колку помалку се краде, толку подобро функционира системот, и затоа слугите и поддржувачите на системот во јавност секогаш промовираат послушност кон законот, иако понекогаш можат тајно да го прекршат законот. Земете уште еден пример. Иако полицајците се спроведувачи на системот, полициската бруталност не е дел од системот. Кога полицајците ќе претепаат некој осомничен, тие не ја извршуваат работата на системот, тие само го искажуваат својот гнев и непријателство. Целта на системот не е бруталност или изразување на гнев. Што се однесува до работата на полицијата, целта на системот е да нѐ принуди на послушност кон неговите закони и да го направи тоа со колку што е можно помалку попречување, насилство и лош публицитет. Затоа, од гледна точка на системот, идеалниот полицаец е оној кој никогаш не се лути, не употребува насилство повеќе од потребното и кој пред сѐ се потпира на манипулација наместо на сила за да ги држи луѓето под контрола. Полициската бруталност е само уште една болест на системот, а не дел од системот. Како доказ, погледнете го ставот на медиумите. Меинстрим медиумите речиси беспоговорно ја осудуваат полициската бруталност. Се разбира, ставот на меинстрим медиумите, по правило, е одраз на општоприфатеното мислење на владејачката класа во нашето општество за она што е добро за системот. Истото тоа што сега беше кажано за крадењето, корупцијата и полициската бруталност, важи и за проблемите со дискриминацијата и злоупотребата; како расизмот, сексизмот, хомофобијата и сиромаштијата. Сите овие нешта се лоши за системот. На пример, колку повеќе црните луѓе се чувствуваат исмеани и отфрлени, толку поверојатно е дека ќе се свртат кон криминалот, а помалку веројатно е дека ќе се образуваат себеси за работни места кои се корисни за системот. Модерната технологија, со својот брз транспорт на големи далечини и уништување на традиционалните начини на живот, доведе до мешање на популациите, па денес луѓето од различни раси, националности, култури и религии мораат да живеат и работат едни покрај други. Доколку луѓето се мразат или се отфрлаат меѓусебно на основа на расна етничност, религија, сексуална определба, итн., конфликтите кои произлегуваат од тоа го попречуваат системот во неговото функционирање. Освен неколку стари фосилизирани реликвии како Џеси Хелмс (Jesse Helms), лидерите на системот го знаат ова многу добро и затоа на училиште и преку медиумите нѐ учат дека расизмот, сексизмот, хомофобијата итн. се општествени зла кои треба да бидат отстранети. Нема сомнеж дека некои водачи на системот, некои политичари, научници и директори, лично веруваат дека местото на жената е во домот, или дека хомосексуалните или меѓурасните бракови се одвратни. Но дури и мнозинството од нив да се чувствува така, тоа не значи дека расизмот, сексизмот и хомофобијата се дел од системот – исто како што постоењето на крадењето помеѓу водачите не значи дека крадењето е дел од системот. Исто како што системот мора да промовира почит кон законот и сопственоста во корист на својата сигурност, тој исто така мора да го обесхрабрува расизмот и другите форми на злоупотреба од истата причина. Поради тоа, системот, без оглед на личните девијации на индивидуалните членови на елитата, во основа е посветен на сузбивање на дискриминацијата и злоупотребата. Како доказ за ова, погледнете го однесувањето на меинстрим медиумите. Со исклучок на повременото срамежливо дисиденство на неколку похрабри и реакционерни коментатори, медиумската пропаганда значително ја поддржува расната и половата еднаквост и прифаќањето на хомосексуалноста и меѓурасните бракови.[2] Системот има потреба од популација која е кротка, ненасилна, припитомена, попустлива и послушна. Има потреба да избегнува каков било конфликт или пореметување кое може да ѝ попречи на општествената машина во нејзиното функционирање. Покрај сузбивањето на расните, етничките, религиозните и другите групни непријателства, исто така треба да ги сузбие или ослабне во своја корист и сите останати тенденции кои можат да доведат до пореметување или неред, како мачоизам, агресивни импулси и секаква склоност кон насилство. Нормално, традиционалниот расен и етнички антагонизам умира бавно, мачоизмот, агресивноста и насилните импулси не можат лесно да се потиснат, а ставовите кон сексуална и полова еднаквост не можат да се променат преку ноќ. Затоа има многу поединци кои се спротивставуваат на овие промени и системот е соочен со проблеми во надминување на нивниот отпор.[3] *** 2. Како системот го искористува импулсот за бунтовност Сите ние во модерното општество сме опкружени од густа мрежа на правила и регулативи. Оставени сме на милоста на големите организации како корпорациите, владите, синдикатите, универзитетите, црквите и политичките партии и како резултат на тоа сме немоќни. Како последица на понизноста, немоќта и другите понижувања кои ни ги наметнува системот, има распространета фрустрираност која води кон импулс за бунтување. И ова е местото каде системот го одигрува својот најитар трик: Преку брилијантно мајсторство, тој го насочува бунтовништвото во своја корист. Многу луѓе не ги разбираат корените на својата сопствена фрустрација, па оттаму нивното бунтување е без насока. Тие знаат дека сакаат да се бунтуваат, но не знаат против што сакаат да се бунтуваат. За среќа, системот може да ја задоволи таа нивна потреба со тоа што им обезбедува листа на стандардни и стереотипни навреди во чие име треба да се бунтуваат: расизам, хомофобија, права на жените, сиромаштија... Целата торба на „активистички“ проблеми. Голем број од таканаречените активисти се фаќаат за јадицата. Во борбата против расизмот, сексизмот, итн. тие само ја извршуваат работата на системот. Спротивно на ова, тие си замислуваат дека се бунтуваат против него. Како е ова можно? Како прво, пред педесет години, системот сѐ уште не беше посветен на еднаквост за црните луѓе, жените и хомосексуалците, па секоја акција во корист на овие каузи навистина беше форма на бунтовност. Оттаму, овие каузи традиционално се сметаат за бунтовни каузи. Тие денес само традиционално го имаат задржано тој статус; во основа, затоа што секоја бунтовна генерација ја имитира претходната генерација. Второ, сѐ уште има значаен број луѓе, како што нагласив претходно, кои се спротивставуваат на општествените промени кои ги наметнува системот, а некои од овие луѓе се и личности кои припаѓаат на власта како полицајци, судии или политичари. Овие спротивставувачи обезбедуваат мета за таканаречените бунтовници, некој против кого ќе се бунтуваат. Коментаторите како Раш Лимбо (Rush Limbaugh) му помагаат на процесот со празното говорење против овие активисти: гледајќи дека налутиле некого, тоа само ја зголемува илузијата на активистите дека тие се бунтуваат. Трето, со цел да се доведат во конфликт со мнозинството водачи на системот кои целосно ги прифаќаат општествените промени кои ги наметнува системот, таканаречените бунтовници инсистираат на решенија кои го надминуваат она што водачите на системот го сметаат за разумно и покажуваат зголемен бес за тривијални нешта. На пример, тие бараат надомест за црните луѓе и често се разбеснуваат на секоја критика насочена кон малцинските групи, без разлика колку и да е внимателна и разумна. На овој начин, активистите се во можност да ја одржат својата илузија дека се бунтуваат против системот. Но илузијата е апсурдна. Агитацијата против расизмот, сексизмот, хомофобијата и сл., не претставува поголемо бунтување против системот отколку што претставува агитацијата против политичкото мито и корупција. Оние кои дејствуваат против политичкото мито и корупција не се бунтуваат туку работат како спроведувачи на системот: тие помагаат во одржување на послушноста на политичарите кон правилата на системот. Оние кои дејствуваат против расизмот, сексизмот и хомофобијата на сличен начин дејствуваат како спроведувачи на системот: тие му помагаат на системот да ги сузбие девијантните расистички, сексистички и хомофобични ставови кои му создаваат проблеми на системот. Но активистите не дејствуваат само како спроведувачи на системот. Тие исто така служат и како еден вид громобран кој го заштитува системот на тој начин што го одвлекува јавното незадоволство подалеку од системот и неговите институции. На пример, има неколку причини зошто беше во корист на системот да се извлечат жените надвор од нивните домови и да им се доделат работни места. Пред педесет години, доколку системот, претставен од владата и медиумите, почнеше од ведро небо да спроведува кампања дизајнирана да направи да биде општествено прифатливо жените да ги посветат своите животи на кариери отколку на своите семејства, природниот човечки отпор на промени ќе предизвикаше големо јавно незадоволство. И затоа беше изведено промените да ги спроведат радикалните феминисти, додека институциите на системот чекореа зад нив на безбедна оддалеченост. Незадоволството на поконзервативните членови на општеството беше насочено најмногу против радикалните феминисти, а не кон системот и неговите институции, бидејќи промените поддржани од системот изгледаа бавни и умерени во споредба со радикалните решенија претставени од феминистите, а дури и овие бавни промени изгледаа како да се наметнати на системот преку притисок од радикалите. *** 3. Најитриот трик на системот Значи, накратко, ова е најитриот трик на системот: А. Во корист на сопствената ефикасност и сигурност, системот треба да спроведе радикални и длабоки општествени промени кои се во чекор со условите кои произлегуваат од технолошкиот напредок. Б. Фрустрациите од животот воден под условите наметнати од системот водат кон бунтовни импулси. В. Бунтовните импулси се искористени од системот во служба на општествените промени кои му се потребни; активистите се „бунтуваат“ против застарени вредности кои повеќе не му служат на системот и ги поддржуваат новите вредности кои системот сака ние да ги прифатиме. Г. На овој начин, на бунтовните импулси, кои во основа би биле опасни за системот, им е даден испусен вентил кој не само што е безопасен за системот, туку е и корисен. Д. Најголемиот дел од јавното незадоволство предизвикано од наметнување на општествени промени е насочено подалеку од системот и неговите институции и наместо тоа е насочено кон радикалите кои ги спроведуваат општествените промени. Секако, трикот не е однапред испланиран од водачите на системот, кои не се свесни дека воопшто одиграле некаков трик. Начинот на кој функционира е нешто налик на ова: Кога треба да одлучат каков став треба да заземат во однос на некој проблем, уредниците, издавачите и сопствениците на медиумите мораат свесно или несвесно да избалансираат неколку фактори. Мораат да ја земат предвид реакцијата на нивните читатели или гледачи во однос на она што го печатат или прикажуваат во врска со проблемот. Мораат да го земат предвид начинот на кој ќе реагираат нивните рекламни агенции, колеги во медиумите и останатите моќни личности и мораат да ја земат предвид безбедноста на системот во однос на тоа што го печатат или прикажуваат. Овие практични согледувања најчесто ги надминуваат личните чувства кои тие можеби ги имаат во врска со проблемот. Личните чувства на сопствениците на медиумите, рекламните агенции и останатите моќни личности се различни. Тие можат да бидат либерални или конзервативни, религиозни или атеистички. Единствената универзална заедничка работа меѓу водачите е нивната посветеност на системот, на неговата безбедност и моќ. Затоа, во границите наметнати во однос на тоа што јавноста е подготвена да прифати, најважниот фактор којшто ги одредува ставовите пропагирани од медиумите е суров консензус на мислења меѓу сопствениците на медиумите и останатите моќни луѓе за тоа што е добро за системот. Поради тоа, кога еден уредник или сопственик на медиум треба да одлучи каков став да заземе кон некое движење или кауза, неговата прва мисла е дали движењето вклучува нешто што е добро или лошо за системот. Можеби тој си вели себеси дека неговата одлука се заснова на морални, филозофски или религиозни вредности, но општ факт е дека во основа безбедноста на системот надвладејува над сите други фактори во одредување на ставот на медиумите. На пример, доколку некој уредник го погледне движењето на народната милиција, тој лично можеби поддржува или не поддржува некои од неговите цели и ставови, но тој исто така согледува дека ќе има цврст консензус меѓу неговите рекламни агенции и неговите колеги во медиумите дека движењето на народната милиција е потенцијална опасност за системот и затоа треба да биде обесхрабрено. Под овие околности, тој знае дека е подобро неговото списание да заземе негативен став кон движењето на народната милиција. Негативниот став на медиумите најверојатно е дел од причините зошто изумре движењето на народната милиција. Кога истиот уредник ќе го погледне радикалниот феминизам, тој гледа дека некои од неговите поекстремни решенија можат да бидат опасни за системот, но исто така, гледа дека феминизмот содржи доста корисни работи за системот. Женското учество во светот на бизнисот и техниката ги интегрира нив и нивните семејства подобро во системот. Нивните таленти се во служба на системот, во однос на работи поврзани со бизнисот и техниката. Најверојатно, најважното нешто е што уредникот препознава дека безначајноста на современото домаќинство и општествената изолација на современата домаќинка можат да предизвикаат сериозни фрустрации кај некои жени; фрустрации кои ќе предизвикаат проблеми за системот доколку на жените не им биде дозволен испусен вентил преку кариери во светот на бизнисот и техниката. Дури и ако уредникот е мачо тип кој подобро се чувствува кога жената е во подредена положба, тој знае дека феминизмот, барем во релативно умерена форма, е добар за системот. Тој знае дека неговата уредувачка политика мора да биде поволна кон умерениот феминизам, во спротивно тој ќе се соочи со неодобрување од неговите рекламни агенции и останатите моќни луѓе. Ова е причината зошто меинстрим медиумите во основа го поддржуваат умерениот феминизам, помешан со радикалниот феминизам и доследно се непријателски расположени само кон најекстремните феминистички ставови. Преку овој процес, бунтовничките движења кои се опасни за системот се подложни на негативна пропаганда, додека бунтовничките движења за кои се верува дека се корисни за системот им се дава претпазливо охрабрување во медиумите. Несвесното апсорбирање на медиумската пропаганда влијае врз таканаречените бунтовници да се „бунтуваат“ на начини кои им служат на интересите на системот. Универзитетските интелектуалци исто така играат важна улога во споведувањето на трикот на системот. Иако тие сакаат себеси да се гледаат како слободни мислители, интелектуалците се (со одредени исклучоци) најпрекумерно социјализирана, најкомформистичка, најкротка и најприпитомена, најразмазена, најзависна и најплашлива група во Америка денес. Како резултат на тоа, нивниот импулс за бунтовност е прилично силен. Поради тоа, тие најлесно паѓаат на трикот на системот, што им овозможува да иритираат други луѓе и да уживаат во илузијата на бунтување без никогаш да ги предизвикаат основните вредности на системот. Бидејќи тие се учители на младите луѓе, универзитетските интелектуалци се во можност да му помогнат на системот да го одигра својот трик врз младите луѓе, а тие тоа го прават со насочување на бунтовните импулси на младите луѓе кон стандардните, стереотипни мети: расизам, колонијализам, права на жените итн. Младите луѓе кои не се студенти го учат ова преку медиумите, или преку личен контакт со проблемите од „социјалната правда“ во чија корист студентите се бунтуваат и тие ги имитираат студентите. На тој начин се создава младешка култура во која има стереотипен метод на бунтовност кој се пренесува преку имитирање на современиците - фризури, стил на облекување и други интереси раширени преку имитирање. *** 4. Трикот не е совршен Секако, трикот на системот не е совршен. Не се сите ставови прифатени од „активистичката“ заедница во согласност со потребите на системот. Во однос на ова, некои од најголемите тешкотии кои му се спротивставуваат на системот се поврзани со конфликтот меѓу двата различни вида на пропаганда кои системот мора да ги користи: интеграциска пропаганда и агитациска пропаганда.[4] Интеграциската пропаганда е основниот механизам за социјализација во модерното општество. Тоа е пропаганда која е создадена да им ги вбризга на луѓето ставовите, верувањата, вредностите и навиките кои тие мораат да ги имаат за да бидат безбедни и корисни орудија на системот. Ги учи луѓето трајно да ги потиснат или сублимираат оние емотивни импулси кои се опасни за системот. Нејзиниот фокус е кон долготрајни ставови и длабоко вкоренети вредности со широка применливост, отколку кон ставови кои се насочени кон конкретни, актуелни проблеми. Агитациската пропаганда си игра со чувствата на луѓето на начин на кој ќе ги извади на површина одредените ставови или однесувања во конкретни, актуелни ситуации. Наместо да ги учи луѓето да ги потиснуваат опасните емотивни импулси, таа сака да стимулира конкретни чувства за добро дефинирани цели во одредено време. Системот има потреба од уредна, кротка, соработувачка, пасивна и зависна популација. Над сето тоа, има потреба од ненасилна популација, бидејќи владата треба да има монопол над употребата на физичка сила. Од оваа причина, интеграциската пропаганда треба да нѐ учи да бидеме престрашени, ужаснати и згрозени од насилството, за да не паднеме во искушение да го употребиме дури и кога сме многу лути. (Под „насилство“ јас мислам на физички напад на човечки суштества). Во основа, интеграциската пропаганда треба да нѐ учи на нежни, топли вредности кои промовираат неагресивност, заемна зависност и соработка. Од друга страна, во одредени контексти корисно или неопходно за системот е да се впушти во брутални, агресивни методи за да ги оствари сопствените цели. Најочигледниот пример на таквите методи е војната. Во воени услови, системот се потпира на агитациската пропаганда: со цел да добие јавно одобрување на воена акција, таа си поигрува со чувствата на луѓето за да направи да се чувствуваат исплашени или лути на нивните вистински или наводни непријатели. Во оваа ситуација, доаѓа до конфликт помеѓу интеграциската пропаганда и агитациската пропаганда. Оние луѓе на кои им биле длабоко всадени топлите вредности и аверзијата кон насилството, нема да можат да бидат лесно убедени да поддржат крвава воена интервенција. Овде, трикот на системот потфрла до одреден степен. Активистите, кои цело време се „бунтувале“ во корист на интеграциската пропаганда, продолжуваат да го прават тоа и во време на војна. Тие се спротивставуваат на воениот напор не само затоа што е насилен, тука затоа што е и „расистички“, „империјалистички“, „колонизаторски“ итн., а сите овие работи се спротивставени на нежните, топли вредности промовирани од интеграциската пропаганда. Трикот на системот исто така потфрла во однос на третманот на животните. Неизбежно, многу луѓе кон животните ги насочуваат топлите вредности и аверзијата кон насилство на кои се научени да ги применуваат кон луѓето. Тие се ужаснати од колењето на животните за месо и од другите практики кои можат да ги повредат животните, како сведувањето на кокошките на машини за несење јајца чувани во мали кафези или користењето на животните во научни експерименти. До одреден степен, опозицијата која е добиена како резултат на лошиот третман на животните може да биде корисна за системот: бидејќи веган исхраната е поефикасна во однос на искористување на ресурсите отколку што е месојадната исхрана, веганството, доколку е општо прифатено, ќе помогне да се олесни товарот врз ограничените ресурси на Земјата, предизвикан од растот на човечката популација. Но, инсистирањето на активистите да се стави крај на употребата на животните во научните експерименти е во директен конфликт со системот, бидејќи во догледна иднина нема да има вистинска замена за животните во научните истражувања. И покрај тоа, фактот што трикот на системот понекогаш потфрла, не го спречува во целост да биде значајна ефикасна алатка за пренасочување на бунтовничките импулси во корист на системот. Треба да се признае дека трикот опишан овде не е единствениот одлучувачки фактор за насоката во која се движат бунтовничките импулси во нашето општество. Многу луѓе денес се чувствуваат слаби и немоќни (со добра причина, бидејќи системот навистина нѐ прави слаби и немоќни) и затоа страстно се поистоветуваат со жртвите, со слабите и потчинетите. Тоа е дел од причината зошто проблемите со злоупотреба како расизмот, сексизмот, хомофобијата и неоколонијализмот станаа стандардни активистички проблеми. *** 5. Пример Имам еден антрополошки прирачник[5] во кој забележав неколку добри примери во кои универзитетските интелектуалци му помагаат на системот во неговиот трик преку прикривање на комформизмот во критиката на модерното општество. Најслаткиот пример се наоѓа на страниците 132-136, каде авторот цитира, во „адаптирана“ форма, напис од извесна Ронда Кеј Вилијамсон (Rhonda Kay Williamson), двополова личност (личност со машки и женски карактеристики). Вилијамсон нагласува дека американските Индијанци не само што ги прифаќале двополовите личности, туку особено ги почитувале.[6] Таа го споредува ова однесување со евро-американското однесување, кое го поистоветува со однесувањето на нејзините родители кон неа. Родителите на Вилијамсон се однесувале кон неа многу сурово. Тие ја презирале поради нејзината двополост. Ѝ велеле дека е „проколната и предадена на ѓаволот“ и ја носеле во харизматични цркви да го истераат „демонот“ од неа. Дури ѝ давале и шамивчиња во кои требало да го „искашла демонот“. Но очигледно е бесмислено да се споредува ова однесување со современото евро-американско однесување. Можеби е приближно на евро-американското однесување пред 150 г. но денес, речиси секој американски учител, психолог или меинстрим свештеник би бил ужаснат од таквиот третман на двополова личност. Медиумите никогаш не би помислиле да го претстават таквиот третман во позитивно светло. Денешните просечни Американци од средната класа можеби не се толку гостопримливи кон двополовите личности како што биле Индијанците, но малкумина не би ја препознале суровоста во начинот на кој била третирана Вилијамсон. Очигледно е дека родителите на Вилијамсон биле девијантни личности, религиозни фанатици чии ставови и верувања биле далеку од вредностите на системот. Поради тоа, иако го критикува современото евро-американско општество, Вилијамсон всушност ги напаѓа само девијантните малцинства и културолошките мрзливци кои сѐ уште не се адаптирале на доминантните вредности на денешна Америка. Хавиланд (Haviland), авторот на книгата, на стр. 12 ја претставува културолошката антропологија како иконокластична, предизвикувајќи ги претпоставките на современото западно општество. Ова е толку далеку од вистината што ќе беше смешно доколку не беше патетично. Меинстримот на современата американска антропологија е очајно покорен на вредностите и претпоставките на системот. Кога денешните антрополози сакаат да ги предизвикаат вредностите на своето општество, најчесто ги предизвикуваат само минатите, неупотребливи и застарени вредности кои никој повеќе не ги поддржува, освен некои девијантни личности и мрзливци кои не се во чекор со културолошките промени кои системот ги бара од нас. Хавиландовата употреба на написот на Вилијамс јасно го прикажува ова и ја покажува општата извртеност на неговата книга. Хавиланд искажува етнографски факти коишто неговите читатели ги учат на политичко коректни лекции, но ги потценува или ги изостава целосно етнографските факти кои се политички некоректни. Затоа, иако го цитира случајот на Вилијамсон за да го нагласи индијанското прифаќање на двополовите личности, тој не споменува дека, на пример, на многу индијански жени обвинети за прељуба им биле отсекувани носевите[7], додека таква казна не била наменета за машките прељубници; или дека помеѓу Кри Индијанците, воинот кој бил удрен од туѓинец морал веднаш да го убие натрапникот; во спротивно би бил неповратно понижен во очите на своето племе;[8] ниту пак Хавиланд дискутира за вообичаената навика на измачување на Индијанците од источниот дел на САД[9]. Се разбира, ваквите факти претставуваат насилство, мачоизам и полова дискриминација, бидејќи се противречни со денешните вредности на системот и имаат тенденција да бидат цензурирани како политички некоректни. Сепак, воопшто не се сомневам дека Хавиланд е сосема искрен во своето верување дека антроплозите ги предизвикуваат претпоставките на западното општество. Капацитетот за самоизмама на нашите универзитетски интелектуалци лесно го достигнува тоа ниво. За крај, сакам да ставам до знаење како јас не велам дека е добро да се отсекуваат носевите за прељуба, или дека која било друга злоупотреба на жените треба да биде толерирана, ниту дека би сакал некој да биде отфрлен затоа што има два пола, или поради нивната раса, религија, сексуална определба итн. Но денес во нашето општество, овие работи најчесто се проблеми кои можат да бидат решени со реформи. Најитриот трик на системот се состои во тоа што ги има насочено моќните бунтовни импулси, кои во спротивно би заземале револуционерен правец, во служба на овие скромни реформи. [1] Jacques Ellul, The Technological Society, преведена од John Wilkinson, издадена од Alfred A. Knopf, New York, 1964, стр. 427. [2] Дури и најповршната критика на масовните медиуми во современите индустриски земји, па дури и во земјите кои само тежнеат кон современост, ќе потврди дека системот е посветен на елиминирање на дискриминацијата во однос на расата, религијата, полот, сексуалната определба итн. Лесно е да се најдат илјадници примери кои го илустрираат тоа, но ние овде ќе цитираме само три, од три различни земји.
САД: „Јавно изразување емоции“, U.S. News & World Report, 9 септемрви, 2002, стр. 42–43. Овој напис дава добар пример за тоа како функционира пропагандата. Зазема привидно објективен или неутрален став во однос на хомосексуалните партнерства, давајќи им простор на оние кои се противат на јавното прифаќање на хомосексуалноста. Но секој што ќе го прочита написот, која има изразени симпатии кон хомосексуалниот пар, ќе добие впечаток дека прифаќањето на хомосексуалноста е посакувана и, долгорочно, неизбежна. Особено важна е фотографијата на хомосексуалниот пар кој е претставен: избран е физички привлечен пар кој е фотографиран атрактивно. Секој кој има барем мало познавање на пропагандата ќе увиди дека написот е пропаганда во корист на прифаќање на хомосексуалноста. А имајте на ум дека U.S. News & World Report е списание од десниот центар.
Русија: „Путин ја осудува нетолеранцијата“,The Denver Post, 26 јули, 2002, стр. 16A. „МОСКВА - Претседателот Владимир Путин во четвртокот жестоко ги осуди расните и религиски предрасуди... ’Ако дозволиме да се рашири шовинистичкиот вирус на национална или религиозна нетолеранција, ќе ја уништиме земјата‘, истакна Путин во изјавата која во четвртокот вечерта неколку пати беше прикажана на Руската телевизија.“ Итн., итн.
Мексико: „Расизмот против инородните народи продолжува“, El Sol de Mexico, 11 јануари, 2002, стр. 1/B. Придружен текст на фотографијата: „И покрај напорите да им се овозможи достоинство на инородните народи на нашата земја, тие продолжуваат да бидат дискриминирани...“ Написот известува за напорите на мексиканските бискупи да се борат против дискриминацијата, но вели дека бискупите сакаат да ги „прочистат“ инородните обичаи со цел да ги ослободат жените од нивниот традиционално потчинет статус. El Sol de Mexico се смета за весник од десниот центар. Лесно можат да се најдат илјадници вакви примери. Доказот дека самиот систем настојува да ја елиминира дискриминацијата и виктимизацијата е толку очигледн и сеприсутен, што човек може само да се чуди на верувањето на радикалите дека борбата против тие зла е вид на бунт. Тоа само може да се припише на феноменот добро познат на професионалните пропагандисти: луѓето имаат тендеција да ги блокираат, да не ги воочуваат или помнат информациите кои се во спротивност со нивната идеологија. Погледнете го интересниот напис, „Пропаганда“, во The New Encyclopedia Britannica, Volume 26, Macropædia, 15th Edition, 1997, стр. 171–79, особено страница 176. [3] Во овој дел реков нешто за тоа што не е системот, но не реков што е системот. Еден мој пријател ми посочи дека на овој начин читателот може да остане збунет, па затоа подобро е да објаснам дека за целите на овој членок не е неопходно да се има прецизна дефиниција за тоа што е системот. Не можам да се сетам ниту на еден начин на кој системот би бил претставен во една реченица и не би сакал да го прекинам континуитетот на членокот со долга, чудна и непотребна дигресија која се однесува на прашањето што е системот, па затоа го оставив тоа прашање неодговорено. Не верувам дека мојот неуспех да го одговорам тоа прашање сериозно ќе го наруши разбирањето на читателот за она што сакам да го посочам во овој членок. [4] Концептите на „интеграциска пропаганда“ и „агитациска пропаганда“ се разгледани од Жак Елил во неговата книгаPropaganda, издадена од Alfred A. Knopf, 1965 [5] William A. Haviland, Cultural Anthropology, Ninth Edition, Harcourt Brace & Company, 1999. [6] Претпоставувам дека оваа изјава е точна. Секако го отсликува однесувањето на Навахо индијанците. Погледнето во Gladys A. Reichard, Navaho Religion: A Study of Symbolism, Princeton University Press, 1990, стр. 141. Оваа книга е издадена во 1950 г., долго време пред да биде исполитизаирана американската антропологија, па затоа не гледам причина оваа информација да биде погрешна. [7] Ова е добро познато. Види, на пример, Angie Debo, Geronimo: The Man, His Time, His Place, University of Oklahoma Press, 1976, стр. 225; Thomas B. Marquis (толкувач), Wooden Leg: A Warrior Who Fought Custer, Bison Books, University of Nebraska Press, 1967, стр. 97; Stanley Vestal, Sitting Bull, Champion of the Sioux: A Biography, University of Oklahoma Press, 1989, стр. 6; The New Encyclopedia Britannica, Vol. 13, Macropædia, 15th Edition, 1997, написот “American Peoples, Native”, стр. 380. [8] Osborne Russell, Journal of a Trapper, Bison Books edition, стр. 147. [9] Употребата на измачување од страна на Индијанците од источниот дел на САД е добро познато. Види, на пример, Clark Wissler, Indians of the United States, Revised Edition, Anchor Books, Random House, New York, 1989, стр. 131, 140, 145, 165, 282; Joseph Campbell, The Power of Myth, Anchor Books, Random House, New York, 1988, стр. 135; The New Encyclopedia Britannica, Vol. 13, Macropædia, 15th Edition, 1997, написот “American Peoples, Native”, стр. 385; James Axtell, The Invasion Within: The Contest of Cultures in Colonial North America, Oxford University Press, 1985.