Со девалвацијата на сите револуционерни сили во нашето општество, филозофите, левичарите, па дури и марксистите, се фрлија во очајничка потрага по некој друг пролетаријат. Го знаеме ставот на Маркузе (но тој не е единствениот!), според кој револуцијата може да дојде само од „исклучените групи“: гладните, црнците од САД, студентите и воопшто младите. Се чини дека во моментов, годинава, дури дојде до извесен пресврт: последниве десетина години стана клише да се каже дека „класната“ поделба повеќе не е онаа од времето на Маркс, дека кај развиените нации повеќе нема вистинска класна борба и дека тоа сега е борба на неразвиените народи против богатите. Револуционерната „класа“ (?) ја сочинуваат сите сиромашни народи, оние од поранешните колонии или осиромашените од светскиот империјализам. Во моментов, паралелно и понекогаш наместо ова толкување, наидуваме на идејата за младите како вистински пролетаријат. Тоа е веќе значајно анализирано во памфлетот на стразбуршките ситуационисти за положбата на студентите (1966)[1]. Затоа мораме да се обидеме да ја дешифрираме таа можност.
Пред сè (и со извинување што повторувам баналности), очигледно би требало да се започне со одредени социолошки податоци кои ни овозможуваат да го поставиме прашањето. Имено, јасно е дека проблемот се појавува токму во врска со материјалната состојба. Пред сè, младите во нашето општество сочинуваат демографска маса каква што никогаш не претставувале во историјата. Маса во апсолутни бројки, маса во пропорција со остатокот од населението, и најпосле, маса според блискоста на елементите. Да повториме дека, грубо кажано, младите до 1970 година ќе претставуваат четвртина од француското население. Сега е важно да се има предвид биолошкиот закон, забележан во животинските општества, дека кога групата ќе надмине одредена густина, таа автоматски станува предмет на феноменот на насилство, на надворешна или внатрешна војна. Искуствата на животинските општества и на „полемологијата“ [проучувањето на војната] не го потврдуваат теоретскиот став на Тејар (Pierre Teilhard de Chardin): згуснувањето не доведува до конвергенција, туку до експлозија.
Друг добро познат факт: младите претставуваат средна категорија во нашето општество. Вo традиционалните општества не постои „младина“: детето нагло преминува во (општествена) состојба на зрелост. Иницијација, обред, и тоа станува млада возрасна личност, која учествува во истите работи, борби, предности и права како и останатите возрасни. Нема долг подем од детството до зрелото доба. Дури и во римското право, условот за „малолетство до 25 години“ се однесувал само на неколку секундарни правни аспекти. Денес, напротив, младата личност повеќе не е дете, но сè уште не е ниту општествено возрасна личност – дури ни со 21 година. Законското полнолетство често се поништува со бавноста на процесот на општествена интеграција.
Што го карактеризира средниот период? Прво, младата личност и понатаму подлежи на образование за деца. Таа е физиолошки возрасна (знаеме дека возраста на пубертетот се намалува), затоа е способна да има деца, да основа семејство. Но, тоа не може да го постигне општествено: младата личност во пубертет, помеѓу 12 и 14 години, ќе мора да чека до 25-тата година за да може да го нормализира својот сексуален капацитет во општествени рамки. Во текот на тој период, таа минува низ професионална, интелектуална обука, каде што се третира како материјал што треба да се обликува, сад што треба да се наполни, предмет. Таа не е ниту независна – финансиски – дури и ако добива многу пари од родителите (тој факт често се осудува, но е секундарен), тоа не се нејзини пари. Истото важи и кога општеството ја издржува преку стипендија. Таа не зависи од својата работа, туку од тоа колку е задоволен од нејзиното однесувањето оној кој ѝ ги доделува тие пари.
Уште една карактеристика е огромниот јаз помеѓу нејзиното отсуство од кругот на производството и нејзиното учество во кругот на потрошувачката. Во однос на производството, таа е ништо. Таа само се подготвува да влезе во него. Дури и кога веќе работи во канцеларија или фабрика, таму постои таква дискриминација помеѓу третманот што е резервиран за неа и третманот на возрасните, што таа всушност не е учесник и може да има само чувство на дополнителна фрустрација.
Од друга страна, таа е потрошувач. И тоа голем потрошувач (дури и само поради својата бројност). Учествува во таканареченото потрошувачко општество (имено, тоа не е општество во кое многу консумираме, туку она во кое фактот на консумирање станува вредност, значење и оправдување). И токму затоа што е само потрошувач, таа во своите приговори, одбивања, протести главно го задржува тој карактер на општеството: во студентскиот бунт, омразата кон „потрошувачкото општество“ доаѓа токму од положбата на потрошувач: младата личност не може поинаку да го види општеството, токму затоа што во општеството учествува само на тој начин: и колку повеќе е потрошувач, толку повеќе ќе го напаѓа потрошувачкото општество. Но, таа осуда на општеството никако не е производ на револуционерна свест; тоа е автоматска реакција на фактичката состојба. Да не беше така, младите луѓе ќе согледаа дека нашето општество е сосема поинакво од „потрошувачкото“. Најпосле, младите се потрошувачи зашто како цел ги избираат трговските или индустриските претпријатија водени од возрасните. Списанија, плочи, ѕвезди и блицови, транзистори, посебна облека, значки и ремени… младите луѓе се жртви на рекламите, кои ги обликуваат за да консумираат.
Но, истовремено, колку и да е важна потрошувачката на младите луѓе, таа во нивните очи е ништо во споредба со она што би можело да биде, што би требало да биде, односно, сразмерно со она што техничкото општество им го нуди за консумирање. Она што младата личност го гледа, она што ѝ се „нуди“, е неспоредливо со она што може да го има, бидејќи истото тоа општество кое ја предизвикува нејзината интензивна желба не ги обезбедува и можностите за нејзино задоволување: во однос на потенцијалот за задоволство, нејзините финансиски средства се уште понесразмерни од оние на обичните луѓе. Имено, таа слепо ги следи рекламите што ѝ го нудат тоа задоволство. Интензивно ги доживува: зашто за тоа е подготвувана од мали нозе (претходно рекламирање во детските списанија) и зашто нејзиното уживање почива на исклучителната чувствителност на младоста кон впечатоци.
Тоа води до третиот факт: младите се омилена цел, идеална публика на масовните медиуми. Тие немаат залихи на отпор изведени од искуството, не страдаат од склеротично закоравување, ниту пак ја чувствуваат привлечноста на работниот свет на возрасните (сериозно вработување, бидејќи информациите се од сферата на забавата). Формулата на Меклуан, „Медиумот е порака“, е сосема точна токму во случајот со младите. Тие го примаат импулсот на средствата за масовна комуникација како вредност. Со самиот факт на таа чувствителност, тие се нурнати во вербален, чисто фиктивен универзум, кој се прилепува за спонтаната склоност на младите кон соништа и фикција, односно за нивните тешкотии во одвојувањето на реалното од имагинарното. Тие се во двосмислена ситуација, а влијанието на средствата за масовна комуникација ја влошува таа двосмисленост, ги нурнува во исклучиво релативен, амбивалентен, флуиден, неструктуриран универзум. Тој ефект не зависи исклучиво од содржината на филмовите, ТВ програмите итн. Тие можат да бидат одлични, морални, образовни, културни, какви сакате, но анализата на Меклуан со право останува иста. Токму фактот дека постојат средства за масовна комуникација го создава тој резултат. Младите во реалноста се заробени и изолирани од остатокот од општеството со самиот факт на постоењето на тие медиуми: тие сочинуваат блок за кој фиктивниот универзум е пореален од реалноста. Разбирливо е дека повеќе никаде не можат да живеат без својот опиум, транзисторот, кој на нивниот живот во сегашноста му ја дава и неговата актуелност и неговата реалност, и со самиот тој факт се уште потуѓи за светот на возрасните.
Да се потсетиме на четвртиот и последен факт на оваа објективна ситуација. Младата личност му припаѓа на општество кое повеќе нема заеднички вредности, кое повеќе не нуди значење, кое во целина е еротизирано, кое повеќе нема посреднички групи. Во традиционалните општества, верувањето има заеднички вредности, а постоењето на посреднички групи овозможува премин од една ситуација во друга, од еден животен период во друг, без премногу тешкотии. Тие можности за духовна и функционална интеграција се резервирани за неколку нивоа. Губењето на тие елементи ја прави нормалната интеграција на младата личност во општественото тело исклучително неизвесна. Тоа бара фактори на конформизам, односно адаптација, кои ја уништуваат индивидуалната специфичност и кои се чувствуваат многу остро.
Меѓутоа, таквото отсуство е комбинирано со еротизација (во фројдовска смисла, не само сексуална) на општественото тело. Младата личност (навидум) е лансирана во универзум на привлечност, желби, потрага по задоволство. А очигледно и во доменот на сексуалното: таму повеќе ништо не е нормализирано. Нема повеќе традиции, обреди или вредности. Младата личност, преку сликата за животот и општеството што ѝ се претставува, верува дека влегува во универзум на извонредни можности за љубовни врски, уживање и задоволство. Меѓутоа, истовремено се соочува со механизми, организации, рационален технички поредок (кој премногу лесно ќе го нарече бирократски), кој ѝ се чини уште понеподнослив бидејќи нема оправдување, бидејќи не се заснова на ниту една заедничка вредност што сите ја прифаќаат.
Младата личност интензивно страда од искривувањето помеѓу сликата што модерното општество ја дава за себе и за Персоната (ѕвездата), и реалноста на системот организиран со сосема бесмислени ограничувања. Ѝ велат да ги задоволи своите желби, но е принудена во мрежа од неопипливи механизми и се казнува ако сака да направи краток спој во таа организација. Но, сето тоа ѝ се чини уште понеприфатливо бидејќи целата таа приказна нема никаква смисла. Ова општество не само што нема заеднички вредности, туку не нуди ниту некаква смисла на што било. Возрасната личност се навикнала на тоа. Добила скромни, иако не и безначајни задоволства, го потиснала своето страдање. За младата личност, тоа е сè или ништо. „Метафизичката анксиозност“ на адолесценцијата е дотолку посериозна бидејќи се појавува во општество кое не нуди одговори на ништо, кое на крајот знае само да ја повторува лекцијата на релативизмот, кое делува френетично, а не знае ниту зошто, ниту со која цел.
Младата личност не може да се задоволи со чиста акција. Потребни ѝ се причини, смисла, вистина, одговор. Не слуша ништо. Доведена до пароксизам на анксиозност, не може да добие ништо од возрасните, бидејќи тие и самите се беспомошни, како неа. Ни тие повеќе немаат никакви вредности или смисла. Родителите и наставниците се сосема беспомошни. Последните месеци (1968) многу се зборуваше за тоа дека младите луѓе бараат Учител. Всушност, бараат некој што ќе ѝ даде смисла на нивната ситуација, на нивната авантура. Но, тие повеќе не сакаат Учител на разочарувањето, како Сартр: нихилизмот, барем во нивните очи, го има шармот на апсолут.
Според тоа, младите се наоѓаат во таа објективна положба во однос на општеството која ги издвојува и ги поставува во ситуација на конфронтација, но дали тоа е доволно за да ги направи револуционерна сила? Тука претходно треба да се разгледа едно прашање. Демографите во своите проценки за односите помеѓу старосните групи на населението вообичаено зборуваа за „старосни класи“. Се чини дека тука дошло до извесно погрешно разбирање на тој поим, или барем до некоја промена. Старосната класа претставуваше старосен опсег дефиниран со одреден број карактеристики. Но, поради опседнатоста со зборот „класа“, таа формула од неодамна се толкува како слика на социолошка класа, па потоа се правеа обиди младината да се претстави како некаква класа, во распределбата според годините и според моделот на класната борба. Таа конфузија понекогаш е експлицитно нагласена: Гликсман ќе каже, на пример, дека младите луѓе не се нужно карактеризирани според годините, туку дека тоа се жртви на буржоаската експлоатација, на насилната агресија, угнетувањето, фрустрацијата.[2] Тие се препознаваат себеси во сите оние кои се наоѓаат во истата положба и обратно. Млади луѓе се сите оние кои се наоѓаат во таа ситуација, без оглед на годините. Таа лирска конфузија е совршено значајна. Апсолутно е неопходно младината да го преземе приматот од пролетаријатот, бидејќи ги има истите карактеристики, оние најбаналните традиционални, како и вториов, но и затоа што носи нова сила. Поради тоа, мораме да се обидеме да испитаме дали младината претставува класа, за да знаеме дали таа се вклопува во класичната шема на класната борба.
Би рекол дека една брза анализа ни дозволува да го исклучиме тоа толкување. Иако можеме да зборуваме за „младоста“ како период од десет години, сигурно е дека преминувањето во друга фаза се случува мошне брзо. Младата личност ја менува „класата“, но еден од најважните елементи на специфичноста на класата во теоријата на класната борба е нејзиниот фатален и неотповиклив карактер: човекот е поврзан со својата класа со некаква судбина, што предизвикува револт. Кога општествената мобилност е голема, класите имаат тенденција да се распаѓаат, а класната борба да слабее. Згора на тоа, во таа „класа“ нема никакво единство. Младиот работник пред сè е работник, младиот студент пред сè е студент (Glucksmann, ibid.). Познатото спојување на студентите и работниците од мај 1968 година делумно е желба, а делумно сон. До него доаѓаше многу ретко. Покрај тоа, дури и во рамки на групата млади постои голем контраст меѓу нив при разлика од само неколку години. За момче од 15 години, она со 21 година е старец. Би можело да се каже дека постои јаз од три години: таа младина од 15 до 25 години опфаќа најмалку три групи, без кореспонденција.[3] Мислењата, судовите и ориентациите во политичките, естетските, модните и филозофските прашања се менуваат со приближно иста брзина. Повеќе немаат исти идоли, исти центри на интерес, исто сексуално однесување. А ако помладите ги обвинуваат оние другите дека се стари, тие другите, од 21, 22 години, повеќе не можат да бидат стриктно заинтересирани за она што нагло ги возбудува помладите. Едвај постои заеднички „јазик“ меѓу нив, комуникацијата е речиси невозможна. Таквата фрагментација на оваа старосна група во бројни фракции значи дека не можеме сериозно да ја прифатиме идејата дека тоа е обединета општествена група, на истиот начин на кој тоа можела да биде некоја општествена класа во 19 век.
Секако, младите можат да бидат обединети како група во општествената целина или преку заеднички интереси или преку спротивставување на „старото“ (при што мораме да земеме предвид дека тој поим означува различни елементи во зависност од случајот) или со помалку или повеќе трајно постоење центри на привлечност надвор од нивната група, што ненадејно ја поларизира и кристализира во одредена конкретно воочлива реалност. Тоа ќе се случи, на пример, во случај на одредени политички настани: алжирската војна, виетнамската војна. Во такви прилики младите луѓе стануваат свесни дека постојат како такви, единствени во општеството, како носители на вредности кои ги сметаат за апсолутни. Се препознаваат себеси и стануваат категорија „за себе“. Но, тогаш мора да се нагласи дека во тој случај младите луѓе не се група на млади. Пред сè, во тие движења поттикнати од политиката, тие всушност се среќаваат со возрасните, соработуваат со нив: политичкиот центар на интерес служи за да ги собере возрасните и младите луѓе со исто мислење, во иста активност, многу повеќе отколку да ги дефинира младите луѓе како такви.
Затоа, мора да се сфати дека во тие движења нема спонтаност кај младите: возрасните (новинари, професори, филозофи) се тие кои први ги запознаваат младите луѓе со проблемот, а потоа постепено ги вклучуваат во акција. Згора на тоа, за да ги привлечат, возрасните играат не само на картата на својата пристапност и великодушност, туку и на она магливо верување во единствениот и морално возвишен карактер на таа младина: постарите играат на чувството на младите луѓе дека тие, како такви, се носители на вредности. Но во реалноста, младите луѓе ги интересира само оваа или онаа политичка драма, во мера во која и самите возрасни се заинтересирани за неа. Може да се каже дека тоа беше случај и со настаните во Франција во мај и јуни. Имено, повеќето од водачите не беа млади луѓе – Жесмар и Соважо не беа млади – а оние кои во средните училишта основаа акциони комитети најчесто беа наставници кои долго ги подготвуваа своите ученици за тоа. Сепак, масата млади луѓе тогаш беше уверена и во својата спонтаност и во специфичноста на настаните во „побуната на младите против светот на постарите“.
Но, тука има уште еден неизоставен фактор за постоењето на класата: свеста. Што е свеста на младите луѓе? На кое ниво е? И повторно, многу се зборуваше за свеста што младите луѓе ја достигнаа, на пример, за време на настаните во мај-јуни, за нејзината зрелост. Вообичаено занемаруваме да го поставиме прашањето: „Свест за што?“ Ако ги погледнеме плакатите, летоците, слоганите, графитите – а на друго ниво изјавите на господата Жесмар и Соважо[4] – нè вознемируваат просечноста, повторувањата и празнината на тие текстови. Ако ги изземеме често добро одбраните цитати (од Паскал до ситуационистите), остатокот беше патетично повторување на темите на марксистичката или анархистичката агитација, слабост, политичка неадекватност, кои спречуваат да се зборува за каква било свест. Од друга страна, постои многу моќно чувство за „фактот на младите“. Ако свеста нема политички дострел или содржина, дали има барем нешто од тоа во однос на постоењето на младите како единица, група, ентитет?
„Фактот на младите“ постои. Но, кој е првиот што е свесен за тоа? Возрасните. Мислам дека мораме цврсто да се држиме до таа реалност: возрасните се тие кои го создадоа феноменот на младоста, заснован на социолошкото постоење на оваа старосна група, која се најде во нова и неодредена ситуација. Постарите се тие кои ја величаат и фалат младоста. Потоа ги гледаме и рекламите, трговијата итн.: возрасните се тие кои го уредуваат младинскиот печат, на младите им нудат модели, мода, знаци, јазик што младите едноставно го усвојуваат. Токму во весниците младите луѓе учат дека постојат како категорија, како моќ, реалност. Возрасните се тие кои ја „преувеличуваат“ младоста и кои, од многу различни причини, ја создаваат; системот на ѕвезди се репродуцира и на ниво на „младинската класа“: младоста се произведува од нула, точно онака како што Џони Старк ја создаде Миреј Матје.[5]
Затоа не постои никаква свест кај младите луѓе, ниту автономна, ниту хетерономна: имено, она за што стануваат свесни воопшто не е нивната реалност, туку сликата што им ја емитуваат возрасните. Згора на тоа, ако младите се обидат да ја постигнат свеста за тоа што се, сами и за себе, тој настан пак не би можел да се спореди со она што се случи во светот на трудот или со она што го имаме денес меѓу селаните: затоа што не би се нашле во ситуација која би можела добро да се карактеризира со економски и социолошки податоци, со начинот на живот итн.[6] Она со што би се соочиле е ситуација составена од неизвесности, нејаснотии, празнина; тоа е отсуство на место и улога во општеството, тоа е некаква заграда. Меѓутоа, истовремено, тие живеат во свет кој ги уверува дека се неговиот најважен дел, иднината, автентичноста: и веруваат во тоа. Затоа се сосема неспособни да станат свесни за својата реалност. И кога познатата изрека за третиот сталеж се транспонира во нивна корист, „Младите луѓе не беа ништо, тие се сè, сакаат да бидат нешто“, тоа се празни зборови, бидејќи нашето општество за нив ја резервира токму ситуацијата на избор, лажен секако, лицемерен, но од првостепено значење. Возрасните настојуваат да ги разгалат младите и да направат тие да постојат како такви.
Ако возрасните го прават тоа, тоа не е само од сопствен интерес, ниту затоа што навистина веруваат дека младоста е вредност: тоа е затоа што се заведени од идеологијата на младоста. Оваа идеологија го проткајува нашето општество. Но, таа не е изолиран плод, не се создала самата од себе, туку се темели на подлабоки слоеви верувања: таа е аспект на Митот за прогресот, за општество кое напредува, за прогресот кој е еден од двата или трите големи митови на нашето време, така што младоста очигледно ја црпи својата вредност оттаму (што не значи дека станува збор за некаква вредност) бидејќи прогресот нужно претпоставува дека утре ќе биде подобро од денес и дека младите го претставуваат утрешниот ден: токму тие се носители и гаранти на таа иднина, која нужно е успешна. „Тие, според тоа, ќе го постигнат она што ние не можевме.“[7] Идеологијата на младоста е паралелна со идеологијата „раст-развој“, која исто така се темели на Митот за прогресот. Младоста има тежина, значење, токму во мера во која е практично одговорна за обезбедување на растот и општествено-економскиот развој. Ако ги поврзам двете идеологии, тогаш тоа е за да потсетам дека во очите на возрасните е сосема очигледно дека младината мора строго да се интегрира во општеството, дека мора да ја исполни улогата што ѝ е доделена, без која нема никаква вредност: младината која одбива да ги поддржи вредностите на растот и развојот може да биде добра само како отпад.
За возрасните, таа има вредност само во мера во која го обезбедува напредокот на ова општество. И затоа ѝ се дава тоа место и толку многу се слави. Таквиот детерминизам е еден од факторите кои го објаснуваат бунтот на младите. Но, неопходно е тие да сфатат дека ако ја одбијат таа улога, ако повеќе не сакаат да ја преземат судбината на општествено-економскиот напредок во свои раце, тогаш со тоа се негираат самите себеси. Покажавме дека младоста всушност не постои, дека не е вредност, дека нема друга реалност освен материјалната и идеолошката која ја создаваат возрасните; во мера во која постои, младоста е само попредметен производ на идеологијата на возрасните за општеството. А кога младите луѓе ја отфрлаат таа судбина, тие воопшто не доживуваат будење, туку нурнување во празнина, бидејќи лишени од оваа реалност, повеќе не наоѓаат ништо. И тоа ќе биде еден од составните елементи на бунтот на младите. Тоа нè води кон испитување на факторите на бунтот, кој е секако неспорен.
Она наједноставното, на кое нема да се задржуваме, е нескладот помеѓу славната слика што возрасните ја имаат за младите и отсуството на нивното место и улогата во општеството. Тоа е нешто очигледно. Мораме да одиме понатаму. Верувам дека сржта на проблемот лежи во длабоката неприлагоденост на младите луѓе кон нашето техничко и технички сè понапредно општество. Неприлагоденоста има симптоми, индекси и различни аспекти во зависност од општествените категории на младите луѓе, но делува мошне универзално. За мене, таквата општа карактеристика е доказ дека не станува збор за неуспех на неколкумина млади луѓе, за некаков недостаток, психолошка слабост итн.: во реалноста, општата неприлагоденост е обвинение против техничкото и технички сè понапредното западно општество (во овој контекст е сосема сеедно дали тоа е капиталистичко, комунистичко, социјалистичко). Бунтовници без причина, бегалци, црни јакни, зазуи, златни јакни, хипици, битници, хулигани, бунтовни студенти од 1968 година: тоа е потполно истиот длабок феномен.[8] Младите луѓе не можат да го прифатат или да го толерираат ова општество. Зошто? И еве, се осмелувам малку да се упатам во тоа!
Верувам дека младите луѓе се обдарени со извесна човечка спонтаност, со животна сила која сè уште не е скротена или канализирана со „природата“, ако така ви е подраго. Младите луѓе се нужно „примитивни“, многу интензивно ги чувствуваат впечатоците, страстите, омразата и дразбите; имаат голем апетит за животот, бараат проширување на својата виталност. Со други зборови, сè уште немаат поминато низ акултурацијата. И мислам дека нивниот бунт е израз на тешкотиите во акултурацијата во техничкото општество, во кое спонтаноста се отфрла, каде што сè е пресметка и прецизност; животната сила, виталноста, се користат присилно, иднината изгледа однапред одредена итн. Многу лесно поверувавме дека младите луѓе се културно интегрирани со самиот факт што уште од раѓањето живеат во техничко опкружување. Од почеток имаат технички играчки и се навикнати на автомобили, авиони, телевизор итн.; ништо повеќе не ги изненадува; но сето тоа се само слабачки надворешни знаци. Тоа воопшто не е длабоката и целосна реалност на ова општество. Како што ни лимените војници не ги подготвувале децата за војна, така ни контактот со техниката не ги прилагодува децата на ова општество. Она за што се најдобро прилагодени е потрошувачката на техниката. На тоа ниво културната интеграција секако не е тешка! И младите всушност со задоволство ѝ се потчинуваат на таа потрошувачка.
Но, нема адаптација на ниво на виталноста. Младата личност многу брзо ќе го отфрли општеството кое ја калапи, ограничува, дисциплинира на секој чекор, кое ја сведува на пасивност; ќе го отфрли „општеството на спектаклот“, бидејќи мора да го ослободи својот нагон за креативност (сексуалната потреба е само еден негов аспект). Како што тешко го толерира претерано бараниот сексуален морал и не ги прифаќа инхибициите, така не може да го прифати ниту генерализирањето на редот. Имено, тоа е суштината на конфликтот. Техничкото општество пред сè е општество на ред и организација. И колку повеќе се усовршува, толку повеќе тој ред ги проткајува сите области, бидејќи од гледна точка на техниката ништо не е неважно или бескорисно. Во таа минуциозна мрежа, младата личност мора да се напрегне, да се изрази на некохерентен, експлозивен и малку луд начин. Во основа, неа ѝ е потребен нередот, бидејќи тоа е единственото можно опкружување за нејзината иновативност, нејзиното директно изразување, нејзината спонтаност. Но, доменот и местата на нередот сè повеќе се намалуваат. Секоја конфузија е неподнослива, бидејќи се заканува да ги доведе во прашање експанзијата, напредокот итн. И младата личност очигледно не гледа дека таквиот тоталитарен поредок кој ја угнетува е прецизен пандан и истовремено услов за потрошувачката која ја прифаќа со најголема леснотија. Таа не ја сфаќа корелацијата. Само го доживува шокот од таа организација, многу порестриктивна од сите претходни морални поредоци.
Таквата репресија повеќе не погодува само едно (сексуално) ниво, туку сите. Повеќе не се спроведува со едноставни морални ограничувања, туку со сложена интеракција на материјални, психолошки, економски и сензуални ограничувања, со помош на мрежа за заведување и манипулација која го опфаќа поединецот на сите нивоа и во сите негови изрази. Затоа акултурацијата е многу потешка, пототалитарна и посложена од претходно.[9] Дотолку повеќе што ова општество не нуди ништо што би можело да донесе доволно олеснување. На друго место ги анализирав начините за ослободување на тензијата во техничкото општество. Ништо од ова не може да се спореди со стариот Фестивал, кој го изразува светото значење на престапот, враќањето во хаосот, но кој истовремено е добро осмислен и интегриран во поредокот. Во нашиот свет тоа повеќе не нуди никаков прекин или излез. Виталноста на младите луѓе би требало да се манифестира во сите сфери на делување, но сите активности се организирани на технички начин, кој не може да толерира неред, анархија или некохерентност. Тука лежи шокот. И младите го гледаат токму таквото општество, во кое се повикани да стапат. Го гледаат, веќе се во ова општество преку потрошувачката и ограничувањата што ги трпат, но сè уште не се во него преку работното време, позитивните активности или потребата да заработуваат за живот; младите сè уште не учествуваат целосно, така што сè уште имаат доволна дистанца за да го „видат“ ова општество, за да го отфрлат. Ги гледаат тие нешта, таа иднина без иднина, тие монотони, конформистички животи, тапите лица: го замислуваат општеството како многу понеподносливо, порестриктивно од ситуацијата што им е позната во нивната возраст. Не сакаат да станат возрасни мртовци во организацијата. Влегувањето во такво општество им изгледа како минување низ портите на пеколот.
Младите чувствуваат жесток револт пред тоталното барање за потполна безначајност. Тие го отфрлаат овој поредок, односно одбиваат да ја платат цената што ја бара техничкото општество за да ја обезбеди потрошувачката кон која младите сепак тежнеат! Штотуку рековме дека младите можат да го „видат“ ова општество неспоредливо подобро од возрасните бидејќи сè уште не се целосно интегрирани во него, бидејќи сè уште не подлегнале на сите негови мрежи: доволно добро го познаваат преку ограничувањата, доволно се оддалечени од него преку неучеството. И затоа можеме да бидеме само запрепастени од неописливата глупост на барањата на Студентското движење, кога бара, на пример, самоуправување, студентска власт, работничка власт итн.: воодушевени сме од револуционерната природа на тие фрази, без да видиме дека нивниот единствен длабок резултат (ако го оставиме настрана површниот резултат од елиминирањето на наставниците и шефовите) би бил поцелосна и понепосредна интеграција на младите во општеството: кога ќе се вклучат во неговото управување, повеќе нема да го гледаат! Ќе бидат сосема неспособни да го променат бидејќи повеќе нема да знаат што е тоа, ќе бидат дел од него, додека веруваат дека управуваат со него!
Но, тоа ни покажува дека младината, во својот напад на општеството и својата претензија да го преземе водството во неговата промена, не размислува за проблемот, дека нема доктрина: таа во моментов се буни против угнетувањето од страна на овој поредок, но не на ниво на своето разбирање, на својата рефлексија, туку на ниво на својата чувствителност: младите не го сакаат ова општество бидејќи се плашат од него. Не го сакаат животот што им се нуди бидејќи го чувствуваат како празен и ограничен. Чувствуваат длабок ужас, без да знаат од каде доаѓа (одовде се и грешките во ориентацијата и објаснувањата на нивниот бунт). Тие всушност не се бунтуваат против дадената структура, ниту против некој експлицитен облик (иако веруваат дека е така, покорувајќи се на старите шеми и застарените толкувања, на класната борба итн.), туку против глобалната ориентација, против нејзината инспирација: духот на цивилизацијата. Поради тоа, она што младите луѓе денес го мислат, она што го зборуваат, што го формулираат како доктрина, како слогани, како конструирани изрази, во реалноста не е важно.[10] Немаат шанси правилно да размислат за проблемот, бидејќи не го познаваат општеството што го отфрлаат: го гледаат, го чувствуваат, го испитуваат, го доживуваат, го отфрлаат. Полни се со емоции, страв, омраза: но ништо од тоа не разбираат. Потполно грешат штом ќе се обидат да го вербализираат својот впечаток и да го рационализираат своето одбивање. Но, ако нивниот израз не е важен, тоа не значи дека тие самите не се важни.
Она што е важно, на ниво на предизвикот и бунтот, не е она што младите го зборуваат и мислат, туку она што се. Тие се, самите по себе и за себе, предизвик за овој поредок, тие се осуда на овој технички, ригорозен, уреден свет, осуда на еден облик на живот и на приматот на нештата, тие се осуда… но не според своите доблести, својата енергија, своите постапки: на барикадите во Латинскиот кварт тие ништо не доведуваа во прашање. Таму беа во потполна заблуда. Она што се, се открива преку нивната неприлагоденост. Таа неприлагоденост, таа слабост, таа вонемиреност, тие малку патетични нарушувања и неповрзаност, таа валкана или шарена облека, таа сексуална анархија, тоа гадење и бес, тоа е она што таа младина го осудува – а не она што го истакнува кога сака да осудува. Токму во мера во која е неприлагодена, младината има смисла. Секако, и фрлањето камења по полицајците е знак на неприлагоденост, но никако и на политички ставови, кои се сосема неадекватни. „Ставовите“ се главната слабост на таа младина, која верува дека може да го промени светот преку тој идеолошки канал и затоа гледа погрешен противник кога го напаѓа буржоаскиот поредок (без дури и да знае што е тоа буржоазија) и капитализмот или империјализмот. Ја покажува сопствената глупост и кога претендира дека застапува теорија на слободна љубов и прогласува дека имагинацијата ја презема власта[11]. Но, кога е едноставно таа самата, кога бесно тропа на секоја врата, кога одбива ни самата не знае што, обземена од паника пред светот кој ја осудува на немилосрдниот мелнички камен, дури тогаш го доведува во прашање овој свет.
Но, она што штотуку го дефиниравме е револт. Специфична состојба, празнина, нешто неподносливо, битие кое не може да ја прифати својата судбина. Не е револуција тоа што сега се случува со таа младина, бидејќи ѝ недостасуваат делотворна свест, доктрина, револуционерен проект, единство на општественото тело кое се бунтува против целината на општеството, организацијата… Може ли да се премине од едното во другото? Ништо не ни дозволува тоа да го кажеме или во тоа да веруваме.
Имено, овој револт против општеството од кое се плашиме се доживува само во однос на тоа општество. Отфрлањето, протестот, се одигрува на самиот темел на оваа цивилизација, кој не се доведува во прашање. Тоа е застрашувачки, но не можеме да замислиме дека воопшто би можело да биде поинаку. Демонстрантите имаат корист од оваа цивилизација. И тоа е она што ги објаснува запрепастувачките контрадикции на студентските барања од мај 1968 година. Така, наставата што се одвива на универзитетот се оспорува од две сосема спротивни ориентации: од една страна, универзитетот се обвинува дека подготвува „кучиња чувари“ на режимот, послушни инструменти на економијата, психолози кои ќе понудат оправдувања итн. Но, од друга страна, истите луѓе ги обвинуваат своите професори дека се дрдорковци и мандарини, кои не ги подготвуваат ефикасно за функциите што треба да ги исполнат, а универзитетот дека не им нуди можности на дипломците. Тоа е зашто чувствуваме паничен страв од конформирање за да му служиме на општеството од кое се гнасиме, но истовремено не можеме себеси да се замислиме поинаку освен дека исполнуваме технички функции неопходни за истото тоа општество.
Се разбира, тука се хипиците! Тие протестираат од позиции на радикален раскин, повеќе не сакаат да имаат никаква позиција, никаква одговорност, никаква функција. Хипиците проповедаат нов начин на живот, моќта на цвеќето, слободната волја, општа љубов, целосна слобода на односите, заедништво, пацифизам кој се живее на ниво на секојдневниот живот. Нема повеќе работи, нема повеќе техники, нема повеќе структури, нема повеќе организација. Тука навистина станува збор за фундаментален протест, кој допира до корените на ова општество. Но, каков вид на однос имаат хипиците со општеството? Тие живеат во него. Дури живеат прилично добро. Кога тие или нивните деца се болни, тие се згрижени. И понатаму имаат покрив над главата. Нивната облека понекогаш е со многу добар квалитет. Па? Па, тие имаат поддршка, дури и меѓу возрасните, кои ги опкружуваат, им помагаат, им олеснуваат многу нешта. А кога им се потребни услуги, многу од нив ги добиваат бесплатно. Но, како е тоа можно? Едноставно зашто зад нив, под нив, постои тоа фамозно потрошувачко општество, општеството на изобилство, „големото општество“.
Тие можат да живеат и да ја покажуваат својата оригиналност само во мера која ја дозволува изобилството во општеството, што овозможува живот на оние „на маргините“. Затоа феноменот на хипиците е многу сложен. Од една страна, тоа е реакција против техничкото општество, ефикасноста, апстракцијата, редот. Тоа е фундаментален протест бидејќи се изразува преку однесувањето, преку вредностите кои се спротивни на вредностите на ова општество. И со тоа, во мера во која тоа претставува одбивање и протест, можеме да кажеме дека тоа општество и го создава. Но, од друга страна, тоа движење на негација е можно само благодарение на истото тоа општество: не само што е неопходно тоа да се напаѓа, туку тоа е и можно поради самото негово богатство, поради преголемото изобилство на потрошувачкото општество, кое може себеси да си го дозволи луксузот да ги издржува сопствените противници, да им овозможи да живеат. Хипиците се всушност луксуз на западното општество, тие претставуваат општествен вишок овозможен со фактот што остатокот од општеството работи многу ефикасно, што функционира многу брзо и многу енергично. Замислете сериозни општествени превирања кои водат до граѓанска војна или голема економска рецесија која, на пример, бара враќање кон традиционалното земјоделство: феноменот на хипиците автоматски исчезнува.
Но, засега тоа постои, и можеби би требало да се прифати анализата на Меклуан, за кого тоа навистина претставува револуција. Но тоа, како последица на новите методи на комуникација (на „електричното коло“, како што вели Меклуан, „кое им дава митска димензија на нашите обични индивидуални и колективни постапки“), се наоѓа на подлабоко ниво од сите други досегашни развои; имено, тоа е трансформација на односот помеѓу поединецот и светот: новите техники доведуваат до некаква тотализација на поединецот, до митско соединување со општеството, кое креира мистика на учеството, чувство на континуитет, колективна фузија (таа ситуација добро ја означува изразот „put on“, со кој нашите студенти ги приредуваат своите „teach-in“). Благодарение на електричното коло, „нашето континуирано, разделено, раздвоено западно наследство“, вели Меклуан, „се заменува со флуидно, обединето, стопено“.А тоа тогаш ги запознава младите луѓе со сосема нов став кон животот и општеството, неразбирлив за возрасните, чии главни карактеристики се „отфрлање на историјата, осуда на општественото постоење какво што го познаваме, желба за укинување на чувството за идентитет, дифузен еротизам и носталгија за христијанскиот мистицизам или христијанскиот квиетизам“.[12] Затоа до нив не може да допре ниту еден разумен аргумент, а прашањата за нивната „иднина“, за нивната „кариера“, повеќе не ги допираат…
Но, дали сето тоа е револуција? На политички и општествен план, секако не. Во секој случај, не е ништо од она што досега се нарекувало „револуција“! Една од фразите што често се користи во ова движење е следнава: „Највисокиот проект е да се нема проект“. Но, нема револуција без проект. Она што секако настанува е нов начин на постоење. Некој би можел да каже дека тоа е феномен подлабок од вообичаените револуции и дека нужно ќе доведе до глобална револуција.
И да и не. Имено, тој фундаментално „атехнички“ став подразбира радикална незаинтересираност за сè што е економски, политички (ако не и пацифистички) и технички. Што ќе се случи кога таа генерација ќе дојде до командна позиција, до раководење и организација? Или тие хипици и ним сличните ќе останат само грст луѓе, кои ќе ни служат како стари „оригинали“, или ќе се прилагодат на потребите на управувањето и производството, што би значело дека нивната „ментална и психичка мутација“ не била толку длабока како што сме верувале; или, пак, бидејќи се бројни, ќе останат она што се: тогаш техничкиот систем ќе почне да опаѓа, производството катастрофално ќе падне, ќе настане збрка, техничкото општество ќе исчезне, но со него и самите хипици, бидејќи многу брзо ќе бидат принудени да работат за да преживеат и тоа на ниво многу пониско од она што го достигнало сегашното општество. Тоа би било проста глобална регресија (освен можеби во уметничката сфера). Би рекол дека сето тоа е малку веројатно.
Оттука доаѓаме до заклучок дека младината, која навистина е експлозивна сила, која несомнено е во право што го изразува своето отфрлање пред строгоста на општеството кое станува сè поорганизирано колку што повеќе му недостигаат вредности, сè поморалистичко колку што станува помалку морално, сè поимперативно колку што има сè помалку смисла, таа младина, значи, сама по себе не е ниту вредност ниту отворање, почеток, авангарда или детонатор на револуцијата. Потребно е нешто друго. Оваа младина во основа е несреќна и сиромашна, пред налетот на својата можна потрошувачка. И тоа е доволно за сè повторно да влезе во игра.
[1] De la misère en milieu étudiant considérée sous ses aspects économique, politique, psychologique, sexuel et notamment intellectuel et de quelques moyens pour y remédier, AFGES, Strasbourg, ноември 1966. Види го нашето издание: Ситуационистичка интернационала, Бедата на студентскиот живот
[2] André Glucksmann, Stratégie et révolution en France, 1968, 50.
[3] Ова не го кажувам само теоретски: тоа е резултат на моето искуство, од една страна со студентите, а од друга како претседател на еден прилично голем клуб за превенција на деликвенцијата: со тоа, врз основа на искуството со две групи млади луѓе кои во општествен поглед се сосема различни (Елил). Во 1958 година, Елил заедно со учителот Ив Шарје (Yves Charrier) основа еден од првите клубови или здруженија за превенција на младинската деликвенција во Франција (во Песак, предградие на Бордо), кое не се потпира на државните институции, туку оди директно меѓу младите. Функцијата претседател ја извршуваше до 1977 година.
[4] Господинот Кон-Бендит, напротив, делува како орел во тоа крекање на пилињата, но тој е исклучок, речиси единствениот.
[5] Џони Старк (Johnny Stark, вистинско име Roger Oscar Emile Stark, 1922–1989), француски импресарио и продуцент, кој ја откри прочуената пејачка Миреј Матје (Mireille Mathieu, 1946–) и го обликуваше нејзиниот имиџ и кариера.
[6] Тоа го покажува екстремната слабост на анализите на младите за младите, кои се појавуваат насекаде од мај 1968 година. Таму пред сè се воочуваат социолошко незнаење и низа економски невистини. На пример, студентите се жалат дека се експлоатирани во ова општество, без да согледаат дека се неговите најпривилегирани членови.
[7] Од друга страна, треба да се забележи дека во општествата во кои минатото е вредност, младоста нема значење: како во републиканскиот Рим или во средниот век. Младите не се ништо, бидејќи суштинскиот мит е оној за извонредноста на минатото: затоа постарите се тие кои во тие општества ја преземаат улогата што денес ѝ се припишува на младината.
[8] Види „Étude sur l’inadaptation des jeunes: Rapport du club de prévention de Pessac“, 1963.
[9] Дали е потребно уште еднаш да повторам како не мислам дека човекот во минатото бил послободен? Само живеел во општество кое имало некои вредности и смисла: затоа некои ограничувања му биле подносливи, но тоа сега е исчезнато.
[10] Се разбира, оваа формулација ќе ги натера сите да дигнат врева! Младите и оние кои ја фалат младоста, но и оние кои се плашат од неа и конзервативците! Треба да се забележи дека овде буквално ја репродуцирам проценката на Маркс за пролетаријатот: не е револуционерен зашто нешто мисли, туку исклучиво поради она што е. Она што пролетерот го мисли [или може да го мисли, да си го замислува итн., за себе] за Маркс нема никакво значење.
[11] Алузија на паролата „Имагинацијата на власт“ („L’imagination au pouvoir“), која во секундарната литература често им се припишува на ситуационистите. Но, таа парола потекнува од „Движењето 22 март“ („Mouvement du 22 mars“), на Даниел Кон-Бендит, а ситуационистите ја критикуваа како „слаба и маглива“ (со уште некои забелешки за нејзините автори), на две места во својот осврт на 1968 година, „Почеток на една ера“ (Internationale Situationniste, n. 12, 1969, „Le commencement d’une époque“, 3–34).
[12] Konstanty Jeleński, Preuve, 1967.