Ненасилство! Колку прекрасна идеја. Со години наназад се величи, благодарение на Ганди. Оттогаш, па до денес, низ целиот свет одекнуваат неговите зборови кои говорат за стравотиите на насилството и за среќата која ја очекува секоја личност која ќе одлучи да ги скроти своите страсти. Бидејќи таа доктрина доаѓа од една од најсиромашните земји во светот; бидејќи штом ја слушнеме, пред очите ни се појавува слика од тој свет човек кој за да ги реализира своите идеи, се откажал од сѐ и живеел многу скромно; бидејќи не можеме да заборавиме дека британските колонијални власти го уапсиле поради застапување на такви идеи; бидејќи знаеме дека трагично загина како маченик за слобода – неговите ставови мора да допрат до нашите срца.

Солзи ни навираат на очите, но во грлото чувствуваме горчина. Зборуваме за еден политичар, син на политичар, посветен на интриги и опортунизам. Зборуваме за еден стар лицемер кој додека престојува во Англија е интервенционист и воен заговарач, а по враќањето во Индија, се претвора во пацифист. Зборуваме за фантастичниот мистик кој сакаше неговата земја да стане „светска религиозна велесила“. Теоријата која ја изгради овој Pontifex Maximus е резиме на сите негови затруени доктрини. Не убивај! Не пролевај крв! Не користи насилство! Доброто ќе го надвладее злото! Што во превод значи: страдајте, прифатете сѐ, предајте се на божјата волја, молете се за оние кои ве прогонуваат...

Следбениците на Махатма ќе се згрозат од ова. За нив ненасилството е вистинска борбена техника која ја докажала својата ефикасност во Индија, во времето на борбата за независност од британската власт. Ете, тоа е нивниот втемелувачки мит со кој сакаат да се размавтуваат за нивното проповедање на резигнација да стане попосакувано. Нивната рака можеби и не користи сила, ама затоа нивниот јазик сигурно не избегнува лаги. Како и секоја друга легенда, така и декларираната победа на пацифизмот во Индија се заснова на манипулација. Ниеден општествен конфликт не покажува униформност на методите, во секој контекст истовремено постојат насилни и ненасилни акции. Тоа добро го знаат поборниците на ненасилството кои беа принудени да го избришат од историјата сето она што не е во согласност со нивните морални начела.

Сакате да слушнете една бајка? Си беше еднаш една многу сиромашна земја Индија, која беше угнетувана од Нејзиното височество Англија. Иако индиското население беше подложено на масакри и брутална репресија, тоа не сакаше да користи насилство за да не го повреди својот чувствителен етос. Под просветленото водство на Ганди, изградија масовно ненасилно движење кое беше насочено кон протести, неучество, бојкоти, штрајк со глад и граѓанска непослушност, при што успеаја да ја доведат во криза британската доминација. На крајот, доброто го победи злото и Индија без ниту еден испукан куршум успеа да ја извојува својата независност.

За жал, историјата не е толку благородна по душа како митот. Бројни се факторите (меѓу кои и насилниот притисок) кои ја натерале англиската власт да се повлече. Англија не била во можност да ја одржи контролата над својата колонија поради претрпените удари во двете светски војни. За слабеење на британското царство придонела и вооружената борба на Арапите и Евреите во Палестина од 1945 до 1948. А што ќе се случеше ако одекот на тие борби допрел сѐ до Индија? Не се работи за неосновано прашање, ако се земе предвид дека ненасилната слика на движењето кое се борело за независност на Индија е сосема селективна и наклонета кон пристрасност. Ненасилството не бил единствен избор на сите Индијци, отпорот кон англиската колонизација вклучувал и вооружена борба. Но, поборниците на ненасилството преферираат да го премолчат овој аспект за да можат да ја пропагираат легендата за Ганди и неговите следбеници како единствени иницијатори на индискиот отпор. Никој од нив не се сеќава кој бил Чандра Шекар Азад (Chandra Shekhar Azad), кој со оружје се борел против англиските колонизатори или Багат Синг (Bhagat Singh), револуционер (и горд атеист) кој се борел за „рушење на едниот и другиот капитализам, странскиот и индискиот“ и чии напади на структурата и преставниците на британската власт предизвикувале воодушевување и одобрување кај широкиот слој од населението (откако бил фатен од страна на Англичаните, Синг бил обесен со целосна индиферентност од страна на Ганди, што предизвикало бројни и остри критики кон него; но зарем тоа не е уште еден начин за елиминирање на конкуренцијата?). Ако сите Индијци навистина беа верни на ненасилниот принцип, како тогаш можеме да го објасниме фактот дека Субас Чандра Бозе (Subhas Chandra Bose), кандидат на „најесктремната“ струја на движењето, двапати е избран за претседател на Индискиот Национален Конгрес, 1938 и 1939?

Тоа што денес историјата се грижи да остане само сеќавањето за Ганди, на штета на сите други кои се бореле против британското царство, не е затоа што тој преставувал еднодушен глас на Индија. Тој едноставно бил најрепрезентативен од западна точка на гледање, бил најсигурниот влог; затоа британскиот печат му посветил толкаво внимание и затоа бил вклучен во преговорите со англиската влада. Подобро е да се преговара со реформистички, религиозен политички лидер кој повеќепати покажал „верност“ и благонаклонетост кон англиската власт, отколку со некој опасен субверзивен идеалист.

Во однос на тоа треба да нагласиме дека движењето за ослободување на Индија воопшто не победило: Англичаните не беа принудени да ја напуштат Индија. Одлучија само да го сменат обликот на власт, преминувајќи од директна во индиректна власт. Каква е таа победа која им дозволува на „губитниците“ да го диктираат времето и начинот на подемот на победниците? Англичаните донесоа нов устав и власта ја пренесоа на своите избрани наследници. Го разбудија духот на верскиот и етнички сепаратизам за да ја поделат Индија, оневозможија да достигне просперитет и ја направија зависник од западна помош. Индија и ден денес е експлоатирана од западните мултинационални компании (секако, и индиските мултинационални претпријатија се придружија на гозбата) и ги снабдува со ресурси и пазар земјите од Запад. Иако Индија ужива поголема автономија на некои подрачја, што доведе до тоа неколкумина Индијци да заземат важни позиции, во многу аспекти сиромаштијата на нејзиното население не се намалила, додека експлоатацијата станала дури и поефикасна. Таквата ситуација не говори во корист на ненасилството, но неговата корист е видлива на други места и служи на други видови на интереси. Во Средниот век, сѐ што било човечко и сакало да трае, морало да прифати облик на религија; науката, уметноста, филозофијата, сите морале да носат свештеничка одежда. Денес религијата, губејќи го некогашниот престиж, се маскира во хуманитарни дела. Се преправа дека ги отфрла догмите и дека го задржува само моралот, духот на добродетелството. Се прекрива со маската на посветеност кон човештвото. Празноверието се камуфлира во трагање по земска среќа.

Ганди послужи како иницијатор. Зад него се испреплетува збир од лица кои избегале од богословието, изблуени од секакви канализации, кои проповедаат пасивност и резигнација. Насекаде можеме да го слушнеме нивното рецитирање на молитвите за препуштање и трпение. Влегуваат и во редовите на бунтовниците, сејат обесхрабрување, потикнуваат недоверба и ја кастрираат енергијата. Зборуваат за толеранција. Но, не можеме да бидеме толерантни кон непријателот. А непријателот е оној кој проповеда трпение и препуштање, оној кој се противи на користење насилство. Непријател е секој оној кој вели дека не треба да напаѓаме, дека мора да чекаме.

Да чекаме! Работникот умира жив запален; чекајте. Сиромаштијата ја принудува жената да го продава сопственото тело; чекајте. Детето, помеѓу чеканот на родителите и наковалната на училиштео, се одгледува како впрегнато животно; чекајте. Храната која ја јадеме е загадена; чекајте. Воздухот кој го дишеме е загаден; чекајте. Се уништуваат областите во кои живееме; чекајте. Богатите сѐ повеќе се богатат, сиромашните сѐ повеќе осиромашуваат; чекајте. На банкарите им се пружа помош, над штедачите се прават измами; чекајте. Политичарите шарлатани просперираат и се дебелеат; чекајте. Војните одземаат животи во целиот свет; чекајте.

Што да чекаме? После страшната мистификација на минатото, што да чекаме? Дали се сеќавате каква надеж ни влеваше постојаниот напредок? Сите приказни за ослободувањето од работното ропство, за општата благосостојба, за општествената рамноправност и еднаквост... Години и години беда, попусто очекување, очај. Погледнете каде стигнавме: до претстојна катастрофа на денешницата, до морничава отсутност на иднината. А зошто? Затоа што наместо да дозволиме бесот да ги вооружи нашите срца и нашите раце, ние претпочитавме да слушаме глупости за умереноста, толеранцијата, ненасилството.

Што да чекаме? Зарем нас не нѐ дели бездна, од една страна сиромашните, од друга страна богатите? Сите сиромашни знаат дека причина за нивното страдење и смрт е постоењето на богатите. Сите богати знаат дека можат да уживаат и да се забавуваат само благодарение на покорноста на сиромашните. Дали постои еден единствен богаташ кој не знае од што се храни? Дали постои еден единствен сиромав кој не знае зошто тој мора да биде таа храна? Нема веќе време за лицемерие. Не можеме само да слегнуваме со рамениците.

Заговорниците на ненасилство проповедаат пацифистичка вера... Дали ние можеби сакаме мир? Се разбира дека не. Борба, постојана борба против општествениот поредок кој го наметнуваат Власта и Пазарот! Оние кои заговараат ненасилство демнат прилика да нѐ потсетат како сите револуции доживеале неуспех и вродиле само нови угнетувачки режими. Од која основа доаѓа таа нивна премиса, веќе видовме. Ни се чини дека не постои идеја или метод кои довеле до забележителен придонес во реализацијата на човековата среќа. Но, зарем поради тоа треба да престанеме со барање? Веќе слушаме друг приговор: насилството не може да се елиминира со насилство. Но, блажени суштества, ние воопшто не сакаме да го елиминираме насилството. Ние не сме монаси. Сакаме тоа да е едно од бројните повремени изразувања на поединецот во неговите директни односи со опкружувањето, а не постојано заплашување од страна на државата која го наметнува својот авторитет. Од друга страна, како без насилство ќе ги натераме Моќниот и Богатиот да се откажат од своите привилегии, како ќе можеме да ги неутрализираме нивните „кучиња чувари“? Мировниците знаат. Тие се многу итри. Мислат дека на крајот доблестите ќе ги победат пороците. „Нашата светост ќе ги удри како гром“, со години наназад лајат некои од нив. А бе, ајде. Тираните немаат совест која би можела да се преобрати, а и во одлична форма се, барем додека не дојдат на нишан. Единствено нашето достоинство е удрено од гром.

Треба да се осуди секој облик на насилство, велат политичарите кои гласаат за војна. Треба да се запре секој облик на насилство, велат војниците додека ги фрлаат своите бомби. Треба да се спротивставиме на секој облик на насилство, велат полицајците со пендрек в рака. И тие се против насилство, ама само против насилството на угнетените. Меѓутоа, го обожуваат и со силен жар го практикуваат насилството додека се во униформа. Затоа што државата поседува монопол над насилството. Наместо да се спротивстават на споменатиот монопол, мировниците го зацврстуваат. Знајте дека само ние можеме да користиме насилство, урлаат државните службеници. Знајте дека ние никогаш нема да користиме насилство, урлаат идеолозите на ненасилството. Спротивностите се привлекуваат и создаваат совршен пар. Државата и ненасилството многу добро се разбираат и се согласуваат, како садист и мазохист.