Има добра причина зошто ние анархистите би посветиле подетално внимание на НВО секторот, дотолку повеќе што во јавноста овој „трет сталеж“ се перцепира позитивно и се посматра како алатка за демократизација на општеството, и уште полошо, како алтернатива на борбата против централизираната власт, опресијата, сиромаштијата и сите колективни општествени несреќи на народот. За анархистите, ова е само уште една од големите лаги на капитализмот, кои служат да ја одржуваат илузијата на избор и илузијата на слобода. Тоа што е точно за изборите – дека ако навистина можеа да променат нешто, ќе беа забранети – е точно и за НВО секторот, за кој, иако е не само толериран, туку и охрабруван од сите влади во сите држави, се верува дека е поле за битка против неправдите, антипод на власта и начин народот да се вклучи во политички промени. Наспроти општото верување, неговата вистинска функција е јасна: да створи илузија на борба за промени; да биде медиум меѓу народот и власта, со тоа пасивизирајќи ги масите; гневот на масите да го канализира во легално, мирно, контролирано, институционално и за власта целосно безопасно незадоволство; да створи добра слика на корпорациите кои го финансираат како грижливи и филантропски компании, така поттикнувајќи конзумеризам и зголемувајќи ги нивните профити.

Сите факти говорат во прилог на ова гледиште: најголем дел од корпорациите во светот имаат свои фондации за финансирање на невладиниот сектор, и секоја влада во светот одделува средства за финансирање на НВО активности. Ни најнаивниот во очи на фактите не може да мисли дека тоа е така затоа што алчните корпорации му мислат добро на човештвото или затоа што владите се грижат за своите поданици. „Монсанто“ кој го уништува органското производство за профит, донира пари во развој на земјоделие; „Тојота“, која го произведува еден од најголемите загадувачи на воздухот – автомобилот, финансира НВОа за заштита на животната средина; Бил и Мелинда Гејтс, чија корпорација, како и сите останати, се богати на крвта и потта на милионите работници во Азија кои споро умираат работејќи и до 14 часа дневно за 3 долара дневница, донира пари за сузбивање на сиромаштијата. Сепак, некако успеваме да ја промашиме очигледната иронија и уште поочигледниот факт дека според капиталистичката логика во која се колнат корпорациите и „демократските“ власти, тој што финансира, очекува и добивка од влогот. А тоа што е добивка за нашите владетели – општествените паразити, може да е само губиток за остатокот од населението.

Што е НВО секторот, каква е неговата структура, кои се неговите цели, кој го финансира, кои се резултатите од неговото постоење, зошто не е никаква закана и зошто не е никаква алтернива на ефикасната борба за слобода, подетално е објаснето во следниов текст. Иако во поимот НВО сектор влегуваат невладините организации од секаков тип, во овој текст ќе се прави разлика меѓу политичките НВОа кои имаат за цел да влијаат на општествено-економскиот поредок (како што се оние што се занимаваат со образование, сиромаштија, претприемништво, права на маргинализирани групи, европеизација, културолошко прилагодување, граѓански права, работнички права, разни тинк-тенк групи за лобирање во парламент, за дејствување врз закони, за „социјална правда“ итн.) и преостанатите НВОа кои немаат за цел да влијаат на општествениот поредок и се занимаваат со некој тесен сегмент од животот, главно во областа на здравството и развојот на децата (како што се разни невладини организации за заштита од ХИВ/сида, посебни граѓански здруженија за промовирање на опасности од разни болести, како рак на дојка, аутизам кај деца, за луѓе со посебни потреби итн.). Текстот кој следува ќе се фокусира на првата група невладини организации, која е и најрелевантна за статус-квото во општеството и најбројна, најфинансирана, најмоќна, највлијателна и најопасна по социјалната борба, иако некои од општите забелешки важат и за втората група.

Што е НВО?

Владејачката идеологија ги опишува НВОата (скратеница за „невладина организација“) како доброволни, непрофитни и приватни организации чија разноврсна активност е насочена кон промена, поддршка или промоција на разни општествени сегменти. НВО секторот се смета за трет сектор, после владиниот/управниот и бизнис секторот, односно трет фактор за кој се смета дека го оформува јавниот сектор и влијае врз општествените политики. Ние, пак, попрво го сметаме за продолжена рака на власта и бизнис секторот, односно за нивен инструмент.

Поради нивната разноврсност, тешко е точно да се дефинираат невладините организации. Единствената нивна карактеристика која јасно произлегува од нивното име е тоа дека се независни од власта, што е противречно со оглед на тоа што најголем број НВОа добиваат владини пари барем за дел од нивните проекти. Во обидите да се класифицираат НВОата се наведуваат разни типови: добротворни организации, НВОа кои обезбедуваат услуги, НВОа кои обезбедуваат едукација, локални, национални и интернационални НВОа итн. И самите фондации кои постојат за да финансираат НВОа се еден вид на НВО.

УСАИД ги опишува НВОата како приватни волонтерски организации, но овој опис е проблематичен, затоа што најголем дел од НВОата се финансирани од влади и корпорации, но и затоа што не може да се каже дека организација што има професионален платен персонал, од менаџмент до теренски работници, е волонтерска.

Терминот НВО е скован во 1945 со создавањето на Обединетите Нации, кога ОН им дозволи на специјализирани невладини агенции да добијат статус на набљудувачи на состаноците на ОН – и тоа се првите современи невладини организации во историјата. Најстарата организација која се смета за НВО датира долго пред времето кога НВОата го запоседнаа и развиениот и неразвиениот свет, кога во средината на XIX век се оформил интернационалниот Црвен Крст.

Проучувачите на НВО секторот разликуваат оперативни од кампањски невладини организации, и тоа е уште една од многуте класификации, но за потребите на овој труд релевантна. За оперативни се сметаат оние НВОа кои настојуваат преку мали проекти да достигнат некои краткорочни цели, и многу енергија вложуваат во бркање грантови, донации и разни средства за го финансираат секој нареден проект, при што нивната активност повеќе се сведува на тоа да скројат проект за да земат грант отколку обратно.

Другиот тип, кампањските НВОа, најчесто настануваат околу определена кауза за чија промоција организираат јавни настани и демонстрации. Овој тип НВОа магично израстуваат секаде каде што ќе искрсне организиран облик на народно незадоволство околу определен општествен проблем, при што НВО-то, без разлика дали претходно постоело или се создало токму во екот на овие народни демонстрации, ја присвојува каузата во врска со која незадоволните маси сакале да постигнат социјално-политичка промена и потоа настојува да го пренасочи незадоволството кон институционално делување, а директната и спонтана акција да ја замени со медијација (посредување на НВОто) меѓу власта и барањата на народот. Кога сите надежи ќе се насочат кон НВО методите, НВОто ќе пристапи кон стандардните институционални и строго легални методи на „борба“ (петиции, лобирање во парламент, барање поддршка од опозициски партии, чекање помош од меѓународни тела), и штом борбата ќе се префрли од улиците во институциите на власта, каузата може да се смета за изгубена, и се што може да очекуваат обесправените се трошки или беден компромис. На владин терен не може да победи никој освен власта, а улогата на овие НВОа е токму тоа – преземајќи ја каузата да ги пасивизираат масите и секое незадоволство да биде безопасно и без можност за промени. Кај нас, токму ова се случи во два наврата кога масовното незадоволство беше голтнато во филтрите на НВО секторот: во текот на протестите против полициска бруталност (по повод убиството на М. Нешковски) и потоа уште еднаш, во текот на протестите против поскапувањето на струјата (иницијативата АМАН). Подетално за ова подолу.

Без оглед на големиот број класификации на невладините организации, во овој текст главно ќе зборуваме за најбројниот дел од НВО секторот: оние НВОа кои имаат социјално-политички цели.

Кој го финансира НВО секторот (или: чии интереси брани)?

Прашањето за финансирање на невладините организации е многу важно, зошто го дава одговорот на прашањето чија агенда застапуваат НВОата, кои се нивните реални, а не прокламирани цели, чии интереси штитат и како се вклопува нивната улога во владејачкиот механизам. Прашањето за финансирањето на НВОата исто така го подрива сфаќањето за независност и „невладиност“ на НВО секторот.

Двата финансиери на НВО секторот на глобално ниво се корпорациите и државите. Тоа не е поразлично ниту кај нас, каде големи суми се двојат од државниот буџет за финансирање на разни проекти на невладини организации, но поголем дел од нив зависат од парите на капиталистите, кои ги добиваат преку домашни филијали на глобални фондации на крупни капиталисти (како што е фондацијата на Сорос – „Институт отворено општество“), или пак преку фондови на странски фондации (како што е американската УСАИД, германските Friedrich Ebert Stiftung и Roza Luxemburg итн.). Европската Унија е уште еден голем финансиер на НВО секторот преку своите ЕУ фондови и програми, а кои во најголем дел, ако не и исклучиво, се слеваат во организации кои застапуваат про-ЕУ политика (за ЕУ и за тоа зошто сме против влез во таа империјална мега-држава, прочитајте овде). На светско ниво, мал дел од средствата што поминуваат низ каналите на одредени НВОа доаѓаат и од религиозни организации, најмногу христијански, муслимански и еврејски, кои, исто како и државата и капиталистите, настојуваат на тој начин да си ја зајакнат својата доминација.

На светско ниво, речиси сите корпорации за кои сте чуле имаат оформено свои фондации за финансирање на НВО секторот: од Microsoft, преку Monsanto, Nike, Bosch, Western Union, Ford, Toyota, Intel, па се до Starbucks. А ако самата корпорација нема оформено фондација, тогаш со сигурност имаат нејзините прљаво богати сопственици/акционери, како што се милијардерите Бил Гејтс, Џорџ Сорос, браќата Рокфелер, па дури и британската кралица. Да се биде „филантроп“ стана дел од имиџот на секој ултра-богат капиталист, кој веројатно се надева дека угнетените маси ширум светот помалку ќе сакаат да го обесат ако знаат дека одвоил некој долар за гладните во Африка.

Кога корпорациите финансираат проекти за помош на сиромашните, на децата, на болните и други загрозени категории, или пак за заштита на животната средина, тоа го прават токму за да изградат имиџ на грижливи компании и со тоа да ги поттикнат луѓето да купуваат од нив и да го зголемуваат нивниот профит. Очигледно на луѓето им е прифатлива логиката дека Apple, на пример, експлоатираат милион и пол работници низ Азија, кои работат по 14 часовни смени, живеат во хангари во самата фабрика и годишно заработуваат едвај колку што вреди еден iPhone; ама тоа е океј, затоа што, ете, еднаш донирале 2000 вакцини против маларија. На луѓето очигледно не им е јасно ниту тоа дека со ваквата краткорочна помош корпорациите само го оддржуваат статус квото на неразвиените региони во светот, така што ги прават зависни од западна помош (која можеби ќе дојде годинава, а може и не, и нема да стигне до сите на кои им е потребна), додека империјалистичките сили продолжуваат да ги ограбуваат ресурсите на неразвиените земји и да ги оставаат онеспособени за било каков развој. Поддржувајќи ја милостињата и филантропијата, на овој начин НВО секторот ја подрива можноста за борба за коренски промени кои ќе можат да ги сузбијат причините за беда, глад, болести, неписменост и сите останати несреќи чии сегашни жртви тогаш не би морале да бидат на милост и немилост на повремената помош од добротворните организации.

Но корпорациите не финансираат само НВО проекти врзани со „грижа за заедницата“, туку уште повеќе вложуваат во ширење на „политичкиот“ НВО сектор, преку кој можат да ги пропагираат и наметнуваат своите идеи за одржувањето на постоечкото општество. Владите исто така најголем дел од средствата ги насочуваат кон такви НВОа, а во случајот со Македонија, огромен дел од тие средства ѝ служат на масовната пропаганда за влез во ЕУ и НАТО, додека сите средства акумулирано ѝ служат на врховната цел Македонија да се развие во капиталистичка држава од западен тип.

Зошто капиталистите го финансираат НВО секторот?

Пред да се одговори на ова прашање, важно е да се постави тезата дека целиот невладин сектор е една голема машинерија за обрт на пари. Огромен дел од оптекот на пари на светско ниво проаѓа низ филтрите на НВО секторот, преку разните фондации, добротворни програми и корпорациски средства за донации. Ако според логиката на капиталистичкиот систем, дел од протокот на пари оди на трошоци за производство, друг дел оди за профит за капиталистите и трет дел оди за инвестирање во ново производство, тогаш финансирањето на НВО секторот е спротивен на капиталистичката логика, затоа што станува збор за „неповратни средства“, односно такви средства кои нема да се употребат ниту за производство, ниту за инвестирање, ниту за богатење. Зошто тогаш капиталистите, спротивно на капиталистичката логика, доброволно би се откажувале од дел од својот профит за да финансираат други организации? Пропагандата вели затоа што се филантропи и ѝ мислат добро на заедницата. Се разбира, на секој разумен човек му е јасно дека нема такво нешто како филантроп капиталист и дека ниту еден капиталист, бидејќи живее и се богати од крвта и потта на бедните наемни работници, не може да ѝ мисли добро на заедницата.

Одговорот е дека финансирањето на НВО секторот воопшто не е донирање или филантропија, туку е начин да се зацврсти положбата на бизнис секторот и со тоа всушност да се обезбеди иден и поголем профит. Со други зборови, финансирањето на НВОата е инвестиција, од која финансиерите очекуваат добивка. Таа добивка не се враќа директно како профит, но долгорочно им носи поголем и посигурен профит на големите капиталисти, и на тој начин НВО секторот го одржува во живот капитализмот, и тоа не е „колатерална штета“, туку првенствена цел на која ѝ служи. Кога една корпорација ќе финансира НВО што се бори за демократизација и економски слободи, тоа НВО ќе стане општествен играч кој ќе влијае кон „демократизирање“ на општеството, што главно во превод значи зголемување на економските слободи, што пак значи поголема дерегулација на економијата, што пак значи помала контрола врз производството, монополите, стандардите за производите, цените на производите, работничките права итн, што на крај значи поголемо богатство за крупните капиталисти и уште поголема беда за работничката класа.

Ова е само еден пример; истото важи и за финансирање на другите типови „политички“ НВОа кои на крајот на денот ќе му возвратат на својот финансиер така што крваво ќе го зголемат неговото натрупано богатство, уште победна ќе ја сторат положбата на работниците и уште повеќе ќе го зацврснат капитализмот кој ги става во таква положба. Затоа не може да станува збор за никакво доброволно донирање, филантропија, грижа за заедницата и други глупости што ни ги кажуваат на ТВ, туку се е тоа само уште еден начин да се зголеми и онака нечовечки големото богатство на крупните капиталисти.

Зошто државата го финансира НВО секторот?

Освен од корпорациите, огромен дел од финансиите со кои работат невладините организации доаѓаат од владини фондови (од нашите даноци и „заеднички“ државни пари), кои очекуваат за возврат слична добивка како и корпорациите, а тоа е зацврстување на капитализмот и на положбата на богатите. Државата, да не заборавиме, единствено и постои за да ги штити богатите и нивната положба со помош на репресивниот механизам и монополот над физичката принуда, па според тоа очекувано е да прифати да двои средства за финансирање на организации кои ќе го држат поредокот во статус кво – таков каков што единствено им одговара на крупните капиталисти.

Но државата, за да стане посилна, порепресивна, да се зацврсти и да може и понатаму да ги штити богатите, мора и самата да наоѓа начини да го оправда своето постоење и да ја зајакне својата доминација; затоа, заедно со корпорациите, таа го финансира НВО секторот, зошто со сета „граѓанска активност“ што во него се случува (секако, комплетно безопасна за поредокот), добива можност на народот да му приреди една театарска претстава во која граѓаните имаат свои права, можат да учествуваат во носењето политики, се слободни и учествуваат во општествените случувања. Во тоа се состои големата илузија за демократичност на општеството, кое НВО секторот има улога да ја одржува пред очите на народот. Така на сцена се става еден механизам што не може да постигне никакви промени (ниту има таква цел), но позира како таков, а народот, мислејќи дека вклучувањето во НВО активности навистина ќе ги исполни неговите барања, се отклонува од другите начини на борба (илегални и опасни за власта, и единствено ефективни). На тој начин, власта си добива лажен механизам за борба, излажан, мирен и послушен народ и безбедност за својата доминантна положба во општеството.

НВО секторот е всушност само еден од многуте механизми кои државата ги користи за да го оправда своето постоење и да ја зацврсти својата доминација. Но за разлика од класичните такви механизми, како на пример јавното образование или масовните медиуми, кои државата ги дизајнира и користи за катадневна и систематска пропаганда и контрола над луѓето, НВО секторот има малку поинаква улога. Имено, и покрај бесконечните напори на секоја држава да го држи во страв или хипноза својот народ за безгрижно да си владее, свесна е дека луѓето во основа се разумни и слободољубиви и дека доволна е и најмала искра за да се излее гневот на народот секој пат кога ќе се разбуди и ќе увиди дека е угнетуван на било каков начин. Масовните насилни нереди насочени против власта се најголем страв на секоја влада, но секоја влада исто така знае дека насилното загушување на народните бунтови, како во класичната полициска држава, носат опасност само уште толку да го разгорат бесот кај луѓето и да ја разнишаат доминацијата на државата. Затоа модерната влада има посуптилно решение, со кое нема да го задуши бунтот, туку ќе им даде на масите бескорисно оружје за борба, а тоа доаѓа под името НВО сектор.

Кои „методи на борба“ се типични за невладините организации?

Секој пат кога некое НВО презема некаква активност насочена кон општествени промени, дали е тоа некакво барање до власта, дали е критика на власта или нешто друго, таа активност е исклучиво во институционални рамки. Институционални рамки се оние рамки кои ги поставува системот, односно кои се во склад со државните закони и кои мора да поминат преку постоечките државни институции на од државата определен начин за да стигнат до властите, и потоа тие евентуално да реагираат по тоа прашање. Државата на граѓаните им дава на располагање неколку строго бирократизирани, во сите етапи отежнати и комплетно бескорисни механизми за одбрана на нивните права и за искажување на нивното мислење: претставки (до судови, до парламент, до влада), иницијативи (за предлог-закон на пример), петиции итн. Без разлика дали ќе кажеме дека владејачките елити ги измислија НВОата, или НВОата се создадоа сами од себе од потребите на граѓаните, крајниот епилог е ист: власта е задоволна од НВО секторот затоа што тој со неа „се бори“ токму преку тие институционални механизми, кои се дизајнирани на никаков начин да не му наштетат на поредокот.

НВОата никогаш не се на улиците, никогаш не се насилни и никогаш не целат кон суштински проблеми во општеството. Со други зборови, тие не се никаква закана за ниедна власт, но успешно ги регрутираат незадоволните луѓе: оние што можеби утре би фрлале молотови коктели кон парламентот, НВОата уште вчера ги регрутирале, им облекле вратоврска, им дале дневница и ги седнале во канцеларија да пишуваат извештаи, претставки, колумни и анкети. И да имало такви почетни намери, НВОто не може да се радикализира; тоа е презафатено со поднесување финансиски извештаи кон својот финансиер и бркање нови финансиери за проектите догодина. И да се радикализира, што просто не може да се случи, НВОто ќе биде шиканирано од НВО секторот, а НВОто постои само додека има кој да го финансира.

Секое НВО е условено да работи исклучиво по институционални патишта, и тоа е единственото негово „поле за борба“. Истовремено, тоа е и единственото поле за борба на кое не можеш да победиш, бидејќи не се води борба, туку дијалог, соработка и компромис. Без оглед на тоа што НВОто се бори против одреден аспект на власта (закон, решение, некаква неправда, некоја конкретна институција итн.), ниту едно НВО не се бори против власта во целина. (Самиот систем не би дозволил постоење на такво НВО, бидејќи НВОата, како формални организации, мора да се регистрираат, а со тоа да добијат од државата дозвола за организирање. Законот, се разбира, не допушта оформување на било какви организации што се стремат кон целосно ослободување на луѓето, односно, како што во закон би стоело, кон „насилно рушење на поредокот“.) Во тоа се состои нивната бескорисност и безопасност, и поради оваа причина НВОата не само што не постигнуваат промени и не само што не вршат никаков сериозен притисок врз власта, туку и ѝ помагаат полесно да владее.

Системот едноставно е така осмислен за да може да се самозаштити од било каков напад што ќе дојде внатре од него; затоа и не може да се води борба за промени преку институционални патишта, како што не може ни да се руши систем преку дејствување во парламент. Тоа што може да се добие се реформи, трошки, утешни компромиси, и што е најважно, залажување за човекот дека, ете, проблемот, колку што се можело, е решен. Истиот тој човек можеби би разгледал други решенија за проблемот, други методи за притисок врз власта и за остварување на своите барања, далеку поефективни за неговата цел. Но тука е НВО секторот да му го повлече ланецот и да го потсети дека треба да сме ненасилни, да немаме проблеми со законот и да не ги провоцираме инаку добродушните џандари („кои само си ја вршат работата“) за да не ни извадат пендреци (како што грижливо и секојдневно не потсеќаа бројните НВО активисти во текот на протестите против полициската бруталност летото 2011, пред комплетно да го преземат протестот, и барањата за уништување на моќта на полицијата како протест против тиранијата на репресивната држава да ги сведат на барања за отчетност на полицајците и нивно избегнување прекумерна сила!).

Каква е структурата на невладините организации?

Структурата на секоја невладина организација е речиси идентична како структурата на било која компанија или корпорација: строго хиерархиска. НВОата од капиталистичката економија дури ја позајмиле и поделбата на трудот, па така, како што во една корпорација трудот е поделен меѓу сопствениците (акционерите), управниот одбор и работниците, така и секоја невладина си има свој претседател, свој совет на организацијата и свои теренски работници (активисти). Како и компаниите, секое НВО си има и свое сметководствено одделение (бидејќи иако „непрофитно“, работи со големи суми) и свои менаџери на разни одделенија или проекти.

Системот добро се погрижил да ја преслика хиерархиската поставеност и во НВО секторот, па така еден од клучните услови за успешна регистрација на ново НВО е тоа да има поставено свој претседател. Во законите на Р.М. не е допуштено формирање на хоризонтално организирано (или егалитарно) здружение. Се чини дека на „борците“ за слобода и човекови права не им пречи да се потчинуваат на наредбите на своите претпоставени во организацијата, па така НВОата ѝ даваат на државата на располагање уште еден механизам преку кој ќе тренира послушни, потчинети и умни граѓани.

НВО секторот во светот, а сега и во Македонија, е целосно професионализиран, поради што се губи секаква смисла на инсистирањето НВО активизмот да се нарекува волонтерство, наместо професија. Тоа дотолку повеќе што НВО секторот е трет најголем работодавец на државно ниво, после државата и бизнис секторот. Кога НВО активистот поминува секој ден одреден број на часови во работа околу организацијата, за својот придонес добива плата и нема друга „вистинска“ професија, тогаш е јасно дека работата во НВО е професионализирана струка, како и секоја друга.

Точно е, од друга страна, дека огромен број од луѓето поврзани со НВО активности се навистина волонтери, односно не добиваат надомест за својот труд. Но во една невладина организација, тоа се исклучиво оние активисти кои како „млади, неискусни и почетници“ ја вршат целата мачна работа која е релевантна за работата на НВОто (како на пример, анкетирање луѓе на улица за некое истражување, делење флаери, лепење плакати и други пропагандни материјали, вршење на работата на терен врзана со некоја посебна активност или кампања итн.). Помал број на активисти („најпосветените“ и „најобразованите“) се платени за својата работа, и тие главно ја вршат работата од фотелја, односно слично како и политичарите, добиваат плата за да се занимаваат со заеднички проблеми на општеството. И во овој поглед НВОата не се различни од фирмите, затоа што како што кај фирмите работниците ја вршат целата работа а не го добиваат профитот, така и кај НВОата, единствено оние кои менаџираат со организацијата се платени за тоа што го „работат“.

Кои се мотивите на НВО активистите?

Секако, далеку од тоа дека волонтерите бесплатно се ангажираат во некое НВО чисто од алтруистички причини. За возврат на нивното ангажирање, ним им се ветува снабдување со многу нови „вештини“, работно искуство и контакти кои ќе им послужат во идната кариера. Некои од нив работат вредно во надеж дека ако доволно се истакнат и посветат на својата организација, тогаш можеби ќе бидат ставени на некоја повисока позиција, а со тоа и на платен список. Всушност, се повеќе луѓе го минуваат „работниот“ век како професионални НВО активисти, но уште повеќе од нив ја продолжуваат кариерата на друго работно место кое го добиле благодарение на нивното искуство со НВОто. Учествувањето во НВО проекти и волонтирањето во невладини организации гордо се наведуваат како важни карактеристики во секое CV, и секоја компанија сериозно ги сфаќа таквите ангажмани кога размислува некого да вработи, од проста причина што колку повеќе кандитатот бесплатно се ангажирал за некоја работа, толку повеќе од него ќе се очекува да биде многу работлив и да не бара за тоа голема плата, односно тој ангажман за компанијата е гаранција дека кандидатот поминал макотрпен тренинг за да стане послушен, вреден и покорлив работник.

Други НВО активисти, пак, се надеваат дека преку таквиот ангажман ќе бидат забележани од политичките партии – кои исто така бараат вредни и покорни работници да им помогнат да ја зграпчат или задржат власта – и ќе бидат регрутирани како партиски кадар кој можеби ќе окупира некоја профитабилна државна функција. Ова особено е случај кај нас, каде партиите будно ги следат протестите, немирите и организираните збиднувања, за да можат, како трагачи на таленти, да најдат нови свежи талентирани кадри за да ги регрутираат во своите редови. По последните организирани изблици на незадоволство, не е мал бројот на оние НВО активисти, кои благодарение на своите говорни или организациски “вештини“ што ги научиле во НВО кариерата, биднаа забележани од опозициските партии и инстантно регрутирани. Активизмот за овие луѓе не е од примарна важност, туку доаѓа дури после мотивот за финансиска удобност, па така секој ентитет што ќе им понуди таква удобност за да работи за нив, тие со радост го прифаќаат.

Кариеризмот во НВО секторот е логичен резултат. НВО секторот, како исклучиво про-капиталистички сектор, ги воспева и пропагира нечовечните капиталистички вредности, од типот на компетитивност, борба со ривалите во кариерата, небирање средства за да се постигне финансиска цел, трпење секакви срања во име на напредување во кариерата и жртвување на секакви општествени добра за сопствена корист. Егоизмот, натпреварувачкиот дух, себичноста и секакво отсуство на солидарност се вредности што НВО секторот гордо ги презема од капитализмот. НВО активистите не се идеолошки ориентирани бидејќи тие не се водат од принципи, светогледи или верувања, туку од лични потреби, и затоа е иронично кога се воспеваат како борци за човекови права и хумани луѓе. Ако и воопшто се водат од некаква идеологија, тоа е капиталистичката идеологија.

Колкава штета ѝ прават НВОата на социјалната борба во Македонија?

НВОата имаат исклучително организирана структура, пари за потребните ресурси и доволно време за нивните активисти (кои не мораат да работат бидејќи добиваат плата од НВОто). Затоа, ако за обичниот работник кој половина ден го поминува во продавање на својот труд, а половина во спиење, е тешко да посвети време на општествените проблеми и да се посвети себеси во борба против структурите кои ги создаваат тие проблеми, за НВО активистот тоа не претставува проблем. Тој не само што има време на располагање за да биде политички активен, туку е и платен за тоа, па така не е тешко за било кое НВО да стане доминантно во било какво општествено превирање и да ги преземе на свој грб голем дел од активностите насочени кон издејствување промени за некоја незадоволна општествена група. Но со тоа не само што не ѝ прави услуга на таа група, туку и ѝ штети, бидејќи еднаш штом ќе ги преземе тие активности, таа ќе ги насочи кон единствените методи кои смее да ги употребува: институционалните. А тоа што историјата секој ден одново ни го потврдува за институционалните методи на борба е дека, едноставно, не функционираат. Барем не за народот, но мошне добро и служат на власта, на која најдобро оружје за умирување на народниот гнев е да му дозволи на човекот да се бори против неа на нејзин терен, во од нејзе осмислен систем и структура, и да мисли дека може да ја победи во нејзината игра.

НВОата често праќаат нивни активисти на скапи семинари, каде во планина или покрај езеро овие интелектуалци учат како да бидат безопасни бунтовници преку долги предавања, дискусии и интелектуализирања околу „неправдите во општеството“. На колку повеќе платени патувања ќе отиде НВО активистот, толку поблиску е до тоа да добие подобра позиција, без разлика дали во партија, во некоја фирма, на државна функција или во самото НВО. Ако во меѓувреме се јави прилика јавно да се покажат научените „вештини“ со кои ќе може НВО активистот да се истакне, тогаш уште подобро, а најдобри прилики за тоа се народните протести, демонстрации, движења или било какви организирани изблици на револт насочени кон некакви социјални и политички барања. Тогаш на кариеристот му се укажува прилика да говори пред голема маса луѓе и му се дава пристап до медиуми, од каде неговиот „лик и дело“ може да стигнат до „вишите инстанци“ кои можат да му помогнат да се искачи едно скалило повисоко во кариерата.

Многу луѓе од НВО секторот се обидоа да ги искористат овие прилики во текот на двомесечните протести против полициска бруталност, летото 2011 година. Еден од нив (Кирил Ефремовски) се покажа особено упорен и амбициозен, наоѓаше секакви начини да се истакне пред ТВ камерите до степен што јавноста го доживуваше како лидер, ги користеше своите НВО контакти со медиуми за приватно да дава изјави во име на целата иницијатива, и на крај беше награден со работно место во американската амбасада, веројатно само едно од десетиците работни места кои му ги понудиле „ловците на таленти“.

НВО секторот постепено го преплавуваше Движењето „Стоп за полициска бруталност“, и бидејќи се платени за да протестираат и имаат време да се посветат целосно на протестите, најпосле успејаа да го проголтаат цело движење, што инаку остана запаметено по најдолготрајните и најмасовните демонстрации против државната репресија во историјата на Македонија. Но колку повеќе се ближеше опасноста гневот да ја прелие чашата и демонстрациите да завршат како масовни нереди, толку повеќе НВО активистите пробуваа да го контролираат протестот на разни начини: со постојано инсистирање дека не сме насилни, дека мора да останеме мирни, дека полицајците се обични работници како нас и дека мора да ги почитуваме законите; потоа со преземање на работните групи задолжени за оформување на барањата (кои од радикални полека се претопуваа во реформистички); потоа со контролирање на содржината што стигнува до медиумите; и на крај, кога целата мотивација веќе спласна поради неуспехот и тапкањето во место (благодарение на НВОвците), тие смислија дека тоа што треба да се направи е единственото што знаат да го прават: да се оформи НВО!

Власта вечно ќе им биде благодарна на НВО активистите што така активно се вмешаа во нешто што можеше да прерасне во сериозна закана за власта, ако не беа тие. НВО секторот во Македонија веќе е толку голем што просто не е можно никаква автентична иницијатива да се случи без нивното масовно присуство и влијание, што е причина за неверојатниот неуспех што го претрпува секоја таква иницијатива. Година и кусур подоцна, истото сценарио се одви и при протестите против поскапувањето на струјата (она што се нарече „Иницијатива АМАН“), со тоа што овој пат, кариеристите се покажаа поискусни и поделотворни, па уште на самиот старт, по само неколку протести, успејаа да ја проголтаат иницијативата. Тие ги убедија останатите учесници дека наместо да ја окупираме зградата на Регулаторната комисија за енергетика и со тоа да извршиме притисок цените веднаш да се намалат, подобро е да бидеме „добри граѓани“ и да се бориме со средствата што законите ни ги даваат на располагање. Така се впуштија во една голгота на макотрпно собирање на 10.000 потписи и со нив поднесоа предлог-закон до Парламентот да се намали цената на струјата и парното. Законот, се разбира, не беше изгласан. Бедните луѓе сеуште двојат цела една плата за да плаќаат струја во зима, а НВО секторот уште еднаш им помогна и на власта (да се ослободи од уличниот притисок) и на австриските капиталисти од ЕВН (да го зголемат својот профит).

Што да направиме?

За нас кои сме одбрале да се спротивставиме на државната репресија и на капиталистичкото угнетување на работниците, е јасно дека единствените методи на борба кои можат да нè ослободат од оковите на овој репресивен систем се оние кои се вон контрола на самиот систем, кои единствено се ефективни и кои се ослободени од посредноста на институциите: директните акции. Најпросто кажано, секоја акција која луѓето автономно ја преземаат за политички и социјални цели без посредување на трета страна (политичари, партии, судови, синдикални лидери, „правни експерти“, НГОа за заштита на човекови права итн.) е директна акција.

Историски најуспешни се покажале масовните акции, како што се масовни демонстрации, генерални штрајкови, поединечни штрајкови (на ниво на компанија/фабрика, производствена гранка, индустрија), физичките блокади на поединечни институции, масовни блокади на патишта итн. Индивидуалните директни акции или акциите на помали групи луѓе не се толку ефективни како масовните во вршење притисок врз властите, но често предизвикуваат силен симболички ефект што може да влијае врз еманципацијата на народот и може да претставува искра што ќе покрене масовни организирани акции. Така на пример, со физичките напади врз имот (банки, парламент, влада, големи претпријатија, седишта на десничарски партии итн.), кои понекогаш се нарекуваат „пропаганда на дело“, не само што финансиски се оштетуваат сопствениците на имотот, туку и, уште поважно, јавно се искажува револтот против тие репресивни институции, кои многу луѓе кои исто така го чувствуваат, инаку се плашат да го покажат.

Директната акција е спротивставување на идејата дека сме немоќни да ги промениме условите кои нè прават несреќни. Директната акција е соочување со фактот дека никој одозгора нема да ги подобри нашите животи и дека за секаква промена мора сами да се избориме. На претставниците на кои се надеваме дека во наше име ќе ни го подобрат животот, не само што не им е гајле за нашите проблеми, туку и повеќе од тоа, нивното богатство зависи од нашите мизерни услови за живот.

Затоа, ако сакаме да се вклучиме во борбата за подобрување на нашиот сопствен живот, последно место каде тоа ќе го направиме е невладина организација (освен ако не бараме напредување во нашата лична кариера, но овде веќе се работи за друга цел, а никако за борба за промени). Институционалните средства кои системот ни ги допушта како инструменти за заштита на нашите права и подобрување на нашите животи само ќе нè заглават во институционалните лавиринти и ќе нè остават со празни раце. Се разбира, тоа не значи дека во разни поединечни случаи не треба да ги користиме дупките и противречностите на правниот систем за да се одбраниме од правни напади врз нас. (Како анархисти, треба да сме подготвени на можноста да имаме проблеми со законот и психичкиот притисок врз нашиот дух често да се врши преку долгомесечни малтретажи по судовите.) Но ниту законот, ниту било кој друг институционален „лек“ кој државата ни го нуди не смее да ни биде основно средство за борба против државната репресија и против нашите експлоататори на работните места. Не треба да заборавиме дека законот што денес (мислиме дека) нè штити, преку брза постапка може да биде укинат секој пат кога елитите ќе помислат дека бранејќи ја нашата благосостојба, законот ја задира нивната привилегирана положба. И најважно од сè, не смееме да заборавиме дека законите ги носат владетелите и дека следствено законите служат единствено за да ги заштитат нашите владетели од нас.

НВОата, како и да е, уште долго ќе се појавуваат во социјалните превирања и ќе нè убедуваат да пристапиме кон институционална борба. Секој од нас кој сака да види ефект од било каква борба е должен да ги отфрла тие влијанија и да знае дека може да смета единствено на сопствената моќ, која е најсилна кога е изразена како колективна моќ. Тогаш кога одредена група ќе стане толкава закана за власта, што НВОата – како поклоненици на законите – сами ќе се повлечат, ќе знаеме дека водиме успешна борба. Успешна борба е само онаа која е способна да го затресе авторитетот на владејачите, и со тоа да ги натера да се повлечат пред барањата на луѓето. Успешна борба е онаа која прави власта да се плаши од народот, наместо обратно. Ова не може да се постигне преку претставки до уставен суд или преку лобирање во парламент.

Па, што можеме да направиме? Да се организираме на своето работно место, секогаш кога сме незадоволни од работните услови. Ако нашиот газда ни крати од платата, да го блокираме претпријатието за да не може да работи и да прави профит, и газдата во страв по својот профит, брзо ќе се сложи на нашите барања. Ако сакаат да ни ги одземат социјалните добра, да се организираме во нашиот град, општина, населба и да им покажеме дека тоа нема да помине. Ако државата носи репресивни закони за работниците, да излеземе на генерален штрајк и да ја блокираме економијата која нè убива. Лошо изградената зграда не може да се поправи со нова фасада, и мора да се урне за да може одново да се изгради нова и добра зграда.

На крајот, директната акција е повеќе од средство за бранење на нашите права или за подобрување на нашата положба. Директната акција е, како што тоа го срочил анархо-синдикалистот Рудолф Рокер, „социјалистичка школа“, односно начин да се подготвиме за слободното општество кон кое тежнееме. Директната акција ни дава контрола над нашата сопствена борба, ни дава искуство и ни покажува како да учиме од грешките, ни помага да изградиме култура на отпор и на солидарност, и поврзувајќи нè со толку многу други луѓе кои се во истите лајна, ја враќа нашата човечност што индустриското општество ни ја одзема. И како што расте нашата верба во моќта на солидарноста, така расте и нашата верба во способноста да го промениме светот, а фокусот постепено се поместува од контрола врз нашата борба кон контрола врз целиот наш живот.