Наслов: Отаде ’Движењето‘ - Анархија!
Автор: ДМП (DMP)
Датум: 2013
Забелешки: Наслов на оригиналот: Beyond the ’Movement‘ – Anarchy! oд збирката 'Anarchy - Civil or Subversive?' by DMP & 325

„Светот е една погубна црква, алчна и лигава, каде што сите имаат идол кој го обожуваат како фетиш и олтар на кој се жртвуваат себеси.“

- Ренцо Новаторе


Би помислиле дека движењето на анархисти е колективен проект на индивидуално остварување и слобода, заемна помош и солидарност, искрена комуникација и индивидуална одговорност, на насилни напади против институциите, владејачите и структурите на доминација и отуѓување, против менталното програмирање и несвесното однесување, против репродукцијата на авторитарното општество во нашите меѓусебни односи, размисли и дела.

Каква врска има со тоа збрката од неформални хиерархии, идеолошки рекет, бедни клики, идентитетски гета, стремежот за лидерство, неискреноста и бодењето нож во грб кои ги воочуваме кај голем дел од самонареченото анархистичко движење? Многу малку, освен можеби на зборови или во акробатска форма. Очигледно движењето е позаинтересирано да ги заштити идеолошките утврдувања, да регрутира следбеници, да ја зачува задушувачката удобност на својата сцена и пред сѐ, да го следи своето безопасно хоби отколку за анархија.

Маневрирањето и обидот да се најде референтна точка во ’движењето‘ може да биде дезориентирачки. Младите, или нови, другари и другарки кои влегуваат во ’движењето‘ (или можеби подобро, сцената) честопати се зграпчувани од една од пакет понудите на политичките брендови или се принудени да изберат помеѓу лажниот избор на понудените производи послужени од разни идеолошки рекети. Секогаш кога одреден систем на идеи е структуриран со суверена апстракција во својот центар - назначувајќи ти улоги или должности за негово добро - тој систем е идеологија. Идеологија е систем на репресивна совест во која повеќе не си своевелна индивидуа, туку составен дел, шраф.

Во овој свет заснован на стока, сликата на бунт може да биде само уште еден производ, исто како што можеме да ги комодифицираме, апстрахираме и систематизираме нашите сопствени изрази на нашите мисли и желби во неговата алиенирана форма, неговата стока и неговата заменска форма - идеологијата. Всушност, најсуптилно и најопасно, дури и кога сме несвесни за она што го правиме. Во разните идеолошки организации, во сцените и во голем дел од анархистичките медиуми, тесноградиот консензуален светоглед на стварноста е закован околу специфични параметри.

Слободната комуникација која ги надминува границите на внатрешниот дискурс се исклучува преку вербални напади и исмејување, физичко исклучување, предупредувања за репресија од страна на државата или неприфаќање од општеството и едноставно, догматско одбивање на еретички мисли. Исто како секој начин на живот или идентитет во демократскиот пазар на општеството, и анархизмот има свои пакет понуди - со ставови, мислења, стилови, активности и производи, сите со умешни етикети.

Овде би требало да напоменам дека како некој кој чувствува афинитети со други од антисистемските и инсурекционистички тенденции низ светот, свесен сум дека ’инсурекционистичкиот анархизам‘ или што и да е друго, може да се претвори во идеологија, а уште полесно во помодност или стил. Ова во последно време секако е вистина за некои кругови. Но тоа можеби е резултат на обновеното влијае на интелектуалците од Tiqqun и нивната книга Coming Insurrection, книга која како и The Call, се чини дека влијаела на многумина млади радикали, но која изгледа е напишана од марксисти и никаде не ја истакнува самоодговорноста, слободната волја, желбата и свесноста. Нивното востание можеби доаѓа, моето веќе е тука, тоа е индивидуална побуна.

Колективистичката порака на The Coming Insurrection речиси нема никаква врска со инсурекционистичката анархија: револуционерната теорија која протекува од сраствениот бунт на поединецот за присвојување на тоталитетот на животот за себеси, напаѓајќи ја сета контрола и експлоатација, пронаоѓајќи заеднички нешта и афинитети со други од кои произлегува вистинската заедница - пријателите и соучесниците на герилската војна против тоталитетот на авторитарното општество.

Без суверени системи на моралност, теорија, принципи или општествени апстракции кои стојат над поединецот како единка, анархистот-нихилист ги напаѓа сите системи, вклучувајќи ги и системите на идентитет и идеологија, како препреки на нашата себереализација. Борбата не е само против доминацијата врз контролата на општествената организација и сераспространетата пацификација, туку и против наследеното репресивно програмирање и моќта на секојдневниот живот, па оттаму нашата борба е постојана тензија каде што она што мораме да го уништиме и трансцендираме е многу поочигледно од она каде што би можеле да завршиме.

За некои, соочени со угнетувачката стварност, доволно е да се изнајде алтернатива, „праведен“ и „разумен“ општествен систем (или „утопија“) во нивните глави. За некои, пак, тоа е пријатна фантазија, додека други сакаат општеството навистина да се промени и или пронаоѓаат или (почесто) се прилепуваат на некој готов рецепт („програма“) за општествена трансформација, за репрограмирање на општествениот систем. Тоа просто е форма на репресивна (системска) совест.

Замислувањето и изложувањето на овие алтернативни општествени системи (вклучувајќи ги и оние на многу анархисти) е оставено на оние кои потекнуваат од управувачкиот стратум на ова класно општество, чијашто авангарда е одговорна за постојаното општествено реструктуирање на модерниот свет. Демократија на работното место, децентрализирано производство, „зелени“ технологии, мултикултурализам и така натаму - доминантниот поредок експериментира со сите, на тој начин зацврстувајќи се.

Теоретизацијата на апстрактни општествени системи - а сите општествени системи се засновани на апстракции - само ја зајакнува доминацијата. Но ако започнеш од својот сопствен живот и одбиеш да бидеш компонента на што и да е во прашање, ако одбиеш да застапуваш други или други да те застапуваат тебе, прифаќајќи ја својата необјаснива единственост, знаејќи дека сѐ со што се соочуваш во животот се избори, тогаш ти си опасност за авторитетот и поредокот, ти си сеприсутен микрокосмос на анархија.

Оттаму, ова е повик да се избегнат сите неформални хиерархии и клики на официјалното анархистичко движење, да се избегнат општествените системи и политичките идентитети, да се негува задоволството на мислење со своја глава, на следење на сопствените желби, достоинството на искреноста одејќи по непознатите патишта на вистината, негацијата и страста, не поставувајќи никаква апстракција над себеси. Во војната до самиот крај, само изборот е важен, и само ти си одговорен за изборите кои ги правиш.

Испитај ги своите чувства и мисли, отфрли ги моралот и идеолошките системи од себе, биди свесен дека „здравиот разум“ (или подобро општествениот консензуален рационализам) е најсилната потпора на постоечкото, не плаши се од тоа каде ќе те одведе твојата внатрешна (и надворешна) борба.

Разбиј ги сите идоли, а најповеќе ’револуционерните‘ идоли!!