Ниедна карактеристика на западното општество не го диференцира појасно од претходните општества, било во Европа или на Исток, од неговото поимање на времето. Античкиот Грк или Кинез, арапскиот пастир или мексиканскиот надничар ја предочуваат денешницата на времето со помош на цикличните природни процеси, смената на денот и ноќта, текот на годишните времиња. Номадите и полјоделците го мереле својот ден од изгревањето до заоѓањето на сонцето, а годината според сеидбата и жетвата, паѓањето на лисјата и топењето на мразот во езерата и реките. Полјоделецот работел зависно од условите на околината, а занаетчијата онолку колку што мислел дека е потребно за да го доврши својот производ. Времето е перцепирано преку природните промени и луѓето не се труделе да го мерат прецизно. Затоа цивилизацијата која во другите аспекти е високо развиена, имала најпримитивни начини за мерење на времето: песочен или воден часовник, сончев часовник кој е бескорисен во облачните денови и свеќа или ламба чијшто неизгорен остаток од маслото или восокот го покажувал времето. Сите тие направи биле непрецизни и често, поради временските услови или немарноста на контролорот, несигурни. Во антиката и средниот век само занемарливо малцинство луѓе било заинтересирано за математички прецизно одредување на времето.

Но, модерниот западен човек живее во свет организиран според механичките и математичките симболи на времето дефинирано од часовникот. Часовникот управува со неговите движења и му ги диктира активностите. Еден час време природен процес се претвора во стока која може да се мери, купи и продава како сапун или суво грозје. Бидејќи без некој начин на прецизно мерење на времето индустрискиот капитализам никогаш не би можел да се развие и не би можел да продолжи да ги искористува работниците, часовникот е симбол на тиранијата на механичкото време над животот на модерниот човек, посилно од секој поединечен експлоататор и останатите машини. Корисно е да се истражи како часовникот низ историјата влијаел на развојот на модерната европска цивилизација.

Во историјата често се случува културата или цивилизацијата да развие средство кое подоцна ќе биде употребено за нејзино уништување. Стара Кина, на пример, го изумила барутот, кој го унапредиле воените стручњаци од Запад, а подоцна самата кинеска цивилизација ја уништиле силните експлозии користени во модерното војување. Слично на тоа, најголемото достигнување на занаетчиите од средновековните европски градови бил изумот на механичкиот часовник, кој, благодарение на револуционерната промена во поимањето на времето, материјално помогнал за подемот на експлоататорскиот капитализам и уништувањето на средновековната култура.

Според преданијата, часовникот се појавил во XI век, како направа за ѕвонење во правилни интервали во манастирите кои, поради дисциплината на која биле подложувани жителите, во средниот век најмногу личеле на денешните фабрики. Меѓутоа, првиот автентичен часовник се појавил во XIII век, а дури во XIV век часовниците станале распространети додатоци на јавните згради на германските градови.

Тие рани часовници, кои работеле со помош на тегови, не биле особено точни, а голема точност не е постигната сѐ до XVI век. Се смета дека часовникот во англиската палата Хемптон, изработен 1540 година, е првиот прецизен часовник на Земјата. Релативна е дури и точноста на часовниците од XVI век, бидејќи се опремени само со стрелка за цел час. Уште во XIV век математичарите добиле идеја за одредување на времето во часови и минути, но дури со изумот на нишалото во 1657 година е овозможена доволна прецизност за да се додаде стрелка за минута, а дополнителна стрелка не се појавила сѐ до осумнаесеттиот век. Треба да се забележи дека во овие два века капитализмот толку зајакнува, што може да ја искористи индустриската револуција во технологијата за да воспостави своја доминација над општеството.

Часовникот, како што истакнува Луис Мамфорд, е клучна машина на Новиот свет на машините, благодарение на своето влијание на технологијата и навиките на луѓето. Всушност, часовникот е првата вистински автоматизирана машина која станува важна во животот на луѓето. Пред неговото изумување се користеле машини чијашто работа зависела од некоја надворешна или несигурна сила, како човечките или животинските мускули, водата или ветерот. Вистина е дека Грците изумиле бројни примитивни автоматизирани машини, но ги употребувале, како на пример Хероновата парна машина, за постигнување „натприродни“ ефекти во храмовите или за забава на тираните на левантинските градови. Часовникот бил прва автоматизирана машина која добила поширока важност и имала општествена функција. Изработката на часовници се претворила во индустрија во која луѓето ги научиле основите на изработка на машини и сеткнале технички вештини потребни за развој на комплексната машинерија на индустриската револуција.

Часовникот влијаел врз општеството порадикално од која било друга машина, како средство со кое може најуспешно да се постигне регуларизација и контрола на животот нужна за системот на експлоатирање. Часовникот овозможил времето - категорија која сѐ уште ниедна филозофија не успеала да ја објасни - да може да се мери прецизно, со појасни интервали на бројчаникот на часовникот. Наместо за времето како континуум, почнало да се зборува и размислува за „должината“ на времето, баш како што се зборува за должината на некоја ткаенина. А бидејќи времето сега можело математички да се мери, станало стока која може да се купи и продаде како и секоја друга.

Новите капиталисти станале особено фанатични во врска со времето. Тие го гледале времето, како симбол за работата на работникот, како речиси главна суровина за индустријата. „Времето е пари“ станува еден од темелните слогани на капиталистичката идеологија, а контролор на работното време најистакнато ново занимање кое го вовел капитализмот.

Во првите фабрики работодавците дури ги „дотерувале“ часовниците или ги вклучувале фабричките сирени во погрешно време за да украдат од работникот малку од таа вредна стока. Подоцна тоа се намалило, но часовникот во животите на повеќето луѓе вовел регулираност каква што порано постоела единствено во манастирите. Луѓето всушност станале како часовници, а репетитивната правилност на нивното однесување немала никаква сличност со ритмичкиот живот на природата. Како што гласи викторијанската фраза, станале „точни како часовник“. Само на село, каде со животот продолжиле да управуваат природните ритми на животните и билките и условите на околината, поголемиот дел од популацијата не подлегнал на смртните отчукувања на монотонијата.

Во почетокот тој нов поглед на времето, новата регулираност на животот, сопствениците на часовниците им ја наметнувале на сиромашните против нивна волја. Фабричкиот роб реагирал поминувајќи го своето слободно време во хаотична неумереност, карактеристична за квартовите натопени со џин во раниот индустријалистички деветнаесетти век. Луѓето се засолнувале во безвременскиот свет на пиењето или методизмот. Но, идејата за регулираност постепено се раширила меѓу работниците. Религијата и моралноста на деветнаесеттиот век придонеле прогласувајќи го „губењето време“ за грев. Масовно произведените часовници претставени во 1850-те ја прошириле грижата за времето меѓу оние кои порано само одговарале на повикот на будничарот[1] или фабричката сирена. Во црква или на училиште, во канцаларија или работилница, точноста станала најголема доблест.

Од таа ропска зависност од механичкото време кое во текот на XIX век тивко се проширила кај сите класи, настанала деморализирачката дисциплинизација на животот карактеристична за денешната фабрика. Оној кој нема да се конформира, ќе се соочи со општествено неодобрување и економска пропаст. Работникот, ако задоцни во фабрика, ќе ја изгуби работата или дури, во моменталната ситуација [1944 - во време на вонредна воена состојба], ќе заврши во затвор. Брзите оброци, вообичаеното утринско и вечерно туркање во воз или автобус, напнатоста поради нужноста од придржување до распоредот доведува до дигестивни и психички нарушувања, го уништува здравјето и го скратува животот.

Ниту финансиската присила на регулираност долгорочно не води до поголема ефикасност. Квалитетот на производот всушност е обично многу полош бидејќи работодавецот, третирајќи го времето како стока која мора да ја плати, го присилува работникот на побрзо темпо поради кое мора да го намали квалитетот на работата. Критериум станува квантитетот, а не квалитетот, во работата повеќе нема ужување, а работникот станува „чувар на времето“ кој го интересира единствено кога ќе може да побегне во оскудното и монотоно безделничење на индустриското општество, каде „убива време“ затрупувајќи се во уживање кое е механизирано и диктирано од времето, овозможено од киното, радиото и весниците, колку што неговата плата и премореност му дозволуваат. Робувањето на часовникот за лицето без пари може да се избегне единствено ако е подготвено да ги прифати ризиците на животот во согласност со своите уверувања или да се снаоѓа без вработување.

Проблемот со часовникот е сличен со општиот проблем на машините. Механичкото време е корисно како средство за координација на активностите во високо развиеното општество, како што и машината е корисна како средство за минимализација на непотребната работа. Двете се ценат поради придонесот кон непопречуваното функционирање на општеството и треба да се користат во мера во која помагаат за успешна соработка и отстранување на монотоните задачи и општествени несогласувања, но ниту едно од нив не би требало да доминира со човековиот живот како што тоа е случај денес.

Денес движењата на часовникот го диктираат темпото на живот на човекот - тој стана слуга на конструктот на времето кое самиот го создаде и живее во страв, како и Франкенштајн од своето чудовиште. Во здравото и слободно општество таквата арбитрарна доминација на часовникот или машината над човекот очигледно не би била можна. Владеењето со човекот од страна на нешто што самиот го создал е уште поапсурдно од владеењето на човек над човек. Механичкото време треба да се сведе на неговата вистинска функција, како средство за ориентација и координација, а човекот да го врати на врамнотежениот поглед на животот со кој повеќе не доминира почитта кон часовникот. Целосната слобода значи ослободување од тиранијата на конструктите, а не само владетелите.

 

[1] Англ. knocker-up - човек кој во Англија и Ирска за време на индустриската револуција, пред да бидат изумени будилниците, имал задача да ги буди луѓето за работа тропајќи им на прозорците.