1

      2

      3

1

Во текот на 20 век национализмот беше прогласуван за мртов неколку пати:

  • По Првата светска војна, кога Австрија и Турција, последните европски империи, беа разбиени на независни нации и кога се сметаше дека, освен ционистичките, сите други националистички стремежи се остварени.

  • По болшевичкиот пуч, кога се зборуваше дека буржоаската борба за самоопределување е потисната со борбата на работничката класа, која не е национално определена.

  • По воениот пораз на фашистичка Италија и нацистичка Германија, кога геноцидните последици на национализмот беа видливи за сите, за што се мислело дека трајно ја дискредитирало националистичката програма и практика.

Сепак, четириесет години по поразот на фашистите и нацистите, гледаме дека национализмот не само што преживеа, туку доживеа и вистинска ренесанса. Национализмот не го оживеа само таканаречената десница, туку пред сè, таканаречената левица. По војната со националсоцијалистите, национализмот веќе не им беше припишуван исклучиво само на конзервативците, туку стана програма и практика на многумина револуционери, кои тврдат дека тоа е единствената вистинска и делотворна револуционерна програма.

Левичарските или револуционерните националисти инсистираат дека нивниот национализам нема ништо заедничко со национализмот на фашистите и нацистите. Според нив, тоа е национализам на потчинетите луѓе, кои тежнеат кон личното и културното ослободување.

Во согласност со владејачката предрасуда (многу практична за манипулација), империјализмот е релативно нова појава, а неговата главна амбиција е колонизација на целиот свет. Тоа е „последниот стадиум на капитализмот“. Оваа дијагноза подразбира специфичен лек: национализам. Војните за национално ослободување ќе го срушат империјалистичкото царство.

Оваа дијагноза можеби ѝ служи на целта, но не објаснува ниту еден настан или ситуација. Ќе бидеме поблизу до вистината кога овој концепт ќе го поставиме обратно и кога ќе кажеме дека империјализмот бил првиот стадиум на капитализмот, дека светот бил колонизиран со тек на времето од страна на националните држави, а дека национализмот е владеачки, актуелен и се надеваме последен стадиум на капитализмот. Доказите за ова тврдење не се откриени вчера; тие се познати одамна, токму како и предрасудите кои му служат на тоа за да ги оспорат.

Од повеќе причини, било многу пожелно да се заборави дека сè до неодамна владејачките сили на Евроазија не биле национални држави туку царства. Небесното царство на династијата Минг, Исламското царство на Отоманската династија и Католичкото царство на Хабсбуршката династија долго време се бореле за доминација над познатиот свет. Меѓу овие три царства, католиците не биле првите империјалисти туку последните. Небесното царство на династијата Минг владеело со поголемиот дел од источна Азија и располагало со голема прекуморска флота пред католичките морнари да извршат инвазија на Мексико.

Апологетите на католичките подвизи забораваат дека помеѓу 1420-1430 година кинескиот царски службеник Ченг Хо командувал со поморска експедиција од 70.000 луѓе и пловел не само до Малајскиот полуостров, Индонезија и Цејлон туку и до Персискиот залив, Црвеното море и Африка. Обожавателите на католичките Конквисти исто така забораваат за империјалистичките достигнувања на Османлиите, кои ги освоиле речиси сите провинции на некогашното римско царство, освен најзападните области, завладеале со северна Африка, Средниот исток и половина Европа, го држеле под контрола целиот Медитеран и дошле до ѕидините на Виена. Католичките империјалисти тргнале на запад, зад границите на познатиот свет, за некако да го избегнат опкружувањето.

Сепак, Америка ја „откриле“ токму католиците, а геноцидот, деструкцијата и ограбувањата, кои го следеле тоа „откритие“, го измениле односот на силите помеѓу евроазиските империи.

Дали кинеските или турските освојувачи би биле помалку деструктивни доколку тие ја „откриеле Америка“? Во сите три царства на странците не се гледало како на луѓе, туку како на легитимен плен. За Кинезите, сите останати биле варвари. Муслиманите и католиците, едни за други, биле неверници. Терминот неверник не е толку брутален како терминот варвар, бидејќи неверникот престанува да биде легитимна мета и станува човечко суштество со едноставниот чин на преобраќање во вистинската вера, додека варварите остануваат легитимна мета сè додека цивилизаторите сосема не ги покорат.

Терминот неверник и неговата морална димензија биле во контрадикција со практиката на католичките освојувачи. Овој расчекор помеѓу проповедите и делата го воочил еден претходен критичар на католичките конквисти по име Лас Казас (Las Casas). Тој забележал дека обредите за преобраќање биле вовед во грабеж и истребување на неверниците, додека преобразувачите не станувале полноправни католици туку робови.

Критиката на Лас Казас, кај Црквата и Круната предизвикала нешто повеќе од непријатност. Биле донесени нови закони, во освоените земји биле испраќани инспекции, но сето тоа немало никаков ефект затоа што двете главни активности на католичката експедиција, преобразувањето и грабежот, биле во нанадминлива контрадикција. Мнозинството свештеници било целосно посветени кон спасувањето на златото и проколнувањето на душите. Католичкиот Цар сè повеќе зависел од ограбеното богатство, со кое е финансирана матицата, војската и флотата што го спроведувала грабежот.

Грабежот и понатаму имал апсолутна предност пред преобразбата, но кај католиците тоа сепак предизвикувало непријатност. Нивната идеологија не била целосно приспособена кон практиката. Католиците силно се збогатиле со грабежот над Ацтеките и Инките, чии царства ги опишувале како слични на хабсбуршкото, а нивната религиозна практика ни одблизу толку демонска како што била практиката на нивните официјални непријатели, отоманските Турци. Но, католиците немале голема корист од истребувањето на оние заедници кои немале кралеви, ниту постојана восјка. Таквите походи, кои редовно биле преземани, биле во уште поголем конфликт со нивната идеологија и биле сè, само не херојски.

Конфликтот помеѓу религиозната идеологија на освојувачите и нивната практика не го разрешиле предвесниците на новите општествени формации – националните држави. Вистинските предвесници се појавиле истата 1561 година, кога еден прекуморски авантурист ја прогласил својата независност од Круната и кога во Европа неколку царски банкари и трговци започнале војна за независност.

Конквистадорот и авантурист Лопе де Агире (Lope de Aguire), не успеал да добие поширока поддршка и бил погубен.

Од друга страна, царските банкари и трговци го мобилизирале населението од неколку провинции и успеале да ги отцепат од царството. Овие провинции подоцна ќе го добијат називот Холандија.

Овие два настани сè уште не претставувале борба за национално ослободување. Тоа биле предвесници на нештата кои ќе се случат, но и потсетник на минатото. Во неверничкото римско царство, улогата на чувар на Царот ја имала преторијанската гарда. Оваа гарда преземала сè повеќе императорски функции, сè додека не се стекнала со поголема моќ и од самиот Цар. Во арапското исламско Царство истата улога ја имала Калифовата гарда составени од Турци. Турските гардисти, како раните Преторијанци, преземале сè повеќе калифски функции сè додека не ја преземале царската палата и царската администрација.

Лопе де Агире и холандските господа не биле Хабсбуршка гарда, но овој авантурист од Андите и холандските финансиски и трговски куќи се стекнале со значајни императорски функции. Овие бунтовници, како и римските и турските гардисти, сакале да се ослободат од духовната подреденост и материјалниот притисок кои доаѓале со самото тоа што му служеле на Царот. Од моментот кога самите ја стекнале императорската моќ, Царот за нив бил само паразит.

Колонијалниот авантурист Лопе де Агире не можел да им послужи како пример на другите бунтовници; неговото време сè уште не било дојдено.

Но, холандските господа целосно ѝ одговарале на таа улога; тоа било нивното време. Тие не ја собориле империјата, туку само ја рационализирале. Холандските финансиски и трговски куќи веќе поседувале голем дел од богатството на Новиот свет. Најголемиот дел од тоа богатство било стекнато како надомест за редовното снабдување на царската флота, војската и поседите. Но, нивната амбиција сега била самите да тргнат во ограбување на колониите, за сопствена корист, не плашејќи се од авторитетот на паразитскиот господар. Расчекорот помеѓу нивното религиозно учење и дела не ги вознемирувало многу, затоа што не биле католици туку калвинистички протестанти. Не ги интересирало спасувањето на душите. Нивниот калвинизам ги учел дека безмилосниот Бог уште на почетокот на времето ги спасил и ги проколнал сите души и дека во тој божји план ниту еден холандски поп не може да промени ништо.

Холанѓаните не биле крстоносци; тие му биле посветени на пресметаното, рутинско ограбување во кое немало ништо духовно или херојско. Ограбувачките флоти оделе и се враќале од походите според точно утврден распоред. Фактот дека биле ограбувани странците или неверниците бил помалку важен од фактот дека тоа не биле Холанѓани.

Западноевропските весници на национализмот го измислиле терминот дивјак, дивјаци. Тоа бил синоним за она што во евроазиското Небесно царство се нарекувало варвар, варвари. Овие два термини имале за цел некои човечки суштества да ги прогласат за легитимен плен. Во текот на наредните два века, освојувањето, покорувањето и ограбувањето кои ги започнале Хабсбурговците, станале манири на другите европски кралски куќи.

Гледано со очите на националистичките историчари, првите колонизатори, како и нивните подоцнежни следбеници, изгледале како нации: Шпанија, Холандија, Англија, Франција. Но, гледано од една многу посоодветна точка, од аголот на минатото, колонијалните сили биле: Хабсбурзите, Тудорите, Стјуартите, Бурбоните, Оранжите – династии идентични на династичките семејства кои се грабале за богатство и моќ уште од падот на Западното Римско царство. Тие ентитети веќе не биле само феудални поседи, но сè уште не биле ниту целосно развиени нации; тие веќе поседувале некои, но не и сите одлики на националните држави. Елементот кој највпечатливо недостасувал била националната армија. Тудорите и Бурбоните веќе манипулирале со националните чувства на своите поданици, „Англичаните“ и „Французите“, особено во меѓусебните војни. Но, ниту Шкотите и Ирците, како ниту Корзиканците и Провансалците, не биле регрутирани да се борат и да гинат за „љубов кон татковината“. Војната била само мачен феудален товар, омразена обврска; единствените доброволци биле авантуристите кои го сонувале златото; единствените патриоти биле патриотите од Елдорадо.

Принципите од кои подоцна ќе се создаде националистичката програма сè уште не одговарале на вкусот на владејачките династии, кои и понатаму се потпирале на сопствените, банални, но искусени принципи. Новите принципи ги усвоиле нивните високи слуги: нивните кредитори, снабдувачите со зачини, снабдувачите на војските и ограбувачите на колониите. Тие луѓе, како Лопе де Агире и холандските господа, или раните римски и турски гардисти, ги имале клучните функции, а сепак биле само слуги. Многумина од нив, можеби и мнозинството, на тој начин настојувале да се ослободат од секаков товар, да се ослободат од паразитскиот господар и самите да тргнат во ограбување на колониите, во свое име и за своја корист.

Подоцна познати како буржоазија или средна класа, тие луѓе почнале да стекнуваат богатство и моќ уште откако првата флота запловила на патот кон Запад. Дел од нивното богатство потекнувало од ограбените колонии; тоа била награда од Круната за нивните услуги; тој дел од стекнатото богатство подоцна станал познат како „првобитна акумулација на капиталот“. Другиот дел од богатството бил плод на грабежот на нивните сонародници и соседи, со помош на методот кој подоцна е наречен капитализам. Методот не бил толку нов, но станал многу популарен од моментот кога средната класа ги ставила своите раце на златото и среброто од Новиот свет.

На тој начин, средната класа се стекнала со значајна моќ, но сè уште го немала потребното искуство за преземање на централната политичка власт. Во Англија им успеало да го соборат монархот (Чарлс Први) и да прогласат Комонвелт, но, од страв дека народната енергија што ја мобилизирале против повисоките класи може да се заврти и против нив, наскоро поставиле друг монарх, дури од истата династичка куќа (Чарлс Втори).

Национализмот не дошол на своето сè до пред крајот на 18 век, кога две големи експлозии, во раздалеченост од тринаесет години, го промениле релативно стабилниот однос помеѓу две горни општествени класи и засекогаш ја измениле политичката географија на планетата.

Во 1776 година, одејќи по стапките на Агире, колонијалните трговци и авантуристи прогласиле независност од прекуморскиот монарх, надминувајќи го својот претходник до таа мера што им успеало да го мобилизираат поголемиот дел од колонизираната популација и да се одвојат од хановерското британско Царство.

Во 1789 година, учените трговци и писари ги надминале своите холандски претходници, затоа што им успеало да го мобилизираат не само населението од неколку гранични колонии туку целата поданичка популација, да го соборат и да го погубат владејачкиот бурбонски монарх и сите феудални врски да ги претворат во национални. Тие два настани го одбележуваат крајот на една ера. Оттогаш, сите преживеани династии набрзо или постепено станувале национални, а нивните поседи сè повеќе ги добивале својствата на националните држави.

Тие две револуции од крајот на 18 век биле многу различни; секоја од нив на посебен начин придонела за идејата и практиката на национализмот, вградувајќи во нив различни, но често и контрадикторни елементи. Немам намера детално да ги анализирам тие настани, туку само да го насочам вниманието на некои од тие елементи.

Овие бунтови биле успешни во ослободувањето на вазалите од обврските кон монархистичките куќи и обете успеале да воспостават капиталистички национални држави; но помеѓу првиот и последниот чин, тие две драми имаат мали сличности. Главните двигатели на овие бунтови биле запознаени со рационалистичката доктрина на Просветителството. Но, практичните и самоникнати Американци им се посветиле на политичките проблеми, пред сè на проблемот за воспоставување на државна машинерија која ќе може да ја преземе иницијативата на просторот од кој кралот Џорџ би се повлекол. Кај Французите било поинаку; многумина од нив отишле уште понатаму. Тие како проблем го гледале не само преуредувањето на државата, туку и преуредувањето на целото општество. Во прашање била доведена не само врската помеѓу поданиците и монарсите, туку и врската помеѓу робовите и господарите – однос кој за Американците останал свет. Обете групи без сомнеж биле запознаени со мислата на Русо дека „луѓето секаде се раѓаат слободни, но дека сепак, секаде се во окови“. Но, Франзуците ги сфатиле оковите многу посериозно и направиле поголем напор за да се ослободат од нив.

Под влијание на истите оние рационалистички доктрини кои пресудно влијаеле и на Русо, француските револуционери се обиделе да ја применат општествената мисла на човечкото окружување, на истиот начин на кој „разумот на природата“, науката, почнала да се применува во природното окружување. Русо бил писател; тој настојувал да ја воспостави општествената правда на хартија, доверувајќи ги човечките работи на ентитетот кој го нарекол општа волја. Револуционерите агитирале во прилог на општествената правда, не само на хартија туку и помеѓу мобилизираните и вооружени луѓе, од кои многумина биле гневни, а мнозинството многу сиромашно.

Апстрактниот ентитет на Русо преминал во областа на конкретното во облик на Комитет за јавна безбедност (или Јавно здравје). Тоа била полициска организација која себеси се прогласила за отелотворувач на општата волја. Високоморалните членови на тој Комитет почнале да влеваат разум во човечките работи. Се гледале себеси како хирурзи на нацијата. Го обликувале општеството според моделот на своите лични опсесии, со помош на средствата кои најмногу наликувале на острицата на жилетот во рацете на државата.

Примената на науката во човековото окружување добила облик на систематски терор. Гилотината станала главен инструмент на Разумот и Правдата.

Владеењето на Теророт прво ги обезглавило поранешните владетели, за потоа се насочило кон револуционерите.

Општиот страв ја поттикнал реакцијата која заедно со Теророт ја збришала и Правдата. Придвижената енергија на крвожедните патриоти била насочена преку границата, со цел со сила да им ги наметне начелата на просветителството на странците и да ја преобрази нацијата во Царство (Војните на Наполеон). Снабдувањето на националните армии била многу попрофитабилна работа од снабдувањето на некогашните феудални армии, а тоа направило многумина поранешни револуционери да бидат богати и моќни припадници на средната класа – онаа која сега била на врвот, владејачката класа. Оттаму теророт и војните станале дел од наследството на следните националистички проекти.

Наследството на Американската револуција било сосема поинакво. Американците помалку ги интересирала правдата, а многу повеќе прашањето за сопственоста.

На доселениците-освојувачи од североисточниот брег на континентот, Џорџ Хановер им бил потребен исто колку што Лопе де Агире му бил потребен на Филип Хабсбуршки. Поточно, административниот апарат на Кралот Џорџ им бил потребен на богатите и моќни доселеници за да го заштити нивното богатство, но не и да добијат можност да се стекнат со него. Кога самите би можеле да организираат подеднакво репресивен и ефикасен апарат, Кралот Џорџ воопшто не би им бил потребен.

Сигурни во својата способност самите да создадат таков апарат, колонијалните робовладетели, земјишните шпекуланти, производителите, трговците и банкарите ги прогласиле даноците и указите на Кралот Џорџ за неподносливи. Најнеподнослив од сите укази на Кралот бил указот кој привремено забранувал неовластени упади на територијата на староседелците на континентот; Кралските советници ги имале на ум животинските крзна со кои биле снабдувани од ловците-домородци; револуционерните шпекуланти се грижеле за нивната земја.

За разлика од Агире, северната федерација на колонистите успеала да создаде независен, репресивен апарат, попатно задоволувајќи ги само барањата за минимална Правда; нивната цел била укинување на кралската власт, а не и секоја власт, особено не нивната. Наместо да се потпрат на помалку среќните сопатници-доселеници или жителите на големите шуми – да не зборуваме за робовите – овие револуционери повеќе се потпирале на услугите на платениците и драгоцената помош на Бурбонскиот монарх, кого неколку години подоцна ќе го срушат нешто поморалните револуционери.

Северноамериканските колонизатори ги раскинале традиционалните врски помеѓу поданиците и феудалните господари, но, за разлика од Французите, многу постепено ги менувале традиционалните односи засновани на чувството на патриотизам и националната припадност. Тие сè уште не биле нација во вистинската смисла; непосакуваната мобилизација на колонијалното селанство не била доволна да ги претопи во едно; повеќејазичната, повеќекултурната и општествено поделената поданичка популација сè уште не била поврзана со чувството на патриотизмот. За тоа им било потребно нешто друго.

Робовладетелите кои го собориле својот господар, стравувале дека сега и нивните робови би можеле да се ослободат од своите господари; успешниот бунт на робовите на Хаити ги направила тие стравувања повеќе од оправдани. Иако веќе немало опасност дека домородното население ќе ги фрли во морето, трговците и шпекулантите многу ги загрижувало прашањето за понатамошното напредување во длабочината на континентот.

Американските доселеници-освојувачи го имале на располагање средството кое, за разлика од гилотината, не било нов изум, но било подеднакво смртоносно. Тоа средство, подоцна познато како расизам, станало составен дел на националистичката практика. Расизмот, како и подоцнежните производи на практичниот американски дух, пред сè бил прагматичен пристап; содржината не била важна; важно било да функционира.

Луѓето биле мобилизирани врз основа на најмалиот и најповршниот заеднички именител, но одговориле на тој повик. Луѓето кои ги напуштиле своите села и семејства, кои ги заборавиле својот јазик и обичаи, кои некогаш им биле сè, а сега биле лишени од сè што ги правело да бидат дел од некоја заедница, требало да ја прифатат бојата на својата кожа како замена за сè што изгубиле. Новите манипулатори правеле сè тие луѓе да се почувствуваат горди заради нешто што не било ниту лична карактеристика, ниту, како јазикот, стекната способност. Сите тие сега биле една нација, нација на белите луѓе. (Белите жени и белите деца станувале важни само како скалпирани жртви и доказ за бестијалноста на оние кои требало да бидат истребени.) Потврда за ова осиромашување е и пописот на фиктивните особини кои белците наводно ги споделувале: бела крв, бели мисли, припадност кон белата раса. Должниците, бездомниците и слугите, како белци имале сè заедничко со банкарите, земјишните шпекуланти и сопствениците на плантажите, а ништо со Црвенокошците, Црнците, жолтите. Соединети на такви основи, можеле да бидат мобилизирани и организирани во „бели колони“, групи за линч, „борци против Индијанците“.

Расизмот првобитно бил само еден од начините за мобилизација на колонијалните армии, но иако во Америка бил користен повеќе отколку каде било на друго место, сепак бил само дополнување на другите методи. Жртвите на пионерите-освојувачи и понатаму биле опишувани како неверници, безбожници. Но, слично како и нивните претходници Холанѓаните, повеќето доселеници биле протестанти, кои на безбожноста гледале како на нешто што може да биде само казнето, но не и корегирано. Исто така, за жртвите се зборувало дека се дивјаци, човекојадци и примитивци, но и овие термини се користени како синоним за сè што не е бело, за состојбата која не може да биде подобрена. Расизмот бил идеологија која била совршено приспособена на практиката на поробувањето и истребувањето.

Пристапот со линчување, групно пресметување со жртвата која била сметана за инфериорна, ги привлекувал насилниците без трошка човечност и чувство за фер-плеј. Но, тој пристап не им импонирал на сите. Сепак, американските бизнисмени, половина ловци во матно, а половина луѓе од доверба, секогаш имале за секого по нешто. За бројните следбеници на Св. Ѓорѓија, кои имале барем малку чест и голема жед за херојски подвизи, описот на непријателите изгледал поинаку: тоа биле богати и моќни народи како самите нив, кои живеат во шумските планини и во должина на брегот на Големите езера.

Апологетите на херојските походи на шпанските конквистадори пред себе го имале примерот на царството од централно Мексико и Андите. Апологетите на походот на американските национални херои пред себе нашле само народи; очајничкиот отпор на домородните, анархистички заедници го претставувале како меѓународен заговор зад кој стоеле умовите на икслучително моќните воени архони (лидери) како што биле „генералите“ Понтијак и Текумсмех. Големите шуми биле населени со национални лидери, ефикасни генералштабови и непрегледни армии од одлучни патриоти. На таа слика никаде не се гледаат репресивните структури на нејзините автори; пред очите ја имале само својата точна копија, само потполно извртена со сите бои, нешто како фотографски негатив. Така непријателот е претставен како еднаков во погледот на структурата, силата и целите. Војната против таквиот непријател не можела да биде работа на фер-плеј; таа била сурова нужност, прашање на живот или смрт. Останатите особини на непријателот, неговата безбожност, дивјаштво и канибализам, ја правеле уште поитна задачата на пресметување, покорување и истребување, а тоа дополнително ја нагласувало херојската димензија на тие походи.

Со тоа националистичката програма била, повеќе или помалку, комплетирана. Ова тврдење може да им изгледа чудно на оние кои сè уште не ги гледаат „вистинските нации“ никаде на теренот. Соединетите Држави секогаш биле конгломерат на различните јазични, религиозни и културни заедници кој забрзано се трансформирал во царство од наполеонски стил. Можеби читателот ќе се обиде да ја примени познатата дефиниција на нацијата како уредени територии на кои живеат луѓе кои имаат ист јазик, религија и обичаи или барем нешто од тоа. Таа дефиниција, која е јасна, практична за употреба и статична, не кажува ништо за самата појава, туку служи само за да ја оправда. Општествените феномени не се статични дефиниции туку динамични процеси. Заедничкиот јазик, религија и обичаи, како и белата крв на американските колонизатори, биле само изговор и средство за мобилизација на освојувачките армии. Кулминацијата на овој процес не била збогатување на заедничкото туку токму спротивното: општо осиромашување, целосно губење на јазикот, религиите и обичаите; припадниците на новите нации зборувале со јазикот на престолнината, се поклонувале пред олтарот на државата и ги следеле само оние обичаи кои ги дозволувала официјалната, национална политика.

2

Национализмот и империјализмот се спротивни поими само на полето на дефинициите. Во практиката, национализмот е само една од методологиите со која се воспоставува владеењето на капиталот.

Постојаниот раст на капиталот, често нарекуван материјален напредок, економски развој или индустријализација, бил главна преокупација на средната класа, таканаречената буржоазија. Нивната главна сопственост бил капиталот; високата класа ги поседувала недвижнините.

Откритието на новиот свет неизмерно го зголемило богатството на средната класа, истовремено правејќи ја многу ранлива. Краловите и благородништвото кои први стигнале до новото богатство, набрзо морале да им го продадат на трговците од средната класа, задржувајќи ги само ретките трофеи. Тоа не било од помош. Богатството не стигнувало во облик во кој можело веднаш да се користи; така трговците почнале да го снабдуваат благородништвото со корисна стока во замена за ограбеното богатство. Но, благородништвото јасно видело дека ќе биде сè посиромашно, а трговците сè побогати, освен доколку не ги ограбува и нив, со помош на своите добро вооружени платеници. Средната класа била изложена на постојани напади од стариот режим – напади на својата сопственост. Кралската армија и полиција сигурно не биле вистинска заштита; затоа, моќните трговци, кои веќе воделе многу работи во царството, ги преземале сите потребни мерки за да ја прекинат таа состојба на општа несигурност: сега во своите раце ги преземале и полициските работи. Секаде каде што било можно основале свои платенички војски. Но, кога на хоризонтот ќе се појавела можност за основање на национални армии и национални полиции, оштетените бизнисмени ја прифаќале без двоумење. Главната предност на националната армија била гаранцијата дека слугата-патриот ќе се бори заедно со својот господар против слугите на другиот, непријателскиот господар.

Новите постабилни услови кои ги гарантирал националниот репресивен апарат, за сопствениците биле како стакленик, во кој нивниот капитал можел да расте, да се зголемува и да се оплодува. Терминот „раст“ и поимите изведени од него потекнуваат од капиталистичкиот речник.

Тие луѓе на единицата капитал гледале како на зрно или семе кое го инвестираат во плодна земја. Напролет, од секое семе почнува да никнува растение. На лето, од секое растение тие жнеат толку ново семе што, откако ќе го платат надоместокот за земјата, сонцето и дождот, на крајот ќе имаат многу повеќе семе отколку на почетокот од сезоната. Следната година тие садат на уште поголемо поле, а потоа се шират на целото околно земјиште и го унапредуваат. Во стварноста, тоа иницијално зрно или семе се парите; сонцето и дождот ја претставуваат потрошената енергија на работниците; растенијата се фабриките, работилниците и рудниците, а жетвата е стоката – остатоци од индустриски обработениот свет. Вишокот од семето, профитот, е заработка која капиталистот ја задржува за себеси, наместо таа да биде распоредена помеѓу работниците.

Тој процес, набљудуван во целина, се состои од преработка на природните супстанци во предмети за продажба, стока, и затворање на работниците во погони за производство, фабриките.

Бракот помеѓу капиталот и науката овозможил голем скок напред кон состојбата во која живееме денес. Лабораториските научници откриле методи со кои природниот материјал може да биде разложен на составни компоненти; инвеститорите го ставиле сиот свој влог на картата на процесот на декомпозиција; научниците-практичари или менаџерите сфатиле дека овој процес може да се примени и на работниците кои им биле на располагање. Експертите за општествени науки измислиле цела низа методи за да ги направат работниците помалку хумани, но поефикасни, повеќе да наликуваат на машините. Благодарение на науката, капиталистите биле во состојба да преобразат најголем дел од природното окружување во суровина за понатамошна обработка, во вештачки производи, а поголемиот дел од луѓето во нивни слуги.

Капиталистичкиот процес на производство го анализирале и критикувале многу филозофи и поети, меѓу кои најпознатиот е Карл Маркс[1]. Неговата критика иницирала и продолжува да иницира милитантни општествени движења. Но, неговата анализа имала една значајна слепа точка; поголемиот дел од неговите ученици, но и оние милитанти кои не биле негови ученици, својата платформа ја засновале на таа точка. Маркс со голем ентузијазам ја поддржувал буржоаската борба за ослободување од феудалните окови. Кој не бил ентузијаст во тоа време? Тој, кој забележувал дека владејачките идеи на една епоха, секогаш се идеи на владејачката класа, самиот споделувал многу идеи со средната класа која насекаде доаѓала на власт. Бил следбеник на Просветителството, рационализмот, материјалниот прогрес. Маркс бил тој кој луцидно забележал дека секогаш кога работникот ќе го репродуцира својот труд, секој момент кој ќе му го посвети на извршувањето на одредена задача, му вдахнува нов живот на материјалниот и општествениот апарат што го дехуманизира. Истиот оној Маркс кој со толкав ентузијазам гледал на примената на науката и процесот на производството.

Маркс направил темелно истражување на самиот процес на производство како објаснување за феноменот на трудот, но зад себе оставил само неколку прашални, површни и ненамерни коментари за претпоставките на капиталистичкото производство, за потеклото и природата на иницијалниот капитал, кој го направил тој процес возможен.[2] Без тој почетен капитал не би имало ниту инвестиции, ниту производство, ниту голем скок нанапред. Овие претпоставки ги анализирал еден руски марксист, Преображенски[3], кој се надоврзал на неколку забелешки на полската марксистка Роза Луксембург, и ја формулирал својата теорија за примитивната (првобитната) акумулација на капиталот.

Преображенски под „примитивно“ ја подразбирал основата на целокупната капиталистичка градба, темелот, претпоставката. Тие претпоставки не можат да се појават во самиот процес на капиталистичкото производство, затоа што без нив тој процес не би бил можен. Тие мораат да бидат некаде надвор од процесот на производство. Тоа некаде пред сè се колониите, нивните ограбени и уништени жители. Во претходниот период, кога сè уште немало колонии, почетниот капитал, претпоставката на капиталистичкиот начин на производство, бил исцрпуван од внатрешните колонии, од селаните на кои им била одземана земјата и нејзините плодови, од конфискуваните поседи на протераните Евреи и Муслимани.

Примитивната или првобитната акумулација на капиталот не е нешто што се случило еднаш во далечното минато и никогаш потоа. Тоа е процес кој сето време го следи капиталистичкиот процес на производство, тој е негов составен дел . Процесот што го опишал Маркс носи редовен и очекуван профит; процесот што го опишал Преображенски носи ненадејни добивки и големи скокови нанапред. Редовниот профит периодично е загрозен од кризите кои му се својствени на системот; новите инјекции на почетниот капитал се единствениот познат лек за тие кризи. Без непрекината примитивна акумулација на капиталот, производството би запрело; секоја наредна криза би можела да стане постојана.

Геноцидот, пресметаното уништување на човечката популација означена како легитимен плен, не бил отстапување во однос на „инаку мирољубивиот“ тек на Прогресот. Тоа е причината зошто на менаџерите на капиталот им биле потребни националните армии. Таа војска не служела само за да ги заштити сопствениците на капиталот од гневот на нивните наемни работници. Пред сè, таа војска требало секогаш одново да го пронаоѓа светиот грал, волшебната ламба на капитализмот – почетниот капитал, рушејќи ги пред себе сите заштитени и незаштитени порти, ограбувајќи, протерувајќи и убивајќи сè што ќе ѝ се најде на патот.

Исто така, трагите на тие национални армии се и траги на Прогресот. Тие армии биле, и сè уште се, седмото чудо на светот. Во нив, волкот одел покрај јагнето, пајакот покрај мувата. Во нив, експлоатираните работници биле другари со експлоататорите, задолжените селани биле партнери со своите кредитори, измамените им биле пријатели на измамниците. Само што тоа другарство не се засновало на љубов, туку на омраза кон сите кои би им се нашле на патот до можниот извор на почетниот капитал: безбожниците, дивјаците, пониските раси.

Според начинот на живот и разновидните обичаи, човечките заедници биле напаѓани, ограбувани и конечно уништени на начин и во размери кои не можат ниту да се замислат. Облеката и предметите од уништените заедници биле собирани и потоа изложувани во музеите како уште една трага која сведочела за текот на Прогресот; исчезнатите верувања и начините на живот станале предмет на чудење на уште една од бројните навики на освојувачите. Од одземените полиња, шуми и животни се земало како од мирно море; така е собиран првобитниот капитал, предуслов на процесот на производство кој би ги преобразил ливадите во фарми, дрвјата во клади, животните во шапки, минералите во муниција, а преживеаните човечки суштества во евтини работници. Геноцидот бил, и сè уште е, предуслов, пресвртница и темел на целокупниот воено-индустриски комплекс, погон за индустриска обработка на целото окружување, света канцеларија и непрегледни паркинзи.

Национализмот бил совршено приспособен на својата двојна задача: припитомување на работниците и ограбување на странците. Како таков, им одговарал на сите кои располагале или тежнееле кон тоа да располагаат со еден дел од капиталот.

За време на 19 век, особено во втората половина, секој потенцијален инвеститор ги откривал своите корени меѓу сонародниците кои го зборувале јазикот на неговата мајка и ги обожувале боговите на неговиот татко. Страствените чувства на тие националисти биле очигледно цинични. Ниту еден од тие сонародници веќе немал корени меѓу роднините на своите родители: спасот на својата душа го барал во својот трезор, им се молел на своите инвестиции и го зборувал јазикот на сметководителите. Но, сепак научил нешто: без разлика дали бил Американец или Французин, сфатил дека ако не може да ги мобилизира своите сонародници, апелирајќи на нивните улоги како лојални слуги, клиенти и потрошувачи, сè уште може да ги мобилизира како лојални Италијанци, Грци или Германци, односно лојални католици, православни или протестанти. Јазикот, религијата и обичаите станале средство за управување со националните држави.

Материјалот со кој се манипулирало бил само средство, а не цел. Целта на националните ентитети не била унапредување на јазикот, религијата и обичаите, туку развој на националната економија, претворање на сонародниците во работници и војници, претворање на татковината во рудници и фабрики, династичките поседи во капиталистички претпријатија. Без капиталот, не би имало муниција и залихи, национални армии, нации.

Опсесиите на рационалистичката средна класа – финансиските резерви и инвестиции, истражувањето на пазарите и калкулациите на цените – станале преовладувачки опсесии. И не само преовладувачки, овие рационалистички опсесии станале апсолутно ексклузивни. Индивидуите кои им давале предност на некои други, ирационални опсесии брзо биле изолирани и отстранувани во лудници.

Нациите главно биле монотеистички, иако тоа веќе не било потребно; стариот бог или боговите изгубиле секакво значење освен како средство за манипулација. Нациите станале моноопсесивни, а ако се покажело дека некој монотеизам се вклопува во владејачката опсесија и тој би бил мобилизиран.

Првата светска војна означила крај на една фаза во формирањето на националните ентитети, која започнала со Американската и Француската револуција, а била најавена многу порано, со декларацијата на Лопе де Агире и бунтот на холандските трговци и банкари. Војната ја започнале спротивставените интереси на старите и новите нации. Германија, Италија и Јапонија, како и Грција, Србија и колонијална Америка, кои веќе имале многу црти од своите националистички претходници, станале национални империи, монархии и републики. Најмоќните меѓу нив сакале да го стекнат и главниот, недостасувачки атрибут: статусот на колонијална империја. За време на војната, сите мобилизирани елементи на двете големи династички империи, Хабсбуршката и Отоманската, се издвоиле во посебни нации. Кога буржоазијата, која им припаѓала на различните јазици и култури, како Турците и Јеменците, претендирала на иста територија, послабиот бил третиран на ист начин како некогаш американските Индијанци: бил уништуван. Националниот суверенитет и геноцид секогаш биле во најтесна причинско-последична врска.

Заедничкиот јазик и религијата се само привидни карактеристики на нацијата: кога ѝ служеле на целта биле користени како врзувачки материјал, а кога тоа не било така, тие биле отфрлувани. Немало никакви препреки повеќејазичната Швајцарија или повеќерелигиската Југославија да бидат примени во семејството на нациите. Како средство за мобилизација лесно можеле да послужат и обликот на носот или бојата на косата – тоа се случило подоцна. Заедничкото наследство, корените и другите заеднички црти требало да задоволат само еден критериум со кој се раководел американскиот прагматизам: дали „функционираат“? Сè што „функционира “ можело да биде искористено. Заедничките црти не биле важни заради својата културна, историска или филозофска содржина, туку само ако се покажеле како корисни во организирањето на полициските сили за заштита на националната сопственост и мобилизација на војската за ограбување на колониите.

Кога нацијата еднаш била воспоставена, луѓето кои живееле на националната територија, но кои не поседувале национални црти, можеле да бидат третирани како внатрешна колонија, односно, како извор на почетниот капитал. Без тој капитал ниту една нација не можела да стане голема нација; нациите кои тежнееле кон големината, а на кои им недостигале прекуморски колонии, на тој начин секогаш можеле да се потпрат на грабежот, истребувањето и одземањето на земјата од оние свои сонародници кои не ги поседувале националните црти.

3

Формирањето на националните држави било дочекано со голем ентузијазам и вистинска еуфорија кај поетите, но и кај селаните, на кои им изгледало дека нивните музи и богови конечно се симнале на земјата. Но, имало и такви кои веднаш почнале да фрлаат водени ќебиња врз развиорените знамиња и конфетите. Пред сè, тоа биле поранешните владетели, колонизираните народи и учениците на Карл Маркс.

Од сосема очигледни причини, развластените и колонизираните немале многу ентузијазам.

Учениците на Карл Маркс имале ентузијазам, затоа што искуството ги научило дека националното ослободување значи национална експлоатација, дека националната власт е само извршен орган на националната капиталистичка класа и дека за работниците, нацијата нема ништо друго освен окови. Тие стратези на работништвото, кои не биле работници туку бружуи од владеачката класа, зборувале дека работниците немаат држава, и се организирале во Интернационалата. Со тек на времето, таа организација се поделила на три струи, од кои секоја забрзано се поместувала кон слепата точка на Маркс.

Првата интернационала ја предводел некогашниот следбеник на Маркс и неговиот прв преведувач на руски јазик, а потоа негов противник, Бакунин. Овој непоправлив бунтовник во почетокот бил жесток националист, сè додека не се запознал со учењето на Маркс за експлоатацијата. Бакунин и неговите следбеници, кои биле против сите авторитети, се бунтувале и против авторитетот на Маркс; го обвинувале дека од Интернационалата сакал да направи држава која ќе биде порепресивна од феудалната и националната заедно. Иако биле едногласни во однос на прашањето за отфрлање на државата во каков било облик, Бакунин и неговите следбеници немале исти ставови за прашањето на капиталистичкото претприемништво. Во славењето на науката, материјалниот прогрес и индустријализацијата, оделе дури и подалеку од Маркс. Како вистински бунтовници, сметале дека секоја борба е добра, но дека најдобра е онаа против феудалните земјопоседници и католичката црква; затоа идеите на Интернационалата на Бакунин имале најголемо влијание во земјите како Шпанија, каде буржоазијата не ја завршила својата борба за независност, туку склучила сојуз со феудалните барони и Црквата во борбата против работниците и селаните, кои секогаш биле склони кон бунт. Бакунинистите се бореле за остварување на буржоаската револуција, без и против буржоазијата. Себеси се нарекувале анархисти и ја отфрлале секоја држава, но никогаш не им успеало да објаснат како мислат да го обезбедат работењето на базичните и другите индустрии, прогресот и понатамошниот развој на науката – со еден збор, капиталот – без помош од војска и полиција. Никогаш не ја дочекале вистинската можност оваа контрадикција да ја решат во практика. Тоа не им успеа и на денешните следбеници на Бакунин, кои и понатаму не сфаќаат дека анархијата и индустријата не одат заедно.

Втората интернационала не била толку радикална како првата и брзо го нашла заедничкиот јазик, како со капиталот, така и со државата. Цврсто вкоренети во слепата точка на Маркс, активистите и проповедниците на оваа организација не си дозволиле себеси да се заглават во некоја од контрадикциите на Бакунин. Експлоатацијата и грабежот за нив биле неизбежни услови на материјалниот прогрес; крајно реалистички, тие заклучиле дека тука нема помош. Сè што барале биле поголеми права и бенефиции за работниците, како и канцеларии за нив, како претставници на работниците во рамките на постоечкиот политички естаблишмент. Како и сите добри синдикалисти кои им претходеле и од кои учеле, овие апостоли на социјализмот многу ги измачувало „прашањето на колониите“; но, слично како и кај Филип Хабсбуршки, таа неудобност како последица ја имала само грижата на совеста. Со тек на времето, царските социјалисти, кралските дански социјалисти и француските републикански социјалисти престанале да бидат дури и интернационалисти.

Третата интернационала не склучила сојуз само со капиталот и државата; таа од нив направила своја цел. Основачи на оваа Интернационала не биле бунтовните или интелектуалците дисидентни, туку самата држава, руската држава, по доаѓањето на власт на болшевиците. Главната активност на оваа Интернационала била афирмацијата на повампирената руска држава, нејзините владејачки партии и нејзиниот основач, човекот со име Ленин. Достигнувањата на оваа партија и нејзиниот основач биле навистина исклучителни, но нивните промотери направиле сè за да го сокријат сето она што навистина ги правело такви.

Првата светска војна ги оставила двете големи царства во големи превирања. Небесното царство Кина, најстарата држава на светот и руското Царство, со многу подоцнежно потекло, сè уште им одолевале на притисоците да се трансформираат во национални држави или да се распаднат на помали единици, како што се случило со Отоманското и Хабсбуршкото царство.

Во случајот на Русија, таа дилема ја разрешил Ленин. Дали е можно нешто такво? Маркс еднаш забележал дека поединецот не може да ги промени условите туку само да ги насочи во своја корист. Изгледа дека бил во право. Подвигот на Ленин не бил во тоа што тој ги променил условите туку во тоа што ги искористил на исклучителен начин. Неговиот подвиг бил навистина исклучителен во својот опортунизам.

Ленин бил руски буржуј кој ја проколнувал слабоста и неспособноста на руската буржоазија.[4] Овој ентузијаст на капиталистичкиот развој, страствен обожавател на прогресот во американски стил, немал заедничка цел со оние кои ги проколнувал, туку со нивните непријатели, антикапиталистички ориентираните ученици на Маркс. Целосно се посветил на тоа, од слепата точка на Марксовата критика на капиталистичкиот процес на производство, да направи прирачник за понатамошен развој на капиталот. Марксовото проучувањето на експлоатацијата и општата беда станало храна за гладните, виртуелен рог на изобилството. На американските бизнисмени веќе им успеало да продадат урина во шише како изворска вода; но таква монументална инверзија била сосема надвор од нивниот дострел.

Околностите останале исти. Не се променило ништо. Секој чекор на оваа инверзија бил изведен во согласност со дадените околности, со помош на добро познатите и веќе искусени методи. Не било невозможно да се мобилизираат руските селани со повикување на нивната рускост, православие или бојата на кожата, но затоа можеле да бидат покренати со повикување на експлоатација и насилство, кои царскиот деспотизам им го наметнувал со векови. Експлоатацијата и насилството станале главни сврзувачки материјали. Вековите страдање под царскиот режим биле користени на ист начин како скалпирањето на белите жени и децата кај Американците, за луѓето да се организираат во борбени единици, ембриони на идните национални армии и национални полиции.

Сликата на диктаторот и централниот комитет на Партијата, како диктатура на ослободениот пролетаријат, изгледала како нешто ново; но, само зборовите биле нови. Станувало збор за нешто старо исто колку и египетските фараони или месопотамските лугали, за избраните водачи на луѓето и единствените легитимни посредници помеѓу светот на луѓето и светот на боговите. Секогаш истиот, стар и одамна испробан трик на владејачите. Ако тие древни претходници можеби и биле заборавени, тука сè уште биле оние од поновото време, како францускиот Комитет за јавно здравје, кој исто така се претставувал како олицетворение на општата, национална волја.

Целта, укинувањето на капитализмот и комунизмот, исто така изгледала како нешто ново, како промена на околностите. Но, и тука само зборовите биле нови. Целта за диктатурата на пролетаријатот и понатаму била прогрес во американски стил, развој на капитализмот, електрификација, развој на брзиот и масовен транспорт, науката, уште поинтензивната преработка на природното опкружување. Целта бил капитализмот, кој слабата и неспособна руска буржоазија никогаш не успеала да го развие. Со Капиталот на Маркс како факел и водич, диктаторот и неговата Партија воспоставиле капитализам во Русија; тие самите послужиле како замена за буржоазијата, а власта ги користела не само за заштита на капиталистичкиот начин на производство, туку и за да го иницираат и управуваат со него.

Ленин не поживеал доволно долго за да ги покаже сите способности како генерален менаџер на рускиот капитал, но затоа на неговиот наследник Сталин му успеало да ги искористи сите предности на машинеријата на основачот. Првиот чекор била акумулација на почетниот капитал. Ако во тој поглед Маркс не бил доволно јасен, тогаш, Преображенски сигурно бил. Но, Преображенски бил во затвор, а старите, испробани методи за обезбедување на почетниот капитал, кои толку добро ги опишал, биле користени ширум Русија. Почетниот капитал на англиските, американските, белгиските и другите капиталисти доаѓал од ограбените колонии, кои Русија ги немала. Но, тој недостаток не бил пречка – цела Русија, а особено руските села, биле претворени во колонија.

Првиот извор на почетниот капитал биле кулаците, селани кои имале нешто што е вредно за ограбување. Походот бил толку успешен што се проширил и на останатите селани, со рационална претпоставка дека ограбувањето на сите, дури и ако поединечно имаат малку, ќе донесе богата жетва.

Селаните не биле единствените колонијални жртви. Припадниците на старата владејачка класа веќе темелно биле лишени од своето богатство и имотите, но наскоро бил пронајден и нов извор на почетниот капитал. Со државната власт која ја концентрирале во своите раце, диктаторите откриле дека самите можат да создадат извор за првобитната акумулација. Успешните претприемачи, незадоволните работници и селани, активистите на конкурентските организации, дури и членовите на Партијата кои биле лишени од илузиите, можеле да бидат прогласени за контрареволуционери, да бидат апсени, лишени од сиот имот и депортирани во работни логори. На тој начин, масовната депортација, масовните егзекуции и експропријацијата, со кои се служеле првите колонизатори, повторно биле оживеани во новата Русија.

Првите колонизатори, како и сите други пионери, морале да учат од своите грешки. Но, руските диктатори го немале тој проблем. Сите начини за обезбедување на почетниот капитал во меѓувреме биле добро испитани и можеле научно да се применуваат. Рускиот капитал се развивал во целосно контролирано опкружување, како во стакленик. Секое ниво, секоја варијабла била под контрола на националната полиција. Функциите кои некогаш ѝ биле препуштени на случајноста или на другите органи, во помалку контролирани услови, во рускиот стакленик станале грижа на полицијата. Фактот дека поданиците не биле некаде надвор од земјата-матица, туку внатре во неа, што значи дека не требало да се освојуваат туку само да се апсат, уште повеќе го зголемило значењето и обемот на полицискиот апарат. Со тек на времето, семоќната и сеприсутната полиција станала видлива еманација и отелотворување на пролетаријатот, а комунизмот станал синоним за тотална полициска организација и контрола.

Рускиот стакленик не ги исполнил сите очекувања на Ленин. Полицискиот апарат во улога на капиталист правел чуда во обезбедувањето на почетниот капитал, главно од обесправените контрареволуционери, но ни одблизу не бил толку ефикасен во управувањето со процесот на производство. Можеби сè уште било рано да се донесе конечен суд за тоа, но досега се покажало дека полицискиот начин на управување бил подеднакво неефикасен како и старата руска буржоазија, која Ленин толку многу ја осудувал. Способноста секогаш да обезбедува нови извори на почетниот капитал се покажала како единствена предност на таквиот пристап.

Освен тоа, полицискиот апарат не бил привлечен на начинот на кој се надевал Ленин. Тој воопшто не им импонирал на бизнисмените и етаблираните политичари, со оглед на тоа дека не бил доволно убедлив во улогата на менаџерите во производствениот процес. Тој апарат ги привлекувал луѓето од посебните класи, кои ќе се обидам накратко да ги опишам, пред сè како средство за освојување на националната власт, а дури секундарно како начин за обезбедување на почетниот капитал.

Наследниците на Ленин и Сталин не биле како некогашните преторијански гардисти, вистински носители на економската и политичката власт во име и во корист на паразитскиот монарх. Тие биле приучени преторијанци, приправници во областа на економијата и политиката, кои очајнички се обидувале да ги достигнат барем најниските нивоа на власта. На таквите луѓе, моделот на Ленин им овозможувал од најниските нивоа да ги прескокнат сите скали кои ги делат од централната палата.

Вистинските наследници на Ленин доаѓале од слоевите на најниското свештенство и државните службеници; тоа биле луѓе како Мусолини, Хитлер и Мао Це Тунг, луѓе кои како и Ленин, ја проколнувале својата слаба и неспособна буржоазија заради неуспехот во воспоставувањето на големите нации.

(Тука не ги вбројувам ционистите, затоа што тие ѝ припаѓаат на помладата генерација. Тие биле современици на Ленин, кои можеби и самостојно, ги откриле силата на прогонот и страдањето како средства за мобилизација на национална армија и полиција. Но, ционистите имале и некои оригинални решенија. Нивниот третман на една раселена религиозна групација како нација, националната држава како централна идеја и смисла на постоењето на нацијата, како и сведување на религиозното наследство на расно наследство, претставувале значаен придонес за методологијата на национализмот. Првото значење на тој придонес дошло до израз кога истите тие методи биле применети на Евреите, меѓу кои имало и многумина кои не биле ционисти, од страна на една друга нација, мобилизирана на ист начин – „германската раса“)

Мусолини, Мао Це Тунг и Хитлер ја отстраниле завесата од слогани и преку подвизите на Ленин и Сталин успеале да видат што се тие навистина: успешен начин за освојување и одржување на власт. Тројцата ја довеле методологијата до нејзината суштина. Првиот чекор бил поврзување со истомислениците меѓу нивоата на моќта и основање на нуклеусот на идната полициска организација, Партијата, како што ја нарече Ленин. Следниот чекор бил создавање на масовна база, борбени трупи и инфраструктура за нивно снабдување. Третиот чекор бил преземање на државниот апарат, поставување на нови државни теоретичари во канцелариите на Дуче, Претседателот или Фирерот, регрутација на кадри за полицијата и менаџерски функции меѓу партиската елита и конечно – враќање на масовната база назад на работа. Четвртиот чекор бил обезбедување на почетниот капитал кој бил неопходен за обнова и почеток на работата на воено-индустрискиот комплекс, способен да ги поддржи националните лидери и нивните кадри, полицијата, војската и индустриските менаџери; без тој капитал не би имало ниту оружје, ниту власт, ниту нации.

Наследниците на Ленин и Сталин уште повеќе ја скратиле оваа методологија, така што ја минимизирале капиталистичката експлоатација и се концентрирале на угнетувањето на национално ниво. Приказната за експлоатацијата веќе не ѝ служела на целта; таа станала пречка, затоа што на сите, а особено на наемните работници, им било очигледно дека на тие успешни револуционери не им паѓало на ум да го укинат наемниот труд, туку токму спротивното, уште повеќе да го прошират неговиот домен.

Бидејќи биле прагматични како и американските бизнисмени, новите револуционери не зборувале за ослободување од наемниот труд туку за национално ослободување.[5] Тоа не било ослободувањето за кое зборувале романтичарите-утописти, туку нешто што било сосема можно, дури и единствено можно во постоечките околности. Требало само да се појде од постоечките околности, истите да се искористат и да се оствари саканата цел. Всушност, националното ослободување било ослободување на националните лидери од оковите на немоќта, од лишеноста од власт. Нивниот потфат не бил борба инспирирана од сонот, туку примена на искусени, научно докажани и усовршени стратегии.

Фашистите и националсоцијалистите биле првите кои докажале дека таа стратегија функционира и дека успехот на болшевиците би можел да се повтори. Веднаш по преземањето на власта, новите национални лидери и нивните соработници се фокусирале на прашањето за акумулација на почетниот капитал неопходен за создавање голема нација. Фашистите тргнале кон некои сè уште неосвоени области од Африка (Етиопија), ограбувајќи ги исто како што раните индустријалци ги ограбувале своите колонијални царства. Нацистите им се нафрлиле на Евреите, домашно население, кое како и Германците, било дел од „обединета Германија“; како и во случајот на Сталин и руските кулаци, Евреите биле добар извор на почетен капитал затоа што поседувале многу вредни нешта за ограбување.

Ционистите, кои им претходеле на нацистите во сведувањето на религијата како прашање на расата, како и нацистите, можеле да го следат примерот на американските пионери и начинот на кој тие го користеле национализмот. На експертите на Хитлер им останало само да го преведат огромното истражувачко наследство на американските расисти и на тој начин да ги снабдат своите научни институти со големи библиотеки. Нацистите се однесувале со Евреите многу слично како што Американците се однесувале кон домородното население на континентот, со таа разлика што нацистите биле во можност за целите на депортацијата, ограбувањето и истребувањето на човечките суштества да ангажираат неспоредливо помоќна технологија. Но, кога станува збор за тоа тие сигурно не биле иноватори; и тие само ги искористиле околностите кои им стоеле на располагање.

На фашистите и нацистите им се придружиле градителите на јапонското царство, кои стравувале дека Небесното царство кое се распаѓа би можело да стане извор на капитал за Русите или за кинеските индустријалци-револуционери. Обединувајќи се во Оската, овие три сили се обиделе да го претворат целиот свет во извор на почетен капитал. Другите народи не биле пречка, до проблемот дошло кога се нафрлиле на поседите на веќе воспоставените капиталистички сили. Обидот, веќе постоечките капиталисти да се сведат на плен, можел да успее во рамките на националните граници, како во случајот на Ленин и Сталин. Но, таа практика применета на светско ниво, која во тој случај значела не само искористување, туку и промена на околностите, можела да предизвика само светска војна. Силите на Оската ги прецениле своите можности и биле поразени.

По војната, многумина разумни луѓе целите на Оската ги нарекувале рационални, додека Хитлер го нарекувале луд. Сепак, истите тие разумни луѓе ги сметале Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон за мудри и рационални луѓе, иако токму тие го осмислиле и започнале освојувањето на еден голем континент преку масовна депортација и истребување на неговото население, во време кога било далеку потешко да се изведе таков проект отколку во времето на моќта на Оската. Точно е дека технологиите, како и физичките, хемиските, биолошките и општествените сознанија кои им биле на располагање на Вашингтон и Џеферсон биле сосема поинакви од оние со кои располагале нацистите. Но, ако знаењето е моќ, како тогаш убиствата кои ги извршиле американските пионери со помош на барут, во време на запрежние коли и кочии биле нешто рационално, а убиствата на нацистите кои користеле многу посилен експлозив, борбени отрови и хемиски агенси, се нешто ирационално? Зарем само затоа што на сè гледаме од денешен агол, од времето на ракети, подморницити автопатишта?[6]   

Ако ништо друго, нацистите биле уште повеќе научно ориентирани отколку Американците. Во свое време, тие за поголемиот дел од светот биле симбол за научна ефикасност. Воделе забелешки за сè, ги пресметувале своите откритија, ги објавувале во своите научни публикации. За нив расизмот не претставувал сурово цртање на границите, туку оставина на реномираните научни институции.

Изгледа дека многумина разумни луѓе го изедначуваат лудилото со неуспехот. Тоа не е прв пат: многумина го нарекувале Наполеон луд додека бил во затвор или во прогонство, но кога одново се појавил, овој пат како Цар, истите луѓе за него зборувале со почит или дури со воодушевување. Затворањето или прогонството не биле сметани само за лек против лудилото, туку и за негови симптоми. Неуспехот е лудост.

Така доаѓаме до Мао Це Тунг, третиот голем пионер меѓу националсоцијалистите (или националкомунистите; вториот збор повеќе не е важен, затоа што станал само историски реликт; поимот „леви фашисти“ исто така би можел да послужи, само што во него недостига клучниот националистички предзнак). Тој со Небесното царство го постигнал истото што и Ленин со руското Царство. Најстариот бирократски апарат на светот не се распаднал на помали единици, ниту станал колонија на другите индустријалци; тој воскреснал, значително изменет, во облик на Народна Република, светилник на „угнетениот народ“.

Претседателот и неговите „кадри“ зачекориле по стапките на своите бројни претходници, настојувајќи да го преобразат „Небесното царство“ во неисцрпен извор на прелиминарен капитал, прогонувајќи ги сите кои го попречувале „големиот чекор напред“.

Следниот чекор, започнувањето на капиталистичкиот процес на производство, бил изведен според рускиот модел, т.е со помош на националната полиција. Резултатите не биле многу подобри отколку во рускиот случај. Затоа претприемничката улога постепено им била препуштана на менаџерите и опортунистите кои на луѓето им влевале повеќе доверба, отколку полицијата. Но, тој момент бил од помало значење за маоистите, отколку за ленинистите. Капиталистичкиот начин на производство бил подеднакво важен, во најмала рака исто колку и првобитната акумулација на капиталот, затоа што без капиталот нема власт, нема нација. Но, маоистите никогаш не инсистирале премногу на тоа дека нивниот модел на индустријализација е посупериорен од другите; во тоа биле многу поскромни од Русите, па така и помалку разочарани со резултатите од полициски надгледуваната индустрија.

Маоистичкиот модел на своите работници од обезбедувањето и на студентите им ја овозможил искусената методологија на моќта, во облик на научно осмислена стратегија за национално ослободување. Општо позната како Мислата на Мао Це Тунг[7], оваа наука на своите идни претседатели и кадри им пружила можност за неограничено владеење со сите живи битија, човечки активности, па дури и со нивните мисли. Папата и свештенството на католичката црква, со сите свои инквизитори и мисионери, никогаш немале таква моќ, не затоа што не ја сакале туку затоа што не располагале со достигнувањата на модерната наука и технологија. Ослободувањето на нацијата се сметало за последен стадиум во борбата против паразитите. Претходно, капитализмот веќе ја исчистил природата од паразитите, третирајќи го остатокот само како суровина за преработувачката индустрија. Модерниот националсоцијализам се стремел кон елиминација на паразитите од човечкото општество.

Паразитите во човечки облик секогаш биле извор на почетниот капитал, но капиталот не е само нешто материјално; тој може да се појави и во облик на културно или „духовно“ богатство. Обичаите, митовите, поезијата и музиката на луѓето биле искоренувани систематски; дел од тоа наследство, главно музиката и народната носија, подоцна повторно се појавиле во преработен и одново амбалажиран облик, како дел од националниот спектакл, како декор и средство за општа мотивација; обичаите и митовите станале суровина на преработувачката индустрија заснована на „хуманистичките науки“. Дури и јаловото незадоволство на работниците од оттуѓениот труд било ликвидирано. Во ослободената нација, наемниот труд престанува да биде товар; тоа сега е национална обврска, која треба да се исполнува со радост. Припадниците на тотално ослободените нации ја читале „1984“ на Орвел како антрополошка студија, како верен приказ на едно претходно доба.

Во таквата поставеност на нештата сатирата станува непотребна. Дури и таа ризикува да стане Библија за следната генерација на национални ослободители.[8] Секој сатиричар ризикува да стане основач на нова религија, нов Буда, Заратустра, Исус, Мухамед или Маркс. Секое разоткривање на злосторствата на владејачкиот систем, секоја критика на сметка на неговото функционирање, ризикува да стане пасиште за коњите на новите ослободители, материјал за градителите на новите ослободителни армии. Мислата на Мао, во сите верзии и ревизии, во исто време е и тотална наука и тотална теологија; општествена физика, но и космичка метафизика. И францускиот Комитет за јавно здравје за себе тврдел дека ја изразува општата волја на сите угнетени луѓе.

Постојаната ревизија на Мислата е неопходна, затоа што нејзините почетни формулации не се применливи за сите, всушност, за ниту една колонизирана популација. Ниту една од нив нема традиција на државен апарат подолга од две илјади години. Само неколку угнетени народи имаат дури по некој атрибут на нација, стекнат во блиското или далечното минато. Мислата би требало да биде применета на народите чии предци живееле без национални лидери, војски и полиции, без капиталистичкиот начин на производство и со самото тоа, без никакви потреби за почетен капитал.

Ревизиите биле извршувани така што иницијалната Мисла била збогатувана со позајмени мисли од Мусолини, Хитлер и израелските, државотворни Ционисти. Теоријата на Мусолини за остварувањето на нацијата преку државата била главната догма. Најразличните народи, мали или големи, со или без индустрија, концентрирани или расфрлани, биле прифатени како нации, но не во поглед на нивното минато, туку во поглед на сопствената аура, како потенцијал кој го отелотворувале нивните национални ослободувачки движења. Третирањето на нацијата како расен ентитет на Хитлер или ционистите, била другата централна догма. Кадрите биле регрутирани од луѓето лишени од традиционални роднински врски и обичаи, така што за кратко време ослободителите не можеле да се разликуваат од угнетувачите во однос на јазикот, верувањата, обичаите или вооружувањето; единственото што ги одржувало во врска со нивната масовна база, бил истиот оној материјал кој ги поврзувал белите слуги и белите газди долж американската Граница; „расната поврзаност“ им дала идентитет на луѓето кои немале идентитет, чувството на припадност на луѓето без роднини, чувството на заедништво на луѓето кои ги загубиле своите заедници; тоа била последната врска меѓу културно опустошените луѓе.

Ревидираната мисла сега можела да биде применета на Африканците, исто како и на Навахо и Апачи индијанците или Палестинците. Мислите на Мусолини, Хитлер и ционистите биле внимателно маскирани, бидејќи на Мусолини и Хитлер не им успеало да се одржат на власт, додека многу поуспешните ционисти ја претвориле својата држава во светски полицаец и непријател на сите други ослободителни движења. Така Ленин, Сталин и Мао Це Тунг добиле многу повеќе простор отколку што заслужиле.[9]

Ревидираниот и општо применлив модел функционирал слично како и оригиналниот, но многу полесно; машината често била проверувана; бројните недостатоци на оригиналот биле отстранувани или подобрувани; сè што било потребно овој изум да се стави во движење биле добар возач, преносен ремен и гориво.

Се разбира, возач е теоретичарот или неговите најблиски ученици. Преносниот ремен е активистичкото јадро, организацијата, Партијата или комунистичката партија. Комунистичката партија со мала буква „к“ е токму она за што зборуваме: нуклеус на идната полициска организација, која има задача да биде чистач и која ќе се пречисти и себеси, кога лидерот ќе стане Национален лидер и така ќе ја почувствува потребата за ревизија на Непроменливата мисла, во обид да се приспособи на својот нов амбиент – семејството банкари, производители на оружје и инвеститори. Гориво: тоа отсекогаш биле поробените, угнетените маси, а сега ослободените луѓе.

Лидерот и неговите најблиски соработници не доаѓаат од страна; тие не се странски агитатори. Тие се интегрален производ на капиталистичкиот процес на производство. Тој процес, без исклучок, бил придружуван од расизмот. Расизмот не е неопходен услов за производството, но, во овој или оној облик, расизмот бил неопходен предуслов за процесот на првобитна акумулација на капиталот, од каде секогаш продирал и процесот на производството.

Индустријализираните нации се прелиминарен капитал за обезбедување на грабежот, депортацијата, прогонот, сегрегацијата, а често и истребувањето на луѓето кои биле означени како легитимен плен. Роднинските врски биле прекинувани, природното опкружување било уништувано, културата и традиционалните обичаи биле искоренувани. Потомците на оние кои ја преживеале оваа кланица, биле среќни доколку им успеело да ја сочуваат барем сенката на својата традиционална култура. Но, на многумина не им останала дури ни сенката; биле целосно испразнети. Им останало само да одат на работа и на тој начин и понатаму да го јакнат механизмот кој ја уништил културата на нивните предци. Во светот на работата ги чекало место на маргините, најодбивните и најлошо платените работни места. Тоа ги исполнувало со гнев. Магационерот во некој голем супермаркет добро знае што е расизам: често, тој знае повеќе за залихите и порачките од самиот менаџер. Расизмот е единствената причина зошто тој не е менаџер, а менаџерот магационер. Работникот од обезбедувањето добро знае дека расизмот е единствената причина зошто тој нема никогаш да стане шеф на полицијата. Токму меѓу таквите луѓе, кои ги изгубиле своите корени, кои сонуваат за местото менаџер на супермаркетот или шеф на полицијата, движењата за националното ослободување ги пуштаат своите корени; тоа се местата каде се формираат идните лидери и нивните најверни следбеници.

Национализмот продолжува да ги привлекува тие испразнети луѓе, затоа што сите други опции делуваат уште понедубедливо. Културата на предците е уништена; оттаму, според прагматичните стандарди, таа била осудена на неуспех. Единствените преживеани предци биле оние кои се приспособиле кон поредокот на освојувачите, потиснати на рабовите од големите ѓубришта. Сите други утопии на поетите и големите сонувачи, како и бројните „митологии на пролетаријатот“ исто така пропаднале, затоа што не успеале да се потврдат во практика. Само ветерот, соништата, фантазиите... Вистинскиот пролетаријат бил расистички исто колку и нивните газди или полицијата.

Магационерот и работникот од обезбедувањето ја изгубиле врската со својата древна култура; нив не ги интересираат соништата и утопиите; дури им се потсмеваат, со истиот оној презир кој практичните, работни луѓе го покажуваат кон поетите, големите трагачи и сонувачи. На сите нив национализмот им нуди нешто конкретно, нешто што е искусено во практиката, за кое се докажало дека функционира. Не постои ниту една причина заради која потомците на прогонетите би останале прогонети, кога национализмот им нуди можност и самите да станат прогонувачи. Блиските и далечните роднини на жртвите можат да станат национална држава; сега тие се оние кои можат да затвораат други луѓе во концентрациони логори, да ги прогонуваат, да водат геноцидни војни против нив и да го обезбедуваат почетниот капитал, одземајќи ги нивните поседи и имоти. Ако тоа можеле да го направат „расните роднини“ на жртвите на Хитлер, можат да се обидат истото да го направат и жртвите на Вашингтон, Џексон, Реган и Бегин.

Секоја угнетена популација може да стане нација, фотографски негатив на угнетувачката нација, простор на кој поранешниот магационер станува менаџер на супермаркетот, а поранешниот работник од обезбедувањето станува шеф на полицијата. Со примена на соодветни стратегии, секој работник од обезбедувањето може себеси да си ја обезбеди позицијата на преторијански гардист. Вооруженото обезбедување на некој рудник кој е во странска сопственост, може да прогласи независна република, да го ослободи својот народ и да продолжи да го ослободува, сè додека тој не почне да вика дека му е доста од слободата. Дури и пред да ја освои власта, таа вооружена банда може себеси да се прогласи за Фронт и на своите тешко оданочени и постојано набљудувани сонародници да им понуди нешто што сето време им недостигало: сопствена организација за оданочување, финансирање на Фронтот и надзорот, т.е паралелната даночна и полициска служба. На тој начин луѓето се ослободуваат од менталитетот кој го наследиле од своите предци-жртви; сè што преживеало од прединдустрискиот период и предкапиталистичката култура, на тој начин може трајно да биде искоренето.

Сфаќањето според кое свеста за геноцидот и сеќавањето на холокаустот може луѓето да ги води само кон укинување на системот во кој такво нешто било возможно е сосема погрешно. Постојаната привлечност на национализмот го кажува токму спротивното: дека свеста за геноцидот ги водела луѓето кон основање на новите геноцидни армии, дека сеќавањето на холокаустот водело само кон продолжување на холокаустот. Поетите кои ги забележале тие загуби, истражувачите кои ги документирале, потсетуваат на лабораториските научници кои ја откриле структурата на атомот. Научниците практичари го искористиле тоа откритие за разбивање на атомското јадро и така создале оружје кое е во состојба да го разбие јадрото на секој атом. Националистите ја користеле поезијата, прво за да ги разбијат, а потоа повторно да ги соединат човечките групи, ги мобилизирале во геноцидни армии и ги поттикнале на нов холокауст.

Лабораториските научници, поети и истражувачи не се чувствуваат виновни пред опустошената земја и распарчените тела.

Дали навистина е така?

Изгледа дека Маркс бил во право барем за едно нешто: секоја секунда посветена на капиталистичкиот начин на производство, секоја мисла вградена во индустрискиот систем само ја зголемува моќта која е насочена против природата, културата, животот. Применетата наука не е нешто надворешно; таа е интегрален дел на капиталистичкото производство. Национализмот не дошол отстрана. Тој е производ на капиталистичкиот начин на производство, исто како и хемиските агенси кои ги загадуваат езерата, воздухот, животните и луѓето, исто како и нуклеарните реактори кои во микроокружувањето му го отвораат патот на загадувањето на целото макроопкружување.

На крајот, наместо заклучок, ќе одговорам на едно прашање, пред некој да го постави. Прашањето е: „Зарем не мислите дека некој потомок на угнетените луѓе би бил подобар како менаџер на супермаркетот или шеф на полицијата?“ Мојот одговор е исто така прашање: „Кој менаџер на концентрационен логор, државен џелат или мачител не бил потомок на угнетени луѓе?“

 

 

[1] Поднасловот на првиот том на „Капиталот“ гласи „Критика на политичката економија: Капиталистичкиот начин на производство“.

[2] Исто, делот VIII: „Таканаречената примитивна акумулација“.

[3] Е. Преображенски: Нова економија, Москва, 1926. „Книгата содржи верен опис на примитивната социјалистичка акумулација...“ , од најавата за првото издание на англиски, Clarendon Press, Oxford, 1965.

[4] В.И. Ленин, „Развој на капитализмот во Русија“, прв пат објавено во Москва, 1899. Цитат од стр. 599 од англиското издание. „Во споредба со сегашното темпо на развој кое се постигнува со примена на сите расположливи технички и културни достигнувања, сегашното темпо на развојот на капитализмот во Русија е секако многу бавно. А не може да не биде бавно, затоа што во ниту една капиталистичка земја не опстанале толку застарени институции, кои во целост не се совпаѓаат со барањата на капитализмот, тие се толку застарени во развојот и само дополнително ја влошуваат состојбата на производителите.“

[5] Мусолини: „Нашиот мит е нацијата, нашиот мит е големината на нацијата.“; „Државата е таа која ја создава нацијата, која своите барања и својот стварен живот го пренесува на народот кој е свесен за своето морално единство“; „Максималната слобода отсекогаш била возможна само со максимална моќ на државата.“ „Сè за државата; ништо против државата; ништо надвор од државата.“ – од “Che cosa e il fascismo i La dottrina del fascizmo”.

[6] „Постепеното ширење на нашите населби сигурно ќе ги натера дивјаците, како и волците, да се повлечат; иако се разликуваат според обликот, и едните и другите се ѕверови кои треба да се ловат...“ – Џорџ Вашингтон, 1786. „Ако некогаш бидеме принудени да ги подигнеме своите секири против некое племе, нема да ги спуштиме сè додека тоа племе не биде целосно уништено или протерано...“ – Томас Џеферсон, 1807. „Страшните масакри кои ги направија над нашите жени и деца, нè обврзуваат да ги прогонуваме сè додека не ги уништиме или протераме во областите кои се надвор од нашиот дофат...“ – Томас Џеферсон, 1813. Сите цитати се од “Facing West: Metaphysics of Indian-Hating and Empire Building, by Richard Drinnon (New York: New American Library, 1980, pp. 65, 96, 98)

[7] Објавено како „Цитатите на претседателот Мао“; Пекинг, Политичко одделение на Народната Ослободителна Армија, 1966.

[8] Издавачот “Black & Red” пред десетина години се обиде на сатиричен начин да се позанимава со оваа ситуација, објавувајќи го лажниот „Прирачник за револуционерни лидери“. Нејзиниот автор Мајкл Вели се понудил за потребите на модерните револуционени принцови да го направи истото што го направил и Макијавели за феудалните. Во тој лажен „прирачник“ Мислата на Мао Це Тунг беше вкрстена со учењата на Ленин, Сталин, Мусолини, Хитлер и нивните модерни следбеници, нудејќи цела низа брутални рецепти за создавање на револуционерни организации и преземање на власта. Потполно неочекувано, најмалку половина од нарачките за ова издание дојдоа од потенцијалните национални ослободители, така што е сосема можно барем некои од современите верзии на националистичката метафизика да содржат рецепти кои ги понудил Мајкл Вели.

[9] Воопшто не претерувам: пред себе имам памфлет со големина на книга, со наслов „Митологијата на белиот пролетаријат: краток курс за разбирање на Вавилон“, автор J. Sakai (Chicago: Morningstar Press, 1983). Станува збор за најлуцидната примена на Мислата на Мао на американската историја, која некогаш сум ја сретнал. Авторот многу документирано и честопати многу живописно го опишува насилството кон африканските робови, прогоните и уништувањето на американските домородци, расистичката експлоатација на Кинезите, депортацијата на Јапонците, американските граѓани, во концентрационите логори итн. Авторот ги евоцира тие искуства со нескриен ужас, но не за да бара начин со кој ќе се укине системот во кој сето тоа било можно, туку да ги повика жртвите од тоа насилство самите да го репродуцираат тој систем и да го искористат за своите цели. Натрупан со слики и цитати од Ленин, Сталин, Мао Це Тунг и Хо Ши Мин, овој памфлет не се обидува да ги ублажи или да ги сокрие своите репресивни намери; тој апелира на Африканците, Навахо индијанците, Апачите и Палестинците да се организираат во партии, да ја освојат државната власт и да ги ликвидираат сите паразити.