Наслов: Ниту претставничка ниту директна демократија
Датум: 1983
Забелешки: Објавено во: Anarchismo e sovversione sociale, ed. Centolibri, 1983

Денес меѓу поединците не постои непосреден и хоризонтален начин на размислување и делување, како ни слободни меѓучовечки односи, со оглед дека државата ги обликува сите општествени однесувања. Човечките односи се надгледувани од институции, кои го сместуваат општествениот живот во рамки на Правила, обврски и линеарни процедури кои треба да се следат, каде што чинот на претставување стана единствената должност која треба да се извршува доколку сакаме и понатаму да егзистираме.

Постојаниот живот преку посредници или претставници укажува на степенот на моќта кој го достигнала демократијата, системот кој го конкретизира надзорот на државата над општеството. Стекнуваме впечаток дека во привлечниот спектакл на своите заменливи и самонаметнати улоги сите идеологии коегзистираат во некој вид на заемна соработка, каде што измамата ги повикува своите актери/публика, во обврзувачка бедна игра, на конзумација на сите илузии кои ги произведува секојдневниот рутински живот.

Затоа на „добронамерните“, рационалистите и материјалистите, најлогично им изгледало да развијат критика кон системот на претставничката демократија, препуштајќи се на идејата за Демократска Демократија, како единствена реална гаранција на сите слободи, со оглед дека надвор од границите на демократијата може да опстане само најбрутална диктатура. Таквата логика на постепен премин, продирајќи во длабочините на нивниот ум, им дава чувство дека конечно ги довеле во ред сопствените стремежи. Поттикнати од оваа незауздана желба за Политички реализам, дури и некои анархисти дојдоа до заклучок дека Анархијата може да се оствари само преку претходна реализација на директната демократија во револуционерната фаза, на тој начин живеејќи во илузија дека откако повеќе нема да ги обвинуваат за „утопизам“, пролетерските маси ќе можат подобро да ги сфатат нивните стремежи.

Но, да разгледаме накратко што би се случило кога таа навистина би се остварила.

Со предуслов дека веќе е спроведена социјализацијата на производните средства и дека во рамки на пленумот, заедницата итн., владее принципот на директна демократија, одлуките сепак би почивале на реалната моќ на едно мнозинство, кое, следствено на тоа, на едно малцинство, обично незадоволно, би ги наметнало своите одлуки. Примената на тие одлуки би довела до употреба на одреден облик на надзор кој би ги контролирал и спречувал можните спротивставувања. Освен тоа, едно малцинство внатре ова „мнозинство“ би требало да ги надгледува и ефикасно спроведува тие одуки. На тој начин повторно би се вовело претставништвото, иако тврдат дека секој претставник може веднаш да се отповика. Во стварноста, за жал, поединците не се само навикнати да им го препуштаат на други она што тие сами би можеле непосредно да го извршат, туку и недостигот на лична одговорност би го поттикнал одржувањето на претставништвото и неговото претворање во перманентна институција.

Потоа, со тек на времето, пленумите би ја изгубиле својата одлучувачка улога, би се случило истото она што и на Советите во Русија. Државата би се обновила и во најдобар случај повторно би заживеала претставничката демократија, порационална и попогодна на интересите на истата онаа Моќ која се чинела срушена.

Оттаму, разбирливо е зошто директната демократија претставува само еден проект на општествената организација кој се сместува во рамки на традиционалниот политички систем и кој ги ресоздава материјалните услови врз кои ќе се гради новата држава. Затоа, доколку институционалната логика на претставничката демократија е догматска и авторитарна, истото важи и за директната демократија, која исто така е авторитарна затоа што произведува нови облици на општествен авторитет.

Анархијата, напротив, е идеја за општеството која, покрај реалното укинување на Полицаецот, ги исклучува сите облици на претставување и го поддржува принципот на сувереност на поединецот и го отфрла секој модел на веќе осмислените општества, за на поединецот да му се врати идејното општество, хоризонтално и самоуредено, во кое слободата расте преку меѓусебните односи. Слободното експериментирање би било единствен критериум на споредба според кој би се мерело и откривало Подоброто. Сеопштото самоуредување би ги поттикнало луѓето спонтано да ја ослободат сопствената индивидуалност од богатато општество исполнето со копнеж. Егоизмот би коегзистирал со она што му создава најголемо задоволство: солидарноста. Луѓето на тој начин би ја откриле убавината на присвојувањето на она што им припаѓа: животот.

Логиката на анархија е составена од „сè и веднаш“, таа не признава компромиси кои би ја изопачиле нејзината вистинска смисла: би било многу корисно бројните слободари кои ги измачува демократската болка да размислат за наведеното.