Наслов: До младите
Датум: 1880
Забелешки: Наслов на оригиналот: “Aux Jeunes Gens”, објавено во Le Révolté, во броевите од 25 јуни, 10 јули, 7 и 21 август. Превод: Горан Амбарџиев, 2004. Корекции: Анархистичка библиотека, 2016.

Сакам да се обратам до младите денес. Старите - мислам секако, старите во срцето и мислите - нека го остават памфлетот, без да си ги заморуваат очите читајќи нешто што ништо нема да им каже.

Претпоставувам дека имаш околу осумнаесет или дваесет години; дека си го завршил учењето или студиите; дека само што влегуваш во животот. Ја земам како факт претпоставката дека имаш ум ослободен од празноверијата кои твоите професори се труделе да ти ги наметнат; дека не се плашиш од ѓаволот, и дека не одиш да ги слушаш празните говори на проповедниците и свештениците. Уште повеќе, дека не си некој од контињата, оние тажни продукти на општеството во распаѓање, кои ги покажуваат своите убаво скроени панталони и своите мајмунски лица во паркот, и кои уште на својата рана возраст имаат само незаситна желба за задоволство по секоја цена... Претпоставувам, спротивно на тоа, дека имаш топло срце, и заради оваа причина и ти се обраќам.

Знам, ти се поставува првото прашање - честопати се имаш запрашано: „Што ќе бидам јас?“ Всушност, кога човек е млад тој смета дека откако изучувал занает или некоја наука неколку години - на трошок на општеството - тој не го сторил тоа за да ги користи своите способности како инструменти за грабање за сопствена корист, и мора да биде навистина изопачен и целосно обземен од пороци за да не сонува дека еден ден ќе ја употреби својата интелигенција, своите способности и знаење за да помогне во ослободувањето на оние кои денес гнијат во беда и незнаење.

Ти си еден од оние кои имаат таква визија, нели? Добро, да видиме што мораш да сториш за да го претвориш твојот сон во реалност.

Не знам во која класа си роден. Можеби, по игра на случајот, си го насочил своето внимание кон изучување на наука; ќе бидеш доктор, адвокат, човек на зборовите, или научник; широко поле се отвара пред тебе; влегуваш во животот со широко знаење, со истренирана интелигенција. Или, од друга страна, ти си можеби само чесен занаетчија чие познавање на науката е ограничено на она малку што си го научил на училиште; но ти си ја имал предноста да научиш од прва рака што значи исцрпувачката тешка работа за работникот во нашево време.

Ќе се задржам на првата претпоставка, за подоцна да се вратам на втората; значи, претпоставувам дека си стекнал научна едукација. Да претпоставиме дека имаш намера да станеш - доктор. Утре човек во партали ќе дојде за да те однесе да прегледаш болна жена. Ќе те води низ една од оние улички каде што соседите, отспротива еден на друг, можат скоро да се поздрават над главите на минувачите; влегуваш во смрдлива атмосфера, под трепкавата светлина на една мала, неуредно поставена сијалица; качуваш две, три, четири, пет скалила по валканите скали, и во темна, студена соба ја најдуваш болната жена која лежи на сламник, покриен со валкани прекривки. Слаби, мртво бледи деца, тресејќи се под своите скудни облеки, зјапаат во тебе со своите големи, ширум отворени очи. Мажот работел целиот живот по дванаесет или тринаесет часови дневно за што ќе му дадат; сега останал без работа три месеци. Да се биде невработен не е ретко во неговата професија; се случува секоја година, периодично. Но, често, кога тој ќе останел без работа, неговата жена работела како надничарка - можеби да ги испере твоите кошули - за заработка од петнаесет пени на ден; сега е врзана за креветот два месеци и бедата се надвиснува над семејството, во сета нејзина валкана одвратност.

Што ќе препишеш за болната жена, докторе - ти, кој веднаш си увидел дека причината за нејзината болест е општа анемија, потреба за добра храна, недостиг од свеж воздух? Кажи, добар бифтек секој ден? Малку вежба во природа? Сува и добро проветрена спална? Каква иронија! Ако можела да си го дозволи тоа, уште одамна ќе го направела, без да чека на твојот совет.

Ако имаш добро срце, отворен пристап, чесен изглед, семејството ќе ти каже многу работи. Ќе ти кажат дека жената од другата страна на преградата, која кашла со кашлица која ти го распарува срцето, е сиромашна пеглачка; дека неколку скалила подолу сите деца имаат треска; дека перачката која живее на приземјето нема да доживее да ја види пролетта; и дека во соседната куќа работите се дури и полоши.

Што ќе им кажеш на сите овие болни луѓе? Ќе им препорачаш побогата исхрана, промена на воздухот, помалку исцрпувачка работа... Посакуваш да можеш, но не се осмелуваш и заминуваш со скршено срце, со клетва во устата.

Следниот ден, додека сè уште размислуваш за судбината на жителите на оваа куќарка за кучиња, твојот партнер ти кажува дека вчера наминал некој слуга да го повика, овој пат во кочија. Требало да посети некоја убава куќа и да ја прегледа дамата измачена од непроспиени ноќи, која го посветувала целиот свој живот на облекување, посети, балови, на караници со својот глупав маж. Твојот пријател ѝ препишал помалку неразумен начин на живот, полесна исхрана, прошетки на свеж воздух, урамнотежен темперамент, и, за да ја надополни потребата од корисна работа, малку гимнастички вежби во нејзината спална соба.

Едната умира заради тоа што никогаш немала доволно храна ниту доволно одмор целиот свој живот; другата венее заради тоа што никогаш не видела работа откога се родила.

Ако си од оние мизерни карактери кои се прилагодуваат на сè, кои од глетката на најодбивните настани се утешуваат себеси со нежна воздишка и со чаша шери, тогаш постепено ќе се навикнеш на овие контрасти и на природата на ѕверот кој ги опслужува твоите настојувања, и твојата единствена идеја ќе биде да се издигнеш себеси до рангот на трагачите по задоволства, за да не мораш никогаш повторно да се најдеш меѓу бедниците. Но, ако си човек, ако секој сентимент е претворен, во твојот случај, во делување на волјата; ако, во тебе, ѕверот не го скршил интелигентното суштество, тогаш еден ден ќе се вратиш дома велејќи си: „Не, ова е неправедно; ова не смее да продолжи. Не е доволно да се лекуваат болестите; мораме да ги спречиме. Малку подобар живот и интелектуален развој би ги намалил нашите листи, би ги преполовил пациентите и би ги преполовил болестите. Фрли им ја физиката на кучињата! Воздух, добра исхрана, помалку исцрпувачка работа - така мора да почнеме. Без ова, целата докторска професија е ништо друго освен илузија и измама.“

Тој ист ден ќе го разбереш социјализмот. Ќе посакаш целосно да го запознаеш и ако човекољубието не е збор лишен од важност за тебе, ако кон изучувањето на социјалното прашање ја примениш строгата индукција на природен филозоф, ќе завршиш меѓу нашите редови, стремејќи се кон она кон што ние се стремиме, реализација на социјалната револуција.

Но, можеби ќе речеш: „Практичниот бизнис нека оди по ѓаволите! Ќе се посветам на чиста наука: ќе бидам астроном, физичар, хемичар. Таквата работа секогаш носи плодови, барем за идните генерации.“

Ајде прво да разбереме што бараш од посветувањето на науката. Дали е тоа само задоволството - без сомнение огромно - кое го добиваме од изучувањето на природата и вежбањето на нашите интелектуални способности? Во тој случај те прашувам - како филозофот, кој ја изучува науката за да си го помине животот удобно, се разликува од еден пијаница којшто го бара само моменталното задоволство кое алкохолот му го овозможува? Филозофот, во секој случај, го одбрал своето уживање помудро, затоа што му овозможува задоволство далеку подлабоко и потрајно отколку на оној другиот. Но, тоа е сè! И двајцата имаат иста крајна цел, лична сатисфакција.

Но, не, ти немаш желба да водиш ваков себичен живот. Работејќи на науката ти сакаш да работиш за хуманоста и тоа е идејата која ќе те води низ твоите истражувања.

Прекрасна илузија! Кој од нас не ја приграбил барем за момент кога за првпат се предал себеси на науката?

Но сепак, ако навистина размислуваш за хуманоста, ако сакаш да работиш за доброто на човечкиот род со твоите изучувања, пред тебе ќе се постави тешко прашање; затоа што, без оглед колку малку критички дух имаш во себе, мора веднаш да забележиш дека во нашето општество науката е само приврзок на луксузот, која служи да го направи животот поудобен за неколкумина, но останува апсолутно недостижна за најголемиот дел од човештвото.

Помина повеќе од еден век откако науката ги постави претпоставките за потеклото на универзумот, но колкумина ги совладале или колкумина го поседуваат вистинскиот научен критички дух? Неколку илјади, кои се изгубени меѓу стотиците милиони сè уште заробени во предрасуди и празноверија карактеристични за дивјаците, кои, како последица, се секогаш спремни да послужат како марионети за религиските измамници.

Или, ако одиме чекор понапред, ајде да расветлиме што науката направила за да воспостави рационални основи за одржување на физичкото и моралното здравје. Науката ни кажува како треба да живееме за да го зачуваме здравјето на нашите сопствени тела, како да се одржи во добра егзистенцијална состојба масата народ на нашата популација. Но, таа залудно потрошена работа, направена за овие две цели, зарем не останува само мртов збор во нашите книги? Ние знаеме дека е тоа така. А зошто? Затоа што науката денес егзистира само заради една рака привилегирани личности, заради тоа што социјалната неправда, која го дели општеството на две класи - робови-надничари и приграбувачи на капиталот, ги создава сите свои учења како услови за рационална егзистенција, но тоа е само горчлива иронија на девет десеттини од човештвото.

Можам да изнесам уште многу вакви примери, но накратко: само излези од Фаустовото сопче, чии прозорци, затемнети од прашина, едвај ја пропуштаат светлината врз полиците полни со книги; погледни наоколу и на секој чекор ќе пронајдеш свеж доказ како поткрепа на овој став.

Повеќе не се работи за акумулирање на научните вистини и откритија. Потребно е, пред сè, да ги рашириме тие вистини, веќе докажани од науката, да ги направиме дел од нашиот секојдневен живот, да ги направиме заедничко добро. Мораме да ги подредиме работите така што сите, целото човештво, ќе може да ги разбира и применува; мораме да направиме науката да не биде луксуз, туку основа на секој човечки живот. Тоа е она што правдата го бара.

Ќе одам подалеку: тврдам дека интересите и на самата наука се движат во таа насока. Науката може навистина да прогресира само ако новата вистина би нашла почва веќе подготвена да ја прими. Теоријата за механичката основа на топлината, иако објавена во минатиот век со истите постановки на кои Гирн (Gustave-Adolphe Hirn) и Клаусиус (Clausius) ја формулираа денес, останала осумдесет години закопана во академските записи сè до времето кога знаењето на физиката се раширило доволно за да создаде публика способна да ја прифати. Три генерации требало да поминат пред идеите на Еразмус Дарвин (Erasmus Darwin), за варијациите на видовите, да бидат примени од неговиот внук и признаени од академските филозофи, и дури тогаш не без притисок од јавноста. Филозофот, како и поетот или уметникот, е секогаш производ на општеството во кое работи и подучува.

Но, ако си заразен со овие идеи, ќе разбереш дека, пред сè, најважно е да се направи радикална промена во ваквата состојба на нештата која го осудува филозофот да биде натрупан со научни вистини, додека остатокот од речиси сите човечки суштества останува на ниво на кое биле пред пет, десет века - што би значело, во состојба на робови и машини, неспособни да ги совладаат докажаните вистини. И денот кога ќе се заразиш со широката, длабоката, хуманата и темелната научна вистина, тој ден ќе го изгубиш вкусот за чистата наука. Ќе почнеш да работиш на откривање на средствата за спроведување на оваа трансформација, и ако во твоите истражувања ја вклучиш непристрасноста која те водела низ твоите научни истражувања, тогаш ти неминовно ќе се адаптираш на каузата на социјализмот; ќе престанеш со софизмот и ќе се најдеш меѓу нас. Уморен од работење заради обезбедување на задоволства за оваа мала група, која веќе има огромен дел од нив, ти ќе ги ставиш своите знаење и пожртвуваност во служба на угнетените.

И биди сигурен дека, меѓу чувството на исполнета обврска и на постигнато вистинско усогласување меѓу твоите сентименти и твоето дејствување, тогаш ќе пронајдеш такви сили во себе за чие постоење не си ни сонувал. Исто така, кога еден ден - кој во секој случај не е многу далеку, со сета должност кон твоите професори - кога еден ден, јас тврдам, промената за која работиш ќе биде постигната, тогаш, заради создадените нови сили од колективната научна работа и заради големата помош од армиите трудбеници кои ќе дојдат и ќе ги дадат своите сили за неа, науката ќе ја премести својата граница понапред, во чија споредба бавниот денешен прогрес ќе изгледа како обична вежба.

Тогаш ќе уживаш во науката; тоа задоволство ќе биде задоволство за сите.

Ако си завршил со читањето на законот и штотуку треба да добиеш право на адвокатура, можеби ти, исто така, имаш илузии за својата идна професија - претпоставувам дека си една од оние благородни души, дека знаеш што значи алтруизмот. Можеби си велиш, „Да го посветам мојот живот на непрекината и силна борба против сите неправди! Да го употребам сето мое знаење за да го овозможам триумфот на правото, на јавното мислење како највисока правда - може ли некоја друга професија да биде поблагородна?“ Почнуваш вистинска работа во животот сигурен во себеси и професијата која си ја одбрал.

Добро: ајде да прочитаме некоја страница од судските извештаи и да видиме што ќе ти каже вистинскиот живот.

Нека имаме еден богат земјопоседник; тој бара иселување на потстанар на колиба кој не ја платил киријата. Од правен аспект случајот е неспорен; поради тоа што сиромавиот фармер не може да плати, тој мора да си замине. Но, ако ги погледнеме фактите ќе заклучиме нешто вакво: Земјопоседникот ја трошел неговата кирија постојано барајќи задоволство; потстанарот работел напорно по цел ден и секој ден. Земјопоседникот не направил ништо за да го подобри својот имот. Сепак, цената на земјата тројно се зголемила, за период од педесет години, заради изградба на железничка пруга, поради изградба на нови патишта, заради сушење на мочуриште, заради оградување и култивација на неплодното земјиште. Но, потстанарот, кој многу придонел за ова зголемување, се уништил себеси; тој паднал во рацете на лихвари и,до уши во долгови, тој не може повеќе да му плаќа на земјопоседникот. Законот, секогаш на страната на сопственоста, е дециден: земјопоседникот е во право. Но, ти, кај кого чувството за правда не е сè уште задушено од легалните фикции, што ќе сториш? Дали ќе го поддржиш ставот дека фармерот треба да биде исфрлен надвор на улица? - поради тоа што законот така налага - или ќе предупредиш дека земјопоседникот треба да му го плати на фармерот целото зголемување на вредноста на неговиот имот кое се должи на работата на фармерот? - тоа е она што праведноста го бара. Која страна ќе ја одбереш? На законот, а против правдата или на правдата, а против законот?

Или кога работникот излегол да штрајкува против господарот без претходна најава, на која страна ќе застанеш тогаш? На страната на законот, која е всушност страната на господарот кој, искористувајќи ја предноста на кризните периоди, направил огромен профит? Или против законот, а на страната на работниците кои примале цело време плата од само 2 шилинзи дневно како надница, гледајќи ги своите жени и деца како овенуваат пред нивните очи? Дали ќе застанеш зад тоа парче интриганство кое се состои во тврдењето дека постои „слобода на договорање“? Или ќе ја задржиш правичноста, спрема која договорот направен помеѓу човек кој што ручал добро и човек кој што го продава својот труд за гола егзистенција, помеѓу силниот и слабиот, не е договор воопшто?

Да земеме друг случај. Овде, во Лондон, човек безделничел покрај една месарница. Тој украл бифтек и избегал со него. При неговото апсење и испрашување, се покажало дека е тој занаетчија без работа и дека неговото семејство четири дена немало ништо за јадење. Месарот е замолен да го ослободи човекот, но тој е само заинтересиран за победа на правдата! Тој тужи, и човекот е осуден на шест месеци затвор. Слепата Терезија покажува така! Дали твојата совест нема да се побуни против законот и против општеството кога слушаш вакви слични пресуди секој ден?

Или повторно, дали ќе ја спротивставиш силата на законот против овој човек кој бил лошо одгледан и злоставуван од неговото детство, кој се нашол на туѓ имот и никогаш не слушнал ниту еден добар збор и кој го завршува својот живот убивајќи го својот сосед за да му украде шилинг? Дали ќе бараш негова егзекуција - или уште полошо - затвор од дваесет години, кога знаеш многу добро дека тој е повеќе лудак отколку што е убиец и во секој случај, дека за неговото злодело е виновно целото општество?

Дали ќе тврдиш дека ткајачите треба да бидат фрлени во затвор заради тоа што во момент на очај ја запалиле фабриката; дека човекот кој пукал на крунисан убиец треба да биде доживотно затворен; дека бунтовниците кои го закачиле знамето на иднината на барикадите треба да бидат убиени? Не, илјадапати не!

Ако размислуваш наместо да го повторуваш она што си го научил; ако го анализираш законот и ги симнеш матните фикции во кои е обвиткан со цел да ги прикрие своето вистинско начело - а тоа е правото на посилниот - и содржината, која отсекогаш била причина за сите тирании кои се истуриле врз човештвото низ неговата долга и крвава историја; кога ќе го разбереш ова, твојот презир кон законот ќе биде навистина длабок. Ќе разбереш дека да бидеш слуга на пишаниот закон значи да се поставиш себеси во опозиција со законот на совеста и да тргуваш на погрешна страна; и, поради тоа што оваа борба не може вечно да трае, или ќе ја замолчиш својата совест и ќе станеш подлец, или ќе расчистиш со традицијата и ќе работиш со нас на целосното уништување на сите неправди: економски, социјални и политички.

Но, тогаш ќе бидеш социјалист, ќе бидеш револуционер.

А ти, млад инженеру, ти кој сонуваш за подобрување на условите на многуте работни места со примена на науката во индустријата - колку тажно разочарување, колкаво самозалажување те чека! Ја трошиш корисната енергија на својот ум за изработка на шема на железничка пруга која, врвејќи по врвовите на бездните и копајќи низ срцето на планините од гранит, ќе спои две земји кои природата ги разделила. Но, кога ќе почне да се работи на неа, ќе видиш цели полкови од работници исцрпени од немаштија и болести во тој темен тунел - ќе видиш друг дел од нив како се враќа дома носејќи, можеби, по неколку пенија и несомнено, зачетоци на туберкулоза; ќе видиш човечки лешеви - резултат на подмолната алчност - како меѓници на секој јард од твојот пат; и, кога железничката пруга ќе се заврши, ќе видиш, на крајот, дека станала пат за артилеријата на окупаторска армија...

Си го потрошил поголемиот дел од својата младост усовршувајќи пронајдок кој ќе го олесни производството и, после многу експерименти, многу непроспиени ноќи, ти си на крајот сопственик на ова значајно откритие. Го употребуваш и резултатите ги надминуваат твоите очекувања. Десет, дваесет илјади „раце“ се исфрлени на улица! Тие кои остануваат, повеќето од нив деца, се претворени во обични машини! Три, четири, десет господари ќе се збогатуваат и ќе го искористуваат сето тоа... Дали е ова твојот сон?

Конечно, изучувајќи ги последните индустриски пронајдоци, сфаќаш дека изумот шивачка машина не им донел на шивачките никаква, ама баш никаква, корист; дека работникот во тунелот во Сен Готард умира од анкилоза, и покрај дијамантската бургија; дека ѕидарот и наемниот работник се без работа, како и порано, во време на повишувањата на Гифард (Giffard). Ако ги разгледуваш социјалните проблеми со истата независност на духот која те водела и низ твоите механички истражувања, ти неминовно ќе заклучиш дека поради ваквата доминација на приватната сопственост и надничарското робување, секој нов пронајдок го прави неговото робување уште потешко, неговата работа уште повдеградирачка, ги зачестува периодите на безработица, ги заострува кризите и дека луѓето кои веќе го имаат секое замисливо задоволство се единствените кои профитираат од тоа.

Што ќе сториш кога веќе еднаш си стигнал до овој заклучок? Или ќе започнеш со замолчување на сопствената совест со софизми; тогаш, еден убав ден, ќе се простиш од своите искрени младешки соништа и ќе се обидеш да го добиеш, за себеси, она што задоволството и уживањето го бараат - и тогаш ќе преминеш на страната на угнетувачите. Или, ако имаш нежно срце, ќе си речеш себеси: „Не, ове не е време за пронајдоци. Да работиме најпрво на трансформација на основите на производството. Кога приватната сопственост ќе ја снема, тогаш секој нов пронајдок во индустријата ќе биде направен за да му користи на целото човештво; и оваа маса од работници, кои што денес се обични машини, тогаш ќе станат суштества кои размислуваат и кои ја применуваат својата интелегенција во производството, засилени од учењето и искусни во мануелната работа, и таквиот механички развој ќе овозможи, за педесет години, таков напредок за кој денес можеме само да сонуваме.“

И што би можел да му речам на учителот - не на учителот кој на својата професија гледа како на здодевна работа, туку на оној кој, кога е опкружен од весела група на млади ученичиња, се чувствува расположен заради нивните ведри лица, меѓу нивната безгрижна смеа - на оној кој се обидува во нивните мали глави да ги всади идеите на хуманоста кои тој самиот ги научил додека бил млад?

Често забележувам дека си тажен, и знам што е тоа што те онерасположува. Токму овој ден, твојот омилен ученик кој, навистина, не е којзнае колку добар по латински, но кој има навистина прекрасно срце, со толку многу енергија ја рецитираше приказната за Вилијам Тел! Неговите очи сјаеа; тој како да сакаше да ги избоде сите тирани, таму и тогаш; тој со толкав жар ги кажа страствените редови на Шилер:

Пред робот, штом своите окови ги скине

Пред човекот слободен, да трепериш немој!

Но, кога се врати дома, неговата мајка, неговиот татко, неговиот вујко остро го прекорија, убедувајќи го дека треба да го почитува свештеникот или околискиот полицаец; понатаму му зборуваа за „мудроста, почитувањето на авторитетите, покорувањето за сопствена корист,“ сè до часот кога го остави Шилер настрана и почна да чита „Заемна помош“.

И тукушто, пред некој ден, ти беше кажано дека твоите најдобри ученици се покажале како лоши. Едниот цело време сонува да стане офицер; другиот, заедно со својот господар, им краде на работниците од нивните мали дневници; а ти размислуваш за тажниот контраст помеѓу твоите идеали и животот каков што е.

Ти сè уште размислуваш за тоа! И тогаш, предвидувам дека за две години, на крајот, откако ќе доживееш разочарување по разочарување, ќе ги оставиш твоите омилени автори на полицата и ќе завршиш велејќи дека Вилијам Тел бил недвосмислено многу искрен човек, но и покрај сè неговата игра завршила; дека поезијата е најважна работа за интимата, посебно за човек кој по цели денови предавал за правила на пишување, меѓутоа поетите се секогаш во облаците и нивните погледи немаат ништо заедничко со животот денес, ниту пак со следната посета на училишниот инспектор...

Или пак, од друга страна, соновите од твојата младост ќе станат цврсти убедувања на твоето зрело доба. Ќе посакаш да има широка, хумана едукација за сите, во училиштето и надвор од училиштето; и сфаќајќи дека ова е невозможно во постоечките услови, ќе ги нападнеш самите основи на буржоаското општество. Тогаш, заради тоа што ќе бидеш отпуштен од Министерството за образование, ќе го напуштиш училиштето и ќе дојдеш меѓу нас и ќе бидеш еден од нас; ќе им кажуваш на луѓето во поодминати години, но со помали знаења отколку тебе, колку е привлечна науката, што човештвото мора да биде - односно, што можеме ние да бидеме. Ќе дојдеш и ќе работиш со социјалистите за целосна трансформација на постоечкиот систем, рамо до рамо ќе се бориш со нас за постигнување на вистинска еднаквост, вистинско братство, за трајна слобода во светот.

И на крај, ти, млад уметнику, скулптору, сликару, поету, музичару, не забележуваш ли дека светиот оган кој ги инспирирал твоите претходници недостига во денешниот човек? Дека уметноста е површна и дека осредноста е нејзин врховен владетел?

Можно ли е да биде поинаку? Задоволството на повторното откривање на стариот свет, на повторното капење во изворите на природата кои ги создадоа ремек-делата на ренесансата, повеќе не постои за уметноста на нашето време; без револуционерен идеал таа беше студена - сè досега, и немајќи идеал, нашите помодни уметници го пронајдоа во реализмот кога болно ја отсликуваат, во боја, капката роса на листот од некое растение, ги имитираат мускулите од ногата на крава или кога ја опишуваат прозаично и во детали одвратната нечистотија на некој шивач, тоалетата на некоја скапа проститутка.

„Но, ако е ова вака, што треба да се направи?“ велиш. А јас ти одговарам, ако светиот оган кој тврдиш дека го поседуваш е обичен фитил кој тлее, тогаш ќе продолжиш да го правиш она што и досега си го правел, и твојата уметност забрзано ќе се деградира во декорирање на продавниците на трговците, во составување на либрета за третокласни оперети и приказни за божиќните празници - повеќето од вас веќе пропаѓате на овај начин...

Но, ако твоето срце навистина чука заедно со она на хуманоста, ако имаш слух за животот како вистински поет, тогаш газејќи низ ова море од тага чии бранови плискаат околу тебе, лице в лице со овие луѓе кои умираат од глад, во присуство на овие натрупани лешеви во рудниците и овие осакатени тела кои лежат во купови на барикадите, гледајќи ги овие долги редови на бегалци кои ќе изумрат во снеговите на Сибир и марширајќи по тропските острови; потполно разбирајќи ја оваа очајничка борба која се води, помеѓу болниот плач на поразените и оргиите на победниците, хероизмот во конфликт со кукавичлукот, чесната посветеност лице во лице со привлечната лукавост ти не можеш да останеш неутрален; ти ќе пријдеш и ќе ја прифатиш страната на угнетените, заради тоа што знаеш дека убавината, возвишеноста, духот на самиот живот се на страната на оние кои се борат за светлината, за човештвото, за правдата!

Конечно ме запираш!

„По ѓаволите!“ велиш. „Но, ако апстракната наука е луксуз и практикувањето на медицината е обично интригантство; ако законот создава неправда, и механичките изуми не се ништо друго туку средства за грабеж; ако училиштето, во несклад со мудроста на ’практичниот човек‘, е секако надминато; и ако уметноста без револуционерен идеал може само да дегенерира, што ми останува да правам?“

Е па, ќе ти кажам.

Огромна и многу возбудлива задача; работа во која твоето дејствување ќе биде во потполна хармонија со твојата совест, потфат способен за будење на највозвишените и најсилните одлики.

Каква работа? - ќе ти кажам сега.

Зависи од тебе дали континуирано ќе се бориш со својата совест, за на крајот, еден убав ден, да речеш: „Заборави ја хуманоста, доколку можам да имам многу задоволства и да уживам во нив до крај, сè додека луѓето се доволно глупави да ми го дозволуваат тоа.“ Или, уште еднаш неизбежната алтернатива, да се учествува со социјалистите и да се работи со нив на комплетна трансформација на општеството. Тоа е непобитната консеквенца која произлегува од анализите низ кои поминавме. Тоа е заклучокот до кој секој интелигентен човек, по сила на фактите, мора да дојде, претпоставувајќи дека тој искрено размислува за работите околу себе и дека ги напуштил софизмите кои неговата буржоаска едукација и ставовите од интерес му ги шепотат на уво.

Кога ќе стигнеме до овај заклучок, прашањето „Што треба да се направи?“ природно се поставува.

Одговорот е лесен.

Напушти ја оваа средина каде што се наоѓаш и каде што е модерно да се каже дека луѓето се ништо друго туку куп животни; придружи им сè на овие луѓе - и одговорот ќе дојде сам по себе.

Ќе видиш дека насекаде, во Англија исто како и во Франција, во Германија исто како и во Италија, во Русија исто како и во Соединетите Држави, насекаде каде што постои привилегирана и угнетена класа, работничката класа вложува огромен труд насочен кон трајно укинување на ропството поддржувано од капиталистичката феудалност и кон поставување на темелите на општество засновано на правичност и еднаквост. Денешниот човек повеќе не е доволно да ги искажува своите поплаки во некоја од оние песни чии мелодии ти го кршат срцето, какви што беа пеени од кметовите во единаесеттиот век и сè уште се пеат од словенскиот селанец; тој се бори заедно со своите пријатели работници за ослободување, со свест за тоа што го прави и против секоја препрека која ќе му биде поставена на патот.

Неговите мисли постојано се вежбаат разгледувајќи што би можело да биде направено, со цел животот, наместо да биде проклетство за три четвртини од општеството, да биде уживање за сите. Се зафаќа со најтешките општествени проблеми и се обидува да ги реши со помош на својот здрав разум, со својата моќ на набљудување, со своето тешко искуство. Со цел да постигне разбирање и со другите кои се мизерни како него, тој тежнее да формира групи, да се организира. Тој создава општество тешко одржувано со мали донации; се обидува да воспостави добри односи и со другите пријатели зад границите; и се подготвува за денот кога војните меѓу луѓето ќе бидат невозможни, што е многу подобро отколку ништожните филантропи кои сега се глупираат со модата наречена универзален мир. Со цел да дознае што работат неговите браќа, да има поблизок окнтакт со нив, за да ги разработува неговите идеи и да ги споделува со другите, тој создава - и тоа при какви оскудици, каков е тоа незапирлив напор! - свој, работнички весник. Најпосле, кога часот ќе дојде, тој се побунува, зажарувајќи ги улиците и барикадите со својата сопствена крв, продолжувајќи напред во освојување на оние слободи кои богатите и моќните, отпосле, ќе знаат како да ги корумпираат и да ги свртат повторно против него.

Какви бесконечни низи на вложен труд! Каква незапирлива борба! Колкава работа се започнува, одново и одново: понекогаш да се пополни празнината предизвикана од дезертерството - резултат на измореноста, корумпираноста, кривичното гонење; понекогаш за да заздрават разбиените сили десеткувани од плотуните и ладнокрвните масакри! Другпат за одново да се започнат изучувањата прекинати од сеопштиот колеж.

Весниците се создаваат од луѓе кои биле принудени со маки да се дограбат до парчиња од општественото знаење лишувајќи се себеси од храна и сон; агитацијата се одржува со мали донации одделени од сумата потребна за набавка на основните потребштини за живот; и сето ова под константна закана дека ќе си го види своето семејство редуцирано до најзастрашувачка мизерија, ако господарот дознае дека „неговиот работник, неговиот роб, е поврзан со социјализмот“.

Ова е тоа што ќе го видиш ако прошеташ меѓу луѓето.

И во оваа непрекината борба, колку пати работникот залудно не се запрашал, уморен од тежината на својот товар:

„Каде се тогаш сите оние млади луѓе кои беа учени на наш трошок? Оние млади кои ги храневме и облекувавме додека студираа? Каде се оние за кои, со нашите грбови подвиткани под нашите товари и со празни стомаци, ги изградивме овие куќи, овие универзитети, овие училници, овие музеи? Каде се луѓето за чие добро, ние, со нашите бледи, изморени лица, ги печатевме овие убави книги, од кои повеќето не ни можеме да ги прочитаме? Каде се тие, тие професори кои тврдат дека ја поседуваат човечката наука, и за кои самото човештво не е вредно ниту колку една ретка гасеница? Каде се луѓето кои постојано зборуваат со фрази за слободата и никогаш не размислуваат да ја крунисаат нашата слобода, која лежи изгазена под нивните нозе? Каде се тие, тие писатели и поети, тие сликари и скулптори? Каде е, со еден збор, целата банда на лицемери кои зборуваат за луѓето со солзи во очите, но кои никогаш, во никој случај, нема да се најдат себеси меѓу нас, помагајќи ни во нашата макотрпна работа?“

И каде се, навистина?

Некои се извлекуваат со крајно кукавичка рамнодушност; други, мнозинството, ја презираат „валканата банда“ и се спремни да удрат на нив ако се осмелат да допрат некоја од нивните привилегии.

Овде и онде, навистина, ќе ни пристапи некој млад човек кој сонува за тапани и барикади и трага по сензационални сцени, но ја напушта каузата на народот кога ќе сфати дека патот до барикадите е долг, дека работата е тешка и дека лауреатните круни кои треба да се освојат во кампањата се испреплетени со трње. Генерално, тоа се амбициозни шемаџии, без работа, кои не успевајќи во нивните првични напори, се обидуваат на овој начин да ги измамат гласовите на луѓето - со умилкување, но кои малку подоцна ќе бидат првите кои ќе ги отфрлат принципите кои им ги ветиле, кога луѓето ќе побараат да бидат имплементирани; можеби ќе бидат спремни и да ја свртат артилеријата и пушките против нив, ако народот се осмели да дејствува, пред тие, водачите на движењето, да дадат сигнал.

Додај ги пакосните навреди, надуениот презир, кукавичкото клеветење од големото мнозинство и ќе знаеш што луѓето можат да очекуваат деновиве, од повеќето од младите од горните и средните класи, од аспект на помошта за социјалната еволуција.

Но, тогаш прашуваш, „Што треба да правиме?“ Кога сè да се направи! Кога цела армија на млади луѓе ќе пронајдат многу за да го ангажираат целиот капацитет од нивната младешка енергија, целата сила на нивниот интелект и нивниот талент, за да му помогнат на народот во огромната задача која ја има преземено!

Што требало да направиме? Слушај.

Вие, вљубеници во чистата наука, ако сте заинтригирани од принципите на социјализмот, ако сте го разбрале вистинското значење на револуцијата, која и сега тропа на вратата, не гледате ли дека целата наука треба да се преиспита за да се постави во хармонија со новите принципи; дека ваша работа е да остварите, во ова поле, револуција многу поголема отколку онаа која беше остварена во осумнаесеттиот век? Не разбирате ли дека историјата - која денес е приказна на бабите за големите кралеви, големите државници и големите парламенти, дека самата историја треба да биде напишана од аспект на народот, од аспект на работата сработена од народот во долгата еволуција на човештвото? Дека социјалната економија која денес претставува само легализација на капиталистичкиот грабеж - мора да биде изработена одново, во нејзините фундаментални принципи, како и во нејзините безбројни апликации? Дека антропологијата, социологијата, етиката, мора да бидат потполно преиспитани и дека и самите природни науки, разгледувани од друг аспект, мора да издржат темелна модификација, исто и концепцијата на природниот феномен, а со респект во однос на методот на експозиција.

Добро, тогаш, да почнеме со работа! Ставете ги своите способности на располагање на добра цел. Особено помогнете ни со вашиот здрав разум во борбата против предрасудите и во поставување, со ваша синтеза, на основите на подобра организација; и уште повеќе, научете нè, научете нè во нашите секојдневни дискусии да ја применуваме бестрашноста на вистинските научни истражувања и покажете ни, како што ни покажаа вашите претходници, како луѓето се осмелуваат да го жртвуваат дури и својот живот за триумф на вистината.

Вие, доктори, кои сте го научиле социјализмот од горчливо искуство, кои не се уморивте да ни кажувате дека денес, утре и понатаму ќе се распаѓаме ако човекот остане во овие услови на егзистенција и работа; дека сите ваши медикаменти се бесполезни против болеста, сè додека мнозинството од човештвото вегетира во услови апсолутно спротивни на оние за кои науката тврди дека се здрави; убедете ги луѓето дека корените на болестите мора да бидат отстранети и покажете ни на сите што е неопходно за да се искоренат.

Дојдете со вашиот скалпел и дисецирајте го за нас, со мирна рака, ова наше општество, кое ита кон распаѓање. Кажете ни што рационалната егзистенција би можела и треба да биде. Инсистирајте, како вистински хирурзи, дека гангренозните екстремитети мора да бидат ампутирани кога има опасност да го заразат целото тело.

Вие, кои работите на аплицирање на науката во индустријата, дојдете и кажете ни искрено кои се резултатите од вашите откритија. Убедете ги оние кои не се осмелуваат храбро да маршираат кон иднината, какви сè нови пронајдоци носи во својата утроба знаењето кое сме го стекнале, што индустријата може да направи кога условите би биле подобри, што човекот со леснотија би можел да произведе ако секогаш на ум го има подобрувањето на производството.

Вие поети, сликари, скулптори, музичари, ако ја разбирате вашата вистинска мисија и вистинските интереси на самата уметност, дојдете со нас. Ставете го вашиот налив, вашиот молив, вашето длето, вашите идеи на располагање на револуцијата. Преставете ни ја иднината со вашиот елоквентен стил или вашите импресивни слики, херојската борба на народот против своите угнетувачи; запалете ги вашите младешки срца со револуционерен ентузијазам кој ги распламтил душите на нашите предци; кажете им на жените каква благородна кариера е онаа кога сопругот ќе го посвети својот живот на големата кауза на социјалната еманципација! Покажете им на луѓето колку е одвратен нивниот живот и ставете ја раката на причините за таквите грдотии; кажете ни како би изгледал стварниот живот ако не би бил на секој чекор запиран од глупостите и срамот на нашиот сегашен општествен поредок.

И на крај, сите вие кои поседувате знаење, талент, капацитет, индустрија, ако постои искра на милост во вашиот карактер, дојдете, вие и вашите пријатели, дојдете и ставете ги вашите услуги на располагање на оние на кои најмногу им требаат. И запомнете, ако веќе доаѓате, не доаѓајте како господари, туку како другари во борбата; дека не доаѓате да владеете, туку да соберете сила за новиот живот кој граби напред во освојување на иднината; дека повеќе доаѓате за да ги сфатите аспирациите на мнозинството, отколку да ги учите; да ги облагородите, да им дадете форма, и тогаш да работите без одмор и двоумење, со целиот младешки жар и со одлучноста на вашите години, за да ги остварите во практичниот живот. Тогаш, и само тогаш, вашата егзистенција ќе биде потполна и благородна. Тогаш ќе видите дека секој вложен напор на овој пат ќе ви носи плодови во изобилство и дека оваа сублиматна хармонија, помеѓу вашето дејствување и диктатот на вашата совест, еднаш воспоставена, ќе ви даде моќи за кои не сте ни сонувале дека ги поседувате.

Непрекината борба за вистина, правда и еднаквост меѓу луѓето, чија благодарност ќе ја добиете - каква поблагородна кариера би посакале младите од сите нации отколку оваа?

Ми требаше многу време за да ти покажам, разгледувајќи ги класите, дека во поглед на дилемата каков живот ти претстои, ќе бидеш присилен, ако си храбар и искрен, да дојдеш и да работиш рамо до рамо со социјалистите и да ја славиш во нивните редови каузата на социјалната револуција. А сепак, после сè, колку е едноставна оваа вистина! Но, кога некој им зборува на оние кои страдале од ефектите на буржоаската околина, колку многу софизми мора да бидат победени, колку многу предрасуди надминати, колку многу тенденциозни приговори отстранети!

Многу е лесно да се биде краток, денес, во обраќањето до вас, младоста на човештвото. Самиот притисок на настаните имплицира дека е потребно да станете социјалисти, без оглед колку малку храброст и причина за имате дејствување.

Да се издигнеш од редовите на работниците, а да не се посветиш на работата за триумф на социјализмот, значи да не ги разбереш вистинските интереси кои се во прашање, да се откажеш од каузата и вистинската историска мисија.

Се сеќаваш ли еднаш, кога беше сè уште само дете, кога еден зимски ден излезе надвор да поиграш во твојот темен двор? Студенилото ги штипеше твоите раменици преку твојата тенка облека, а калта го проби патот до твоите износени чевли. Уште тогаш, гледајќи ги дебелите, богато облечени деца како поминуваат во далечината, гледајќи те со презир, ти добро знаеше дека овие галеничиња, топло облечени, не беа еднакви со тебе и не беа твои другари, било по интелегенција, здрав разум или енергија.. Но, подоцна, кога беше присилен да замолчиш, во некоја валкана фабрика - од пет или шест часот наутро да остануваш дванаесет часови, до некоја вртлива машина, и самиот претворен во машина, да бидеш присилен да го следиш ден за ден, година за година, нејзиното движење, проследено со непрекината бучава - а во меѓувреме, тие, другите, мирно се школуваа во убави училишта, академии, по универзитетите. И сега овие исти деца, помалку интелегентни, но подобро школувани од тебе, станаа твои газди и уживаат во сите задоволства на животот и во сите предности на цивилизацијата. А ти? Каква судбина те очекува?

Се враќаш во мала, темна, влажна соба, каде пет или шест човечки суштества се притиснати во неколку квадратни метри; каде што твојата мајка, на која ѝ е смачено од животот, повеќе остарена од проблемите отколку од годините, како единствена храна ти понудува сув леб и домати и црна течност, во иронија наречена чај; и за да им избегаш на лошите мисли, го имаш вечното прашање, „како утре ќе му платам на пекарот, а задутре на газдата на станот?“

Што! Мораш ли да се влечкаш по таа уморна егзистенција како и твојот татко и твојата мајка, триесет и четириесет години? Мора ли да го претвориш својот живот во работа за да ги обезбедиш, за другите, сите задоволства што богатството, знаењето, уметноста ги нудат, а за себе да добиеш само непрекината нервоза, заради тоа што сè што можеш да добиеш е само парче леб? Ќе се убиваш ли од работа, а за возврат ќе добиваш само проблеми, ако не и мизерија, кога тешките времиња - ужасните тешки времиња - ќе те стигнат? Тоа ли го бараш од животот?

Можеби ќе се откажеш. Не гледајќи излез од твојата состојба, можеби ќе си речеш, „Цели генерации ја имале истата судбина, и јас, кој не може да промени ништо во однос на тоа, и јас исто така морам да се помирам. Да работиме тогаш и да се трудиме да живееме колку што можеме подобро!“

Добро. Во тој случај, тешкотиите на самиот живот ќе те облагородуваат.

Еден ден ќе се случи криза, една од оние кризи која не е само привремен феномен, какви што беа до предмалку, туку криза која ја уништува целата индустрија, која илјадници работници ги потопува во беда, која растура цели семејства. Ти се бориш, како и другите, против несреќата. Но, наскоро ќе видиш како твојата жена, твојот пријател, малку по малку, и подлегнуваат на немаштијата и пропаѓаат пред твоите очи. Токму заради недостигот од храна, недостигот од грижа и медицинска помош, ги завршуваат своите денови на скитничка носилка, додека животот на богатите поминува во развеселените толпи низ улиците на големиот град, болскотејќи под сончевите зраци - тотално незаинтересирани и рамнодушни на претсмртниот плач на оние кои пропаѓаат.

Тогаш, ќе разбереш колку е крајно револтирачко ова општество; ќе ги побараш причините за овие кризи и твоето истражување ќе стигне до самиот корен на овој парадокс, кој милиони човечки суштества ги остава на милост на бруталната алчност на една рака бескорисни ништожници; тогаш, ќе разбереш дека социјалистите се во право кога тврдат дека денешното општество може да биде, дека мора да биде, реорганизирано од врвот до дното.

Да преминеме од општата криза до твојот конкретен случај. Еден ден, кога твојот газда ќе се обиде, со ново намалување на дневниците, да исцеди од тебе уште неколку пенија, со цел уште повеќе да го зголеми своето богатство, ти ќе протестираш; но, тој вообразено ќе ти одговори, „Оди и јади трева, ако не сакаш да работиш за цената која јас ти ја нудам“. Тогаш, ќе сфатиш дека, твојот газда, не се обидува само да те потстриже како овца, туку на тебе дека гледа како и на некој инфериорен вид животно; дека, незадоволен само од тоа што те држи во својата непопустлива прегратка, со средствата на надничарскиот систем, тоја понатаму сака да те направи и роб, во секој аспект. Тогаш, или ќе се поклониш пред него, ќе се откажеш од своето човечко достоинство и ќе завршиш трпејќи го секое можно понижување; или, крвта ќе ти удри во главата, ќе отскокнеш од одвратната стрмнина по која се лизгаш надолу, ќе возвратиш остро, и, оставен без работа, на улица, ќе разбереш колку социјалистите се во право кога велат, „Побуни се! Стани против ова економско ропство!“. Тогаш, ќе дојдеш и ќе си го пронајдеш своето место во редовите на социјалистите и ќе работиш со нив на целосно уништување на сите ропства - економски, општествени и политички.

Еден ден, повторно, ќе ја слушнеш приказната за таа шармантна млада девојка, на чие весело држење, убави манири, радосен говор ти со љубов се восхитуваше. Борејќи се, години и години со немаштијата, таа го напуштила своето родно село заминувајќи во градот. Таа, иако знаела дека таму борбата за егзистенција сигурно е тешка, се надевала дека барем чесно ќе заработува за живот. Па, сега знаеш каква била нејзината судбина. Откако некој син на капиталист ѝ се додворувал, таа си дозволила себеси да биде заведена од неговите убави зборови и му се дала со целата младешка страст, за на крајот да биде напуштена со бебе во рацете. Храбра по карактер, таа воопшто не престанала да се бори; но, била скршена во оваа нерамноправна борба против студот и гладот и го завршила својот живот во една од болниците, никој не знае која...

Што ќе сториш? Повторно имаш две опции. Или ќе ги оттурнеш сите непријатни спомени со некоја глупава фраза. „Не е ни прва ни последна“, ќе речеш. Можеби, некоја ноќ, ќе раскажеш, во некоја јавна просторија, во друштво со други такви ѕверови како тебе, некоја валкана приказна, силувајќи го споменот на младата девојка; или, од друга страна, твоите сеќавања на минатото ќе го трогнат твоето срце; ќе се обидеш да се сретнеш со заводникот и да го обвиниш директно в лице; ќе ги пронајдеш причините за овие настани кои се случуваат секојдневно и ќе сфатиш дека нема да престанат сè додека општеството е поделено во две групи; од една страна несреќните, а од друга мрзливите - шарлатаните со нивните фини фрази и животински страсти. Ќе сфатиш дека е крајно време да се премости овој јаз кој раздвојува и ќе побрзаш да се најдеш себеси меѓу социјалистите.

А, ти, жено од народот, те остави ли ова ладна и незаинтересирана? Додека ја милуваш убавата глава на тоа дете кое се прилепува блиску до тебе, дали некогаш размислуваш за судбината која го очекува, ако сегашните социјални услови не се променат? Дали никогаш не се замислуваш над судбината која ѝ претстои на твојата млада сестра и сите твои деца? Дали посакуваш твоите синови исто така да вегетираат како што вегетираше твојот татко, со единствена грижа во денот како да се дојде до леб, со никакво задоволство освен од она во кафеаната? Дали посакуваш твојот маж, твоите деца, да бидат оставени секогаш на милост на првиот што ќе дојде, кој наследил од својот татко капитал со кој ќе ги експлоатира? Не си ли бесна поради тоа што ќе треба да бидат робови на газдите, храна за барутот, обично ѓубриво со кое се ѓубрат пасиштата на богатите ограбувачи?

Не, никогаш; илјадапати не! Знам добро дека вашата крв зовре кога слушнавте дека вашите мажи, откако излегоа на штрајк, полни со оган и одлучност, завршија прифајќајќи ги, со капите во рацете, условите диктирани од буржоазијата, закопана во тони од вообразени желби! Знам дека им се восхитувавте на оние шпански жени, кои во познатото востание ги покажуваа своите гради на бајонетите на војниците, во првите редови на востаниците. Сигурен сум дека со почит го спомнувате името на жената која смести куршум во градите на тој разбојнички функционер кој се обидел да силува социјалистички затвореник во нејзината ќелија. И сигурен сум дека вашите срца чукаат побрзо кога читате како жените работнички во Париз се собрале под дождот за да ги охрабрат „своите мажи“ за херојска акција.

Тогаш, секој од вас, искрени млади луѓе, мажи и жени, селани, работници, уметници и војници, ќе разберете кои се вашите права и ќе дојдете со нас; ќе дојдете со цел да работите без здив за револуцијата, која, отфрлајќи го секој белег на ропството, раскинувајќи ги оковите на парчиња, расчистувајќи со старите излитени традиции и отварајќи за сите нов простор за безгрижна егзистенција, на крајот ќе воспостави вистинска слобода, вистинска еднаквост, радосно братство во општеството: работа со сите, работа за сите - целосно уживање во плодовите од сопствената работа, комплетен развој на сите дисциплини, рационален, хуман и среќен живот!

Не дозволувај никому да ни кажува дека ние - само мала група - сме преслаби за да стигнеме до величествената цел кон која се стремиме.

Изброи и види колкумина од нас сме таму кои страдаат од оваа неправда.

Ние, селаните, кои работиме за другите и ја џвакаме сламата, додека нашите господари го јадат житото, само ние сме милиони луѓе.

Ние, работниците, кои вееме свили и кадифиња, за да на крајот се облечеме во партали, ние, исто така, сме голема толпа; и кога фабричкиот звук ќе ни дозволи момент на одмор, ние ги преплавуваме улиците и квартовите, како морето во пролет.

Ние, војниците, кои нè шетаат наоколу со командни зборови или со свирки, ние кои ги примаме куршумите за кои нашите офицери добиваат крстови и пензии, ние, исто така, сме биле сиромашки и будали, кои досега не знаевме за ништо подобро - освен да пукаме во нашите браќа, бидејќи треба на овие надуени и декорирани персони кои се толку вешти да нè командуваат, само да им погледнеме директно в лице, за да видиме како ужасно бледило им ги прекрива лицата.

Да, сите заедно, ние кои секојдневно страдаме и сме навредувани, ние сме толпа која никој не може да ја изброи, ние сме океанот кој може да го прегрне и проголта сето останато.

Само кога ќе имаме волја да го сториме тоа, тој ист момент Правдата ќе биде задоволена: тој ист момент тираните на Земјата ќе го изедат правот.