Даблин, 1986.

Одржав говор во ирското Друштво за научна фантастика и започна периодот за прашања.

„Верувате ли во НЛО?“ праша некој.

„Да, се разбира“, одговорив.

Поставувачот на прашањето, кој изгледаше прилично млад, потоа започна долг говор „докажувајќи“, барем на негово задоволство, дека сите НЛО „всушност се“ сончеви илузии или топлински инверзии. Кога конечно заврши, јас едноставно му одговорив:

„Е па, обајцата се согласуваме дека постојат НЛО. Разликата е во тоа што ти мислиш дека знаеш што се, а јас сè уште сум во недоумица.“

Еден постар господин со русо-бела коса и црвено лице извика со голем ентузијазам: „Жими Бога, господине, во право сте. И јас сè уште сум во недоумица во врска со сè!“

И така го запознав Тимоти Финеган (Timothy F.X. Finnegan), декан на Кралското sir Myles na gCopaleen aстро-аномалистичко друштво, далкиевец[1], повремен предавач на Тринити колеџот во Даблин и основач на Комитетот за надреалистичко истражување на тврдењата за нормалното (КНИТН).

Всушност, проф. Финеган ме зачлени во КНИТН уште истата вечер, во пабот Plough & Stars после нашата деветта или десетта кригла од најславниот ирски производ, linn dubh, на обичните смртници познат како Guiness.

Неодамна разбрав дека проф. Финеган починал, или барем си земале за слобода да го погребаат, и сметам дека светот загуби голем човек.

Меѓутоа, Комитетот за надреалистичко истражување на тврдењата за нормалното сè уште живее и заслужува повеќе внимание отколку што има добиено. Проф. Финеган постојано истакнуваше дека идејата за КНИТН потекнала од еден стар лик од Далки по име Шон Марфи (Sean Murphy), во пабот Goat & Compasses непосредно пред фајронтот на 23 јули 1973.

Всушност, започнало со двајца чешит луѓе по име Обрајан и Нолан кои муабетеле за времето. „Ужасен дожд и ветер за ова време од годината“, започнал Обрајан.

„Ах, верувања“, одговорил Нолан, „Јас не верувам дека сега воопшто е ова време од годината“.

На што, Марфи се надоврзал. „Ах, Исусе“, рекол, „Никогаш не сум видел проклето нормален ден.“ Направил пауза за да го остави пивото, па промислено додал, „И никогаш не сум видел ни просечен човек, да го ебам.“

(Во записите не се појавува ништо друго за Шон Марфи освен забелешка додадена од проф. Лапута дадена од некоја си Нора Долан, домаќинка од соседството: „Тој Марфи никогаш ништо нема работено освен станувањето од подот и повторното сместување на шанк столицата откако ќе паднеше, а и тоа го правеше само двапати во една вечер.“)

Но едноставните зборови на Марфи запалиле искра во комплексниот ум на Тимоти Финеган кој штотуку го завршил своето четиринаесетто пиво (де Селби вели неговото петнаесетто). Следниот ден Финеган ги напишал првите две страници од нацртот за новата наука наречена патапсихологија, термин скован во чест на изумувањето на патафизиката од страна на Алфред Жари (Alfred Jarry).

Написот на Финеган започнува со наелектризираната реченица, „Просечниот Канаѓанин има еден тестис, исто како Адолф Хитлер - или, поточно, просечниот Канаѓанин има 0,96 тестиси, уште потажна состојба од онаа на Хитлер, доколку просечното нешто воопшто постои.“ Потоа продолжува демонстрирајќи дека просечниот човек живее во субстанардни услови во Азија, има 1,04 вагини, не знае да чита и пишува, неухранет е и никогаш не слушнал за Силкен Томас Фицџералд (Silken Thomas Fitzgerald) или Бриан Бору (Brian Boru). „Нормалното“, заклучува тој „се состои од безвредни параметри во кои никој и ништо не може вистински да припаѓа.“

Оттаму потекнува науката патапсихологија, најтрајниот и најомилен придонес на проф. Финеган кон светот - настрана од компјутерски зголемените фотографии од Ликот на Марс со кои се трудеше да докаже дека Ликот го претставува Мојше Хорвиц (Moishe Horwitz), неговиот доживотен ментор и идол. Се разбира, ова продолжува да биде мошне контроверзно, особено меѓу следбениците на Ричард Хоагленд (Richard Hoagland), кои веруваат дека Ликот повеќе личи на Сфинга, како и меѓу оние кои инсистираат дека личи на Елвис Присли и тапчовците за кои тоа се само куп камења.

Не треба да се помеша патапсихологијата со парапсихологијата, иако токму ова недоразбирање ги инспирираше долгите и злобни напади против Финеган од проф. Шајзенхосен (Sheissenhosen) од Хејделберг. (Нема потреба да се истакнуваат тврдењата на хер доктор Хамбургер дека Шајзенхосен исто така му испратил и три писма-бомби на Финеган во 1982, ’83, и ’87. Човек верува дека дури и во најжестоките академски дебати треба да се задржат некои граници на достоинство).

Шајзенхосен наводно верувал дека „парапсихологијата“ претставува неиспровоциран напад на неговиот јазик и мисла, и дека Финеган често напаѓал од сенка; тој дури се сомневал дека магот од Далки се криел зад громогласната смеа, иако ова последното физиолошки е невозможно. (Јас еднаш се обидов и сфатив дека тоа ме прави повеќе видлив, а не помалку). Всушност, Шајзенхосен никогаш не ја поправи својата првична грешка на погрешно читање на патапсихологијата. Повеќе за контроверзата меѓу Шајзенхосен-Финеган-Лапута-Хамбургер ќе најдете во де Шелбиевата Finnegan: Enigma of the Occident, Турнеровата Finnegan: Homme ou Dieu? и/или Шајзенхозеновата Finneganusmus und Dummheit (6 тома).

Патапсихологијата започнува од Марфиевиот закон, или како што Финеган ја нарекува, Првата аксиома - адаптирана од Шон Марфи. Таа вели, цитирам: „Нормалното не постои. Просечното не постои. Ние знаеме само за многу голема, но веројатно конечна маса на засебни простор-време настани со кои сме се сретнале и сме ги доживеале.“ Во помалку технички јазик, бордот на Колеџот по патапсихологија нуди еден милион ирски фунти (околу 700.000 американски долари) на секој „нормалист“ кој може да прикаже „нормално зајдисонце, просечна Бетовенова соната, обична Playmate на месецот, или какво било нешто или настан во простор-време што може да се квалификува како нормално, просечно или обично.“

Во свет каде што не постојат два идентични отисоци на прсти, и каде што нема два идентични мозоци, и каде што електронот не изгледа идентичен дури ни на самиот себе од една наносекунда во друга, се чини дека патапсихологијата стои на цврсти нозе.

Ниту еден нормалист досега не успеал да покаже сосема нормално куче, просечна мачка, па дури и обично врапче. Обидите да се пронајде просечна рајска птица, обично хаику, па дури и нормален кардиолог, безуспешно пропаднале. Нормалното, просечното, обичното, па дури и типичното, постојат само во статистиката, т.е. во човековата математичка свест. Тие никогаш не се појавуваат во екстерното простор-време, кое се состои само и секогаш од ненормални настани и ненормални низи.

Оттука, освен ако не сте неписмен и неухранет Азиец со точно 1,04 вагини и 0,96 тестиси и не живеете во субстандардни услови, не можете да бидете окарактеризирани како нормални туку како абнормални, субнормални, супернормални, паранормални или некоја друга варијатна на ненормални.

Препредниот овде ќе го воочи препознатливиот келтски импулс да крева врева околу сè што изгледа очигледно и непобитно за Саксонците, бакалите и останатите фундаменталистички материјалисти. Патапсихологијата ја следи славната традиција на Свифт, кој еднаш со хороскоп докажал дека астрологот по име Партриџ (Partridge) умрел, иако Партриџ на писмено продолжил да го одрекува тоа; на бискупот Беркли (Berkeley), кој докажал дека универзумот не постои, но дека Бог има трајна илузија дека тој постои; на Вилијам Роуан Хамилтон (William Rowan Hamilton), коj ја изумил некомутабилната алгебра во која p помножено со q не е еднакво на q помножено со p; на Вајлд, кој запрашал дали академските коментатори на Хамлет навистина полуделе или само се преправаат дека полуделе; на Џон С. Бел (John S. Bell) кој математички докажа дека ако кој било универзум се совпаѓа со равенките на квантната математика тогаш тој универзум мора да има нелокални корелации слични на Јунговите синхроницитети; итн.

Со оглед на тоа дека во патапсихолошкиот модел нормалното не постои, повеќето генерализации, особено оние за нематематичките групи, исчезнуваат заедно со него. Монорхоидниот г-н Хитлер, на пример, не би можел да генерализира за „Евреите“ во патапсихолошкиот модел, бидејќи прво ќе мора да најде нормален или просечен Евреин, што би било невозможно да се пронајде и да се прикаже исто како и идеалниот платонски Евреин (или идеалната платонска фарма за кокошки заедно со идеалните платонски кокошкини гомца).

Како што Корзибски (Korzybski) семантичарот има кажано, сè што можеме да најдеме во простор-времето се состои од Евреин-1, Евреин-2, Евреин-3 итн. Сè до Евреин-n. (За нематематичарот тоа значи список кој се состои од Аврам, Сара, Мојсеј, Рут, Исус, Вуди Ален, Ричард Бандлер, Феликс Менделсон, Зигмунд Фројд, Полет Годар, Бети Грабл, Ноам Чомски, Бернард Барух, Пол Њумен, Дева Марија, Алберт Ајнштајн, Лилиан Хелман, Барон Ротчајлд, Аин Ранд, Макс Епстин, Ема Голдман, Сол Билоу, итн., итн., итн. сè до конечното набројување на сите Евреи живи и умрени.) Сите тие, при проверка, ќе имаат различни отисоци, различни мозоци, различни невроимунолошки системи, различни очи, уши, носеви итн., различни животни истории, различно образование итн., различни карактери, хобија, страсти итн.... и никој нема да служи како норма или идеална форма за сите други.

Поинаку кажано, светската еврејска популација броела околу 10 милиони кога Хитлер ги формирал своите генерализации. Не е можно да познавал повеќе од најмногу 500 од нив доволно добро за да може да генерализира за нив; имајќи ги предвид неговите поранешни предрасуди, тој веројатно познавал многу помалку. Но земајќи ја бројката од 500 како една висока претпоставка, дознаваме дека тој генерализирал за околу 10 милиони личности врз основа на знаење ограничено на околу 1:20.000 или 0,00005% од нив.

Оттука, се чини дека нацизмот можеби и не би постоел доколку Хитлер ја знаел разликата меѓу нормите или просеците (внатрешни претпоставки, подложни на грешки поради недоволна истраженост или лични предрасуди) и збирот од ненормални настани и нешта (вклучувајќи и луѓе) кои се наоѓаат надвор во сетилниот простор-време континуум.

Слично на тоа, човечката машка популација моментално изнесува 3 милијарди 3 милиони 129 илјади, повеќе или помалку (3.004.129.976, последен пат кога ја проверив интернет страницата на World Game Website пред некое време). Од овие 3+ милијарди индивидуи, Робин Морган (Robin Morgan), Андреа Дворкин (Andrea Dworkin) и други радикални феминистки веројатно не знаат повеќе од 500 врз основа на кои би направиле генерализации. Тоа значи дека рад-фем догмата се состои од претпоставки за околу 3 милијарди живи суштества заснована на испитување на помалку од 0,00000001 % од нив. Ова е уште понеодговорна употреба на генерализација од онаа на Хитлер за Евреите. Не може ништо полесно да се најде машката норма за Ганди, генерал Џорџ Кастер, Буда, Бил Клинтон, Луј Пастер, Кунг фу цу, Бруно, Отец Демјан, Тед Банди итн., отколку што можете да ја најдете еврејската норма за Ема Голдман, Харпо Маркс, Феликс Менделсон, Спиноза, Барбара Стрејсенд, Натаниел Бранден, Ема Лазарус, Џери Сајнфелд итн.

Сега знаете како се појавил зборот „феминаци“. Обете идеологии имаат силен изоморфизам. Обете ја мешаат теоретската норма со широкиот спектар на различни индивидуи - и обете немаат поим како да создадат толерантна научна норма (која сепак ќе се разликува во многу аспекти од актуелната низа на индивидуи што нормата наводно ја опфаќа).

КНИТН секаде ја употребува истата деконструктивна логика.

На пример, да се вратиме на нашата почетна поента, без оглед на вашата идеја за „нормален“ НЛО - без оглед дали тоа го сметате за вселенски брод, тајно оружје на американската влада, измама или халуцинација итн. - таквата воопштена идеја ќе ве направи неспособни да создадете вистинско објективно гледиште за следниот НЛО што ќе се појави. Единствениот начин да се спречат таквите предвремени судови се наоѓа во патапсихологијата (и општата семантиката). Мора да ја запомните разликата помеѓу индивидуалниот и непредвидлив настан што се нарекува НЛО и вашите минати генерализации за „НЛО“ или за „нормалното НЛО“.

Инаку само ќе забележите како тоа НЛО се вклопува во вашето идеално НЛО и несвесно ќе игнорирате како всушност тоа се разликува. Овој механички рефлекс ќе го задоволи вашето его, ако сакате да мислите дека знаете повеќе од другите луѓе, но ќе ѝ наштети на вашата способност да набљудувате и размислувате внимателно.

Луѓето што мислат дека знаат сè за Евреите или мажите или НЛО никогаш не гледаат вистински Евреин, маж или НЛО. Тие ја гледаат генерализираната норма што постои само во нивниот сопствен ум. Никогаш не знаеме „сè“ - знаеме само она што јас го нарекувам нешносе, нешто-но-не-сè. Ова се однесува исто така и на кучињата (патапсихологот нема да каже „ги сакам“, „ги мразам“, „се плашам од нив“ итн.), и на водоводџиите, шефовите, десничарите, левичарите, мачките, гуштерите, ситком комедиите, куќите, шајките, сенаторите, водопадите и сите други разновидни збирови или групи.

Јас лично секоја недела гледам по два-три НЛО. Тоа не ме зачудува, ниту пак ме уверува во теоријата за вселенски бродови, бидејќи исто така секоја недела гледам и по два-три ННЛО - неидентификувани нелетечки објекти. Тие остануваат неидентификувани (од мене) бидејќи минуваат пребрзо или изгледаат како ѕвезди или изгледаат толку чудно што не знам дали да ги класифицирам како ежеви, духови или хеликоптери - или ѕвезди или сателити или вселенски бродови - или како ѓаволчиња или комбиња за разнесување пица или бранови на веројатност. Се разбирa, исто така гледам нешта кои сметам дека слободно можам да ги идентификувам како ежеви или ѕвезди или сателити или комбиња за пица, но светот содржи сè повеќе и повеќе настани кои не можам да ги идентификувам целосно и догматично со ниту една норма или генерализација. Живеам во спектрум од можности, неизвесности и чуда.

Можеби таков станав проучувајќи го делото на Финеган. Или можеби едноставно сум испил премногу linn dubh додека живеев во Ирска.

Слава му на Тим Финеган!

[1] Dalkey - предградие на Даблин. (заб. на прев.)