Наслов: Бедниот идеал на демократијата
Датум: 2001
Извор: Willful Disobedience, Volume 2, number 5, 2001. theanarchistlibrary.org
Забелешки: Наслов на оригиналот: The Paltry Ideal of Democracy. Превод: Стефан Симоновски, 2004.

Последниве години демократскиот идеал успеа да оствари глобална доминација. Толку различни организации и институции, како што се владата на САД, Ослободителниот фронт на Запатистите (EZLN) и Обединетите нации, повикуваат на уште поголема демократизација, како на локално, така и на глобално ниво. И на многумина кои себеси се сметаат за револуционери им успеа да се вклопат во тој хор од овчари и стадо. Се работи за вистински мит, во кој божицата Демократија, следена од една страна од Слободата, а од друга од Правдата, носи мир и благосостојба во целиот свет.

Се разбира, стварноста никогаш не е онаква каква што се прикажува во митовите преку кои се потврдува себеси. Идеите, перспективите и општествените системи кои ги промовираат владетелите на сегашното општество, се оние кои служат да ја одржат и зголемат нивната моќ. Имајќи го тоа предвид, оние кои се стремат кон уништување на општествениот поредок, на демократијата треба да гледаат со осато и продорен поглед со цел да ја разоктријат нејзината вистинска природа. Всушност, ќе откриеме дека таа „божица“ е суров измамник кој го поттикнува нашето подјармување на господарите на моќта.

За да се сфати за што навистина служи демократијата, треба да се сфати природата на државната власт во нејзиниот сегашен облик. Во последните години државната власт значително е децентрализирана. Но тоа не значи дека централната власт постепено преоѓа во раце на сè поголем број луѓе. Напротив: системот на управување само е проширен на целата општествена територија преку сè поразуздан и посложен техно-бирократски апарат. Тој апарат го сочинува општественото и физичкото тело на демократската држава.

Демократијата е политички облик најдобро прилагоден на потребите на капитализмот. На капиталот истовремено му е потребна популација која е под контрола и која доброволно учествува во системот. Во ова можеме да ја препознаеме дефиницијата на совршен потрошувач. Оттаму, не треба да зачудува тоа што реализацијата на глобалниот капиталистички проект оди напоредно со создавањето и зајакнувањето на демократски држави во целиот свет.

Фактот дека демократскиот систем служи за зајакнување на власта станува уште поочигледен при анализа на природата на демократската партиципација. Демократијата почива на претпоставката дека „општото добро“ (или „најголемото добро за најголемиот број луѓе“) има предност над желбите и потребите на поединецот. Оваа колективистичка претпоставка досега наназад сè до најраните денови на капитализмот, а се појавува и во списите на водечките утилитаристички филозофи како што се Џон Стјуарт Мил и Џереми Бентам. Затоа е потребно процесите на одлучување и делување да бидат раздвоени. Донесувањето одлуки и нивното спроведување мора да биде одвоено, бидејќи единствено тоа го гарантира остварувањето на „општото добро“.

Но што е тоа „општо добро“? Во практика, тоа често е „добро за никого“. Во демократската практика потрагата по „општо добро“ се сведува на доведување на иста маса на претставници од сите заинтересирани страни, кои потоа започнуваат макотрпен процес на преговорање и постигнување компромис. Но каква е вистинската природа на тој компромис? Секој се откажува од нешто, се одрекнува од ова или она барање, жртвува нешто трето, сè додека она што навистина се сакало сосем не исчезне во маглината на демократското „добро за сите“. Таква е еднаквоста која ја гарантира демократијата: секој ја напушта преговарачката маса подеднакво разочаран, подеднакво незадоволен, тешејќи се единствено со помислата дека и тие другите загубиле исто толку. На крај, единствениот добитник е двоглавото чудовиште Власт: државата и капиталот.

Одвојувањето на одлучувањето од делувањето, преку процес на преговарање и постигнување компромис, го има за последица општото изедначување на идеи. Ако идеите не можат да се живеат во практика, испробуваат на тлото на стварниот живот, тогаш ја губат сета виталност. Кога, наместо тоа, тие ќе се најдат како влог на преговарачка маса, во обид да се пронајде заеднички јазик, тоа води кон создавање дводимензионален облик на мисла кој добро се вклопува во базичната бинарна логика. Така настанува демократското мислење, поглед на светот кој може да се измери преку анкети или преку процес на гласање. Вака изедначените идеи се само уште една стока на капиталистичкиот пазар. Тоа е контекстот во кој се одвива демократскиот дијалог, контекст во кој ја губиме способноста да изразиме нешто што навистина ни значи, нешто живо, нешто длабоко и исполнето со страст. Демократскиот систем може слободно да го гаранатира правото на „слобода на изразување“, бидејќи таа можност однапред ја блокирал.

Овој процес на изедначување на идеите е започнат одамна, но сеопштиот развој на масовните медиуми создаде технолошки предуслови за негово драстично интензивирање. Како што самиот живот е сведен на работа и потрошувачка, така и сите останати секојдневни активности на луѓето стануваат стандардизирани и лишени од секаква осмислена, лична перспектива. Медиумите стануваат главен извор на информации за она што е значајно, за тоа што „навистина се случува“, што треба да правиме, како да се изразуваме и мислиме, итн. Процесот на одвојување на одлучувањето од делувањето тука целосно се затвора. Во печатот читаме за политичката ситуација, на ТВ гледаме слики од војни, а Националното радио не известува за малверзациите на оваа или онаа голема корпорација. Секој може во врска со тоа да донесе свој сопствен суд и да го искаже во безбројни анкети, писма до уредници или конгресмени, на избори. Но сите тие мислења никогаш не водат кон некаква вистинска акција, која по себе носи каков било ризик. Најпосле, сите тие мислења се засноваат на приказни од весници, ТВ и други медиуми, од кои претходно е отстранет секој знак на живот. Сè што гледаме изгледа далечно и нестварно. Истовремено, нашите животи сè повеќе се затвораат во клаустрофобична перспектива на работа и заработување за живот.

Мислењето, идеја испразнета и одвоена од животот, ни дава илузија на слобода. Најпосле, кој ми брани да го искажам своето мислење? И мојот збор може да се слушне. Тоа е наводната убавина на демократијата. Сиот процес на производство на вакво мислење, преку одвојување на одлучувањето од делувањето, создава основа за кафеански муабети и истражување на јавното мнение, но и услови за општ консензус преку кој демократијата се оправдува себеси. Таа се претставува како единствен политички систем кој дозволува дискусија за сите политички опции. Тоа дека при ваквата поставеност исходот на сите тие дискусии е однапред познат, би требало да биде очигледно. Она што е помалку очигледно е опцијата која и не се зема предвид: отфрлањето на секој политички систем.

Од сето ова би требало да биде јасно дека зад демократијата стои една поинаква програма. „Општото добро“, кое фигурира како апсолутен општествен прироритет, е добро на актуелниот, владејачки поредок. Што имаме сите ние заедничко освен фактот дека сме искористувани и потчинети на тој поредок? Затоа служењето на „општото добро“ е само служење на условите на сеопшто искористување и потчинување. Давејќи нè во овој процес на фиктивна партиципација, демократијата се покажува како најтоталитарниот политички систем кој некогаш постоел. Нашите животи се подредени на наметнати цели, во мера во која ниту еден друг политички систем не успеал да го оствари тоа.

Тоа е значи демократија: постоење лишено од секаков смисол и виталност, сведено на бескрајно повторување на активности кои самите ние не сме ги избрале и компензирано со правото за бескрајно дискутирање за сè над што немаме никакво влијание. Приказната за револуција која би требало да оствари еден таков беден идеал може да води единствено кон уште една бедна револуција. Да се доведува анархијата во врска со тој идеал, значи таа идеја да се лиши од секаква страст, сè што ја прави скапоцена и да ја претвори во играчка за академици и теоретичари на културата. Нашата револуција на може да почива на таа беда. Таа може да извира само од најлудите сништа на оние кои не се подготвени да прават никакви компромиси во врска со своите животи.