Наслов: Радикалната теорија: рушител на кули од слонова коска
Датум: 1993
Извор: Anarchy: A Journal of Desire Armed No. 38, Fall 1993. theanarchistlibrary.org
Забелешки: Наслов на оригиналот: "Radical Theory: A Wrecking Ball for Ivory Towers". Превод: Стефан Симоновски, 2004.

Се чини дека за многу авторитарни интелектуалци стана вообичаено на радикалната теорија да гледаат како на дел од некаква академска потрага. Од една страна, го имаме случајот на идеолошки активисти кои сите оние кои критички го анализираат општеството, па оттаму и нивната активност, ги обвинуваат како салонски интелектуалци и академици, и тоа на начин кој секогаш по малку ги надминува најновите достигнувања до кои се стигнало во уметноста на справување со слоганите. Од друга страна, тука се оние кои своите скромни приходи на академски интелектуалци ги надополнуваат со пишување на критички осврти на сметка на општеството, левицата, па дури и сопствените професии, но на така апстрактен и далечен начин што тоа губи секаква врска со нивните сопствени животи. Ваквите „радикални“ интелектуалци и антиинтелектуални активисти во иста мера го одржуваат дискурсот на општеството. Радикалната теорија е на друго место.

Радикалната теорија извира од чувството за бунт, чијашто основна претпоставка е дека општеството во коешто живееме ги оштетува нашите животи. Бидејќи сме научени не да мислиме, туку да „имаме мислење“, многу лесно може да ни се случи да се откажаме од оваа основна претпоставка приклонувајќи се кон оваа или онаа „радикална“ идеологија, давејќи се во пригодни слогани и земајќи учество во бесмислен активизам (поточно ­ре-активизам), кој потскокнува и ѓуска протестирајќи против сѐ и сешто, но кој никогаш не ги напаѓа самите корени на општеството. Сум слушал анархисти кои заговараат „класна војна“ (при што многу од нив доаѓаат од средната класа) и кои ги оправдуваат овие глупости со тврдењето дека секој обид малку попрецизно и критички да се размислува претставува израз на класна привилегија - дури и кога оние кои се обидуваат во тоа се нематурирани гимназијалци. Но, во глупоста нема ништо радикално, исто како што во слоганите нема вистинско мислење, макар тоа да се и анархистички слогани.

Радикалната теорија е обид да се објасни општеството како сложен систем од односи, начинот на кој самото се репродуцира себеси и индивидуата како дел од општетсвото, како и да се пронајдат начини да се избегне општествената контрола, да се земе животот во сопствени раце и да се тргне по патот на самоостварување. Тука нема место ниту за академските кули од слонова коска, ниту за бесвесниот идеолошки ре-активизам.

Ако тргнеме од тоа дека општеството ги осиромашува нашите животи, тогаш само еден чекор нѐ дели од сознанието дека симплицистичките слогани, кои често се пласираат под етикетата на радикална мисла, претставуваат дел од тоа осиромашување. Тие не потценуваат како индивидуи, наметнувајќи се како замена за мислата и имагинацијата. „Уништете ја власта!“, можеби звучи убаво, но тоа е сѐ. Тој слоган ништо не ни кажува за природата на власта, за нејзината врска со нас, за нејзините проекции и тенденции, ниту пак за тоа како навистина можеме да ја уништиме. Тоа е причината зошто оние кои тој слоган го сметаат за вистинска анализа на состојбата непрекинато ги повторуваат истите бесмислени и блуткави акции, за кои уште одамна е докажано дека само ја зајакнуваат власта, како дел од општествениот ритуал во кој, со нив во улога на псевдоопозиција, бунтот е лесно да се задуши.

Можноста да се мисли подалеку од слоганот е тука, на дофат на раката; доволно е само да се направи пресврт на перспективата. Ако општеството ги осиромашува нашите животи, тогаш тука нема ништо за нас, па оттаму ниту причина на тој апсурден систем да му дозволуваме и понатаму да одредува како ќе гледаме на светот, прифаќајќи ја неговата перспектива или само реагирајќи на неа. Наместо тоа, токму обидот животот да се направи што поисполнет и поинтензивен, а што неминовно доведува во судир со општеството, треба да претставува основа за постојана анализа на општеството и нашиот однос кон него; таквата анализа би требало за нашата мисла и имагинација да бидат постајан предизвик и инспирација, како и поттик за активен бунт против постоечкото општество и тоа во секоја прилика која ни ја овозможува секојдневниот живот. Таа анализа не смее да биде статичен збир од идеи и принципи, туку составен дел од дијалектиката на мислење и живеење на побунетата, самоостварувачка индивидуа. Како таква таа може да биде единствено составен дел од делувањето, а не некоја засебна, специјализирана дејност. Нејзиниот пишан израз (кој не треба да се меша со самата анализа) бара развивање на еден јазик кој истовремено е прецизен и флуиден, сосредоточен и разигран. Јас сум уште далеку од тоа, но тоа е начин на изразување кој сакам да го развијам. Јазикот со кој пишувале ситуационистите, особено Дебор и Ванејгем за време на Ситуационистичката интернационала, одговарал токму на оваа цел. Но оние кои тежнеат да развијат таков јазик, љубителите на слогани знаат единствено да ги обвинат за „интелектуализам“, иако единствено таквиот јазик може на теоријата да ѝ пружи облик во кој таа ќе се оттргне од доменот на интелектуалците-специјалци и ќе стане дел од еден активен бунт.

Радикалната теорија е дел од еден начин на живот кој им се заканува на сите кули од слонова коска. За неа тоа се само безживотни кулиси. Идеолошкиот активизам за неа е само плитка, бесмислена РЕакција. Со други зборови, теоретичарот кој не живее како бунтовник не кажува ништо што за нас би имало некаква важност, исто како што и активистот кој одбива да мисли критички не прави ништо вредно за помен. Радикалната теорија е мисла страсно интегрирана во еден бунтовнички живот, и учење, макар и бавно, истовремено да се изразуваме јасно и флуидно. Така развиената мисла, во состојба е да сече како и најострото сечиво.