Да се затвори човечко битие во неколку квадратни метри, со месеци, со години. Да се надгледува, понижува, да му се одземат емоциите. Затворот е злоставување. Но, сепак е неопходен за ова општество. Би можеле дури да кажеме дека затворот не е само еманација на државата која настојува да ги сузбие и изолира „девијантните“, неприлагодени, одвишни или непожелни човечки битија. Напротив, тој е составен дел од општеството. Ако погледнеме подобро, би можеле да кажеме дека затворот не е продолжение на општеството, туку дека општеството е продолжение на затворот. Затворот во кој ќелиите се само највоочливиот и најбруталниот аспект на системот, кој сите истовремено нѐ претвора во соучесници и жртви, во заложници.

Овој текст е кратко патување низ „квартовите и одделите“ на нашиот свет, патување кое не сака да биде научна експедиција, кое само сака да укаже на одговорноста, затоа што неправдата поседува име, лице и адреса.

Укинувањето на затворот е назамисливо без укинување, или подобро кажано уништување, на сегашните општествени односи. Аргументацијата на укинувањето на државната изолација со тврдењето дека затворите не постоеле отсекогаш (со оглед дека се современа творба) не води, во најдобар случај, никаде, а во најлош (како што често бидува) води кон создавање теории на кои цел им е реинтеграција на „девијантните“ поединци во општеството преку алтернативни присилни мерки. Што во суштина значи да се предложи надминување на затворот преку присилно „повторно прилагодување“ на поединецот по пат на негово вклопување во процесот на културно, морално и интелектуално превоспитување. Односно, преку дефинитивно уништување на слободната волја. Модерната држава веќе направи многу чекори во таа насока и затоа сигурно не ѝ е потребна помош во облик на демократски аболиционизам. Занданите, камшиците и систематските телесни казни (иако целосно не се исчезнати) заменети се со посуптилни методи на присила чијашто цел е, освен искупување на телото, уништување на умот. Психијатризацијата на затвореникот, „ресоцијализацијата“ преку општествена работа, надѕорот на социјалниот работник, технолошките изуми како електронската нараквица, сето тоа се механизми кои го кршат отпорот и кои „девијантната“ личност ја претвораат во полицаец на самата себе. Преку наведената принудна насока, можемо многу лесно да забележиме до која мера ѕидовите на затворот го стегаат целото општество.

Ако затворот го поимаме како генерализација на казната на индустриско ниво, ќе го доживееме како израз на политичкиот и економскиот систем, а не како неизбежен елемент на општеството. Кога неговата еволуција ќе мора да се прилагоди на новите политички и економски услови и потреби, власта спремно ќе го надгради. Во суштина, човекот не се ослободил од ропството, мачењето и бесилката, туку политиката ја прилагодила својата присила и казнени средства на потребите на производството (идеолошко и пазарно). Што не подразбира исчезнување на затворот. Напротив, и историјата ни покажува дека оковите на присилата стегаат сѐ повеќе како што сликата на „присилата“ станува сѐ позамаглена и понеопиплива.

Оттаму, ако тргнеме од претпоставката дека затворот е условен од ова општество и дека моментално му е неопходен на денешниот систем на власт, јасно произлегува дека уништувањето на затворот мора да биде проследено со уништување на денешните општествени односи. [...] Сегашните економски услови и тоталитарната насока на власта, сите сиромави ги претвораат во потенцијален иден „плен“ за затворите. Старата поговорка „ако зрешиш, плати“, иако присутна во идеологијата на ограничениот граѓанин, во голема мера е надмината од фактот дека: вината повеќе не ја одредува само изборот на законска или незаконска постапка, туку и едноставното припаѓање на одредена класа. Законодавните стеги кои секојдневно сѐ повеќе се стегаат околу сиромавиот, јасно покажуваат дека сиромаштвото е инкриминирано и прогонето, а не само делото. Со зголемување на бројот на сиромави расте и бројот на кривични дела во казнениот законик. Во денешното општество ликот на криминалецот речиси е исчезнат, за да му го отстапи своето место на виновникот. Затоа сите ние, жителите на општеството-затвор, осудени сме да бидеме заменливи и да гниеме зад бодликавата жица: без оглед дали се работи за ќелија, центар за азиланти, психијатриска болница или за центар за депортација, сеедно. По таа логика, воопшто не изгледа парадоксално што со ширењето на насилството (симптом на граѓанската планетарна војна) не е само насилството толку казниво (со оглед дека не е закана туку животна лимфа на сегашната состојба), колку што тоа е простото постоење и битисување. Луѓе се казнуваат и затвораат (а често и елиминираат) само затоа што се сиромашни, па оттаму и непотребни на производната и трговска машинерија, а не затоа што навистина претставуваат закана со своето противзаконско дејствување. Затоа секојдневниот живот во затворите, општествените односи помеѓу затворениците, стражарите, управителите и нивната интеракција, не почиваат толку на присила колку на повторното создавање на истите оние отуѓени општествени односи кои постојат од оваа страна на решетките.

Имбецилноста на витезите на „човекови права“ се истакнува со тврдењето дека затворската казна подоцна предизвикува полошо однесување на поединецот на слобода. Наведената теза го прикажува затворот како школа за насилство и дивјаштво. Низ овие ставови може да се согледа блискиот однос помеѓу овие „добри души“, човековите права и системот кој ги опкружува. Насилството не влегува од затворот во општеството, се случува токму спротивното: хиерархискиот систем, злоупотребата на власта, маскилизмот и потчинетоста во односите помеѓу затворениците се еднакви на односите кои секој од нас ги доживува во општеството-затвор. Затворот само го одразува она што се наоѓа надвор. Ако сакаме да ги бараме причините за отуѓените односи во затворот, тој ќе стане сѐ, севкупна егзистенција и човечки битија контаминирани од заточеништво. Ако под затвор подразбираме вршење присила над тела и умови, отуѓеност на чувствата, наметната хиерархија и принудно покорување на законите (морални, правни, обичајни), станува очигледно дека преживувањето на кое сме осудени се одвива внатре еден затвор, меѓутоа, околу кој не постои надвор.

Од најрани години „цивилизираните личности“ почнуваат да ја служат својата казна внатре општеството-затвор и на тој начин таквиот живот им станува правило. Таканареченото воспитување во институциите како што се семејството и училиштето е само почеток на доживотната казна која истовремено нѐ претвора во затвореници и стражари на репродукцијата на идеологијата на затворот. И токму на правилото и идеологијата на затворот се темели пасивното прифаќање на улогата затвореник: поединецот од мали нозе се учи на потчинување (наречено почитување, иако не подразбира реципроцитет) на авторитетот и хиерархијата. Односот со родителите, со наставниците или со свештеникот не се воспоставува на „природен“ начин, преку избор и слободна волја, затоа што е обврзувачки. Во таквите односи однесувањето на стражарот е сосема неважно (може да прави сѐ додека ја игра општествено доделената улога), како и чувствата на поединецот затвореник: семејниот и училишниот авторитет (или оној на заедницата, во ретките случаи кога ќе го преживее нејзиниот принцип) делуваат за негово добро, за идното вклучување во општеството, да не направи „грешки“ и пред сѐ за малиот поединец растејќи да ги репродуцира истите оние механизми кои се темел на целата структура на затворот.

На овој принцип на „дополнителна казна“, забележуваме како се применува правниот метод. Наставникот или таткото не потпишува никаков договор со субјектот, само ги наметнува законите кои при нивно прекршување ја одредуваат казната на поединецот, но не задолжително и санкцијата за прекршокот. Во секој аспект на општествениот живот, повеќе се казнува човекот во својата севкупност и неговата егзистенција отколку неговите дела. Оваа разлика би можела да биде и занемарлива, имајќи предвид дека казнувањето на делата и онака физички ја „допира“ личноста. Меѓутоа, станува фундаментална кога ќе ја земеме предвид идеолошката конструкција за потребата од казнување и обвинување на самото постоење и делување на човечките битија. Организацијата на училишните згради, а сѐ почесто и местата за забава, се само „предјадење“ кое општеството го нуди за да ги скроти духот и умот и за да ги привикне на живот во кафез. Во инкубаторите на пасивност и отуѓување, луѓето ја впиваат и прифаќаат пореметената и парадоксална „личност“, која од една страна живее во масата, а од друга ја поседува хиерархиската идеја за доаѓање на врвот на истата таа маса (но секогаш како нејзин составен дел). Во суштина, надевајќи се на пофалбите од авторитетот или станувајќи најдобар во одделението, по можност искористувајќи го најлошиот, но сепак во рамки на одделението. Важно е никогаш да не се запрашаме дали е праведно да се добиваат пофалби од висината на која била проповедалница, пофалби кои не се поврзани ниту со една наша заслуга или специфичен талент, туку за нашето целокупно постоење: затоа што постоиме во затвор.

Доволно е да се погледне кој било кварт изграден во последните педесет години за да сфатиме како власта се поима се себеси. Особено е доволно да се погледнат таканаречените социјални населби, кошниците во кои се собрани и затворени сиромавите, затоа што првото нешто на кое нѐ асоцираат се затворските згради. Сите влади непрекинато ги осудувале, превентивно, сиромавите заради нивните услови и потенцијалната опасност. Честите народни побуни, занесени од сонот за подобар живот, против ароганцијата на моќниците, ја навеле „реакцијата“ да се опреми со средства за надѕор и да го канализира незадоволството од улиците. Едно од тие средства било и проектирањето и реструктуирањето на урбаните средини. Би можеле долго да се задржиме на таа тема, а сепак не би успеале да ги наброиме сите изградени монструозности, пред сѐ во втората половина од 20 век. Наспроти неодамнешните немири во различни делови од светот, сепак еден аспект на метрополското чудовиште заслужува посебно внимание.

Архитектурата на периферијата претставува триумф на отуѓувањето. Населбите се места во кои се втиснуваат потчинетите за да изгнијат во својата општествена и индивидуална атомизација, додека насекаде никнуваат недвижности од армиран бетон со опсесија за надѕор, по пример на оние долги ходници со бројни решетки кои го филтрираат пристапот на потенцијално опасни личности на местата на репродукција на пазарот и власта. Со наведениот механизам, кога протераните од „пролетерскиот сон“ ќе се вознемират и почнат да удираат по решетките, или пак ја запалат својата ќелија, стражарите едноставно ги заклучуваат ходниците, ги контролираат влезовите и излезите, пред да почнат да пукаат од контролната кула. Затоа цели сектори од метрополите се надгледуваат со телекамери за видео надѕор (на секој агол од улиците), комуникациите помеѓу стражарите стануваат перманентни, а информатичките уреди, оптичките кабли и безжичните мрежи (кабли и антени се наоѓаат насекаде во затворите) овозможуваат многу брза координација на репресивните сили. Архитектурата на затворите има доживеано квалитативен скок: во минатото луѓето биле затворани после некоја евентуална побуна, денес постојано живеат затворени.

Во тој контекст бунтовите на затворениците често се дефинирани од самиот затвор, односно нападот се врши на маргиналните делови од затворот, а неговата суштина останува недопрена, сведувајќи го митот и одбраната на затворот на неговиот детаљ. Оттаму, фразите како „одбрана на маалото“, „мојот град“, „не сакаме полиција на нашите улици“ означуваат присвојување на идеологијата на затворот. Како инаку би можел да се дефинира како „наш“ затворот кој е изграден против нас? Населбите се одраз на затворот на кој сме осудени и односите кои ни се наметнати. И како такви припаѓаат на власта. А сето она што припаѓа на власта не смее да опстане. Не сакаме со тоа да кажеме дека становите во кои живееме треба да ги запалиме (барем не веднаш), туку дека надѕорот може да се сруши само преку напуштање на лажните припадности кои ги има создадено затворската идеологија, со цел реално да се попречат илјадниците јазли на мрежата за контрола, со оглед дека немаме што да зачуваме.