Кратенки и појаснување

  • CNT (Confederacion Nacional de Trabajo) - Анархосиндикалистички синдикат основан 1911 год. Најборбен и најреволуционерен синдикат. Бил заснован врз анархистичките идеи и револуционерниот синдикализам.

  • FAI (Federacion Anarqista Iberica) - Слободна федерација на анархистичките групи во Шпанија и Португалија, основана 1927 год. Целта ѝ била реформистичките тенденции внатре CNT да го задржат својот анархистички облик. Исто така делувала и како вооружено крило на CNT во времето кога работодавачите изнајмувале пистолероси да ги убиваат водечките членови на CNT. FAI ја застапувала теоријата за улогата на револуционерно организирање во чии рамки стои верувањето дека малцинството може, преку бунт, да создаде искра која ќе ги запали масите и ќе предизвика револуција. Ги организирале востанијата во јануари 1932 год., јануари 1933 год. и декември 1933 год., кои биле неуспешни.

  • FIJL (Federacion Iberica de Juventudes Libertarias) - Младинска анархистичка организација.

  • (Los Amigos de Durruti) - Пријателите на Дурути - левичарска опозициона група внатре CNT, FAI, FIJL, основана во почетокот на 1937 год. Била против влегувањето на CNT во владата и се залагала за целосна социјална револуција како единствен начин да се победи Франко. Името го добиле по прочуениот водач на анархистичка милиција, убиен 1936 год.

  • (Mujeres Libres) - Слободни жени - организација на жените анархистки.

  • PCE (Partido Communista de Espana) - Проруска комунистичка партија основана 1921год.

  • POUM (Partido Obrero de Unificacion Marxista) - антисталинистичка комунистичка партија основана 1935 год. со соединување на група на троцикисти и дисиденти од PCE. Во неа имало многу револуционери, но во суштина таа била партија која се двоумела помеѓу реформизмот и револуцијата. Писателот Џорџ Орвел се борел во нивните милиции.

  • PSOE (Partido Socialista Obrero Espanol) - Позната како социјалистичка партија. Социјалдемократска партија основана 1879год.

  • PSUC (Partido Socialista Unificado de Cataluna) - Обединета партија на социјалистите од Каталонија, основана 1936 год. со интеграција на комунистички и социјалистички групи. Била вклучена во коминтерната и PCE во Каталонија.

  • Републиканска партија - партија на радикалната средна класа основана 1934 год.

  • Републиканска унија - создадена од деловите на владејачката партија која била на власт од 1933-1935 год.

  • UGT (Union General de Trabajadores) - Синдикат поврзан со PSOE.

Хронологија на настаните

  • 1931

април - прогласена е Република. Алфонсо XIII е протеран.

јуни - Избрана е републиканско-социјалдемократска влада.

  • 1932

ноември - Изборна победа на десното крило. Почеток на „Црните години“ (Bienno negro).

  • 1934

октомври - Силно, но изолирано востание на работниците во покраината Астурија. Задушено со помош на војската.

  • 1935

јуни - Седмиот конгрес на коминтерната ја одобрува тактиката на Народен фронт. Формирањето на Народен фронт го предложила PCE

  • 1936

јануари - потпишан е пактот за Народен фронт од страна на републиканците, социјалистите, комунистите, UGT, POUM и малите синдикални партии.

април - Социјалистичките и комунистичките младински организации се интегрираат во ЈСУ и се наоѓаат под контрола на сталинистите.

мај - CNT одржува конгрес во Сарагоса.

17-20 јуни - Започнува вооружено востание во Мароко. Почеток на граѓанската војна.

18 јули - Барио - член на републиканската унија - станува премиер.

19 јули - Барио поднесува оставка. Хозе Џирал - левичарски републиканец - станува премиер. Востаниците победуваат во Барселона.

20 јули - Востаниците победуваат во Мадрид. Основан е комитет на антифашистичките милиции.

24 јули - Одреди на каталонската народна војска управуваат со Арагон.

4 септември - Пад на Џираловата влада. Ларго Кабалеро (Социјалистичка партија) ја формира новата влада.

26 септември - CNT зема учество во Генералитатот, каталонската влада.

12 октомври - Пристигнува првата помош од Советскиот сојуз.

4 ноември - CNT зема учество во централната влада.

6 ноември - Владата пребегнува од Мадрид во Валенсија.

20 ноември - Дурути загинува во одбрана на Мадрид.

17 декември - POUM е избркана од владата.

20 декември - Народната поддршка ја приморала владата да го признае Арагонското востание.

  • 1937

5-24 февруари - Прочуената битка Јарамa во која многу интернационални доброволци загинале борејќи се против Франковата окупација на Мадрид.

3-7 мај - „Мајските денови“ во Барселона. Анархистите и POUM се во конфликт со комунистичките и владините сили. Се појавува прогласот на „Пријателите на Дурути“ кој повикува на револуционерна хунта врз работничките делегати. Инвазија во Каталонија од страна на владините јуришни одреди.

17 мај - Д-р Хуан Негрим (член на социјалистите, но симпатизер на комунистите) основа нова влада.

16 јуни - POUM е прогласен за илегален, а неговите лидери се уапсени.

10 август - Инвазија врз Арагон од страна на владините сили под команда на генерал Лестер. Собранието на Арагон е распуштено, а колективите растурени, што допринело за колапс на арагонскиот фронт во март 1938.

  • 1938

3 април - Франковите сили ја преминуваат каталонската граница.

14 април - Републиканската зона е поделена на два дела.

24 јули - Народната армија ја започнува офанзивата „Ебро“.

26 ноември - Крај на офанзивата „Ебро“ и повлекување на народната армија.

  • 1939

26 јануари - Падот на Барселона.

5 февруари - Политичарите од владата почнуваат да преминуваат на страната на Франко.

10 февруари - Освојувањето на Каталонија е завршено.

27 март - Падот на Мадрид.

1 април - Крај на граѓанската војна.

Бунт и отпор

Европа во триесеттите години од 20 век ја вкусила дотогаш најголемата беда. Пропаста на Волстрит во 1931 год. и последиците од тоа се почувствувале насекаде. Шпанија не била исклучок.

До 1936 год во многу градови невработеноста пораснала над 30%. Од вкупно 3.000.000 работници, 1.000.000 биле без работа. За нив немало социјална помош, а цените пораснале 80% за пет години. Многу од работниците се нашле во неволја.

Шпанија

Во споредба со европските стандарди, Шпанија била изразито неразвиена земја. Индустријата била слабо развиена, а 70% од населението сѐ уште живеело во села. 52% од работната сила била вработена во земјоделството, кое претставувало помеѓу една половина (1/2) и две третини (2/3) од вкупниот шпански извоз.

Распределбата на земјиштето била најлоша во Европа. Огромни 62% од земјата биле во рацете на големопоседниците, кои претставувале 2% од популацијата. 1936 год., 10.000 сопственици имале половина од националната територија. Останатото земјиште им припаѓало на малите сопственици. Тие биле помногубројни од големопоседниците, но и тие исто така имале големи имоти кои ги обработувале исполичари и селани без земја.

Мал дел од останатото земјиште било во посед на селаните кои броеле 5.000.000. Бидејќи многу од нив имале премалку земја, се вработувале како работници за еден ден. Останатите биле исполичари.

Брзиот развој

Бумот во Шпанија се случил за време на Првата светска војна, во која земјата останала неутрална. Земјоделството цветало, снабдувајќи ги големите странски пазари со своите производи. Во исто време започнала и индустријализација. По завршувањето на војната, тој бум запрел затоа што Британија и Франција вовеле големи царински давачки за шпанските производи.

Додека траел бумот, големопоседниците го грабале целиот приход, а кога дошла бедата селаните биле тие што страдале. Условите во Шпанија во триесеттите години биле слични со оние на Ориентот. Гладта била „нормална“ работа помеѓу две жетви. Печатот во тоа време објавувал извештаи за тоа дека цели региони живеат од корења и варен зеленчук.

Индустријализацијата којашто започнала се сосредоточила само на една област – Каталонија. Сместена на североисток, граничејќи се со Франција, Каталонија, а особено нејзината престолнина Барселона, станала индустриски центар на Шпанија со 70% од целокупната индустрија и 50% работници во индустријата. Многу селани ја напуштале земјата барајќи работа во Барселона, со што се зголемувала веќе постоечката невработеност. Други влијателни сили во тоа време биле католичката црква и војската. Имало 25.000 обласни свештеници и уште 70.000 во разни религиозни редови. Само езуитите имале 30% од добрата. Бројот на припадници во религиозните редови го надминувал вкупниот број на средношколци. Додека милиони останувале неписмени (40% од населението не знаеле да читаат), црквата проповедала празноверни извештаи за неверојатни настани како што се кипови кои плачат...

Црквата била позната по соработката со газдите, и додека свештениците живееле во луксуз, селаните околу нив често гладувале. Затоа не зачудува што црквата била омразена.

Војската, пак, била позната по бројот на офицери, еден на шест војници. Каста од офицери се развила во времето на монархијата (која завршила 1931 год), и биле одговорни за целата колонијална администрација заедно со онаа во земјата. Потекнувајќи од високата класа, тие преку општествената позиција имале роднински и пријателски врски и со индустријалците и со реакционерните големопоседници.

Републиката

Шпанската република е родена 1931 год. Работниците и селаните, кои минале години под диктатура, поверувале дека можеби земјата ќе се модернизира и дека условите за живот ќе се подобрат.

Тоа не се случило. Доволен е еден пример за да се увериме во тоа. Републиканската влада го основала Институтот за аграрна реформа којшто требало да ја надгледува прераспределбата на земјата. Но самите луѓе од Институтот признале дека треба да мине цел еден век за нивната програма да се спроведе.

Републиканско -социјалдемократската коалиција ја презела власта во 1931 год., и направила многу малку да ги подобри условите за живот на повеќето работници. Невработеноста и понатаму останала висока, а организациите на работничката класа, особено CNT, страдале заради угнетувањето и затворањето на многу нивни членови. До јуни 1936 год., имало 9.000 политички затвореници.

Владата одбивала да се спротивстави на индустријалците, големопоседниците, офицерите и бискупите. Не сакала да се спротивстави на малцинството кое ги поседувало сите добра и во чии раце била вистинската власт. На изборите во 1933 год., владата паднала и коалицијата на десното крило дошла на власт.

Тоа го означило почетокот на она што е познато како „bienno negro“, црни години. Десното крило минало во офанзива. Коалицијата на имотните и моќните ја имала и официјалната власт и можела да ја употреби својата моќ за да го разбие отпорот на работничката класа и селаните.

Астурија

Се разбира, тоа не било примено со радост. CNT се организирал најдобро што можел во борба против владата. Востанието започнало во Каталонија во декември, кратко по промената на владата. Било задушено по десет дена. Следната година, работниците од CNT се здружиле со работниците од UGT и кренале востание во Астурија. Работните места биле заземени, а членовите на синдикатите земале оружје во своите раце во борба против државата. Но, за жал, востанието било изолирано од остатокот на земјата. По задушувањето на востанието бил извршен масакр во кој биле убиени 3.000 луѓе. Масакрот бил без преседан.

Во моментите кога владата била принудена да поднесе оставка и да распише нови избори во февруари 1936 год., имало 30.000 политички затвореници. На изборите победил Народниот фронт, т.е коалицијата на републиканците, социјалдемократите и сталинистите од Комунистичката партија. Народниот фронт победил затоа што CNT не ги повикал работниците да се воздржат од гласање. На претходните избори CNT го сторил тоа, затоа што верувал дека со изборите се одлучува кој да владее, а не дали се сака влада или не. Со други зборови, тие им рекле на работниците дека мораат да сметаат самите на себе доколку сакаат да променат некои работи.

Овојпат CNT не се изјаснил на таков начин, препуштајќи им на членовите сами да одлучат дали ќе гласаат или не. Резултатите покажале дека членовите на CNT гласале главно поради тоа што Народниот фронт им ветил амнестија на политичките затвореници.

Работниците сепак не чекале владата да го стори тоа, самите ги отвориле затворите и ги ослободиле своите другари. Тие не запреле таму. Резултатите на изборите ги согледале како поттик да тргнат во офанзива. Гласале за промени, и ако владата не била подготвена за тие промени, одлучиле да ги спроведат сами.

Штрајковите

Помеѓу изборите во февруари и фашистичкиот бунт во јули, имало 113 генерални штрајкови, 228 делумни штрајкови, 145 експлозии на бомби, 269 мртви, 1.287 ранети, 215 напади и 160 запалени цркви. Се разбира, сето тоа не било во програмата на Народниот фронт кој во суштина сметал на слабото одржување на антифашистичкото единство. Цел на нивната програма не било уништување на капитализмот и власта на шпанската елита. Секции од Социјалистичката партија сепак преминале преку програмата на Народниот фронт, и многу нивни членови од UGT повторно се здружиле со другарите од CNT во борба против пасивноста на владата.

На 13 јуни, 30.000 работници од Астурија стапиле во штрајк. На 19 јуни, 90.000 рудари од целата земја започнале штрајк. Секој поголем град имал барем по еден генерален штрајк. Во првите денови од јули штрајкувале над милион работници. Штрајкувачите не се бореле само за економски промени, туку и за политички. На 14 јули, имало големи демонстрации пред бразилската амбасада. Работниците носеле транспаренти на кои пишувало „републиканските министри се забавуваат додека работниците умираат“.

Додека републиканската влада се обидувала да ја стави ситуацијата под контрола, Комунистичката партија ги обвинувала работниците дека штрајковите ги доведуваат во судир со владата. На крај, владата ги наполнила затворите и ги затворила канцелариите на CNT.

Државен удар

Како што минувало времето, владејачката класа станувала се поочајна, одлучувајќи да ја отфрли парламентарната демократија и да ги растури работничките организации. Газдите никогаш не се противеле на фашизмот, затоа што знаеле дека може да им биде од корист. Нивните добра и привилегии им биле поважни од сѐ останато. Како во Германија, така и во Италија, тие одлучиле дека организираната работничка класа треба да се смири за да можат повторно да се искачат на нејзиниот грб и да профитираат. Иако некои од нив во почетокот се противеле на фашизмот, тој сепак бил нивното помоќно средство со кое биле подготвени да се служат доколку увиделе дека тоа е неопходно за да ја зачуваат власта. Во Баскија националистите во почетокот се противеле на фашизмот. Но кога изборот помеѓу фашизмот и социјалната револуција станал реалност, не дале голем отпор на Франко.

Државниот удар бил изведен на 17 јули. Првиот чекор бил направен кога Франко се домогнал до Мароко и го објавил „радикалниот манифест“. Манифестот го примил еден лојален радиооператор и го предал на Министерството за морнарица. Веста за државниот удар не е објавена до 7 часот на 18 јули. Владата ги убедувала жителите дека сѐ е под контрола. Всушност, тие се обидувале да се спогодат со фашистите. Владата поднела оставка на 18 јули, а Барио, републиканец од десното крило, станал премиер.

Масите

Планот за спогодба бил оневозможен поради активностите на организираната работничка класа. Фашистите напредувале во деловите од земјата каде што им бил пружан слаб отпор, кој бил резултат на владината нерешителност. Но во Каталонија, пред сѐ во Барселона, работниците - членови на CNT - покажале како треба да се бори(ме). Објавиле генерален штрајк и излегле на улиците барајќи оружје, коешто владата одбила да им го даде. На крајот тргнале кон касарните и го земале она што им било потребно. Биле потпомогнати од војниците кои ја одбивале лојалноста. Некои од нив го свртеле оружјето против офицерите. Работниците брзо ги наместиле барикадите и за неколку саати востанието било одбрането. Оружјето било поделено и на групите кои биле пратени во другите области да помогнат. Мадрид исто така бил спасен благодарение на хероизмот и иницијативата на работниците, кои кога слушнале што се случило во Барселона веднаш извршиле јуриш на касарната Монтана, главната воена база во градот.

Во Валенсија работниците ги опколиле касарните и таа ситуација траела две недели. Владата и понатаму одбивала да ги вооружи работниците, така што касарните биле успешно заземени откако било испратено оружје од Барселона и Мадрид. Во Астурија, бунтовниците биле поразени по долгата битка во која имало голем број на загинати. По ова рударите направиле колона од 5.000 луѓе со динамит, кои марширајќи тргнале кон Мадрид.

Низ целата земја започнала работничка и селанска иницијатива за запирање на фашизмот на самиот почеток. Така било во три четвртини од земјата. На другите места било загубено скапоцено време поради неодлучноста на владините службеници. Во Сарагоса не успеало работничкото движење. Хуан Лопез, водечкиот борец на CNT, ги изнел фактите: „…загубивме премногу време разговарајќи со градоначалникот. Дури и верувавме во неговите ветувања“.

Со акциите на работниците, Шпанската република била спасена. Во оваа борба не учествувале само членови на CNT, туку и членови на UGT и POUM. За тие работници тоа не била само борба за одбрана од фашистите, туку и почеток на револуцијата. Работничките милиции биле воспоставени независно од државата. Претпријатијата, напуштени од сопствениците, биле преземани од страна на работниците, додека во руралните области селаните ја заземале земјата. За анархистите тоа било можност своите идеи да ги пренесат на дело.

Анархизам на дело

Анархизмот е најмалку разбрана идеја. Константно е прикажуван како стремеж кон хаос и насилство. Вистината е дека анархистите веруваат во бескласно општество. Се спротивставуваат на капитализмот како систем кој профитот на малцинството го става над потребите на мнозинството. Капитализмот е систем кој се заснова на експлоатација на работниците, систем кој бездруго предизвикува беда, глад и војни. Анархистите се противат на авторитетот, т.е се противат на „правото“ малцинството да управува со што било. Тие се противат на државата (претставена преку владата, војската, полицијата, судовите...) како институција чија цел е да ја наметне волјата на малцинството над мнозинството.

Анархистите веруваат во класна борба зато што газдите и работниците немаат заеднички интереси, и веруваат дека работниците би требало да се организираат за да ја преземат контролата над општеството. Обичните работници се сосема способни да управуваат со општеството. Тоа би се изведувало низ систем на работнички совети и директна демократија, што би било порационално, подемократско и поефикасно отколку постоечкото општество. Анархистите ја застапуваат идејата за слободна личност и се противат на секој притисок по која било основа, расна, полова или сексуална определеност. Единствено ограничување во личната слобода треба да биде нарушувањето на туѓата слобода.

Анархистите се противеа на создавањето на бирократски државен капитализам во Русија. Ја потпомагаа револуцијата, но исто така беа против настојувањата на болшевиците да ја преземат власта во свои раце и да да го посеат семето на партиската диктатура. Анархистите го застапуваат мислењето дека начинот на кој луѓето се организираат покажува кон какво општество тежнеат. Малцинствата (во облик на партија) не можат да ја ослободат работничката класа, таа мора самата да се ослободи. Демократијата и одговорноста се камен темелник на анархистичките организации. Директната акција е начинот. Директна акција пред сѐ, а не сметањето на мали групи кои им зборуваат дека ќе го променат општеството. Силата на работниците е во нивното организирање на работното место. Сила која не треба да биде употребена само за решавање на непосредните спорови со шефовите, туку по можност, да се надмине целиот капиталистички систем. Ова верување е основа на анархизмот. Анархистите не сакаат работничка контрола врз индустријата, туку општество во кое односите помеѓу луѓето ќе бидат ослободени од авторитетот и каде што луѓето нема да бараат некој да управува со нивните животи.

Бакунин

Анархизмот отсекогаш имал, а има и денес, долга традиција во Шпанија. Во средината на 19 век, во Шпанија анархистичката идеја ја донел Фанели, симпатизер на Бакунин, кој е и еден од втемелувачите на модерниот анархизам. Била воспоставена шпанската секција во Првата интернационала, а поголемиот дел од неа ги прифатиле анархистичките ставови.

Анархизмот се развивал брзо, наспроти тешките економски услови поради кои страдале работниците. Работниците во голем број ги прифаќале идеите на синдикализмот, односно на анархосиндикализмот, кој се развил на почетокот на 20 век. Во 1911 год., основан е CNT. Синдикализмот се развил како одговор на реформизмот на веќе постоечките синдикати и пораснатата изолираност на анархореволуционерите од работниците. Тоа се случило затоа што одреден број анархисти се свртеле кон тероризмот како „пропаганда со помош на смртта“, со верба дека на тој начин ќе ја иницираат масата да крене револуција.

Синдикализмот бил обид да се зајакне врската помеѓу анархистичкото движење и обичните работници. Неговите идеи се ширеле повикувајќи ги сите работници во еден голем синдикат. Работниците сакале да се обединат. Сакале да се поврзат со оние кои имале други занимања од истата област и да формираат федерација за таа област. Делегатите на тие федерации понатаму би оделе во регионални федерации кои би биле обединети во национална федерација. Делегатите би биле избирани со можност да бидат отповикани. Би им бил даден јасен мандат и доколку не би задоволувале, би биле сменети со други делегати.

Бирократијата

Сите напори во синдикатите биле насочени кон спречување на растот на бирократски нејасните функции. Постоел само еден редовен функционер во CNT. Синдикалната работа ја извршувал, таму каде што било можно, за време на работата, а онаму каде што не било можно, после работата. Тоа обезбедувало функционерите од синдикатот да останат во контакт со произведувачите. Стравот од бирократизацијата бил толку голем што индустриските федерации кои требало да ги поврзат сите работни места во оделни занимања, биле во постојан судир. Тие делумно се поврзале 1931 год., но никогаш не се поврзале потполно.

Синдикалистите (CNT) се разликувале од другите синдикати, тие верувале дека синдикатите не треба да бидат користени за да ги натераат шефовите на реформи, туку да го надминат капитализмот. Верувале дека синдикатите треба да бидат оружје кое ќе го уништи капитализмот. Верувале дека причината што повеќето работници не се револуционерно расположени, е во тоа што нивните синдикати биле реформистички и водени од бирократијата која ја преземала иницијативата од широкото членство. Нивната алтернатива била сите работници да се организираат во еден синдикат се цел подготовка на генерален револуционерен штрајк.

Искуството на CNT брзо растело од моментите на неговото формирање, така што до избувнувањето на граѓанската војна имал 2.000.000 членови. Неговите најголеми потпирни точки биле во Каталонија и Андалузија. Исто така, имал многу приврзаници во Галиција, Астурија, Левант, Сарагоса и Мадрид. Најсилен бил меѓу текстилците, градежниците и дрвосечачите, како и меѓу земјоделците. Поради тоа што проповедал социјална револуција, бил цел на многу репресии од страна на полудиктатурата која владеела до 1931 год., како и на „реформистичката“ влада која ја наследила. Народниот фронт, заедно со своите помагачи, социјалдемократите и сталинистите, ја продолжил репресијата не покажувајќи милост.

Аполитичноста

CNT не бил револуционерна политичка организација. Тој бил индустриски синдикат. Всушност, неговата константна анархистичка политика и неговата идеја за неопходност од револуција, биле користени со цел работниците да ги освојат фабриките и земјата. Членовите на CNT верувале дека после тоа државата и другите политички институции ќе се укинат. Не верувале дека работничката класа треба да ја преземе власта, туку дека секоја власт треба да се укине.

Поради тоа CNT бил синдикат кој ги собирал работниците независно од нивното политичко убедување. Многумина му се приклучувале не затоа што биле анархисти, туку затоа што CNT бил најборбениот синдикат и единствен кој постигнувал резултати. Всушност, за време на граѓанската војна неговото членство се зголемило за повеќе од двапати (истото се случило и со UGT) и тоа најмалку поради обврската работниците да се приклучат на некој од синдикатите.

Очигледно е дека CNT бил отворен и за оние кои не биле анархисти. Во него имало доста интересни несогласувања, а како последица на тоа пораснала тенденцијата за реформизам. Поради тоа, во 1927 год. бил основана FAI. FAI се засновала на сродни локални групи и како таква не била политичка организација. Основана е за да ја осигура „чистотата“ на CNT во анархистички термини. Во тоа и успеала, а многу од нејзините членови станале водечки личности во CNT. Други анархистички организации коишто постоеле во моментите на избувнување на граѓанската војна биле FIJL и Mujeres Libres.

Нема сомнеж дека почетниот одговор на Франковиот државен удар бил дефиниран со фактот дека CNT и анархистичките идеи биле носени од големите групации на работничката класа. Тие не чекале на реакција од страна на владините министри, работниците ја преземале контролата. Анархистичкото влијание може да се забележи и во формирањето на милициите, експропријацијата и реорганизацијата на земјиштето како и во дел од присвојувањето на индустријата.

Милициите

Владата се нашла во деликатна ситуација кога на 19 јули се подигнала прашина. Додека се одигрувал државниот удар, владата не нашла начин да го употреби својот авторитет. Поголемиот дел од војската се побунил против неа. Таму каде што бунтовниците победувале, војската била распуштана, а работниците го преземале оружјето. Синдикатите и левичарските организации веднаш се потрудиле да ги организираат работниците. Оформени биле милиции и тие станале единици на револуционерната војска. Десет дена по државниот удар, во Каталонија имало 18.000 работници организирани во милиции. Поголем број од нив биле членови на CNT. Вкупно имало 150.000 доброволци спремни да се борат онаму каде што биле потребни.

Тие не биле вообичаена војска. Немале униформи (марамите околу вратот обично означувале на која организација припаѓа членот на милицијата) и офицери кои уживаат поголеми привилегии од обичните војници. Тоа била револуционерна војска и ги отсликувала револуционерните принципи на нејзините членови. Демократијата била под контрола.

Основна единица на револуционерната војска била групата, обично составена од десет борци кои го избирале својот делегат. Сто луѓе формирале одред кој имал свој воен комитет одговорен за сите воени активности. Комитетите биле избирани од сто работници и ним им одговорале. Одредите во својот состав имале бивши офицери и артилериски експерти да ги надгледуваат, но на нив не им била дадена никаква власт.

Работниците се приклучувале на одредите затоа што тоа го сакале. Ја разбирале потребата за борба и неопходноста од народна војска. Ја прифатиле дисциплината, не затоа што им било наредено, туку затоа што ја сфатиле потребата од координирано делување. Ги прифатиле наредбите затоа што им верувале на оние кои ги издавале. Тие кои ги издавале наредбите биле избрани од работничките редови. Милициите соработувале со различни организации и често издавале свои весници. Постоеле политички организации кои ја разбирале врската помеѓу револуционерната политика и војната.

Милициите формирани во Барселона не губеле време. Тргнале кон Арагон каде што била престолнината. Сарагоса била окупирана од страна на фашистите. Одредот наречен „Дурути“, кој го добиа името по еден од водечките борци на CNT, го започнал тој марш, по пат ослободувајќи село по село. Целта им била да ја ослободат Сарагоса која ја поврзувала Каталонија со другиот индустриски регион, Баскија, која била извор на суровини, како и центар на тешката индустрија и производството на оружје.

Одредот „Дурути“ покажал како треба да се бори против фашизмот. Тие сфатиле дека граѓанската војна е политичка борба, а не само воен судир. Извојувале победа по победа и така ги охрабрувале селаните да ја преземат земјата и да ја колективизираат. Одредите им обезбедувале заштита на селаните и затоа тие им верувале. Ги хранеле работниците-војници, а многумина и им се приклучувале. Дурути морал некои да ги одвратува од приклучување поради тоа што би настанала депопулација, и колективизацијата не би била успешно завршена.

Иако анархистичките милиции постигнувале успеси во борбата, на другите фронтови се губела територија. Сарагоса не била ослободена и се отворил друг фронт. Милициите биле обвинети за тоа. Сталинистите тврделе дека работниците биле недисциплинирани и дека не ги извршувале должностите. Анархистите биле обвинети за одбивање на соработка со другите во борбата против фашизмот.

Се разбира, тоа било глупост. Анархистите константно повикувале на обединување на силите, дури и на единствена команда. Единствено што барале е контролата над војската да остане во рацете на работниците. Не верувале дека воспоставувањето на единствена команда неизбежно води кон создавање на стариот воен режим и офицерски касти.

Главниот проблем на милициите бил недостигот на оружје. Индустријата за муниција била отсечена, така што работниците од Барселона биле присилени да се снаоѓаат и импровизираат. Оружјето било правено и транспортирано на фронтот, но никогаш немало доволно. Џорџ Орвел (којшто се борел во милициите на POUM) ја опишува ситуацијата со оружјето на арагонскиот фронт. Пешадијата „…е полошо вооружана отколку англиското училиште за резервни офицери, со изабени Маузер пушки кои обично замолкнуваа после пет испукани куршуми; имаат приближно еден митралез на 50 луѓе (sic) и еден пиштол на 30 луѓе (sic). Тоа оружје, многу неопходно во рововската борба, владата не го издава…Влада која праќа 15 годишни младинци на фронт, со стари пушки од 40 год., а старите луѓе и модерното оружје го чува во позадина, претставува поголема опасност за револуцијата од самите фашисти.“

Бил во право. Постоело ембарго за увоз на оружје за двете страни, наметнато од Британија, но дури од средината на август. Дотогаш, владата којашто имала 600.000 долари во злато можела да купи оружје. Но на крајот златото било испратено во Москва во замена за оружје, коешто кога пристигнало не било испраќано на арагонскиот фронт контролиран од страна на анархистите. Оружјето коешто пристигнало било испраќано само во центрите под контрола на Сталин. Член на военото министерство, коментирајќи во врска со оружјето пристигнато во септември, изјавил: „Забележав дека не беа доделени еднакви количини, а забележана е протекција за единиците кои го сочинуваат Петтиот полк.“ Петтиот полк бил под контрола на сталинистите. Фабриките за муниција од Каталонија, коишто зависеле од Министерството за финансии, биле принудени да ги испраќаат своите производи на местата на кои владата им укажувала. Ова задржување на оружјето била основна стратегија на сталинистите и нивните сојузници во владата со цел да ја разбијат силата и престижот на CNT. Комунистите сакале да ги поткопаат милициите во нивните обиди да формираат војска. Но, за тоа подоцна.

Овој недостиг на оружје не се одразил само на арагонскиот фронт. Ирун, исто така паднал поради тоа. Еден репортер го опишал тоа вака: „Се бореа до последниот куршум (работниците од Ирун). Кога почна да им снемува муниција, фрлаа пакети со динамит. Кога почна да им снемува и динамит, јуришаа со голи раце… додека шеесет пати помоќниот непријател ги касапеше со своите бајонети.“ Во Астурија работниците заглавиле обидувајќи се да го освојат Овиедо, вооружани со неколку пушки и динамити. Иако барале само неколку авиони и неколку парчиња артилерија, биле одбиени. Повторно, владиниот страв од револуционерите бил ставен пред одбраната од фашизмот.

Голема лага е дека милициите, божем недисциплинирани и неконтролирани, биле криви за Франковото напредување. Сите коишто ги виделе милициите во акција не можат ништо да кажат освен пофалби за херојствата на кои присуствувале. Владата поради тоа донела безбедносна одлука. Избрале да им го ускратат оружјето на револуционерите. Одлучиле дека одбраната од револуцијата е поважна отколку одбраната од фашизмот.

Земјата

На селаните не им требал Дурути за да им каже да ја преземат земјата. Тие тоа го правеле од основањето на Републиката. Првата влада на Републиката дури праќала трупи за да ги уништат селаните кои ја преземале земјата. Во првата година на Републиката биле убиени 109 селани. Во селата, шпанската револуција имала и најголеми успеси. Анархистичката филозофија била прифатена од страна на голем број угнетени селани. На својата конференција во 1936 год. CNT се впуштил во расправа за тоа како треба да изгледа идното анархистичко општество. Селаните први ги спровеле тие идеи во практика. Нивните напори покажале што работните луѓе (од кои многумина биле неписмени) можат сѐ да направат доколку им бидат дадени добри услови. Тие докажале дека ставот како анархијата е невозможна затоа што општеството без шефови, без влади и авторитети би пропаднало е глупост.

Колективизацијата на земјата била обемна. Близу 2/3 од земјата во зоната на Републиката (контролирана од антифашистичките сили) била преземена. Во тоа биле вклучени околу пет до седум милиони селани. Најголеми области биле: Арагон, каде што имало 450 колективи, Левант (област околу Валенсија) со 900 колективи и Кастилја (област околу Мадрид) со 300 колективи. Не била само земјата колективизирана. Во селата биле воспоставени и работилници во кои локалните занаетчии правеле алати, мебел итн. Фурнаџиите, касапите, берберите и другите се одлучиле за колективизација.

Колективизацијата била доброволна и затоа била сосема поинаква од присилната „колективизација“ којашто Сталин ја спровел во Русија. Обично состанокот се одржувал во селата, затоа што повеќето колективи биле сместени во селата, и сите присутни би се сложиле да ја соединат својата земјата, алат или животни. Тогаш тоа било додавано на она што веќе било одземено од големопоседниците. Земјата била делена на рационални единици и биле одредувани групи на работници да работат на нив. Секоја група имала свој делегат кој ги застапувал нивните ставови на состаноците на колективот. Управниот комитет исто така бил биран и бил одговорен за општото управување со колективот. Негова должност била да го надгледува купувањето на материјали, размената со другите области, дистрибуцијата на производите и неопходните јавни работи, како на пр., градењето училишта. Секој колектив одржувал редовни општи состаноци на кои учествувале сите членови на колективот.

Доколку некој не сакал да се приклучи на колективот, му била давана земја, но само колку што можел сам да обработи. Не било дозволено вработување на работници. Не било контролирано само производството, дистрибуцијата исто така била спрема потребите на луѓето. Во многу области парите биле укинати. Луѓето оделе во продавниците на колективот (често во црквите кои биле претворени во магацини) и земале од тоа што имало. Доколку имало недостиг и рационализација, бил вложуван напор на секого да му се обезбеди подеднаков дел. Сепак, вообичаено било да има поголемо производство со новиот систем со што се елиминирал недостигот.

Според агрокултурните рокови, револуцијата се случила во вистинско време. Жетвата која се собирала и продавала поради голем профит на неколкуте големопоседници, била дистрибуирана на оние на кои им била потребна. На докторите, пекарите, берберите итн., им било давано колку што им било потребно за нивните услуги. Таму каде што парите не биле укинати, биле воведени „семејни плати“ со што работата се плаќала по потреба, а не по бројот на работни часови.

Производството многу се зголемило. Техничарите и агрономите им помагале на селаните подобро да ја користат земјата. Биле употребени модерни научни методи, со што во некои области производството било зголемено за 50%. Тоа било доволно да се нахранат колективистите и милициите во нивната област. Најчесто имало и за размена со другите колективи во градот, кои за возврат давале машинерија. Вишокот од храната бил предаван на комитетите за залихи кои биле задолжени за дистрибуција во урбаните области.

Исто како и за милициите, клеветата се однесувала и за колективите. Се тврдело дека поединците гледале само за себе и не се грижеле за другите. Тоа било чиста глупост, затоа што во многу области биле воспоставени изедначувачки фондови кои ги прераспределувале добрата од побогатите области во посиромашните. Било обезбедено механизацијата и стручњаците да бидат преселени во областите каде што биле најпотребни. Всушност, како показател за чувството на солидарност може да се земе фактот што 1.000 колективисти од Левант, која било прилично развиена област, се преселиле во Кастилја за да помогнат.

Воспоставени биле федерации на колективите, а најуспешната била во Арагон. Во јуни 1937 год., бил одржан пленум на регионалните федерации на селаните. Нивна цел била да се формира национална федерација „за соработка и проширување на колективистичкото движење и за постигнување праведна дистрибуција на производите добиени од земјата, не само во колективот туку и низ целата земја“. За несреќа, многу од колективите биле уништени, но не од Франковата војска, туку од сталинистичкиот генерал Листер, пред да биде можно да се реализираат. Колективистите не се грижеле само за материјалните добра. Тие имале голема обврска и за образованието а како резултат на тие напори на многу деца за првпат им било овозможено образование.

Тоа не било вообичаено школување. Биле користени методи на Франциско Ферер, светски познат воспитувач. На децата им било овозможено основно образование, а потоа биле поттикнувани да ги развиваат способностите за кои ќе покажале љубопитност. Им било посветено внимание и на старите, а каде што било неопходно, биле градени специјални домови за нив. Се внимавало и на бегалците од областите кои биле под контрола на фашистите.

Индустријата

Револуцијата во градовите не се одвивала како во селата. Најмногу се постигнало во Каталонија, индустриското срце и тврдина на CNT. Во Барселона биле колективизирани над 3.000 претпријатија. Сите јавни претпријатија, не само во Каталонија туку и во целата зона на републиката, биле преземени и водени од работничките комитети.

За да се добие слика за обемот на колективизацијата, еве листа изнесена од страна на еден очевидец (Барнет Болотен, во книгата „Grand Camоuflage“ - која ни случајно не е анархистичка книга.Тој вели: „Железницата, трамваите и автобусите, такси колите и бродовите, светлосните и електричните компании, гасоводот и водоводот, поправката и изработката на автомобили, мелниците и фабриките за цемент, производството на текстил и хартија, електронските и хемиските комплекси, фабриките за стаклени шишиња и парфимериите, плантажите за храна и пивниците беа конфискувани и контролирани од работничките комитети, што и во двата случаи имаше исто значење за сопствениците“. Потоа продолжува: „Кината и театрите, весниците и печатниците, продавниците и хотелите, делукс рестораните и баровите исто така беа запленети“.

Тоа јасно покажува дека портретот за анархизмот како нешто поврзано со необично мали работилници е неточно. Големите фабрики, некои и со илјадници работници, биле преземени и водени од работнички комитети.

Работните места често биле преземани затоа што сопствениците бегале или го запирале производството за да ја саботираат револуцијата. Работниците не го запирле производството, сите поголеми работни места биле преземени. Некои ги воделе и контролирале работници. Во останатите биле воспоставени контролни комитети за да го одржат производството (постоеле за да ја овозможат силата на ветото на одлуките на шефовите во случаите каде што работниците не го преземале управувањето). На секое работно место, собранието на сите работници било основна единица. Во фабриките работниците бирале делегати да ги застапуваат при одлучувањето за секојдневните прашања. Прашањата од поголемо значење морале да бидат изнесени пред Собранието. Одлуките ги носел комитет составен од 5-15 работници, кои бирале и управник за да го надгледува секојдневното функционирање на работните места. Во секоја индустрија постоело индустриско собрание во кое имало претставници на двата главни синдиката (CNT и UGT) и претставници на комитетите. Техничарите исто така биле во комитетите за да обезбедат технички надзор. Работата на индустриското собрание била да го постави вкупниот индустриски план.

Платите на работните места биле изедначени, а работните услови многу подобрени. Да погледнеме како колективизацијата ги подобрила работите. Да ги земеме на пример трамваите. Од 7.000 работници 6.500 биле членови на CNT. Поради уличните борби целиот транспорт бил во прекин, транспортниот синдикат (така се нарекувала секцијата на CNT) именувал комисија од седум члена за да ги окупираат административните канцеларии, додека останатите ја проверувале пругата и направиле план за неопходните поправки. Пет дена по завршувањето на борбите, 700 трамваи, наместо вообичаените 600, сите обоени во црвеноцрната боја на CNT, биле на улиците на Барселона.

Кога исчезнал мотивот за профит, безбедноста станала поважна, а бројот на несреќите намален, трошоците намалени, а услугите подобрени. Во 1936 год., биле превезени 183.543.516 патници. 1937 год., тој број бил зголемен за 50 милиони. Трамваите биле толку ефикасни што работниците биле во состојба да даваат пари на другите секции на градскиот превоз. Платите биле еднакви за сите работници и зголемени во однос со оние пред револуцијата. Првпат била обезбедена бесплатна медицинска заштита за работниците.

Иако давале многу поефикасни услуги, работниците наоѓале време да произведат и проектили и хаубици за воените потреби. Работеле прекувремено и во недела за да го дадат својот придонес кон антифашистичката борба. Понатамошното потенцирање на фактот дека ослободувањето од шефовите и управителите не води до хаос може да се потврди со фактот дека за двете години на колективизација имало само шест случаи кога работниците краделе од работилниците.

Била спроведена широка реорганизација за индустријата да се направи поефикасна. Многу неекономични мали постројки кои обично биле и загадувачи биле затворени, а производството било концентрирано на оние постројки со подобра опрема. Во Каталонија биле затворени 70 ливници. Бројот на штавилници за кожа бил намален од 71 на 40, а целата дрвна индустрија била реорганизирана од страна на синдикатот на дрвната индустриска (секција на CNT).

Во 1937 година, централната влада признала дека војната индустрија на Каталонија произвела десетпати повеќе отколку остатокот на шпанската индустрија заедно, и дека тоа производство би можело да биде зголемено за четирипати доколку Каталонија успее да ги набави неопходните суровини. Не било преземено само производството. Многу паразити од средната класа биле исклучени од трговијата. Била преземена трговијата на големо со риби и јајца, како и трговијата со овошје и зеленчук. Трговијата со млеко во Барселона била колективизирана, што довело до затворање на 70 нехигиенски постројки за пастеризација. Секаде биле воспоставени комитети за снабдување. Сето тоа ја унесреќило средната класа. За нив, и нивниот поим за напредување, револуцијата била само чекор наназад.

Воспоставени биле и изедначувачки фондови за да им помогнат на посиромашните колективи. Постоеле многу проблеми. Многу пазари во фашистичката зона останале отсечени, а привремено биле изгубени и некои странски пазари. Имало малку суровини, затоа што сите извори за набавки биле отсечени, а кога било можно да се набават, фондовите биле оспорувани од централната влада. Тоа бил недостаток на колективизацијата. Банките не биле освоени, а резервите на злато останале во рацете на владата. (CNT направил план за нивно освојување кои во последните моменти бил отфрлен).

И покрај тоа, производството било зголемено и условите за живот за многу припадници на работничката класа биле подобрени. Во октомври 1936, владата била приморана да ја признае колективизацијата со донесување декрет кој го признал тоа што веќе постоело, што исто така бил обид за контрола на идната колективизација.

Социјалната револуција

Ова беше само краток поглед на колективизацијата којашто се случила. Продолжувајќи со анархистичките уверувања, револуцијата не застанала. За првпат работниците во Шпанија уживале во предноста на здравствената заштита организирана од федерацијата на здравствените работници на CNT. Федерацијата ја сочинувале 40.000 здравствени работници - медицински сестри, доктори и административни работници. Уште еднаш бил постигнат голем успех во Каталонија каде што за сите 2,5 милиони жители била обезбедена соодветна заштита.

Не биле лекувани само вообичаените болести туку и жртвите од граѓанската војна. Воспоставена била и програма за превентивна медицина заснована на локални здравствени центри. На Конгресот во 1937 год., медицинските работници развиле здравствен план за идната анархистичка Шпанија, кој ќе можел да се изведе доколку револуцијата успеела.

Се променила и улогата на жената. Тие оствариле многу победи. Во однос на нивната улога во граѓанската војна, набљудувачите истакнуваат дека жените одиграле голема улога во антифашистичкиот отпор. Биле присутни насекаде - во комитетите, милициите, на фронтот. Во првите битки од војната, жените се бореле рамо до рамо со мажите, бидејќи тоа се подразбирало самото по себе. Немало случаи жените да ги пополнуваат местата на мажите кои се на фронтот (А тоа е вообичаен случај во воени услови. Кога војната ќе заврши жените не се веќе потребни како работна сила и тие се враќаат дома).

Во милициите се бореле заедно со мажите како еднакви. Учествувале во организација на колективите и се бореле против сексистичките ставови од минатото за кои нема место во која било вистинска револуција. Анархистичката организација на жените, Mujeres Libres, имала 30.000 членки. Таа била активна и пред граѓанската војна, организирајќи ги работничките и ширејќи информации за контрацепцијата. Завреме на војната абортусот бил легализиран во републиканската зона. Биле отворени центри за сите жени, вклучувајќи ги и немажените мајки и проститутките.

Според сите извори, постоела вистинска промена на ставот кон жените. Една жена учесник во граѓанската војна изјавила: „Бевме како браќа и сестри. Отсекогаш ми било смачено што во оваа земја мажите не ги сметаат жените како суштества со полни човекови права. Но тогаш настана голема промена. Верувам дека израсна спонтано од револуционерното движење…“. (Маргонита Балагер, забележано во „Blood of Spain“ од Роналд Фрejзер, стр. 287). Насекаде се појавувале промени. Севкупниот карактер на Барселона се променил. Рестораните со сепариња веќе не постоеле. Колективните мензи го зазеле нивното место. Духот на другарството струел во воздухот. Советите на работниците и селаните ја преземале администрацијата насекаде. Советот за одбрана на Арагон бил најголем одраз на тоа. Управувал со провинцијата и ја кординирал работата на колективите и милициите. Сите антифашистички сили биле застапени во него. Но, анархистите биле мнозинство. Во Каталонија на 21 јули бил воспоставен Централен комитет на антифашистичките милиции. Од неговите 15 членови, 5 биле анархисти, 3 од UGT, 1 од POUM, Комунистичката партија имала 1 и републиканците 4. Иако анархистите биле надмоќни во таа провинција, се надевале дека поделбата на улогите за одлучување во сличните комитети ќе бидат воспоставени и таму каде што CNT бил послаб. Таква била ситуацијата во 1936. Иако владата на народниот фронт сѐ уште постоела, таа немала власт. Така било поради недостигот од репресивни државни органи. Власта била поделена на безброј фрагменти и распоредена во 1.000 градови и села, помеѓу револуционерните комитети кои ја преземале контролата над земјата и фабриките, средствата за транспорт и комуникација, полицијата и војската. Војската, економијата и политичката борба, се развивале независно од владата, всушност наспроти неа.

Таквата ситуација била позната како „двојна власт“. Власта на владата била преслаба за да ја предизвикува силата на работниците и селаните. А власта на селаните и работниците не била доволно свесна за потребата од исчезнување на владата. Неуспехот во нејзиното рушење дозволил владата да го обнови својот авторитет и стане господар на ситуацијата. За да се обидеме да разбереме како тоа се случило, потребно е да се осврнеме на улогата на Комунистичката партија и раководството на CNT.

Контрареволуцијата

Однесувањето на шпанската Комунистичката партија и Обединетите социјалистички партии на Каталонија (PSUC), повеќе се однесувало на тоа што било од најголем интерес за Сталин отколку за шпанската работничка класа. Тие одбивале да признаат дека револуцијата започнала. Исто така правеле сѐ за да ја задушат револуцијата за која се преправале дека не се ни случила. Биле заинтересирани за граѓанската војна со цел да ја обноват демократијата во Шпанија. За да го разбереме тој став, мораме да ги побараме фактите надвор од Шпанија.

Сталин

Сталин верувал дека пред сѐ мора да се одбрани „социјализмот“ во СССР. Интересот на европската (и светската) работничка класа морал да биде ставен на второ место во стратешките интереси на владејачката бирократија во Русија. А тие во 30-те години биле многу уплашени. Хитлер дошол на власт 1933 година и наспроти фактот дека Сталин не сакал кавга со Германија (три месеци откако нацистите ја преземале власта, Сталин потпишал продолжување на Германско-советскиот пакт од 1926 година) односите помеѓу тие две земји се заладиле. Сталин се плашел дека Британија и Франција ќе се договорат со Хитлер и оттаму ќе ја остават Русија отворена за напад. Верувал дека тие ќе се задоволат безбедно да го посматраат колежот помеѓу Русија и Германија. Кога двете земји би се исцрпиле, Британија и Франција би се појавиле како господари на Европа.

Поради тоа Сталин во 1935 година потпишал пакт за заемна помош со Франција. Тука не постоела обврска за заемна воена помош. За Франција тоа преставувал начин да ги острани преостанатите врски помеѓу Русија и Германија, како и истовремено да ја натера француската Комунистичка партија да го отфрли своето противење на владината одбранбена програма.

За да би го спречиле надминувањето на разликите помеѓу Велика Британија и Франција со Хитлер на сметка на Советите, во обид да се гарантира дека Француско-советскиот пакт нема да пропадне поради влијанијата отстрана, како и обидот да се склучат слични пактови со владите од други земји, пред сѐ со Велика Британија, најважно било да се зацврсти владиното несогласување со германските цели во Источна Европа. Поради тоа била усвоена политика на Народниот фронт на 7-от Светски конгрес на Коминтерната во август 1935 година. Тоа тело, познато и како Третата интернационала, ги собрало сите комунистички партии под руско водство.

Народните фронтови

Најважната цел на таа политика била средната класа и некои газди да се вовлечат во широките антифашистички фронтови. За да го направат тоа, комунистичките партии ја отфрлиле раволуционерната политика. Тоа требало да биде борба за зачувување на буржоаската демократија, а за да би се привлекле републиканските и либералните партии на средната класа, екстремните позиции никогаш не биле усвоени.

Политиката на народниот фронт била многу успешна. Во почетокот на 1936 година, биле избрани владите на Народните фронтови во Франција и во Шпанија. Програмите на тие партии биле прилично умерени. Во Шпанија социјалистичкиот предлог за национализација на земјата бил отфрлен поради републиканската опозиција. Тој Народен фронт го сочинувале Републиканската партија, Републиканската унија, Социјалистичката партија, POUM, Синдикалистичката партија, Националистите од Баскија и Каталонија (кои сметале дека десницата им ја загрозува автономијата) и секако Комунистичката партија.

Кога започнала граѓанската војна, сталиновите инструкции биле јасни. Сите напори на комунистите морале да бидат насочени кон една задача: добивање помош од Велика Британија и Франција и наговорање да ја отфрлат својата неутралност. Договорот за ненапаѓање бил потпишан во август 1936 година, со надеж дека ќе се спречи продолжување на судирот. Сталин верувал дека доколку Велика Британија и Франција ја отфрлат таа политика, граѓанската војна ќе прерасне во многу поголем судир (Германија и Италија веќе давале воена помош на фашистите). Тој судир, од кој Русија би се дистанцирала, би ги донел завојуваните страни до заемно исцрпување, а руските владетели би се појавиле како нови господари на Европа. Поради тоа го отфрлиле револуционерниот аспект на граѓанската војна и борбата била прикажувана како борба која нема никакви други барања освен основните демократски (што, всушност и било точно). На почетокот, сталинистите велееле дека револуцијата ќе избувне откако фашистите ќе бидат поразени. Многу брзо престанале и со таа празна приказна.

Се разбира, сталинистичката (и комунистичката) концепција на социјализмот е многу различна од анархистичката. Во анархизмот најважно е масите да ја преземат контролата и да управуваат со оштеството преку собраниски систем. На сталинистите социјализмот им налага национализација на сѐ и препуштање на управувањето на државата која ќе биде водена од страна на партијата. Контролата преминува во рацете на професионалците, технократите и бирократите, кои почнуваат да ги развиваат своите сопствени класни интереси. Дури и кога сталинистите би се одлучиле на борба за социјализам тие и понатаму би морале да ги поткопуваат анархистите.

Политиката на додворување на Велика Британија и Франција од страна на владејачката класа, од самиот почеток била осудена на неуспех. Не само поради нивната воена неподготвеност, туку и заради нивното сфаќање дека доколку се вмешаат во војната со Хитлер, двете страни (тие и нацистите) ќе бидат ослабени и поради тоа ќе ја зајакнат позицијата на Русија. На тој начин, сето време до почетокот на Втората светска војна, Велика Британија се обидувала да се договори со Хитлер како би си отворила пат за напад на Русија на исток.

Морнарицата

Активностите на морнарицата, којашто останала лојална на републиката, неколку пати биле прекинувани за да не би се довеле во прашање англо-француските интереси во Гибралтарскиот теснец. Морнарицата била многу успешна во вознемирувањето на Франковата база во Мароко, но нивните активности биле запрени за двете страни да бидат задоволни. Во контекст на тоа, републиканската влада одбила да даде независност на Мароко и со тоа Франко да го лиши од базата. Доколку го стореле тоа, ќе ги довеле во прашање британските и француските колонијални интереси во Северна Африка. Примерот на шпанскиот Мароко би можел да им даде слични идеи на другите нации. Дури во еден момент, владата понудила да ги предаде интересите во Мароко на Велика Британија и Франција во замена за нивната интервенција.

Револуцијата која избила била многу непријатна за комунистите. Шансите да ги придобијат Велика Британија и Франција биле намалени со фактот дека започнала социјална револуција. Немало шанса британската и француската влада да интервенираат во корист на револуционерите. Поради тоа, револуцијата морала да биде скриена и евентуално задушена. Силата на колективите и милициите морала да биде уништена.

На почетокот на граѓанската војна имало 40.000 членови на шпанската Комунистичка партија. Нормално, се поставува прашањето како можела толку мала организација да влијае на текот на случувањата и со текот на времето да стане доминантна група во Народниаот фронт.

Во градењето на својата партија комунистите особено се истакнале во Каталонија, срцето на револуцијата. Колективизацијата сериозно ја вознемирила средната класа. Малите работи биле насекаде прекинати, а припадниците на средната класа се чувствувале отфрлени затоа што работничките комитети ја преземале распределбата. Тие со задоволство би се вратиле во своите традиционлани партии, но увиделе дека се неспособни да го запрат колективистичкото движење. Комунистичката партија изгледала како единствена сериозна партија која може да го заштити нивниот имот или да им го врати од рацете на работниците. Еден поранешен комунист го коментира тоа: „во Муриција, како и на другите места, ги видов нашите плакати и летоци кои апелираа на сопствениците на продавници да се приклучат на Комунистичката партија со ветување за апсолутна поддршка на приватната сопственост“.

Со голема брзина

Членството на Комунистичката партија се зголемило многу брзо. За неколку месеци од почетокот на војната, се приклучиле 76.000 селани кои поседувале земја како и селаните-застапници со 15.485 припадници на граѓанската средна класа. Тие во своите слоеви влијаеле на илјадници припадници на средната класа кои всушност не се приклучиле на партијата, но ја симпатизирале. Како средство за заштита на граѓанската средна класа, во Каталонија комунистите организирале 18.000 трговци, занаетчии и мали производители во организацијата CEPCI. „Solidaridad Obrero“ (Работничка солидарност), весникот на CNT, коментира дека некои во тоа тело се „непомирливи работодавци, сурови противници на работата“. До март 1937 година, Комунистичката партија имала 250.000 членови. Преземале и други мерки за да го зголемат своето влијание. Само четири дена по воениот удар, комунистите се соединиле со социјалистите од Каталонија и го оформиле PSUC. Локалниот UGT подлегнал под управа на PSUC. Водечките членови на социјалистичката партија и UGT ги напуштале и преминувале кај комунистите, некои дури и тајно. Многу од членовите на социјалистичката партија не ја увиделе разликата помеѓу нивната линија и комунистичката линија: победа во војната, револуцијата, помирливиот став кон странските сили, итн. Но поради тоа што комунистите имале цврст партиски апарат (засилен од Москва) биле во можност да регрутираат нови членови на штета на социјалистите. Многумина се придружиле поради нивната: „преданост во собирање на членови, многу вештата пропаганда, организаторски способности и престижот добиен со руското оружје“.

Комунистите воспоставиле контрола врз JSU (Обединета социјалистичка младина). Таа група настанала со замирање на комунистичките и социјалистичките младински организации. Имала 50.000 членови и била формирана кратко пред да почне војната. Големиот број на водечки членови ја напуштиле социјалистичката младина и преминале кај комунистите, што на овие им овозможило контрола над оваа организација.

Би било погрешно да се тврди дека контрареволуцијата е исклучиво резултат на политиката и активностите на комунистите. Републиканците и социјалистите соработувале со нив. Републиканците кои ја изгубиле секоја реална база во масите, се повлекле и на комунистите им ја препуштиле директната работа во спротивставувањето на социјалната револуција и одбраната на средната класа. Дури и Ларго Кабаљеро, кој станал премиер во август, и едно време бил социјалист левичар и водач на UGT, се изјаснил за формирање на влада во која е „неопходно жртвување на револуционерните начела за да победи другарството на демократските сили“, и дека „шпанската влада не се бори за социјализам, туку за демократија и уставно законодавство“. Иако Кабаљеро не соработувал цело време со комунистите, имал многу од нив во неговата партија, дури и неговите најблиски соработници, кои работеле на комунистичката линија, против социјалната револуција.

Мора исто така да биде изнесено дека учеството на членовите на CNT во владата го помогнал растот на контрареволуцијата. Тие влегле во каталонската влада во септември (да се потсетиме дека Каталонија била полуавтономна) и во националната влада во ноември 1936 година. Подетално со тоа ќе се позанимаваме во следното поглавје, а засега е доволно да се каже дека нивното учество донело кредибилитет кај масите. Тие биле клучен елемент во докажувањето на светот дека борбата во Шпанија е за воспоставување демократија, дека повторно ќе се изгради уништената државна машинерија и дека власта и авторитетот кои биле во рацете на вооружените работници ќе се врати на владата. Учеството на CNT служеше да ги запре масите и да ги натера да веруваат дека имаат потпора во владата и дека треба да ја бранат.

Руското оружје

Битно е дека Комунистичката партија управувала со контрареволуцијата. Тие биле единствените кои ја сфатиле „неопходноста“ на контрареволуцијата и кои донеле одлука да ја спроведат. Можноста да ја спроведат ја имале поради престижот кој го имале, бидејќи Русија била единствена земја која праќала поголеми количини оружје на републиката (Мексико исто така праќал помош, но во помали количини). Русите не праќале само оружје туку и воени советници и техничари кои постепено го преземале водството со војната.

Сталинистите ќе ви кажат дека Русите обезбедувале оружје од самиот почеток. Тоа е лага. Сталин во почетокот се согласил со пактот за неинтервенирање, поради страв од судир со западот. Првите количини оружје не стигнале сѐ до октомври, а кога стигнале тоа било поради стравот дека германското и италијанското оружје ќе биде одлучувачка сила на фашистите. Помошта била дадена „прикриено и во обид да се ограничи можноста за мешање на Русија во војната“.(Кривицки во „In Stalin’s Secret Service“ - стр 81; Кривицки бил шеф на Сталиновата разузнавачка служба за западна Европа).

Поради тој страв од вклучување во војна со Германија и Италија, помошта била ограничена на помагање на отпорот до можната интервенција од страна на Велика Британија и Франција. Таа помош морала да биде платена - шпанските резерви со злато се преселиле во Москва. Комунистите знаеле дека доколку посегнат по контрареволуцијата, ќе ја примораат државата, преку нивната помош, да ја врати контролата над војската и полицијата. Бесцелно било на работниците да им се зборува да се откажат од колективизација и да го фрлат оружјето, доколку таа контрола не биде воспоставена. Сите држави почиваат на употреба на сила и поради тоа револуцијата може да се изведе само ако луѓето се вооружени.

Поради Советската помош, на комунистите им било лесно да ја постигнат контролата над вооружените сили. Тоа не било само поради количините на пратеното оружје, туку и поради фактот дека Советите биле главни доставувачи на воен материјал. Министерот за Авијација и Морнарица, Прието, често се шегувал на сметка на неговиот кабинет изјавувајќи дека тој „не е министер на ништо, зошто авијацијата не го слуша. Вистински министер на авијацијата бил рускиот генерал Дуглас“.

Милитаризацијата

Поради таа контрола над оружјето, комунистите (поддржани од другите) ја спровеле милитаризацијата. Повторно била воведена регуларната војска со офицери, полкови, отпоздравување и различни плати. На милициите кои одбивале да бидат под команда на военото министерство (а многу милиции на CNT и POUM го сториле токму тоа) им била прекината испораката на оружје. Биле оставени без можност да избираат.

Новата војска била возобновена под комунистичка контрола. Знаеле дека без контрола над војската нема да можат да воспостават контрола над антифашистичкото собрание. Поради тоа што Петтиот полк (најголема единица контролирана од сталинистите) ги презеле распуштените милиции, комунистите воспоставиле контрола над пет од шестте бригади на новата војска. Тие исто така ја презеле контролата над главниот воен комесаријат, кој бил воспоставен поради воспоставување на политичка контрола над војската со помош на политички комесари. Поради тоа што повеќето од нив биле сталинисти, го контролирале протокот на политички материјал на фронтот. Анархистичкиот материјал бил секогаш задржуван. Сѐ што можеле војниците да читаат биле лагите на Комунистичката партија.

Не била повторно воведена само војската, туку и полицијата, особено омразената Цивилна гарда која била основа на репресијата над CNT. Променето ѝ било само името во Национална републичка гарда. Јуришната гарда била повторно воспоставена и до почетокот на декември имала 28.000 регрути. Бројот на карабињерите, кои биле граничари на подредената царина и под контрола на министерот за финансии Негрина (познат симпатизер на комунистите), пораснал на 40.000. Пред војната ги имало само 16.000 и тоа во цела Шпанија. Негриновиот подсекретар објаснил која била нивната улога:„вие сте чувари на државата, а оние визионери кои веруваат дека хаотичната ситуација на општествената недисциплина и безобзирност е дозволива, потполно грешат, зашто војската на народот, и вие карабињерите, ќе знаете како тоа да го спречите“.

Државата самата себе си го дала монополот над силата. Работничките партии кои изникнале во јули биле распуштени. На работниците им било наредено да го предадат оружјето, а оние кои тоа го одбивале биле сметани за фашисти. Се кажувало дека тоа оружје е потребно на фронтот. Иако тоа било вистина, тој аргумент бил користен како средство за разоружување на револуционерните работници. Имало многу оружје под контрола на полицијата. Џорџ Орвел тоа го забележал по мајските денови во Барселона. „Анархистите беа претпазливи, дури и ако го имаа предадено оружјето. PSUC го задржал своето, и тоа беше сѐ што се случи по завршетокот на борбата. Во меѓувреме, на улиците беше можно да се видат големи количини на оружје кое беше потребно на фронтот, но кое беше во рацете на „неполитичките“ полиции во позадина. („Во чест на Каталонија“).

Контрареволуцијата потоа била насочена против колективите. На 7 јануари 1937 година, објавено е распуштањето на работничките комитети за снабдување. Дистрибуцијата на храна ја презела GEPCI. Тоа довело до недостиг и трупање на намирници поради порастот на нивната цена. За тоа биле обвинети колективите, но било добро познато дека храната можела да биде гарантирана доколку луѓето се зачленат во PSUC.

Национализацијата

Кредитите не биле давани на оние работни места кои одбивале да се стават под контрола на владата. Како што веќе претходно беше кажано, банките не биле преземени и оттаму владата имала голема моќ над работниците. Национализацијата на тешката индустрија била погрешна со цел да биде доведена под владина контрола. Се тврдело дека тоа е неопходно заради воените напори. Се тврдело и дека колективите се неефикасни и дека секое работно место е загрижено само за својот профит. Не може да се одрече дека постоеле некои проблеми со подобрите колективи. Но CNT посакувал координација низ социјализација под контрола на работниците. За да може тоа да се изведе, морал да дојде крај на секој облик на приватна сопственост врз средствата за производство. Се разбира, комунистите тоа не би го дозволиле затоа што тоа било закана за нивната ценета средна класа.

Во селата колективизацијата била дозволена само на земјата на фашистите, а имотот на оние кои ја поддржувале републиката, морал да биде вратен. До каде комунистите биле спремни да одат може да се согледа од инвазијата на Арагон. Одбранбениот совет на Арагон бил прогласен за илегален во август 1937 година. По таа декларација следувала инвазија која била водена од единаесеттата дивизија на Генерал Листер (Член на PSUC). По изјавата на CNT, земјата, орудијата за обработка на земјата, стоката и коњите кои биле конфискувани од десничарите, биле вратени на сопствениците. Во некои села фармите биле лишени од семе за сеење, додека 600 членови на CNT биле уапсени. Сѐ на сѐ, 30% од колективите биле уништени, а подготовката за жетва била прекината. Инвазијата и репресијата кои следеле, како што може да се претпостави, не резултирале со ништо освен омраза, огорченост и губење на илузиите. Селаните почнале да се прашуваат за што се бореле. Губењето на илузиите, без сомневање, придонело за пропаѓање на фронтот по само неколку месеци. Слични напади биле извршени и врз колективите во Левант и Кастилја.

Тоа покажува до каде биле подготвени да одат „социјалистите“ од Комунистичката партија во исполнување на сталиновите инструкции. Уште покобен аспект било постоењето на затвори во Шпанија кои припаѓале на советската тајна полиција ГПУ (претходници на КГБ). Тие постоеле, и во тоа нема сомнение. Во декември 1936 година, „Правда“ објавила: „И во Каталонија почна чистењето од троцкистите и анархосиндикалистите. Ќе биде спроводено со иста жестина како и во СССР“.

Еве што Кривицки имал да каже за активноста на ГПУ во Шпанија за чие воспоставување е донесена одлука по итна постапка на конференцијата во Москва на 14 септември: „ГПУ имаше свои специјални затвори. Нивните единици вршеа убиства и киднапирање. Убиваа во скриени темни места и ги организираа летечките одреди. Министерот за правда немаше авторитет над ГПУ. Тие беа сила пред која се тресеа и некои од највисоките офицери на Кабулеровата влада. Изгледаше како Советскиот Сојуз да сака да ја зграби лојалната Шпанија иако таа веќе била во нивни раце“. („In Stalin’s Secret Service “ - стр.102).

Целта била да се елиминираат револуционерите. Секој кој ќе се осмелел да зборува за тоа што се правело, можел да биде следниот кој ќе настрада. Нино, водачот на POUM бил убиен од ГПУ, како и Камило Бернери, италијански анархист кој го критикувал водството на CNT. Бернери го издавал весникот „Guera di classe“ во кој се заговарала револуционерна војна против фашизмот. Бил убиен од социјалистите поради неговите цврсти револуционерни позиции. Во јули 1937 година, 60 членови на CNT „исчезнале“, термин кој тогаш, а и сега, се користи за именување на оние убиени од страна на тајната полиција, поим кој до денес го применуваат диктаторите во Латинска Америка.

Двете патеки

Значи се појавуваат два заемно исклучиви начини на борба против фашизмот. Првиот е оној на сталинистите и нивните помагачи: да се отстапи од својот пат како би ги помириле газдите во Велика Британија и Франција во залудна надеж дека истите ќе интервенираат; да се води граѓанска војна, војна против легитимното раководство на Шпанија, да се даде на полицијата второкласна улога; да се изгаси пламенот на револуционерната политика, да се складираат илјадници парчиња оружје во позадина за да се задуши работничкото движење; да се уништи колективизацијата и да се жртвуваат успесите на работниците и селаните поради меѓународните интереси на Сталин.

Спротивно на тоа е ставот како револуционерната војна би требало да биде водена: револуционерната политика да се направи главно оружје; да се предадат фабриките на оние кои работат во нив; да се шири пропаганда во фашистичката позадина; да им се даде на селаните вистинска причина да се борат против Франко; да им се докаже дека колективизацијата ќе им донесе добро, а да не се дозволи да живеат во страв дека сталинистите ќе им ги уништат колективите; да им се даде земјата на селаните и така да се создаде централна основа за борба која ќе го лиши Франко од многу војници кои се синови и ќерки на селаните.

Да се даде слобода на Мароко и таму да се организира востание против Франко, за да го лишат од централниот извор на резерви и оружје. Да се апелира директно на европската работничка класа (чии влади немале интерес да ѝ помогнат на шпанската револуција). Да се апелира на француските работници кои во 1937 година влегле во втората година од немирите што започнале со масовни штрајкови претходната година. Нивната акција можела да ја спречи интервенцијата на Франција и Велика Британија против револуцијата.

Да се запленат резервите на злато и да се изврши експропријација на банките. Да се искористат парите за купување на оружје и да се внимава оружјето да стигне на фронтот, каде што било најпотребно.

Тоа биле работите кои требале да се сторат. Тие не биле гаранција за победа, но можеле да запалат искра која можела да се прошири низ Европа и така да ја разбие изолацијата на шпанската револуција. Можеле да бидат пресвртница за цела Европа, наместо Шпанија да биде уште една жртва на фашизмот, а граѓанската војна предигра за крвавата светска војна.

Народниот фронт не можел да ја изведе таа акција затоа што бил заснован на класен сојуз. За работниците било потребно да ја преземат целосната контрола. Тоа било можно, особено во Каталонија, каде што регионалниот конгрес на работничките совети требало да воспостави работничка република. Тој пример подоцна би можел да биде следен низ цела Шпанија со што би можело да се води револуционерна војна. Војна која не би ги вратила комунистите, социјалистите или републиканците во владата, туку војна која би ги ослободила измачените маси.

Но работничката класа не ја презела власта. CNT, кој бил во позиција тоа да го стори, тоа го одбил. Обраќале внимание на соработката со другите или поддржувале одлука по одлука, поткопувајќи ја револуцијата. Објективно, водачите на CNT и FAI биле контрареволуционери. Во ситуација на двојна власт, или работниците ја отфрлаат владејачката класа и ја преземаат власта, или владејачката класа повторно извојува контрола. Не постои среден пат. CNT со соработката можел да оди само по еден пат. Револуцијата не може да биде изведена до половина. Работничката класа мора да се брани или револуцијата е осудена на пропаст. А зошто анархистите не ја преземале власта? Сега ќе се вратиме на тоа.

Свежа револуција

Како што беше претходно кажано, анархистите се против државата. Сите држави. Без оглед дали се либерал-демократски, монархистички или тоталитарни. Анархистите гледаат на државата (составена од војска, полиција, влада, бирократија...) како орган со кој владејачката класа ја одржува контролата над повеќето жители. Основа на анархизмот е верувањето дека државата мора да биде уништена и заменета со систем заснован на работнички совети и совети на заедниците. Делегати од секое работно место и заедница би биле делегирани во регионални совети кои би испраќале делегати во национални и евентуално интернационални совети. Делегатите би биле јавно избирани, а сите поголеми одлуки би се носеле на работничките собранија.

Често тие совети настануваат спонтано, или како органи на одбрана, налик на советите за време на руската револуција. Во почетокот настануваат од штрајкувачките комитети, но брзо се развиваат во тела врз кои би можело да биде изградено новото општество. Таа идеја е централна за анархизмот. Слободното општество не може да биде градено врз старите структури, туку мора да бидат изградени нови, во кои произведувачите ќе бидат директно застапени. Револуцијата не се случува во парламенти и влади, или со обид да се преземе веќе постоечката државна машинерија.

Советите и колективите кои се појавиле за време на граѓанската војна, биле органи врз кои можела да биде изградена револуцијата. Но за нив било неопходно да бидат поврзани на регионално и национално ниво, за власта на работниците и селаните да биде одбранета, власт која би ја отфрлила регионалната и централната влада. Тоа би значело одбивање на поделбата на власта со преостанатите елементи на владејачката класа, што би бил голем чекор напред во комплетирање на револуцијата.

CNT

CNT одбил да го стори тоа. После 19 јули, нивните водачи во Каталонија биле повикани во канцеларијата на премиерот на Каталонија, Компанис. Тој им кажал да го контролираат регионот, и дека тој би им бил верен слуга доколку ја преземат власта. Тие тоа го одбиле. Наместо тоа повикале на формирање на Централен комитет на антифашистички милиции. Тоа бил првиот чекор кон колаборација. Сите партии, вклучувајќи ги и републиканците, биле вклучени во тоа тело. Тоа постоело напоредно со каталонската влада. Централниот комитет бил распуштен во септември 1936 год., кога CNT влегол во владата. Во ноември, четири члена на CNT влегле во националната влада во Мадрид. Двајца од нив биле членови на FAI.

Тоа било далеку од она што било објавено во информативниот билтен на CNT-FAI во септември 1936 год., во текстот со наслов „Непотребност од влада“, објавиле дека експропријацијата која е во тек ќе доведе до „Ликвидација на буржоаската држава која ќе умре од задушување“. Нивните членови се приклучиле на владата на таа иста држава.

Изнеле неколку причини за тоа. Во суштина, тие сметале на отповикување на аргументите во врска со Британија и Франција. Било изнесено дека социјалната револуција би била задушена и дека во иднина не би доаѓало оружје од западните сили (кое, всушност, никогаш и не доаѓало!). Тие одлучиле дека добивањето на војната и дигањето револуција се две различни работи и дека добивањето на војната е поважно. Тоа значело колаборација во широкиот антифашистички фронт: „…во обид да се добие војната и да се спаси нашиот народ и свет, ние (CNT) сме спремни да соработуваме со кого било во управувачките органи, без разлика дали тој орган се нарекува свет или влада“. („CNT“, весник на CNT во мадридскиот регион, 23.10.1936.)

Уште една причина која ја изнеле била дека со влез во владата би можеле да ги консолидираат постигнатите успеси. Би можеле да го „регулираат политичкиот живот на Шпанија, давајќи им легитимност на револуционерните комитети“ (Хуан Лопез, министер за трговија, анархист). Постоел дури и аргумент дека влезот во владата е меѓународна отстапка и дека револуцијата ќе тече под закрила на легалната влада.

Поради тоа било одржувано антифашистичкото единство и сѐ што се заканувало да го раздвои било задушувано. Владата знаела дека е многу корисно да има претставници од CNT и дека тоа е дополнително средство за контрола над масите. Меѓутоа, мора да се истакне дека одлуката за влез во владата била донесена од националниот комитет без консултација со широкото членство. Тоа бил вистински прекин на традицијата. Неопходноста од делување, предизкана од недостигот на време, бил изговорот на раководството.

Мајските денови

Улогата на CNT во владата може јасно да биде илустрирана со она што стана познато како „Мајски денови“. На 3 мај 1937 година, три товарни коли, полни со полицајци, предводени од сталинистот Салас (комесар за јавен ред), се обиделе да ја освојат телефонската централа којашто била контролирана од заедничкиот комитет на CNT и UGT уште од почетокот на војната. Целта била насилно да се преземе контролата над зградата од работниците и така да се врати можноста за проверка на телефонскиот систем. На овој начин телефонистите биле во можност да следат што се случува слушајќи ги разговорите на владините министри. Тоа бил почетен обид на владата да окупира стратешките точки во градот и да се подготви за сеопшт напад. Полицијата го освоила првиот кат поради ненадејниот напад, но понатаму неможеле. Борбата започнала. Веста како пожар се проширила, и за неколку часа одбранбените комитети на CNT и на FAI стапиле во акција вооружувајќи се и градејќи барикади. POUM помогнал и наскоро работниците го контролирале поголемиот дел од градот. Владата го контролирала само центарот кој лесно можел да биде освоен.

Преземени биле акции и во другите области на Каталонија. Цивилната гарда била разоружана, а канцелариите на PSUC окупирани поради „превентивни мерки“. Првата ноќ немало пукање, а следниот ден работниците ги прошириле барикадите во предградијата. Вклучена била и слободарската младина (FIJL). Работниците биле подготвени да ја преземат контролата, но стигнала наредба од Casa CNT (штабот на CNT) со која се забранувале сите акции, а на работниците им било наредено да ги напуштат барикадите. Водачите на CNT стапиле во преговори со владата, што резултирало со тоа на владините сили да им се даде време да се утврдат во зградите и да ја окупираат катедралата. Цел вторник (4 мај), регионалниот комитет на CNT упорно апелирал преку мегафони да се тргнат барикадите и работниците да се вратат на работа. За тоа време продолжиле преговорите, а во Casa CNT стигнувале апели од другите работнички центри кои биле нападнати. Владините министри од CNT повторно повикувале од Валенсија (каде што била централната влада во тоа време) да се продолжи со апелирање до работниците.

Преговорите продолжиле, но не воделе никаде поради барањето на владата за контрола над телефонската централа. На работниците им било наредено да ги напуштат барикадите, но за среќа тие тоа не го сториле. Во четврток (6 мај), зградата била испразнета и PSUC ја презел. Истиот ден PSUC ја презел и железничката станица. Таа претходно исто така била под контрола на CNT. Слично било низ цела Каталонија.

Во петокот, 5.000 членови на јуришната гарда пристигнале во Валенсија. Следувало повеќекратно насилство.. Мајските денови оставиле 500 мртви и 1.100 ранети. Уште стотици биле убиени во текот на чистењето што се одвивало наредните неколку недели.

Во мај ,контролата над јавниот ред во Каталонија била пренесена во Валенсија, со што ефектната каталонска автономија престанала да постои. После мај, министрите членови на CNT заедно со Кабаљеро, биле распуштени. Новата влада била под чисто сталинистичка контрола. Министрите послужиле за остварување на целта и веќе не биле потребни. Контрареволуцијата, сериозно избила после мај, со декрети кои ги поткопувале револуционерните комитети. Тоа било можно, бидејќи рбетот на револуцијата, работниците на Каталонија, биле скршени.

Пријателите на Дурути

За време на мајските денови се појавила алтернатива на политиката на Националниот комитет на CNT, наречена Пријателите на Дурути. Таа група била формирана во март 1937 година и се состоела од милитантите на CNT кои се противеле на политиката на милитаризација на милициите. Го земале името на Дурути, кој ја водел милицијата на Арагон и до крај ја бранел социјалната револуција. Кога од CNT му кажале дека ќе влезат во владата за да ги легализираат достигнувањата на револуцијата тој им одговорил: „Кога работниците ја експроприраат буржоазијата, кога ја напаѓаат странската сопственост, кога јавниот ред е во рацете на работниците, кога милициите се контролирани од синдикатот, кога всушност во тек е процес на создавање на револуција од дното кон врвот, како е можно на тоа да му се даде легална основа?“ Во март, Жаим Балиус, еден од водечките милитанти на Пријателите на Дурути рекол: „Ние анархистите дојдовме до крајната граница на отстапки, нема ни чекор поназад. Време е за акција. Да ја спасиме револуцијата. Доколку продолжиме да се откажуваме од нашите позиции, нема сомнение дека за кратко време ќе бидеме уништени. Тоа е основната причина поради што е неопходно да развиеме нова организација во нашето движење“.

Под тој нов правец се подразбирал крај на аполитичноста на анархизмот. „За да го победиме Франко, мораме да ја срушиме буржоазијата и нејзините сталинистички и социјалистички сојузници. Капиталистичката држава мора да биде тотално уништена и мора да биде воспоставена работничка власт која ќе се заснова на работничките комитети од широк спектар. Аполитичниот анархизам пропадна“. За време на мајските денови тие повикале на воспоставување револуционерна хунта. Повикале на разоружување на полицијата, социјализација на економијата, распуштање на политичките партии кои се свртеле против работничката класа. Всушност тие повикале на работничка власт. Ги повикале работниците да останат на барикадите уште додека ја имале контролата над Каталонија. Во четврток 6 мај, регионалниот комитет на CNT објавил соопштение во кое се одрекува од Пријателите на Дурути како „агенти провокатори“. Истиот ден и Пријателите на Дурути објавиле леток кој го напаѓал раководството на CNT и истакнувал дека револуционерната шанса е пропуштена. Пријателите на Дурути биле исфрлени од CNT на крајот од мај. Нивните канцеларии ги презела полицијата, а нивните организации биле прогласени за незаконски.

Хунтата

Можеме ли да бидеме изненадени од идејата анархистите да повикуваат на хунта? Што значи тоа? Во брошурата „Низ новата револуција“, објавена во средината на 1938, Пријателите на Дурути објаснуваат на каква хунта мислат. Ја опишуваат како слаба варијација на анархизмот. „Тоа тело би било организирано на следниот начин: Членовите на револуционерната хунта ќе бидат избрани се демократско гласање во синдикалните организации. Мора да биде вклучен и одреден број луѓе кои се на фронтот. Тие луѓе мораат да имаат право да бидат застапувани. Функциите мора редовно да бидат подложени на реизбори, како би се спречило некој да ги приграби за себе. Собранијата на синдикатите ќе вршат контрола над активностите на хунтата“. Тоа не би било само именувана група на водачи, туку демократски орган преку кој работниците би можеле да управуваат со општеството и да ја завршат револуцијата. Тука не би имало претставници на организациите на неработничките класи или политичките партии. Тоа било многу поразлично од Лениновата идеја за диктатура на пролетеријатот (читај Партијата) која имаше трагични последици во Русија. Пријателите на Дурути прекинале со традиционалната аполитичност на CNT. Тие предвидувале дека државната власт нема да исчезне, туку мора да биде уништена и заменета со власт на работничките совети. Тие прифатиле дека револуциите се тоталитарни доколку „…се случи различни аспекти на револуцијата да се занимаваат со напредни работи, но со предубедување дека класата која го претставува новиот поредок е најодговорна“. Тие ги сфатиле недостатоците на синдикализмот. Сепак, не се одрекнале од милитантноста на CNT и нивните идеи дека широките маси буквално ќе го срушат капитализмот и на негово место ќе ги стават работничките и селските колективи. Членовите на CNT херојски се бореле во милициите и ги воодушевувале останатите со својата храброст. Но поради својата аполитичност, откако фабриките и земјата биле освоени, CNT не знаел што понатаму да прави. За нив државата требала да изумре од „природна смрт“. Но таа не умре. И покрај големите идеи на CNT за тоа како ќе изгледа анархистичкото општество, и сфаќањето на потребите на работничката класа сама да крене револуција, тие не можеле да ги поврзат револуционерната ситуација и целта на слободниот комунизам. Како што Дурутиевите пријатели истакнале: „Тие (CNT) немаат конкретна програма. Немаат идеја каде одат. Имаат доста убави зборови, но кога сѐ е речено и сторено не знаат што да направат со масите работници и како да го вообличат движењето на народот“. Се држеа до ставот дека CNT може „да дојде на раководно место во државата и да изврши неколку државни удари, но сето тоа е стар модел и анархично“. CNT тоа не го сфати. Тие заземале став за демократска соработка или „анархистичка диктатура“. Гарсија Оливер, еден од министрите на CNT и член на FAI, рекол: „CNT и FAI се одлучија за соработка, одрекувајќи се од револуционерниот тоталитаризам кој води до поврзување на револуцијата со анархистите и диктатурата на конфедерацијата“. Се плашеле да ги преземат уздите. Но, тоа не било прашање за наметнување на „анархистичката диктатура“, туку создавање на нови органи преку кои револуционерните маси би ја одбраниле својата власт. Синдикализмот не можел да го увиди тоа бидејќи верувал дека синдикатите (т.е. CNT) се тела врз кои треба да биде изградено новото општество. Поради тоа што државата не изумрела, CNT почувствувал потреба да учествува во неа како би имал некаква контрола. Завршиле заклучувајќи дека тоа бил единствен начин за нешто да кажат. Оделе дури дотаму што некои хајки кои ги преземале, биле резултат на нивната потреба да го оправдаат своето учество. На пример: „Денес владата како инструмент кој го контролираат органите на државата, не претставува тело кое го дели општеството на класи. А двете уште помалку ќе го угнетуваат општеството бидејќи во нив има вмешани членови на CNT“. („Solidaridad Obrero“, ноември 1936.)

Алтернатива

Пријателите на Дурути биле опозициски израз на таквиот начин на размислување. Не само во нивниот весник, „Пријатели на народот“, туку и во безброј локални публикации на CNT, па дури и на UGT, POUM и Слободарската младина, можела да се најде таква опозиција. Во секој случај, мора да се каже дека тој став се појавил предоцна. Пријателите на Дурути немале доволно време да ги уверат масите во исправноста на своите позиции. Тие ја сфатиле потребата за прегрупирање како би го преземале раководењето со CNT. „Авангардата, т.е. револуционерните милитанти и Пријателите на Дурути, POUM и Младината, мора да се прегрупираат за да изградат програма на пролетерските револуционери“. Можеме да го увидиме препознавањето на потребата револуционерното малцинство да се организира и да го осигура раководењето со масите. Не водството познато на сите нам, туку водството на идеи. Тоа е препознавање на она што е погрешно и на тоа што треба да се направи. Дека Пријателите на Дурути не се гледале себеси како „сезнајковци“ јасно е од нивниот предлог за создавање хунта. Шпанската револуција не се одрекла од анархизмот. Ако ништо друго, барем многу пред Полска, Чехословачка или Унгарија укажале на пропаста на сталинизмот и државниот капитализам на Русија. Активностите на сталинистите биле далеку од она што вистинските социјалисти би морале да го прават. На другата страна, маси анархисти се впуштиле во борба против фашизмот и неговата причина, капитализмот. За несреќа, револуцијата не била целосна, водачите на CNT ја запреле. Всушност нивното однесување го осветлува ефектот кој власта може да го има дури и над оние кои се колнат во анархизмот. Шпанија дава важна лекција за анархистите. Ја покажа неадекватноста на синдикализмот, потребата за политички анархизам и потребата за анархистичка политичка организација. Мора да сфатиме дека државата и политичката власт не умираат. Тие мора да бидат уништени. Пред сѐ, Шпанија покажа што можат обичните луѓе да сторат во вистински услови. Следниот пат кога некој ќе ви каже дека работниците се глупави и дека не би можеле да го преземат управувањето со општеството, споменете му ја Шпанија. Објаснете му што направија работниците и селаните (од кои многу беа неписмени). Кажете му дека анархизмот е можен!