Aнархистичкиот инсурекционистички проект има потреба од метод кој го одразува светот по кој тежнееме, но и реалноста на светот кој се стремиме да го уништиме. Дејствувањето во мали групи засновани на афинитет ги исполнува обете барања. Моќта во модерниот свет повеќе нема вистински центар, туку се шири низ општествениот терен. Дејствувањето во мали групи допушта проектите за напад исто така да се рашират низ тој терен. Но, уште поважно, овој метод ја вклучува и целта во самиот себе - самиот револт прераснува во начин на создавање нови односи. Анархистите секогаш зборуваат за отфрлање на авангардизмот, но таквото отфрлање подразбира и отфрлање на евангелизмот, на митот за квантитетот, кој се стреми да собере поклоненици на некаква анархистичка идеологија. Дејствувањето во мали групи кои вршат напади врз државата и капиталот ја става анархијата во практика, како самоорганизација на сопствениот проект во односи засновани на афинитет - на вистинско меѓусебно познавање и доверба - наместо како приклонување кон одреден систем на верувања. Понатаму, овој тип на дејствување, ослободено од квантитетот, не чека додека „условите не созреат“, додека не е гарантиран голем круг на следбеници или додека не се постигне увереност за резултатите, туку е дејствување без мерка. На тој начин во себе го носи светот кон кој копнееме - свет на односи без мерка.

Некои идеи за инсурекционистичката анархистичка организација

Еднаш штом некој ќе одлучи повеќе да не трпи да биде владеен или експлоатиран и затоа да го нападне општествениот поредок заснован на доминација и експлоатација, се јавува прашањето што да се направи во тој правец. Бидејќи оние кои се креваат на бунт не можат да дозволат да бидат организирани од страна на други, без притоа да паднат под нова форма на доминација, потребно е да развиеме капацитет да ги организираме сопствените проекти и активности, односно да ги споиме заедно елементите кои се неопходни за да се издејствува проектуалност на кохерентен начин.

Затоа терминот организација, во смислата во која го користам овде, значи спојување на средствата и односите кои ни дозволуваат да дејствуваме за себеси во светот. Ова започнува со одлуката да се дејствува, одлуката дека нашата жед да го имаме во свои раце сопствениот живот значи да се бориме против државата, капиталот и сите структури и институции преку кои се одржува контролата над условите на нашето постоење. Таквата одлука го става поединецот во позиција да мора да развие одредени методи кои ќе ја направат возможна интелигентната акција. Најпрво е неопходна длабинска анализа на моменталните услови на експлоатација. Врз основа на таа анализа, ги избираме посебните цели кон кои ќе се стремиме, како и средствата за остварување на тие цели, засновани на стремежите и идеите кои нè придвижуваат. Тие средства, тие алатки за дејствување, најпрво мора да вклучуваат начини на обзнанување на нашите цели, стремежи и идеи на други, со цел да најдеме поединци по афинитет, луѓе со кои ќе можеме да создаваме проекти за дејствување. Во тој правец, се стремиме до креираме прилики за средби и дискусии, во кои сличностите и разликите ќе бидат разјаснети, во кои отфрлањето на лажни единства ќе дозволи создавање на вистински афинитети - ќе се развие вистинско знаење за тоа дали и како можеме да работиме заедно. Ваквите методи дозволуваат проектуалноста на поединците во револт да стане сила во движење, елемент кој ќе движи кон инсурекционистичко раѓање. Бидејќи афинитетот е основата на односите кои ќе ги користиме во нашето дејствување, неформалноста е нужна - само така нејзините форми ќе бидат израз на реални потреби и стремежи.

Така, нашиот стремеж да создадеме востание нè придвижува да одбиеме секаква формална организација, секаква структура заснована на членство и на обидот да се синтетизираат поединечните борби под едно формално водство - она на организацијата. Сите такви структури на синтеза делат некои заеднички карактеристики. Имаат формална теоретска основа, серија на доктрини кон кои од сите членови се очекува да се приклонат. Бидејќи таквите групи имаат потреба од масовност, таа теоретска основа тежнее да се сведе на најмалиот заеднички содржател - сет од поедноставени изјави, без никаква длабочина на анализата и со догматска тендеција, која спречува каква било длабока анализа. Тие исто така имаат и формална практична ориентација - специфичен начин на дејствување, преку кој групата во целост определува што ќе се прави. Потребата која ја имаат таквите групи да ги синтетизираат различните борби под нивна капа - до степен до кој ќе успеат во тоа - води кон формализација и ритуализација на борбите, на тој начин поткопувајќи ја креативноста и фантазијата и претворајќи ги различните борби во прости средства за промоција на самата организација. Од сево ова станува јасно дека, без оглед на тоа какви изјави ќе дава таквата организација во поглед на стремежот кон востание и револуција, во суштина нејзината прва цел е да го зголеми своето членство. Важно е да се разбере дека овој проблем може да постои дури и кога никаква структура не била создадена. Кога анархизмот се промовира себеси на евангелистички начин, јасно е дека формалната теоретска основа ќе ја наметне својата ригидност врз флуидноста на идеите, која е неопходна за развивање на реална анализа. Во таква ситуација, практичната ориентација, односно методите на дејствување, исто така стануваат формализирани - треба само да се погледнат ритуализираните судири преку кои толку многу анархисти тежнеат да ја распространат својата порака. Единствената цел на која ѝ служи оваа привидно неформална формализација е да се обиде да убеди различни луѓе во борбата дека треба да се нарекуваат себеси анархисти, односно да ги синтетизира борбите под водството на црното знаме. Со други зборови, да се собере бројно членство за оваа формална неорганизација. Посегнувањето по медиумите со цел да се објасни кои се анархистите се чини дека го засилува овој начин на интеракција со другите екплоатирани кои се во борба, бидејќи одново ја враќа одвоеноста на анархистите од останатите кои се експлоатирани од ова општество и остава впечаток дека анархистите имаат некакво посебно разбирање на нештата, кое де факто ги прави авангарда на револуцијата.

Оттаму, во стремежот да креираме инсурекционистички проект, сакаме да се организираме неформално: без формална теоретска основа, за да можат идеите и анализите да се развиваат без препреки на начин кој дозволува да се разбере постоечкото и да се дејствува против него, како и без формална практична ориентација, за да можеме да дејствуваме со интелигентна проектуална спонтаност и креативност. Важен аспект на таквата неформална организација би бил создавање мрежа на сличномислечки поединци. Оваа мрежа би се засновала на реципрочно меѓусебно познавање, кое би налагало искрени и директни дискусии за идеите, анализите и целите. Целосно сложување не би било неопходно, но вистинско разбирање на разликите би било. Целта на оваа мрежа не би била регрутирање членови - тоа не би била организација со членство - туку развивање методи за интервенирање во различните борби во инсурекционистички дух, како и координирање на таквите интервенции. Основата за учество би бил афинитетот, односно капацитетот да се дејствува заедно. Тој капацитет се изродува од тоа да знаеме каде да се пронајдеме едни со други, како и од тоа заедно да ја проучуваме и анализираме општествената ситуација, со цел заедно да се придвижиме кон акција. Бидејќи не би постоела формална организација на која би можеле да се приклучиме, оваа мрежа би се ширела само врз основа на вистински афинитет на идеи и на практика. Оваа неформална мрежа би се состоела од алатки кои би ги развивале во текот на дискусиите за општествената анализа и на методите за интервенирање во борбите кои ќе ги создаваме.

Таква мрежа во основа е начин поединците и малите групи да ги координираат своите акции. Вистинската точка на акција е групата на афинитет. Групата на афинитет е неформална, привремена група заснована на афинитет - значи на вистинско меѓусебно познавање - која се здружува за да оствари определена цел. Афинитетот се развива преку продлабочување на меѓусебното познавање: преку сознанието како другиот размислува за општествените проблеми и за методите на интервенција кои ги смета за соодветни. Вистинскиот афинитет не може да се базира на најмалиот заеднички содржател, но мора да вклучува реално разбирање на разликите и сличностите помеѓу оние кои се вклучени, бидејќи само во познавањето на нашите разлики можеме да откриеме како навистина можеме да дејствуваме заедно. Бидејќи групата на афинитет се здружува поради конкретна, наведена цел, таа е привремена формација, која престанува да постои, штом целта е остварена. На тој начин останува неформална и без членство.

Со една таква неформална основа, штом препознаеме дека нашата сопствена слобода ќе остане осиромашена сè додека господарите и натаму ги контролираат условите во кои повеќето луѓе живеат, лишувајќи ги од способноста слободно да ги определат сопствените животи, ќе препознаеме и дека нашето лично ослободување зависи од интервенцијата во борбите на екплоатираните класи генерално. Но, нашето вклучување не е евангелистичко - пропагандистичкиот метод би нѐ сместил на исто ниво со политичките движења, а ние не сме ниту политичари ниту активисти, туку поединци кои си ги сакаат своите животи назад и со таа цел преземаат акции за себеси, заедно со други. Затоа и не им нудиме никаква анархистичка организација на експлоатираните, ниту доктрина на која треба да се потчинат. Она кон што се стремиме е да ја поврземе нашата конкретна борба како анархисти со борбата на другите експлоатирани, преку охрабрување на самоорганизација, самоопределување, отфрлање на делегирањето и на каков било вид преговори, приклонување кон или компромис со моќта, како и практика заснована на директна акција и на непходноста од напад против структурите на моќ и контрола. Поентата е да поттикнеме и да учествуваме во конкретни напади против определени аспекти на државата, капиталот и различните структури и апарати на контрола. Бидејќи нашата цел е да се бориме против сопствената експлоатација заедно со други експлоатирани поединци - секако, со перспективата на тежнеење кон востание - не може да има гарантирање на никакви резултати; без организација која ќе се стреми да регрутира членови, нема зошто да бараме омасовување. Нема начин да се предвиди крајот. Но, иако немаме никакви гаранции, никаква сигурност околу остварувањето на нашата цел, успехот не е примарната причина за нашата борба. Примарната причина е тоа дека ако не се дејствува, гарантиран ни е поразот на празна и бесмислена егзистенција. Дејствувањето со цел да си го вратиме сопствениот живот назад само по себе значи дека веќе си го враќаме на полето на борбата, дека стануваме креатори на сопствената егзистенција, макар во константна битка со монструозниот поредок кој е решен да нè уништи.

Зошто сме инсурекционистички анархисти

  • Бидејќи се бориме, заедно со „непривилегираните“, за да ги ослабнеме, и најпосле да ги уништиме условите на експлоатација, наметнати од страна на „привилегираните“.

  • Бидејќи сметаме дека е возможно да придонесеме кон развојот на борбите кои спонтано се појавуваат насекаде и кон нивно претворање во масовни востанија, односно, фактички револуции.

  • Бидејќи сакаме да го уништиме капиталистичкиот поредок во светот, во кој, благодарение на компјутерската наука, реструктуирањето стана технолошки корисно за никој друг, освен за управниците со класната доминација.

  • Бидејќи сме за моментален и деструктивен напад против структурите, организациите и поединците на Капиталот и Државата.

  • Бидејќи конструктивно ги критикуваме сите оние кои се во положба на компромис со моќта, верувајќи дека револуционерната борба е невозможна во овој период.

  • Бидејќи, наместо да чекаме, решивме да се придвижиме кон акција, дури и ако е не е најдобро време за тоа.

  • Бидејќи сакаме да ставиме крај на оваа состојба на работите веднаш, наместо да чекаме додека условите ја направат возможна трансформацијата. Тоа се причините зошто сме анархисти, револуционери и инсурекционисти.