Наслов: Буржоаските корени на анархосиндикализмот
Забелешки: Наслов на оригиналот: The Bourgeois Roots of Anarcho-Syndicalism. Превод: Стефан Симоновски.

„Се залагаме за развој на работничко движење втемелено на директна демократија, не само затоа што ќе биде поефикасно во денешната борба против класата на работодавци, туку и затоа што ги претпоставува темелите за општество на слобода и еднаквост, без авторитаризам или експлоатација.“

- Од леток на анархосиндикалистичката организација Workers Solidarity Alliance.


Во 14 и 15 век започнала општествена трансформација која својот драматичен врв го достигнала во Американската војна за незавиност и Француската револуција. Тој период го одбележал бунтот на буржоазијата против феудалниот систем и моќта на католичката црква. Наместо феудализмот, бил втемелен економскиот систем на капитализмот и политичкиот систем на демократијата. Несакајќи да ѝ дозволи на неизбраната аристократија или на кралот да владеат, либералната демократија барала „народот“ да владее преку своите претставници или преку избори. Како и анархосиндикалистите цитирани погоре и буржоазијата сакала „општество на слобода и еднаквост, без авторитаризам и експлоатација“. Ако ги изоставиме деловите „работничкото“ и „класата на работодавци“, би можеле да помислиме дека можеби Томас Пејн (Thomas Paine) го напишал цитатот.

Се разбира, анархосиндикалистите ќе ни кажат дека ти не ги користат тие зборови онака како што ги користеле буржоаските револуционери. Ќе им поверував доколку не се работеше за фактот дека анархосиндикализмот е одраз на буржоаската идеологија на многу позначајни начини од простото позајмување на нејзината терминологија. Вредностите заговарани од страна на анархосиндикалистите значајно не се разликуваат од оние кои ги заговараат нешто порадикалните либерални теоретичари, така што анализата на нивниот проект укажува дека тој е само обично продолжение на либералниот проект.

Како што веќе кажав, економскиот систем кој дошол на власт со буржоазијата е капитализмот. Нема да навлегувам во долг опис на капитализмот - доволно е да се каже дека темелната карактеристика на капитализмот, во споредба со другите економски системи, не е постоењето на капиталистите, туку производството на вишок капитал кој овозможува постојана економска експанзија. Капитализмот е високо морален систем, што значи дека изискува вредности кои се поставуваат пред индивидуалните потреби, желби или алчност, со цел да може да се шири без потешкотии. Тие вредности се клучни за капиталистичката експанзија, производство и напредок. Оттаму, мора да се прифати секој технолошки напредок, освен ако тој се покаже како закана за понатамошното ширење на капиталот. Клучниот фактор за производството и напредокот е трудот и затоа буржоазијата високо го вреднува; и спротивно од сликата која ја прикажуваат „радикалните“ работнички пропагандисти, за капиталистите не е невообичаено да работат многу повеќе часови од индустриските работници, иако тоа повеќе е организациска работа отколку продуктивна. Оние кои успеваат да ја избегнат работата се окарактеризирани како морални изроди на капиталистичкото општество - тоа се оние кои паразитираат на грбот на работниците.

Анархосиндикалистите ги прифаќаат сите наведени капиталистички вредности. Нивната цел е „вистинска човечка контрола на производството“. И покрај големиот број антрополошки докази кои укажуваат на спротивното, тие сметаат дека првобитните луѓе најголем дел од своето време го минувале во борба за гол опстанок и дека само благодарение на напредокот на технологијата и производството, денес можеме да живееме на ваков прекрасен начин и да уживаме во сите тие убави производи - упс! Простете, претерано сум саркастичен! Синдикалистите препознаваат неколку специфични технологии како закана за опстанокот, но технологијата и напредокот, општо земено, ги гледаат како позитивни нешта. Ако го земеме тоа предвид, воопшто не изненадува што ја возвишуваат работата, бидејќи без работа не би имало ниту производство ниту напредок. Како и буржоазијата, оние кои ја избегнуваат работата ги сметаат за „паразити“ (погледнете го есејот Listen Anarchist! на Чаз Буфе/Chaz Bufe). Единствениот вистински проблем кој го имаат со капиталистичкиот систем е прашањето на неговото водство - тие попрво би сакале главен да е Еден голем капиталист, меѓународното здружение на работници, наместо разни индивидуи, корпорации и држави. Но, основната структура би била иста. Како и буржоазијата, а можеби дури и повеќе од буржоазијата, анархосиндикалистите ги прифаќаат вредностите клучни за капитализмот.

Ако производството и напредокот се позитивни вредности, кои ја прават работата нужна, тогаш и општествениот конформизам е подеднакво неопходен. Веќе реков дека на избегнувањето на работата се гледа како на паразитирање. Секое уживање кое не може да се претвори во стока за широка потрошувачка, и на тој начин да се стави под контрола на производствениот процес, е неетичко. Талкачот, скитникот, чергарот, одметникот, секој поединец кој позитивно не придонесува за општеството се прогласува за изгубен случај или криминалец. Дури и боемот - неконформистичкиот уметник, музичар или поет - е сомнителен во очите на буржуите - барем додека не се пронајде начин да се искористат неговите креативни пориви.

Ист став кон поединците неприлагодени кон општеството имаат и анархосиндикалистите. Острата критика на „маргиналците“ од страна на Чаз Буфе во Listen Anarchist! јасно го прикажува тоа. Начинот на кој CNT постојано го омаловажуваше анархистичкиот одметник Сабате (Francisco Sabaté Llopart; истовремено земајќи ги и користејќи ги парите кои тој им ги давал од своите грабежи) навистина е одвратен. Во текот на целата своја историја, анархосиндикализмот се обидувал да го згасне оганот на нескротливите бунтовници - понекогаш преку убедувања, а понекогаш со помош на навреди - се обидувал да ги натера анархичните бунтовници да се прилагодат и да го прифатат општеството. Секогаш кога некое анархично востание ќе се издигнело над реформите, анархосиндикалистите - кои наводно не веруваат во законите - први повикувале и извикувале: „Криминал! Терористи!“. Како и буржоазијата и тие сакаат производство да се одвива непречено, а тоа изискува општествен конформизам.

Рака под рака со општествениот конформизам оди и љубовта кон социјалниот мир. Од Bourgeois Influences in Anarchism на Луиџи Фабри (Luigi Fabbri) до Listen Anarchist! на Буфе, тие се обидуваат да ги одвратат анархистите од насилно вербално изразување - иронично тврдејќи дека тоа не произлегува од лажните концепции за анархизмот создадени од страна на буржоаскиот печат. Зошто сметаат дека луѓето кои имаат доволно храброст и интелигенција да се побунат против авторитетите би го слушале буржоаскиот печат, навистина не знам. Како и буржоазијата, анархосиндикалистите нѐ повикуваат своите недоразбирања да ги изразиме рационално, без страст и на мирен начин. Секое активно, насилно изразување на индивидуалниот бунт анархосиндикалистите го сметаат за неодговорно, контрареволуционерно и неетичко. Престапниците во најдобар случај се етикетираат како наивци, а многу почесто како криминалци или терористи. Всушност, освен во случајот на „револуционерна ситуација“, повеќето облици на илегални активности се отфрлени од страна на анархосиндикалистите како контрапродуктивни (но дали е тоа нужно лошо)? Само востанието на работничката класа („меродавниот авторитет“ во анархосиндикалистичката теорија) може да го оправда насилството - а тоа насилство мора да биде рационално и етичко, за инструментите за производство да останат недопрени и за да може да се изведе што полесен премин кон анархосиндикалистичко производство.

Анархосиндикалистите исто така сакаат да создадат рационално, етичко општество. Нѐ повикуваат да ја „нападнеме ирационалноста... каде и кога ќе се појави“. Според нив, проблемот на сегашното општество е што тоа не е доволно рационално и етичко. А бидејќи разумот е извор на етичкото однесување (според нивната перспектива) тој мора да преовладува во сите области од животот. Не треба да нѐ водат нашите страсти и желби туку нашиот „рационален самоинтерес“, велат синдикалистите, повторувајќи ги утилитаристите. Воедно истакнуваат дека е порационално и етички ако производителот ги контролира средствата за производство, лежерно игнорирајќи го прашањето дали воопшто е можно некој да ги контролира средствата за производство во индустриското општество.

И буржоаските либерални теоретичари и анархосиндикалистите сакаат рационално, етичко општество втемелено на слобода, еднаквост и правда, кое ги гарантира човековите права. И едните и другите сакаат непречено одвивање на економијата со високо ниво на производство, кое гарантира научен и технолошки напредок. И на едните и на другите им е потребен социјален мир и конформизам за да ги остварат своите проекти. Тешко е да не се помисли дека нивните проекти не се исти. Воочувам само две значајни разлики. Буржоазијата ја гледа економијата како аполитична сила која може ефикасно и етички да напредува во облик на приватни претпријатија. Анархосиндикалистите ја гледаат економијата како политичка сила со која, оттаму, мора демократски да се управува. Буржоаските либерали веруваат дека претставничката демократија може да го оствари нивниот идеал. Анархосиндикалистите веруваат дека таа демократија мора да биде директна - иако никогаш не нѐ прашуваат дали сакаме времето да го трошиме на директно гласање за секое општествено прашање. Проектот на анархосиндикализмот всушност е само продолжение на проектот на буржоаскиот либерализам - обид тој проект да се поттурне кон својот логичен заклучок.

Тоа ме доведува до последната споредба помеѓу буржоаскиот либерализам и анархосиндикализмот, не споредба на идеи туку на незнаење. Очигледно обете страни не се способни да ја препознаат реалноста на општествениот систем во кој живееме. „Секојдневната активност на робовите репродуцира ропство“ (Фреди Перлман). Додека зборуваат за слобода и демократија, и буржоаскиот либерал и анархосиндикалистот гледаат само човечки авторитети кои ги контролираат; слепи се кога во прашање се општествените активности во кои самите учествуваат и кои се вистинскиот извор на нивното ропство. На тој начин буржоаскиот либерал се задоволува со тоа да се ослободи од свештениците и кралевите, а анархосиндикалистот на нив ќе ги додаде претседателите и газдите. Но фабриките остануваат недопрени, продавниците остануваат недопрени (иако синдикалистите би можеле да ги наречат дистрибутивни центри), семејството останува недопрено - целосниот општествен систем останува недопрен. Ако нашата секојдневна активност значително не се променила - а анархосиндикалистите воопшто не наговестуваат дека сакаат да променат нешто повеќе од тоа на работата во фабриката да го додадат и товарот од водењето на истата таа фабрика - што тогаш менува тоа што нема газди? Се уште сме робови! „Волкот влакното го менува, но не и карактерот.“ Не постои причина заради која ниту буржоаскиот либерал ниту анархосиндикалистот не можат да го согледаат ропството како инхерентно на општествениот систем. Тие слободата не ја гледаат како можност поединецот да го обликува својот живот како што самиот сака. Тие ја гледаат како можност поединците да станат целосно и активно интегриран дел од напредното, рационално општество. Изразот „ропството е слобода“ не е девијација на сталинистичкиот, фашистички начин на размислување; тој е својствен за сите перспективи кои слободата попрво ја припишуваат на општеството отколку на поединецот. Единствениот начин на кој може да се гарантира „слободата“ на таквите општества е преку задушување на неконформизмот и бунтот секаде каде што тие ќе се појават. Анархосиндикалистите можат да зборуваат за укинување на државата, но тие ќе мораат да ја репродуцираат секоја нејзина функција за да можат да го гарантираат непреченото функционирање на општеството. Анархосиндикализмот не прави радикален прекин со постоечкото општество. Тој едноставно тежнее кон тоа да ги прошири вредностите на ова општество за тие уште поцелосно да доминираат со нашите секојдневни животи. Сите вистински бунтовници, отпадници, одметници и поединци со слободен и див дух не можат да го прифатат анархосиндикалистичкото општество ништо повеќе отколку постоечкото. Би морале да продолжиме да создаваме хаос, да создаваме радикален прекин со ова општество, бидејќи не сакаме дополнителна контрола над сопственото ропство - а тоа е сѐ што анархосиндикалистите ни нудат. Ние сакаме да ги раскинеме оковите и да го живееме животот со полни гради.